Славењето на новогодишните празници се чека со нетрпение и голема еуфорија. Понесени од атмосферата, многу често, особено децата и адолесцентите при славењето користат пиротехнички материјали.
Употребата на пиротехнички материјали од запаллив тип како петарди и огномети може да доведат до сериозни негативни здравствени последици. Можеби огнометите се атрактивни за гледање, но тие можат да бидат смртоносни кога се погрешно ракувани или злоупотребени, а се воедно и штетни за животната средина.
За сите опасности прочитајте повеќе од текстот на д-р Илина Гаџевска-Томулевска – супспецијалист по пластична и реконструктивна хирургија од Клиничката болница Жан Митрев.
И покрај сите обиди да се крене свеста кај граѓаните, повредите поврзани со употребата на пиротехнички материјали остануваат да бидат чести претворајќи многу прослави и весели моменти во непосакувана хоспитализација заради настанатите повреди и во најлош случај траен инвалидитет, па дури и несакан смртен исход.
Деловите од телото кои најчесто се повредуваат со употребата на пиротехнички материјали се рацете и прстите. Но не ретко страдаат и главата, лицето, ушите и очите. Изгорениците се најчестиот тип на повреда, но секако не се исклучени и други повреди од експлозијата која настанува при употреба на овие пиротехнички материјали.
Светлите бои во огнометот се создадени од прашкасти метални соли што производителите на пиротехнички средства ги додаваат на експлозивните огнометни школки. Бакарот произведува сина боја, бариумот дава зелена, а стронциумот ја создава црвената боја. Магнезиумот во прав обезбедува интензивно светли блесоци на бело – всушност, магнезиумот гори толку силно, што се користи и во воени светлечки блесоци.
А многу често во нив се наоѓа олово и други забранети хемиски супстанции. Чадот од употребата на пиротехнички материјали придонесува за загадувањето на воздухот. Азотот и сулфурот, кои се користат за создавање боја и специјални ефекти, можат да стапат во интеракција со кислородот и да формираат азотни и сулфурни киселини кои се многу тешки за белите дробови.
Затоа бидете одговорни, празнувајте безбедно вие и вашите најблиски. Доколку сепак се појави потреба од лекарска грижа нашиот ургентен центар работи секој ден без исклучок 24/7. ☎️ 02/3091-484
Зимските празници се најзабавниот период од годината исполнет со прослави и дружење со семејството и пријателите. Но, за дел од луѓето, тоа е време исполнето со тага, себе преиспитување, осаменост и вознемиреност.
Што ја предизвикува празничната тага?
Тагата е навистина лично чувство. Она што предизвикува тага кај една личност, можеби нема воопшто да влијае на друг. Типични извори на празнична тага може да бидат:
Стресот
Заморот
Нереалните очекувања
Финансиски проблеми
Неможноста да се биде со семејството и пријателите. Балансирањето на листите за купување, одењето или организирањето на забави, семејните обврски и домашните гости може да придонесе за чувство на преоптовареност и зголемена напнатост.
Луѓето кои не се сметаат себеси за депресивни може да развијат реакции на стрес, како што се:
Главоболки
Прекумерно пиење
Прејадување
Несоница
Други може да доживеат постпразнична тага, по Нова година. Ова може да биде резултат на зголемени очекувања и разочарувања од претходната година, заедно со стрес и замор.
Совети за справување со празничниот стрес и депресија:
Поставете си реални очекувања за празничнот период.
Поставете си реални цели за следната година.
Грижете се за себе и превземајте одговорности во склад со сопствените можности..
Направете листа и дадете приоритет на важните активности. Ова може да помогне во поорганизирано извршување на празничните обврски.
Бидете реални за тоа што можете, а што не можете да направите.
Распоредете ја својата енергија, ќе ви треба повеќе од само еден ден (Новогодишната ноќ). Празничните прослави може траат повеќе денови.
Живејте и уживајте во сегашноста.
Гледајте во иднината со оптимизам.
