IgG SARS – CoV-2 тест: Каков е имунолошкиот одговор на организмот на примената вакцина и кога е најдобро да се тестирате?

Во нашата клиника од минатата недела почна да прави нов IgG SARS – CoV-2 тест кој се препорачува да се направи после примена втора доза од вакцината.

Со цел тестот да биде прецизен и да ги даде одговорите кои ги бараме препорачуваме најдобар временски период кога треба да се испитуваат IgG антитела кон SARS CoV -2 ,,Spike ” протеин ​кај вакцинирани пациенти.

  1. Кај лицата вакцинирани со Pfizer- BioNTech, Moderna, AstraZeneca, Sputnik V и Sinovac се препорачува да се проверуваат антителата после 15 – тиот ден од примената втора доза на вакцина. 
  2. Кај вакцинирани со кинеската Sinopharm се препорачува да се проверуваат антителата после 21- иот ден од примената на втората доза, а според некои студии дури и после 4 до 6  недели.

Генерално антителата не се препорачува да се испитуваат порано од 15 – тиот ден после примена втората  доза од вакцината .

Овој тип серолошки квантитативен тест покажува каков е имунолошкиот одговор на организмот на примената вакцина. Со овој тест се детектираат IgG антителата, вклучително и неутрализирачките антитела, на рецептор-врзувачкиот дел (RBD) S1 суб-единицата на “spike” протеинот на SARS-CoV-2.

Тој може да помогне при:

– Одредување и следење на имунолошкиот одговор на вакцините, вклучувајќи и истражување за да се утврди колку долго трае одговорот ;
– Во проценка дали нивото на антителата е резултат на природен одговор на вирусот или одговор на примената вакцина ;
– Во проценка на нивоата на антитела за да се утврди потенцијалот за донирање на конвалесцентна плазма.

Тука да напоменеме дека доколку се следи ефектот од вакцинацијата, многу е важно тестот да се изведува во иста лaбораторија, со иста метода. Ова се препорачува затоа што различни лаборатории имаат различни тестови и вредности.

Секако достапни се и веќе познатите типови на тестови:
IgG SARS-CoV-2 тестот од крвта, кој детектира антитела на нуклеокапсидниот протеин на вирусот.
IgM SARS-CoV-2 тестови, кои овозможуваат откривање неодамнешна инфекција и понатамошна прогресија на болеста.

 

Проблемите со простатата не се одлагаат!


Не секој проблем со простата е рак!

Мажите над четриесетата година од животот се` почесто се соочуваат со проблеми со простатата, но истите неретко ги занемаруваат, прикриваат, па дури и не зборуваат за нив.
За да предупредиме какви се последици можат да произлезат од ваквиот неодговорен став, треба најпрво да објасниме детали околу морфологијата и функциите на самата простата.

Простатата е мала жлезда кој се наоѓа под мочниот меур и ја има само кај мажите. Таа нормално станува поголема со стареењето на мажите. Токму тоа нејзино растење може да предизвика стеснување па дури и затворање на мочниот меур. Ова зголемување на простата се нарекува бенигно зголемување на простатата. Бенигното зголемување на простатата може да предизвика често уринирање, особено ноќе, итна потреба за уринирање, тешкотија при започнување уринирање како и протекување или капење на урина и по завршувањето уринирањето. Но, сепак ова не значи дека станува збор за рак на простатата.

Медицинската статистика вели дека најчестата причина поради која доаѓа до бенигно зголемување на простатата се хормонските промени предизвикани од стареењето на организмот. Резултатите од таа статистика велат дека дури 50% од мажите, постари од 50 години имаат зголемена простата. Од нив пак, околу 30% имаат проблеми со мокрење.
Првите знаци т.е. проблеми со простатата се јавуваат во раните 40-ти години, а по 60-тата година, скоро секој втор маж има тегоби кои се предизвикани од оваа состојба. Со стареењето, симптомите стануваат сè поизразени.

