Влијанието на летниот период врз невролошките болести

Превентивни совети за пациентите

Летниот период се одликува со високи температури, зголемена влажност и чести промени во дневната рутина – фактори кои кај повеќето луѓе можат да предизвикаат непријатност, но кај лицата со хронични невролошки болести тие претставуваат значителен ризик за влошување на здравствената состојба.

Пациентите со дијагностицирани невролошките заболувања, како што се: мултипла склероза, епилепсија, паркинсонова болест, мозочен удар, мигрена, и други, се особено чувствителни на влијанието од надворешните фактори. Високите температури можат да ја нарушат терморегулацијата, да предизвикаат дехидратација, замор, пад на крвниот притисок или дестабилизација на веќе воспоставена терапија. Тоа може да резултира со влошување на симптомите, појава на нови невролошки тегоби или зголемен ризик од акутни настани како мозочен удар или епилептичен напад.

Токму затоа, свеста за овие ризици и навременото преземање на соодветни превентивни мерки е од суштинско значење – како за самите пациенти, така и за нивните семејства.
Повеќе детали на оваа тема прочитајте од текстот на д-р Елеонора Лазарова – специјализант по неврологија

Невролошки болести кои се влошуваат во лето и превентивни совети за справување

Во летните месеци, високите температури, зголемената влажност и дехидратацијата можат да доведат до влошување на симптомите кај повеќе невролошки болести. Подолу е опишано како истите делуваат кај различните состојби поединечно заедно со совети за полесно справување.

Мултипла склероза (МС)

Летните горештини предизвикуваат пораст на телесната температура, што го нарушува преносот на нервните импулси. Пациентите можат да почувствуваат замор, слабост, заматен вид и нарушена рамнотежа. Овој ефект е познат како феномен на Утоф.
🔹 СОВЕТ
– Избегнувајте топли бањи, туширајте се со млака вода.
– Останете во климатизирани простории.
– Намалете физичка активност при високи температури.

Мигрена

Високите температури, изложеноста на силна светлина, нередовниот сон и дехидратацијата се чести тригери за мигренозни напади. Во лето, овие фактори се поизразени, па нападите може да станат поинтензивни и почести.
🔹 СОВЕТ
– Јадете редовно, спијте доволно и избегнувајте трепкачка светлина.
– Носете очила за сонце и шапка.
– Избегнувајте храна и пијалаци што предизвикуваат напади.

Епилепсија

Топлината и недостатокот на течности може да ја нарушат електричната активност во мозокот. Дополнително, нередовно земање лекови (поради патувања или заборавеност) може да доведе до зголемен ризик од напади.
🔹 СОВЕТ
– Не заборавајте лекови.
– Одморајте доволно и пијте многу течности.
– Избегнувајте стрес и прегревање.

Мозочен удар (исхемичен и хеморагичен)

Во лето, дехидратацијата ја згуснува крвта, а топлината го дестабилизира крвниот притисок. Овие состојби го зголемуваат ризикот од тромбоза или крварење во мозокот. Лицата со хипертензија, срцеви заболувања или претходен удар се особено ранливи и треба да внимаваат.
🔹 СОВЕТ (преживеани или со ризик):
– Контролирајте го притисокот и шеќерот.
– Внесувајте доволно течности.
– Не престанувајте со терапија.

Паркинсонова болест

Пациентите често имаат нарушена регулација на телесната температура. Во лето, можат да доживеат вртоглавици, падови, замор, па дури и нарушено дејство на лековите поради дехидратација.
🔹 СОВЕТ
– Контролирајте го редовно крвниот притисок (особено наутро).
– Консултирајте се со лекар доколку почувствувате слабост или несвестица.
– Внимавајте на дехидратација – влијае на лековите.

Алцхајмерова болест и други деменции

Топлината и промените во околината можат да ја зголемат збунетоста, раздразливоста и агитацијата. Пациентите често не чувствуваат жед, па ризикот од дехидратација и топлотен удар е висок.
🔹 СОВЕТ
– Потсетувајте ги пациентите да пијат вода.
– Овозможете им рутина и мирна околина.
– Избегнувајте изложеност на топлина без надзор.