Не се разочарувајте и растажиувајте споредувајќи ја сегашноста со ,,старите добри времиња,, од минатото.
Ако сте осамени, обидете се да волонтирате или да се приклучите кон некоја група.
Најдете бесплатни активности за релаксација, како што е гледање празнични филмови, разгледување без купување и следење на времето, без разлика дали има или не снег.
Ограничете го пиењето, бидејќи прекумерното пиење само ќе ги зголеми вашите чувства на депресија.
Пробајте нешто ново. Прославете ги празниците на нов начин.
Поминете време со луѓе кои ве поддржуваат и се грижат за вас.
Потрудете се и стекнете нови пријатели.
Најдете време да контактирате со некој одамна изгубен пријател или роднина и раширете празнично расположение.
Најдете време за себе!
Оставете и другите да преземат дел од празничните обврските.
Ограничете ги празничните трошоци. Прекумерното трошење може да доведе до депресија кога сметките ќе пристигнат по завршувањето на празниците. Плаќањето непланирани сметки, колку и да биле мали, може да доведат до дополнителен стрес и депресија.
Спортското здравје е темелот на активниот и исполнет живот без разлика дали станува збор за професионален спортист или за некој кој практикува спорт рекреативно. Важноста на физичката активност за врамнотежување на телото и неговите процеси не може и не смее да се занемари. Токму потребата од говорење за овие теми и носење посериозни правни регулативи во нашето општество беа повод за одржување на панел дискусија насловена како ,,Да зборуваме за спортското здравје,,. Како дел од организаторите на оваа панел дискусија беше д-р Виолета Николов, специјалист по гинекологија и акушерство, во нашата клиника. На панел дискусијата која што се одржа во просториите на Општина Велес, пред околу 200 посетители учество зедоа и претставници од државните институции и од стручната спортска јавност кои во иднина ќе придонесат за актуелизирање на темите поврзани со спортското здравје кои сега се на маргинално ниво. По одличната дебата и сериозните излагања од страна на панелистите беа донесени серија на заклучоци во насока на подобрување на здравјето на спортистите и спортистките.
Потребата и користа од дигиталната трансформација на процесите и податоците во медицинската пракса беа во фокусот на дискусијата на конференцијата што се одржа во Клиника Жан Митрев. Темата „Придобивки од дигитализација и интеграција на податоци во медицината“ беше интересна за лекари, студенти, ИТ фирми со фокус во здравство, МАСИТ и претставници на министерствата.
Дејан Христовски од ИТ одделот на Клиника Жан Митрев, ги сподели искуствата од интеграцијата на податоци и предизвиците на тимот за дигитална трансформација во Клиничката болница Жан Митрев, како здравствен центар кој комплетно ја има имплементирано дигитализацијата во сите процеси од секојдневното функционирање. Со практични примери тој ги презентираше придобивките од направената дигитализација, со што болницата уште пред неколку години стана лидер во регионот која нуди комплетно електронско следење на пациентот, без хартиена документација и без можност за злоупотреба на податоците.
На конференцијата своето видување за овој процес го претставија и д-р Горан Кунгуловски дискутирајќи на тема „Користење на јавни биг-дата сетови за унапредување на скрининг методи и терапии во рак“, д-р Миодраг Цекиќ, за „Онкологија од следната генерација: Вештачка интелигенција во биоинженерството за персонализиран третман на колоректален карцином“ и Синиша Јовиќ” кој дискутираше на тема „Беспрекорна интеграција на податоци од медицински уреди: надминување на тековните предизвици.“
Конференцијата се одржа во Клиника Жан Митрев во соработка со Proxiad – регионална ИТ компанија за дигитални трансформации.
Како дел од националната платформа за унапредување на менталното здравје, нашите психолози доц. д-р Кристина Егуменовска и Александра Петроски изминатата седмица одржaa неколку последователни работилници во соработка со Комора на психолози. На отворените групни работилници насловени како ,,Владеење со стресот,, присуствуваа голем дел од вработените, но и надворешни заинтересирани кои се запознаа со начините на препознавање и справување со стресот како дел од секојдневието.
