Летен камп- моето срце во сите бои

И оваа година, од 3-ти до 9-ти јули се одржа седмиот Летен камп “Моето срце во сите бои” на кој што учествуваа деца кои имале интервенции или операции на срце во ZAN MITREV CLINIC заедно со нивните родители, браќа и сестри. Кампот се одржа во заедничка соработка со Црвениот крст на Град Скопје во прекрасниот амбиент на одмаралиштето Солферино во Струга.

Низ опуштени, креативни работилници волонтерите на Црвениот крст во координација со тимот на психолози од ZAN MITREV CLINIC заедно со децата создадоа весела и разиграна атмосфера низ која секое дете успеа да добие многу работи за себе. Пред се овие работилници им овозможија на децата да креираат нови прекрасни пријателства, да добијат поддршка и да ги истражат нивните потенцијали. Од овој камп произлезе и можност за идни другарувања.

Имајќи во предвид дека дишењето ни е најголемата поддршка, Блаже Арсов, физиотерапевт од нашата болница низ разиграна работилница со децата и волонтерите работеше на техники на правилно движење, моторика на тело и координација, три важни аспекти од развојот на секоја индивидуа.

Низ структурирана групна работа, психологот и психотерапевт Фросина Ристовска со родителите обработи теми од посебен интерес за нив, како што се мапирање на нивните потреби, грижата за себе, за подобра грижа за другиот и комплексноста на комуникацијата во родителствувањето.

Д-р Наташа Никчевска педијатар, гастроентеролог одржа едукативно предавање за родителите и сите заинтересирани во кое ги запозна со природата на вродените срцеви маани, а акцент стави на спецификите за унапредување на квалитетот на живот кај нивните деца по интервенциите или оперативните зафати. На ова предавање покрај вродените срцеви маани посебен акцент имаше и соодветниот и правилен режим на исхрана кој секое дете треба да го практикува.

На овој камп имавме доволно време за интензивна работа на себе, едукација, релаксација и дружење. Од се по нешто. Се надеваме дека и со овој летен камп, ZAN MITREV CLINIC помогна во рушење на табуата поврзани со вродените срцеви маани и сплоти дел од семејствата кои поминувале низ слична животна приказна. Продолжуваме и понатаму да го трасираме патот кон нови успешни интервенции токму кај најмладите и нивните семејства.

Со медицински прегледи за кошаркарите продолжи соработката со Кошаркарската федерација на Македонија

Кошаркари од сениорската и младинска репрезентација и годинава ја утврдуваа нивната здравствена состојба и подготвеност во Специјализираната болница ЖАН МИТРЕВ. Организирани во групи, најнапред беше направен преглед и контрола на кошаркарите од сениорска репрезентација. Пакетот се состоеше од консултативен преглед, коронарен стрес тест, проверка на крвна слика со биохемиски анализи и ортопедски преглед. Сениорите, јуниорите и јуниорките ги поминаа истите прегледи кои се реализираа во втората половина на  крајот на јуни и почеток од јули. За нив беа одговорни докторите од Дијагностичкиот центар кои ги спроведоа прегледите и потврдија за нивната здравствена состојба. Нашите кошаркари, согласно нивните распореди заминаа на подготовките за претстојните турнири и првенства со мотив за освојување на високи резултати и совладување на спортските предизвици.

Фотостареење и фотопротекција- како да се заштитите?

Како да ја заштитете Вашата кожа од предвремено стареење во текот на летниот период, кој фототип на кожа имате, која е најсоодветна фотозаштита за Вас? Сега, може да се информирате кај дерматовенерологот д-р Анџелка Николчев. Kои видови на услуги се опфатени во одделот за дерматологија може да се информирате на http://zmc.mkmk/departments/dermatologija.

Што е фотостареење?

