Д-р Лидија Вељановска Кириџиевска: Креативниот набој и контактот со себе, инспирација за продуктивност во приватниот и во професионалниот живот

Настани

мај 05,2024

Д-р Лидија Вељановска-Кириџиевска е првиот радио-дијагностичар во нашата земја кој почна да работи компјутеризирана томографија на крвни садови на срце. Освен што е врвен радио-дијагностичар, д-р Кириџиевска развива уникатно хоби што повеќе е уметнички израз – цртање глинени предмети со фолклорни мотиви, за што вели дека е инспирирано од работата, односно користењето на боите и формите е како во имиџинг методите при обработката на 3Д реконструкции. За работата и за хобито потенцира дека постоењето на доза уметност прави да ужива и во двете подеднакво.

Како ја одбравте радио-дијагностиката како специјалност?

Д-р Лидија Вељановска-Кириџиевска: Во текот на моите студии на Медицинскиот факултет многу време поминував во тогашната Воена болница и се восхитував на стандардите и протоколите на работа. Мојата љубопитност за визуелизација на органите во човековото тело и дијагностицирањето на различни состојби и заболувања со имиџинг методи најчесто ме задржуваше на одделот за радиологија. Почнав да истражувам како да се едуцирам во дијагностика и при една посета на болницата Меркур во Загреб во сега далечната 1999 година каде постоеше едукативна школа за ултразвук подржана од Томас Џеферсон Институт од САД, одлуката беше донесена. Следеше приватна специјализација на Радиолошкиот институт во Скопје која ја запишав во 2000 година и секако голем број посети и престои низ годините во болницата Меркур во Загреб, каде мои ментори беа проф. Андрија Хебранг (долгогодишен Министер за здравство во Хрватска) и тогаш младиот д-р Борис Бркљачич кој потоа стана професор и член на бордот и претседател на Европското здружение на радиолози. Тој долги години потоа ми беше голема поддршка од аспект на едукацијата која ја продолжив и во Клиничката болница Дубрава во Загреб, како и во текот на многу конференции низ Европа. Моето првото официјално вработување беше на Институтот за радиотерапија во Скопје кој во тоа време прерасна во современ центар каде имав прилика да работам со најсовремената технологија тогаш достапна во Македонија. Таму поминав 5 години.

Работите во медицински поле што е поврзано со технологија и современа опрема. Колку е тоа клучно во вашата работа и што друго е потребно за издржана радио-дијагностика?

Д-р Лидија Вељановска-Кириџиевска: Медицината никогаш не застанува. За развој и усовршување, особено во радио-дијагностиката, потребна е континуирана едукација и надоградување во нови современи технологии. Мојата желба за повеќе и подобро растеше со секоја посета на современите болници надвор од нашата земја и се исполни со доаѓањето на првиот 64 слоен скенер – компјутеризиран томограф во 2007 година, во тогашната прва приватна кардио-васкуларна клиника Филип Втори каде преминав да работам. Од оваа временска дистанца, благодарна сум и горда што ја прифатив понудата и предизвикот од д-р Митрев и станав првиот радио-дијагностичар во нашата земја кој почна да работи компјутеризирана томографија на крвни садови на срце. Во оваа работа, медицината а посебно радио-дијагностиката, најважна е континуираната едукација и надградување на знаењата што ја следат современата технологија што се користи. Мојата кариера често беше проследена со едукации надвор од нашата земја, меѓу кои највпечатлив беше престојот на болница во Париз, каде освен што ја минував едукацијата за дијагностика, гледав како еден сериозен оддел функционира од организациски аспект. Истото потоа се обидов да го пресликав и кај нас. Така благодарение на визијата и разбирањето на д-р Митрев, одделот за радио-дијагностика во континуитет држи чекор со светските трендови како во поглед на најсовремената опрема, така и во поглед на персоналот кој е врвно едуциран и тимски одлично соработува со интервентните кардиолози и кардиохирурзи. Благодарение на сето ова, денес овој оддел е на еднакво рамниште со било кој современ радио-дијагностички центар од светски ранг. И тоа е всушност уште едната причина зошто уживам во оваа специјалност.

Споменавте преглед на срцето и неговите крвни садови со компјутеризирана томографија. За што поточно станува збор?

