Болките во грбот се честа состојба од која страда голем дел од популацијата. Најчесто станува збор за болки кои се лоцирани во долниот дел на грбот, карлицата или пак во пределот на вратот и горниот дел од ‘рбетниот столб (цервикална зона). Овие болки може да имаат различни причинители и да се разликуваат по својот интензитет и времетраење.
Најчести причини за болки во лумбалниот и цервикалниот регион
Некои од најчестите причини за болки во грбот и вратот вклучуваат:
Повреди и прекумерен напор – болката во грбот може да биде предизвикана од повреди на рбетот како што се: истегнување на мускулите, истегнување или хернија на дискусите (перничињата) меѓу пршлените. Повторлив напор/пренапрегнување или неправилно кревање тешки предмети, исто така, може да предизвикаат болка во долниот дел на грбот.
Неправилно држење на телото – континуирана неправилна позиција на телото, односно негово несоодветно држење подолг временски период, без разлика дали седите или стоите, може да направи притисок врз ‘рбетот и мускулите на грбот, што пак може да резултира со болки во долниот дел на грбот или во вратот.
Дегенеративни проблеми – со стареењето, интервертебралните перничиња (дискуси) може да се истрошат или да се појави хернија/абење, што може да резултира со болки во грбот. Остеоартритисот и ‘рбетната стеноза се исто така дегенеративни состојби кои можат да придонесат за болка во долниот дел на грбот или вратот.
Компресија на нервите – доколку нервите кои излегуваат од ‘рбетниот столб се компресирани/вклештени или иритирани, може да дојде до болка во грбот. На пример, хернираниот односно оштетен диск може да ги компресира нервите и да предизвика болки во грбот или вратот, во зависност од локацијата на хернијата.
Можни третмани за болки во грбот
Третманот за овој ти на болки во грбот зависи од основната причина, односно предизвикувач и може да вклучува мерки како што се:
Одмор и умерена физичка активност – одморањето во акутна фаза односно во првите неколку дена по појавата на болката, може да биде корисен. Сепак, важно е да останете активни со лесни вежби за одржување и зајакнување на мускулите на грбот и подобрување на држењето на телото.
Лекови – медикаментите кои се користат со цел ублажување на болката како што се ибупрофен или ацетаминофен може да се земат без рецепт. Во потешки случаи, може да се препишат и нестероидни противвоспалителни лекови или мускулни релаксанти.
Физикална терапија – може да вклучува вежби за истегнување, зајакнување на мускулите и техники за релаксација за ублажување на болката и подобрување на подвижноста.
Алтернативни терапии – кај некои лица, болката во долниот дел на грбот или вратот може да се смири преку и со комплементарни терапии како што се: акупунктура, киропрактика или терапија со масажа. Сепак, клучно е да се консултирате со стручно лице пред да ги испробате овие опции.
Доколку чувствувате постојана или силна болка во долниот дел на грбот или вратот, се препорачува да се консултирате со лекар или специјалист ортопед. Тие ќе можат да направат целосна проценка и да ви дадат точна дијагноза, како и да го препорачаат најдобриот третман за вашата специфична состојба.
Во нашата клиника достапни за прегледи и совети ви се нашите специјалисти ортопеди, травматолози и физиотерапевти кои имаат долгогодишно искуство во оваа област. Исто така располагаме со центар за третман на болка, кој е специјализиран за дијагноза и третирање на хронични болки од различни причинители и потекло кои не реагираат на вообичаените аналгетски лекови. За да закажете термин ве молиме јавте се во нашиот контакт центар на 02/3091-484.
Во постоперативниот период, носењето на компресивен градник е задолжително. Тој станува дел од гардеробата во првиот месец, но може да биде корисен и до три месеци во зависност од видот на имплантот или во зависност од слојот во којшто се поставува самиот имплант. По три месеци, бидејќи самиот имплант ги прави градите поцврсти и овозможува суспензија, на пациентките воопшто не им е потребен градник. Но, доколку пациентката има желба да носи градник, треба да се знае дека е забрането користење на градник со вградени метални жици
„За разлика од имплантите кои се користеле во минатото чие времетраење било 10 години, имплантите кои се произведуваат денес имаат трајност од минимум 20 години, а има и производители на импланти кои нудат доживотна гаранција. Така доколку имплантите го задржуваат истиот облик и позиција како во првите години по операцијата, тогаш не е потребно нивно менување“, објаснува Д-Р ЖИВОРАД КОЦЕВСКИ, специјалист по пластична реконструктивна и естетска хирургија, за хируршкото зголемување на градите.
Доволен показател за популарноста на интервенцијата е и самата бројка од речиси два милиона естетски операции за зголемување на градите годишно или поконкретно, направени 1.860.000 во 2018 година, согласно податоците од Американското здружение за естетска и пластична хирургија.
За некои жени зголемувањето на градите е начин да се чувствуваат посамоуверено, додека пак за други тоа е дел од обновата на градите за различни состојби. Како е дојдено до идејата за развој на оваа хируршка процедура и кои жени се кандидати за ваков тип на интервенција? Колку возраста игра улога при донесување на одлуката?
Д–р Коцевски: Со развојот на модерното општество, со цел чувство на поголема сигурност, во последните два века луѓето придаваат поголемо значење на својот изглед. Со зголеменото внимание кое се посветува на естетиката – изгледот и задоволството од истото, луѓето стануваат посигурни во себеси. Така во склоп на пластичната и реконструктивната хирургија започнува да се развива и естетската хирургија. Конкретно развојот на реконструктивната и естетската хирургија на дојка започнува во XIX век. Првиот обид за зголемување на гради е направен од страна на австрискиот лекар Роберт Герсуни (Robert Gersuny) во 1890 година, кој применил инјектирање на парафинско масло. Неколку години потоа во 1906, д-р Тансини (Тansini) го прави првиот обид за реконструкција на дојка кај пациентки по направена комплетна мастектомија. Со тоа започнува новата ера во реконструкција на дојка со помош на мускулно кожен флап кој го содржи m.Latissimus dorsi.
Во овој период со цел да се направи хируршко зголемување на градите се правеле доста експерименти, како што е употребата на масно ткиво и негов трансфер во предел на градите, поставување на поливинилски сунѓери како и инјектирање на силикон. Но, овие експерименти резултирале со појава на голем број на несакани интраоперативни и постоперативни компликации поради што голем дел од женската популација ги избегнувале овие процедури.
Возраста не игра улога во однос на донесувањето одлука за зголемување на градите. Пациентката треба да биде полнолетна, односно, потребно е да биде емоционално и психички зрела особа. Најчеста возрасна група која се одлучува за хируршко зголемувања на гради вклучува жени на возраст од 25 до 35-годишна возраст, но не ретко се случува пациентки и на постара возраст да се интересираат за естетски или реконструктивен третман на своите гради особено пациентки во четврта или петта деценија кај кои била направена мастектомија на дојките поради постоење на карцином
Во ХХ век со развојот на шоу-бизнисот, успешните интервенции за зголемување на градите кај голем број филмски ѕвезди како Мерлин Монро, Лана Тарнер и Ава Гарднер, го враќаат интересот на жените за зголемување на градите. Така, во 1961 година, Доу Корнинг (Dow Corning) по 9 години посветени на оваа проблематика, успева да го направи првиот силиконски имплант за зголемување на градите. Токму поради тоа тој станува модерниот пионер во развојот на оваа естетска процедура. Денеска, неговиот метод и покрај претрпениот голем број модификации на самите импланти и хируршката процедура претставува основа за развој на најчесто бараната естетска процедура на светско ниво – зголемување на гради.