Ендометриозата се јавува приближно кај 10% од жените во репродуктивна возраст и таа бројка во светски рамки изнесува 190 милиони жени. Тоа е хронична болест која најчесто се манифестира со силна болка за време на менструацијата, сексуалниот однос, при движења на дебелото црево и/или мокрење. Оваа болка сериозно влијае на секојдневниот животот бидејќи е хронична и предизвикува сериозна нелагодност во карличната зона, абдоминална надуеност, а понекогаш дури и депресија, анксиозност и неплодност. Во моментов не постои познат лек за ендометриоза и третманот обично е насочен кон контролирање на симптомите, или лекување на неплодноста.
Како настанува ендометриозата?
Ендометриозата е болест во која ткиво слично на слузницата на матката расте надвор од матката во други делови на абдоменот. Тоа доведува до формирање на локално воспаление, ткиво со лузни или во народот познато како ,,чоколадни,, цисти. Ендометриозата може да започне дури и со првата менструација и да трае до самата менопауза. Бидејќи причинителите се непознати, не е познат начин на кој би се спречила појавата. Постојат неколку типови на лезии:
површна ендометриоза лоцирана главно површно на карличниот перитонеум
ендометриоза на јајници (ендометриум) или чоколадни цисти
длабока ендометриоза лоцирана во просторот меѓу дебелото црево и гениталните органи, мочниот меур и цревата. Во ретки случаи, ендометриоза е пронајдена и надвор од карлицата.
Симптоми
Ендометриозата често предизвикува болка во карлицата, особено за време на менструалните периоди. Кај некои пациентки за време на сексуални односи, при дефекација, при одредени движења и позиции на телото. Многу често овие пациентки имаат проблем да забременат. Кај некои пациентки постои хронична карлична болка, тешко крварење за време на менструацијата или меѓу циклусите, што често доведува до депресија или анксиозност. Симптомите често се подобруваат по менопаузата, но не секогаш. Но, симптомите на болеста можат да се третираат со лекови или, во некои случаи, со операција.
Терапија и решенија
Терапијата може да варираа врз основа на тежината на симптомите и фактот дали треба да се оствари репродукција. Постојат различни опции. Нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ) и аналгетици (лекови против болки) како ибупрофен и напроксен често се користат за справување со болката. Хормоналните лекови како аналози на GnRH и методите на контрацепција (контрола на раѓање) исто така можат да помогнат во контролата на болката.
Операцијата понекогаш се користи за отстранување на лезии на ендометриоза, адхезии и ткива на лузни. Лапароскопската хирургија (со користење на мала камера за визуелизација на внатрешноста на телото) овозможува преку мали засеци да се направи најдоброто за пациентката. И секако доколку се работи за остварување на потомство , тогаш тераписките можности се насочени во тие цели.
Третманите се засноваат на индивидуални преференци со цел ефективност, ефикасност, избегнување на несакани последици, долгорочна безбедност, трошоци и достапност. Разговарајте за вашите опции со д-р Ирена Андонова – специјалист гинеколог акушер. Закажете термин на 02/3091-484
Терминот тумор сам по себе звучи страшно, но не се сите тумори опасни по живот. Кожата е најголем орган на човековото телото. Терминот тумор означува абнормален раст на клетките. Туморите на кожата се најчести тумори кај човекот. Дури 40 – 50 % од луѓето до својата 65 година развиваат барем еден тумор на кожата. Во зависност од тоа дали се животозагрозувачки или не, тие се делат во две големи групи:
Бенигни
Малигни тумори на кожата
Бенигни тумори на кожата
Оваа група на тумори се доброќудни тумори – не се опасни по живот. Тие се карактеризираат со јасно ограничен раст, имаат капсула, подвижни се, не се агресивни, не инфилтрираат и не метастазирааат, спорорастечки се и клетките се хомологни на нормалните клетки на ткивото. Бенигните тумори се многу чести и може да се развијат од сите слоеви или градбени елементи на кожата, сврзното ткиво, масното ткиво, мускулното ткиво, жлездите на кожата (потните и лојните жлезди), нервните влакна и од крвните садови на кожата.
