Квалитетен систематски преглед значи здрав работник и стабилен работен процес

My alt text

Согласно актуелните законски прописи во Република Македонија, систематските прегледи се задолжителни за вработени во сите дејности на јавниот и приватниот сектор, за сите лица осигурени од повреда на работното место или професионални болести според прописите за пензиско, инвалидско  и здравствено  осигурување. Законот во државава предвидел работодавецот да е должен на работникот да му овозможи лекарски преглед со кој ја утврдува работната способност според барањата на  работната позиција и изложеноста на ризик на работно место.

Освен што е важно да се почитува од страна на работодавачите, за реализирањето на систематскиот преглед за вработените исклучително се битни два моменти:

1.Изборот на здравствената установа каде што ќе се направи ситематскиот преглед. Таа мора да е кредибилна и професионална, веродостојна. Тука неминовно треба да се земат во обзир сите акредитации и сретификати што ги поседува таа установа ако се сака систематскиот преглед да биде ефективен и ефикасен. Впрочем, брзи, точни и квалитетни резултати ќе значат реална слика за здравствената состојба на работниците во една компанија. 2.Изборот на соодветен пакет на здравствени услуги при реализација на систематскиот преглед. Имено, има разлика на пакетот услуги при систематскиот преглед во зависност од струката, профилот на професијата.

My alt text

Во последно време сведоци сме на се повеќе здравствени установи кои имаат трудова медицина и оттука и вршат систематски прегледи, но често истите прегледите ги прават за да се задоволи само формата на прегледот. Тоа значи дека најчесто прегледот се прави за работадавачот да има доказ дека ја завршил обврската.

Едно е јасно и не е спорно, дека треба да се зголеми свесноста не само кај работниците, туку и кај работодавачите и здравствените работници за ефектите кои може да ги има еден квалитетен и веродостоен систематски преглед, но, и обратно.

Зголемувањето на свесноста кај сите клучни партнери кои се вклучени во безбедноста и здравјето на работниците е неминовна затоа што на тој начин би се овозможило полесно препознавање на евентуална болест или попреченост на работникот. Кога лицето е со нарушено здравје, се зголемува бројот на денови на негово отсуство од работа, а се јавува и еден феномен наречен презентизам, што значи дека работникот е присутен на работното место, но не ја извршува квалитетно својата работа. Сето ова може да се превенира со квалитетен систематски преглед направен во кредибилна здравствена установа.

Што мислите Вие за систематските прегледи дека е најважно?

Квалитетната рехабилитација по преживеан мозочен удар значи продолжен живот и среќен пациент

My alt text

Мозочниот удар може да се каже дека е еден вид мозочна повреда. До мозочен удар доаѓа кога има ненадеен прекин во снабдувањето со крв на мозокот. Дотокот на кислород и хранливи материи во мозокот е прекинат и мозочните клетки се оштетуваат или се уништуваат. Кога мозочните клетки се уништени се губат телесните функции што овие клетки ги контролираат.

Статистиката вели дека  секои две секунди некој во светот доживува мозочен удар, а секој шести умира од тоа. Мозочниот удар, освен од други фактори, во голема мерка зависи од временските услови, тврдат научниците заклучувајќи дека се поголемите дневни промени на температурата и влажноста на воздухот се директно поврзани со се поголемиот број на мозочни удари. При утврдувањето на ризикот поврзан со временските услови, предвид ги зеле факторите  како што се присутност на дијабетес и покачен крвен притисок.

  • Мозочниот удар е прва причина за инвалидитет насекаде во Европа. Тој е втора најчеста причина за смрт.
  • Фатален е во една третина од случаите. 1 од 4 семејства во тек на животниот век се афектирани од М.У.
  • 80% од мозочните удари може да се спречат.

My alt text

Препораки:

– Подигнете ја свеста и запознајте ги ризик факторите за мозочен удар. Активно учествувајте во намалување на застрашувачките бројки.

–  Ако не ги примате редовно таблетите против висок притисок е опасно за вас!