Миастенија гравис

Оваа автоимуна болест се карактеризира со мускулна слабост, која се влошува при топлина и физички напор. Во лето, симптомите можат да станат поизразени, особено во мускулите за голтање, движење на очите и дишење.
🔹 СОВЕТ
– Одморајте често.
– Избегнувајте сонце и напор.
– Контактирајте лекар ако се влошат симптомите на голтање или дишење.

Периферни невропатии (дијабетична)

Топлината може да ја засили болката, пецкањето или горењето во рацете и нозете, особено кај лица со дијабетес или други метаболни нарушувања.
🔹СОВЕТ
– Избегнувајте топлина на нозете (на пр. топол под).
– Одмор и лесна облека помагаат при непријатности.

Автономна неуропатија

Кај пациенти со нарушена функција на автономниот нервен систем, телото потешко се адаптира на високите температури. Ова води до пад на крвниот притисок, вртоглавици, па дури и несвестица.
🔹 СОВЕТ
– Станувајте полека од седечка или лежечка положба.
– Одржувајте сол и вода во организмот според препорака на лекар.
Грижата за овие пациенти во топлите периоди не е луксуз, туку неопходност – и таа треба да биде приоритет за секој здравствен работник, негувател, но и самите пациенти и нивните семејства.

    Како функционираат нашите бубрези?

    Бубрезите се органи од есенцијална важност за човечкото тело. Нивната функција има витално значење за врамнотежено функционирање на организмот. Тие ја филтрираат нашата крв, ги елиминираат токсините, ја регулираат водата и солта во телото. Но, дали навистина знаете како тие функционираат и што се случува кога нешто тргнува наопаку?
    Во оваа статија, тимот од Одделот за нефрологија во Клиника Жан Митрев појаснува каква е улогата која вашите бубрези ја имаат за вашето здравје? и во кој случај треба да се консултирате со специјалист?

    Што прават бубрезите?

    Имаме два бубрега, кои се сместени од двете страни на ‘рбетот, веднаш под ребрата. Секој содржи околу милион ситни филтрирачки единици наречени нефрони. Нивната работа е континуирана, тивка и многу ефикасна.

    Главните функции на бубрезите се:

    • Филтрирање на крвта – тие ги отстрануваат отпадните производи (како што се уреа и креатинин) и вишокот вода, која потоа се излачува како урина.
    • Регулирање на крвниот притисок – преку контролирање на волуменот на течности и ослободувањето на хормони како што е ренинот.
    • Балансирање на минералите и електролитите како што се натриум, калиум, калциум и фосфор.
    • Произведуваат хормони кои помагаат во формирањето на црвените крвни зрнца (еритропоетин) и одржувањето на здрави коски (активирање на витамин Д).
      Што се случува во нашето тело кога нашите бубрези не функционираат правилно?
      Бубрежните заболувања можат да се развиваат тивко со години. Честопати, симптомите не се појавуваат сè додека функцијата на бубрезите не е сериозно нарушена. Затоа редовните прегледи се исклучително важни. Ова особено се однесува за пациенти со фактори на ризик како што се хипертензија, дијабетес, семејна историја или кардиоваскуларни заболувања.

      Предупредувачки знаци:
    • Оток на нозете, глуждовите или лицето
    • Постојан замор
    • Пенеста, многу темна или крвава урина
    • Висок крвен притисок што е тешко да се контролира
    • Губење на апетит или чести мачнини

    Што е нефролог?

    Нефрологијата е медицинска специјалност која ги проучува, дијагностицира и лекува бубрежните заболувања. Во Клиника Жан Митрев, нашите доктори специјалисти нефролози нудат услуги за сеопфатен и персонализиран пристап за спречување, откривање и лекување на најразлични бубрежни заболувања.

    Кога треба да посетите нефролог?

    • Ако имате дијабетес или хипертензија
    • Ако имате протеини или крв во урината
    • Ако имате честа надуеност или чуствувате замор без конкретна причина
    • Ако имате семејна историја на заболување на бубрезите
    • Ако едноставно сакате превентивен преглед

    Заклучок

    Вашите бубрези работат 24/7 за да го одржат вашето тело во рамнотежа. Грижата за нив значи грижа за вашето целокупно здравје. Во Клиника Жан Митрев, тимот специјалисти нефролози ви стои на располагање за помош и решение во секоја фаза: од превенција до специјализиран третман.

