Оглас за вработување

„Фила – фарм“ вработува СЕРВИСЕР НА МЕДИЦИНСКА ОПРЕМА

Потребни квалификации:

Завршено високо образование – Електротехнички факултет
Без работно искуство (работно искуство се смета за предност)
Одлично познавање на англиски јазик (познавање на германски јазик се смета предност)
Одлично познавање на MS Office

Вештини и способности:

Одлични комуникациски вештини
Одговорност и лојалност
Динамични, иницијативни и насочени кон резултати

Огласот e објавен на 22.03.2018 година и ќе трае до 01.04.2018 година. Доколку сметате дека ги исполнувате наведените услови и сте заинтересирани за нови предизвици и постојан развој на Вашата кариера, испратете Ваша кратка биографија (CV) со Ваша слика, на следната email адреса: info@zmc.mk, со задолжителна назнака „За оглас за сервисер за медицинска опрема”. Само апликациите кои ќе влезат во потесен круг, ќе бидат контактирани. Апликациите без назнака нема да бидат разгледани!

 

Самит на малите земји – Нови трендови во бизнисот

 

Жестоката конкуренција на светскиот пазар ги тера компаниите постојано да се приспособуваат на новиот начин на работа за остварување на постојан пазарен успех. По тој повод, Стопанската комора на 16 март 2018 организираше конференција насловена „Самит на малите земји – Нови трендови во бизнисот“ во аудиториумот на „Жан Митрев“ Клиника во Скопје.

Пред истакнатите домашни и странски претставници од бизнисот, науката и државните институции, се обрати заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања Проф. д-р Кочо Анѓушев, кој во својот поздравен говор истакна дека малите земји, како Република Македонија, мора да бидат отворени кон целиот свет, а преку владеење на правото и стабилна состојба во државата да се создаде основа за водење на бизнис.

Академик д-р Жан Митрев во својот говор, на отворањето, на тема „Технологијата во функција на здравјето“ истакна дека медицината треба да биде економски оправдана, но никако не смее да се претвори во бизнис. Ги сподели своите мотиви за изградба на една супер модерна болница изградена според највисоките стандарди за екологија, енергетска ефикасност и обезбедување на најбезбедни услови за медицинска работа и престој на пациентите, потврдена со добивањето на акредитација за работа според американскиот JCI стандард. Болниците, без оглед дали се приватни, се од јавен интерес и потребни се даночни олеснувања и државна поддршка за нивната работа.

Навремената дијагноза и навремената терапија се најголемите придобивки од примената на новите медицински технологии во здравството, истакна во своето обраќање д-р Тања Анѓушева, супспецијалист кардиолог во „Жан Митрев“ Клиника. Таа информираше дека кардиоваскуларните и малигните заболувања се причина за најголем процент на смртност во повеќе земји, меѓу кои се САД и Македонија. Преку задолжителните систематски прегледи и раното дијагностицирање на овие болести, заклучи таа, се остваруваат големи заштеди во лекувањето.

Овогодишната конференција ги обработи темите поврзани со „blockchain“ технологијата и поврзаната регулатива, „crowdfunding“ моделите на алтернативно финансирање на бизнисите, роботика и автоматизација во корист на бизнисот и, секако, етичката страна на дигиталниот пазар.

Учество на панел дискусиите земаа истакнати домашни и странски претставници од бизнисот, науката и државните институции.

Новини и трендови во кардиоваскуларната медицина

 

Во рамки на одбележување на 18 години од започнувањето на работата на Специјализирана Болница по Хируршки Болести „ЖАН МИТРЕВ“ од Скопје, во аудиториумот на болницата на 2 март 2018 се одржа 7-миот собир на Здружението за кардиоваскуларна хирургија и работилница на тема „Новини и трендови во кардиоваскуларната медицина“.

Голема чест ми е да одржиме еден ваков собир од повисок ранг со професорите со кои јас работев на почетокот на мојата кардиохируршка кариера, истакна во поздравниот говор Академик д-р Жан Митрев потсетувајќи дека и тој прославува личен јубилеј – 30 години од почнувањето на својата хируршка дејност. Тој нагласи дека се работи за луѓе кои имаат огромно искуство и ги знаат почетоците на кардиохирургијата, ги следат сите новини, активно учествуваат на многу светски конгреси и се најголеми авторитети во светски рамки.

Се надевам дека ќе имате можност да чуете некои работи кои се непознати, но и за сегашноста на кардиохирургијата и кои се идните развојни правци, рече д-р Митрев поканувајќи ги гостите предавачи да ги заземат своите официјални места.

Во рамки на семинарот со свои излагања учествуваа: проф. д-р Марко Турина со „Кардиохирургијата вчера, денес и утре“, проф. д-р Антон Мориц со „Рос процедура“, проф. д-р Теодор Фишлајн со „Suturless аортна валвула“, проф. д-р Џорџ Сарис со „Double Outlet Right Ventricle: комплексна лезија…“, проф. д-р Бојан Биочина со „Левокоморна потпора“, проф. д-р Сотирис Прапас со „Неаортна бајпас хирургија-долговременски резултати“ и Академик Жан Митрев со „Реконструктивна хирургија на аортен корен“.

Излагањата можете да ги погледнете на нашиот Youtube канал.

 

ZMC – 18 години растеме со Вас

Под мотото „18 години растеме со Вас“ Специјализирана Болница по Хируршки Болести „ЖАН МИТРЕВ“ од Скопје на 1 март 2018 во Музејот на Македонската борба ја одбележа 18-годишнината од започнувањето на работата.

Во преполната сала на Музејот беа присутни видни претставници на дипломатскиот кор, политичкиот и општествениот живот, како и доктори од земјава и странство.

Академик д-р Жан Митрев во поздравниот говор истакна дека е горд што, наспроти сите проблеми, потешкотии и недостатокот од поддршка и разбирање од државата, неговиот медицински тим успеал да ги оствари највисоките медицински стандарди во Македонија, кои се крунисани со добивањето на лиценца за работа според американскиот JCI стандард.

„Жан Митрев Клиника“ ја прославува својата „матура“ со 300-тини вработени, кои работат во ултра модерна болница од светски ранг, каде биле лекувани над 1.500.000 пациенти и се извршени повеќе од 30.000 операции на пациенти од цела Европа.

Уметничко-забавниот дел од свеченоста беше колаж од балетски настап, хорска музика, проекција на документарен филм и настап на гитаристот Влатко Стефановски и Петар Ренџов со „Тумбао салса бенд“, а гостите можеа да уживаат во специјалитетите на ресторанот „Пулс“ – здравата и квалитетно подготвена храна и врвните вина и пијалоци.