Рак на дебелото црево – честа, но потенцијално излечлива болест

Ракот (аденокарцином) на дебелото црево е трета по честота малигна болест во светот и најчеста малигна болест на дигестивниот систем. Според GLOBOCAN, во 2020 година, дијагностицирани се 1,9 милиони нови случаи на рак на дебелото црево (вклучително и рак на ректум). Најчест е во Австралија, Нов Зеланд и Европа. А се проценува дека во истата година, околу 930 000 пациенти починале како директна последица на оваа болест.

Болеста во почетниот стадиум не дава симптоми, за жал тие се појавуваат во нејзината напредната фаза. Пациентите најчесто се жалат на промени во начинот на празнење на цревата. Може да имаат запек, течни столици, појава на крв во столицата, општа слабост и болки во стомакот во вид на сечење. Лекувањето на карциомот на дебело црево е во основа хируршко – со оперција. Тоа подразбира отстранување на дел од дебелото црево зафатен од туморот при што се врши и реконструкција односно спојување крај со крај на цревото. Со ова кај најголем број од пациентите се избегнува формирање на стома (ќеса) за празнење на предниот стомачен ѕид.

Операцијата може да се изведе на два начини:

  • Отворено – со рез на предниот стомачен ѕид и
  • Лапароскопски – со мали отвори на стомачниот ѕид и правење на мал рез (околу 5см) низ кој се вади дел од заболеното црево надвор од стомачната шуплина. Ова е минимално инвазивна опција.

Во нашата клиника благодарение на новиот лапароскоп со 4К технологија, хирургот добива одлична интраоперативна визуелизација на оперативното поле, додека за пациентите ваквата интрвенција има бројни предности во споредба со отворената.

Ова особено се однесува на помала постоперативна болка, побрзо станување од кревет, побрзо проработување на цревата, побрзо напуштање на болницата, подобар естетски ефект и помал ризик за појава на постоперативна хернија (кила) на место на претходна операција.

За да закажете преглед/консултација јавете се во нашиот контакт центар ☎️ 02/3091-484

Деменција – како да ги препознаете симптомите

Во моментов над 55 милиони луѓе ширум светот имаат деменција, од нив над 60% живеат во земји со низок и среден приход. Секоја година оваа бројка се зголемува со речиди 10 милиони нови случаи.
Деменцијата е резултат на различни болести и повреди кои влијаат на мозокот. Алцхајмеровата болест е најчеста форма на деменција и може да придонесе за 60-70% од случаите.
Деменцијата моментално е седма водечка причина за смрт и една од главните причини за инвалидитет и зависност од грижа кај постарите луѓе на глобално ниво.

Деменцијата е термин за неколку болести кои влијаат на меморијата, размислувањето и способноста за извршување на секојдневните активности. Болеста се влошува со текот на времето. Деменцијата главно ги погодува постарите луѓе. Секако, не сите луѓе кои стареат страдаат од оваа болест.

Кои се главните фактори кои придонесуваат за појава на деменција?

  • Возраст (почесто на возраст од 65 години или постари)
  • Висок крвен притисок (хипертензија),
  • Висок крвен шеќер (дијабетес),
  • Прекумерна тежина односно дебелина,
  • Пушењето,
  • Пиење премногу алкохол,
  • Физичка неактивност,
  • Социјална изолираност,
  • Депресија.

Деменцијата е синдром кој може да биде предизвикан од голем број на болести или штетно однесување кое со текот на времето ги уништуваат нервните клетки и го оштетуваат мозокот. Овие оштетувања обично доведуваат до влошување на когнитивната функција (т.е. способноста за обработка на мислата) повеќе од тоа што може да се очекува од вообичаените последици од биолошкото стареење. Свеста не е засегната, оштетувањето во когнитивната функција е обично придружено, а понекогаш и претходи, со промени во расположението, однесувањето, мотивацијата или емоционалната контрола.

Деменцијата има физички, психолошки, социјални и економски влијанија, не само за луѓето кои живеат со деменција, туку и за нивните негуватели, семејства и општеството во целина. Често постои недостаток на свест и разбирање за деменцијата, што резултира со стигматизација и бариери за дијагноза и нега.

Што е тоа што може да укаже дека лицето боледува од деменција?