    Закажете го вашиот преглед на 02 3091 484

    Оперирана 29 годишна пациентка од странство, со тумор во спиналниот канал од страна на неврохируршкиот тим во Клиника Жан Митрев

    Во клиниката Жан Митрев е оперирана 29 годишна пациентка од странство, со тумор во спиналниот канал во предел на сакралната коска од страна на неврохируршкиот тим, предводен од проф. д-р Владимир Рендевски

    Пациентката е на 29 години, со повеќе месечни болки во предел на крстот и по должината на десната нога, кои не рагираа на претходна терапија. По направените дијагностички процедури се детектираше туморска формација во ‘рбетниот канал во предел на сакралната коска, кој вршеше изразен притисок врз соодветните нервни корени.

    Со помош на микроневрохируршка техника, нашиот тим предводен од проф. д-р Владимир Рендевски, изврши ефикасно и прецизно изолирање на туморскиот процес од соседните нервни структури во спиналниот канал, при што истиот беше одстранет во максимално можни граници, со што овозможи значајно подобрување на клиничката симптоматологија кај нашата пациентка.

    Со оваа операција, а и со претходните операции на мозок и ‘рбетниот столб, Клиничката болница Жан Митрев, комплетно и во целост ги извршува сите неврохируршки процедури што се работаат во нашата земја, а од скоро започна и со целосна покриеност за сите итни неврохируршки состојби кои нашиот тим ги покрива 24 часа во сите денови од неделата.

    Како подобро да се храните за зајакнување на вашите коски

    ,,Пиј млеко-потребно ти е за да имаш цврсти коски,,- често пати ова беше фразата со која нашите родители во детството ја придружуваа секоја чаша млеко.
    Факт е дека млекото содржи калциум кој е еден од клучните елементи за цврсти коски. Во детството и адолесценцијата се оформува коскеното ткиво, но здравјето и цврстината на коските нам ни се потребни во текот на животот па од тука можеме да заклучиме дека за коските треба да продолжиме да се грижиме и понатаму во животот.

    Нашите коски го поддржуваат нашето тело. Тие ни овозможуваат да се движиме и да го заштитиме нашиот мозок, срце и други органи од оштетување. Тие исто така во текот на животот зависно од здравствената состојба и животната доба постојано се менуваат.

    Телото во континуитет продуцира коскена маса која ја подржува цврстината на коските. Во младоста кај секоја индивидуа, создавањето на коскена маса е побрзо отколку губењето на истата. Максимална коскена маса се создава до 30та година, што значи дека на таа возраст нашите коски се со максимална густина и цврстина, додека по 50-годишна возраст, почнуваме да губиме од цврстината на коските бидејќи телото побрзо губи отколку што обновува коскена маса.

    Жените во периодот на менопауза (под влијание на хормоналните промени) губат до 2% од коскената маса секоја година. Затоа правилната исхрана која вклучува соодветен внес на калциум и витамин Д може да го намали и ризикот од остеопороза, состојба во која коските стануваат слаби и кршливи, кршејќи се дури и при мал стрес/мала траума.

    Улогата на исхраната во градењето и одржувањето на силни коски во текот на целиот живот има е од клучно значење . Витаминот Д, магнезиумот и фосфорот се исто така елементи кои помагаат во стабилизирање на нашите коски и ги штитат од повреди и оштетувања. Овие хранливи материи може да ги внесете преку храната што секојдневно ја консумирате, поддржувајќи го здравјето коските во секоја возраст. Од таа причина во понатамошниот текст сакаме да ви ги истакнеме како да си помогнете и да го одржите здрав скелетниот систем.

    Која храна го поддржува здравјето на коските?

