Два нови производи од брендот за едицинска козметика Институт во Ист Гејт Мол

Вчера во Ист Гејт Мол и официјално отпочна продажбата на два нови производи од брендот за медицинска козметика Институт

Нашиот бренд за медицинска козметика Институт, како еден од 9 стартап херои подржани од Фондот за иновации беше дел од промоцијата која се одржа во Тинекс маркетот во склоп на Ист Гејт Мол. Во присуство на директорот на Фондот за иновации, заменкот Амбасадор на Швајцарија, претставници на останатите компании стартап херои и новинарите, отпочна официјално промоцијата и продажбата на сите производи од овој проект. За нив е резервирана посебна полица со цел поттикнување на домашните производи.
Имено, двата најнови производи крем за раце и крем за лице од вчера се достапни во поголемите Тинекс маркети. Станува збор за висококвалитени производи без бои, конзерванси и мириси погодни за сите возрасти. Кремот за раце содржи ксилитол и глицерол чија функција е да ја одржува влажноста и мекоста на кожата. Додека пак, кремот за лице со бадемово масло и овес е наменет за сува и осетлива кожа. Тој ја смирува кожата и ја хидрира одржувајќи ја нејзината бариерна функција.
Ви пренесуваме дел од атмосферата и им посакуваме среќен и успешен почеток.

ТАВИ процедура – Замена на аортната валвула без операција

Кај пациентите со тешка болест на аортната валвула, аортна стеноза (стеснување), единствено решение е замена на аортната валвула. Замената може да се изврши со помош на кардиохируршка операција или ТАВИ процедура.
Класичната операција како решение за замена на аортната валвула вклучува бројни ризици, како и поспоро опоравување. Додека пак, ТАВИ методата исклучува операција т.е отворање на градниот кош на пациентот.

Што претставува ТАВИ процедурата и за кого е наменета?

ТАВИ или Транскатетерна аортна валвуларна имплантација, претставува процедура за третман на тешка аортна стеноза без операција. Тоа значи помалку инвазивен пристап, вградување на вештачката валвула без рез на градната коска, со помош на софистициран систем за катетеризација преку артериите на препоните.
Иако ТАВИ сеуште се смета за релативно нова процедура, таа е во широка употреба и е одобрена во САД и во Европската унија за третман на одредени високоризични пациенти со тешка аортна стеноза.

Кои се предностите?

Најновите медицински сознанија укажуваат дека високоризичните пациенти со тешка аортна стеноза е најдобро да се третираат со ТАВИ процедура која е побезбедна како интервенција споредена со класичната операција на аортна валвуларна болест. ТАВИ процедурата е третман на избор кај овие пациенти поради неколку причини:

  • помалата траума при оваа интервенција,
  • поголемиот комфор на пациентот,
  • помалку пери и постпроцедурални компликации и исход, за разлика од оперативно
  • третираните високоризични пациенти со тешка аортна стеноза.

Како се врши зафатот?

Откако била направена правилната ехографска проценка и ангиографски преглед на срцето и аортата заедно со периферните крвни садови, како и селективна коронарографија, се пристапува кон отпочнување со ТАВИ процедурата односно поставување на транскатетер аортна валвула преку мал засек во зоната на препоните.
Поставувањето на аортна валвула преку катетер (TAVI) се изведува во ангиографска сала. Пациентот е во услови на општа анестезија. Се поставува привремен пејсмејкер во вратната вена со кој што се контролира брзината на пулсот за време на самото аплицирање на аортната биолошка валвула. Пртеку артеријата на препоните (лево или десно) која хируршки се отвара, се пласираат пластични цевчиња преку кои се воведува биолошката аортна валвула до срцето и се поставува на местото на старата валвула. По поставување на биолошката валвула, таа веднаш влегува во функција. Пласирањето се изведува при континуиран рентгенски надзор и чести аортографии (пред, за време и после имплантацијата) и вклучен пејсмејкер на 180/мин. По пласирањето на новата валвула, следува хируршко затварање на препонската артерија и трансфер на пациентот на интензивна нега.
После интервенцијата, вообичаено пациентите остануваат на опсервација во болница само 24 часа, до следниот ден, а потоа си заминуваат дома со препишана терапија. Секако кај одредени процедури со појава на евентуални компликации, можеби ќе биде потребен и хируршки третман на пациентот.