Генерално речиси кај сите мажи кои се сретнуваат со проблеми со простата се забележуваат следните симптоми кои укажуваат на потребата од медицинска помош:

  • Слаб и бавен почеток на уринирањето
  • Слаб млаз при уринирање
  • Неволен прекин на млазот
  • Капење на урина и по завршување на уринирањето

Редовните контроли кај уролог, најмалку еднаш годишно, а почесто доколку имате проблеми со простата, гарантираат брз и ефикасен начин со справување со состојбите.

Мажите често пати бенигното зголемување на простата го порамнуваат со рак на простата. Но, не е така! Не секое бенигно зголемување на простата придонесува за рак на простата. Само 5 до 10% од мажите со рак на простата, имаат наследен ген што придонел за развој на ракот т.е тоа е поврзано со нивната семејна медицинска историја.

Тука да напоменеме дека ракот на простата кој е забележан во рана фаза дава ефикасно лекување без поголеми проблеми. Но, ако ракот порасне и се рашири надвор од простатата, што се нарекува рак во напредна фаза, тогаш тој може да предизвика болка или печење при уринирање, зголемена честота или тешкотија при уринирање, крв во урината или семенот, болка во долниот дел од грбот, колковите или горниот дел од бедрата.

Правилото е едноставно: Доколку ги имате овие симпроми, не одлагајте, посетете уролог кој со неколку едноставни испитувања што ги овозможува современата медицина која ја практикуваме во нашата клиника ќе утврди точна дијагноза и сигурно понатамошно лекување.

Успешно изведена TAVI хибридна операција на срце

Во нашата клиника од страна на кардиолошкиот тим предводен од д-р Никола Христов, а заедно со д-р Иван Милев, д-р Вилма Ампова-Соколов, анастезиолошкиот тим и д-р Тања Анѓушева, беше изведена една од најкомпликуваните хибридни операции на замена на срцеви залистоци кај пациент со тешка аортна стеноза. Поради фактот дека овој пациент веќе беше претходно опериран со направен бајпас, ризикот од повторно отворање на градниот кош беше огормен и затоа беше одбран ваквиот хибриден пристап.
Имено, оваа операција позната скратено како TAVI (Trans-catheter Aortic valve Implantation), всушност претставува операција при која се поставуваат вештачки аортни залистоци на местото на оштетените природни аортни залистоци, без при тоа да се отвори градниот кош. Залистокот се поставува преку катетер кој влегува преку артеријата на ногата и од таму стигнува до заболениот залисток.

По пат на софистициран маханизам, оштетениот залисток се истиснува и се заменува со нов функционален биолошки залисток кој обезбедува долгогодишна непречена работа на срцето.
TAVI се препорачува за пациенти кои се категоризирани како високоризични кај кои веќе биле направени операции на срце со потреба за третман на аортна валвула или пак поради други придружни болести кои го зголемуваат ризикот.
Малата инвазивност на операцијата за пациентот обезбедува краток болнички престој во траење од само 1 ден, побрзо заздравување и мала можност за дополнителни компликации.
Нашиот пациент од Струмица г-ди Јордан Мираковски, веќе замина дома и се чувствува одлично.

Зашто магнетна резонанца на срце кај пациети со КОВИД-19?