    Храната која што секојдневно ја консумирате може да има влијание врз силата и структурата на вашите коски. Исто така, може да влијае на вашата способност го живеете по квалитетно вашето секојдневие. За одржување на здравјето на вашите коски се препорачува балансирана исхрана која вклучува:

    • Млечни производи: Млекото, сирењето и јогуртот се одлични извори на калциум. Многу млечни се збогатени со витамин Д, кој ви помага да го апсорбирате калциумот што ви е потребен за да одржувате силни коски. Млекото исто така содржи и други липосолубилни витамини кои се непоходни за здрава коскена структура како витаминот А и К.
    • Темно чоколадо: дали Ви треба изговор да јадете благо? Се покажа дека темното чоколадо е извор на магнезиум, кој заедно со фосфорот ја регулира количината на калциум што се апсорбира во коските. Уживајте во умерени количини темно чоколадо, додека внимавате и го ограничувате вкупниот внес на шеќер.
    • Масна риба: Конзумирањето масна риба е клучно за одржување на силни коски, благодарение на уникатната комбинација на хранливи материи. Првенствено рибата е извор на витамин Д-кој е суштествен за усвојување на калциумот. Масните риби (лосос, скуша, сардини) се меѓу најдобрите природни извори. Содржат Омега-3 мастински киселини кои ги намалуваат воспалителните процеси и ја поддржуваат минералната густина на коските. Содржат калциум и фосфор кои директно учествуваат во градбата на коските.
    • Храна богата со протеини: Храната богата со протеини, имаат значајни предности за здравјето на коските во подобрувањето на густината на коските. Постојат истражувања кои истакнуваат дека внесот на храна богата со протеини во комбинација со вежби за јачина помагаат во одржувањето на коскената маса, намалувајќи го ризикот од остеопороза и фрактури на коските. Ова е особено важно за лица во менопауза и за оние лица кои се соочуваат со нарушувања во исхраната и потхранетост.
    • Зелен лиснат зеленчук: Вклучете спанаќ, брокула, кељ и блитва во вашата исхрана. Сите овие зеленчуци содржат калциум и магнезиум за поддршка на здравјето на коските.
    • Јаткасти плодови и семки: Дополнете ја вашата салата со бадеми и ореви, кои се извори на магнезиум. Посипете чиа или афионово семе во вашите омилени рецепти за да додадете уште повеќе калциум и омега 3 масни киселини во вашата исхрана.
    • Цели зрна: Покрај тоа што обезбедуваат влакна, лебот и тестенините од цело зрно, како и кафеавиот ориз, се исто така извори на магнезиум и фосфор. Целите зрна не само што ќе ви помогнат да ја регулирате вашата тежина и да останете сити, туку тие исто така го поддржуваат здравјето на вашите коски.
    • Умерено изложување на сонце: Сончевата светлина е добар извор на витамин Д.

    Додатоците во исхраната

    Храната може да биде идеален извор кој ни ги обезбедува сите нутриенти за здрави и цврсти коски но витаминските додатоци исто така можат да бидат корисни. На пример, многу возрасни лица имаат недостаток на витамин Д и можат да имаат корист од додаток за поддршка на апсорпцијата на калциум.
    Популацијата со нарушувања во исхраната или кои земаат одредени лекови, како што се стероиди, исто така може да бидат изложени на ризик од губење на коскената маса.
    Консултирајте се со вашиот лекар или нутриционист пред да земете какви било додатоци во исхраната. Крвниот тест може да го открие нивото на хранливи материи во вашето тело.

    Не заборавајте на вежбањето и здравите навики

    Исхраната е само една компонента која би ни обезбедила здрави коски. Заедно со здравата исхрана, се препорачува промена во некои секојдневни навики во стилот на живеењето со цел одржување на цврстината на коските:

    • Вклучете вежби со тежини: Пешачењето, џогирањето и вежбањето го подобруваат здравјето на коските. Секоја вежба со тегови може да ви помогне да ја одржите густината на коските и да го намалите ризикот од развој на остеопороза.
    • Престанете со пушење: Покрај тоа што го зголемува ризикот од состојби како што се рак на белите дробови и срцеви заболувања, никотинот може да го забави производството на клетки кои создаваат коски во телото. Пушењето, исто така, може да има негативно влијание во способноста на вашето тело да апсорбира калциум, што е клучно за одржување на цврстината на коските.
    • Ограничете го алкохолот: Вишокот алкохол може да ги уништи клетките што создаваат нова коскена маса, забавувајќи го процесот на обновување на коските. Алкохолот може да го зголеми и паратироидниот хормон, што предизвикува губење на калциум и намалување на вкупната маса и сила на коските.