Промените во расположението и однесувањето понекогаш се случуваат дури и пред да се појават проблеми со меморијата. Симптомите се влошуваат со текот на времето. На крајот, на повеќето луѓе со деменција ќе им треба помош од други за извршување на секојдневните активности.

Раните знаци и симптоми се:

  • Заборавање на работи или неодамнешни настани,
  • Губење или погрешно поставување работи,Ггубење при одење или возење,
  • збунетост, дури и на познати места,
  • Губење на чувството за времето,
  • Гешкотии при решавање проблеми или донесување одлуки,
  • Проблеми при разговор или проблеми со наоѓање зборови,
  • Тешкотии при извршување на познати задачи,
  • Визуелно погрешно проценување на растојанијата до предметите.

Вообичаените промени во расположението и однесувањето вклучуваат:

Чувство на вознемиреност, тага или лутина поради губење на меморијата,
Промени на личноста,
Несоодветно однесување,
Повлекување од работа или социјални активности,
Помала заинтересираност за емоциите на другите луѓе.

Деменцијата влијае на секој човек на различен начин и зависат од основните причинтели за појава, други здравствени проблеми и когнитивното функционирање на лицето пред да се разболи.

Повеќето симптоми се влошуваат со текот на времето, додека други може да исчезнат или да се појават само во подоцнежните фази на деменција. Како што болеста напредува, потребата за помош за лична нега се зголемува. Луѓето со деменција можеби нема да можат да ги препознаат членовите на семејството или пријателите, да развијат потешкотии при движењето, да изгубат контролата врз мочниот меур, да имаат проблеми со јадење и пиење и да доживеат промени во однесувањето, како што се агресија кои се вознемирувачки за лицето со деменција, како и оние околу нив.

Вообичаени форми на деменција

Деменцијата е предизвикана од многу различни болести или повреди кои директно и индиректно го оштетуваат мозокот. Алцхајмеровата болест е најчеста форма и може да придонесе за 60-70% од случаите. Други форми вклучуваат васкуларна деменција, деменција со тела на Луи (абнормални депозити на протеини во нервните клетки) и група на болести кои придонесуваат за фронтотемпорална деменција (дегенерација на фронталниот лобус на мозокот). Деменцијата може да се развие и по мозочен удар или во контекст на одредени инфекции како ХИВ, како резултат на штетна употреба на алкохол, повторливи физички повреди на мозокот (познати како хронична трауматска енцефалопатија) или недостатоци во исхраната. Границите меѓу различните форми на деменција се нејасни и мешаните форми често коегзистираат.

Третман и нега

Не постои лек за деменција, но може да се направи многу за да се поддржат и луѓето кои живеат со оваа болест и оние кои се грижат за нив.

Луѓето со деменција можат да преземат чекори за одржување на квалитетот на нивниот живот и промовирање на нивната благосостојба со:

  • Одржување на физичка активност
  • Учество во активности и социјални интеракции кои го стимулираат мозокот и ја одржуваат секојдневната функција.
  • Примена на лекарства кои го успоруваат процесот на напредување на деменција.

Грижата за металното здравје започнува и пред да се појават симптоми за некое душевно страдање. Може да закажете консултација или психијатриски преглед кај д-р Марија Костадиновска, специјалист по психијатрија на: 02/3091-484.

Најчести здравствени проблеми во летниот период

Секоја сезона има свои особености кои влијаат позитивно или негативно на здравјето. Летото не е исклучок и тоа со себе носи непријатности кои најчесто се последица на зголемени температури, патувањата и поминување повеќе време на отворено.
Дознајте кои се најчестите здравствени проблеми во лето и како да се справите со нив.

Стомачен вирус. Докажано е дека во лето почесто се појавуваат стомачни вируси кои се карактеризираат со повраќање и дијареа. Причинители за појава на стомачен вирус се бактериите присутни во храната, количински зголемен внес на храна и алкохол и консумирање расипана или несоодветна храна. Најчесто стомачниот вирус претставува сериозна состојба и затоа треба да внимавате на исхраната и да земате пробиотици.

Алергија. Зголемувањето на случаите на алергија во лето обично се должи на проширување на листата на храна со разновидни и егзотични јадења како дел од летното мени, но и поради јадење надвор од домот за времена летните патувања. Ако се појави блага алергиска реакција, доволно за ставање под контрола е антихистаминската терапија. Сепак не заборавајте дека при појава на алергиска реакција важно е да се консултирате со специјалист за да се открие потеклото на реакцијата.