Од првичната појава на вирусот на SARS-CoV-2 во декември 2019 во Вухан, Кина до денес заразени се повеќе од 100 милиони луѓе околу во светот и има над 2 милиони смртни случаеви. Постои растечка загриженост за поврзаноста на инфекција со вирусот и кардиоваскуларните последици за што зборуваат и се побројните докази од литературата.
Пациентите со КОВИД-19 се под зголемен ризик за срцеви аритмии, акутен коронарен синдром, срцева слабост, миокардитис.
Миокардната повреда (повредата на срцевиот мускул) може да се манифестира во различни фази од болеста како и доцна по почеток на симптомите.
Механизмот на миокардната повреда кај КОВИД-19 вклучува бурен имун одговор или директна токсичност на вирусот врз миокардот (срцевиот мускул). Се хипотезира дека SARS-CoV-2 се врзува за ангиотензин-конвертирачки ензим -2 (ACE-2) рецептори на срцевите клетки (миоцити) и потоа се инкорпорира и реплицира резултирајќи со директна повреда на срцевото ткиво. Друг можен механизам вклучува активација на интерлеукини и интерферони посебно интерлеукин -6 и последователна цитокининска бура и микроциркулаторна ендотелна дисфункција поради системска инфламација (воспаление) и хипоксија. Хиперкоагулабилна состојба (состојба на зголемено згрутчување на крвта) креирана од вирусот може да доведе до тромбоза на коронарните артерии кое води до исхемија.

Срцевите компликации може да се дијагностицираат со различни дијагностички модалитети. Магнетна резонанца на срце (CMR) има уникатна можност да обезбеди морфолошка и функционална инфромација и карактеризација на ткиво и е препорачана од Американската Кардиолошка Асоцијација (American Heart Association) да се употребува во проценка на оштетување на срцевиот мускул. Императив е за здравстевните работници да бидат свесни за спектарот на наоди со магнетна резонанца на срце кај пациентите со КОВИД-19 за да обезбедат навремена дијагноза и соодветен третман. Нашите познавања за срцевите компликации поврзани со вирусот сеуште еволуираат, а литературата и доказите секојдневно се збогатуваат со нови сознанија.

Во јуни 2020 во студијата на Puntmann и соработниците објавена во JAMA се покажа дека повеќе од 70% од пациенти со скорешна инфекција со КОВИД-19 имаат срцево засегање утврдено со магнетна резонанца на срце. Повеќе од половина од овие пациенти биле со лесна клиничка слика. Неколку смртни случаеви на спортисти кои се вратиле на тренинзи по инфекција со Ковид 19 потикнаа употреба на магнетна резонаца на срце како рутински преглед кај млади атлети во Америка пред враќање на терен. Последните докази укажуваат зафатеност на срцето утврено со магнетна резонанца на срце и кај пациенти со негативен тропонин, уреден ехокардиографски наод со нормална ежекциона фракција (Chen и соработници, European Heart Journal, 2021).
Во Journal of Thoracic Imaging на почетокот на март 2021 излезе системска анализа на литературата (PubMed, Embase, Google Scholar, WHO ) на наоди на магнетна резонанца на срце кај 199 пациенти со КОВИД-19 инфекција.
Вкупно 34 студии во кои само 21% од наодите на магнетна резонанца на срце биле нормални. Миокардитис имало во 40% од наодите и тоа било најчест наод. Абнормалности на миокардот со параметриско мапирање биле детектирани во 73% од наодите (високи нативни Т1 вредности) и активна инфламација преку присуство на едем била најдена во 63% од наодите (високи Т2 вредности). Присуство на заместителна фиброза или трајна лузна на срцето била детектирана во 43% од случаевите со техниката на доцно боење со гадолиниум (LGE). Дефекти во перфузија кај 85%, зголемен екстрацелуларен волумен кај 52%, перикарден излив кај 24%, перикардна инфламација кај 22%.
Она што е загрижувачки е фактот дека во повеќето случаеви со вакви промени систолната функција проценета со ехокардиографија била нормална (нормална ежекциона фракција).
Кај деца најчесто промените биле во облик на васкулитис со пристен едем во миокардот, но без некроза.
Магнетната резонанца на срце е вредна и безбедна алатка која може да се употреби во проценката на преваленца, механизам и проширеност на миокардна повреда кај пациенти со КОВИД-19. Миокардитисот е најчеста дијагноза. Со оглед на тоа дека кардиоваскуларната инволвираност кај овие пациенти е асоцирана со полоша прогноза, раната детекција на овие промени е од апсолутна важност.