    Иако врвот на цврстината на коските го достигнуваме до 30-годишна возраст, никогаш не е предоцна да преземете чекори за зајакнување на коските. Комбинирајте балансирана исхрана со вежбање и здрави животни навики за да бидете активни во текот на целиот живот.

    5 природни начини за одржување нормално ниво на естроген

    Секој ден во нашето тело се произведуваат и циркулираат десетици различни хормони. Кај жените, еден хормон е особено одговорен за голем број проблеми и тегоби, тоа е естрогенот.
    Можеби тој е најпознатиот и најчесто спомнуван хормон кај жените. И не е ни чудо: дисбалансот на естрогенот предизвикува бројни здравствени проблеми кај жените.

    Превисоко ниво на естроген

    Кога нивото на естроген е над нормалата, односно се лачи зголемена количина на естроген, можат да се појават проблеми како што се: несоница, зголемување на телесната тежина, варирање на килограмите, бавен метаболизам, проблеми со репродуктивниот систем како синдром на полицистични јајници, а и проблемите со косата и кожата се прилично чести.

    Ниско ниво на естроген

    Знаци дека вашето тело не произведува доволно естроген се: намален сексуален нагон, нестабилни емоции, зголемување на телесната тежина, депресија, анксиозност и опаѓање, проретчување на косата. Ова се само дел од симптомите.
    Но, нарушувањата на хормонскиот баланс може да предизвикаат и други пореметувања во организмот. Затоа, доколку имате какви било симптоми или прашања во врска со нарушените нивоа на естроген во вашиот организам, консултирајте се со лекар.

    Имајќи го во предвид сето ова, предлагаме 5 корисни начини како да одржите добро ниво на естроген:

    Утврдете дали дигестивниот систем ви функционира нормално
    Истражувањата покажуваат дека правилното функционирање на вашите црева игра улога во одржување на рамнотежата не само на естрогенот, туку и на сите останати регулациони механизми на хормоните општо. Проблеми како што е оштетувањето на цревната обвивка, познат како зголемена интестинална пропустливост или синдром на протекување на цревата, но и други дигестивни проблеми, може да укажуваат на тоа дека нема доволно корисни бактерии што ги обложуваат вашите цревни ѕидови. Тоа пак значи дека можеби ќе биде потребно да се зголеми внесот на пробиотици. Прашајте го вашиот лекар или нутриционист за избор на квалитетен пробиотик и како да го вклучите во вашата секојдневна рутина на додатоци во исхраната. Секако корисно е конзумирањето на ферментирана храна како комбуха, кефир или кисела зелка.

    Подобрете ја вашата исхрана
    За да поддржите правилната хормонална функција, зголемете го внесот на овошје и зеленчук. Користете масла што се богати со масни киселини и омега-3, како што е маслиновото масло. Избегнувајте високо преработена храна и засладени производи.

    Одберете ЕКО
    Хемикалиите во домаќинството на кои сме изложени секојдневно може да играат улога врз ендокриниот систем, што влијае на рамнотежата на естрогенот. На пример, пластичните садови за храна, често содржат хемикалии кои се штетни за ендокриниот систем, како што се BPA. Исто така голем дел од средствата за чистење и козметичките производи содржат синтетички супстанции кои дејствуваат како природни хормони во телото, а не се. Доколку внимателно изберете поприродни брендови средства за чистење, нега на кожа и шминка, можете истовремено да влијаете позитивно на животната средина и сопственото здравје.

    Престанете да се стресирате
    Високото ниво на стрес е поврзано со дисбаланс на хормоните, вклучувајќи го и естрогенот. Така при стрес, нашето тело произведува кортизол кој има за цел да се справи со стресот. Но за да се создаде кортизол потребно е да има прогестерон кој е друг женски хормон контратежа на естрогенот. Ова во превод би значело повеќе стрес, повеќе кортизол, помалку прогестерон односно нарушена рамнотежа, сооднос прогестерон-естоген. Што значи дека естрогенот повеќе не е „под контрола“ туку има можност да се зголемува.
    Обидете се да го намалите стресот со тоа што ќе одвоите време за себе, за медитација, прошетка, рекреација или читање добра книга. Забавувајте се и грижете се за себе и вашето ментално здравје.

