Аритмијата претставува состојба каде што доаѓа до пореметување на срцевиот ритам и може да предизвика сериозни нарушувања на срцевата активност или функцијата на други органи.
Според статистичките податоци, нарушувања на спроводливоста и срцевиот ритам во 10-15% од случаите е причина за смрт.
Постојат разни форми на пореметување на срцевиот ритам: тахикардија (над 90 ритам/минута) брадикардија под 60 удари/ минута) или аритмии со нерегуларен ритам.
Речиси секој човек, порано или подоцна, ќе почувствува некој облик на срцева аритмија, а најчесто слаба палпитација или “прескокнување“ на отчукувањата.
Доктор Петар Угуров – специјалист кардиолог, одговара на неколку прашања поврзани со пореметување на срцевиот ритам и најновите методи на лекување и третман на аритмијата во Жан Митрев Клиниката.
1.Што е причината за пореметување на срцевиот ритам и појавата на аритмија?
Д-р Угуров – Срцето е „центарот“ на нашиот организам и се што се случува во нас и околу нас се рефлектира во неговата работа.
Најчестата причина за пореметување на срцевиот ритам е поради стекнати срцеви заболувања: кардиоваскуларни заболувања – (ангина пекторис (градна болка) или миокарден инфаркт), болести на срцевиот мускул – кардиомиопатија, воспаление на мускулот на срцето-миокардитис, болести на срцевите залистоци и итн.
Исто така пореметување на срцевата работа може да се јави и како последица на болести на други органи: тироидната жлезда, надбубрежната жлезда, бубрезите, белите дробови, крвните заболувања, при труење со алкохол, наркотици, никотин, но и како манифестација на несакани ефекти на некои лекови.
Лошите животни навики како: интензивни емоции, силна физичка болка, прекумерен психички и физички стрес и исцрпеност, прегревање на телото, прејадување, конзумирање премногу кафе, алкохол и енергетски пијалоци, цигари итн. се исто така причина за појава на аритмија.
Овде би сакал да истакнам дека голем е бројот на пациенти кои после прележување на КОВИД-19, се жалат на палпитации на срцето и на некаков тип на пореметување на срцевиот ритам со зачестени прескокнувања и појава на аритмија.
Кои се симптомите на нарушување на срцевиот ритам?
Д-р Угуров – Еден од главните проблеми на аритмијата е нивното раното препознавање, пред се порад честата асимптоматска природа. Една третина на пациентите со аритмија, имаат таканаречена асимптоматска атријална фибрилација.
Тие обично се опишуваат како чувство на брза работа, силни отчукувања, пулсирање, предвремено отчукување, прескокнување со чувство на „кнедла“ во грлото по ударот, понекогаш придружено со вртоглавица, колапс или губење на свеста. Аритмиите се манифестираат со бројни и разновидни симптоми, од благи до тешки и онеспособувачки.
Какви видови на аритмии постојат?
Д-р Угуров – Човечкото срце се состои од 4 шуплини, две преткомори и две комори. Во зависност во кој дел од срцето дошло до нерегуларност т.е пореметување во спроведувањето на импулсот, аритмиите може да бидат преткоморни и коморни.
-Екстрасистоли – се предвремените отчукувања на срцето. Тие се најчестите нарушувања на срцевиот ритам и речиси секој од нас ги има почуствувано. Екстрасистолите може исто така да се поделат на преткоморни и коморни и иако се многу честа појава, генерално не се опасни. Пациентите најчесто се жалат на непријатност што ги принудува на кашлање. Само кај мал процент од срцеви пациенти, екстрасистолите може да бидат иницијатори на посложени аритмии.
-Атријална (преткоморна) фибрилација – претставува најчест облик на пореметување на работата на срцето при што доаѓа до неправилна брза работа на преткоморите. Овој вид на аритмија се јавува кај над 2% од општата популација. Преку 6-7 милиони луѓе од Европа страдаат од оваа аритмија и при тоа е тесно поврзана со зачестен смртен исход, мозочен удар, срцева слабост. Преткоморната фибрилација го зголемува за 5 пати ризикот од мозочен удар. Токму овој тип аритмија е причина за еден од петте мозочни удари.
-Суправентрикуларна тахикардија – е група на срцеви аритмии кои предизвикуваат несоодветно брз пулс. Овој вид на тахикардија може да се појави кај деца, адолесценти и возрасни. Се појавува во комбинација со наизменични периоди на нормален ритам. Најчести симптоми на оваа аритмија се палпитации, вртоглавица, главоболка, тремор на екстремитетите, отежнато дишење.
-Вентрикуларни аритмии – се најтешките нарушувања на срцевиот ритам. Постојат: вентрикуларна тахикардија (вентрикуларно забрзување) и вентрикуларна фибрилација. Околу 80% од ненадејната срцева смрт е резултат на овие вентрикуларни аритмии. Аритмиите може да се појават на која било возраст, но се почести кај постарите луѓе. Доколку не се реагира во најкратко време тие претставуваат животно загрозувачка состојба. Најчеста причина е акутниот инфаркт на срцето. При фибрилација на коморите не доаѓа до исфрлање на крвта од срцето, срцето не испумпува крв.