Доволен показател за популарноста на интервенцијата е и самата бројка од речиси два милиона естетски операции за зголемување на градите годишно. Поточно направени 1.860.000 во 2018 (согласно податоците од Американското здружение за естетска и пластична хирургија).
Во однос на тоа кои жени се кандидати за ваков тип на хируршка интервенција, согласно медицинска индикација тоа се пациентки кај кои била направена мастектомија поради постоење карцином на дојка, пациентки со тубуларни дојки, при асиметрија на дојки и пациентки со Поландов синдром. Во однос на естетските индикации, тие вклучуваат пациентки незадоволни од големината на своите гради како и присуство на птотични (спуштени) дојки, особено после периодот на лактација.
Притоа, возраста не игра улога во однос на донесувањето одлука за зголемување на градите. Пациентката треба да биде полнолетна, односно, потребно е да биде емоционално и психички зрела особа. Најчеста возрасна група која се одлучува за хируршко зголемувања на гради вклучува жени на возраст од 25 до 35 годишна возраст, но не ретко се случува пациентки и на постара возраст да се интересираат за естетски или реконструктивен третман на своите гради особено пациентки во четврта или петта деценија кај кои била направена мастектомија на дојките поради постоење на карцином.
Како изгледа и како се изведува хируршката аугментација на дојките?
Д–р Коцевски: Аугментација со користење на импланти претставува најчестиот начин за хируршко зголемување на дојките. Оперативната процедура се изведува во услови на општа анестезија. Имплантот кој служи за зголемување на дојките претставува протеза која во зависност од материјата внатре во самата капсула може да биде: силиконска, полиуретанска или пак да биде протеза која е исполнета со солен раствор. Во зависност од големината и типот на имплантите за кои се определила пациентката, пластичниот хирург одредува кој тип на рез е најпогоден. Сите одлуки околу позицијата на резот и поставеноста на имплантите хирургот ги донесува во договор со пациентот по извршена детална консултација и врз основ на телесните предиспозиции на пациентот. Во тек на самата хируршка интервенција, имплантот се поставува во претходно формиран џеп, кој во зависност од претходно направената проценка, имплантот може да биде поставен под ткивото на дојката односно субмамарна имплантација, или пак да биде поставен под големиот граден мускул односно субпекторална имплантација. Во однос на обликот на самите импланти за зголемување на дојките, во консултација со пациентот предоперативно се одредува големината и изгледот/обликот на самите импланти – кружни или пак анатомски импланти. Постои голем избор на импланти, но генерално тие се со мека конзистенција и се флексибилни. По поставувањето на имплантите, се спроведува затворање на оперативната рана во повеќе слоеви: мускулен слој, фасцијален слој, поткожен слој, а потоа се шие кожата. Ваквиот начин на затворање на оперативната рана се спроведува со цел да се намали тензијата на самата оперативна рана а со тоа се превенира формирање на развлечени и деформирани лузни.
Често прашање од страна на пациентките е, колкава ќе биде лузната по самата операција? Иако имплантот е со големи димензии, сепак тој е мек и доста флексибилен, а тоа овозможува во најголем број на случаи оперативната рана да биде меѓу 5 и 6 cm. Ова е доволно за поставување на самите импланти, така што и големината на лузната ќе се движи во тие димензии.
Второ најчесто прашање во однос на оперативното зголемување на градите е, колку трае самата операција? Како и при секоја операција, со цел да се постигне најдобар резултат и да се избегнат сите можни компликации, операцијата трае се додека не се заврши. Но сепак во најголем број случаи, оперативното зголемување на градите трае меѓу 90 и 120 минути.
Кои жени не би смееле да размислуваат за зголемување на градите?
Д–р Коцевски: Бидејќи најголемиот број од пациентките кои се јавуваат на преглед кај пластичен хирург се јавуваат поради постоење на естетска индикација, односно не се задоволни од големината на своите гради, по спроведувањето на оперативното зголемување на градите, пациентките не само што треба да бидат задоволни од својот изглед, истите треба да бидат здрави. Тоа значи дека не смее да дојде до влошување на здравствената состојба по спроведената операција. Поради тоа, пред се, потребно е кај пациентките да се направи комплетно испитување кое вклучува мамографија или ултразвучен преглед на дојките, рендгенографија на градниот кош, комплетна крвна слика, преглед од интернист и да биде донесен интернистички заклучок дека пациентот може да биде опериран во општа анестезија, анестезиолошки преглед и заклучок дека пациентот може да биде опериран во општа анестезија.
Во однос на тоа кои жени се кандидати за ваков тип на хируршка интервенција, согласно медицинска индикација тоа се пациентки кај кои била направена мастектомија поради постоење карцином на дојка, пациентки со тубуларни дојки, при асиметрија на дојки и пациентки со Поландов синдром. Во однос на естетските индикации, тие вклучуваат пациентки незадоволни од големината на своите гради како и присуство на птотични (спуштени) дојки, особено после периодот на лактација
Пациентки кои не би смееле да размислуваат за оперативно зголемување на градите се оние кои имаат палпаторно или ултразвучно суспектна промена или докажана малигна промена на градите, пациентки кај кои е направена оперативна интервенција за отстранување на малигна промена на дојката. Потребно е помине најмалку една година од спроведена онколошка процедура, но потребно е конзилијарно онколошко мислење пред да се направи понатамошна реконструктивна или естетска операција на градите. Контраиндикација за оперативно зголемување на градите е и лошата здравствена состојба на пациентките, постоење на некое акутно заболување или пак постоење на нетретирано хронично заболување. Контраиндицирано е и при постоење на воспалителни или инфективни промени на ткивото на градите како што е на пример постоење на маститис. Секако, контраиндикација претставува бременост како и период на доење. Како контраиндикација се вбројува и нарушена ментална состојба како и постоење на BDMS (телесен дизморфофобичен синдром).
Кои се несаканите ефекти од зголемувањето на градите, дали постојат ризици во тек на процедурата?
Д–р Коцевски: Доколку се исклучи постоење на контраиндикација за спроведување на оперативно зголемување на градите, пациентот е во добра општа здравствена и ментална состојба, има направено прецизно предоперативно планирање и доколку самата операција се изведува во услови на хируршка стерилност, тогаш не постојат значајни несакани ефекти во однос на оперативното зголемување на градите.
Сепак, можните компликации вклучуваат: инфекција, формирање на естетски незадоволителна оперативна лузна, болка, хематом, крвавење, капсуларна контрактура.
