Вработените во Клиника Жан Митрев и нивните семејства традиционално даруваа крв

Повеќе од 70 вработени во Клиника Жан Митрев, медицински и немедицински персонал доброволно даруваа крв. И овој пат, нивната крводарителска акција беше поддржана и од нивните семејства кои, исто така, донираа крв.

Доброволната крводарителска акција во Клиника Жан Митрев е традиционална активност која се организира по четврт пат и е дел од потпишаниот меморандум за крводарителство со Blood Bank TENK. 

Се организира двапати годишно кога во соработка со Институтот за трансфузиона медицина, Blood Bank TENK и во присуство на доброволци од Црвен крст на Македонија, се донираат значајни количини крв за потребите на Институтот.

Со одржувањето на редовни крводарителски акции доброволното крводарителство во Клиника Жан Митрев добива се поголема масовност и поддршка од голем број вработени и нивните семејства. На овој начин Клиника Жан Митрев и индивидуално секој од вработените придонесуваат за подигање на здравствената култура и јавната свест за постојаната потреба од крводарителство. 

Тумор од 35 килограми отстранет од пациент во Клиника Жан Митрев

Тимот доктори од Клиника Жан Митрев предводен од д-р Живорад Коцевски пластичен хирург, отстранија тумор од пациент со големина од 35 килограми и 85 сантиметри. Туморната формација, за која анализата покажа дека е бенигна, беше во предел на долниот дел од абдоменот. По направената операција и успешното отстранување на туморот, пациентот е добар и се следи неговото опоравување.

Ова е многу редок случај, да се прифати и успешно да се извади тумор со ваква големина, а за докторите од Клиника Жан Митрев, претставува револуционерен оперативен зафат со којшто се спаси животот на пациентот откако беше одбиен за операција од повеќе клиники.

Досега во медицинската пракса во земјава не е направена операција за отстранување на туморска формација во ваква големина, а медицинската литература опишува третирање на вакви маси до 40 сантиметри должина.

Клиника Жан Митрев со проширувањето на дејностите постојано воведува нови хируршки и терапевтски интервенции и поставува нови стандарди во здравствената пракса во земјава, за подобра нега и здравствена услуга за пациентите.

Клиника Жан Митрев ги едуцираше жените за женското здравје, превенција и навремено лекување

Со предавање во четири компании и опфатени повеќе од 250 жени, Клиника Жан Митрев ги комплетира активностите за подигање на свесноста за женско здравје. Во текот на целиот месец октомври, тим од доктори специјалисти ги едуцираа жените за превенцијата и навременото откривање на промените на дојката и ракот како заболување на дојката.

Предавањата и едукацијата беа спроведени од тимот на Клиника Жан Митрев составен од сци. д-р Ирена Андонова, гинеколог, д-р Милан Ристески специјалист по онкологија, д-р Лилјана Брајевиќ, торакален хирург, д-р Мимоза Толевска, радиолог, д-р Џулијана Михајловска, ендокринолог, д-р Лидија Вељановска Кириџиева – специјалист по радиодијагностика, д-р Јелена Голубовиќ, гинеколог, со што беше опфатен секој аспект од заболувањето и третманот.

Предавањата и советите од тимот на Клиника Жан Митрев се однесуваа на прашањата за самопреглед, скрининзи, какви скрининзи, кога, колку често и каде да се прават. Едукацијата ја опфати и дијагностика и терапија за најчестите гинеколошки проблеми во репродуктивниот период или во постменопаузата, со што се влијаеше на зголемување на свесноста за ракот на дојка и превенција.
Во тој контекст беа споделени совети за превентивни прегледи со цел за навремена дијагностика на оваа болест која е главен причинител за смртност кај женската популација на глобално ниво. На едукативните работилници беа присутни жени на сите возрасти.
Ова е само една од активности кои Клиника Жан Митрев ги организира со цел зголемување на свесноста за заштита на женското здравје и уште еднаш потсети на важноста од редовните прегледи.
Учесниците имаа можност да поставуваат прашања и да споделат свои искуства што дополнително ја зголеми интеракцијата и свесноста за потребната едукација и информираност за начините за превенција и препознавање на промените на дојка кај жените.

Според последните трендови во земјава, зголемен е бројот на жени заболени од рак на дојка и на репродуктивните органи. Медицинските специјалисти велат дека со превентивните прегледи се намалува бројот на жени што ракот го откриваат во доцна фаза. Со раното дијагностицирање, впрочем, можностите за излекување се доста големи.

