Успешна интервенција на срцето на шестмесечно дете

Малата штипјанка која беше во нашата болница изминатава недела е вистински херој. Таа со своите 6 месеци ја имаше својата прва интервенција и тоа на нејзиното мало срценце кое сега чука беспрекорно. Херој е секако и мајката која храбро застана пред проблемот и пред идните искушенија и реши здравјето на своето дете да го додели на докторите на Zan Mitrev Clinic. Таа е родена како дете со мала тежина (2 килограма и 450 грама) и набрзо по раѓањето и се констатирало мал „шум“ на срцето. Тоа било јасен сигнал за родителите дека треба да посетат доктор. Неизбежна била интервенцијата бидејќи на бебето му била дијагностицирана аномалија на срцето во вид на поголем отвор меѓу аортата и левата пулмонална артерија.

– Немаше миг да не мислам на проблемот што го имаше моето дете. Знаете кога се работи за вашето дете, за неговото здравје, ништо не е поважно на светов од тоа. Откако се уверивме дека мора оперативно да се третира тогаш по мало истражување и по препорака на пријатели за да се направи таква интервенција ја одбравме токму вашата клиника. Едноставно од многу страни добивме многу позитивни информации па како најсигурен избор одбравме тоа да е Zan Mitrev Clinic – вели мајката.

Таа појаснува дека интервенцијата поминала успешно и дека ја извел доктор Иван Милев со тимот околу него на коишто им е бескрајно благодарна.

– Вчера беше направена операцијата а еве денеска ќе си одиме дома. Многу мисли, многу грижи и нервози, многу непроспиени ноќи, а се добро се заврши за многу кратко време. Им благодарам на сите вработени во болницава и за човечкиот и пријателски однос кон мене и кон моето дете. Навистина ми значи многу – додава мајката.

Додека малата хероина мирно спие ја напуштаме собата во која нејзината мајка бдее над неа и со нетрпение чека да ја однесе дома и да продолжи со безгрижното детство.

 

Промотивни преполовени цени за спирометрија и ФЕНО – тест кај децата

Светскиот ден на астмата, 2 мај, Zan Mitrev Clinic, ќе го одбележи со акција во која ќе овозможиме 50% намалени цени за тестирање на белодробната функција кај децата (спирометрија) и ФЕНО –тест. Акцијата ќе трае од 2 мај до 10 мај. Сите заинтересирани ќе треба да се пријават на нашите телефонски броеви за да закажат преглед или пак да дојдат во педијатриската служба во Zan Mitrev Clinic.

Што е спирометрија?

Спирометрија е постапка со која се мери функцијата на белите дробови на детето, за да се одреди дали и кои лекови му се потребни.

Зошто е важен FENO – тестот?

  • Процена на нивото на инфламација на дишните патишта
  • Астма

Тераписка важност

  • Следење на ефектот од ординираната антиинфламаторна терапија

Ефикасен начин да бидете сигурни дека детето ги добива соодветните лекови во соодветни дози.

ZMC се стекна со државна акредитација за квалитет на здравствени установи

Zan Mitrev Clinic ја доби државната акредитација за квалитет од страна на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи. Во присуство на министерот за здравство, Венко Филипче, директорот на Агенцијата, Анте Поповски, му го предаде уверението за стекнатиот степен на акредитација на директорот на клиниката, доктор Жан Митрев. Ова е огромно признание за Zan Mitrev Clinic, а посебно е важно затоа што конечно доаѓа од државните институции, покрај досега добиените светски признанија и докази за квалитетна и безбедна медицинска услуга.

Доктор Жан Митрев потенцираше дека ова е уште еден доказ дека целата работа се движела по вистински пат и дека по 18 години постоење, претставува пример за сите други институции за тоа како се следат светските стандарди во квалитет паралелно со домашните.