Д-р Лидија Вељановска-Кириџиевска: Нашите почетоци, се неразделно поврзани со срцето како орган, така што овде станува збор за неинвазивен и прецизен преглед на еден движечки орган – срцето и неговите крвни садови со помош на методата компјутеризирана томографија. Ова е всушност неинвазивната алтернатива на коронарографијата (инвазивна метода). Истата е особено погодна за примена кај пациенти со ниска или умерена можност за постоење на коронарно заболување. Од прегледот се добиваат многу значајни информации за состојбата на срцевите крвни садови: анатомската поставеност на истите, присуство на вродени маани, присуство на плаки (наслаги) и нивната природа кои сугерираат стеснувања /непроодност, точната локализација, должина и степен на стеснувањата. Сите овие информации со современи софтверски можности ги прикажуваме во боја и тридимензионално (во 3Д) што е многу корисно и го олеснува планирањето на понатамошниот третман од страна на интервентните кардиолози или кардиоваскуларни хирурзи со кои соработуваме на дневна основа што овозможува брзо донесување одлуки за понатамошно менаџирање на пациентот. Придобивките од ваквиот концепт на тимска мултидисциплинарна работа е огромна за самиот пациент. Во истиот преглед се разгледуваат и сите останати структури во снимената регија. Така што, освен коронарните артерии, се анализираат и големите крвни садови на срцето, самото срце, белите дробови и медијастинумот како и скелетот од таа регија. Ова е голема предност особено од аспект на рано откривање на други заболувања, кои често ги забележуваме како случајни наоди. Токму ова е добрата страна, бидејќи раната дијагностика е клучна за подобра прогноза во понатамошниот третман.

Радиодијагностичките методи овозможуваат детален увид во човековите органи со цел прецизна дијагностика и следствено на тоа соодветна терапија, но што доколку решението е повеќесложно?

Д-р Лидија Вељановска-Кириџиевска: За успешен преглед и исход од истиот важна е тимската работа која во нашата болница е секојдневна пракса. Тимот се состои од кардиолог-радиолог-кардиоваскуларен хирург со што е овозможен интердисциплинарен индивидуален менаџмент на пациентот. Само да напоменам дека од 2018 година центарот за дијагностика располага и со магнетна резонанца. Таа како најсовремена метода ја надополнува дијагностиката и заедно со другите методи има огромна улога во утврдување на разни стекнати и вродени заболувања на срцето. При тоа уникатноста на оваа метода е фактот дека со неа можеме точно да ја видиме оштетеноста на срцевиот мускул било да е тоа од исхемична или од неисхемична природа. Секако со текот на годините, со дополнувањето на опремата и зголемениот бројот на стручни радиолози и радиолошки технолози, сега можеме да кажеме дека освен кардиоваскуларна дијагностика ги покриваме скоро сите области од дијагностика како болести на дојки, неврорадиологија, мускулоскелетна дијагностика итн. Радиодијагностиката побарува не само надоградување на медицинските познавања туку и соодветни технолошко-информатички апдејтирања поради тоа што работиме со современа медицинска опрема значи и бројни софтверски апликации. Континуираната можност за раст и развој во комбинација со совладувањето на повеќе модалитети во различни области, иако е многу захтевно, во себе содржи и доза на креативност што за мене претставува дополнителна мотивација.

Одговорен лекар на одделот за радиодијагностика сте долго време, од самите почетоци. Како прв радиодијагностичар, како се справивте со предизвикот?

