Градоначалникот на Шибеник, Жељко Буриќ, на средба со доктор Жан Митрев

Настани

октомври 10,2019

Во организација на невладината организација „Хрватско-македонска тангента“, денеска во посета на Zan Mitrev Clinic беше градоначалникот на Шибеник, Жељко Буриќ со соработниците Мирјана Журиќ, начелник за општествени дејности и Дино Караџоле, директор на туристичката заедница на Град Шибеник. Тие имаа средба со првиот човек на клиниката, доктор Жан Митрев, на која разговараа на повеќе теми поврзани и со медицината и со организациските сегменти на еден колектив.

– Оваа посета на Zan Mitrev Clinic е многу интересна од неколку аспекти. Со оглед на тоа дека јас сум доктор, специјалист за очни болести, а бев и управител на болницата во Шибеник 14 години, а сега сум и градоначалник на Шибеник од 2013 година, па оттука имаме многу полиња за разговор кои за мене се интересни. За оваа болница знам од порано читајќи за неа и гледајќи видеа и репортажи. За мене е многу важно да видам како функционира една модерна беспрекорно организирана приватна клиника која има така широк програм на медицински услуги и тоа да можам да го пресликам во јавното здравство во Хрватска, кое има организациски проблеми. Штом влегов тука, во вашата болница, веднаш ја воочив разликата, од висината на инвестицијата до начинот на организација. Она што посебно ме воодушеви е контролата на интрахоспиталните инфекции што пак е огромен проблем речиси на сите состави на јавното здравје – изјави градоначалникот Буриќ

Тој најавува можна соработка во насока на медицински туризам а пред сè во еден вид купување знаење и пресликување на системот од Zan Mitrev Clinic во нивната општина па и држава.

По посетата на нашата клиника за гостинот од Хрватска и неговата делегација предвидени се средби со личности и институции од јавниот и политичкиот живот на македонскиот главен град. Покрај средбата со градоначалникот на Скопје, Петар Шилегов, делегацијата на Градот Шибеник ќе го посети и македонскиот парламент, како и владините агенции за иселеништво и промоција на туризмот.

Исто така, предвидена е средба со претставниците на Заедницата на Хрватите во Македонија.