Повлекување од социјалната средина – кога е време за стручна поддршка?

Осамувањето и повлекувањето од социјалната средина се појави кои можат да бидат привремени, но и знак за подлабоки емоционални или психолошки состојби. Сѐ почесто сведочиме на лица кои постепено се повлекуваат од социјалниот живот, избегнуваат контакти и избираат изолација наместо дружење. Иако секој од нас има потреба од време за себе, долготрајната изолација може да биде знак дека нешто подлабоко се случува.

Кои се причините за осамување и повлекување:

  • Постојат повеќе можни причини поради кои едно лице се дистанцира од околината:
  • Лицата со симптоми на Депресија често чувствуваат безволност, тага, губење интерес за активности и избегнување на социјални контакти,
  • Анксиозни нарушувања –страв од осуда, срам или непријатност во друштво, страв од движење во надворешна средина,
  • Стрес и трауматски настани – Загуба на блиска личност, развод, финансиски проблеми или други животни кризи,
  • Ниска самодоверба – Чувство на намалена вредност или несигурност во себе,
  • Психотични нарушувања – Во некои случаи, повлекувањето може да биде ран знак на состојби како Шизофренија,
  • Зависности – Злоупотреба на алкохол или други супстанци кои доведуваат до изолација.

На кој начин да ја препознаеме состојбата:

  • Намалена комуникација со семејството и пријателите,
  • Одбивање на покани за дружење,
  • Прекумерно време поминато сами (во соба, пред компјутер, на телефон),
  • Промени во спиењето и апетитот,
  • Раздразливост или апатија,
  • Потешкотии во концентрацијата,
  • Отсуство од училиште или работа,
  • Намалена продуктивност.

Колку време треба да се присутни промените за да се размислува за психијатриска помош?

Доколку овие промени траат повеќе од две недели континуирано и се забележува влијание врз секојдневното функционирање (училиште, работа, семејни односи), препорачлива е стручна проценка. Доколку има нагла промена во однесувањето или значителен пад во функционирањето, консултацијата треба да се оствари во побрз рок.

Важно е да се нагласи дека овие знаци не секогаш значат сериозно психичко нарушување, но доколку траат подолго време и влијаат на секојдневното функционирање, потребна е стручна проценка.
Доколку препознавате кај себе или кај блиска личност знаци на повлекување, тага, анксиозност или губење интерес за животните активности, охрабруваме да побарате стручна помош.

Навремената консултација со психијатар овозможува:

  • Професионална проценка на состојбата,
  • Рано откривање на евентуално нарушување,
  • Соодветен третман и поддршка,
  • Подобрување на квалитетот на живот.

Психијатрискиот преглед претставува доверлив и безбеден разговор во кој можете слободно да ги споделите вашите чувства и тешкотии. Барањето помош не е знак на слабост, туку на храброст и одговорност кон сопственото здравје.
Во нашата клиника може да се закаже преглед кај д-р Марија Костадиновска, психијатар на следниот телефонски број 02/3091484.

Д-р Жан Митрев: Органодарителството е чин на највисока солидарност, а ние сме подготвени

Д-р Жан Митрев даде целосна поддршка на иницијативата за заживување на трансплантацијата во Македонија, нагласувајќи дека станува збор за заложба што ја поддржува уште од самиот почеток на својата професионална работа, веќе повеќе од 26 години.

На јавната панел-дискусија „Органодарителство во Македонија“, одржана во Битола, д-р Митрев истакна дека целта треба да биде трансплантацијата да стане рутинска и секојдневна медицинска пракса во земјава, со јасно дефиниран систем, координација и континуирана институционална поддршка.

Според него, темата за органодарителството не е само медицинска, туку пред сè длабоко човечка. Зад секој пациент што чека орган стои семејство кое живее во неизвесност, денови исполнети со надеж и страв, како и едно суштинско прашање — дали шансата ќе пристигне навреме.