Како што веќе споменавме, доколку операцијата се спроведува во услови на хируршка стерилност на операционата сала и операционото поле, доколку се спроведе антибиотска профилакса, тогаш ризикот за појава на инфекција е сведен на минимум. Во однос на формирањето на естетски незадоволителна оперативна лузна, тоа се превенира на тој начин што во пластичната хирургија се користат најфини хирушки инструменти во комбинација со прецизна хируршка техника и квалитетни хируршки конци. Како и секоја операција, и во естетската хирургија после спроведената операција секако има присутна болка. Со цел добивање на поголем комфор на пациентките, во тек на болничкиот постоперативен престој, болката се третира со давање на аналгетици преку инфузија. Во натамошниот тек особено во домашни услови, болката се решава со користење на орални аналгетици. Кога е во прашање крвавењето, во тек на операцијата со помош на електрокоагулација се сопира секое крвавење. Самиот имплант не смее да се постави се додека не се сопре секое можно крвавење. Иако пластичната хирургија е една од најфините хирургии, сепак операцијата претставува траума за ткивото. Така што во постоперативниот период можно е појава на оток и хематом. Затоа во текот на операцијата задолжително е поставување на дренови. Дреновите не само што превенираат создавање на хематом, туку и ни укажуваат колкав е степенот на ткивната реакција, односно сецернација на крвава или серозна содржина, со што се укажува на успешноста на оперативниот третман.
Често прашање од страна на пациентките е, колкава ќе биде лузната по самата операција? Иако имплантот е со големи димензии, сепак тој е мек и доста флексибилен, а тоа овозможува во најголем број на случаи оперативната рана да биде меѓу 5 и 6 cm. Ова е доволно за поставување на самите импланти, така што и големината на лузната ќе се движи во тие димензии
Иако човечкиот организам функционира како еден совршен систем, во некои случаи тоа може да доведе до појава на компликации како што е капсуларната контрактура. Капсуларната контрактура претставува една од најсериозните компликации кои можат да се јаваат по оперативно зголемување на градите. Всушност, капсуларната контрактура претставува формирање на сврзно ткиво околу самиот имплант во облик на капсула, а истата се јавува поради тоа што имуниот систем го препознава имплантот како туѓо тело и бидејќи не може да го отстрани, се обидува да го зароби. Начин на кој може да се превенира оваа појава е: субмускулно поставување на самиот имплант, минимален контакт на имплантот со кожата на пациентот, иригација на направениот џеп со антибиотски раствор како и минимална манипулација со самиот имплант.
Капсуларната контрактура се јавува со зачестеност од 30 % од пациентите кај кои бил имплантиран имплант кој што е исполнет со физиолошки или таканаречен „солен раствор“. Истата се јавува со помалку од 4 % кај пациентките каде е направена аугментација со користење на силиконски импланти.
Како се одвива постоперативното заздравување и колку време треба да помине пред враќање на секојдневни обврски?
Д–р Коцевски: По спроведеното оперативно зголемување на градите, пациентката првите два часа по операцијата потребно е да биде мониторирана во постанестезиолошка интезивна нега со цел успешно да се следи состојбата после вовед во општа анестезија. По два часа, пациентката се преместува во својата болничка соба каде што се мониторира на интервали од 2 до 3 часа. Веќе 8 часа по спроведеното оперативно зголемување на градите, пациентката може да стане од креветот и да се движи во собата. Движењето во собата е под надзор на медицинскиот персонал во болницата. Во тек на првите 24 часа од оперативното зголемување на градите потребно е да се следи количината на содржината која се собира преку дреновите. Доколку пациентката е во добра општа здравствена состојба, доколку нема ризик за појава на компликации, тогаш во следните 24 часа по спроведената операција, односно првиот постоперативен ден по отстранувањето на дреновите, може да биде отпуштена на натамошно закрепнување во домашни услови. Во домашните услови се препорачува мирување, задолжително придржување до препораките дадени од страна на хирургот како и задолжително користење на препишаната терапија. Петтиот постоперативен ден, пациентката се јавува на првата контрола, кога се прави преглед на оперативната рана како и на зголемените дојки, тогаш се прави и преврска на оперативните рани. Десеттиот постоперативен ден е следната контрола кога се отстрануваат конците од оперативните рани. Веќе по десеттиот ден не е потребна натамошна преврска на оперативните рани, односно по 10 дена веќе започнува формирањето на лузна. Во натамошниот тек, пациентката веќе може да се врати на вршење на секојдневните активности, но без физичка активност која вклучува кревање на товар како и кревање на рацете над ниво на рамениците. Две недели по направената операција, во зависност од видот на работата со која се занимава пациентка, таа може да се врати на работа. Еден месец по спроведеното оперативно зголемување на градите, пациентката може да започне со постепена физичка активност како и започнување со фитнес вежби. Но важно е да се напомене дека фитнес вежбите треба да бидат со користење на сопствената тежина, без користење на дополнителна тежина и тегови, тогаш веќе нема други ограничувања во извршување на активности од секојдневниот живот како и професионални активности.
Колку години трае хируршкото зголемување на дојките, односно колку долго можат имплантите да останат во добра форма? Треба ли да се менуваат после одреден период?
Д–р Коцевски: За разлика од имплантите кои се користеле во минатото, модерната технологија на производство на импланти овозможува нивна долготрајност. За разлика од имплантите кои се користеле во минатото чие времетраење било 10 години, имплантите кои се произведуваат денес имаат трајност од минимум 20 години, а има и производители на импланти кои нудат доживотна гаранција. Така доколку имплантите го задржуваат истиот облик и позиција како во првите години по операцијата, тогаш не е потребно нивно менување. Постои разлика во долготрајноста измеѓу импланти кои се исполнети со солен раствор и силиконските импланти. Поради фактот дека имплантите исполнети со солен раствор можат да ја изменат својата форма, односно да се појават нерамнини на површината на кожата во пределот на горниот пол на градите, како и поради поголемиот ризик за развој руптура на самите импланти препорачливо е истите да се отстранат или пак да се заменат по 10 години од имплантирањето. Доколку станува збор за силиконски импланти, генералниот став е дека ако тие ја имаат задржано својата форма, не се руптурирани и немаат капсуларна контрактура, можат да останат 20 години. Доколку и по 20 години нема некоја од наведените компликации, истите можат да останат и подолго.
Всушност 20 години е период во кој не се очекува руптура на самиот имплант. Ризикот за појава на руптура се зголемува за 1 % секоја година. Тоа значи дека по 20 години, ризикот за руптура на имплантот изнесува 20 %. Но, доколку пациентката прави редовни годишни прегледи, започнувајќи од првата година по зголемувањето на градите, тогаш со поголема сигурност може да се следи состојбата на имплантите и тие да останат без замена и по 20 години.
Едно од прашањата кои ги интересира жените кои размислуваат за ваков тип на интервенција е и тоа дали имплантите бараат носење на градник, кој секако е задолжителен во првите недели по интервенцијата, но што потоа?
Д–р Коцевски: Во постоперативниот период, носењето на компресивен градник е задолжително. Тој станува дел од гардеробата во првиот месец, но може да биде корисен и до три месеци во зависност од видот на имплантот или во зависност од слојот во којшто се поставува самиот имплант. По три месеци, бидејќи самиот имплант ги прави градите поцврсти и овозможува суспензија, на пациентките воопшто не им е потребен градник. Но, доколку пациентката има желба да носи градник, треба да се знае дека е забрането користење на градник со вградени метални жици.
Може ли жената да дои по поставување на имплантите?