Фотостареењето или дерматохелиоза е состојба која се карактеризира со специфични промени на кожата предизвикани од прекумерна изложеност на УВА и УВБ зраци. Познато е дека УВБ ултравиолетовите зраци продираат во површинскиот слој на кожата (епидермис) предизвикувајќи специфични хемиски процеси кои доведуваат до појава на брчки, оштетување на еластин и колаген. Покрај тоа, со дејството врз меланоцитите (клетки во површинскиот слој на кожата одговорни за продукција на меланин- пигмент кој овозможува потемнување на кожата) доведува до појава на темни дамки, флеки по кожата, па дури и преканцерозни промени или лезии кои можат да доведат до кожен карцином. УВА зраците имаат можност за продирање во подлабоките слоеви на кожата (дермис) и оштетување на колагенот, еластинот, луштење на епидермисот, намалување на дебелината на дермисот, оштетување на крвните садови и нивна видливост на површината на кожата.

Како до најдобра фотопротекција?

За заштита на кожата од предвремено стареење се користат фотопротектори. Тоа  се производи со заштитен фактор (SPF) за локална примена во вид на лосиони, креми, гелови, спрејови со различна јачина според степенот на продор на ултравиолетовите зраци во кожата преку соодветен слој на крем нанесен со одредена дебелина во зависност од фототипот на кожата.

Два пати годишно од Крк до Скопје, за да бидам сигурен за мојата здравствена состојба

Антун Скомаршиќ (72) од Крк, Хрватска се одмораше од авионскиот лет во неговата соба на одделението во Специјализираната болница ЖАН МИТРЕВ. И овој пат допатува на редовен контролен преглед после бајпас операцијата на левата потколенична регија направена од д-р Жан Митрев во септември,2010 година. “ Откако не го прифатиле во болниците во Хрватска, пациентот дојде кај нас. Испитувањата покажаа дека има опасност да ја изгуби левата нога поради артеросклеротска болест на нозете.  Затоа веднаш беше направена операција на левата нога бидејќи беше во напреден стадиум. Четири месеци подоцна задоволен од успешната операција се направи бајпас на десната нога поради загрозената циркулација. И по 10 месеци, тој беше повторно наш пациент кога му беше направена замена на левиот колк поради изразената дегенeративна болест на колкот“, објасни д-р Тања Анѓушева.

За време на утринската визита имаше можност да се сретне со д-р Жан Митрев, да се консултира со него, но и пофали дека е во добра состојба. По средбата со д-р Митрев, Скомаршиќ се посвети на нашиот разговор. “Секоја година по 2 пати доаѓам на контролен преглед. Овде се чувствувам како дома затоа што имам доверба во докторите и не ми претставува никаков проблем, ниту пак стрес патувањето во Скопје. Тоа е доволен доказ дека сум презадоволен од севкупната медицинска услуга и поддршка која ја имам од 2010 година па се до сега“. Во меѓувреме медицинскиот персонал отпочна со подготовките за контролниот преглед кај д-р Тања Анѓушева со кои се во постојан контакт. Неговата смиреност и кооперативност беше за пофалба. “ Ги знам процедурите и во ред е кога има што да се следи, затоа што така и успехот е загарантиран“, дополни тој. За стручноста и љубезноста на  д-р Жан Митрев, д-р Тања Анѓушева со кои се во комуникација, вклучително и за целиот персонал од сите нивоа не штедеше на зборови… Разговорот го продолживме за неговата фамилија, за внуците, за животот во Крк, но и за неговите пензионерски денови…

Дека ова е врвен медицински центар во регионот потврдува и фактот што тој овде низ 7-те години се среќавал со многу Хрвати. “Интересно е што сите на почеток, вклучително и некои доктори од Хрватска беа скептични дека овде во Македонија, има таков доктор, таква стручност и професионалност. Но, откако се` ќе се заврши добро сите ние имаме само пофални зборови за оваа болница. Многу животи се спасени, а за тоа веќе се свесни и доста доктори од Загреб. Така, еден од нив, пред да ми биде направена последната операција во 2015 година ми рече да одам во Македонија, односно овде и дека само тука може да ми помогнат, а во Загреб сигурно нема. И навистина, така бидна.Во 2015 имав почеток на гангрена на стапалото на левата нога. Ми беше направена бајпас операција и бев 55 дена на  хоспитализација овде. Се добро се заврши и сум среќен што можам да одам, ако претходно тоа ми беше голем проблем. Ете сега и сам, без придружба дојдов од Крк”, заврши тој.

