Клиника Жан Митрев повторно со поддршка за младите, спортот и здравата иднина

Со гордост го споделуваме нашето учество како медицински партнер на овогодинешниот кошаркарски турнир SLAMJAM Skopje. Овој настан кој се одржа минатиот викенд на 14-ти и 15-ти јуни, го претвори Скопје во арена на спортски дух, енергија и младешки ентузијазам.

Како клиника посветена на здравјето и добросостојбата, веруваме дека вложувањето во спортот е вложување во здрава иднина. Преку нашата поддршка, испраќаме јасна порака: младите се двигатели на иднината, а спортот е патот кон дисциплина, тимска работа и фер игра.

Нека SLAMJAM биде место каде што се раѓаат нови шампиони, се градат пријателства и се слави спортската страст.

Клиника Жан Митрев – секогаш со вас, за здравје, за иднината, за спортот.

Хуманост на дело – Традиционална крводарителска акција во Клиника Жан Митрев

И овој пат, во духот на солидарноста и хуманоста, Клиника Жан Митрев заедно со Blood Bank TENK, Институтот за Трансфузиона медицина и доборволците од Црвениот Крст, успешно ја реализираше традиционалната крводарителска акција. Оваа година под слоганот: ,,Дарувај крв, дај надеж,, со оваа акција беше одбележан и меѓународниот ден на крводарувањето, при што учество зедоа сите вработени како медицински, така и немедицински персонал.

Со заедничка цел – да помогнеме таму каде што е најпотребно, уште еднаш покажавме дека дарувањето крв е најчистиот израз на човечност и грижа за другите.

Оваа акција претставува наш континуиран придонес кон здравствениот систем и директна помош за пациентите на кои им е неопходна крв. Со секоја дарувана доза, се спасуваат животи – а тоа е вредност која ја негуваме секојдневно во нашата институција.
Дарувај крв – дарувај живот!
Заедно сме посилни, заедно помагаме.

Брзо и едноставно решавање на крипторхидизам или состојба на неспуштен тестис

Крипторхидизам е состојба при која тестисот се нема спуштено во скротумот, односно се наоѓа сокриен во внатрешноста на телото. Ваквата состојба е вродена и една од најчестите кај машки деца.
Состојбата сама по себе не е многу ризична. Но, може да биде поврзана со неплодност. Поради поголемата топлина на телото во тој дел, постои можност неспуштениот тестис да атрофира и со тоа да се намали квалитетот и квантитетот на сперматозоидите. А постои и поголем ризик неспуштениот тестис да развие малигно заболување.

Важно е да се знае дека има начин за третман и лекување. Истиот е хируршки и се нарекува орхидопексија. Оперативната интервенција се состои од рез на ингвиналниот канал од каде се бара тестисот, по негово целосно ослободување се прави лежиште во скротумот и низ ингвиналниот канал се спушта и фиксира тестисот во скроталната ќеса за да не може повторно да се врати.

Ингвиналниот канал се реконструира со затворање на слоевите по природен распоред (метода по Феррари). Кожата се затвора со интадермални конци што не се вадат. Лузната е мала и по неколку месеци не се ни познава. По операција останува мало памукче на фиксираниот тестис, тоа најчесто се вади по 3 недели.
Идеално е оваа состојба да се реши пред пубертет. Но, секако операцијата може да направи и понатаму во било кој период од животот.
Оваа состојба во нашата клиника се третира од страна на нашите хрирурзи уролози д-р Горан Јовиќ, д-р Горан Балевски и д-р Виктор Грујевски.

За совети и препораки поврзани со оваа проблематика закажете преглед на 02/3091-484

Клиника Жан Митрев на МТБ Маврово 2025!

На 8 јуни бевме дел од неверојатната Велосипедска тура МТБ Маврово 2025, заедно со премиум брендот Ортомол и над стотина планински велосипедисти!
💪 Поддршката за спортот и здравиот животен стил е дел од нашата мисија. Покрај ракомет, фудбал и кошарка, сега со сето срце застанавме зад искачувањата, спустовите и авантурите на две тркала.
📍 Рутата: Леуново – Мавровско Езеро – Галичник – Национален парк Маврово.
Природа, енергија и спортски дух на едно место! 🌄
🎯 Како клиника, веруваме во иднина каде што младите се активни, здрави и мотивирани. Затоа вложуваме, поддржуваме и охрабруваме – спортувај, живеј здраво, движи се со нас!