Д-р Лидија Вељановска-Кириџиевска: Како прв радио-дијагностичар во Клиниката Жан Митрев едноставно се втурнав во авантура и со голема помош и поддршка од д-р Митрев и успеав да надминам многу од предизвиците. Воедно отсекогаш сум сакала организација, процеси и стандарди кои скромно ги воведував од самиот почеток, но со наголемувањето на персоналот и новите методи сфатив дека е многу важно и работењето со човечките ресурси и дека нам како медицински персонал ни недостасува и таков тип на едукација. Тоа ми се потврди и со едукациите и сертификацијата од Joint Commission International каде учествував од самиот почеток како член на комисијата за квалитет и како раководител на оддел. Ми годеше потврдата дека не било „без потреба“ сето тоа што сме го граделе како оддел низ годините со цел наша и безбедност на пациентите. Ова воедно ми отвори и нови хоризонти. Така се запишав на Докторската школа при УКИМ на програмата од областа на организациски науки и менаџмент со тема од областа на човечките ресурси – организациска безбедносна култура, која е неопходна за безбедност на персоналот и пациентите со крајна цел задоволен персонал и квалитетни здравствени услуги. Секогаш сум се залагала за тимска работа, ефективна комуникација, професионалност и колегијалност и задоволство ми е да работам со колегите доктори и радиолошките технолози со кои безрезервно истото го негуваме, секојдневно го применуваме и растеме професионално. Се разбира истото се однесува и на останатиот персонал од болницата, надвор од нашиот оддел, секако се со цел квалитетна и навремена услуга за пациентите. Креирањето и унапредувањето на позитивна организациска култура во здравството е сериозен предизвик за здравствениот менаџмент, но не е невозможна мисија. Тоа ние секојдневно го спроведуваме во нашата клиника се разбира преку континуирана работа за подобрување на процесите.

Покрај предизвикувачката работа, се занимавате со можеби најавтентичното хоби воопшто, цртање глинени предмети со фолклорни мотиви. Од каде произлезе оваа инспирација?

Д-р Лидија Вељановска-Кириџиевска: Многу сакам да патувам и да запознавам различни култури. Секогаш се восхитував на тоа како секоја земја ја презентира својата култура и традиција меѓу другото и преку разни сувенири кои секој може да ги понесе за спомен. Некако стекнав впечаток, зборувам за периодот пред дваесеттина години, дека ние малку ја негуваме и презентираме нашата традиција преку сувенирите кои би требало туристите да ги понесат со себе. Така ми се појави желбата да придонесам во насока на презентирање на нашите традиции и вредности и се случија моите скромни почетоци. Иако секогаш сум имала некакво хоби дали тоа биле слики, фотографии или цртање, отсекогаш сум сакала да користам бои. Но, цртањето глинени предмети со фолклорни мотиви ми дојде како мој специјален проект . Почнав сериозно да истражувам и да цртам користејќи веродостојни фолклорни мотиви од нашите традиционални носии. И всушност токму глинените производи надополнети со фолклорна орнаментика добија и естетска функција во претставувањето на нашата традиција и култура. Воедно со нивното користење ги промовирам и нашите локални грнчари со кои одлично соработувавме сите овие години наназад, создавајќи нови и различни предмети, кои за жал се повеќе исчезнуваат од секојдневната употреба.

Дали и каде може да се најдат и видат вашите креации?

Д-р Лидија Вељановска-Кириџиевска: Долги години учествував на различни саеми организирани во и надвор од нашата земја. Можам слободно како најдраги да ги издвојам базарите во добротворни цели кои се организираа од амбасадите во нашата земја и секако соработката со продавниците за сувенири на Музеј на Македонија каде ги пласирав сопствените изработки. Последните неколку години соработувам со ЕСНАФ кои се занимаваат со продажба на различни производи од голем број занаетчии. За жал, мојот професионален ангажман, не ми дозволува да посветам онолку време колку што би сакала на моето хоби. Сепак се трудам да ја искористам секоја прилика кога можам да работам на моите креации, бидејќи креативниот набој и контактот со себе ја поттикнува продуктивноста како во приватниот така и во професионалниот живот.

Како овој креативен израз се вклопува во вашиот професионален живот?

Д-р Лидија Вељановска-Кириџиевска: Си најдов поврзаност и инспирација на двете полиња. Користењето на боите и формите како во имиџинг методите при обработката на 3Д реконструкции така и во моите изработки се нераздвојно поврзани, така што постоењето на доза уметност прави да уживам и во двете подеднакво. Патувања, природа, изучување јазици, цртање грнчарија, директен контакт и работа со луѓе и континуирана медицинска едукација, сето тоа едно со друго се надополнува и ја поттикнува мојата креативност која ми овозможува континуиран раст и развој, професионално и приватно. Исто така наоѓам задоволство и во моите обиди да ги инспирирам и останатите пријатели и колеги од мојот потесен круг и секој пат се радувам кога и барем малку ќе успеам да допринесам за нечија инспирација. Но особено ме прават среќна задоволните пациенти поради навремена, прецизна и квалитетна медицинска услуга.