До следното видување за уште еден пријатен разговор со Скомаршиќ му посакуваме да го служи здравјето, а за спомен од оваа посета му ја чуваме фотографијата од него и д-р Митрев!

Студенти по медицина од Косово во посета на болницата

Прошетка низ одделите во Специјализираната болница Жан Митрев, презентирање на стандардните услуги, но и кои се специјалностите на болницата, а секако, и средба со медицинскиот директор д-р Емил Стоицовски беа на агендата на групата на студенти од Факултетот за медицински науки и резонанца, отсек радиологија од Приштина. Речиси сите беа воодушевени од опремата, од изгледот на болницата, од организираноста, а пред се` од стручноста на персоналот. Добредојде на идните медицински лица им посака д-р Стоицовски кој изрази задовоство од вакви средби, а при тоа потенцираше дека болницата е отворена за понатамошна соработка и реализирање на други средби. Подетална презентација за  услугите имаа д-р Дашурие Незири и д-р Мимоза Османи, а одговораа и на дополнителни прашања на студентите.Тие се заблагодарија за организацијата и искажаа подготвеност за понатамошна соработка. Студентите имаа можност од дополнителни информации и за време на неформалното дружење на коктелот кој се служеше во ресторанот на болницата.

Заедно со медиумите за подобро здравје на граѓаните

Д-р Жан Митрев, на 05 јули, 2017 ја реализираше иницијативата за средба со претставници од локалните и регионални телевизиски куќи од земјата, а во насока на подобра информираност на граѓаните за медицинските услуги во Специјализираната болница Жан Митрев. Добредојде на гостите им посака д-р Емил Стоицовски, медицинскиот директор кој преку презентација ги претстави сите услуги, но и новитети и специфики за институцијата. Се осврна на историјата на болницата која во март 2017 одбележа 17 години од постоење, потстети за првиот пациент, но и други пациенти кои ги слават нивните “втори“ родендени, се задржаа за новитетите на болницата во областа на генетиката и електрофизиологијата, педијатрија, ОРЛ и дерматологија.. За бројните успешни операции од кардиоваскуларната хирургија, но и од ортопедијата, гинекологија, урологија, абдоминална хирурија, како и за најсовремениот дијагностички центар зборуваше д-р Стоицовски. Во претставувањето стави акцент и на научната дејност, бројните трудови, патенти, како и награди и признанија.

Д-р Жан Митрев се приклучи во вториот дел од оваа тематска средба каде ја истакна иницијативата на оваа средба која ја отпочна со медиумите од внатрешноста на земјата. “Целта е да се информираат граѓаните за сето она што ние го правивме овде, а не е само кардиохирургија. Заеднички да ја смениме сликата кај граѓаните дека овде може да се лекуваат граѓани од повеќе болести, како и дека имаме соработка со Фондот за здравство за операции од областа на кардиоваскуларната хирургија. Нашата интенција е да имаме уште повеќе услуги кои ќе бидат покриени од Фондот за здравство, но и во соработка со осигурителните компании. Се надевам дека ова заеднички ќе го правиме“, беше акцентирано од д-р Митрев на средбата. Дека ова е добра иницијатива потврдија и гостите, претставници од повеќе медиуми кои имаа дополителни прашања за д-р Митрев. При тоа ја истакнаа и нивната подготвеност за понатамошна соработка и промени кои треба заеднички да се прват, а водат во насока на подобро здравје на граѓаните.

Како што информираше д-р Митрев, ваквите тематски средби ќе станат пракса во Специјализираната болница Жан Митрев.

Најчести заболувања кај децата во летниот период

Летниот период од годината е време кога семејствата одат на годишни одмори, излети, се одмoраат покрај базен, заминуваат на планина или на море. Иако тоа е период кога треба да се биде релаксиран, сепак многу често дечињата се разболуваат. Кое се најчестите заболувања кај децата во летниот период и како да реагирате и кои мерки да ги преземете, Ви прикажуваме подетално за секој од нив.