1. Galea N, Catapano F, Marchitelli L, et al. How to perform a cardio-thoracic magnetic resonance imaging in COVID-19: comprehensive assessment of heart, pulmonary arteries, and lung parenchyma . Eur Hear J – Cardiovasc Imaging. 2020:1-4. doi:10.1093/ehjci/jeaa335
2. Chen B, Shi N, Wu C, et al. Early cardiac involvement in patients with acute COVID-19 infection identified by multiparamet- ric cardiovascular magnetic resonance imaging. 2021:1-8. doi:10.1093/ehjci/jeab042
3. Ojha V, Verma M, Pandey NN, et al. Cardiac Magnetic Resonance Imaging in Coronavirus Disease 2019 (COVID-19): A Systematic Review of Cardiac Magnetic Resonance Imaging Findings in 199 Patients. J Thorac Imaging. 2020;36(2):73-83. doi:10.1097/RTI.0000000000000574
4. Puntmann VO, Carerj ML, Wieters I, et al. Outcomes of Cardiovascular Magnetic Resonance Imaging in Patients Recently Recovered from Coronavirus Disease 2019 (COVID-19). JAMA Cardiol. 2020;5(11):1265-1273. doi:10.1001/jamacardio.2020.3557
5. Kotecha T, Knight DS, Razvi Y, et al. OUP accepted manuscript. Eur Heart J. 2021:1-13. doi:10.1093/eurheartj/ehab075
6. Bansal M. Since January 2020 Elsevier has created a COVID-19 resource centre with free information in English and Mandarin on the novel coronavirus COVID- 19 . The COVID-19 resource centre is hosted on Elsevier Connect , the company ’ s public news and information website . Elsevier hereby grants permission to make all its COVID-19-related research that is available on the COVID-19 resource centre – including this research content – immediately available in PubMed Central and other publicly funded repositories , such as the WHO COVID database with rights for unrestricted research re-use and analyses in any form or by any means with acknowledgement of the original source . These permissions are granted for free by Elsevier for as long as the COVID-19 resource centre remains active . Diabetes & Metabolic Syndrome : Clinical Research & Reviews Cardiovascular disease and COVID-19. 2020;(January).
7. European Society of cardiology. ESC Guidance for the Diagnosis and Management of CV Disease during the COVID-19 Pandemic. Eur Heart J. 2020:1-115.
8. Kelle S, Bucciarelli-Ducci C, Judd RM, et al. Society for Cardiovascular Magnetic Resonance (SCMR) recommended CMR protocols for scanning patients with active or convalescent phase COVID-19 infection. J Cardiovasc Magn Reson. 2020;22(1):20-23. doi:10.1186/s12968-020-00656-6

За сите оние кои примиле вакцина: Нов IgG SARS – CoV-2 тест кој се препорачува да се направи најмалку 15 дена после примена втора доза од вакцината

Нашата лабораторија будно ги следи најновите истражувања поврзани со коронавирусот и ги применува сите видови тестови за SARS-Cov-2 вирусот. Најновиот тип серолошки квантитативен тест кој веќе се изработува е IgG SARS – CoV-2 кој покажува каков е имунолошкиот одговор на организмот на примената вакцина. Со овој тест се детектираат IgG антителата, вклучително и неутрализирачките антитела, на рецептор-врзувачкиот дел (RBD) S1 суб-единицата на “spike” протеинот на SARS-CoV-2.

Тој може да помогне при:

– Одредување и следење на имунолошкиот одговор на вакцините, вклучувајќи и истражување за да се утврди колку долго трае одговорот ;
– Во проценка дали нивото на антителата е резултат на природен одговор на вирусот или одговор на примената вакцина ;
– Во проценка на нивоата на антитела за да се утврди потенцијалот за донирање на конвалесцентна плазма.