Колкава е успешноста и кои се ризиците од оваа процедура?

Со добра претходна проценка и високо едуциран искусен тим, шансите за успешност на интервенцијата се високи и изнесуваат околу 98%.
Кај дел од пациентите, сепак е можно да се случат компликации. Тие може да се од типот на изместување на протезатата, или пак компликации од други органи и системи како бубрези, бели дробови, мозок, или евентуално повреда на аорта. При ваквите ретки случаеви, дополнително се разгледува евентуален понатамошен третман, било интервентен, хируршки или медикаментозен.
Но, генерално, процентот на лоши исходи или смрт е премногу мал, речиси занемарлив.

Во клиничката болница Жан Митрев ангио тимот на искусни доктори во состав: д-р Вилма Ампова-Соколов, д-р Иван Милев, д-р Шпенд Идризи, д-р Никола Христов, заедно со медицинските сестри Соња Русевска, Весна Милев и Сузана Костовска континуирано успешно изведуваат ТАВИ процедури.

Д-р сци. Ирена Андонова – Рано откривање на карцином на генитални органи

Цервикалниот карцином на грлото на матката е едно од најчестите заболувања кај жените во светот. Кои се најчестите причини за појава на овој вид на заболување?

Главна етиолошка причина за појава на карцином на грлото на матката е инфекција со високо –ризичен тип на Хуман папилома вирус. Тоа е вирус кој се пренесува со сексуален контакт, контакт кожа со кожа и од кој денеска се типизирани повеќе од 100 типови.

Одреден дел од нив се ставени во групата на високо ризични – кои најчесто се изолираат од цервиксот на жените кај кои е дијагностициран карцином на грлото на матката. Но, тоа незначи дека доколку вие имате високо ризичен тип ХПВ вирус сигурно ќе развиете карцином на грлото на матката. Имуниот одговор на жената заедно со други фактори се тие кои го спречуваат развојот на карциномот и го победуваат вирусот.

Овој вид на карцином, често пати е асимптоматичен, што дополнително ги намалува шансите за негово рано откривање. Колку и какви редовни, гинеколошки прегледи се потребни за да се намали ризикот од карцином на матка?

Од сите карциноми кои се јавуваат на гениталните органи, само за овој карцином постои превентивен скрининг преглед. Грлото на матката е достапно за визуелизација при гинеколошки преглед со спекулум како и за земање на материјал за ПАП тест (брис со кој се анализираат промените на клетките). Во последно време ПАП тестот се комбинира со земање на брис за ХПВ типизација (за да се утврди присуството и типот на ХПВ вирусот).

Денес голем број од развиените земји во светот се на работ да го искоренат постоењето на овој карцином, што е всушност и една од целите на Светската здравствена организација за следниот десет-годишен период.
Ова е карцином кој што можеме да го превенираме и реално е возможно ниту една жена во светот повеќе да не го загуби животот од карцином на грлото на матката. Но за тоа да стане реалност, потребно е сите жени да правиме редовен годишен гинеколошки преглед, ПАП тест еднаш годишно и ХПВ типизација на две до три години.

Денес кога имаме превентивни методи на секое ниво почнувајќи од примарната зараза со ХПВ вирусот, преку преканцерозите на грлото на матката и раните стадиуми на карциномот на цервикс, можеме со сигурност да кажеме дека овој карцином во 100% на случаи е излечлив, само доклку се дијагностицира во раниот стадиум, за што е потребно едноставно еднаш годишно секоја жена да го посети својот гинеколог.

Каква е свеста кај нас за редовни гинеколошки прегледи и на кои начини може да се влијае на нејзино подигнување?