Вирусни инфекции

Секој период од годината се карактеризира со одреден вид на предоминатни вирусни инфекции. Во текот на летото најчести се Coxsackie вирусите (Hand, foot & mouth disease) кои предизвикуваат температура, ситен осип на дланките и табаните, како и болни мали афти во устата. Како и со другите вируси, не постои специфичен третман, освен за ублажување на болка и температурата кога се дава парацетамол или ибупрофен, како и давање на многу течности за да се спречи дехидратација.

Ентеровирусите и еховирусите може да предизвикаат широк спектар на симптоми, од многу благи до многу сериозни. Децата може да имаат висока температура, болки во грлото, повраќање, дијареа, главоболка, осип и/или коњуктивитис (црвенило на очите). Овие вируси може да предизвикаат менингитис ( обрнете внимание при јака  главоболка и вкочанет врат) и миокардитис(инфекција на срцевиот мускул).

Аденовирусот  е уште еден од летните вируси кои се манифестираат со висока температура, болки во грлото, конјунктивитис и симптоми на горните респираторни патишта. Овој вирус може да наликува на стрептококна инфекција на грлото, за што е добро да се направат брисеви од грлото, за соодветно да се лекува.

За да се спречи ширењето на овие и други вируси, треба редовно да се мијат рацете, особено по менување на пелена или по користење на тоалетот. Деца со температура или други знаци на болест треба да се изолираат од останатите здрави деца на неколку дена, додека се инфективни. За среќа, повеќето деца се опоравуваат многу брзо.

Труење со храна

Никој не сака, ниту помислува дека можеби ќе се затруе со храна за време на пикник, прошетка или прослава. За жал, труењето со храна е доста често, особено во летниот период, а ги погодува најмногу децата бидејќи тие се почувствителни на дехидрација. Типот на  бактерии  кои најчесто предизвикуваат  труење со храна се: Staphyloccoc;  E.coli, Salmonella и Shigella. Симптомите се слични на типичен “стомачен вирус” – треска, повраќање, дијареа и абдоминална болка. Јавете се на педијатар  доколку Вашето дете има знаци на дехидратација, крвава дијареа или многубројни течни столици. Превенцијата е клучна кога зборуваме за труење со храна, затоа следете ги соодветните процедури за подготовка на храна, готвење и складирање, особено во овие жешки летни денови.

Дехидратација

Дехидрација е најчестиот здравствен проблем кај децата во летниот период, главно бидејќи тие се толку зафатени во детските игри што едноставно заборавааат да пијат течности. Иако изгледа како тие да пијат повеќе течности од вообичаеното, веројатно е помалку од она што на нивните тела им е потребно во топлото време. Ризикот се зголемува доколку тие редовно играат на отворено кога и повеќе се потат. Знаци на дехидрација вклучуваат: жед, замор, сува кожа, сув јазик и многу малку мокрење. Во такви ситуации треба да се даде вода или орална рехидратација за надоместок на изгубените минерали и течности.

Сончаница и изгореници од сонце

Многу луѓе сакаат да се сончаат за да добијат убав темен тен, но при тоа многу лесно и да добијат сончаница и изгореници од сонцето. Ако изгорениците се посериозни се појавуваат пликови и црвенило. За да се спречи ова, треба да не се изожуваат на сонце во периодот од 11:00 до 17 часот попладне, кога сончевите зраци се на најјаки и најштетни. Се препорачува да се носат капи за заштита од сонцето, како  и да се користат креми со висок фактор за заштита при сончање. Сончаницата може да биде и животно-загрозувачка состојба, па затоа треба да се побара лекарска помош.

Алергии

Секоја сезона се карактеризира со посебна група на алергени кои предизвикуваат алегии. Најчестите алергии се слични на поленска треска при што предизвикуваат кивање, чешање на  носот и други иритации. Децата се претежно дома, не одат на училиште, често си играат надвор со што се зголемува нивната изложеност на алергени. Исто така, патувањата и одморот во земји со повисоки концентрации на полен, може да ги влоши симптомите. При патување земете антихистаминици и обидете се да го минимизирате контактот со алергени на коишто е преосетливо Вашето дете.