Д–р Коцевски: Доколку операцијата за зголемување на градите се прави од страна на искусен и добро едуциран пластичен хирург кој со примена на адекватна хируршка техника прави поставување на имплантот во соодветна позиција, тогаш се избегнува ризикот за оштетување на каналниот систем на ткивото на дојката. Ова значи дека жената во постпарталниот период може да дои без проблем. Доколку пациентката не доела претходно, а планира, тогаш не треба да одбере зголемување на градите кое вклучува хируршки рез во пределот околу самите брадавици, бидејќи тој хируршки пристап го зголемува ризикот за развој на проблеми при доењето. Доколку хируршкиот пристап за зголемување на градите е преку хируршки рез во предел на субмамарната бразда или во предел на пазувната јама, тогаш нема ризик за појава на компликации поврзани со доењето. Една од причините која може да доведе до појава на компликации во однос на доењето претставува и големината на имплантите. Доколку се користат импланти во физиолошки размер, односно доколку големината на имплантите е во граници на нормална вредност по спроведеното мерење на градниот кош и градите на пациентката, тогаш нема ризик за компликации во однос на доењето. Но, доколку се користат големи импланти кои се поголеми од препорачаната големина од страна на пластичниот хирург, тогаш самиот имплант доведува до компресија на ткивото на самата града со што се зголемува ризикот за компликации во однос на доењето.
Што би им порачале на жените кои се незадоволни од изгледот на своите гради, а се двоумат за хируршко зголемување на градите?
Д-р Коцевски: Доколку пациентките се незадоволни од својот изглед и доколку се одлучни дека сакаат да ги зголемат своите гради, препорака е добро да се информираат во врска со самата оперативна процедура, но исто така потребно е добро да се информираат во врска со можните несакани компликации. Кога е во прашање зголемувањето на градите, пред да се одлучат каде и кај кого би сакале да ја извршат самата операција, добро да се информираат во врска со едукацијата и искуството на хирургот. Доколку пациентката не е одлучна дали би сакала да ја изврши оперативната процедура, препорака е да размисли колкаво е незадоволството од својот изглед. Без разлика дали е во прашање операција на гради, операција на нос или некоја друга естетска процедура, најдобар начин е субјективно да процени на скала од 1 до 10 колку е незадоволна со својот изглед. Доколку незадоволството е со вредност поголема од 7, тогаш веќе посериозно треба да се размисли за самата операција. Второ прашање кое пациентката потребно е да го постави самата себеси е, дали после извршената операција ќе биде посреќна? Доколку навистина операцијата ќе доведе до тоа пациентката да биде посреќна, тоа значи дека по самата операција кај пациентката самодовербата ќе биде на повисоко ниво, тогаш пациентката не треба да се двоуми во однос на самата оперативна процедура. Доколку пациентката смета дека естетската оперативна процедура нема значајно да го промени предоперативниот изглед и нема да доведе до раст на самодовербата, односно нема да ја направи посреќна, тогаш пациентката воопшто не би требало да размислува за естетска хирургија затоа што без разлика на завршниот резултат пациентката нема да биде задоволна од истиот.
И покрај своето полезно значење за организмот сончевите зраци се вбројуваат во редот на најопасните штетници врз најголемиот човеков орган – кожата. Имајќи ја пред-вид зачестената дилема околу видовите штетно зрачење, може ли да направи јасна дистинкција помеѓу УВА, УВБ и УВЦ зраците? Постои ли различен интензитет на штетност помеѓу нив?
УВА зраците имаат на долга бранова должина, тие продираат најдлабоко во кожата, предизвикуваат индиректно уништување на клеточната ДНК и нејзин оксидативен стрес, а со тоа и предвремено стареење. Тие се присутни во текот на целата година, со скоро еднаков интензитет. УВБ зраците се со пократка бранова должина, но предизвикуваат директно оштетување на клетките, па така покрај изгореници може да предизвикаат и карцином на кожата. Додека УВЦ зраците кои навистина имаат на) висок енергетски потенцијал, се блокираат од озонската обвивка и не стигнуваат до нашата кожа. Нивен извор може да бидат вештачки извори како УВЦ ламби кои се користат за дезинфекција на простории и воздух или некои видови на ласери.
Дали е потребно да се практикува некаков тип подготовка на кожата пред нејзино директно изложување на сонце?
Најважната подготовка вклучува хидратација на кожата и превенција од нејзино дехидрирање во летниот период, што во превод би значело набрчкување и пресушување. Секако, во однос на изложеноста на сонце, важно е правилото на многу постепена адаптација, односно постепено зголемување на минутите на експозиција на сонце. Се препорачуваат и додатоци во исхраната како Витамин Е (бадеми и други јаткасти плодови, растителни масла) и бета каротен – храна богата на каротеноиди како што е ликопенот (морков, сладок компир, брокула, тиква, домати), кои всушност ја подобруваат заштитата на кожата од УВ зраците.
Постои ли златно правило за бронзен тен? Што би ги советувале оние кои сепак инсистираат да потемнат, особено за време на краток временски интервал каков што е вообичаениот годишниот одмор?
Се смета дека храната богата на каротеноиди ја зголемува можноста од бронзен тен, но ова секако зависи од фототипот на кожа и од присуството на пигментот меланин кој е одговорен за потемнувањето. Не би советувала на ниту еден пациент да се стреми кон брзо потемнување, затоа што тоа во превод значи брзо стареење.
Располагаме ли со некаква национална статистика околу грижата на популацијата во овој дел и/или статистички параметри во делот на регуларното користење на препарати за заштита од сонце? За жал национална статистика на оваа тема не постои, но во светски рамки постојат бројни кампањи кои имаат за цел да се зголеми свесноста од штетното дејство на УВ зраците, како да се стави акцент на превенција пред сè на карцином на кожа, а за ова основна важност секако имаат препаратите за заштита од сонце, особено оние кои имаат и блокатори на УВА зраци, за кои претходно спомнавме дека ги има во текот на цела година со скоро ист интензитет. Една од најголемите е „Euromelanoma“, кампања на Европската Академија по дермато-онкологија во која и нашата земја учествува веќе долги години. Во овој дел постои наша, локализирана статистика, но истата се однесува само на пациенти кои доброволно се пријавуваат да дојдат на бесплатен преглед и да бидат дел од кампањата. А, тоа за жал е многу мал процент од вкупната популација.
Освен правилна заштита од штетното УВ зрачење, на што друго треба да внимаваме особено за време на летните месеци?
Фото-заштитата не вклучува само препарат со заштитен фактор. На прво место треба да обезбедиме механичка заштита, како дел од задолжителната облека за време на летните одмори, алишта од тенки памучни ткаенини во светли бои, заштитна шапка и очила за сонце. Потоа, нанесување на репеленти – креми за заштита од убоди од инсекти. Хидратација со внес на многу течности, лесна храна и многу овошје и зеленчук. Фото-заштита е задолжителна од најрана детска возраст, односно од првиот момент кота бебето е изложено на сончеви зраци.
Колку убодите од инсекти можат да бидат опасни во овој период од годината и што препорачувате секогаш да се носи во „рачната аптека“ за време на летување?