– После толку години мене ми е посебно мило што, така да кажам, државните институции ни даваат едно вакво признание. Сето ова што го правиме, секојдневната наша работа, од првиот ден кога сум дојден во Македонија до денеска, е пред сè во насока на наша целосна посветеност кон пациентите. Сите тие стандарди кои се до сега направени, ги правевме во интерес на подобриот исход за пациентите, побезбедно да ги поминат сите тие процедури бидејќи свесни сме за комплексноста на медицинскиот систем воопшто и за сите можни грешки што можат да настанат. Нашата матура, прославата на 18 години постоење, беше одбележана со добивање на JCI стандардот, каде што освен што официјално ја положивме, влеговме и во историјата на JCI со тоа што успеавме од пријавувањето до реализацијата, до добивањето на JCI акредитацијата, да помине време помалку од една година. Тоа е за сите нас и за сите вас големо достигнување. Меѓутоа, за прв пат и институциите на државата го препознаваат тоа дека и ние сме во Македонија, ние го работиме тоа за нашите луѓе, дека ние не сме против никој и дека до скоро имавме сите таков третман, дека ние сме како од другата страна, па дури и се наметнува чувството како да правиме нешто против системот на државата т.е. јавниот сектор. Не, тоа не е така. Тоа не е точно. Ова е само доказ дека сме биле на прав пат и покрај тоа што некогаш сме биле во дилема дали тоа некогаш ќе се препознае. Јас благодарам за ова признание, но уште поголемо признание е тоа што вие како министер и министерство тоа го препознавте и дека ваша е иницијативата за што како признание го кажавте пред јавноста и пред моите вработени, на кои не им беше лесно сето ова да го спроведат и да се преадаптираат за многу работи и да го прифатат тој процес на транспарентност и документација на секоја постапка, на секој контакт со секој пациент и на целиот процес којшто ние го правиме, градиме, развиваме континуирано сите овие години. Колку што се радував за JCI, дека успеавме, исто толку се радувам сега дека оваа македонска акредитација е всушност пример и ќе биде пример сакале или не и за сите други да мораат да ги подигнат сите тие критериуми и стандарди во интерес на пациентите, бидејќи има институција во државава којашто функционира по тие стандарди и тоа не некаде таму далеку туку тука во Македонија. Можеме да стоиме на располагање на нашите институции и да бидеме во улога и на советодавни партнери и да помагаме каде што треба. Сега и државата сфаќа дека и ние сме исто така јавна институција – изјави доктор Жан Митрев.

Министерот Венко Филипче најави дека со идно поблиско партнерство со приватните болници ќе се намалат трошоците за лекување на нашите пациенти во странство, а за што како поткрепа ќе се имаат и акредитациите за квалитет коишто ги имаат болниците во државава, а клиниката „Жан Митрев“ е лидер на тој список.

– Чест ми е да бидам денеска тука со вас и да присуствувам на овој убав настан, да знаеме дека и во нашата држава постојат вакви акредитирани здравствени институции по највисоките светски стандарди. Со признавањето на оваа акредитација, меѓутоа и со овој заеднички свечен чин, сакаме да пуштиме порака дека приватните болници ги гледаме како партнер на нашиот државен здравствен систем. Тоа го започнавме со неколку процеси, за сите процедури коишто нашите стручњаци во државните клиники сметаат дека се исцрпени можностите, дали поради недостатоците во инфраструктурата или во некои други сегменти и пациентите ги упатуваат во странство. Се надеваме дека првата станица натаму ќе бидат прво нашите приватни болници, доколку недостасува експертиза за некоја дејност, дека таа експертиза ќе се донесе од странство и заедно со нашите државни тимови ќе се аплицираат методи коишто до сега во нашата држава не се правеле. Со тоа сакаме да постигнеме неколку работи. Прво, да постигнеме партнерство со приватните болници. Понатаму значајно да го намалиме трошокот којшто сега го плаќаме кон странските болници кога пациентите ги испраќаме таму. Понатаму, сакаме да им олесниме и на самите пациенти сепак да останат во нашата земја и да не се малтретираат по патишта со автомобили и авиони во странски земји и секако да работиме на заеднички партнерски основи на вградување на експертизата, размена на искуства меѓу колегите без разлика дали работат во државниот или во приватниот сектор. Јас ви честитам. Знам дека JCI акредитацијата е многу макотрпен процес има над 1000 елементи коишто се евалуираат и не станува збор само за инфраструктурни карактеристики на зградата туку и за процедури коишто треба да се следат, а ние напорно ќе работиме овие највисоки стандарди да ги имплементираме и во нашите државни болници – изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Директорот на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи, Анте Поповски, потенцираше дека стандардите се во функција на унапредување на квалитетот и посебно на безбедноста на пациентите што во Zan Mitrev Clinic веќе е и потврдено.