Го подржуваме спортскиот дух и здравјето на младите

Клиника Жан Митрев продолжува да го подржува спортот, особено кога станува збор за младите. Со обезбедување медицинска екипа, на почетокот на мецес јуни, учествувавме на детскиот фудбалски куп во организација на Фудбалската академија Александро. Домаќините пречекаа над 60 екипи од регионот и се погрижија за спорскиот дух и фер играта. А, нашиот тим гарантираше безбедност и здравствена заштита во текот на сите 4 дена додека се одржуваше купот.
На младите фудбалери им посакуваме многу победи, а пред се негување на фер плеј игра, искрено дружење и тимскиот дух!

Доделени благодарници од Лекарската комора

Лекарската комора одбележувајќи ја 33 годишнината од своето постоење како самостојна професионална организација на лекарите во нашата земја, им додели благодарници за сите оние доктори кои покажаа исклучителна стручност, пожртвуваност и хуманост и беа вклучени во спасувањето и третманот на повредените од пожарот во дискотеката во Кочани.
Тимот од нашата клиника, предводен од д-р Жан Митрев, исто така доби благодарници за исклучителниот ангажман при третман на настраданите кои се лекуваа во нашата клиника.

„Докторите не се само доктори, тие се истражувачи, иноватори, едукатори, тие се носители на надеж и поддршка за секој пациент. Нивната посветеност на животот и здравјето на поединецот е темел на јавното здравје и социјалната стабилност. Докторите се двигатели на медицинскиот напредок, постојано барајќи нови решенија и терапии за да се подобри квалитетот на животот. Унапредувањето на нивниот статус, преку обезбедување подобри услови за работа, континуирана едукација и економско зајакнување, не е само прашање на фер однос кон нив, туку и инвестиција во иднината на целото општество“ – рече претседателката на ЛКМ проф. д-р Калина Гривчева-Старделова при доделување на благодарниците.

Ова е мал гест за огромниот подвиг, но е искрен чин на благодарност за нивната беспрекорна посветеност на животот и здравјето на луѓето.
Лекарска комора е формирана на 5 јуни 1992 година, на иницијатива на неколку доктори од Македонското лекарско друштво. Првата конститутивна седница на Собранието на Комората е одржана во просториите на Воената болница. Десет години подоцна Комората добива јавни овластувања за издавање на лиценци за работа, организирање на полагање стручен испит и акредитација на настаните од континуираната медицинска едукација, со што се воспоставува многу значаен систем за регулирање на медицинската професија кој директно нè приближува до европските стандарди.

Хроничен риносинусит – модерната ОРЛ хирургија има решение

🔹 Што е хроничен риносинузитис?

Хроничниот риносинузитис претставува воспаление на синусите кое трае повеќе од 12 недели и не реагира доволно на медикаментозна терапија. Често е предизвикан од:

  • Инфекции (бактериски или габични)
  • Назални полипи
  • Алергии
  • Анатомски неправилности (девијација на носната преграда, тесни синусни канали)
  • Пореметена мукоцилијарна дренажа

🔧 Хируршки метод: Функционална ендоскопска синус хирургија (FESS)

Ова е најчесто користената техника за третман на хроничен риносинузитис. Минимално инвазивна – еднодневна хирургија /one day surgery. Се изведува со помош на ендоскопи (тенки инструменти со камера) кои се внесуваат низ ноздрите. Без потреба од надворешни резови, се отстрануваат:

• Задебелени или инфицирани слузници
• Назални полипи
• Блокади во природните отвори на синусите.

Во некои случаи се комбинира со:
• Септопластика (исправување на носната преграда)
• Турбинопластика (намалување на носните школки).

✅ Предности од хируршкиот третман

  1. Ослободување на дренажата на синусите
    – Овозможува нормален одвод на секрет и подобра вентилација на синусите.
  2. Намалување на фреквенцијата на инфекции
    – Пациентите имаат помал број егзацербации и помала потреба за антибиотици.
  3. Подобрување на носното дишење
    – Се намалува чувството на “затнат нос”.
  4. Подобрување на мирисот и вкусот
    – Многу пациенти доживуваат враќање на овие сетила.
  5. Подобра ефикасност на лекови
    – Локалните спрејови или капки подобро навлегуваат и делуваат пооперативно.
  6. Подобрување на квалитетот на живот
    – Се намалува заморот, главоболките и подобрува спиењето и концентрацијата.

⚠️ Можни компликации:

Иако е минимално инвазивна, операцијата не е без ризик. Можните компликации вклучуваат:

🩸 Интраоперативни и рани постоперативни ризици:

• Крвавење: често лесно, но во ретки случаи може да побара дополнителна интервенција.
• Инфекција: иако е хируршкиот третман за хронична инфекција, нова инфекција може да се појави пооперативно.