Конјунктивитис. Тоа е болест на очите и се состои од воспаление предизвикано главно од вируси или бактерии. Карактеристични симптоми се чешање и иритација на очите. Обично трае најмногу една недела. Тоа е заразна болест и бара медицинска помош и изолација за да се избегне ширење на заразата.

Изгореници од сонце. Во лето, изложувањето на сонце се зголемува и вообичаено е оваа изложеност да биде прекумерна и да предизвика изгореници од различни видови на различни делови од нашето тело. Неколку часа подоцна, погодената област покажува црвенило на кожата и болка при допирање. Тоа се обично изгореници кои не се сериозни, но бараат време да исчезнат и бараат постојана хидратација. Во одредени, доколку изгорениците се сериозни, потребно е да се оди на лекар за да се добие здравствена заштита.

Габична инфекција. Овој здравствен проблем се состои од воспаление на кожата и често ги погодува стапалата. Таа е предизвикана од влагата од потта или од неправилно сушење после туширање или пливање во море или базен. Се карактеризира со многу здодевно чешање и бара медицински третман.

Инфекции на увото. Една од најчестите болести е таканаречениот надворешен отитис или пливачко уво. Ова е инфекција на надворешниот слушен канал. Најчеста причина е таложење на вода во увото по пливање. Влагата што останува во увото го поттикнува размножувањето на одредени бактерии. Друга честа причина се оштетувањата на ушниот канал настанати од ставање прсти или одредени предмети во увото. Поретки се инфекциите предизвикани од вируси или габи и изложеност на контаминирана вода. Почетниот третман обично се прави со капки и често е доволен за да се врати во нормала во рок од неколку дена. Во потешки случаи, треба да се користат антибиотици секако по преглед и препорака од доктор.

Настинка. Во лето тие се многу чести особено поради постојаните температурни промени на температурата кои се случуваат при движење од прекумерна топлина надвор кон пониската температура на климатизирани простори. Повеќето случаи се благи, но може да се појави потреба за контрола на состојбата и симптомите со лекови.

Циститис. Станува збор за блага уринарна инфекција која настанува, меѓу другите причини, и од долготрајно носење мокра облека. Предизвикува непријатност при мокрење која не е многу интензивна, но доколку не се лекува може да настане сериозна инфекција која предизвикува треска. При лесни симптоми препорачливо е често пиење вода. Доколку е посериозно треба да се консултирате со специјалист гинеколог бидејќи може да биде неопходно да се земаат антибиотици.

Убоди/каснување од инсекти. Во лето има многу повеќе инсекти отколку во остатокот од годината. Затоа луѓето се поизложени на убоди/каснувања, при што сериозноста зависи од видот на инсектот. Најчестите убоди (комарци, пчели или оси) обично не предизвикуваат сериозни проблеми освен ако не сте алергични. Кога планирате патување во странство, треба да се информирате каков тип на инсекти има, дали нивниот напад може да предизвика некакви здравствени проблеми и што треба да направите доколку тоа се случи.

Да се доближи здравствената професија до децата е благородна задача

Во рамки на летениот камп организиран од Тинкер Лабс Македонија (интернационална СТЕАМ франшиза за изучување на природни науки за деца на возраст од 3 до 14 години), имавме посета на 20 деца и неколку учителки кои одблизу се запознаа со професијата доктор, сестра, лаборант и имаа прилика да видат како функционира здравствена институција. Се надеваме дека побудивме интерес и им помогнавме да одговорат на прашањето Што сакам да бидам кога ќе пораснам?

Хируршка корекција на уши – Отопластика

Естетската корекција на ушните школки претстававува една од најчесто изведуваните естетски операции во детската возраст. Корекцијата на ушните школки најчесто се прави поради следните причини:

  • Проминентност на ушните школки (клемпави уши)
  • Големина на ушните школки
  • Несиметричност на ушните школки
  • Вродени деформитети на ушите

Најчеста индикација за отопластика е еднострана или обострана проминентност на ушните школки или во јавноста позната како клемпави уши.  