Значи националната агенција направи увид не само во техничкиот дел, во документацијата, туку и во самиот објект, во болницата, во процесите што се спроведуваат. Меѓутоа она што посебно ме израдува е атмосферата во којашто ја најдовме болницата, односно една универзална синергија, една добра хармонија и помеѓу тимот што функционира и во однос на пациентите. Тоа навистина покажува дека стандардите се во функција на унапредување на квалитетот и посебно на безбедноста на пациентите. Честитки до целиот тим на Zan Mitrev Clinic со желби за успех и понатаму и за една добра соработка на полето на унапредување на квалитетот и безбедноста на пациентот, тоа е наша крајна цел изјави – Анте Поповски, директорот на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи.

Олимпијци: Среќно!

 

Специјална Олимпијада Македонија со фудбалски тим од десет атлети, лица со попреченост од ДСУ „Наум Охридски“, ќе ја претставува Македонија на Европскиот фудбалски турнир „7-a-side“кој ќе се одржи во Ст. Петерсбург, Русија во периодот од 22. до 27. април. Фудбалската федерација на Македонија е еден од поддржувачите на атлетите од Специјална Олимпијада Македонија а свој придонес во поддршката даде и Zan Mitrev Clinic каде се извршија спортските прегледи на нашите атлети.

– Би сакала да се заблагодарам за несебичната поддршка која веќе третата година по ред, вашата клиника ја дава на лицата со попреченост кои спортуваат во Специјална Олимпијада Македонија. Искрено сакам да честитам на целиот тим кој ги изврши медицинските прегледи, за професионалниот пристап, коректниот однос и еднаквиот третман на нашите атлети како вистински спортисти, со што покажаа дека вашата клиника и персоналот имаат навистина отворени погледи кон развој на едно инклузивно општество во кое сите сограѓани имаат еднаков пристап и третман – ни изјави Ана Петровска, национален директор на Специјална Олимпијада Македонија

На турнирот ќе учествуваат 16 тимови од 12 земји, меѓу кои: Русија, Швајцарија, Казахстан, Црна Гора, Хрватска, Латвија, Летонија, Узбекистан, Словачка, Фарски острови, Белорусија и Македонија. Турнирот е во организација на Специјална Олимпијада Русија и Фудбалската унија на Русија, кои оваа година со поддршка на УЕФА за првпат по 10 години се отворени за учество на тимови од цела Европа, кои ќе натпреваруваат во комплексот Зенит.

 

Средношколците од СОУ „Ѓорче Петров“ со желба во иднина да работат во Zan Mitrev Clinic

Учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп од трета година, здравствена струка – медицинска сестра, под менторство на нивните стручни наставници и оваа година традиционално беа во посета на Zan Mitrev Clinic. Целта на посетата беше учениците да се запознаат со начинот на работа во клиниката како и со дијагностичките методи.

– Учениците беа воодушевени најнапред од грандиозноста на болницата па меѓу себе коментираа дека се чувствуваат како да влегуваат во луксузен хотел. Добредојде на групата учениците од трета година и нивните професори им посака главната сестра на одделот за интензивна нега сестра Жанета Богоевска – Митев која ги запозна генерално со начинот на организацијата и функционирање на болницата. Заедно посетија низа одделенија, каде што ги информираше за специфичностите и уникатноста за секој оддел. Учениците видоа како функционираат амбулантскиот и дијагностичкиот центар, како и за апаратурата, а ја потенцираше и стручноста на докторите и медицинскиот персонал. Таа споделуваше искуства со нив, а секако им даде и неколку препораки за во иднина. Оваа посета за учениците беше едно позитивно искуство кое кај нив предизвика желба еден ден и тие како доктори или медицински сестри да работат во оваа клиника – ни изјавија стручните наставници од училиштето.