👁️ Повреди на околните структури:

• Орбитална повреда: синусите се во близина на очите. Повреда може да доведе до оток на очниот капак, модрици или привремено нарушување на видот.
• Цереброспинален ликвор (CSF) истекување: многу ретко, ако се оштети покривот на етмоидалниот синус (дел од основата на черепот).

🔄 Долгорочни компликации:

• Рецидив на симптомите: особено кај пациенти со алергии или астма.
• Создавање на лузни или адхезии: што може повторно да ги блокира синусите.
• Промена во мирисот: ретко, но можно е трајно губење на мирис.

🕐 Постоперативен тек и нега

Првите неколку дена:
• Можна е благо до умерено крвавење.
• Назален секрет со крв.
• Чувство на притисок во лицето или мала болка.

Важни препораки:
• Редовни назални испирања со физиолошки раствор.
• Контроли кај оториноларинголог за отстранување на красти и следење на заздравувањето.
• Избегнување на интензивна физичка активност.
• Придржување кон препишаната терапија (антибиотици, кортикостероиди, аналгетици).

🧾 Заклучок

Хируршкиот третман на хроничен риносинузитис, особено со FESS техниката, нуди висока успешност и значително подобрување на симптомите кај пациенти кај кои терапијата не дала резултат. Сепак, потребна е добра селекција на пациенти и правилна постоперативна нега за да се минимизираат компликациите и да се постигне траен резултат.

Тројка надеж: Во Клиниката Жан Митрев на свет донесени три предвремено родени бебиња – Мелис, Мира и Малахат во 31-та гестациска недела

На 4 јуни 2025 година, во Клиника Жан Митрев на свет беа донесени три предвремено родени бебиња – Мелис, Мира и Малахат – од природно зачната тројна бременост, реткост во современата медицина. Родени со царски рез 9 недели пред очекуваниот термин, во 31-та гестациска недела, новороденчињата моментално се во стабилна состојба и се згрижени во Центарот за мајка и бебе под надзор на неонатолозите. Тие добиваат неинвазивна респираторна поддршка (CPAP). Виталните параметри се стабилни и медицинските тимови внимателно ги следат со надеж за брзо заздравување и отпуштање дома.

Првото новороденче, Мелис, тежи 1390 грама и е долго 42 см. Второто бебе, Мира, тежи 1270 грама и е долго 36 см. Третото предвремено родено бебе, Малахат, тежи 1340 грама и е долго 40 см. Бременоста се развивала природно, без медицинско потпомогнато оплодување, од три оплодени јајце-клетки. Целокупниот процес на следење, водење и породување беше изведен од мултидисциплинарен тим од врвни гинеколози акушери, неонатолози, акушерки и неонатолошки сестри, со користење на најсовремена опрема и протоколи.

Пренаталната грижа започна од 11-та гестациска недела и беше водена од прим. д-р Љупчо Петровски, д-р Јелена Голубовиќ Симјановски и д-р Ненад Лазаров. За време на хоспитализацијата пациентката беше следена од д-р Владимир Кижески. Породувањето со царски рез беше извршен од тимот предводен од д-р Менду Јегени, во соработка со д-р Кижески, д-р Саша Јовчевски, д-р Голубовиќ Симјановски и анестезиолозите д-р Марко Ѓоргон и д-р Сања Маринковиќ. Бебињата беа веднаш преземени од три педијатриски тима под водство на д-р Рената Димитроска – субспецијалист по неонатологија, заедно со педијатрите д-р Весна Деловска, д-р Маја Ангелеска Викторијоски, д-р Катерина Димовска и д-р Милена Спирковска.

„Нивното доаѓање на свет ни донесе огромна радост, но и потврда дека кога знаењето, искуството и современата технологија се здружат, можеме да ги надминеме и најголемите предизвици. Мелис, Мира и Малахат се наши мали херои,“ изјави тимот од Центарот за мајка и бебе.

Во последните три децении, стапката на повеќеплодови бремености е зголемена за 70%, а тројните бремености од природен пат – како оваа – се вистинска реткост. Ова породување претставува не само медицински успех, туку и симбол на надеж, живот и хуманост. На нивната мајка, г-ѓа Мубеџел Бектешова од Скопје, ѝ посакуваме брзо закрепнување, а на Мелис, Мира и Малахат – живот исполнет со љубов, здравје и сила.