Знаеме дека најчести се убоди од комарци кои можат да бидат потенцијални преносители на неколку заразни заболувања, како: маларија, денга треска, зика, западно-нилска треска и сл. Овде се и бројните алергии на убоди од инсекти кои се доста почести во летниот период, па така задолжително во рачната аптека се носи на прво место анти-алергиска терапија, репелентни креми, препарати за ладење и смирување на кожата од убоди.
Од која возраст може да се почне со употреба на препарати за заштита од сонце? Што треба да содржи еден квалитетен детски крем за сончање?
Фото-заштита е задолжителна од најрана детска возраст, од првиот момент во кој бебето е изложено на сончеви зраци. Квалитетен детски крем за сончање треба да обезбедува широк спектар на заштита (УВА и УВБ), се разбира за нежната детска кожа која е склона на алергии, се препорачуваат препарати со физички или минерални филтри. Тоа се оние кои обезбедуваат еден вид на заштитна облога на површината на кожата и не дозволуваат продирање на УВ зраците.
Колку пати во текот на денот треба да се аплицира крем за заштита од сонце кај децата и дали постои некоја возрасна скала за дозирање?
Нанесувањето на кремот зависи од неговиот spf – sun protective factor, како и од фототипот на кожа. Кај посветлите кожи (фототип 1 и 2 кои се всушност најзастапени кај кавкаската раса) треба да се нанесува почесто. Дозирањето на доволна количина крем која ќе направи соодветна заштита е нешто кое подлежи на бројни тестирања. Се смета дека дозата од 2 гр/см 2 кожа е соодветната доза, но исто така ова скоро никој не го почитува бидејќи станува збор за доста поголема количина од онаа што ние како популација ја аплицираме во просек. Лосионите за после сончање го намалуваат воспалението кое се случува на површината на кожата под дејство на УВ зраците.
Која е улогата на т.н. After Sun лосиони?
Нивната улога е многу важна во хидрирање на кожата, спречување на нејзино пресушување а со тоа и превенција од црвенило, јадеж и нелагодност која најчесто се чувствува по изложување на сонце. Лосионите за после сончање го намалуваат воспалението кое се случува на површината на кожата под дејство на УВ зраците.
Постои ли некоја градација на најчести причини поради кои во летната сезона се посетува дерматовенеролог?
Најчести сезонски причини се сончевите алергии, алергии на убоди од инсекти, изгореници на кожата, но исто така доста се застапени и различни инфекции на кожата, независно дали се габични или бактериски поради честото користење на базени. Секако, овде се и прегледите на бенки и пигментни промени по телото. Тоа е нешто кое треба да биде задолжителен скрининг пред одење на одмор.
Имајќи предвид дека дамите сè уште важат за најзастапена категорија кога станува збор за медицинско и козметолошко третирање на кожата, постои ли поделба на третмани погодни за пред и после летен одмор?
Правило кое останал од минатото, е дека третмани против дамки или пигментации не се работат за време на летниот период, но од друга страна сведоци сме за рекорден број вакви третмани во земји како Емиратите, каде е летен период преку целата година … ова е благодарение на сè поусовршените креми со заштитен spf фактор. Во врска со ова, најважна е соодветната едукација на пациентите од наша страна и понатаму нивното совесно однесување по третманот, а тоа значи спроведување на конкретен протокол за нега на кожа во домашни услови. Па така, најзастапени остануваат хемиските пилинзи како едни од најмалку инвазивните, а сепак доста успешни во однос на третирањето на дамките.
Кои се најновите глобални трендови во дерматологијата, односно во кој правец движи оваа медицинска гранка во светски рамки?
Дефинитивно и дерматологијата има свои трендови кои доста се менуваат низ годините, особено естетската дерматологија, која е најмладата гранка во медицината, но истовремено и најбрзо растечка и развојна. Со појавата на сè поусовршени уреди базирани на енергија (ласери, ултразвучни и радиофреквентни бранови), трендот се движи токму во овој правец. Целта на третманите со сите нив е дефинитивно иста, а тоа е поттикнување на создавање колаген, рејувенација не само на кожата туку и на подлабоките поткожни структури кои впрочем стареат доста побрзо од самата кожа.
Тоа што ние го гледаме на површината на кожата не се само брчки, туку и нејзино свиснување, нешто кое доаѓа од загуба на масното ткиво под кожата, како и стареење на коските. Гореспоменатите уреди базирани на енергија (ги има многу и секој ден се произведуваат нови видови) всушност ги таргетираат и стимулираат овие слоеви, без притоа да додаваат волумен и нетипичното „надувување“ на кожата, кое придонесува за вештачки изглед и промена на природните контури на ликот. Дури и новите дермални филери кои се користат за пополнување на брчки, одамна се на база на состојки кои ја имаат истата цел – стимулација на колаген и поттикнуваше на создавање ново ткиво, наместо само обично пополнување и вештачка волуменизација.
Во однос на најзастапени медицински и/или козметички третмани на кожата во летната сезона, се издвојуваат хемиските пилинзи, како едни од најмалку инвазивните, а сепак доста успешни во однос на третирањето на дамките.
Гениталниот пролапс или попознат како ,,спуштена матка,, и инконтиненцијата на урина се честа состојба кај жените. Над 47% од жените ќе бидат засегнати од овој проблем во текот на својот живот.
Пролапсот се случува како резултат на ослабувањето на ткивата и мускулите во карлицата при што матката се поместува односно се спушта од својата нормална положба. Може да се случи пролапсот освен на гениталните органи да биде и на мочниот меур или каналите. Тогаш станува збор за уро-генитален пролапс при што е нарушена не само анатомска позиција, туку и самата функција на засегнатите органи. Поедноставно кажано, нарушената анатомска позиција е всушност кила (хернија) на еден или повеќе делови од внатрешните генитални органи на жената и на самиот мочен меур и/или уретрата (изводниот мочен канал).
Додека пак, нарушената функција се манифестира со проблеми со мокрењето и може да варираат од зачестено мокрење со или без чувство на нагон за мокрење, преку стрес – инконтиненција (подмочување при напор, кашлање, кивање, смеење, сексуален однос итн.), нецелосно прзнење на мочниот меур, уроинфекции, нарушени или неможни сексуални односи. Причините се многубројни, но пред се доминира возрастa, породувања (особено вагинални), обезноста, физичката работа, наследните фактори, слабоста на мускулнопотпорните структури итн.
Спуштањето на матката, ѕидовите на вагината или мочниот меур може да е некомплетно – при што жените вообичаено не се ни свесни дека постои, туку им се дијагностицира при гинеколошки преглед, или позначајно одн. комплетно кога самите пациентки чуствуваат, забележуваат натежнување особено кога се движат. Присутни се и болки, често и во лумбалниот дел на рбетот, потоа проблеми со празнење на мочниот меур и чувство дека е непотполно испразнет, како и болка односно печење при мокрење или неволно подмочување. Најчесто пролапсот е проследен/комбиниран со постоење и на стрес инконтиненција (истекување) на урината.
Можни решенија
Најважно е секоја жена да биде свесна дека постои ефикасно решение за овој проблем. Станува збор за вагинални операции кои се минимално инвазивни, со кус престој во болница и брз опоравок што овозможува враќање на секојдневните активности без последици.