Тука да напоменеме дека доколку се следи ефектот од вакцинацијата, многу е важно тестот да се изведува во иста лaбораторија, со иста метода. Ова се препорачува затоа што различни лаборатории имаат различни тестови и вредности.

Секако достапни се и веќе познатите типови на тестови:
IgG SARS-CoV-2 тестот од крвта, кој детектира антитела на нуклеокапсидниот протеин на вирусот.
IgM SARS-CoV-2 тестови, кои овозможуваат откривање неодамнешна инфекција и понатамошна прогресија на болеста.

Срцевите залистоци, вратите на нашето срце


Човековото срце има четири залистоци што функционираат како врати низ кои поминува крвта. Залистоците се отвораат со што овозможуваат крвта да тече внатре или надвор од срцето. Од друга страна пак се затвораат за да оневозможат, да ја спречат, крвта да тече онаму каде што не треба. Срцевите залистоци ја држат крвта да тече во една насока низ срцето.

Видови на залистоци

Се разликуваат два вида залистоци преткоморно коморни залистоци и полумесечести залистоци.

Прекоморно-коморните залистоци кои се наоѓаат во предкоморите, го контролираат протокот на крв помеѓу горните и долните комори на срцето. Залистокот помеѓу десната предкомора и десната комора е пропусен залисток. Залистокот помеѓу левата предкомора и левата комора се нарекува митрален залисток.

Полумесечестите залистоци се наоѓаат на горниот дел од коморите. Полумесечестите залистоци го контролираат протокот на крв надвор од срцето. Крвта тече од левата комора кон белите дробови преку белодробниот залисток. Крвта тече од левата комороа кон телото преку аортниот залисток.
Како функцинираат?
Залистоците се отвораат и затвораат двапати истовремено. Со други зборови, предкоморно-коморните залистоци се отвораат и затвораат во исто време. И полумесечестите залистоци се отвораат и затвораат во исто време. Затоа слушате само два удари на едно срцево чукање, а не четири.

 

Оштетување и нефункционалност

Залистоците исто така може да заболат а со тоа да се оштетат и да изгубат дел од својата функциналност. Може да се случи залистокот да стане некомпетентен (инсуфициентен) или регургитантен. Тоа е состојба кога кога ливчињата на залистоците се свиени од на нив создадените лузни од воспалителен процес, кога ја изгубиле поддршката од тендинозните хорди (на пр. при нивна руптура), или, при проширување на валвуларниот прстен.
Исто така може да се случи залистокот да стане стенотичен поради лузни од воспалителен процес или вроден анатомски дефект.

Кога крвта минува низ оштетените залистоци настануваат срцеви шумови.
Карактерот, локализацијата, интензитетот и правецот на ширење на тие шумови ја одразуваат локализацијата и степенот на оштетување на срцевиот залисток. Срцевите шумови обично се движат во правец на протокот на крв од соодветниот залисток. Така, на пример, шумот на митрална регургитација се шири кон аксилата, додека шумот на аортна стеноза се шири кон вратот.

Хируршки зафат: Дали и кога?

Кај сите пациенти со болест на срцевите залистоци не е потребен хируршки зафат , но важно е да се напомене дека, кај тие што е потребен, доколку се пропушти времето за хируршка корекција може да дојде до појава на срцева слабост при која изведувањето на хируршки зафат носи голем ризик од летален крај на болниот.
Доколку чувствувате стегање и болка во градите, често пати поврзано со ангина пекторис или пак имате остра болка како боцкање во градите веднаш јавете се на лекар. Исто така медицинска помош треба да побарате и доколку забележите шумење, биење во градите или забрзано чукање на срцето. Отежанто дишење, задржување на течностите во нозете, зглобовите, стомакот, белите дробови или срцето, вртоглавица, премаленост и несвестици се исто така симптоми кои говорат за тоа веднаш да побарате медицинска помош.