Најчести бенигни тумори на кожата и нивен хируршки третман
Постојат 3 типа и тоа: атероми, липоми и невуси
-Атеромите се бенигни тумори кои настануваат од лојните жлезди. Станува збор за запушување, опструкција на одводниот канал на лојната жлезда и акумулација/насобирање на лојниот продукт при што се создава цистична формација. Многу често на површината на кожата над таа цистична формација може да се забележи еден мал отвор за кој пациентите знаат да дадат податок дека низ него излегува густа бела содржина со специфичен мирис односно лој. Најчесто тие се јавуваат локализирани на површината на главата, лицето, ушните школки, вратот и грбот. Многу често се случува атеромите секундарно да се инфламираат, односно да настане воспаление и гноен процес кој клинички се манифестира со сите знаци на едно воспаление (болка, црвенило, оток, топлина, флуктација). Доколку тоа се случи и се формира гнојна колекција, тогаш третманот започнува со решавање на инфекцијата. Најнапред локално се прави инцизија (засек) и дренажа на гнојната содржина и потоа пациентот е на антибиотска терапија.
Откако ќе се смири воспалителниот процес, може да се планира хируршко отстранување на атеромот со цел да нема повторувачки воспалувања кои знаат да бидат проблем за пациентот бидејки го нарушуваат квалитетот на животот, а воедно се и естетски проблем. Отстранувањето на овие бенигни промени најчесто се врши во локална анестезија, се работи за краткотрајна хируршка интервенција при која се врши целосно отстранување на цистичната промена. Доколку се работи за поголема промена и има видлив отвор на кожата, се врши и отстранување и на дел од кожата. Опоравувањето е краткотрајно, без поголеми ограничувања за пациентот.
-Липомите се бенигни тумори кои настануваат од масното ткиво. Тие најчесто се јавуваат во поткожното масно ткиво на вратот, грбот односно трупот и горните екстремитети. Се работи за една туморска маса која е најчесто јасно ограничена, на палпација е мека и подвижна во однос на подлогата, таа споро расте и е безболна. Липомите иако растат споро, сепак растат и стануваат естетски проблем. Доколку пораснат поголеми во текот на неколку години, тие можат да вршат и притисок врз околните структури и да бидат причина за одредена нелагодност кај пациентите. Липомите се одстрануваат исто како и атеромите во локална анестезија со краткотрајна хируршка интервенција при која се врши целосно одстранување на липомот.
-Невусите или бемките се пигментни бенигни тумори кои настануваат од меланоцитите (пигментни клетки). Невусите се најчесто стекнати тумори, а поретко можат да бидат вродени. Вродените бемки се јавуваат пред раѓањето, а растат со детето. Можат да бидат со многу големи димензии и да покриваат цели делови на телото. Стекнатите, обични бемки не се склони да се трансформираат во малигни тумори. Најчесто се во ниво на кожата, а можат да бидат и лесно издигнати. Бемките се еднакво пигментирани со остри – јасни ивици кон околната кожа. Некои не ги сметаат за вистински тумори, бидејќи секој човек има повеќе бемки по кожата на телото.
Бемките не бараат хируршки третман освен ако се локализирани на делови од телото каде хронично односно континуирано се подложни на механичка дразба, иритација која може да биде причина тие понатаму да се менуваат, или се одстрануваат од естетски причини. Сепак треба да нагласиме дека треба редовно да се контролираат кај дерматолог со дермоскопски преглед. Според макроскопските и микроскопските карактеристики постојат повеќе типови на бемки кои се предмет на изучување на дерматологијата. Доколку се работи за атипичен односно диспластичниот невус кој е стекнат и обично има неправилна форма и посебни микроскопски морфолошки карактеристики, се поставува индикација за негово хируршко одстранување. Диспластичниот невус може малигно да се трансформира и затоа истиот треба да биде отстранет.
