Гулабите, колку и да ги поврзуваме со некои убави синоними, како симбол на слобода, љубов и сл., во реалноста тие се птици преку чиј измет пренесуваат многу опасни бактерии кои можат да предизвикаат сериозни болести кај луѓето. Од друга страна, преку содржината на изметот во кој има јаки киселини ги оштетуваат фасадите на зградите. Не случајно ги нарекуваат „летечки стаорци“. Овој проблем е присутен и евидентен во сите развиени земји. Во Европа, за решавање на проблемот користат многу агресивни и нехумани методи, како додавање на хемикалии во храната при што гулабите стануваат стерилни и не можат да се размножуваат. Во други држави пак, применуваат уште порадикални мерки како што е поставување на отрови со што не само што ги уништуваат гулабите, туку и многу други птици јадејќи од истата храна.
Проблемот со гулабите е евидентен и во Скопје, а со истиот се соочуваме и во ЖАН МИТРЕВ КЛИНИК. Со цел да се намали можно загадување и превенира оштетување на фасадата на објектот, како и спречување на ширење на болести кај луѓето, д-р Жан Митрев иницира проект за биолошка заштита од птиците натрапници во урбана средина. Во духот на хуманоста, грижата кон живиот свет и ненарушување на природните закони, за прв пат на овие простори, ќе се спроведува проект со користење на биолошки методи за истерување на гулабите од и околу објектот на ЖАН МИТРЕВ КЛИНИК. За реализација на оваа иницијатива, д-р Жан Митрев ќе добива поддршка од Огнен Поленак, професионален соколар, со 20 годишно искуство во дресура, размножување и работа со птиците грабливки.
„Со д-р Митрев направивме стратегија како да го решаваме проблемот, а при тоа да не ги уништуваме овие птици. Предлогот е биолошката контрола да биде секој втор ден во неделата, во времетраење од по еден час. Термините нема да бидат стриктни бидејќи времето на активностите е тешко предвидливо кога работите со птици грабливки, затоа би го оставиле времето да биде клизно во рамки на дневните часови. Од друга страна, подобро е посетите да се во различно време како не би иницирале шаблон на однесување кај птиците натрапници“, објасни Огнен. За време на овој тест период, Огнен ќе се движи во делот на кровот на објектот, а некои од сесиите со грабливките ќе ги спроведува надвор од кругот на болницата каде што има голем број на вакви птици.
„Птиците грабливки се природен непријател на гулабите. Штом почувствуваат присуство на грабливка, останатите птици реагираат на единствениот можен начин да се спасат, а тоа е напуштање на територијата каде има опасност по нивниот живот. Со често присуство на соколар со својата грабливка, на локациите каде има големи популации од птици, самите локации стануваат се понебезбедни за останатите птици и тие полека бараат нови места каде ќе бидат поспокојни. Во природата делуваме со природни средства! Без отрови, без отстрелување или загадување“, објасни Огнен додека беше во посета на болницата со неговиот јастреб. При тоа, во текот на активностите, се трудат да се избегне да грабливците уловат и утепаат некоја птица. „Доволно е само да ги бркаат, што подразбира дека нема убиства на гулабите“, дополни Огнен. Инаку, користењето на птици грабливки е дамнешна пракса на повеќето интернационални аеродроми (ја осигуруваат безбедноста на пистата за полетување и слетување на авионите), по лозови насади (штитејќи го грозјето), по депонии (растерувајќи ги птиците кои го разнесуваат сметот насекаде и ширејќи болести).