Клиника Жан Митрев 24 години – 1 милион прегледи и 400 000 успешни приказни

Високи стандарди во медицината, сертификат од Joint Commission International, првата операција на отворено срце во Македонија се само дел од достигнувањата на Клиника Жан Митрев изминатите 24 години постоење.

Историјатот на Клиниката започнува да се испишува од 1 март 2000 година кога почна официјално да работи со правење на првата бај-пас операција во Македонија, предводена од д-р Жан Митрев. Со оваа операција се поставија темелите на современите медицински услуги во Македонија и започнува континуираното подигнување на стандардите на здравствена услуга и нега.
„Мене ми се гледа како да беше вчера кога започнавме со работа, а во суштина кога ќе се навратам сме поминале многу овие 24 години. На шега велам дека ќе почнам да пишувам мемоари како сме почнале и до каде сме стигнале, но навистина од една просторија сега пред нас имаме Клиника со највисоки стандарди во регионот. Да се опстои и да се расте и развива Клиника беше вистински предизвик бидејќи имавме и се уште имаме пат исполнет со многу препреки, опструкции. И покрај се одиме напред и кај нас се знае дека пациентот добива врвна медицинска услуга. Нашиот успех се мери со успешните приказни на нашите пациенти, со бројот на оперативни зафати, примена на современи методи и поставување на највисоки стандарди во здравствената нега признати на светско ниво од најреномирани здравствени инстанци“, изјави д-р Жан Митрев осврнувајќи се на 24 години од постоењето на Клиниката.

Денес, Клиника Жан Митрев претставува регионален современ медицински центар со комплетни дијагностички процедури во повеќе медицински гранки, поддржани со услуги од модерната хирургија, анестезија и интензивна нега. Гo поседува сертификатот Златен печат за здравствен центар со највисоки стандарди од аспект на квалитет на здравствените услуги и грижа за безбедноста на пациентите доделен од Joint Commission International споредувајќи ја македонската Клиника со Мајо Клиника. Сертификат се доби по третпат во континуитет од седум години.

Досегашното работење на Клиника Жан Митрев е обележано со над 40 000 операции, вклучувајќи ги револуционерните методи во современата медицина како првата операција на отворено срце врз буден пациент направена во 2002 година, TAVI– Transcatheter Aortic Valve Implantation револуцинерза замена на срцев залисток/ валвула и TEVAR, сложен хибриден зафат на торакоабдоминалната аортна аневризма како и третмани на вродени срцеви заболувања. Направени се повеќе од 1 милион прегледи и над 400 000 пациенти се лекувале во клиниката.


Дисоцијативни нарушувања

Дисоцијативните нарушувања се состојби на менталното здравје кои вклучуваат чувство на одвојување од реалноста, односно губење на врската помеѓу мислите, сеќавањата, чувствата, околината, однесувањето и идентитетот. Овие состојби не одделуваат од актуелните реални случувања на непосакуван и нездрав начин, предизвикувајќи ни проблеми во секојдневното функционирање.

Зборот „дисоцијација“ значи исклучување од другите, од светот околу себе или од себе си. Преку дисоцијацијата умот избира начин како да се справи со премногу стрес.
Периодите на дисоцијација може да траат релативно кратко време (часови или денови) или многу подолго (недели или месеци). Многу луѓе со дисоцијативно растројство имале трауматски настан во детството. Дисоцијацијата може да се случи како начин за справување со стресот/траумата.

Симптоми

Симптомите на дисоцијативно нарушување може да варираат, но може да вклучат:

  • Чувство на исклучување од себе и светот околу себе
  • Губење на меморијата за одредени временски периоди, настани, луѓе и лични информации
  • Чувство на несигурност за сопствениот идентитет или доживување на повеќе различни идентитети
  • Чувство на мала или никаква физичка болка
  • Некои луѓе со дисоцијативни нарушувања имаат напади. Тие може да варираат од несвестица до напад кој наликува како епилептичен напад
  • Несоодветно справување со стрес и сл.

Американската психијатриска асоцијација дефинира три главни дисоцијативни нарушувања: деперсонализација-дереализација, дисоцијативна амнезија и дисоцијативно нарушување на идентитетот.