Во нашиот лекарски тим проф. д-р Васил Илиев е тој кој има долгогодишна пракса во имплементација на модерните реконструктивни интервенции за разни типови на пролапс на матката и/или вагината.
Сите човечки суштества со нормално психофизиолошко функционирање (во рамките на просекот) заплакале или ќе го направат тоа повеќе пати во текот на нивниот живот. Всушност, кога ќе се роди бебе, токму плачењето е првото нешто што се очекува и првиот знак дека неговото тело работи правилно. Сите знаеме дека плачењето е природно и дека ни се случува во различни прилики, кога имаме проблем со очите, не чешаат или печат, а плачеме и кога сме тажни или пресреќни. Но она што е важно е да ги спознаеме механизмите и каква корист ние имаме од тоа.
Видови солзи
Неопходно е да се разликуваат физиолошките солзи од емоционалните или психолошките.
Физиолошки солзи
Физиолошките солзи се оние кои служат за заштита на нашиот визуелен систем (очите), резултат на рефлекси или се лубриканти. Солзите за подмачкување се оние кои потекнуваат од рожницата, го чистат и штитат окото од надворешни агенси (како што е прашина и сл.). Дневно се произведуваат приближно 1 ml солзи за подмачкување. Рефлексните солзи пак се оние кои штитат од надворешни напади како што се иритирачки гасови или хемиски супстанци. Тоа се оние солзи кои се појавуваат при лупење на кромид на пример, и содржат голема количина на антитела кои ќе го заштитат окото од бактериски напади.
Емоционални солзи
Конечно имаме емотивни солзи, на кои ќе се фокусираме. Тие се појавуваат пред силна емоција, хипоталамусот интервенира во емоционалната интерпретација и е тој што испраќа наредби до очните органи за производство на солзи. Според една студија (Walter & Chip, 2006) со примерок од повеќе од триста луѓе, мажите во просек плачат пролевајќи емотивни солзи еднаш месечно, а жените најмалку пет пати месечно, разликата меѓу двата пола се објаснува поради хормонални варијации за време на циклусот.
Плачеме кога нешто не вознемирува
Каква е користа од создавање солзи во ситуација со емоционален интензитет? Тие обично се појавуваат во услови на болна несакана ситуација. Во овој случај се чини дека лачењето солзи има аналгетска и ублажувачка функција. Емоционалните солзи што ги пролеваме пред нашата или туѓа драматична ситуација носат добра доза на калиум и манган хлорид, ендорфин, пролактин со нив надвор од телото, адренокортикотропин и леуцин-енкефалин (природен лек за болка).
Мозокот кога плачеме
Освен тоа, кога плачеме, мозокот троши голема количина гликоза и кога ќе завршиме со плачењето, се чувствуваме уморни и поопуштени како да сме спортувале, што може да го поттикне одморот на телото во стресни ситуации. Дополнително, самиот факт на плачење ќе нè натера да се повлечеме во себе, да направиме лична рефлексија или интроспекција и да ни овозможи да ја покриеме потребата да се слушаме себе и да се грижиме за себе во одредени моменти, оставајќи ги настрана другите работи што нè засегаат секојдневно.
Социјалната функција на плачењето
Се разбира, солзите имаат многу важна адаптивна социјална функција, кога гледаме како други плачат, знаеме дека можеби ќе им треба помош или различен третман од вообичаеното. Така, ако ја додадеме биолошката функција во комбинација со интраперсоналната и релациската, солзите по загуба на една блиска личност, ќе ни помогнат да ја поминеме емоцијата на подобар начин.
Зошто понекогаш плачеме кога сме среќни?
Кога доживуваме емоција на екстремна радост, нашето тело понекогаш го толкува како нешто„претерано“, а нашиот емоционален систем како губење на контролата. Во овие околности, плачењето помага да се врати емоционалната рамнотежа.
Што ако не можам да плачам кога сум тажен?
Некои луѓе страдаат од автоимуна болест, Сјорен-ов синдром, во која постои трајна сувост во солзниот канал. Но, оставајќи ги настрана можните физиолошки проблеми со производството на солзи, некои луѓе имаат проблем да плачат кога доживуваат загуба или силни емоции, обично придружени со неможност да почувствуваат тага. Ова може да биде резултат од повеќе причини и често е поврзано со лошо искуство со емоционално управување во одредено време (на пример, да сте претрпеле тешка депресија или да имате блиска личност која страда од неа), како резултат на тоа се активира ирационален страв од плачење.
Општествените норми, исто така, влијаат на одредени култури каде што плачењето се гледа како нешто „лошо“, а постојат и многу други култури, каде плачењето е нешто природно и нормално што не треба да биде „потиснато“. Затоа важно е да се научи како да се плаче кога е потребно, бидејќи како што напоменавме погоре, плачањето (солзите) има повеќекратни предности за врамнотежување на нашето емоционално здравје.
Нашите стручни лица во одделот за психијатрија и психологија ви стојат на располагање за консултација и третман на сите ваши емоцијонални проблеми. Закажете го вашиот преглед на 02 3091 484
Доколку имате дијабетес и се подготвувате за одмор, има неколку важни работи кои треба да ги знаете, односно да ги имате на ум за да одржувате добра контрола на вашата болест. Во денешниот пост ви нудиме неколку препораки кои можат да ви помогнат:
Лекови и терапија: Погрижете се да имате доволна количина лекови кои ќе ги понесете со вас и ќе ве покријат за целиот период на вашиот одмор, секако вклучувајќи го инсулинот доколку користите или други орални лекови кои можеби ќе ви бидат потребни. Размислете да имате и резервна количина на лекови со вас во случај на непредвидени настани или одложувања при враќањето. Исто така, добро е да носите медицински документ во кои се наведува дека имате дијабетес.
Здрава исхрана: За време на вашиот одмор, важно е да внесувате здрава и врамнотежена исхрана. Обидете се да одржувате редовен распоред на оброци и избегнувајте претерување со храна богата со шеќер или јаглехидрати. Ако сакате да јадете надвор, изберете здрави опции и контролирајте ги порциите. Секогаш носете со себе некој вид брз извор на шеќер во случај да почувствувате хипогликемија.
Физичка активност: Вежбањето е важно за контрола на дијабетесот, дури и додека сте на одмор. Обидете се да одржувате редовно ниво на физичка активност, како што се пешачење, пливање или активности на отворено. Сепак, имајте на ум дека можеби ќе треба да го прилагодите внесот на храна и лекови врз основа на вашето ниво на физичка активност. Консултирајте се со вашиот лекар за конкретни упатства.
Следење на нивото на гликоза: Не заборавајте да го земете со себе вашиот гликометар и апаратот што ви е потребен за редовно мерење. Можеби ќе треба да ја следите вашата гликоза почесто од вообичаено поради промени во рутината, исхраната и физичката активност. Погрижете се да ги знаете што да правите во случај на високи или ниски нивоа.
Прилагодете ја разликата во временските зони: Aко патувате низ различни временски зони, треба да знаете како тоа може да влијае на вашиот распоред на лекови и оброци. Консултирајте се со вашиот лекар кој редовно ве следи за конкретни упатства за тоа како да го прилагодите распоредот додека патувате.