– Покачените вредности на холестерол може да го блокираат спроведувањето на крв во мозокот и да предизвика мозочен удар.

– Дали знаете дека болните од диабет имаат 4 пати поголем ризик да заболат од мозочен удар?

– Атеросклерозата го намалува или блокира протокот на крв низ крвните садови во мозокот и го зголемува ризикот за настанување на М. У.

– Физичката неактивност е важен ризик фактор. Тоа е еден од 5- те клучни ризик фактори за мозочен удар.

– Пушењето го зголемува ризикот за 50% кај двата пола и во сите старосни групи.

– Алкохол > 2 алкохолни пијалоци го зголемува ризикот од мозочен удар за 50%.

– Промени го начинот на исхрана, внимавај на телесната тежина, вежбај, посети го својот лекар, откажи се од пушење и од консумација на алкохол.

Совети како да ги препознаете симптомите на мозочен удар

–  силна главоболка ,вртоглавица

– мигренозна болка на едната страна од главата.

– трнење на раката и ногата губење на нивното чувствување

– асиметричност  на лицето (спуштање на очниот капак, искривување на устата)

– замаглен вид или губење на видот на едното око

– неповрзани зборови, неразбирлива комунукација или конфузност

Доколку ги препознаете овие симптоми кај себе или кај ближниот, веднаш е потребен трансторт во најблиската болница.

Постоперативно заздравување по преживеан мозочен удар

My alt textНашата клиника, Zan Mitrev Clinic, ви нуди најсовремена дијагностика за рано откривање и превенирање на мозочните удари. Располагаме и со најнови физикални апарати за рехабилитација на ваквите состојби. Оваа година е забележана како година со зголемен број на пациенти со ваква состојба. Кај пациентите со мозочен удар во нашата клиника  се спроведува најсовремена физикална терпија. Пристапот кон заздравување на пациентот по преживеан мозочен удар е  рехабилитација со   најнова   апаратура за  елекро терапија,  магнет терапија,  кинези терапија. Во зависнос од состојбите се спроведува и респираторна терапија.

Физикалната терапија во Zan Mitrev Clinic ви нуди осамостојување во понатамошниот живот  а во зависност од степенот на оштетување ќе успееме да го оспособиме пациентот до одреден дел на самостојност. Слободно  можеме да се пофалиме со голем број на пациенти кои болницата ја напуштија  со самостојни чекори среќно со придружба или со помагала. Овие пациенти стануваат дел од нашето семејство  на благодарни пациенти кои ни ја дадоа довербата да се грижиме за нивното здравје и да го продолжиме нивниот живот.

My alt text

Топлото време и храната – комбинација на која треба да се внимава

My alt text

Топлото време и несоодветното складирање, приготвување и послужување на храната го зголемува ризикот од нејзино расипување што може да биде причина за појава на здравствени тегоби (труење со храна) на оние кои ја консумираат таа храна. Препораките се едноставни но многу важни.

Пред употреба задолжително е миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје).

Термичка подготовка на храна и нејзина консумација веднаш по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на +4 °C, а пред употребата да се загрее на +100 °C.

Избегнувајте производи кои термички не се обработени, и бидете внимателни со консумација на сладолед и разни кремови.

Високите температури и влажноста во летниот период овозможуваат забрзан раст и развој на бактериите во самата храна.

Друга причина е и зголемената активност на луѓето. На лето, многу почесто се готви надвор, се оди на пикник или се кампува. Со тоа, кујнските и хигиенските критериуми (фрижидерот, термостатот за контролирање на готвењето, машината за миење садови) се на пониско ниво.

Најчести се труењата од салмонела, стафилококи и ешерихија. Како примарни намирници кои се најзаслужни за „расипување на стомакот“ се месото, млечните производи и јајцата. Но, опасните микроорганизми може да се кријат и во свежото овошје и зеленчук доколку не ги чуваме и не ги миеме на правилен начин.