„Токму затоа органодарителството претставува чин на највисока солидарност и одлука што не спасува само еден живот, туку може да врати иднина на повеќе луѓе истовремено. Потенцијалот за помош на пациентите е значителен, при што кардиоваскуларната патологија претставува една од водечките области, како од аспект на можностите за донорство, така и од аспект на потребата за организиран и мултидисциплинарен пристап.

Тимот на Клиника Жан Митрев е целосно подготвен за вакви интервенции, но успехот зависи од тесна соработка, системска координација и заедничко делување на институциите и медицинската заедница. Станува збор за комплексни пациенти кои бараат интегриран пристап и вклучување на повеќе медицински дисциплини, поради што оваа иницијатива претставува значаен чекор напред и има наша целосна поддршка“, истакна д-р Митрев.

Простувањето – лек за душата и умот

Во пресрет на Празникот Прочка, вреди да се потсетиме дека простувањето не е слабост, туку внатрешна сила. Од психијатриски аспект, простувањето претставува процес на ослободување од товарот на лутината, огорченоста и болката. Кога неопростуваме, ние постојано ја „оживуваме“ повредата – телото и умот остануваат во состојба на стрес, напнатост и внатрешен немир.

Современите психолошки и психијатриски сознанија покажуваат дека задржаната лутина е поврзана со: – хроничен стрес, анксиозност и депресивни симптоми, проблеми со спиењето, а истотака влијаат и на телесното здравје со зголемување на крвен притисок и телесна напнатост.
Простувањето не значи дека го оправдуваме нанесеното зло, ниту дека забораваме што се случило. Простувањето значи дека не дозволуваме минатата болка да управува со нашата сегашност. Тоа е чин на грижа за сопственото ментално здравје.

Од религиозен аспект, простувањето е темелна духовна вредност. Во христијанската традиција, прошката не е само морална обврска, туку пат кон внатрешен мир и духовно исцелување. Во Светото Писмо, стои: „Проштевајте, за да ви биде простено.“
Овој повик не е насочен кон тоа да ги игнорираме сопствените граници или болки, туку да не дозволиме омразата и огорченоста да ни создадат внатрешен притисок. Религијата нè учи дека простувањето е ослободување – пред сè за оној што простува.

Кои се придобивките од простувањето за менталното здравје:

– поголем внатрешен мир,
– намалување на анксиозност и стрес,
– подобрување на расположението,
– подобрени меѓучовечки односи,
– чувство на лична слобода и раст.

Важно е да се каже: простувањето е процес. Не секогаш е моментална одлука – понекогаш е пат кој бара време, поддршка и работа со себе. И тоа е сосема во ред.
Како психијатар, секојдневно гледам колку непростеното станува извор на внатрешни конфликти, психосоматски тегоби и емоционален замор. А исто така гледам колку олеснување носи моментот кога човек ќе си дозволи да ја отпушти неправдата, навредата – не заради другиот, туку заради себе.
Нека овој Празник на простувањето ни биде потсетник дека простувањето не го менува минатото, но може длабоко да ја промени нашата иднина. Да си подариме себеси мир!

Правилно организиран пост е голема придобивка за нашето здравје

Постот кој е актуелна тема посебно за време на религиозните празници е комбинација од телесна дисциплина и внатрешна контрола што  подразбира воздржување од одредени видови храна, најчесто од намирници од животинско потекло, но и свесно намалување на претераноста во секојдневието. Иако своите корени ги има во христијанската традиција, постот денес многумина го доживуваат и како период на ресетирање – време за самоконтрола, умереност и подобра грижа за сопственото тело и мисли. Во православната традиција постот не се сведува само на исхрана. Тој вклучува и воздржување од лоши навики, негативни мисли и постапки, поттикнувајќи повеќе трпение, смиреност и добрина во односот кон другите.