Безбедносни мерки на претпазливост: Секогаш носете со себе медицинска документација (шема/упатство) во која се наведува дека имате дијабетес, во случај на итност. Не заборавајте да му кажете на вашиот сопатник за да знае како да ви помогне во случај на итен случај поврзан со дијабетес.
Запомнете дека е важно да комуницирате со вашиот доктор пред да патувате за да добиете дополнителни конкретни упатства врз основа на вашата индивидуална состојба и да ги решите сите прашања или грижи што можеби ги имате. Со правилно планирање и постојана грижа, можете да уживате во вашиот одмор додека одржувате добра контрола на вашиот дијабетес.
Нашиот тим ендокринолози ви стојат на располагање за консултација и/или третман на сите ваши проблеми со дијабетес. Закажете консултација на 02 3091 484
За едно лице да биде во форма важна е не само физичката туку и психолошката состојба. Човек е комплетно здрав не само кога се грижи за физичката форма на сопственото тело. Едноставно треба да се погрижи да бидат усвоени и практикувани и психолошки здрави навики. Емоционалното здравје е важен дел од нашата севкупна благосостојба, која ги вклучува како нашето физичко, така и нашето душевно/емоционално здравје Во денешно време всушност многу се зборува за емоционалното здравје и среќа. Но, што всушност е емоционалното здравје? Како можеме да го подобриме? Во оваа статија ќе зборуваме за овој концепт и ќе ви дадеме неколку совети како да уживате во поголема психолошка благосостојба.
Што е емоционално здравје?
Доброто општо здравје, вклучува неколку елементи и тоа: физички да сме здрави, да уживаме во психолошка и социјална благосостојба, која вклучува не само квалитетни меѓучовечки односи и пријателства, туку и достоинствена работа, стабилна економска состојба, итн. Кога зборуваме за ментална благосостојба, мислиме на емоционалното здравје што само по себе претставува комплексен концепт кој се однесува на тоа да се чувствувате добро за себе и да бидете усогласени со вашите цели и мотивации. Тоа е чувство на задоволство, во кое иднината се перцепира со оптимизам и надеж. Луѓето со добро емоционално здравје чувствуваат дека животот има голема смисла и цел, способни се да се соочат со неволји и да се справат со стресот, уживаат во балансот меѓу работата, одморот и слободното време, имаат самодоверба и имаат високо ниво на само мотивација.
Совети за подобрување на емоционалното здравје
Уживањето во добро емоционално здравје е во голема мера поврзано со тоа како го перципираме светот околу нас и со фактот дека практикуваме здрави навики. Затоа ви предлагаме неколку стратегии кои ќе ви помогнат да уживате во поголемо емоционално здравје.
Учествувајте во работилници за емоционална интелигенција
Треба да сме свесни дека емоционално интелигентните луѓе уживаат поголема благосостојба, имаат поголемо самопознавање, донесуваат подобри одлуки, подобро управуваат со стресот, подобро комуницираат, градат поздрави меѓучовечки односи. За среќа, можно е да се работи на подобрување на емоционалната интелигенција и способноста за разбирање и регулирање на емоциите. Постојат многу различни видови работилници кои можат да ви помогнат да станете емотивно интелигентна личност што ќе ви донесе бенефити.
Спортувајте
Општата благосостојба се состои од три големи области: физичко, ментално и социјално здравје. Овие витални области се меѓусебно поврзани, така што уживањето во добро физичко здравје има позитивно влијание врз нашата ментална благосостојба. Спортувањето не само што ни помага да уживаме во поголемо кардиоваскуларно здравје и добро тело, туку ни овозможува и ослободување на ендорфин, серотонин, норадреналин и други невротрансмитери кои ни предизвикуваат пријатни сензации и го подобруваат нашето расположение.
Практикувајте активности во кои уживате
Голем дел од психолошката благосостојба и емоционалното здравје се поврзани со уживањето во нашиот живот. Знаејќи што сакаме да правиме и што нè тера да влеземе во „состојба на flow“ е првиот чекор во уживањето во исполнет живот. Важен дел од социјалната благосостојба е да се има пристојна работа и да се биде во финансиски добра состојба кои влијаат на нашето емоционално здравје. Но не се само овие елементи доволни.
Дали сакате да сликате или да свирите гитара во вашето слободно време? Дали имате чувство на екстаза кога танцувате? Што и да е тоа што ве прави среќни, вклучете го како активност во вашата неделна рутина за да уживате во поголемо емоционално здравје.
Борете се за вашиот личен раст
Постојат многу студии кои потврдуваат дека имањето цел ја фаворизира нашата ментална благосостојба и не одржува мотивирани. Всушност, незнаењето што всушност сакаме во животот или каде одиме, може да не доведе до состојба на егзистенцијална криза и депресија. Затоа, важно е да дефинираме кои се нашите грижи и каде би сакале да бидеме во иднина. Без разлика дали тоа е во врска со студиите, работата и која било област од нашиот живот. Всушност кога се поврзуваме со нашите цели и со она што навистина го сакаме се бориме за тоа, а нашето патување кон личен развој станува нешто возбудливо, нешто што ни дава живот и што ни овозможува да уживаме одлично емоционално здравје.
Поставете реални цели
Како што напоменавме во претходната точка, дефинирањето на јасни реални цели е клучно за нашата благосостојба. Нереалните цели имаат негативен ефект врз нас, бидејќи ни предизвикуваат фрустрации и можат да влијаат на нашата самодоверба. Кога поставувате цели, секогаш е неопходно да се земат предвид ресурсите со кои располагаме. Исто така, целите мора да бидат предизвикувачки, но и остварливи.
Зајакнете ги позитивните меѓучовечки односи
Постојат неколку студии кои потврдуваат дека добрите меѓучовечки односи позитивно влијаат на нашето емоционално здравје. Не само тоа! Тие исто така влијаат на нашето општо здравје, вклучувајќи го и физичкото здравје. Според направени студии кои го анализирале здравјето на луѓето кои имале здрави меѓучовечки односи и оние кои биле подложени на негативни односи, откриено е дека првите уживале подобро општо здравје: добар крвен притисок, помал индекс на телесна маса итн.
Живејте во сегашноста и вежбајте прифаќање
Научните студии исто така потврдуваат дека луѓето кои практикуваат Mindfulness, односно развиваат состојба на умот во која го фокусираат своето внимание на овде и сега, со став на сочувство и неосудување, уживаат подобро емоционално здравје.
Одржувајте богат социјален живот
Емоционалната благосостојба не се постигнува преку индивидуална борба да се чувствувате подобро, тоа е заедничко искуство. На крајот на краиштата, човечкото суштество е суштински социјално животно. Не можеме да се преправаме дека сме добро ако водиме начин на живот заснован на изолација, бидејќи не сме создадени да живееме така. Затоа, погрижете се да бидете окружени со луѓе кои се поврзуваат со вас и кои секојдневно придонесуваат за ваша благосостојба. Не е важно во фокус да ви бидат оние кои ви нудат само ветување за статус или се популарни, а немаат суштина. Подобро е да бидете со оние кои дури и преку едноставен начин на живот, ви дозволуваат да им верувате и да воспоставите позитивни односи како еднакви.