 

Одбележуваме: Недела на борба против ракот

Од 01 до 08 март 2021 година се одбележува Неделата на борба против ракот. И оваа година како и изминатите пет години одбележувањето е под мотото ,,Јас можам и jас ќе успеам,,. Ова мото е креирано за да го поттикне позитивното гледање на оваа болест, спротиставувајќи се на негативниот став и фаталистичкото верување дека ракот е еднаков на смрт. На овој начин се подига свесноста за тоа како нашите лични постапки можат да бидат моќни и да влијаат на борбата и самиот исход од истата.

Докторите со години наназад апелираат дека клучна улога во борбата против ракот претставуваат редовните превентивни прегледи за неговото рано откривање. Податоците велат дека секоја година во светот заболуваат над 12 милиони луѓе од некој вид на рак, а дури 7.6 милиони умираат како последица на оваа болест.

Кај нас бројките на годишно ниво изнесуваат околу 6000 нови случаи на заболени од рак, бројки кои се застрашувачки и алармантни. Речиси четвртина од смртните случаеви на населението отпаѓа на ова заболување. Поточно кажано, малигните заболувања учествуваат со 20–25 % во вкупната статистика на смртност како причинители и се наоѓаат на второ место веднаш зад кардиоваскуларните болести.

Сепак, експертите од Меѓународната унија за рак и Светската Здравствена Организација нагласуваат дека околу 40% од карциномите можат потенцијално да се спречат и ризикот од развој на ракот може значително да се намали со примена на едноставни превентивни мерки и промена на животни навики.

Откажување од пушење и избегнување на пасивно пушење како и ограничена консумација на алкохол се првите промени кои мора секој да ги направи. Секако практикување на секојдневна физичка активност, јадење здрава храна и одржување нормална телесна тежина се исто така меѓу најважните сегменти кои мора се вграат како редовни активности. Во таа насока се советува и избегнување на прекумерна изложеност на сонце како и заштита од инфекции кои предизвикуваат рак.

Јасно е дека раната дијагноза спасува животи, ги намалува трошоците за идно лекување. Зајакнувањето на раната дијагностика ја зголемува шансата на преживување на милион луѓе кои живеат со оваа болест.

 

 

 

Успешно со низа активности одбележана Неделата за борба против срцево садови заболувања

Во насока на промовирање на здравјето како приоритет Клиничка болница Жан Митрев и Црвен Крст на Град Скопје од 21-28 февруари, со низа активности ја одбележаа Неделата за борба против срцево-садови заболувања. Целта на заедничката активност беше во насока на подигнување на свеста за ризиците кои ги носат срцево садовите заболувања но и превенција која се стекнува преку здрави животни навики.

На почетокот на неделата на улица Македонија, во центарот на Скопје, организирно беше мерење на сатурација на кислород во крвта на граѓаните која наиде на одличен прием и заинтересираност.

Исто така во нашата клиника беа изведени бесплатни прегледи за пациенти кои имаа прележано ковид инфекција, а се од ранливите групи во општеството.

Претставник од Црвен крст на град Скопје заедно со психолог и медицинска сестра од нашата клиника, посетија и три семејства во кои нивен член има направено интервенција во нашата клиника со цел постоперативна поддршка како на пациентот така и на неговото семејството.

20 младинци, волонтери во Црвениот Крст, имаа можност од страна на нашите тимови составени од психолози, физиотерапевти, нутриционист и генетичар да добијат корисни совети, кои во иднина ќе им помогнат и во дејствувањето како волонтери и во насока на заштита на сопственото здравје и живот.

Настанот се одржа во простории на болницата се разбира со почитување на сите протоколи за зашита од ковид-инфекција

Во текот на викендов пак, или поточно во саботата, во скопската Зоолошка градина организирано беше и заедничко дружење на волонтерите од Црвен Крст со малите херои, дечиња со вродени срцеви аномалии кои во нашата клиника изминатиов период имаа успешна интервенција и сега се чувствуваат одлично.