Тие додаваат дека учениците се воодушевени од опремата, можностите и условите со која располага клиниката како и од срдечноста на вработените кои со насмевка и со големо трпение им се посветуваат на пациентите.

 

Доктори од Австралија и Нов Зеланд во Zan Mitrev Clinic

Група од 14 доктори од Австралија и Нов Зеланд ја посетија Zan Mitrev Clinic. Тие на своето еднонеделно патување низ Македонија заедно со својот туристички оператор одбрале да ја посетат токму нашата клиника како најдобар пример во државава за врвно здравство. Гостите не го криеја своето воодушевување од комплетниот систем и начин на функционирање на болницата како и од техничката опременост а секако и од медицинскиот кадар кој делумно и го запознаа во неколкуте часа додека беа во болницата.

– Фасцинирана сум од она што го гледам тука. Не очекував на Балканот да видам нешто вакво, нека ми опростат другите. Фасцинирана сум од доктор Жан Митрев кој, како што ни раскажа, прв се одлучил да направи ваква приватна болница пред многу години. Навистина е за поздравување како една таква идеја овој човек ја реализирал, во би рекла ваков совршен проект, кој е за доброто на сите не само во оваа држава туку и во регионот па и во целиот свет. На предавањата слушнавме за сите нови методи кои овде се практикуваат а посебно во делот на хирургијата а кои и кај нас во Австралија сè се уште новост. Целиот тим којшто го запознавме денеска ме воодушеви со посветеноста и жарот со кој зборуваше за својата работа и за болницата во која работат и ја чувствуваат како свој дом. Така треба! – ни изјави лидерот на групата доктори, Наоми Џејкобс, докторка од Австралија.

Во програмата за презентација подготвена за нив, болницата ја претставија доктор Жан Митрев, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов и д-р Никола Ѓоргов. Презентациите ги опфатија сите поважни историски моменти од почеток на основање на клиниката па се до сега, како и плановите за понатамошен раст и развој.

 

Докторите имаа свои излагања за проблематиките од своите области што побуди голем интерес на гостите по што следуваа многу прашања и се отворија дебати. Во посетата беше вклучена и обиколка на болницата во која беа покажани дел од амбулантите, салите, ресторанот, вип – апартманите како и системот за климатизација и прочистување на воздухот. Групата доктори по престојот во Македонија заминуваат во соседна Грција каде што ќе посетат една државна и една приватна болница. Во меѓувреме ќе уживаат во природните убавини на нашата држава.

 

Европска недела на имунизација

Zan Mitrev Clinic се придружи кон одбележувањето на Европската недела на имунизација што годинава се одбележува по 13 пат. Под мотото „Заштити, спречи, вакцинирај“ доктор Жан Митрев со останати претставници на нашата клиника дадоа поддршка на акцијата која започна со хепенинг во Градскиот парк во Скопје.

На забавно-едукативниот настан учество зедоа и претставници на Министерството за здравство предводени од министерот Венко Филипче. На настанот учествуваа деца од повеќе градинки и училишта од Скопје, деца од хорот „Златно славејче“ и анимирани ликови. Одбележувањето на Европската недела на имунизација ќе се спроведува во периодот од 23 до 29 април.

Придобивките од вакцинирањето на глобално ниво се огромни. Како резултат на оваа превентивна мерка, се спасуваат повеќе од 2 до 3 милиони животи годишно низ целиот свет. Бројката би била уште поголема доколку повеќе болести би биле покриени и превенирани со вакцини. Благодарение на вакцинацијата, огромни се и финансиските заштеди во здравството, подобрен е квалитетот на животот на поединците.