Многу подобра во последните години. Особено кај помладите генерации и во градските средини. Кампањите, советите од медицинските лица било преку традиционалните или дигиталните медиуми, достапноста и опсегот на информации на интернет, напрвија да жените почесто да се обраќаат на гинеколог. При тоа тие се порелаксирани во тек на гинеколошкиот преглед, знаат отворено да зборуваат и да бараат решение за своите проблеми. Но, за жал постојат и жени до чија свест информацијата за редовен годишен гинеколошки преглед не допира. Едноставно немаат навика да одат на превентивни гинеколошки прегледи кои секлучни за да превенираме многу болести или рано да ги откриеме.
Сметам дека и овој напис, ова интервју ќе помогне да ги натераме жените редовно да земаат ПАП тест. Ако успеме вие како медиум и јас како доктор заедно да убедиме барем една жена да отиде на гинеколог со овој разговор, тогаш нашата задача е успешна.

Некои статистички податоци покажуваат дека денес 43.9 милиони луѓе се живи и пет години по нивната дијагноза што покажува дека колективната свест се менува. Кои ризик фактори во моментов се најчеста причина за карцином?

Абсолутно дека се менува свеста на луѓето, денес сите сме поборници на здрав живот. Насекаде околу нас има написи, емисии со совети за здрав живот. На социјалните медиуми инфлуенсерите препорачуваат вежбање, здрава храна и редовни медицински контроли. Сите ние благодарение на многу светски кампањи за здрав живот сме многу повеќе здравствено едуцирани. И како заклучок јас само би ги повторила здравствените навики кои го намалуваат ризикот за појава на карциноми.

  • Живејте физички активен живот, спортувајте!
  • Имајте здрава балансирана исхрана!
  • Доволно сон, активен менаџмент на стресот!
  • Престанете да пушите! Ограничено конзумирајте алкохол!
  • Вакцинирајте се !
  • Користете креми со заштитен фактор при излегување надвор!
  • Читајте, решавајте енигматика и квизови за здравје на мозокот!

И последно, но не и најмалку важно: Следете ги медицинските упатства/препораки за годишни прегледи и скрининг методи во соогласност со возраста!
Ние во центарот за женско здравје при жан Митрев Клиниката во месец март со цел подигање на свеста за превенција од канцер нудиме пакет за сите оние кои ќе направат ПАП тест гинеколошкиот преглед е на половина цена или 3500 денари.

Инконтиненција или неволно испуштање на урина

Неволното истекување на урината од мочниот меур познато уште како инконтиненција е проблем со кој се соочуваат голем број жени. Иако како состојба не е болно, сепак претставува хигиенски односно социјален проблем за пациентот кому реално му е загрозен начинот на живеење и функционирање – вели проф. д-р Васил Илиев, специјалист по гинекологија и акушерство во Клиничката болница Жан Митрев.

Во тој контекст најчести се два типа на инконтиненција на урина и тоа: стрес инконтиненција и ургентна инконтиненција.

Стрес инконтиненција

Стрес инконтиненција на урината (СИУ) е неволна загуба на урината која настанува при кивање, кашлање, смеење. Стрес инконтиненцијата може да биде предизвикана од пореметување на анатомијата или од дисфункционалност на сфинктерот (мускулот затварач на мочниот меур).

Анатомска дислокација/пореметување доаѓа како резултат на ослабување на анатомските структури кои одржуваат нормална позиција на мочниот меур и мочниот канал.

Како се дијагностицира?

Со помош на соодветни, наменски испитувања кои имаат за цел да ја утврдат причината, типот и сериозноста на инконтиненцијата. Постојат три нивоа на изразеност на уринарнати инконтиненција кои се одредуваат согласно степенот на цврстина, односно слабост на предниот вагинален ѕид, спуштеноста на мочниот меур, како и други можни анатомски нарушувања.

Самиот преглед кој служи за откривање на овие параметри е преглед на карлицата и тој се состои од проценка на состојбата на мускулите на карличното дно и интегритетот на потпорниот апарат на мочниот меур и мочниот канал како и постоење на пролапс на мочниот меур (цистоцела), матката, вагината.

Каква е терапијата

Се изведува така наречен Маршалов тест (стрес проба) за докажување на инконтиненцијата. Доколку е потребно се прават и дополнителни иследувања: уретоцистоскопија, цистографија, уродинамски иследувања, електромиографија итн.

Социјално-медицинските, хигиенските и психолошките последици од инконтиненцијата може да бидат многу сериозни. Тешките форми на инконтиненција условуваат изолација на пациентот од социјалната средина. Но, најважно е дека постојат неколку видови на можни решенија.