Клемпави уши – отапостаза

Клемпавите уши (отапостаза) се состојба при која ушната школка е многу оддалечена од површината на главата. Клемпавите уши ретко се едностран деформитет. Најчесто се сретнува неправилност на двете уши. Изразеноста на клемпавоста се одредува согласно аголот на ушната школка во однос на мастоидната коска на главата. Според тој агол, клемпавоста може да се категоризира како сосема блага клемпавост (едвај воочлива) или пак силно изразена. За клемпави уши се сметаат оние каде што аголот меѓу ушната школка и главата е поголем од 25 степени.

Цел на оперативниот третман

Оперативниот третман на клемпавите уши се прави исклучително од естетски побуди, бидејќи отапостазата не прави функционален проблем. Оваа операција е многу благотворна особено кога се во прашање деца. Бидејќи децата со клемпави уши најчесто се мета на потсмев од страна на своите врсници. Самата операција, покрај подобрување на естетскиот изглед, овозможува повисоко ниво на самодоверба кај детето и негов подобар психички развој, бидејќи по направената корекција детето добива подобро социјално прифаќање.

Кога е најдобро време да се изврши оперативниот третман?

Клиничките студии направени во голем број европски земји покажуваат дека идеалното време за оперативен третман на клемпави уши е пред детето да тргне на училиште. Иако ваква корекција може да се направи и било кога подоцна во животот.

Сепак, оперативниот третман не треба да биде направен прерано. Кај малите деца бидејќи рскавицата на самата ушна школка е многу мека, ушите се многу свитливи. Сето тоа го отежнува моделирањето на ушната школка и затоа не се препорачува вршење на оперативен третман кај деца на возраст под три години. Најдобрата возраст е претшколската и тоа во периодот околу шестата и седмата година. Тогаш завршува развојот на надворешниот ушен канал, рскавицата станува поцврста и овозможува подобро моделирање на истата. Од друга страна, периодот пред да тргне детето на училиште е погоден и бидејќи ќе се избегне детето да биде мета на потсмев од врсниците.

Оперативна техника

Оперативната интервенција може да се изведе во локална или општа анестезија. Кај мали деца оперативната интервенција се изведува под општа анестезија поради поголем комфор за изведување на оперативниот третман, додека кај поголеми деца и возрасни операцијата може да се изведува во локална анестезија.

При интервенцијата се обезболува местото околу ушите. Од задната страна на ушната школка се прави рез со цел да се пристапи на рскавицата од ушната школка. Потоа рскавицата се ослободува од околното ткиво и се преклопува. По преклопувањето истата се шие за сврзното ткиво кое се наоѓа позади ушната школка, и на тој начин се корегира клемпавоста. Оперативната рана се шие, потоа се прави преврска. Постојат повеќе модификации на оперативната техника, но генерално сите се базираат на горенаведените основни постулати. Која оперативна техника ќе се искористи зависи од состојбата на ушните школки на пациентот.

 Постоперативна нега

Во постоперативниот тек, едно од најважните нешта е преврската да се носи 6 дена по операцијата. Првата контрола по операцијата е шестиот ден кога се отстранува завојниот материјал и пациентот може да го види резултатот од изведената оперативна корекција на ушите.

Завојниот материјал ја опфаќа целата глава, односно дел од главата покриен со коса. Постојат универзални компресивни бандажери, или пак може да се користи завоен материјал во облик на руска капа. Важноста на завојниот материјал е од клучно значење. Бидејќи рскавицата нема крвни садови, односно исхраната на рскавицата е преку дифузија на нутритиентите во кожата на ушната школка. Доколку не се одржува постојана постоперативна компресија, може да дојде до појава на оток меѓу рскавицата и кожата, односно до таканаречено ,,боксерско уво,,.

Во постоперативниот тек, препорачано е пациентот да не лежи, односно да не спие на страна. Се препорачува профилактичка антибиотска терапија. Најчесто по операцијата нема болка, но доколку се јави таа е во интервали и истата се третира со таблетарна аналгетска терапија.

Постоперативната нега трае до 1 месец по операцијата, во кој период, од вадењето на завојниот материјал до првиот месец, се препорачува носење на лента на главата, со цел да се минимизира ризикот за враќање на ушните школки во предоперативната позиција.

Често поставувани прашања:

1.      Дали ушните школки по операција можат да се вратат во првобитната позиција?