 

 

Во Zan Mitrev Clinic презентиран модел на тродимензионално срце

Во Zan Mitrev Clinic денеска беше презентиран новитет кој е врвно достигнување во медицината, поточно во областа на дијагностиката а тоа е тродимензионален модел на орган, поточно во конкретниот случај,  модел на срце на млад пациент кој побара помош од нашата клиника. Оваа нова технологија која сега, преку Zan Mitrev Clinic, веќе ја имаме и во државава, е достапна и за нашите граѓани. Доктор Жан Митрев вели дека за него, но и за сите хирурзи, еден ваков модел на орган е од огромно значење бидејќи со него може да се направи комплетната анализа на состојбата и да се види објективно како тој орган изгледа реално а врз база на тоа да се постави и вистинската дијагноза.

Чест ми е да презентирам ново достигнување на медицината во областа на дијагностиката каде што се работи за 3 – де наод на еден пациент којшто требаше да биде опериран од вродена срцева маана. Пациентот е од странство и дојде кај нас за испитување. Ги направивме сите испитувања и требаше да добие операција на срце, меѓутоа некои од параметрите не беа јасни и имаше различни мислења, од нашиот тим и од странски консултанти. Така да јас се одлучив да направиме, и тоа прв пат во Македонија, репродукција на компјутерскиот наод на тој млад човек којшто има вродена тешка срцева аномалија. Ова е резултатот којшто го добивме каде што се гледаат сите крвни садови и целото срце буквално во реална димензија. Овде се прави и еден отвор каде што се гледаат и сите отвори на срцето и сите крвни садови бидејќи овде тој млад човек има и аномално влевање каде што едниот крвен сад е двојно застапен и тој аномално се влева од другата страна што исто така е поретка аномалија. Меѓутоа суштинско прашање за овој пациент беше: Дали овој пациент е за операција или не е?

Бидејќи тој се водеше како Тетралогија на Фало, и така е воден цело време, а всушност се работеше за сосема друга аномалија каде што десната комора преку тој отвор што требаше да се затвори, всушност тука излегуваат две третини од аортата, и практично десната комора пумпа во двете страни и во аортата и во пулмоналната артерија. Таа состојба на ваков начин можеме идеално да го видиме отворот кој оди за пулмоналната артерија т.е. за циркулација во белите дробови и отворот кој оди во однос на пумпањето на крвта во целото тело – објасни д-р Жан Митрев покажувајќи го 3-де срцето.

Доктор Митрев потенцира дека вакви 3- де модели може да се прават и за други пациенти и за други органи а за што е потребна и врвна компјутерска томографија  која ја поседува Zan Mitrev Clinic.

Со други зборови за мене како хирург е огромно достигнување каде што можам да ја направам комплетната анализа да се види објективно како тоа изгледа реално и на база на тоа да се постави и вистинската дијагноза. Во овој случај, за овој пациент после сите овие анализи и реалниот модел 3 – де на неговото срце, јасно ни стана дека овој пациент не е за операција и дека природата за него направила таква регулација да тој може да живее некои години со оваа аномалија и негово решение сепак е трансплантација на срце. Ова е она што сакам да го презентирам на јавноста и сето ова се случува во Македонија – потенцираше доктор Жан Митрев.

Вакви 3-де модели може да се прават и за други пациенти, и за други органи. За ова е потребна врвна компјутерска томографија која ја има во Zan Mitrev Clinic и е најмоќна во државава и пошироко. Изработката на овој модел чини околу 2000 евра, но во блиска иднина се очекува целата технологија да стане попристапна за сите. Сепак за некои пациенти, за некои болести, оваа метода на дијагностика е од непроценлива важност. Во насока на достапност на целата метода до пациентите во иднина посакувано би било да се вклучи и Фондот за здравствено осигурување на Република Мекедонија  со покривање на трошоците за изработка. Времето за изработка на еден ваков модел е околу еден месец. Меѓутоа оваа метода се практикува за хронични болести кои не бараат брзи интервенции и брзи одлуки. Важно е да се напомене дека сето ова оди преку меѓународна експертиза и во тоа се вклучени врвни хирурзи.