  • Конзервативна терапија: се заснова на зајакнување на мускулите на карличното дно, и е препорачлива кај најлесниот степен на инконтиненција на урина. Како дел од оваа терапија спаѓаат: Кегеловите вежби, магнетна и електрична стимулација на мускулите на карличното дно и некои други опции.
  • Хируршка терапија: Минимално инвазивните така наречени sling операции, при кои се поставуваат ленти од специјален хируршки материјал кои служат за затворање на уретралниот сфинктер. Овој тип на операција се изведуваат со минимален (8 до 9mm) вагинален рез и даваат извонредни резултати. Овие оперативни зафати се сметаат за златен стандард во третманите за стрес инконтиненцијата на урина. Хоспитализацијата е куса и трае само еден ден.

Ургентна инконтиненција

Преставува тип на неволно испуштање на урината при што жената одеднаш чуствува потреба за мокрење и не може да го одложи уринирањето, при што се случува истекување на урина односно народски кажано се подмочува. Ненадејната потреба се јавува како резултат на силен спазам на мочниот меур кој настанува како реакција на различни стимуланси, како течење на вода од чешма, миње раце, но и без стимуланс.

Главен причинител на овој тип инконтиненција се рецидивни инфекции на долниот уринарен тракт, повреди на мускулите или на нервите на мочниот меур, дијабетес, тумори на вратот на мочниот меур, камен во мочниот меур и друго.

Каква е терапијата?

Лекувањето е комбинирано. Се користат медикаменти и електро или магнетна стимулација за спречување на неволни и неинхибирани контракции на мускулите на мочниот меур и за зголемување на неговиот капацитет.

Поради фактот што оваа ситуација е нелагодна и често пати знае да предизвика непријатност и срам, дел од жените ја прифаќаат како таква и не ја пријавуваат кај својот гинеколог. Ние советуваме без предрасуди и срам да консултираат гинеколог кој ќе го препорача вистинското решение за да се постигнат посакуваните ефекти, односно долгорочно решавање на оваа состојба.

Доколку имате уринарна инконтиненција, многу е важно да се јавите кај вашиот лекар и да побарате соответен третман. Во Клиничката болница Жан Митрев го имаме најдобриот тим на гинеколози со долгогодишно искуство во третманот на проблемите со урогениталниот тракт како и сите гинеколошки состојби кои преку индивидуален пристап ќе ви го понудат најдоброто медикаментозно или хируршко решение.

Кои се најчестите респираторни заболувања?

Респираторните заболувања се една од водечките причини за смрт ширум светот. Некои влијаат на горниот респираторен тракт: грлото, носот, бронхиите и душникот, други на долниот дел од респираторниот систем – белите дробови. Некои се вирусни, други бактериски. Некои, како ХОББ, астма или пневмонија се многу опасни. Другите се помалку сериозни, но почесто присутни.

Настинка

Речиси сите луѓе страдаат од неа, главно во зима и во сезоната на дождови. Станува збор за вирусна инфекција која ги зафаќа носот и грлото. Се карактеризира со појава на кивање, течење на носот, кашлица и назална конгестија т.е затнат нос. Понекогаш може да предизвика дури и треска и главоболка.
Обично настинката е безопасна вирусна инфекција, но ако не се лекува може да предизвика отитис, астма, синузитис или инфекции како што се фарингитис, ларингитис, пневмонија или бронхиолитис кој се јавува само кај малите деца.

Фарингитис

Може да биде предизвикан од настинка или грип, но може да има и бактериско потекло. Во тој случај, предизвикува треска. Ова воспаление на фаринксот се карактеризира со бели наслаги, отекување на лимфните јазли на вратот и болки во грлото.

Тонзилитис

Тоа е всушност воспаление на крајниците, а најчесто го знаеме како ангина. Овој тип на болно грло во 8 од 10 случаи има вирусно потекло. Само 20% од случаите се резултат на бактерии.
Риносинузитис
Се карактеризира со болка во пределот на челото, очите и носот, потоа општа малаксаност, треска, течење на носот.. Ова се знаците што ги предизвикува инфекцијата на слузницата која што го покрива носот и параназалните синуси. Кога телесната температура се искачува над 39 °C тоа е индикација дека инфекцијата би можела да биде предизвикана од бактерии, во тој случај ќе биде неопходен антибиотик.

