Перкутано затворање на меѓукоморен дефект по ретрограден пат- интервенција кај помали деца
Вентрикуларниот септален дефект (ВСД) е чест вроден срцев дефект кој се јавува кај 20% од новородените со срцева мана. Инциденцата на оваа состојба е во пораст пред се благодарение на усовршените дијагностички техники и е проценета некаде на 1.5-3.5 на 1000 новородени. Во адултната популација инциденцата на овој дефект е веднаш зад перзистентниот артериски канал. Третманот на ВСД кај децата зависи од симптоматологијата и неговата големина. При мал дефект најчесто не е потребен никаков третман. Додека кај среден и голем ВСД се оди на интервентно или оперативно решавање. Во основа ВСД претставува дупка во преградата која ги двои левата и десната срцева комора, во зависност од неговата големина и локација настанува преминување на одредено количество крв од левата кон десната комора. Поради тоа настанува оптоварување на циркулацијата на белите дробови, последично стеснување и крутост на нивните крвни садови со што се зголемува нивниот притисок и доаѓа до нивно трајно оштетување – состојба позната како белодробна хипертензија. Поради тоа потоа настанува премин на крвта во обратен правец, од десна кон лева комора и на тој начин навлегување на крв богата со CO2 во артериската циркулација. Останати компликации можат да бидат ендокардит и појава на аритмии. Симптомите кај оваа срцева мана варираат од: отсуство на потешкотии освен систолен шум на аускултација, до недостаток на здив, брза и неправилна срцева работа, замор при јадење или доење, па се до појава на цијаноза.
Прикажуваме случај на 5 годишна пациентка дојдена на преглед во нашата установа поради слушнат шум кај матичен педијатар, чести респираторни инфекции и послабо напредување во телесна тежина. На ехокардиографскиот преглед беше дијагностициран вроден срцев структурен дефект од типот мускулен ветрикуларен септален дефект – ВСД со големина од 4 мм и умерен лево десен шант. Нашите кардиолози дадоа препорака за негово интервентно затворање.
На 07.10.2015 година направено е перкутано затворање на мускулниот ВСД со Vascular plug 4-6 mm преку десната феморална артерија, користејќи ретрограден трансартериски пристап без користење на атриовентрикуларно ласо кое инаку се користи при стандарниот метод . Непосредно по имплантацијата на протезата на контролната вентрикулографија не беше забележан резидуален шант (слика 1.)
До скоро, стандардното транскатетерско решавање на ВСД беше метод на избор при средни и помали дефекти или уште познато како антероградно. Новиот ретрограден трансартериски пристап се користи пред се поради неговата едноставност и помало времетрање за негово изведување кои директно влијаат и на изложеноста на помала радиација. Потоа, при изведување на овој пристап се употребаат катетри со помали димензии и дијаметар со што дополнително се олеснува неговата примена кај деца под 5 години.