,,Џеј-Џеј стент,,  – Современо безболно решение за блокиран бубрег

Хидронефрозата, уште позната како блокиран бубрег е состојба при која поради пречки во бубрежниот канал, бубрегот не може да ја испразни урината од своето корито и доаѓа до застој, до степен на преполнување.

Симптомите зависат од степенот и начинот на преполнување и може да бидат акутни или хронични, парцијално или целосно затнати. Може да се манифестираат во форма на  нагони за гадење и повраќање, покачена температура или треска, зачестена повремена и силна болка во слабината која се движи кон стомакот. Понекогаш може и да нема никаков симптом.
Оваа состојба не смее да се занемарува. Задолжителен е третман, бидејќи долгорочниот застој придонесува за намалена функција и оштетување на бубрезите.

Причините за блокирање на бубрегот може да се од различно потекло. Најчесто е предизвикано од постоење на камен во мочните патишта или чести уринарни инфекции. Понекогаш блокадата може да е вродена, или да станува збор за Ормондов синдром. Но можно е да е предизвикана и од тумори. Стеснувањето на мочоводите како резултат на третман со зрачна терапија во абдомен или мала карлица исто така предизвикува застој во бубрезите.

Доколку оваа состојба настане и во двата бубрега, тогаш се смета за ургентна состојба и мора итно да се третира, најпрво поради зачувување на бубрежната функција, но и поради навремено исфрлање на течностите од телото кои инаку би се задржале во нозете, белите дробови или абдоменот.

Во минатото оваа состојба секогаш се третирала со отворена хирургија, но по воведувањето на ендоскопските техники, третманот се врши преку природните отвори. Се мести т.н. џеј-џеј стент (J-J stent), односно цевче кое води од бубрегот до мочниот меур и има за цел да го празни блокираниот бубрег. Оваа метода која вклучува вградување на ваков стент во нашата болница се применува без пациентот да почуствува болка.

Во краткотрајна интравенска анестезија пациентот заспива и не чуствува ништо. Со цистоскоп се навлегува преку природните патишта. Откако ке се најдат отворите на уретерите (мочоводите од бубрегот до мочниот меур) се инстилира контраст во нив, при тоа со рентген се прават слики со цел да се визуелизира цел уретер. Со оваа снимка доста често можат да се видат и причинителите кои го затнуваат бубрегот.  

Потоа се поставува хидрофилна жица, односно жица тенка колку влакно од коса за да може да ги надмине сите опструкции по патот, а воедно да не направи повреда по самите мочни патишта. Потоа по патот на жицата се поставува џеј-џеј стентот. Зафатот трае меѓу 30 минути и 1 час. По завршената интервенција пациентот си заминува дома.
Оваа метода може да се примени и кај трудници. Во тој случај или кај пациент ксј кој постои огромно стеснување, интервенцијата се прави со уретерореноскоп. Најпрво со мала камера се гледаат мочоводите и рачно камерата се води до бубрегот, воедно се гледаат и причинителите за настанување на стеснувањето, а потоа низ камерата се вметнува џеј-џеј стентот.

Доколку уринарните патишта се целосно блокирани и не постои никаква можност за воспоставување на пат до затнатиот бубрег тогаш понатамошниот третман опфаќа класичен хируршки зафат, каде со отворена метода се одвојува блокадата и се креира нов мочен пат на бубрегот со мочниот меур.

Постои и уште една метода која може да се примени. Тоа е перкутаната нефростома, односно привременото формирање на надворешен отвор на кожата низ кој блокираниот бубрег ќе се празни.
Оваа метода се изведува во локална анестезија под компјутерска томографија при што со игла се доаѓа до блокираниот бубрег. По патот на иглата се вградува ,,моно-џеј стент,, (MonoJ stent) или цевче преку кое бубрегот ќе се празни.

По ослободувањето на блокираниот бубрег, клучно е соодветно да се следи состојбата, односно да се прават редовни уролошки контроли со цел да се намалат ризиците за појава на инфекции, енкрустрации или непосакувани миграции на стентот.

Клиника Жан Митрев се обои во виолетово за одбележување на Светскиот ден на предвремено родени бебиња

Со одбележувањето на Светскиот ден на предвремено родени бебиња, 17 ноември, Клиника Жан Митрев повторно се придружи кон глобалната иницијатива за поддршка на најмалите борци и нивните семејства. Во пресрет на меѓународниот ден, фасадата на клиниката беше осветлена во виолетова боја, симбол на чувствителност, посебност и надеж за сите предвремено родени деца ширум светот.