Ринитис

Воспалението на носната слузница може да има алергиско, вирусно или бактериско потекло. Се карактеризира со тоа што предизвикува чешање на носот, кивање, конгестија-затнатост или пак течење на носот.

Бронхитис

Во овој случај зборуваме за болест на респираторниот тракт која може да стане заразна, па затоа мора да се преземат соодветни мерки на претпазливост. Воспалението на бронхијалните цевки доведува до отежнато дишење, болка во градите и непрестајно кашлање. Некои луѓе добиваат и треска.
Чадот од тутун, загадувањето на животната средина и емисијата на индустриски гасови се дел од факторите кои го предизвикуваат.

Астма

Тоа е хронична болест предизвикана од воспаление на бронхиите. Според податоците на СЗО, 334 милиони луѓе во светот страдаат од него. Погодува 10% од децата во развиените земји. Луѓето со астма не само што имаат отежнато дишење, туку доживуваат и замор, несоница, а понекогаш и неможност да ги извршуваат секојдневните обврски.
Потеклото на астмата се наоѓа во различни фактори кои вклучуваат чад, грини, полен или студен воздух.

Пневмонија

Можеби не е толку распространета како горенаведените респираторни заболувања, но е многу сериозна. Всушност, СЗО ја става како една од главните причини за смрт кај децата под 5-годишна возраст. Симптомите на оваа инфекција се: болка во градите, забрзано дишење, треска, кашлица и губење на апетит.

Главната причина за оваа респираторна болест е бактеријата наречена Streptococcus pneumoniae.
Хронична опструктивна белодробна болест
Околу 65 милиони луѓе ширум светот страдаат од ХОББ и 3 милиони годишно умираат од тоа, според податоците на СЗО. Ова го става на третата позиција на главните причини за смртност на глобално ниво.

Хронична опструктивна белодробна болест предизвикува воспаление на белите дробови и уништување на пулмоналните алвеоли. Луѓето кои страдаат од него имаат кашлица и тешко отежнато дишење. Една од главните причини е тутунот.

Рак на белите дробови

Тој е еден од петте видови на рак кои предизвикуваат најголем број смртни случаи во светот (умираат 1,6 милиони луѓе секоја година). Главниот фактор е тутунот, но може да биде предизвикан и од хемикалии и загадување на животната средина.

Ноќна апнеја

Помеѓу 1% и 6% од возрасната популација страда од престанок на дишење додека спие. Тоа предизвикува засегнатите луѓе да не можат добро да се одморат и во текот на денот да бидат поспани. Некои од факторите поврзани со оваа респираторна болест се дебелината, големите крајници или јазикот да ги блокира дишните патишта.

Професионални респираторни заболувања

Покрај споменатите респираторни заболувања, мора да ги споменеме и оние кои се предизвикани од работната средина. Силикоза (изложеност на минерална прашина), белодробна фиброза (предизвикана од изложеност на азбест) или хиперсензитивен пневмонитис (изложеност на органски антигени) се меѓу најчестите заболувања.

Одделот за пулмологија во Клиничката болница Жан Митрев нуди врвна дијагностика, соодветен и професионален медикаментозин или оперативен третман за сите пациенти со пулмолошки заболувања преку персонализиран пристап за секоја од горенаведените состојби.

Мозочен удар – Зошто настанува и дали може да се спречи?

Мозочниот удар се случува кога крвниот сад кој носи крв и кислород до мозокот ќе се блокира со згрутчување или истиот ќе прсне. Кога тоа ќе се случи, мозочните клетки (невроните) не се снабдуваат со крв и не го добиваат кислородот потребен за да преживеат, што резултира со престанок на нивната функција и нивна смрт за само неколку минути. Ефектите од мозочниот удар можат да бидат трајни, а нивниот обем и последици за останатиот дел од телото зависат од тоа колку клетки се изгубени и во кој дел од мозокот. Мозочните удари можат да предизвикаат парализа, да влијаат на говорот и видот и да предизвикаат други проблеми. Мозочниот удар е многу честа причина за смрт и сериозни долгорочни парализи.

