Kарциноми на тироидна жлезда

Дневна доза здравје

декември 12,2022

Тироидната жлезда е мал орган – дел од ендокриниот систем. Таа е сместена во предната долна третина на вратот и има облик на пеперутка. Составена е од два лобуса: лев и десен споени со мал ткивен мост наречен истмус.

Тиродната жлезда ја сочинуваат два типа на клетки и тоа:

  • Фоликуларни клетки-кои го користат јодот за создавање на тироидните хормони
  • Ц клетки-кои го создаваат калцитонинот (хормон кој учествува во регулација на нивото на калциумот во крвта).

Во тироидната жлезда се наоѓаат и лимфоцити и клетки на сврзното ткиво.
Разликувањето на овие клетки едни од други е многу важно бидејќи служат за диференцирање на типот на карциномот т.е неговото потекло и одлуката за неговиот понатамошен третман.
Најголем дел од туморите во тироидната жлезда се од бенигна природа, но помал дел од детектираните промени може да бидат и малигни (канцерогени).

Бенигни промени на тироидната жлезда

Зголемена тироидна жлезда често може да биде од бенигна природа како на пример струмата.
Тироидните јазли кои често ги среќаваме како единечни фокални дефекти (аденоми), во тироидната жлезда во најголем број од случаите се од бенигна природа. Кај луѓето може да се појават јазли во било која возраст, но се најчасти кај повозрасната популација. Некои од нив може да се детектираат при преглед од доктор визуелно или со палпација. Но, помалите јазли најчесто се детектираат со ултрасонографски преглед.

Типови на тироиден карцином

Во тироидната жлезда најчесто се среќаваат следните типови на карциноми:
Диференциран тироиден карцином. Тој може да биде: папиларен, фоликуларен и Hürthle cell карцинома. Тие се процентуално најбројни и потекнуваат од фоликуларните клетки;

  • Медуларен тироиден карцином
  • Анапластичен – недиференциран карцином
  • Папиларен карцином

Дури 8 од 10 тироидни карциноми припаѓаат на оваа група.
Овие карциноми се развиваат многу споро и вообичаено се локализирани само во еден тироиден лобус. Можат да дадат метастази во локалните лимфни жлезди на вратот, но во принцип се лекуваат со успех.

Постојат повеќе подвидови на папиларен карцином. Од нив мешаниот таканаречен папиларо-фоликуларен карцином е најчест и е со добра прогноза за излекување, ако се открие на време.
Фоликуларниот карцином е втор по честота карцином на тироидната жлезда.
Најчесто се јавува во земји каде нема доволно јод во исхраната. Овој карцином не дава метастази во локалните лимфни јазли туку во други делови од телото како што се белите дробови и коските. Прогнозата кај овој карцином не е толку добра како кај папиларниот карцином, но сепак има подобра погноза во однос на другите тироидни карциноми.

Hürthle cell карцинома Околу 3% од сите карциноми на тироидната жлезда припаѓаат на овој тип карцином. Истиот тешко се открива, а е и потежок за третман.
Медуларен тироиден карцином – На овој тип на карцином припаѓаат 4% од сите карциноми на тироидната жлезда.

Се развива од Ц клетките на тироидната жлезда кои ствараат калцитонин, хормон кој учествува во регулацијата на калциумот во крвта.
Овој карцином често дава метастази во локалните лимфни јазли, бели дробови, црн дроб уште пред да биде откриен и хистолошки верифициран.

Постојат два вида на медуларен тироиден карцином

  • Спорадичен кој е почест и нема фамилијарна предиспозиција.Се јавува еднострано во тироидната жлезда кај повозрасни единки.
  • Фамилијарен медуларен карцином кој се среќава во 20-25% во секоја генерација од семејството.Најчесто се јавува во детската возраст во обата лобуса.

Овој тип на карцином тешко се открива и нема толку добра прогноза.
Анапластичен (недиференциран) тироиден карцином – Овој вид на карцином е најредок. На него припаѓаат само 2% од сите видови карциноми на тироидната жлезда.
Некогаш постои голема веројатност дека се развил од папиларен или фоликуларен карцином. Овој карцином многу брзо се шири на вратот и другите делови на телото и има најлоша прогноза споредено со другите карциноми.
Останатите 4% од карциномите на тироидната жлезда се тироидни лимфоми, саркоми и други ретки тумори.

Знаци и симптоми на тироиден карцином

Карциномот на тироидната жлезда може да ги има следните знаци и симптоми:

  • Оток на вратот кој брзо се зголемува
  • Болка во вратот која често пати се шири кон ушите
  • Засипнат говор до афонија подолго време
  • Отежнато голтање
  • Отежнато дишење
  • Константна кашлица

Многу од овие симптоми се поврзани и со други заболувања. Затоа е потребна детална анализа и испитување за исклучување на постоење на тироиден карцином.
Рана дијагноза на тироиден карцином
Голем број од тироидните карциноми може да се откријат рано. Како резултат на раната детекција тие може успешно да се третираат.
Наголемени лимфни јазли на вратот може да се прв знак за постоење на тироиден карцином.
Рутински контроли кои вклучуваат и скрининг на тироидната жлезда може да помогнат при раното откривање на тироидниот карцином.
Ризик стратификација на групи пациенти кои биле изложени на радијациона терапија, позитивна анамнеза за постоење на карцином на тироидна жлезда во семејство или пациенти со мултипна ендокрина карциноза, Хашимото тироидит во одмината фаза, детектирани фокални дефекти во самото ткиво на тироидната жлезда кои се следат како суспектни подолго време.

Третман

Зависно од стадиумот во кој е откриен карциномот на тироидната жлезда, во негово третирање се вклучува тим од професионалци кои се занимаваат со таа патологија.
Првично се прави детална процека со ултразвук, цитолошка верификација преку тенкоиглена аспирациона биопсија, компјутерска томографија, крвни анализи со комплетен тироиден статус. Потоа во соработка со онколог се одредува стејџинг (стадиум) во кој се наоѓа самиот карцином.
Донесувањето на одлуката за третман е конзилијарна со цел да се избере најдобриот и најцелисходниот начин за пациентот.