Годинава, одбележувањето се одвива под мотото „Силни почетоци за надежна иднина“ (Strong beginnings for hopeful futures), со што се нагласува важноста од обезбедување квалитетна неонатална грижа уште од првите моменти на животот. Целта е да се овозможи секое предвремено родено бебе да има здрав почеток, можност за правилен раст и услови за успешна иднина.
Предвременото раѓање претставува глобален здравствен предизвик, едно од десет бебиња се раѓа пред 37-та гестациска недела, а последиците можат да бидат сериозни и долгорочни, особено за развојот на мозокот, белите дробови и видот. Затоа Светскиот ден на предвремено родени бебиња е посветен на кревање свесност за овие предизвици, на промовирање мерки за превенција и на унапредување на пристапот до современа и семејно ориентирана неонатална нега.

Овој ден ги обединува институции, медицински персонал, родители и заедници ширум светот во повик за подобри политики, постојан пристап на родителите во неонаталните интензивни оддели (NICU) и создавање услови во кои секое бебе може да преживее, да расте и да напредува.
Во Центар за мајка и бебе, кој располага со современа опрема и високо обучен тим, како и Оддел за неонатална интензивна нега (NICU), кој обезбедува третман и згрижување на предвремено родени и ризични новороденчиња, досега се родени над 170 бебиња, природно и со царски рез од кои 20 пред наполнета 37 недела. Центарот нуди целосна грижа пред, за време и по породувањето, овозможувајќи безбедност и поддршка за секоја трудница и новороденче.
Освен симболичното осветлување, Клиника Жан Митрев и оваа година низ месец ноември спроведува активности насочени кон поддршка на семејствата и промовирање на раната нега и едукација.

Со заедничка посветеност и континуирана грижа, можеме да создадеме силни почетоци за сите бебиња родени пред време, почетоци што ќе водат кон надежна и сигурна иднина.

14 Ноември-светски ден на дијабетесот

„Дијабетесот не чека – време е за акција“

Денес, речиси 285 милиони луѓе во светот имаат дијагностицирано дијабетес, а очекувањата се дека оваа бројка би се зголемила на 380 милиони во следните 20 години. Дијабетесот претставува глобална епидемија која со себе носи опасни животни последици. Може да биде причина за срцев или мозочен удар, слепило, ампутација или ослабување на бубрежната функција.

Што претставува преддијабетес?

Предјабетесот или нарушената толеранција на гликоза е сериозна состојба која му претходи на развојот на целосната форма на болеста и обично трае 10-12 години пред дијагнозата на дијабетес. Предјабетесот се јавува кај сè помлада популација. Податоците покажуваат дека ваквата појава е забележана кај 25% од екстремно обезни (дебели) деца и кај 21% од екстремно обeзни адолесценти.

Како настанува дијабетесот?

Енергијата која ја користи човековото тело е обезбедена првенствено од јаглехидратите од храната, а повеќето ј. хидрати се разложуваат до прост шеќер уште познат како гликоза. Гликозата преку крвотокот се пренесува до клетките и на тој начин го снабдува телото со енергија. Доколку го нема хормонот инсулин или кога неговото ниво континуирано надминува 7 mmol (126 mg/dL), гликозата не може да стигне до клетките и се задржува во крвта. Ваквата патолошка состојба во медицината позната како шеќерна болест или дијабетес.

Дијабетес (лат. Diabetes mellitus) е нарушување кое се манифестира со зголемување на нивото на шеќер во крвта и се појавува кога панкреасот целосно или делумно престанува да го произведува хормонот инсулин или произведениот инсулин не е ефикасен во телото.  Дијабетесот е едно од водечките хронични заболувања во светот и се јавува во два облика, дијабетес тип 1 и дијабетес тип 2.

Последните години, дијабетесот тип 2 процентуално е застапен 80-90% од вкупниот број дијагностицитрани и станува сè почест кај децата и адолесцентите, особено кај оние кои имаат семејна историја на дијабетес тип 2, или чии мајки имале дијабетес за време на бременоста. Дијабетес тип 1 е значително помалку застапен но загрижувачки е фактот дека се почесто се јавува кај дечиња од најрана возраст.