Велигденскиот пост, кој ни предстои, е најдолгиот и најстрогиот пост во текот на годината. Тој претставува подготовка за празникот Велигден и оваа година започнува на 23.02.2026.

Неговата строгост се должи на:
• Подолгиот временски период
• Поголемите ограничувања во исхраната
• Поголемиот акцент на лична дисциплина и духовна подготовка

Без разлика дали го практикуваме од религиозни причини или како личен предизвик, постот може да биде период на свесност, балансирање и позитивна промена – време кога вниманието го насочуваме кон она што навистина е важно. Во текот на овој период традиционално се избегнуваат месо, млечни производи и јајца, а во одредени денови и масло.
Од здравствен аспект, неделата пред почеток на постот има значајна улога – таа му овозможува на организмот постепено да се адаптира на промените во исхраната. Наместо нагло да се прекине внесот на сите намирници од животинско потекло, телото постепено го намалува внесот на протеини и масти од месо, што го намалува метаболниот и дигестивниот стрес.

Ова е особено важно бидејќи Велигденскиот пост започнува со денови на поголемо воздржување од храна, кај некои верници и со пост на вода или ограничен внес на храна. Наглата промена во исхраната може да предизвика замор, главоболка, пад на енергија или дигестивни потешкотии, па затоа постепената транзиција има заштитна улога. Овој период не е само духовна подготовка, туку и можност телото полесно да се приспособи на промените кои следуваат.

Дали постењето е корисно за нашето здравје?

Доколку се спроведува правилно, постот може да има позитивни ефекти врз здравјето бидејќи:

  • Се внесува полесна и нутритивно поквалитетна храна
  • Посната храна содржи помалку заситени масти
  • Исхраната е базирана на зеленчук, овошје и растителни влакна

Постот не претставува терапија, но може да биде поддршка на здрав начин на живот ако е правилно организиран. Преку посната храна внесуваме повеќе растителни влака, омега 3 масни киселини (доколку рибата е застапена за време на постот) а од друга страна намалуваме внес на повеќе заситени масти, процесирана храна и храна богата со прости јаглени хидрати.

Состојби каде може да се почувствуваат придобивки:

  • Метаболни нарушувања
  • Предијабетес (со лекарски надзор)
  • Покачени триглицериди
  • Покачен холестерол
  • Дигестивни проблеми
  • Телесна тежина

Кај кои категории не се препорачува постење?

Постењето не е соодветно за сите категории на луѓе. Потребна е претпазливост или консултација со лекар во следниве состојби:

  • Бремени и доилки
  • Деца и адолесценти
  • Лица со хронични заболувања
  • Лица со дијабетес
  • Лица со анемија
  • Пациенти во опоравување
  • Лица со потхранетост или нарушувања во исхраната

Клучни правила за исхрана за време на пост- што значи балансиран избор на храна во текот на постите

1.  Фокус на вистинска храна: Зелен лиснат зеленчук, зеленчуци, мешунки, јаткасти плодови, семиња и целозрнести производи. Домашно подготвената храна е најдобар избор. Избегнувајте преработени „посни “производи како чипс, посни пецива, посни десерти со многу шеќер, посни кашкавали и индустриски вегански замени.

2. Доволен внес на протеини: Комбинирајте грав, леќа, киноа, тофу и семиња за да се задоволат дневните потреби.

3. Внес на здрави масти: Авокадо, ореви, ленено семе, ленено масло, масло од семки од тиква и маслиново масло обезбедуваат енергија и нутритивен баланс.

4.  Хидратацијата е клучна: Пијте доволно вода, билни чаеви и домашни сокови без шеќер. Ограничете го кофеинот до околу 200 ml дневно (2 кафиња дневно).

5. Користете пробиотици: промената во исхраната во овој период може да предизвика дигестивен дисбаланс па поради тоа во почетокот на постот и кога постот ќе заврши пожелна е консумација на пробиотици кои ќе ни помогнат да ја одржиме цревната микрофлора во баланс и да не почуствуваме посебни дигестивни потешкотии.