Клиника Жан Митрев е спој на врвна медицинска нега и високоедуцирани професионалци посветени на пациентите

Што ве мотивираше да се насочите кон неврохирургија како специјалност?

Д-р Таушанов: Секогаш имав интерес како функционираат луѓето и долго време сметав дека психијатрија ќе е мојата специјалност. Во текот на медицинските студии, во 5-та година имав можност да асистирам на неврохирургија и од блиску да го видам мозокот и изучената неуроанатомија во пракса. Тогаш се појави желбата да помагам на пациенти со отстранување на патолошки супстрат кој им го нарушува секојдневниот живот.

Што ве привлече да работите токму во Клиника Жан Митрев и како оваа клиника влијае на вашето професионално развивање?

Д-р Таушанов: Шансата да работам во реномирана медицинска установа и можностите да се биде дел од тим во чие знаење во континуитет се инвестира. Не е така често, институцијата каде работите да го поттикнува вашето професионално надградување и да ви обезбеди се што е потребно за ги активирате вашите потенцијали до максимум со цел да му помогнете на пациентите. Клиника Жан Митрев е позната по тоа што максимално вложува во својот персонал од аспект овозможување на професионално надградување, преку следење на сите нови технолошки и научни трендови применети во медицината, посета на конгреси, симпозиуми и слично. Токму тоа го најдов тука, и мислам дека тоа придонесува Клиника Жан Митрев да е совршен спој на врвна медицинска нега и високоедуцирани професионалци посветени на пациентите.

Дали во Клиника Жан Митрев има програми за менторирање и обука за младите доктори и какви се вашите можности за континуирана едукација и професионален развој во рамките на клиниката?

Д-р Таушанов: Kлиниката Жан Митрев работи по највисоки стандарди и нуди постојана доедукација и усовршување на неврохируршките способности, нудејќи можност да се работи и учи од најдобрите специјалисти по неврохирургијата во Европа. Со формирањето на новиот неврохируршки оддел, неминовно следат соработки со реномирани имиња од оваа област, што е значајно надополнување на нашата експертиза и токму затоа јас како носител на дејноста, гледам огромен потенцијал за иден личен развој, но и развој на самата медицинска гранка во земјава. Ваквиот пристап е во функција на крајната цел, а тоа е да се понудат врвни решенија за пациентите.

Како ја оценувате опременоста и технологијата во Клиника Жан Митрев во однос на неврохируршки интервенции и дали има некои специфични процедури или методи кои се користат во Жан Митрев, а не се чести во другите болници?

Д-р Таушанов: Болницата е опремена со најсовремена технологија и се стреми секогаш да обезбеди опрема која ќе овозможи најдобри резултати за пациентите. Во моментот започнуваме со оперативни интервенции и очекувам во брзо време да воведеме оперативни интервенции со модерни техники по кои би биле препознатливи. Кај нас, во секој оддел или медицинска гранка се следат најновите технолошки пронајдоци и нивната соодветна апликација во медицината, откако ќе биде повеќекратно потврден нивниот ефект и резултатот од нивната примена врз здравјето и добросостојбата на пациентите, ние ја набавуваме таа опрема. И затоа сме еден од најдобро опремените и најсеопфатен медицинска здравствен систем во регионот.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат младите лекари во Македонија, особено во специјалностите како неврохирургија?

Д-р Таушанов: Големите обврски за време на специјализацијата, многубројните работни часови и изнаоѓање време за учење. Истовремено менаџирањето на приватниот и семејниот живот. Ако одвојувам најтешки беа работните часови, кои често пати беа повеќе од 100 часа неделно, но тоа е поднослива жртва за секој еден спасен живот. На тоа се надоврзува и реализирањето на професионалниот потенцијал. Откако сте поминале низ сето тоа и сте вложиле голем дел од животот да се изградите во специјалист кој може да помогне на пациентите, многу млади доктори наидуваат на бариера во професионалното реализирање. Тој потенцијал треба да се препознае, да се искористи за општо добро и да се зголеми. Не сите приватни и јавни здравствени центри го имаат овој пристап кон човечкиот капитал. И тоа е најголемиот предизвик за младите доктори.

Дали постојат доволно можности за професионален развој и напредок во земјата, или сметате дека повеќето млади доктори се принудени да бараат работа во странство?