Храната и дијабетессот

  • Вметнете што повеќе зеленчук во вашата исхрана (особено зелен лиснат зеленчук). Зеленчукот е богат со диетални влакна и содржи минимална количина или воопшто не содржи шеќер. Диеталните влакна имаат улога да ја регулираат гликозата во крвта, да овозможат дополнителни бенефити во поттикнување на добрите бактерии во цревата и на организмот му дадат поголема ситост;
  • Намалете го или исклучете го внесот на „грицки“ бидејќи на тој начин се намалува лачењето на инсулинот и се регулира шеќерот во крвта;
  • Вметнете протеини во исхраната или направете баланс помеѓу проитеините и ј. хидрати.  Протеините не содржат шеќер, поспоро се разградуваат во организмот и помагаат во  стабилно ослободување на шеќер од намирниците;
  • Избегнувајте преработена храна, која може да содржи многу сол, скриени шеќери сиромашна е со диетални влакна и други хранливи состојќи;
  • Отстранете го внесот на слободни шеќери како што се газираните пијалоци, слатки, сосови. Ваквите шеќери телото брзо ги апсорбира и на тој начин влијаат на апсорпцијата на шеќер во крвта и лачењето на инсулинот;

Внимавајте на стилот на живеење.  Храната е исто така значаен дел во борбата со дијабетесот но значен дел е и физичката активност, квалитетниот и добар сон, начинот на смалување и регулирање на стресот се исто така значајни фактори за регулацијата на шеќер во крвта.

Рак на тестиси: Раната дијагноза носи огромни шанси за целосно излекување

Статистиката вели дека ракот на тестисите е најчеста форма на рак кај мажи во возрасната категорија од 15 до 45 години. Но, исто така статистички тој е од оние карциноми кои имаат висока стапка на излекување доколку се открие рано.

Тестисите се двете жлезди под пенисот, кои се одговорни за производство на сперматозоиди и тестостерон. Ракот се јавува кога малигни клетки почнуваат да растат неконтролирано во едниот (понекогаш двата) тестиси.

Симптоми на кои треба да се посвети внимание:

  • -грутка без болки во тестисот,
  • -чуство на тежина во скротумот,
  • -оток,
  • -тапа болка во препоните или долниот дел на стомакот,
  • -чуство на непријатност,
  • -промени во големината на тестисот.

Ризик фактори

Постојат неколку ризик фактори поради кои е потребно да не занемарувате било каков симптом и да посетите лекар.

Тоа се: неспуштен тестис (крипторхизам), семејна историја на постоење на болеста, генетски нарушувања и бела раса. Ракот на тестис може да се јави во било која возраст, но најчест е кај тинејџери и луѓе до 45 годишна возраст и предоминантен кај луѓе од белата раса.

Сепак да напоменеме, не секоја грутка или невообичаени сензации се рак. Едноставно, секоја нова промена треба да се провери од лекар кој потоа ќе постави соодветна дијагноза и ќе даде препораки за следни чекори.

Она за што треба да бидеме свесни е дека иако не постојат превентивни мерки кои спречуваат појава на овој вид рак, шансите за целосно излекување се многу високи и стапката за преживувањето е над 95 %.

Не чекајте знак, закажете преглед на 02/3091-484  

Бесплатни консултации за проблеми со срце и крвни садови

Донесете ја вашата постоечка медицинска документација и поразговарајте со нашите кардиолози.

Секој вторник и четврток од 8-20 часот, нашиот тим лекари ви е достапен да ја разгледа вашата здравствена документација и да даде мислење зa состојбата на вашето срце и крвни садови.

Задолжително е претходно закажување на термин на 02/3091-484

Ноември месец на машко здравје. Не чекај знак, прегледај се навреме!

Ноември месец на машко здравје. Не чекај знак, прегледај се навреме!
Закажи термин на 02/3091-484.

  • Уролошки преглед 3000 ден.
  • Тумор маркер PSA 600 ден.
  • Уринокултура 450 ден.
  • Пакет машко здравје 5000 ден. (комплетен уролошки преглед, тумормаркер PSA, уринокултура и сексуално преносливи болести 3 микроорганизми)
  • МР на простата 15 000 ден.
  • Остеодензитометрија 1900 ден.
  • Пакет хормони остеопороза (витамин D, Ca јонизиран, паратхормон) 2500 ден.
  • Неврохируршки прeглед 2000 ден.
  • Кардио пакет 4000 ден.
  • Стрес тест 4000 ден.
  • Ергоспирометрија 3500 ден.
  • Невролошки преглед 2500 ден.
  • Нефролошки преглед 2500 ден.
  • Пулмолошки преглед 2000 ден.
  • ОРЛ преглед 2500 ден.
  • Дерматолошки преглед 2000 ден.
  • Консултативен преглед со пластичен хирург 1800 ден.
  • Сексуално преносливи болести – 14 микроорганизми (од прва утринска урина со ПЦР метода) 3500 ден.
  • Сексуално преносливи болести (Chlamydia trachomatis, Trichomonas vaginalis и Neisseria gonorrhoeae) од прва утринска урина со ПЦР метода 1800 ден.