    Спијте повеќе
    Телото се обновува додека спиете, а регулирањето на хормоните е дел од циклусот на обнова на телото. Ако не спиете доволно, хормонската нерамнотежа може да биде една од последиците. Обидете се да ја направите поудобна вашата просторија за спиење со помош на тивка музика, завеси што блокираат светлина или нова перница. Сето тоа може да помогне.

    Доколку имате некој од симптомите наведени погоре или сте загрижени за вашиот хормонален статус, нашиот медицински тим ви стои на располагање со цел да се идентификуваат потенцијалните проблеми и да се направи пригоден план за третман. Контактирајте нѐ на 02 3091 484

    Коронарографија – брза и безбедна процедура пред секоја операција на срце

    Излегувајќи во пресрет на  пациентите кај кои е препорачано изведување на кардиохируршка операција, а пред тоа, предоперативна коронарографија, едно потсетување: предоперативната коронарографија во Клиничка болница Жан Митрев и понатаму е бесплатна.
    Коронарографијата претставува златен стандард во кардиодијагностиката и служи за да се откријат заболувања на срцевите артерии и да се утврди нивно стеснување или запушување.

    Истата ја изведува нашиот искусен тим интервентни кардиолози во ангиографската хибридна сала во клиниката опремена со најновиот ангиограф Philips Azurion 7 кој се одликува со добра резолуција, јасен приказ на артериите и ниска доза на зрачење.

    Процедурата е релативно безболна, безбедна и трае десетина минути. Се работи најчесто преку артерии на раката, под локална анестезија со контрастно средство и е неопходна за секој пациент кај кој се планира операција на срцето.

    Врз основа на актуелниот договор со ФЗОМ секоја коронарографија која претходи на операција на срцето во Клиничка болница Жан Митрев е бесплатна, и се изведува по направен преглед од нашите кардиолози.

    За информации и закажување јавете се на 02/3091-484.

    Скинат латерален менискус на колено

    Латералното кинење на менискусот е повреда на коленото која влијае на ‘рскавицата на надворешната страна од зглобот на коленото. Оваа ‘рскавица всушност делува како еден вид амортизер и помага во стабилизирањето на коленото.
    Кинењата може да се појават поради ненадејни движења на извиткување, извртување, особено при спортување. Но, може да биде и од абење поврзано со стареењето.

    Симптомите вклучуваат: болка на надворешната страна на коленото, оток, чувство на кликање или пукање и тешкотии при целосно исправување или свиткување на коленото.

    Причини може да има повеќе:

    1) Трауматски повреди
    Ненадејните движења кои вклучуваат извиткувања или извртувања, особено додека стапалото е фиксирано, може да предизвикаат странично кинење на менискусот, што е вообичаено во спортови како фудбал, тенис и кошарка.
    2) Дегенеративни кинења
    Со возраста или поради состојби како артритис, менискусот може да се истенчи да стане поподложен на кинење од помали движења, дури и од секојдневни активности.
    3) Комбинирани повреди
    Латералните кинења на менискусот може да се појават и во комбинација со повреди на други структури на коленото, како што е преден вкрстен лигамент.

    Симптомите се карактеризираат со:

    • Болка – обично локализирана на надворешната страна на коленото, потенцијално протегајќи се до задниот дел на коленото, која се чуствува особено при ниски чучњеви или кога коленото е во положба „фигура-четворка“.
    • Оток – коленото може да отече, почнувајќи од благ до значителен оток.
    • Механички симптоми – пациентите може да доживеат кликање, пукање или заклучување во коленото и тешкотии при целосно истегнување или свиткување на коленото.
    • Нестабилност – некои лица може да чувствуваат дека коленото е нестабилно или дека попушта.

    Дијагноза

    За да се постави точна дијагноза потребно е да се направи:

    • Физички преглед при кој лекарот ќе го процени коленото за чувствителност, опсег на движење и стабилност.
    • Снимање со РТГ кои можат да исклучат други состојби и МРИ скенирања кои даваат детални слики од менискусот и околните ткива со цел да се потврдат/исклучи кинење.
    • Мекмареј тест – овој тест вклучува свиткување и ротирање на коленото за да се провери болка или кликање, што може да укажува на кинење на менискусот.