-Други типови на промени во електроспроводливоста во срцето се и појавата на АВ блокови од прв, втор, трет степен. Поделбата на аритмиите и нивната класификација е сложена, така што овде ги наведов само најчестите т.е најзастапените аритмии кај човекот.
4.Како да ја воочиме и препознаеме срцевата аритмија?
Др.Угуров – Дијагнозата на срцевите аритмии се поставува врз основа на клинички преглед на пациентот, електрокардиограм – ЕКГ, ехокардиографија, 24-часовна опсервација на ЕКГ (Холтер ЕКГ), стрес тестови, магнет на срце и електрофизиолошко испитување на срцето или позната како електрофизиолошка студија.
5.Како се третираат аритмиите ?
– Др.Угуров – третманот ќе зависи од тоа кој тип аритмија го имате и колку е сериозна. Најчесто во терапијата на срцеви аритмии, прво се користат лекови кои го поттиснуваат нарушувањето или ја намалуваат фреквенцијата и интензитетот на нејзиното појавување – антиаритмици и бета блокатори.
Во случај на аритмии на брадикардија, т.е. срцево чукање кое е премногу бавно, можеби е потребно да се користи пејсмејкер. Во акутни случаи на вентрикуларна фибрилација, неопходен е брз, итен третман со употреба на дефибрилатор. Поради тоа, лекувањето треба да се почне на време за да се намали можноста за појава на компликации.
Во услови каде што аритмијата неможе да се смири со лекови, тогаш се применува електрична кардиоверзија, односно постапка каде што ритамот се смирува со електричен удар или исто така се препорачува електрофизиолошка студија со радиофрекфентна аблација.
6.Што значи електрофизиолошка студија со радиофрекфентна аблација и зошто се прави електрофизиолошка студија?
– Др.Угуров – Електрофизиолошка студија претставува дијагностичко испитување кое се применува за потврдување на аритмијата и нејзиниот механизам.
Преку оваа техника се одредува видот на абнормалниот срцев ритам и потреба за ова испитување имаат сите пациенти со документирана аритмија, пациенти за проценка на ефикасноста на ординирани лекови во лекување на неправилниот срцев ритам, пациенти со симптоми како несвестица, губиток на свест од непозната причина, како и пациенти со ризик од ненадејна срцева смрт.
Постојат неколку начини со кои студијата на електрофизиолошката студија може да помогне и да донесе одлука за понатамошен третман. Врз основа на резултатите од студијата на ЕП се вклучуваат:
- Имплантација на пејсмејкер: Ако студијата ЕП го потврди присуството на значајна брадикардија, постојаниот пејсмејкер често може да се вметне за време на истата постапка.
- Имплантибилни дефибрилатори: Ако во текот на студијата за ЕП се идентификувани брзи форми на VT и / или вентрикуларна фибрилација (VF), најчесто имплантабилен дефибрилатор е третман на избор. Овој уред сега често може да се вметне во лабораторијата на ЕП, веднаш по студијата на ЕП.
- Радиофрекфентната аблација – претставува горење, односно состојба каде што преку пренесување на некоја форма на енергија преку катетерот (топлинска енергија, енергија за замрзнување или радиофреквентна енергија). На тој начин се создава блок на електричниот пат кој што предизвикал аритмија.
Овој вид на терапија е често третман на избор доколку се открие суправентрикуларна тахикардија (SVT) – и некои форми на вентрикуларна тахикардија (VT) и за голем дел од нив претстатува единствен и дефинитивен третман.
Во последниве години, процедурите за аблација станаа доста напредни и обично користат компјутеризирани системи за мапирање кои ги користат и 3D-снимањето и електричното мапирање за да го посочат соодветното место за аблација.
Овие процедури обично траат неколку часа и потребни се ден или два за време на закрепнување во болницата.
Радиофрекфентна аблација на преткоморна (атријална) фибрилација со помош на 3D мапинг систем, претставува револуционерна метода за долгорочен и ефикасен третман со многу мал процент на компликации. Денес, многу електрофизиолошки студии се комбинираат со постапка на аблација.
Во Жан Митрев Клиниката се изведуваат електрофизиолошки студии, аблација кај срцеви аритмии, вградување пејсмејкери, срцева ресинхронизација, вградување имплантибилни кардиовертери и дефибрилатори.
Посебно би сакал да истакнам дека во Жан Митрев Клиниката во тек е постапка на инсталација на 3D мапинг систем, што значи дека конечно на пациентите со атријална (преткоморна) фибрилација со помош на 3D мапинг систем, ќе им се пружи ефективен и долготраен третман.
Уште еднаш сакам да напоменам, атријалната фибрилација е најчестата аритмија во популацијата и кај пациенти со овој тип на аритмија ризикот за мозочен удар е зголемен за 5 пати.
Решавањето на овој тип аритмија на ваков модерен начин особено за млади пациенти значи подобар квалитет на живот за пациентите. Кај пациенти кај кои се интервенирало навремено се очекува успешност од 95-99% во период на следење до 12 месеци, односно отсуство на епизоди на аритмија кај повеќе од 80% од пациентите.
Со помош на овој 3D мапинг системот се отвара можност за третман на голем број на преткоморни и коморни тахикардии.
За крај би сакал уште еднаш да апелирам “ НАВРЕМЕ ОТКРИЕНА АРИТМИЈА МОЖЕ ДА ВИ ГО СПАСИ ЖИВОТОТ”