Д-р Таушанов: Има доволно можности за професионален развој и напредок во земјава, иако пристапот до нив не е секогаш лесен и достапен за секого. Верувам дека токму тоа е причината за многу млади доктори да ги бараат можностите надвор од земјава и таму да ја исполнат својата амбиција. Меѓутоа, има доста примери за колеги кои одат во странство каде учат од врвни специјалисти и потоа се враќаат со цел да го унапредат нашето здравство се позитивен пример, д-р Жан Митрев е еден од нив.

Уште едно бебенце

Во доцните попладневи часови, нашиот тим од Центарот за мајка и бебе, направи успешно итно породување со царски рез на женско бебе во 36 недела. Породувањето го изведе д-р Ненад Лазаров заедно со д-р Кижески, д-р Голубовиќ и д-р Јовановска – анестезиолог, под надзор на д-р Петровски и д-р Деловска.
Мајката и малата убавица се стабилни.

Учество на Интернационална конференција за хирургија на рака

Од 12-14 октомври во Бенгази, Либија се одржа Интернационална конференција за хирургија на рака под покровителство на Владата на Либија. На покана на Либиската асоцијација за хирургија на рака и Арапската федерација за хирургија на рака д-р Синоличка Џамбазова зема учество како поканет предавач. Еминентни стручњаци-хирурзи за рака од целиот свет на едно место ги споделија најновите достигнувања и оперативни техники. Се создаде мост на пријателство за понатамошна соработка.

Предавање и совети од Клиника Жан Митрев за зголемување на свесноста за женското здравје

Самопреглед или скрининзи, какви скрининзи, кога, колку често и каде да се прават, дијагностика и терапија за најчестите гинеколошки проблеми во репродуктивниот период или во постменопаузата,сите овие прашања беа дел од едукативното предавање што Клиника Жан Митрев го спроведе заедно со финансиското друштво „Флекс кредит“ а наменето за вработените во друштвото. Ова е само една од активности кои Клиника Жан Митрев ги организира со цел зголемување на свесноста за заштита на женското здравје и уште еднаш потсети на важноста од редовните прегледи.

На едукативната работилница беа присутни жени на возраст од 25 до 30 години, кај кои едукацијата и свесноста за редовните превентивни прегледи е од клучно значење за понатамошните навики. Предавањата ги одржаа докторите д-р Ирена Андонова, специјалист гинеколог, д-р Џулијана Михајловска, специјалист ендокринолог, а за заболувањата на дојката и третманот на болестите на дојката говореа д-р Мимоза Толевска, специјалист по радиодијагностика и д-р Лилјана Брајевиќ, торакален хирург. Преку своите искуства и докторска специјалност кај присутните ги разрешија дилемите за самопреглед или скрининг, одговорија на сите загрижувачки прашања и потенцираат на превенцијата како најефикасен начин за намалување на заболувањата.

Во месецот посветен на женското здравје, Клиника Жан Митрев беше дел и од розовиот пикник во Градски Парк, која традиционално се организира со цел зголемување на свеста за карцином на дојка. На овој настан, претставници на Клиника Жан Митрев, поделија едукативни флаери со совети и промотивни цени за дијагностички прегледи кои моментално се достапни на клиниката.
Според последните трендови во земјава, зголемен е бројот на жени заболени од рак на дојка и на репродуктивните органи. Медицинските специјалисти велат дека со превентивните прегледи се намалува бројот на жени што ракот го откриваат во доцна фаза. Со раното дијагностицирање, впрочем, можностите за излекување се доста големи.

Поддршка на уште една активност за подигање на свеста за карцином на дојка

На 15 октомври, во рамки на месецот посветен на женското здравје, на барање на софтверската компанија Дамилах, нашите д-р Лидија Вељановска Кириџиевска – специјалист по радиодијагностика и д-р Милан Ристески – специјалист онколог, одржаа едукативни здравствени предавања. Акцентот беше ставен на превенцијата и навременото откривање на промените на дојката и ракот како заболување на дојката. Во тој контекст беа споделени совети за превентивни прегледи со цел навремена дијагностика на оваа болест која е главен причинител за смртност кај женската популација на глобално ниво.

Учесниците имаа можност да поставуваат прашања и да споделат свои искуства што дополнитено ја зголеми интеракцијата и свесноста за потребната едукација и информираност за начините за превенција и препознавање на промените на дојка кај жените.