    Третмани

    • Конзервативен третман: Одмор, мраз, компресија и подигнување, лекови против болки и физикална терапија често се прва линија на третман за помалку тешки кинења.
    • Хируршка интервенција која може да биде артроскопско скратување (менискектомија) или поправка, во зависност од видот и локацијата на кинењето и нивото на активност на пациентот. Кинењата во надворешната третина од менискусот понекогаш можат сами да заздрават поради подобро снабдување со крв.

    Опоравување

    При нехируршки/конзервативен треман, закрепнувањето може да трае неколку недели, со постепено враќање на активностите како што се подобруваат симптомите.
    При хируршки третман, закрепнувањето може да трае неколку месеци, а физикалната терапија игра клучна улога во враќањето на силата и опсегот на движење. Истата може да биде комбинирана со апликација на ПРП која го забрзува заздравувањето.

    Што е тоа резонантна електромагнетофореза – GunaPhoresis?

    Резонантната магнетофореза е нова неинвазивна метода која користи специјален апарат – генератор на магнетно поле (ELF) со екстремно ниски фреквенции (<100 Hz) и низок интензитет (<100 Гаус), што ја зголемува пропустливоста на клеточната мембрана. Овој нов инструментален третман, со помош на специфичниот уред за магнетофореза, врши локално воведување на прочистен колаген во длабочина и до 3 сантиметри под кожата. При ова, се избегнува инвазивниот начин на администрирање на колаген со игла.

    Апаратот GUNAPHORESIS (GPH) со кој се спроведува оваа метода, овозможува апсорпција на колаген до 99% и за разлика од инвазивната метода при која пациентот треба да биде боцнат до 8 пати при еден третман за да се аплицира соодветна доза колаген, овде, истата доза се внесува со помош на уредот за само 15 минути и навлегува преку кожата на максимална длабочина до 3cm преку до ткивата или зглобовите.

    За што може да помогне оваа терапија?

    • болки во зглобовите и мускулите,
    • дископатија,
    • артритис,
    • спортски повреди,
    • исчашувања,
    • невролошки заболувања
    • рехабилитација по мускулно-скелетни повреди,
    • постоперативна рехабилитација
    • козметички дефекти
    • лузни
    • изгореници

    Предности:

    • Се нанесува директно на погодената област.
    • Висока ресорптивност на колагенот до зглобовите и мускулите.
    • Нема топлински ефект (површински или внатрешен) – може да се примени при остеосинтеза на метали и ендопротези.
    • Не го нарушува интегритетот на кожата бидејќи низ ткивата не се спроведува електрична струја што ја прави методата пријатна и без ризик од горење на кожата.
    • Хипоалергена е, не предизвикува алергиски реакции.
    • Може да се комбинира со други лекови.
    • Може да се комбинира и со други физиотерапевтски техники.
    • Може да се третираат спортски повреди, без да се влијае на резултатот од допинг тестовите кај спортисти.

    Контраиндикации:

    • бременост;
    • отворени рани;
    • присуство на малигни формации.

    Колку третмани се потребни?

    Оптималниот број е 10 процедури кои се применуваат секој ден во текот на 10 дена, по што може да се прават процедури за одржување еднаш месечно и/или курс за одржување од 5 или 10 процедури (во зависност од состојбата на кожата) еднаш годишно.
    Ефектот на гунафорезата може да се забележи по третата постапка (а во некои случаи дури и од првата постапка), и продолжува со текот на времето. Причината за тоа е стимулацијата на природното производство на колаген во кожата, кое продолжува по завршувањето на текот на процедурите.
    Во случај на болка, ефектот на ублажување на болката се јавува повторно во првата до третата процедура. Гунафорезата е брза процедура која може да се изврши дури и за време на паузата за ручек. Времетраење на процедурата е 15-20 мин за една регија. Не се појавува црвенило или оток, клиентот може директно да излезе на отворено без оглед на надворешната температура или сончевата светлина.
    Цена на една терапија со два колагена е 3000 денари за една регија.

    Примената на GUNAPhoresis е претпочитана метода за третман на остеоартритис, повреди на мускулите, тетивите и фасциите, болки во ‘рбетот од различно потекло и спортски повреди и секако во естетската медицина.
    За да се информирате и закажете јавете се во нашиот контакт центар 02/3091-484

    Блаже Арсов
    Дипломиран физиотерапевт