Што е ТИА?

ТИА, или транзиторен исхемичен атак, е „предупредувачки“ мозочен удар кој се јавува кога згрутчување на крвта ја блокира артеријата во кратко времетраење. Симптомите на ТИА се исти како оние на мозочен удар, но тие обично траат само неколку минути. На околу 12% од сериозните мозочни удари им претходат минливи исхемични напади, затоа никогаш не ги игнорирајте симптомите на ТИА. Побарајте веднаш итна медицинска помош!

Кои се предупредувачките знаци за мозочен удар?

Секој треба да реагира веднаш доколку ги препознаете предупредувачките знаци на мозочен удар.

F.A.S.T. тоа е лесен начин да запомните како да препознаете мозочен удар и да знаете што да правите.

Брзо препознавање на мозочен удар:
Face – слабост или искривување на една страна на лицето
Arm – слабост или одземеност на десна или лева рака
Speech – проблеми со говорот
Time – време за брза медицинска помош

Може да се појават дел или сите горенаведени знаци. Запишете го времето кога започнале вашите први симптоми и веднаш барајте медицинска помош. Мозочниот удар е медицински итен случај! Не ги игнорирајте овие предупредувачки знаци, дури и ако исчезнат.

Може ли да се спречат мозочните удари?

Да, мозочниот удар во голема мера може да се спречи. Ризикот од мозочен удар може да се намали со водење на здрав начин на живот: контролирајте го високиот крвен притисок, не консумирајте тутун и алкохол (или само умерено), консумирајте здрава храна или храна богата со незаситени и транс масти, бидете физички активни, одржувајте нормална телесна тежина, држете го под контрола Вашиот дијабетес.
Каротидна ендартеректомија е операција, хируршка техника, со која се отстрануваат плаките (масните наслаги) кои ги стеснуваат каротидни артерии и можат да превенираат настанување на мозочен удар.

Дали има третман за мозочен удар?

Ако имате мозочен удар, времето е од суштинско значење. Навремениот третман може дури да спречи смрт и да ги минимизира долгорочните последици од мозочниот удар. Третманот ќе се разликува во зависност од типот на мозочен удар што сте го имале. Постои лек за растворање на згрутчување наречен алтеплаза (IV r-tPA) кој се користи за лекување на исхемичен мозочен удар. Тоа може да го намали ризикот од инвалидитет од мозочен удар со разредување на згрутчувањето што може да го блокира протокот на крв во мозокот. За да може да примате алтеплаза, мора да ви биде дијагностициран исхемичен мозочен удар од страна на лекар специјалист и да се земе оваа терапија во рок од 3 до 4,5 часа по почетокот на симптомите на мозочен удар. Вашите шанси за подобар резултат зависат од брзината на лекувањето.

Другата опција за третман на мозочен удар е хируршки третман (тромбектомија).
Во случај на акутен мозочен удар, тромбектомијата треба да се изврши што е можно поскоро во рок од 24 часа од првите симптоми.
Пациентите кај кои е потребна алтеплаза треба да ја примат пред да се подложат на тромбектомија.

Мултидисциплинарниот тим во Клиничката болница Жан Митрев со долгогодишно искуство во третманот на пациенти со мозочен удар нуди индивидуален пристап преку превентивен, медикаментозен и хируршки третман.

Интервју со д-р Лидија Вељановска Кириџиевска – Навремена детекција на карциномот на дојка може да значи живот

Карциномот на дојка се вбројува во 10-те најголеми закани за глобалното здравје на човештвото и секоја година бројката на починати од оваа болест растат. Колку подигнување на колективната свест може да влијае на овие статистики?

Подигнувањето на колективната свест и пропагирање на скрининг и редовни прегледи има голема важност во раната детекција на ова заболување.
Студиите покажуваат дека рутинскиот скрининг за рак на дојка може да ја намали смртноста за една третина, а според најновите испитувања овој процент се зголемува и до 40-50%.
Раното откривање на рак на дојка може да спаси животи и да помогне да се избегнат високоинвазивни третмани.
Ние како лекари континуирано потсетуваме за потребата од редовни прегледи, а тука се секако и сите граѓански здруженија кои со своите активности во текот на целата година ја третираат оваа тема. Посебен акцент и засилени активности секако се случуваат особено во месеците кои се посветени за тоа.