Убоди од инсекти

Многу инсекти сакаат топла и влажна клима, така што летото е идеално време за нив! Децата почесто играат на отворено во текот на летото, па следствено и фреквенцијата на каснувања од инсекти, исто така, се зголемува. Најчести убоди од инсекти во летниот период се од комарци, крлежи, пчели и оси. Иако не многу сериозни, секое каснување може да предизвика и сериозна алергиска реакција, во кој случај е потребна итна медицинска помош. За да се заштитите од убоди од инсекти користете заштитни средства, хипоалергени, кои се наменети за деца.

Воспаление на ушите и инфекција на очите

Лето значи дека децата одат на пливање и ова е совршено време за посета на базени. Поминување на премногу време во базенот, особено нуркање е лошо бидејќи се зголемуваат шансите за собирање вода во надворешното уво кое може да  доведе до бактериска инфекција. Ова е прилично болно и вообичаено започнува со чешање, а потоа и со послабо слушање од едната страна. При ваква состојба треба да се посети лекар кој може да Ви препише капки или други лекарства. Инфекцијата на ушите може да се избегне ако при пливање се користи капа, со која се покриваат ушите. Очите исто така може да се зацрвенат, да се инфицираат од базените, од хлорот, песокот на плажата. При појава на црвенило, препорачуваме посета на лекар. Очите може да ги заштитите доколку користите наочари пли пливање.

Дијареа

Во летниот период вообичаено се појавуваат и дијареите, стомачните вируси кои може да не се толку сериозни за постарите деца, но се  опасни по живот за малите бебиња. Треба многу да се внимава на хигиената на рацете, како и на миење на овошјето и зеленчукот со чиста вода. Доколку одите на одмор се препорачува да се пие флаширана вода, затоа што така се намалува веројатноста за инфекции со нечиста вода. Во случај на промена на конзистенцијата на столицата, дадете му на Вашето дете пробиотик, течности од електролитен тип и адсорбентска храна како што е компир, ориз, банана. При појава на профузна дијареа јавете се на лекар!!

Медицинска подршка од тимот на педијатри и физитерапевти за третиот ракометен камп „Кирил Лазаров 7“

Тим од Специјализирната болница Жан Митрев и годинава им беа поддршка на младите од  ракометниот камп  „Кирил Лазаров 7“, пред,  за време на тренинзите, но и кога се забавуваа. Најнапред, секој учесник, пред отпочнување со тренинзите помина на комплетен медицински систематски преглед во болницата кој вклучуваше педијатриски и кардиолошки преглед, коронарен стрес тест, а се направија и сите останати потребни медицински проверки. Потоа, за време на кампот, медицинскиот тим беше максимално посветен на децата преку 24-часовен здравствен мониторинг.  Тимот се состоеше од педијатар и физиотерапевт. Нашите искусни педијатри (д-р Соња Петровска, д-р Благица Манчева и д-р Наташа Никчевска), како и нашите врвни физиотерапевти (Олгица Димитров и Анета Манасиева) беа постојано во кампот.

Стационирани во една просторија каде имаше амбуланта, комплетно опремена со потребни лекарства и помагала, дневно беа згрижувани во просек 50-60 дечиња. “Третиравме спортски повреди, посекотини, дехидратации, сончаница, стомачни болки, астматични напади, ларингити, главоболки, гнојни ангини, алергиски манифестации. Најважно е дека децата беа успешно третирани, болките им ги намаливме и ги излекувавме, а со тоа и им ги вративме насмевките на нивните лица. Со медицинската помош од тимот на Жан Митрев децата беа сигурни и со вратена можност во целост да им се посветат на тренинзите“, објасни д-р Никчевска. Д-р Жан Митрев секогаш бил ентузијаст, пионер и поддржувач на најдоброто од Македонија. Во тој дух и оваа година го поддржа најдобриот македонски спортист и најдобар десен бек во светот на ракометот, Кирил Лазаров преку поддршка од медицинскиот тим за време на кампот кој се   оддржа во хотелот “Аквалина“ во Охрид, во две смени од 20-26 јуни и од 26 јуни-02 јули, 2017 година. Спонзори на  медицинска опрема и материјали беа ФИЛА-ФАРМ и Алкалоид.