6. Бидете креативни во кујната: Постот е можност за откривање нови рецепти и комбинации. Важно е да се запомни дека постот не е гладување – целта е умереност, а не исцрпеност. Доколку се појават слабост или вртоглавица, препорачливо е да се консумира лесен оброк, како овошје.

*Доколку ви е потребна стручна нутритивна поддршка или насоки за правилна и балансирана посна исхрана, закажете термин кај нашиот нутриционист.

Естетска корекција на уши- Аурикулопластика или отопластика

Аурикулопластика (отопластика) претставува хируршка интервенција од областа на Пластична Реконструктивна и Естетска хирургија со која се врши корекција, ремоделирање на големината, формата и поставеноста на ушната школка (аурикула).
Најчест естетски проблем во детската возраст се проминентни односно клемпави уши. Овој естетски проблем во раната возраст често пати поради исмевање од врсниците (булинг) понатаму води кон психолошки проблем кај децата.Од овие причини се препорачува корекција на ушите да се направи во предшколската возраст.

Аурикулопластиката може да се направи во било која возраст, се препорачува тоа да биде одкако ќе заврши растот на ушните школки, односно после 5-тата година.
Оваа хируршка интервенција може да биде извршена во локална анестезија или во општа анестезија во зависнот од соработката со детето.

Постојат повеќе хируршки техники, како техники при кој се ремоделира рскавицата на ушната школка со сечење (Cartilage-cutting techniques), техники при кој со поставување на шавови се ремоделира рскавицата (Cartilage-sparing methods), комбинирани техники на ремоделирање на рскавицата со сечење и поставување на шавови (Modern otoplasty favors a graduated approach by combining suture techniques). Со индивидуален пристап на преглед се прави проценка која хируршка техника ќе даде најдобри естетски резултати а при тоа да не дојде до намалување на надворешниот ушен отвор со цел да не дојде до намалување на функцијата, слухот.

Пациентите постоперативно може веднаш да си одат дома или да останат една вечер во болница.
Заздравување на раните вобичаено е комплетно по две недели, а за еден месец може да се види дефинитивниот резултат. Во првите две недели потребно е пациентот да доаѓа на контроли при што се прават редовни преврски на раните кои се скриени позади ушите. Воедно и лузните ќе бидат скриени позади ушите во природната бора што понатаму овозможува истите да не бидат видливи.

Грижата за себе започнува со превенција

Редовната мамографија е еден од најважните чекори во грижата за здравјето на дојките. Таа овозможува рано откривање на промени, често пред да се појават симптоми, кога третманот е поефикасен и шансите за целосно закрепнување се значително поголеми.

Со навремена превенција, си подарувате сигурност, спокој и време, највредното нешто за вас и вашите најблиски.

🔹 2D мамографија – 3.000 ден.
🔹 3D мамографија – 4.000 ден.

📅 Промоцијата важи заклучно со 28.02.
📞 Закажете го вашиот преглед навреме на 02 3091 484.

Успешно оперирана 60 годишна пациентка со комплексен тумор на базата на черепот

Пациентката беше примена со прогресивна психомоторна забавеност, проблеми со меморијата и памтењето во изминатите 4 месеци, а во неколку наврати и проблем со рамнотежата и пад. По направените радиолошки иследувања со нуклерна магнетна резонанца, кај пациентката беше дијагностициран туморски процес во мозокот, по што следуваше индикација за оперативно лекување.
Неврохируршкиот тим во состав: Проф. д-р Владимир Рендевски и д-р Михаил Таушанов, применувајќи микроневрохируршка техника, извршија успешно одстранување на овој комплексен тумор на мозокот, кој беше прилепен за базата на черепот, а во непосредна близина на витални мозочни крвни садови.
Пациентката успешно се опоравува.

Сликата во прилог пред и постоперативно: