Жан Митрев: Ние само лечиме, не правиме никакви експерименти

Дури 95 отсто од пациентите кои ги примивме беа отпишани во претсмртна агонија, пратени од други болници, а кај нас излечивме 75 отсто од нив. Сѐ што сакам е да продолжам да го работам она што најдобро го умеам и оваа непријатна епизода да заврши, вели во интервјуто за МКД.мк д-р Жан Митрев.

Барате да престане да се емитува емисијата со која започна процесот против вас. Дали е ова обид за цензура?

-Ни под разно. Јас ја почитувам целосно слободата на изразување и новинарската работа. Но, советот од мојот правен тим е издржан бидејќи станува збор за класичен говор на омраза кој се употребува против мене. После таа емисија започната е постапка против мене и јас морам да ги користам сите правни механизми кои ми се оставени како можност. Не станува збор за никаква цензура. Нека одлучи судот, а јас целосно ќе ја почитувам одлуката.

Докторе ова е ваше прво појавување во медиуми по објавувањето на информациите за наводните злоупотреби во вашата клиника за време на ковид пандемијата. Кажете ни како рефлектираше целата ситуација врз вас? ОЈО започна и процес за пласираните информации?

-Да така е, обвинувањата беа толку од една страна изфилмувани, а од друга страна толку нестручни, што не сакав да влезам во некои медиумски препукувања за сето тоа. Како што се вклучија институциите, сакав да ја видат целата наша документација, да ги увидат сите наши факти и аргументи за да може сето тоа и така да се разговара, на таа база.

Не е лесно, ова е за мене за жал, ново животно искуство. Никогаш не очекував дека ќе се најдам во ваква ситуација или да бидам попрецизен, никогаш не сметав дека сум направил нешто за вакво нешто да ми се случи мене. Во мојата природа како човек е подадената рака за помош, знаете овие раце држеле над 20.000 човечки срца и никогаш под ниту една околост не сум направил нешто што е етички погрешно, а не пак криминално.

Да, ова ми е прво медиумско појавување. Само ќе кажам дека вашите колеги со мене снимија интервју во времетраење повеќе од 90 минути, но во нивната емисија искористија помалку од 1 минута. Сепак јас сум само кардиохирург, не сум новинар да ја оценувам вашата работа, но сега ја гледаме моќта која ја имаат медиумите и што сѐ може да предизвикате, што е и за стравопочитување.

Сепак, обвинителството отвори истрага, а тоа значи дека предистрагата покажала некои основани сомневања.

-Се обидувам да ја прифатам реалноста и знам дека институциите работат на највисоко можно ниво и очекувам позитивна разврска. Одговорно тврдам нема ниту милиметар простор за медицинска грешка во нашата клиника, дури и во вонредната состојба кога се справуваме со ковид пандемијата.

Главната теза беше дека сте користеле метод на наводното експериментално користење, односно клиничко испитување на методот на хемофилтрација кај ковид-19 пациенти во Клиничката болница Жан Митрев. Дали со хемофилтрацијата правевте паралелно клиничкото испитување?

-Тука прво за читателите морам да објаснам што е клиничко испитување. Тоа е кога се воведува некој нов лек или средство во третманот на пациентите и тоа го врши и организира производителот на тој лек или средство. Се организира клиничко испитување од производителот, кој е должен да ја пријави таа студија во МАЛМЕД или други институции, а одредени болници или доктори ја спроведуваат по утврден протокол и со тоа резултатите се објавуваат во медицински списанија за тоа дали нешто подобро делува од нешто друго.

Значи, и да сме сакале да правиме клиничка студија, не сме можеле, затоа што ние не го произведуваме сетот и филтерот за хемофилтрација. Од друга страна, тоа од производителот е одамна направено. Хемофилтрацијата уште од 1977 година е дозволена и има ЦЕ марка. Ние како болница од 2008 континуирано ги купуваме овие филтри од овластен дистрибутер во Македонија, кој ги поминал сите законски процедури за регистрација и дозволи за користење на тоа средство во лекување на тешко болни пациенти.

Ние со хемофилтрација само лечевме, не правевме никакви екперименти или клиничко испитување. Тоа е само уште една постапка, една можност повеќе, на некои најтешко болни пациенти да им се помогне. Но, како и многу други лекови и постапки во медицината, хемофилтрацијата не е магично стапче со кое ќе се решат сите проблеми на еден пациент.

Искрено жалам што од разни причини дел од јавноста беше изманипулирана, користејќи го терминот клиничко испитување за нешто што веќе години наназад се користи и за истото има одобрение. Хемофилтрација е многу суверена метода во лекувањето на најтешко болните пациенти, таа буквално во најголемиот број на случаи му го спасува животот на пациентот, ако се вклучи на време и ако се направи како треба. Штета е на ваков начин да се дискредитира една медицинска постапка.

Од кога ја приме нувате оваа метода во вашата болница?

-До пред пандемијата, на одделот за интензивно лекување во 2019 година сме направиле речиси 200 хемофилтрации. Тоа беа најчесто пациенти со тешки срцеви декомпензации, кои паралелно имаат пореметена функција на бубрезите, дијабетичари со изразена сколоност кон инфекции. Нивното успешно лекување и стабилизирање на здравствената состојба е многу потешко без примена на методот на хемофилтрација.

Тука морам уште нешто да појаснам. Ние на интензивна нега не лекувавме ковид 19, туку ги лекувавме последиците и компликациите кои настануваа како резултат на оваа тешко вирусно воспаление. Всушност, механизамот на настанување на сепса е ист, различно беше само што се појави еден нов, непредвидлив и многу агресивен вирус. Ковид 19. Во најголемиот процент на сите инфицирани пациенти, самиот организам се справуваше со ковидот, како и кај сите други вирусни инфекции. Тие пациенти за 5-10 дена беа здрави, а многу од нив немаа дури и никакви симптоми. Но помал дел од пациентите, кој после ковид инфекцијата развиваа многу тешки компликации, кој предизвикуваа висока смртност. Тоа е така и кај сите други вирусни инфекции, но тука кај ковид вирусот беше проблемот што тој многу брзо се ширеше, огромен број на пациенти се заразуваа, а со тоа и бројот на комплицирани пациенти номинално беше поголем. Сите тие компликации од ковидот бараа и интензивно лекување, па затоа секаде во светот се појави проблем со капацитетите на кревети за интензивно лекување. Ние како болница располагаме со над 100 интензивни кревети и тоа беше таа голема шанса за голем дел од тие тешко болни единствено така и да преживеат.

Ние како болница направивме се што беше можно тие пациенти да го добијат максималниот третман по сите правила на интензивно лекување и со медицина базирана на докази. Текот на болеста кај некои пациенти беше непредвидлив, како што ретко се среќава во нашата медицинска пракса. Имаше периоди кои сите ние, целиот персонал се чувствувавме немоќни и очајни. Ги применивме сите наши знаења и умеења, како што и секаде во светот се трудеа да најдат начин, како да се лечат тие пациенти. Хемофилтрацијата беше само една постапка од низата за лекување и можноста да се зголеми шансата за преживување.

Тука би повторил дека ние во нашата држава го користиме методот на хемофилтрација во единиците за интензивно лекување уште од 2008 година, за што и беа одржани и стручни собири за обука и едукација на претставници од клиниките од јавното и приватното здравство. Овде се доведува прашањето дали клиничкото испитување, како што гласи во обвинувањата кон мене и Клиничката болница Жан Митрев се монтиран случај и кои се мотивите зад тоа? Огзирис филтерот започна да се користи за третман на пациенти со компликации од ковид-19 во голем број европски земји како што се Кина, Италија, Германија, Шпанија, Хрватска, по претходно издадени одобрение од страна на ФДА. Дали сите овие земји вршеле клиничко испитување? Дали одобрението од ФДА е клиничко испитување? Одговорот е многу јасен. Клиниката Жан Митрев се темели на долги години законско, транспарентно работење, во служба на граѓаните, во служба на илјадниците пациенти, кои веруваат во стручноста и квалитетот на оваа болница. Илјадници граѓани ги доверија своите животи на стручниот кадар во оваа клиника и исто толкав број граѓани и беа излекувани, користејќи најсовремена технологија, врвни испитувања и терапии за лекување и пред сè, стручен кадар којшто неуморно и деноноќно работи за секој еден човечки живот, којшто лекарска помош побарал во нашата болница.

Како ќе одговорите на фактот дека голем број од пациентите со ковид кои биле примени во вашата болница биле ставени на хемофилтрација во многу поголем број од другите здравствени установи во земјава?

-Треба да сме прецизни со статистиката, се работи за човечки животи. Дури 95% од пациентите кои ги примивме кај нас беа со најтешка клиничка слика и со сатурација која се граничи со линија меѓу живот и смрт. Кај нас доаѓаа најтешките пациенти кои веќе биле третирани во други установи и кои, како што реков, беа во крајно влошена состојба.

Процентот на излекувани пациенти кои сега се дома со своите семејства е 75%. Тоа се пациентите примени со тешка клиничка слика и многу низок процент за можност за преживување. Споредено со официјалните статистики за вкупна смртност во Македонија на целокупната популација на заразени пациенти е 51%. Во нашата болница, на всушност селектирани пациенти лечени во интензивна нега смртноста е 25%. Овој факт зборува за успешноста на клиниката, на лекарскиот тим и третманот применет кај компликациите од ковид-19 инфекцијата.

Во Клиничката болница Жан Митрев беа примени на лекување вкупно 1.738 пациенти, од кои 625 беа подложени на ковид-19 третман, односно 35% од вкупниот број на примени пациенти. Сите тие беа по строга медицинска индикација на доктори специјалисти за интензивно лекување и анестезија. Сите тие се и официјално едуцирани за примената на оваа метода во лекувањето. Па, ако требало да правиме бизнис со хемофилтрација, како што се обидуваат да нѐ обвинуваат, тогаш логично би било да сме ја примениле кај сите пациенти 100%!?

Еве за споредба, објавена статистиката во Кина, која е и првата земја којашто го примени методот на хемофилтрација за лекување на компликациите од ковид пациенти. Медицинските искуства од Кина покажуваат дека смртноста кај пациенти со тешка клиничка слика се намалила за 30% благодарение на методот на хемофилтрација. Наша примарна должност како доктори, но пред сè и како луѓе е да спасуваме животи. Всушност, тоа е и наша законска обврска, да ги применуваме највисоките стандарди и најсовремените методи во лекувањето на пациентите. Каде е тука грешката?

Сега, нашиот труд, се она на што сме работеле и сме вложувале со години, специјализации, илјадници спасени животи, илјадници излечени пациенти кои денеска се радуваат на животот, се доведени под знак прашање поради манипулации и обиди да се наштети по мене, клиниката и целиот тим од доктори и медицински лица.

Сепак докторе, вие оваа метода на хемофилтрација на некој начин ја промовиравте во јавноста како спасувачка. Дали не сметате дека згрешивте во овој дел?

-Во јавноста беше презентирано како една опција, една можност за тие најтешко болни пациенти после тешки компликации од ковид инфекција да имаат шанса да преживеат. Тоа и се потврди, но никогаш не беше кажано дека тоа е решение за сите проблеми кои ги предизвика ковидот. За жал, некои пациенти доаѓаа предоцна, за некои текот беше непредвидлив и покрај сите напори.

Но оваа метода се користи и ќе се користи и понатаму за многу тешко болни. Затоа што нема друга можност кај пациенти на кои акутно ќе им откаже функцијата на бубрезите, пациенти со тешки пневмонии и сепси од најразличен причинител, бидејќи со оваа постапка се заменува бубрежната функција и со помош на оваа терапија се врши отстранување на сите токсични материи од крвта на човековиот организам.

Хемофилтрацијата како метода се изведува со помош на специјални филтри, во комбинација со стерилно подготвени раствори наменети за оваа процедура. Крвта полна со отрови поминува низ филтерот кој ги задржува отровите, а прочистената крв се враќа назад во човечкиот организам. Ковид-19 вирусот не е обична инфективна состојба, напротив, во позадина на ова заболување стои воспалителен – имунолошки одговор пред сè на ендотелот на крвните садови во целиот организам, што резултира со ослободување на воспалителни – инфламаторни маркери или отрови во крвта, поради кои состојбата на пациентите многу често брзо се влошуваше, а дел од нив завршуваа и фатално. Хемофилтрацијата како метод на прочистување на крвта се покажа дека ги отстранува отровните материи кај тешките и критичните пациенти со компликации од ковид-19. Тоа го покажуваат многубројни факти не само од Македонија, туку и во голем број европски земји каде беше успешно применет овој метод.

Сега гледаме низ друга призма на работите. Сетете се како беше за време на ковид-19 пандемијата. Луѓето беа во паника, безнадежни, нѐ молеа за слободен кревет, кој некогаш го немавме. Се умираше насекаде по болниците. Секојдневно се објавуваа статистиките на починати пациенти. Беше страшно.

Одговорно тврдам дека секој еден пациент во ковид центарот на нашата клиника беше третиран согласно состојбата и пропишаните индикациски подрачја за примена на хемофилтрација.

Знам дека колегите мои кои ги прават во моментов анализите на случувањата кај нас, се врвни професионалци кои знаат дека нема никакво медицинско потрфлање во постапката. И, ако веќе се става под прашање употребата на хемофилтрација, не беше само нашата болница која ја употребуваше.

Втор сегмент за кој сте обвинети беа интрахоспиталните инфекции, колку беа такви случаи во Клиника Жан Митрев? Водеше ли клиниката евиденција за тоа, поседувате ли документација?

-И ова е една многу суптилна состојба која и меѓу самите стучњаци микробиолози и клиничари, кои се занимаваат само со оваа проблематика доаѓа до полемики и дискусии, што е секундарна, што интрахоспитална, а што суперинфекција. Кога таква суптилна медицинска и високоспецијалистичка терминологија ќе се постави во медиуми и пред обичните луге, тоа добива комплетно искривена слика.

Пациентите кои ние ги лечевме, покрај компликациите кои беа направени како последица на ковид вирусот, сите беа третирани со големи дози на антибиотици и кортикостероиди. Сето тоа беше и причина овие пациенти да се во една тешка имунодефицитна состојба, па со така паднат имунитет им се накалемуваа дополнителни бактериски инфекции. Обично тоа се бактерии, кои пациентите ги имаат во својот организам и со нормален имунитет тие се безопасни, но кога имунитетот комплетно откаже, како што беше со некои ковид пациенти, тогаш тие бактерии стануват опасни и прават т.н. суперинфекции. Па со неконтролираната употреба на антибиотици, некои бактерии се уништуваат, но опстануваат мултирезистентните, кои понатаму дополнително го загрозуваат пациентот.

Затоа инфекциите се неизбежни во клиничкото лекување, и тоа го знае секој доктор и сестра. Поради нивната природа тие се чести при лекувањето и тоа во секоја болница во светот. Посебно во одделенијата за интензивна нега, каде што пациентите подлегнуваат на долготрајни хоспитализации и инвазивно лекување. Тоа е познат проблем во светски рамки, а посебно проблематично беше и кај ковид пациентите. Да и кај нас имаше такви пациенти, доаѓаа од други болници, во катастрофална состојба. На сите тие пациенти правевме микробиолошки анализи многукратно, уринокултури, хемокултури. Се боревме за тие пациенти и ниту еден не беше така оставен, без максимална грижа и напор од персоналот да му се помогне. Ги спроведувавме постапките за заштита и изолација, единствена болница сме каде за ваква намена имавме негативен притисок во сите соби каде што беа ковид пациенти. За тоа поседуваме уредна документација, која ја приложивме до институциите. Како беше во другите болници од каде дојдоа пациентите знаеме само од некои слики, кои ни ги праќаа некои членови од фамилиите за да ги префрлат кај нас на лекување.

Според достапните студии застапеноста на секундарни инфекции, интрахоспитални или суперинфекции, во одделите за интензивна нега кај ковид пациенти, кои се објавени во медицинска литература се движи од 9,3% до 87%. На пример во Белгија, секундарната инфекција се јавила кај 68% од тестираните пациенти, во Велика Британија кај 30,6%, во Франција овој процент е 27% од тестираните пациенти. Во студија во Кина е откриено дека секундарна инфекција се јавила кај 86,8% од тестираните пациенти, коишто биле хоспитализирани повеќе од 72 часа. Секако, се користени разни показатели и разни методи во овие публикации, но се гледа дека проблемот е јасен.

Но прашањето не е за тоа има или нема инфекции по болници, туку дали се почитувале протоколите, дали тоа се пријавувало соодветно како што е обврската?

-Не сум чул дека за некоја од овие болници, кои ги публикуваат овие резултати, се водат кривични постапки, како тие да се криви за тие високи проценти. Кај нашите пациенти, кои беа поставени на хемофилтрација изнесуваше 24% и целокупната медицинска документација беше доставена до Министерството за здравство.

Ве обвинија дека сте направиле многу пари, дека сте профитирале од пациентите, дека сте наплаќале 12.000 евра за хемофилтрација?

-Да тоа се и оние обвинувања, кои и мене ме најмногу погодуваат затоа што се комплетно лажни. Уште од 2009 година цената на лекување во интензивна нега за еден болнички ден изнесува 600 евра и тоа не е променето до денеска. Исто така, цената на една хемофилтрација, која обично трае 48 часа, чини 3.000 евра. Тие исти цени останаа кога се појави и короната. Воопшто ништо не се смени и ниту една цена не се покачи. Имено, заради тежината на болеста и непредвидливото траење на лекувањето, пациентите депонираа 12.000 евра за 10 дена интензивно лекување и можни две хемофилтрации. Но тоа беше само депозит, ако пациентот останеше 5 дена и немаше потреба од хемофилтрација, му се наплатуваше 3.000 евра, а остатокот од депозитот се враќаше. Тоа е така за сите пациенти и сѐ е проследено со документација и фискални сметки. Ниту на еден пациент не му е наплатено ни едно евро повеќе.

Независниот економски вештак ги потврди овие работи, воедно и пресмета дека материјалните трошоци за една хемофилтрација изнесуват околу 2.400 евра, така што она што ние го наплаќаме е за некои 25 отсто повеќе. Каде е тука тој голем бизнис?

И уште нешто, за тоа време на интензивна нега лекувавме стотина странски државјани од Англија, Германија, Италија, Швајцарија и други европски земји. Од сите тие различни држави и сите различни осигурителни компании, секојдневно нашите доктори беа контактирани од нивни експерти, кои се интересираа за нивните осигуреници околу начинот на лекување. Тоа беа експерти за интензивна нега и буквално за секоја ситница прашуваа и преку нивното стручно мислење и одобрение, осигурителните компании ги плаќаа пресметките во странство. Тие сите покрај другото, беа позитивно изненадени, дека тука имаме можност и за хемофилтрација кај нивните пациенти, немаа никаква замерка околу целокупното лекување и сите тие различни осигурителни компании од сите овие различни држави, без исклучок, си ги платија сметките до последен денар.

Зарем има поголема проверка и експертиза од ова. Зарем било која осигурителна компанија преку нивните експерти ќе дозволеше и платеше каква било постапка која е невообичаена во третманот на овие пациенти?

Дали би промениле нешто во вашиот докторски пристап, можеби помалку пациенти или поретка употреба на хемофилтрацијата? Како би постапиле денес?

-Клиника Жан Митрев постои и работи за пациентите, ние сме приватна здравствена установи, но пред се сме доктори кои се уште веруваат во Хипократовата заклетва. Ние сме здравствени работници, кои за време на пандемијата си го заборавија патот до дома, своите семејства и своите блиски и се посветија на пациентите тука, во оваа клиника. Кога процентот на тешко заболени вртоглаво растеше и кога сите други болнички капацитети беа затворени или претворени во ковид центри, кај нас работеа нормално сите одделенија. Ни тогаш, а уште помалку сега, ниту еден пациент не е вратен, а да не биде прегледан, хоспитализиран и да не му биде дадена потребната здравствена помош. Ме прашувате дали би сменил нешто од тоа, мојот одговор е не! Ништо не би променил ни во постапката за третирање, ни во начинот на третирање, ни во грижата за пациентите, ниту еден пациент не би оставил надвор, без разлика од каде доаѓа и што носи со себе. Јас сум доктор и целиот свој живот го посветив на пациентите. Така ќе биде и понатаму. Сите обвинувања за мојата работа и за работата на клиниката ќе бидат отфрлени, затоа што едноставно вистината и правдата е на наша страна. И научните факти се разбира, затоа што оваа дискусија, за методот, за филтерот, за третманот, за постапките и процедурите треба да се водат во стручна кругови, каде што има висококвалификувано знаење. Јавноста треба да знае за сѐ што се правело во нашата клиника и ние ги информираме, редовно. Но, јавноста не може да оцени на оваа тема, има кој знае и умее и верувам дека наскоро, тоа знаење ќе ја обелодени вистината за Клиниката Жан Митрев, за мене како доктор, за хемофилтрацијата и за сето она што го направивме, за сите оние животи што ги спасивме во изминатите три години.

Сѐ што сакам сега е да продолжам да си го работам тоа што најдобро го знам. Секогаш мислев дека мојата работа како лекар е доволна за мојот кредибилитет и сѐ уште сметам дека е така.

Извор: MKD.mk

Д-р МАРИЈА КОСТАДИНОВСКА: Чувството на стрес е нормално, но неговото потиснување прави тој да расте

Обидете се да размислите за околностите или факторите кои прават да се чувствувате поранливи и какви стратегии ви се потребни за да се справите со нив. Сето ова ќе ви помогне лесно да ги препознаете моментите на преоптоварување и да почувствувате дека сте способни да се заштитите

Нашето темпо на живот, одредени ситуации од минатото, тековни настани со голем емоционален набој или долготрајна негативна ситуација, може да имаат последици врз нашата благосостојба и да предизвикаат емоционален стрес.
„Соочени со вакви околности, односно изложени на стресни дразби, влегуваме во состојба на психолошка напнатост. Доколку опстојува подолг период, ги зголемува шансите за појава на телесни и психички последици, како, на пример, срцеви заболувања, хормонални нарушувања, вознемиреност и/или депресија“, објаснува д-р Марија Костадиновска, специјалист психијатар.

Што е емоционален стрес и како да се соочиме со него? Кои се всушност нивоата на емоционален стрес?

Д-р Костадиновска: Емоционалниот стрес е неопходен и претставува одговор на прилагодување кон одредени ситуации и не` подготвува за пребродување на животните предизвици.
Нашата реакција е прилагодена на нивото на закана или опасност и е сеопфатна, односно се јавува на физиолошко, емоционално и на ниво на однесување. Тежината и непријатноста ќе зависат од степен на емоционален стрес, нашето претходно животно искуство, возраста и актуелните животни случувања.
Акутен стрес – овој тип на емоционален стрес е најчест и одговара на оние специфични моменти кои вклучуваат моментално покачување на адреналин. Такви се оние со краткорочни ефекти како на пример: преселба, развод, сообраќајна несреќа, скокање со падобран, барање работа или полагање испит, испрашување во училиште. Овие ситуации се краткотрајни, брзо завршуваат и потоа можеме да се вратиме во секојдневната рутина.
Епизоден акутен стрес – ситуации на акутен стрес кои често се повторуваат. Лицата имаат чувство дека се во постојан хаос и криза, најчесто условен од брз и начин на живеење под притисок. Епизоден акутен стрес се јавува кај луѓе кои се со многу самонаметнати барања и кај оние кои имаат рутина полна со обврски и континуирано полна агенда активности. Повремено се соочуваат со исцрпеност, намалена концентрација и успех, односно овие ситуации ги истоштуваат и им предизвикуват секојдневни проблеми.

Кога стресот преминува во хронична состојба?

Д-р Костадиновска: Хроничниот стрес се јавува во состојби при нерешени прашања кои опстојуваат константни со текот на времето. Постојат одредени ситуации кои можат да предизвикат хроничен емоционален стрес со текот на времето, како што се: сиромаштија, нефункционални семејства (семејно насилство, лице корисник на дрога или алкохол, справување со тешка хронична болест и сл.), несреќен брак, работа, кариера или пак живот кој не е прилагоден на карактерот и способностите на личноста.
Акутниот стрес е оној одговор што можеме да го сметаме за возбудлив, може да биде и мотивирачки, од кој можеме да извлечеме поука, да му дадеме значење и да растеме како луѓе. Но, кога ќе премине кон епизоден акутен или хроничен емоционален стрес, работите постануваат сериозни.

Како да се бориме против емоционалниот стрес, како да ги препознаеме предупредувачките сигнали и аларми кои ни ги испраќа нашето тело?

Д-р Костадиновска: Долгото негативно искуство може да има многу силно влијание врз нашата личност, верувања и начин на гледање на светот. За да научиме како да се бориме против емоционалниот стрес, треба да ги препознаеме предупредувачките сигнали и аларми кои ни ги испраќа нашето тело.
Телесни аларми за емоционален стрес – телото испраќа алармни сигнали со соматизирање. Тоа значи дека психолошката непријатност се трансформира во физичка. Како резултат на тоа можеме да чувствуваме повеќе умор од вообичаено. При емоционален стрес, чести се и следните симптоми:

  • Невролошки – главоболка, парестезии, фасцикулации, вртоглавица или пресинкопа.
  • Дигестивни- абдоминална болка, гадење, сува уста или “чувство на кнедла во грло“. Хормоните на стрес ослободени во вознемирена состојба имаат влијание врз функцијата на цревата и може да манифестираат физички симптоми кои можат да придонесат или да го влошат синдромот на вознемирени црева, да се има зачестена течна столица и сл.,
  • Респираторни- отежнато дишење, зевање, „чувство за глад за воздух“ или воздивнувања.
  • Срцева- срцебиење, забрзана срцева работа или болка/стегање во градите.
  • Мускулен- замор, тремор или грчеви.
  • Кожна- потење или чешање на кожата.
  • Урогенитален- често мокрење, уринарна итност, диспареунија или импотенција, синдром на хронична карлична болка.

Емоционални симптоми на стрес – отсуство на задоволство во активностите кои дотогаш ни биле возбудливи и не правеле среќни. Лошо расположение, честа иритабилност и намалување на желба за активност. Исто така, може да предизвика намалување на сексуалната мотивација и желба, како и да направи да чувствуваме постојан страв исполнувајќи ни го умот со страшни и непријатни мисли и исчекувања.

Што е најбитно при соочување со емоционалниот стрес?

Д-р Костадиновска: Битно е да се препознае ситуацијата по која се чувствува немир и вознемиреност и ситуација која создава непријатност. На тој начин се зголемува контролата над таквите ситуации бидејќи се запознаваме себе си, нашите потреби. Доколку постои потешкотија да дознаеме што е тоа кое не доведува во состојба на одредена психичка вознемореност потребно е да си поставиме прашање што ни е тоа кое во моментот ни е потребно а потоа и да се направи стратегија за реализирање на нашата потреба.
ЗАПОМНЕТЕ: Чувството на стрес е нормално. Но, неговото потиснување прави тој да расте.
Исто така, обидете се да размислите за околностите или факторите кои прават да се чувствувате поранливи и какви стратегии ви се потребни за да се справите со нив. Сето ова ќе ви помогне лесно да ги препознаете моментите на преоптоварување и да почувствувате дека сте способни да се заштитите.

Кои се другите форми за намалување на емоционалниот стрес?

Д-р Костадиновска: Постојат и други форми со кои може да се намали емоционалниот стрес, а кои се поврзани со дел од вашето секојдневие: истото би опфатило дополнителна физичка активност во која можете да уживате и да се ослободите, како на пример одење на прошетка, танцување, практикување јога, свесно дишење.
Се препорачува и зајакнување на социјалните односи, имајќи превид дека добрата мрежа за поддршка т.е. луѓето на кои можете да им верувате, ќе ве потсетат дека не сте сами, а тоа ќе ви овозможи да се справите со лошите емоции. Во препораките вклучуваме и грижа за вашите навики за јадење, спиење и одмор.

Кога треба да се побара стручна помош?

Д-р Костадиновска: Вашите сопствени ресурси и овие совети понекогаш може да бидат токму тоа што ви е потребно и доволно за справување со ситуацијата. Но, доколку не можете да се справите сами, тоа не е ништо страшно! Во ред е да ви треба помош, на сите понекогаш ни треба помош.
Затоа, не двоумете се да контактирате со некој од нашите професионалци кои ќе ви помогнат да ги решите овие проблеми.
Барањето помош е голем чекор кој ќе ве приближи до намалување на емоционалниот стрес. Посветете се на себе си и поставете си мали цели, чие остварување ќе ви помогне да продолжите напред без притисок, со свое темпо кон поголеми амбиции.

Во клиничката болница „Жан Митрев“ стручниот тим од психијатар, психолози и психотерапевти ви стои на располагање преку индивидуални психотерапевтски и медикаментозни третмани.

Закажете го вашиот преглед на 02 3091 484

Извор: panacea.mk

Дали некогаш сте чуле за мастоидитис?

Мастоидитисот е бактериска инфекција на продолжетокот на темпоралната коска зад увото позната уште како мастоидна апофиза.

Мастоидитисот најчесто се јавува како компликација на акутно воспаление на средното уво (отитис медиа) кое при намален имунитет или несоодветно лекување може да прогресира од средното уво кон соседната коска – мастоидната апофиза. Мастоидна инфекција најчесто е предизвикана од пневмококни бактерии и може да предизвика сериозни последици, односно да доведе до глувост, инфекција на крвта (сепса), инфекција на мозочните обвивки (менингитис), мозочен апсцес, па дури и смрт.

Симптоми на мастоидитис

Симптомите на мастоидитис обично се појавуваат во рок од неколку дена до неколку недели по развојот на акутен отитис медиа. Најпрво патогените бактерии пенетрираат од носот преку туба аудитива во средното уво, од каде се пренесуваат во мастоидните ќелии каде се формира апсцес (гнојна колекција) во самата коска. Ова е состојба каде гнојната колекција може преку кревките коскени ламели да се пренесе во околината и тоа кон ушниот канал , кон средното уво, кон долната вилица или кон средната черепна јама. Кожата на местото каде се случува мастоидниот процес станува: црвена, отечена и болна, а ушната школка се дислоцира настрана и надолу. Други симптоми се: треска, силна болка околу и внатре во увото и обилен густ исцедок. Болката има тенденција да биде постојана и пулсирачка, а губењето на слухот може постепено да се влошува.

Дијагноза на мастоидитис

За дијагностицирање неопходен е преглед од оториноларинголог кој опфаќа:

  • Медицинска евалуација на симптомите и состојбата
  • Отомикроскопија
  • Компјутеризирана томографија (КТ) скен.

Лекарот обично ја заснова дијагнозата на симптомите. Секогаш се прави компјутерска томографија (КТ) за да се потврди дијагнозата. За да се идентификуваат патогените бактерии што ја предизвикуваат инфекцијата, лекарите земаат брис – примерок од исцедокот од увото. Ова е со цел лабораториска потврда на присутните бактерии за кои се препишува потоа соодветана терапија по антибиограм.

Третман на мастоидитис

  • Интравенски или орални антибиотици
  • Во одредени случаи хируршка интервенција

На повеќето луѓе со мастоидитис веднаш им се дава антибиотик (најчесто интравенски). За лицата кај кои болеста нема сеуште земено сериозен замав, може да им се даде антибиотик преку уста. По овој првичен третман, лекарите ги користат резултатите од лабораториската анализа за да одредат кој антибиотик е најдобар да се користи. Антибиотиците се продолжуваат најмалку 2 недели. Доколку се формира апсцес во коската или инфекцијата и воспалението станат хронични, потребно е хируршко отстранување на десквамираниот дел од коската (мастоидектомија) и корективна операција.

Превенција

Оваа сериозна состојба можеме да ја превенираме со редовни контроли кај оториноларинголог, реагирање и соодветен третман при сите инфекции на горно-респираторниот систем /риносинузити, ринофарингити , отитис медија, катарлни инфеции , вирози, настинки/, подобрување на имунитетот и квалитетот на живот.

Во клиничката болница Жан Митрев ви стои на располагање стручниот тим на оториноларинголози преку персонализиран третман за сите болести на уво нос и грло.

Закажете го вашиот преглед на 02 3091 484


Нашите активности наменети за ранливите категории граѓани продолжуваат

Во склоп на активностите поврзани со Светскиот ден на срцето кој традиционално се одбележува секој 29 септември, клиничката болница Жан Митрев спроведе бесплатни кардиолошки прегледи во два дома за палијативна нега. Имено екипата во состав д-р Дашурие Незири и д-р Петар Угуров заедно со медицинскиот техничар Ристо Ролевски, ги посетија домовите Сонце и Милица каде на околу 30 лица им беа направени бесплатни превентивни кардио прегледи. Исто така им беа поделени и витамини од линијата на германскиот бренд Ортомол.
Им благодариме на срдечниот прием и им посакуваме добро здравје.

Со поголема достапност на превентивни скрининг прегледи Клиничката болница Жан Митрев ќе ја подига свеста за женското здравје

По повод месецот посветен на важноста на физичкото, сексуално, репродуктивно и ментално здравје на жената, во Центарот за женско здравје при Клиничката болница Жан Митрев, започнува акцијата на превентивни скрининг прегледи за жени во текот на месец октомври, како дел од кампањата за кревање на свесноста кај жената за потребата од превенција и редовни скрининзи. Клиничката болница Жан Митрев покажува грижа и достапност на услугите за сите жени, така што почнувајќи од денеска до крајот на октомври овозможува превентивни пакети со цени достапни за секоја жена.

Ехо на дојка, 2Д и 3Д мамографија со дополнително бесплатно мерење на коскената густина, гинеколошки пакети и дијагностички прегледи за рана превенција се дел од оваа акција на клиниката. Навремениот скрининг и дијагностика овозможуваат рана детекција и можност за навремена превенција и третман што спасува живот. Со ехо на дојката и редовни гинеколошки прегледи може навремено да се откријат и лекуваат можни неправилности, меѓу кои се и карциномот на грлото на матката и дојката, најчест рак кај женската популација со висока стапка на смртност. Дел од оваа превентивна акција се прегледот на тиреоидеа со анализа на тироидни хормони, како и дијабетолошкиот преглед со цел утврдување на можен дисбаланс во организмот и понатамошен третман на истите.
Дополнително, тимот на искусни лекари во центарот за женско здравје, нудат целосна заштита и нега со примена на најнови дијагностички процедури, како и советување за физичките, психички, емоционални и социјални потреби на пациентот.

Остеодензитометријата, бесплатно достапна во овој пакет е дијагностичка метода за мерење на коскена густина со која се утврдува колку се силни коските, скрининг кој се препорачува за сите жени над 50 годишна возраст. Остеодензитометријата како и сите останати радиолошки услуги во Клиничката болница Жан Митрев се вршат со најсовремена апаратура со многу ниски дози на зрачење што е клучно за зачувување на здравјето.

Во текот на месец октомври, месец посветен на женското здравје, пациентите овој скрининг ќе го добијат бесплатно како дел од превентивните пакети коишто ги нуди клиниката.
Грижата за женското здравје, превенција и рано детектирање на болестите се важен императив за Клиничката болница Жан Митрев.

Специјални пакети по повод месец на женско здравје

Во месецот на женското здравје темите кои ги засегаат жените се многубројни, како од физички така и од психолошки аспект.
Најголемиот страв доаѓа секако од можна појава на канцер на дојки или јајници. Но, тука се и проблемите поврзани со сексуално преносливите болести, хормоналниот дисбаланс, болестите на срцето или тироидната жлезда, како и менталното здравје.
Во тој контекст важно е секоја жена да одвои време за себе со цел превенција и справување со можните заболувања.

Ние во нашиот Центар за женско здравје при клиничката болница Жан Митрев овој месец имаме специјална понуда која опфаќа персонализирани превентивни и дијагностички прегледи. Така, при секоја направена 2Д или 3Д мамографија добивате бесплатно ехо на дојки и мерење на густината на коските. На располагање се и дијабетолошки и ендокринолошки прегледи со анализа на тироидни хормони. А достапни се и најразлични гинеколошки пакет прегледи кои вклучуваат ПАП/ХПВ и други микробиолошки анализи во зависност од потребата.

За да дознаете повеќе и за да закажете термин кој ви одговара јавете се на 02/30 91 484.

Менопауза – неминовна фаза од животот на секоја жена

Менопаузата е физиолошки процес кој се јавува кај жените околу педесеттата година од животот и е резултат на хормоналниот дефицит на естроген и прогестерон, кои поради намалените нивоа престануваат да ја извршуваат својата функција. Покрај губењето на циклусот, менопаузата вклучува и низа промени кои можат да влијаат на квалитетот на животот кај многу жени.

Како се манифестира менопаузата?

Симптомите на менопаузата се индивидуални. Се појавуваат во фази и имаат различен степен и интензитет кај секоја жена.
Пред да започне менопауза постои еден период познат како перименопауза и тој може да трае извесно време пред да се случи самата менопауза.

Најчести симптоми во првите години, дури и во перименопауза може да бидат:
• Климактеричен синдром: топли бранови и несоница
• Психолошки симптоми: анксиозност, лошо расположение и емоционална нестабилност

Помеѓу две и три години по последниот циклус:
• Вулво-вагинална атрофија
• Генерализирана сувост

Помеѓу 5 и 10 години по губењето на циклусот:
• Остеопороза
• Кардиоваскуларни болести

Кои се придобивките од спортувањето за време на менопаузата?

Индивидуализираните физички вежби, односно умереното вежбање, прилагодено на возраста и индивидуалната состојба на секоја жена, се препорачливи и пожелни поради нивните позитивни ефекти за општата здравствена состоба.

Тие придонесуваат кон:

  • Мускулно-скелетни придобивки. Вежбањето ја зголемува коскената маса (намалувајќи го ризикот од остеопороза). Во комбинација со одржан мускулен тонус, ризикот од паѓање и скршеници се наалува.
  • Придобивки за саркопенија (губење на мускулна маса). Жените со зачуваана мускулната маса имаат далеку поголема подвижност и рамнотежа.
  • Придобивки против кардиоваскуларните и метаболичките ризик фактори. Вежбањето влијае позитивно на регулацијата на крвниот притисок, дислипидемијата (холестерол-триглицериди), дијабетесот и отпорноста на инсулин и секако врз контролирање на прекумерна тежина.
  • Когнитивни ефекти, расположение и квалитетен живот. Вежбањето помага за врамнотежување на хормонте, особено оние на среќата, кои влијаат на подобрување на целокупната добросостојба.
  • Намалување на болка. Болките како последица на фибромијалгија и остеоартикуларни проблеми можат значително да се ублажат.

Физичката активност која се практикува ќе зависи од физичката состојба на жената, но во секој случај мора да биде умерена. Откако ќе се започне со редовно вежбање, веднаш ќе се забележат позитивни ефекти врз расположението, а заморот и стресот ќе се неутрализираат. Ќе се подобри и квалитетот на сонот. Секако интензивното вежбање треба да се избегнува попладне и навечер.

Покрај спортувањето, други активности кои ги препорачуваме за справување со менопаузата се:

  • Избалансирана исхрана
  • Намалете ги токсичните навики (конзумирање алкохол и тутун)
  • Одржувајте активен живот од социјален и интелектуален аспект, дружете се, разговарајте.
  • Одете на редовни медицински прегледи
  • Еднаш годишно направете остеодензитометрија (мерење на густината на коските).

Во клиничката болница Жан Митрев, ви стои на располагање стручниот тим гинеколози, ендокринолози, дијабетолози и ортопеди кои можат да помогнат со совети, дијагностика и персонализиран третман на оваа состојба кај жените.

По повод месецот на женското здравје Клиничката болница Жан Митрев нуди специјални пакети за превенција и дијагностика. А со секоја направена мамографија добивате бесплатно ехо на дојка и остеодензитометрија – мерење на густината на коските.

Закажете го вашиот преглед на 02/ 3091 484

Гестациски дијабетес

Гестациски дијабетес претставува дијабетес кој се јавува за време на бременоста, без претходна историја за дијагностициран дијабетес или покачени гликемиски вредности. Најчесто се јавува во третиот триместар од бременоста, а доколку се појави во првите два, тогаш најверојатно станува збор за дијабетес тип 1 или тип 2.

Со текот на времето како напредува бременоста, така се зголемува и телесната тежина. Со самото тоа се создава одреден степен на инсулинска резистенција која ја зголемува потребата од инсулин. Овој недостаток на инсулин и инсулинска резистенција доведуваат до појава на гестациски дијабетес.

Кои се ризик фактори за појава на гестациски дијабетес?

Како ризик фактори за појава се сметаат покачена телесна тежина, полицистичен оваријален синдром, позитивна фамилијарна анамнеза за дијабетес, родилната тежина на плодот од претходната бременост била над 4кг, физичка неактивност или постоечки предијабетес.
При постоење на гестациски дијабетес се зголемува ризикот за појава на покачен крвен притисок. Во однос на плодот, се зголемува ризикот за поголем плод, за предвремено породување, за постпартална хипогликемија како и развој да дијабетес тип 2 подоцна во животот.

Како се дијагностицира гестациски дијабетес?

Гестацискиот дијабетес се дијагностицира со орален глукоза толеранс тест кој се изведува меѓу 24-28 гестациска недела, а доколку има податок за претходно постоечки ризик фактори, тогаш може да се направи и во првиот триместар (12-тата гестациска недела). За позитивен тест според Американската асоцијација за дијабетес, се сметаат вредностите на гладно над 5.3ммол/Л, 1ч по оптоварување над 10 ммол/Л и 2ч по оптоварување над 8.5 ммол/Л.

По пораѓајот, најчесто завршува гестацискиот дијабетес и се` се враќа во нормала, но кај 50% од жените со гестациски дијабетес ќе развијат дијабетес тип 2 со текот на времето. Затоа е потребно по 6-12 недели да се направи проверка на гликемискиот статус.

Во Клиниката Жан Митрев стоиме на располагање за навремено да го дијагностицираме гестацискиот дијабетес и правилно да го водиме и третираме, за на крајот заедно да се радуваме на новиот живот кој допрва ќе почне.