Не смееме да престанеме со потсетувањата за редовни превентивни прегледи, како и да даваме континуирана подршка на сите оние жени кои војуваат или ја извојувале битката со оваа болест и да ги охрабриме да ја споделат својата животна приказна со своие блиски семејство и пријатели со што исти ќе придонесат за подигнување на свеста за оваа болест.

Вие сте специјалист по радиодијагностика која како научна дисциплина игра огромна улога во борбата против ракот. Како современите дијагностички апарати и навремените прегледи, можат да придонесат во навремено откривање на карциномот?

За да се реализира квалитетен преглед кој потоа ќе значи точна дијагноза, неопходни се неколку сегменти:

  • Континуирано едуциран и искусен медицински персонал, радиолошки технолози кои спорведуваат правилно снимање согласно светски стандари, преораки и протоколи и лекари кои ќе го интерпретираат прегледот соодветно.
  • Современа медицинска опрема која е со редовно и навремено спроведена контрола на квалитет.

Клиничката болница Жан Митрев и нашиот Центар за женско здравје се издвојува токму по тоа што секогаш била во чекор со најновите технологии и набавувала најсовремена медицинска опрема.

Зошто е сето ова важно? Затоа што и од квалитетот на опремата зависи детекцијата. Јасниот приказ на промените особено на оние кои се суптилни и сеуште не толку видливи е од клучно значење.
Следствено, едуциран и искусен персонал со квалитетна современа опрема која овозможува детекција на промени во рана фаза на болеста, е добитната комбинација за рано откривање на болеста и навремено правилно планирање на третманот понатаму.

И се разбира навремените/превентивни или скрининг прегледи кога жената редовно доаѓа на преглед според препораките од скрининг програмите.

Кои ризик фактори најмногу влијаат на појавата на рак? Дали докторите се раководат по нив кога прават скрининг план за определен пациент?

Скрининг програмите се адаптираат според ризик факторите за појавувањето на оваа болест и тоа:

  • возраст (се смета дека најчесто се јавува меѓу 50-70година),
  • позитивна семејна анамнеза (дали во семејството веќе има некоја жена која го имала ова заболување)
  • докажана БРАКА 1 и 2 генска мутација
  • почеток на менструален циклус во рана возраст
  • жени кои не раѓале или добиле дете на повозрасни години
  • долготрајно користење на хормони како естрогени и прогестерон
  • густина на ткиво во дојките

Најпрво треба да се одреди во која возрасна група е жената, потоа да се види кои и колку од ризик факторите се присутни и скако и густината на дојката. По овие параметри се водиме кои прегледи и колку често ќе ги препорачаме.
На пример: доколку имаме млада жена под 40 годишна возраст која дава податок дека во семејството веќе има вакво заболување и која направила анализа за генетска предиспозиција и истата се докажала, можеме да препорачаме еднаш годишно следење со ултразвук и магнетна резонанца.
Доколку е над 40-та година, ултразвук и мамографија еднаш годишно. Доколку станува збор за густи дојки мамографијата би била 3Д.
Со ваков индивидуален пристап и редовни препорачани прегледи можеме рано да детектираме рак на дојка.

Информираност за ризик факторите, пристап до информации, навремена дијагностика и лекување се само неколку од условите што ги зголемуваат шансите за преживување канцер. Кои услуги вие како установа ги нудите на пациентите што се соочуваат со оваа болест?

Сите потребни дијагностички методи за детекција на заболувања на дојките како ехо прегледи, биопсија под ехо, мамографија 2Д и 3Д и магнетна резонанца ги имаме на располагање во нашата клиника со што можеме да ги покриеме светските и европските препораки за скрининг програми и прегледи кај пациентки кои имаат симптоми. Колегите од генетската лабораторија прават испитувања за наследни генетски мутации одговорни за рак на дојка (БРАКА), а секако достапни се и неопходните биохемиски анализи. Исто така се прават и оперативни зафати за отстранување и реконструкција на дојки.

Кои се задолжителните, редовни годишни прегледи кои треба да ги направи секој за навремена превенција од карциниом?

