00389 2 3091 484
октомври 5, 2018
„Црвен крст во Акција-Промоција на хумани вредности“ (ЦКА-ПХВ) е проект кој со години континуирано се имплементира во нашава земја од страна на Црвениот крст на град Скопје, кој е назначен за имплементатор од страна на Црвениот крст на Р. Македонија. Во одбележувањето оваа година свое учество зеде и првиот човек на клиниката „Zan Mitrev Clinic“, доктор Жан Митрев.
Идејата за овој проект беше инициран уште во 1996 година од страна на Црвениот крст на Македонија и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), со поддршка на Норвешкиот Црвен крст. Проектот претставува домашен производ создаден во склад со локалните обичаи и културни норми, и постојано надградуван согласно потребите кои ќе се појавуваат на теренот.
На настанот којшто се одржа на 03.10.2018 година во МНТ доктор Жан Митрев се осврна на мотивацијата како тема со посебен акцент на младите.
– Мотивацијата е нешто што директно се поврзува со мозокот а многумина го поврзуваат и со срцето. Срцето е пак еден таков единствен орган којшто се движи а ние не можеме тоа да го почувствуваме а истовремено тоа учествува во нашите чувства а пак мотивацијата е составен дел на нашето живеење, на нашите чувства. Кога ќе погледнете од некоја друга страна мотивацијата во општеството претставува голема наука. Со тоа се бават различни институти и многу научници. Главно прашање е како настанува мотивацијата кај луѓето. Или пак обратното, зошто некој ја нема. Во светски рамки тоа е проблем за многу млади лица. Бидејќи токму тие во сите овие нови општествени движења не можат да се снајдат. Тие не можат да се мотивираат за нешто, нешто да почнат да прават оти не гледаат некоја смисла или суштина во сето тоа. Мотивацијата директно значи и успех – потенцираше доктор Митрев.
Меѓу другото оваа програма е за да ги научат младите да ги почитуваат оние вистински вредности на животот: мир, толеранција, соживот и сето тоа под закрилата на хуманоста и вистинските принципи коишто ги носи Црвениот крст, се потенцираше на настанот.
Главната цел на ЦКА-ПХВ е вклучување на младите со различна етничка припадност и од различни други групи во заеднички проекти за изградба на заемното разбирање, толеранцијата и културата на дијалог.
Мисијата на програмата ЦКА-ПХВ е промовирање на културата на дијалог како основен предуслов за создавање на интеркултурно општество и промовирање на активно знаење и активен однос кон животот, преку принципите и вредностите на Црвениот крст.