Знаци и симптоми на труење со храна:

  • повраќање
  • дијареја
  • грчеви или болка во абдоминалниот дел
  • недостаток на енергија или слабост
  • губење апетит
  • висока температура
  • болка во мускулите

Препораки:

  • Консумирајте безбедна храна и вода за пиење.
  • Јадете само храна која е добро зготвена и се служи веднаш (топла).
  • Јадете овошје и зеленчук што сте го измиле со безбедна вода или сами сте го излупиле.
  • Пијте вода или газирани пијалаци кои се флаширани и запечатени или многу топло кафе или чај.
  • Користете мраз направен од флаширана или дезинфицирана вода
  • Мијте ги рацете често и долго со сапун и вода

My alt text

Дали топлото време може да влијае на нашето ментално здравје?

My alt text

Летото и топлите сончеви денови вообичаено се поврзуваат со одмори, дружења со пријателите и семејството и останати креативни активности полни со забава. Но и покрај забавата и веселоста, на сите нам ни се познати ефектите кои топлината може да ги има врз нашето физичко здравје. Топлината сама по себе може да има влијание врз нашето тело, при што долгите периоди поминати изложени директно на топлина може да доведат до нарушување во сонот, изнемоштеност, намален апетит и дехидратација. За овие промени можеме да преземеме проактивни мерки за да истите ги превенираме, како на пример може да не излегуваме надвор во најтоплиот период од денот или пак може да го зголемиме внесот на вода. Но малкумина се прашуваат како топлото време влијае врз нашето ментално здравје. Сите овие промени понатаму може да доведат до промени во однесувањето и анксиозност.

My alt text

Студиите покажуваат дека топлото време може да доведе до зголемување на агресивните однесувања па дури и да ја зголеми стапката на насилство. Ова многу често се поврзува со претпоставката дека кога ни е топло, непријатното чувство поврзано со високата температура не турка на работ, што од друга страна може да се поврзе со потешкотијата која ја има нашиот мозок во менаџирањето на топлината. Дополнително, како што растат температурите, студиите наоѓаат дека луѓето имаат потешкотија да искусуваат позитивни емоции како среќа и радост. Дел од причините може да бидат поврзани со нагласувањето на секојдневните стресови, зголемувањето на ризичните однесувања, нарушувањата на сонот и зголемениот ризик за дехидратација. Кога времето е топло, тоа истовремено може да направи ограничувања во секојдневните активности на луѓето, затоа што луѓето најчесто прават отстапки останувајќи дома само за да го избегнат топлото време. Овој недостаток на контрола врз секојдневните активности може да придонесе кон зголемена иритабилност. Од друга страна дел од студиите наведуваат дека топлото време може да го подигне расположението кај оние кои се чувствуваат тажно и депресивно. Најголемиот дел од истражувањата наведуваат дека времето може да има мерлив ефект врз расположението на луѓето, но истото зависи од многу фактори. Ова го вклучува и фактот дали сме вљубеници во лето или пак зима. Без оглед на се, сепак можеме да направиме нешто за себе и за своето ментално здравје ова лето за да можеме максимално да уживаме и да го вратиме балансот во нашето тело – редовен сон и добра хидрираност, време поминато со луѓето кои ни значат, пливање и престој покрај вода, музика и танц и секако да побараме професионална помош доколку чувствуваме екстремни или продолжени ефекти од топлината. Уживајте во топлите летни денови грижејќи се за себе.

Практикантите од Лабораторија за Генетика и Персонализирана медицина со збогатено знаење и практично искуство, споредливо со нивото на едукација кое го нудат врвните светски универзитети

My alt text

Во изминатиов период, атмосферата во нашата Лабораторија за Генетика и Персонализирана медицина беше невообичаено динамична – исполнета со многу ентузијазам и позитивна енергија. Имено, лабораторијата уште од самиот почеток практикува политика на целосна отвореност за студенти кои се заинтересирани за стекнување на практично искуство од секторот на молекуларната биологија и генетиката – во најголем дел од времето во истата е присутен барем еден практикант кој е на додипломски или магистерски студии. Меѓутоа, претходниве неколку недели во лабораторијата доаѓаа на пракса вкупно 4 студентки, кои студираат на некои од врвните светски универзитети.