Прегледите почнуваат со почетокот на репродуктивниот период со ехо преглед кој треба да се прави еднаш годишно до 40-та година.
По 40 година ехо прегледот се надополнува и со мамографија која би требала да се прави на секои една до две години во зависност од националната скрининг програма на земјата.
Ова се генерални правила за најголем дел од популацијата.
Секоја земја има своја скрининг програма, на пример во САД препораките се мамографија еднаш годишно за жени над 40 години која е во среден ризик. За жени кои се во групата со висок ризик може да почнат со магнетна резонанца на дојки која треба да се прави еднаш годишно и мамографија пред да наполнат 40 доколку има потреба.
Но, за жените кои не се во ризичните групи, со мамографски прегледи треба да се започне штом наполнат 40 и да се повторува редовно на секои две години.

Европските водичи советуваат двегодишен интервал за општата популација на жени од 50-70 години.
Сепак, мојот став е дека треба да се има индивидуален пристап согласно возраста и ризик факторите.
Успехот од лекувањето зависи од достапноста на современата опрема, едуциран искусен персонал со индивидуален дијагностички менаџмент и мултидисциплиниран пристап во понатамошен третман.

Во моментов би споменала само дека сите прегледите за дојка ехо, 2Д и 3Д мамографија се на акција и изнесуваат 1500, 2000 и 3000 денари соодветно. Акцијата ќе трае до 31.03.2022.

Ги охрабрувам сите да закажат преглед во центарот за женско здравје при Клиника Жан Митрев на 02/3091-484

Извор: Портрет

Пролапс на гениталните органи – дијагноза и третман

Пролапсот или спуштањето на гениталните органи претставува всушност нивно изместување од нормалната позиција и придвижување кон излезот на вагината. Оваа состојба не е животозагрозувачка, но може да предизвика огромна нелагодност и болки.

Причината за спуштањето на матката, вагината, мочниот меур се јавува кога мускулите и лигаментите на карлицата се опуштаат и ослабуваат. Поради нивната ослабеност, тие не даваат доволна поткрепа на матката и останатите органи, што резултира со нивно лизгање надолу кон излезот на вагината или пак излегување од вагината.

Пролапс на матката може да се случи кај жените во која било возраст. Но најчесто се јавува кај оние жени кои се во пери или пост-менопауза, кога и се случува намалено ниво на женските хормони. Факторите кои придонесуваат за оваа состојба се најпрво генетскиот фактор, но и фактот дека овие жени имале едно или повеќе природни породувања. Потоа како фактори кои влијаат се и оштетувањето на ткивото на матката во текот на бременоста и при породувањето, обезноста, хроничната кашлица и потешката физичка работа. Но пролапс може да настане и после одредени операции на малата карлица, меѓу кои е и хистеректомија, односно вадење на матката.

Симптоми

Жената чувствува непријатност во долниот дел, притисок и болки во грбот. Присутна е неможност за задржување на урина особено при кашлање, кивање, смеење (стрес инконтиненција на урината) или пак жената се соочува со неможност за уринирање и опстипација. Најчесто чуството го опишуваат како „топка“ што се појавува или излегува од вагината. При ваква состојба сексуалениот однос е болен и непријатен, а може да се појави и вагинално крвавење од раничка на спуштените органи.

Дијагноза

Дијагностицирањето на гениталниот пролапс е лесно и едноставно, без скапи и болни процедури. Дијагнозата се поставува со едноставен гинеколошки преглед. Многу често жените спуштањето на гениталните органи го прифаќаат како нормално и/или поради срам или неинформираност најчесто се јавуваат на преглед кога гениталниот пролапс е напреднат.

Третман

Третманот на пролапс на матката и/или околните органи опфаќа современа лепеза на реконструктивни, оперативни интервенции кои обезбедуваат не само нормална позиција на гениталните органи туку и нивна функционалност прилагодена на возраста на жената.

Проф. д-р Васил Илиев од Жан Митрев Клиник е специјалист гинеколог-акушер и субспецијалист урогинеколог со долгогодишно искуство во гинеколошката хирургија, а е особено посветен на развојот и апликацијата на најсовремените и најуспешни процедури во реконструктивната гинеколошка хирургија.