Нашите стручни лица во одделот за психијатрија и психологија ви стојат на располагање за консултација и третман на сите ваши емоцијонални проблеми. Закажете го вашиот преглед на 02 3091 484
Гинекомастијата е често пореметување на ендокриниот систем, при кое се случува неканцерозно зголемување на градите кај лица од машки пол. Дојките и кај двата пола се подложни на хормонални влијанија. Секако овие влијанија се одразуваат во помала мера кај машката популација, така што и кај нив може да се појавуват истите болести како и кај женските гради, но многу поретко. Дојките кај мажите се рудиментен орган. Градени се од масно ткиво, мало количество сврзно ткиво и недоразвиени изводни канали кон брадавиците.
Најчест проблем кој се јавува кај дојките на мажите е токму гинекомастијата, која претставува еднострано или двострано зголемување на машките дојки на сметка на епителното и стромалното ткиво. Како физиолошка појава се среќава во неонаталниот период под влијание на хормоните на мајката, во пубертетот поради појавата на физиолошките хормонални промени, но може да се случи и во староста. Доколку се појави во друг период, треба да се направат дополнителни испитувања. Статистиката покажува дека еден од тројца мажи помлади од 40 години имаат проблем со одреден степен на гинекомастија.
Причината за појава на гинекомастија можат да бидат хипертрофија или зголемување на жлездениот паренхим на дојката и собирање на депозити во поткожното масно ткиво. Во педесеттата година од животот, речиси половина од машката популација има зголемени гради.
Разлика меѓу гинекомастија и липомастија
Човечкото тело ги складира мастите на начин кој генетиката веќе го има одредено. Тоа значи дека како резултат на генетиката, кај некои мажи одредена количина вишок на телесни масти се таложат на градите, па така настанува зголемување на градите. Без разлика на генетиката, доколку внесувате премногу масти, телото ќе нема да има простор сето тоа да го процесира. Од таа причина дел завршува во облик на градно сало. Оваа појава се нарекува липомастија.
Гинекомастијата не е поврзана со постоење вишок масти на градите. Таа настанува поради хипертрофија на жлезденото ткиво како резултат на неизбалансираните нивоа на хормоните тестостерон и естроген. Од таа причина најчесто се појавува во период на пубертетот или во средните години, по педесеттата година од животот. Може да се појави и како нус појава од користење на стероиди, кои влијаат на нивоата на хормоните. Може да биде во блага или екстремна форма. Исто така, може да се случи и комбинација од двете појави.
Патолошка гинекомастија
Патолошката гинекомастија се појавува поради пад на тестостеронот при воспаление или траума на тестисите, кастрација, бубрежна инсуфициенција или метаболичен дефект во продукцијата на тестостеронот. Исто така, се појавува и при пораст на естрогените хормони, што се случува при тумори на тестисите, карцином на белите дробови, болести на надбубрежната жлезда, црниот дроб, тироидната жлезда (тиреотоксикоза). Може да се појави и при честа употреба на некои лекови, меѓу кои и сите цитостатици, како и опојни средства.
Дијагностичка проценка
Клинички преглед на градите се прави со цел да се утврди точниот проблем.
Дали состојбата е гинекомастија или псевдогинекомастија (раст на супареоларното масно ткиво, но не и на жлезденото ткиво)
Диференцијална дијагноза помеѓу гинекомастија и канцер на градите (гинекомастичното ткиво е меко и еластично и се наоѓа веднаш под ареолата, билатерално кај 50% од случаите; канцерското ткиво е солидно или тврдо, не е под ареолата, често е унилатерално).
Обрнете внимание на следните знаци и историја:
Сексуална функција (импотенција, намалено либидо).
Големина на тестисите (мали тестиси индицираат хипогонадизам, асиметрија сугерира тумор).
Влакнетост (машки или женски тип)
Млеко или друг исцедок при стискање на градите.
Знаци на хепатално заболување.
Историја за лекови (спиронолактон, третман на канцер на простата, природни лекови).
Лабораториски иследувања
Спроведувањето на лабораториски тестови се прваи по приоритет. Вообичаено се почнува со:
Серумски тестостерон и глобулин што се врзува за полови хормони (sex-hormone binding globulin SHBG ) (+ пресметан слободен тестостерон).
Серумски естрадиол.
Серумски лутеинизирачки хормон (LH).
Серумски TSH.
Серумски бета-hCG.
Пред да се донесе одлука, првенствено е потребно да се направи ЕХО на дојките, а потоа со комплетните хормонски анализи потребен е преглед од страна на специјалист ендокринолог. Доколку ендокринологот донесе заклучок дека гинекомастијата е операбилна, во натамошниот тек се спроведува хируршки третман.
Хируршки третман за гинекомастија
Хируршкиот третман кај гинекомастијата се однесува на отстранување на ткивото во предел на дојките. Во зависност од самиот тип на гинекомастија односно дали е во прашање липомастија или гинекомастија, можни се две оперативни процедури:
Липосукција
Периареоларна екстирпација на жлездата на дојката
Липосукција претставува оперативна процедура каде што по спроведена инфилтрација, со помош на канила и под вакум, се извлекува масната компонента во предел на дојката. Екстирпацијата на жлездата претставува хируршка процедура каде што по направен полукружен рез во предел на брадавицата, се спроведува препарирање на жлезденото ткиво на дојката, а потоа истото се одстранува. По спроведената екстирпација на жлезденото ткиво на дојката, потребно е на ткивото да се направи патохистолошка анализа со цел поставување на дефинитивна дијагноза.
Постоперативна рехабилитација
По спроведената операција, потребно е мирување и избегнување на физичка активност. Болничкиот престој по спроведената операција, во зависност од општата состојба на пациентите е со времетраење од 1 до 2 дена. Во понатамошниот период следува понатамошен амбулантски третман. Во постоперативниот период потребно е носење на еластичен завој или еластичен стезник со цел да се направи компресија на кожниот покривач во предел на градите. Компресивниот завоен материјал потребно е да се носи во траење од еден месец. Доколку пациентот кај кого е спроведен хируршки третман за гинекомастија професионално се бави со работа која не побарува физичка активност, враќањето на работа може да биде две недели по спроведената операција. Доколку пациентот професионално се бави со работа која побарува физичка активност особено на горните екстремитети, враќањето на работа може да биде по еден месец од операцијата. Со спортски активности или фитнес, може да се продолжи еден месец по самата операција.
Често поставувани прашања:
Колку трае операцијата на гинекомастија? Времетраењето на операцијата е од 60-90 минути
На која возраст најдобро е да се оперира гинекомастија? Гинекомастијата најдобро е да се оперира по завршување на пубертетот, односно во адолесценцијата
Дали пациентите со гинекомастија имаат поголем ризик за развој на карцином на дојка? Гинекомастијата не претставува преканцероза, односно не постои научно докажана поврзаност меѓу гинекомастија и ризикот за развој на карцином на дојка
Во која анестезија може да се направи операцијата на гинекомастија? Во зависност од клиничката слика на пациентот, гинекомастијата може да се направи и во локална анестезија доколку дојките не се волуминозни
Дали операцијата е болна? Во постоперативниот период се спроведува аналгетска терапија со која се намалува болната сензација