Студентите првично се запознаа со тимот од лабораторијата, со самата лабораторија и со сите анализи и тестови кои се изработуваат во истата. Им беше објаснето дека лабораторијата имплементира персонализирана медицина во секојдневието на пациентите кои доаѓаат во болницата, користејќи ги молекуларно-биолошките и геномските техники за функционирањето на два подеднакво важни, а сосема различни сектори: хумана генетика (дијагностика на ретки болести и различни синдроми, определување на ризик за развивање на мултифакторијални и комплексни болести според генетската конституција, проценување на ризик за развој на онколошки заболувања како и молекуларна карактеризација на канцерите и последователна таргетирана терапија, дијагностика на кардиоваскуларни генетски заболувања, фармакогенетика, неинвазивно пренатално тестирање, тестирање за ротиделство/сродство, ХЛА типизација, нутригенетика) и молекуларна дијагностика на паготени (респираторни патогени вируси и бактерии, гастроинтестинални патогени вируси и бактерии, сексуално-преносливи болести, HCV/HBV/HIV и слично).

Практикантите беа соодветно едуцирани за молекуларно-биолошките техники и методи кои се користат за сите анализи, како што се: принципите и различните начини на изолација на нуклеински киселини (ДНК и РНК), одредување на квалитетот и приносот на изолираните нуклеински киселини со спектрофотометрија, молекуларна детекција на патогени и генотипизација со различни методи и техники, како и основи на техниките за масовно паралелно секвенционирање (анг. Next Generation Sequencing, NGS) и последователната биоинформатичка анализа на податоците добиени од NGS. Во почетниот дел од едукацијата, целата едукација беше теоретска и практично-демонстративна, а по поминувањето на целосната неопходна програма практикантите можеа и самите под надзор на генетичарите со голема доза на самодоверба и сигурност да ги извршуваат рутинските анализи во лабораторијата.

Покрај тоа, секоја од нив имаше и задолжение за личен и посебен проект во кој по поминатата едукација за биоинформатичка анализа на податоци од NGS, имаа за задача да откријат и идентификуваат патогени генетски варијации кои предизвикуваат одредени генетски болести или одредени недијагностицирани симптоми (претходно секако дијагностицирани од страна на тимот во генетската лабораторија) преку изработување на виртуелен генски панел, како и in silico дизајнирање на прајмери за потврдување на пронајдените варијации со Сангерово секвенционирање. На самиот крај од нивната пракса практикантките одржаа презентација за својот проект во големата конференциска сала во болницата.

Ана Ѓорѓиоска, студент на Jacobs University Bremen, вели дека штотуку завршила прва година на насоката за Биохемија и Клеточна Биологија (Biochemistry and Cell Biology). За лабораторијата за Генетика и Персонализирана Медицина при Клиниката Жан Митрев, дознала преку нашиот веб-сајт по што веднаш заклучила дека е одлична идеја дел од слободниот летен период да го помине на пракса токму тука.

– После комуникација со м-р Механџиска и административниот тим, ми беше одобрено да почнам со практика од 9 јули. Иако периодот кој престојувам е навидум краток, имав доволно време да се стекнам со практично искуство и нови вештини. Покрај учеството во секојдневните анализи кои се извршуваат, бев задолжена и да изработам проект во кој самостојно открив мутации во гените на пациент и зададов дијагноза, иако оригиналната дијагноза беше одамна констатирана од тимот. Искуството стекнато тука беше од огромно значење за мене, специјализираниот кадар со кој се запознав многу ми помогна да научам за нештата кои ме интересираат и ми даде идеи за текот на моето понатамошно образование и кариера – вели Ѓорѓиоска

Мими Костоска, студент на Yale University, САД, одлучила да аплицира за практика во Zan Mitrev Clinic бидејќи минатата година ја посетила генетската лабораторија којашто и влеала многу самодоверба со професионалноста во работењето.