–          Доколку не е направено ремоделирање на рскавицата од ушната школка, или при голема проминенција на ушните школки не е направено ослободување на ретроаурикуларниот лигамент (лигаментот кој ја држи ушната школка за површината на черепот), тогаш има ризик. Но, со изведување на претходно наведените процедури, не постои ризик.

2.      Дали постојат компликации од оперативниот третман на клемпави уши?

–          Како и кај секоја операција, компликации постојат, но со спроведување на горенаведените мерки кои се однесуваат на: стерилност при изведување на операцијата, добра хируршка техника, добра постоперативна компресија и постоперативна нега, ризикот за компликации е минимизиран.

3.      Зошто е потребно антибиотска терапија по операцијата?

–          Антибиотската терапија е од големо значење бидејќи по операцијата на ушните школки, по поставување на завојниот материјал, 6 дена истиот не се вади. Во тој период, антибиотикот е од големо значење за да се превенира инфекција од околната бактериска флора која нормално постои на површината на кожата, како и поради потењето додека се носи завојниот материјал.

4.      Дали може да се оштети слухот по изведување на операција на ушната школка?

–          Во процесот на слушањето, ушната школка нема функција на сетило на слух, истата е наменета само да го изолира звукот кој што сакаме да го слушнеме. Во текот на операцијата нема ризик за повреда на слушното тапанче и средното уво, така што не постои ризик за оштетување на слухот.

5.      Што треба да знае секој кој сакуа да направи операција на ушните школки?

–          Ушните школки претставуваат предилекционо место – место за зголемен ризик за развој на келоидни или хипертрофични лузни. Иако овие лузни се јавуваат кај помалку од 2% од пациентите кои подлегнуваат на оперативен третман, сепак пациентот треба да биде предупреден за можниот ризик по операцијата.    

Се што треба да знаете за миоми на матката

Миоми (фиброми) на матката се неканцерозни израстоци на мускулното ткиво на матката. Може да е еден или повеќе со различни големини.

Неколку генерални карактеристики

  • Вообичаено ги погодуваат жените на возраст меѓу 30 и 40 години.
  • Доколку се појавиле на помлада возраст, миомите растат побрзо.
  • Постоење на миом кај член од семејството, укажува на зголемен ризик за вас.
  • Прекумерната тежина (дебелината) и високиот крвен притисок, се дополнителни ризик фактори кои ја зголемуваат можноста да ви се појави миом.

Симптоми

Миомите (фиброиди) можат да предизвикаат многу благи симптоми, воопшто да немате симптоми, но и да бидат сериозни како:

  • Притисок врз мочниот меур или ректумот
  • Често мокрење
  • Инконтиненција на урина (неволно, неконтолирано подмочување)
  • Запек и/или ректална болка
  • Болка во долниот дел на грбот и/или стомакот
  • Надуеност, болна непријатност во пределот на вашиот стомак
  • Промени во менструалниот циклус, обилни крварења

Што ги предизвикува миомите?

Сеуште нема конкретен одговор што точно што ги предизвикува миомите. Утврдено е дека нивниот раст е поврзан со женските хормони естроген и прогестерон. А студиите покажуваат дека поголема е веројатноста да добиете миом доколку менструалниот циклус ви започнал на помлада возраст.

Компликации

  • Анемија. Некои жени со миом кои имаат невообичаено обилно крварење за време на менструацијата и/или пред/потоа. Ккао резултат на тоа стануваат анемични, со чувство на замор и недостаток на енергија, а во сериозни случаи, до проблеми со срцето.
  • Проблеми со плодноста и бременоста. Во некои случаи, миомите може да ги блокираат јајцеводите или ако растат долж внатрешниот ѕид на матката може да го отежнат закачувањето на оплодената јајце клетка.
  • Поголемите миоми може да трпат внатрешен распад чии продукти како непожелни се разнесуваат во општата циркулација во организмот на жената.

Кога да се обратите на лекар?

  • Обилно крварење за време на менструацијата
  • Циклуси кои станале поболни од претходно
  • Често мокрење или неможност да го контролирате протокот на урина
  • Промена во времетраењето на менструацијата
  • Нова, долготрајна болка или тежина во долниот дел на стомакот или карлицата
  • Планирање на бремености пoстоење на миом
  • Анемија