Доколку забележите било каква промена на кожата или имате дијагностицирано некој од горенаведените тумори, задолжително закажете преглед за прецизна дијагностика и решавање на проблемот на 02/3091-484.
Потрагата и пронаоѓањето на младешки изглед е вечна тема која датира уште од античко време и е актуелна до ден денешен. Со напредокот на медицината и различните техники постојат бројни опции на располагање. Едена од нив е затегнувањето на лицето и вратот позната како лифтинг, со што се постигнува подмладен изглед.
Face lifting (Ритидектомија), или подигнување и затегнување на кожата на лицето и лифтинг на вратот може да се постигне со хируршка интервенција во општа анестезија или со поставување на специјално изработени назабени конци, во локална анестезија и без хируршки рез.
Кои пациенти се кандидати?
Со годините доаѓа до промени на лицето и вратот кои го отсликуваат нормалниот процес на стареење. Генетските фактори, сончањето и начинот на нега на кожата се дел од факторите кои влијаат на процесот на стареење. Кандидати за оваа интервенција се оние пациенти кои имаат опуштена и висечка кожа на лицето и вратот која им дава изглед на уморни и стари лица, длабоки назолабијални бори, бори на челото, губење на масното ткиво и промена на контурите, изразено опуштена кожа во предел на мандибулата односно долната вилица (јowls), губење на линијата на долната вилица (јowls lines), опуштеност на кожата и мускулите на вратот (turkey neck).
Детали за хируршките лифтинг техники
Хируршкиот лифтинг на лице (face lifting) e процедура со која се постигнува затегнување на кожата и поткожното масно ткиво, со или без манипулирање на СМАС (Superficial Musculo-Aponeurotic System) при што се отстранува вишок на кожа, со криење на лузните во природните набори на кожата и косата. Постојат 2 групи на лифтинг во зависност од тоа дали се манипулира со СМАС или не, разликуваме: СМАС лифтинг (Superficial Musculo-Aponeurotic System (SMAS) Facelift, Deep Plane Facelift ) или кожен лифтинг (Subcutaneous Facelift, Deep Subcutaneous Facelift ). Со оваа процедура може да биде опфатено целото лице (full face lifting), може да биде третиран само долниот дел од лицето (lower facelift, mini facelift, S-lift), може да биде третиран само средниот дел од лицето (mid-facelift, lip lift), и може да биде третиран само горниот дел од лицето (upper facelift, forehead lift, temporal brow lift).
Детали за нехируршка лифтинг техника
Лифтинг на лицето и вратот со нехируршка метода, односно со поставување на специјални назабени конци (Thread Lift) претставува интервениција при која со поставување на специјално изработени назабени конци, во локална анестезија се постигнува затегнување и подигнување на кожата на лицето и вратот. Конците се поставуваат со канила како што всушност се пакувани од производителот. Предност на оваа интервенција е тоа што се постигнува лифтинг без да се изврши хируршки зафат, односно со намалување на ризикот од компликации од општа анјестезија, отворена хирургија, нема лузна и не е потребена постоперативна болничка нега. Интервенцијата е погодна за мажи и жени од 30-50 год. Се постигнува 10 – 15 години помлад изглед, а ефектот трае до две години.
Затоа оваа интервенција е одличен избор за пациентите кои не сакаат да подлегнат на хируршки лифтинг и кои сакаат брзо враќање во социјалниот живот. Постои разновидна палета производи која е на располагање секако во зависност од ефектот кој што сакаме да го постигнеме. Има специјални конци за подигнување на веѓите, конци за подигнување на врвот на носот, конци за корекција на проминентни уши, конци за подигнување и затегнување на кожата на средна и долна третина на лицето, конци за затегнување на вратот, конци за пополнување на бори, конци за корекција на подочници итн.
За консултација и совети закажете термин кај нашите пластични хирурзи на 02/3091-484.