– Па затоа, му пратив e-mail на д-р Жан Митрев уште на почетокот на оваа година. Изминативе четири недели ми беа премногу интересни. Тоа што ми беше највозбудливо беше фактот што ја видов практичната страна на тоа што го учев годинава на факултет и како тоа се имплементира во медицината. Предизвик ми беше да го изработам проектот за наоѓање на генетски варијации кои ја предизвикуваат болеста ретинис пигментоза. И да, би сакала ова искуство да се повтори! – со воодушевување раскажува Костоска.

Константина Костадиновска, студент на Georg-August-Universität Göttingen годинава дипломираше на универзитетот Jacobs University Bremen во Германија на насоката Биохемија и Клеточна Биологија (Biochemistry and Cell Biology). За постењето на лабораторијата во Z.M.C. дознала универзитетот, бидејќи на сите нив им е добро познато дека нивните поранешни студенти м-р Сања Механџиска и д-р Горан Кунгуловски заедно работат во лабораторијата на којашто д-р Кунгуловски е всушност и ко-основач.

– Со оглед на тоа дека од октомври ги продолжувам моите студии на магистерската програма M. Sc Molecular Medicine на медицинскиот факултет при Georg-August-Universität Göttingen исто така во Германија, ова за мене претставува одлична можност за усовршување на моето досегашно знаење и стекнато искуство. Секојдневните рутински анализи и работата во лабораторијата ми овозможуваат да ја почувствувам огромната разлика помеѓу едукација во универзитетски услови и имплементацијата на тоа знаење во клинички рамки. Со оглед на тоа дека за моето севкупно искуство досега во лабораторијата имам само позитивни зборови, ќе останам на практика тука се до почетокот на моите студии – ни изјави Костадиновска.

Ванеса Овен, студент на Универзитетот во Виндзор во нашата клиника дојде преку сродна размена

– Јас сум половина Македонка, по мајка ми, а никогаш досега не сум била во Македонија. Оваа посета е корисна на повеќе начини, научив лабораториски термини на македонски, а моите соработници ми овозможија да се чувствувам вклучена во работата. Обединетата македонска дијаспора направи избор да ме прати во оваа клиника, бидејќи ова е врвна клиника, со многу паметни и талентирани техничари. Ова распоредување е битно за мојата иднина, со цел да продолжам во медицината, како и во целосното истражување во оваа област. За време на мојот престој како практикант во клиниката научив многу од моите ментори и ќе вратам со многу нови вештини во врска со научната работа. Научив како се вршат дијагностички задачи во клинички услови, како и за разликите помеѓу болничките лаборатории и училишните лаборатории. Ова искуство беше корисно за мене како студент, бидејќи бев подучувана за соодветниот начин како да ги вршам разредувањата, екстракциите и добивањето на ПЦР примероци, сето тоа додека следи соодветна болничка лабораториска работа. За време на мојот престој ми беше доделен проект во кој добив информација за генетски поврзани нарушувања, потоа создадов генетски панел за да се процени кои гени се патогени, а кои се бенигни кај еден примерок од пациент. Овој проект ми даде увид во тоа како здравствените работници и генетичарите работат заедно за решавање на сложените случаи. Исто така, ми покажа како гените функционираат, со мутации, како и епистазата помеѓу различните гени. Генерално, моето време поминато во ПЗУ „Жан Митрев“ беше неверојатно искуство и ќе ми се покаже како вредно во иднина. Згора на сè, научив како да пишувам со кирилско писмо, особено тешките „Ш“ и „Ц“-расположено коментира Ванеса Овен која задоволно замина во својот роден град.

Се надеваме дека успеавме да им доловиме на практикантите колку е голема важноста на персонализираната медицина во денешно време и кое е значењето на имплементацијата на истата во секојдневието, особено колку е големо значењето на NGS техниките во дијагностиката на ретките болести. Исто така, со оглед на тоа дека сите од нив студираат на некои од најдобрите и врвните светски универзитети, ние сме пресреќни што имавме можност да го збогатиме нивното знаење и практично искуство кое е споредливо со нивото на едукација кои го нудат врвните универзитети.