“МОЈАТА НОГА Е СПАСЕНА, ПОВТОРНО ВО СВОИТЕ ЧЕВЛИ”
18- годишен студент ја раскажува својата болна приказна. Чекав, ах колку треба да чекам додека го добијам пасошот за патување во странство, каде треба да го продолжам моето лекување. Се одлучив за Специјалната Болница за Хируршки Болести “Филип Втори”. Таму веќе е договорено да ме чека тимот на лекари кој ќе ја превземе грижата за моето здравје. Колку долго треба да чекам додека го отпочнам моето лекување, операцијата, хистолошките резултати, хемотерапијата и уште што не.Се потсетив на песната на Bob Marley “Чекајки попусто”. Навираа солзи во моите очи. Во Декември 2013 година, имав отворена биопсија на туморот на моето лево стопало. Лекарите не можеле да го отстранат туморот и одлучиле да ме испратат во странство. Ми кажаа дека се работи за р’скавичен тумор кој брзо растел. Направив и компјутерска томографија. Туморот се проширил и надвор од коските. Ги издржував болките повеќе од една година. Мојот матичен лекар ми велеше дека отокот и болките се резултат на повреда, потоа на реуматизам, гихт, а времето одминуваше. Моето стопало отекуваше, туморот растеше забрзано. Чевлата не можев повеќе да ја облечам. Носев некоја импровизирана, искината патика завиткана во најлон. Дојде денот кога бев примен во Специјалната Болница “Филип Втори”. Предоперативните испитувања покажаа дека туморот сеуште е само во стопалото.Потребна е радикална операција.
Сл. 1. РТГ пред оперативната интервенција
Ноќта пред операцијата тешко заспивав. Ме чекаше уште една неизвесност. Дали ногата ќе биде спасена. Тимот на ортопедски хирурзи го отстрани туморот во целост, а дефектот на коските го надополни со коскен трансплантат од мојата карлична коска. Со нетрпение го очекував резултатот од хистолошките испитувања. Хистолошката дијагноза беше хондросаркома градус 2. Хондросаркомите, воглавно, се понемалигни р’скавични тумори и почесто не бараат хемотерапија. Најголемата опасност доаѓа од локално повторување на туморот. Поретко може да се прошири во белите дробови или во другите органи. Постоперативниот тек минуваше уредно.
Сл. 2. РТГ после оперативната интервенција
Повторно бев на своите нозе. Наскоро ќе ги облечам и своите чевли. Верував во лекарите дека направиле се што било потребно. Сега јас ги советувам другите да бидат позитивни и да се борат. Само така може да ги победат болестите и неприликите во животот. А после тоа, да ги слават победата, животот, слободата и пријателствата.