Деперсонализација-дереализација

  • Деперсонализацијата вклучува чувство на одвоеност од себе или чувство на постоење надвор од себе. Опфаќа доживување на себе си како да сме во можност да ги гледаме сопствените постапки, чувства, мисли и себеси од далечина, односно како гледање на филм.
  • Дереализацијата вклучува чувство и дека другите луѓе и работи ги примаме како на сон. Симптомите, кои можат да бидат многу вознемирувачки, може да траат со часови, денови, недели или месеци. Тие можат да се појават и да исчезнат во текот на неколку години. Или можат да станат континуирани.
  • Дисоцијативната амнезија може да биде специфична за настани што се случиле во одредено време. Поретко, тоа може да вклучи целосно губење на меморијата за себе. Понекогаш тоа опфаќа патување проследено со несеќавање, и е познато како дисоцијативна фуга.
  • Дисоцијативно нарушување на идентитетот – Порано познато како растројство на повеќе личности, ова нарушување вклучува „сменување“ на два или повеќе идентитети. Секој идентитет може да има уникатно име, лична историја и карактеристики. Овие идентитети понекогаш вклучуваат разлики во гласот, полот, манирите, па дури и такви физички квалитети како потребата за очила. Исто така, постојат разлики во тоа колку секој идентитет е познат со другите. Дисоцијативното нарушување на идентитетот обично вклучува и напади на амнезија и често вклучува периоди на бесцелоно талкање.

Дијагноза

Дијагнозата обично вклучува разговор каде се соопштуваат симптомите и преглед со цел да се исклучи одредена медицинска состојба што може да ги предизвика симптомите. Прегледот и утврдување на здравствената состојба често вклучуваат упатување до стручно лице за ментално здравје за да се постави дијагнозата.

Дијагнозата може да вклучува:

  • Физички преглед. При преглед потребно е да се искажат тегобите. Понекогаш потребно е да се направат испитувања со цел да се исклучат телесни состојби кои можат да предизвикаат симптоми како што се губење на меморијата и чувство на одвоеност од реалноста. Тоа се случува при: повреда на главата, одредени мозочни заболувања, тежок недостаток на сон и употреба на дрога или алкохол.
  • Преглед на менталното здравје – при што се разговара за начинот на кој лицето размислува, чувствува и се однесува. На преглед може да присуство и блиско лице, член на фамилија или пријател кој би појаснил за одредена тегоба поврзана со здравјето на лицето кое бара преглед.
    Третман

Третманот за дисоцијативни нарушувања може да варира во зависност од видот на нарушување. Третманот генерално вклучува психотерапија и лекови.

Психотерапија

Психотерапијата исто така наречена терапијата со разговор каде стручно лице за ментално здравје појаснува за самото нарушување и проблемите поврзани со истото. Преку психотерапијата се разбира причината за состојбата , но може да помогне и да се развијат нови начини за справување со стресни ситуации. Со текот на времето, стручното лице од областа на менталното здравје, може да помогне клиентот да се ослободи и спонтано да збори за шокантни, вознемирувачки или болни настани од минатото. Ова обично се случува по воспоставување доверлив однос со стручното лице.

Лекови

Иако не постојат лекови кои конкретно ги третираат дисоцијативните нарушувања, се ординираат антидепресиви, лекови против анксиозност или антипсихотици со кои се олеснуваат симптомите и се овозможува поздраво вклучување во секојдневните предизвици.

д-р Марија Костадиновска
Специјалист психијатар

Не дозволувајте пролапсот и инконтиненцијата да влијаат на квалитетот на вашиот живот

Информирајте се за решенијата кои се на располагање

Гениталниот пролапс или попознат како спуштена матка и уринарната инконтиненција се честа состојба – дури повеќе од 67% од жените ќе бидат засегнати од овој проблем во текот на својот живот.
Пролапсот се случува како резултат на ослабувањето на ткивата и мускулите во карлицата при што матката се поместува односно се спушта од својата нормална положба и тоа најчесто заедно со вагината, мочниот меур и каналите. Тогаш станува збор за уро-генитален пролапс при што е нарушена не само анатомска позиција, туку и самата функција на засегнатите органи.

Поедноставно кажано, нарушената анатомска позиција е всушност кила (хернија) на еден или повеќе делови од внатрешните генитални органи на жената и на самиот мочен меур и/или уретрата (изводниот мочен канал).

Нарушената функција се манифестира со проблеми со мокрењето и може да варираат од зачестено мокрење со или без чувство на нагон за мокрење, преку стрес – инконтиненција (подмочување при напор, кашлање, кивање, смеење, сексуален однос итн.), нецелосно празнење на мочниот меур, уроинфекции, нарушени или неможни сексуални односи.

Причините се многубројни, но пред се доминира возрастa, породувања (особено вагинални), обезноста, физичката работа, наследните фактори, слабоста на мускулнопотпорните структури итн.
Важно е секоја жена да биде свесна дека постои ефикасно и трајно решение за овие проблеми.
Станува збор за вагинални операции кои се минимално инвазивни, со кус престој во болница и брз опоравок што овозможува враќање на секојдневните активности без последици.

Проф. д-р сци. Васил Илиев има долгогодишна пракса во имплементација на модерните реконструктивни интервенции за разни типови на пролапс на матката и/или вагината како и трајно решавање на инкотиненцијата на урина.

За да закажете термин јавете се на 02/3091-484

Со поддршка од Клиника Жан Митрев се одржа вториот симпозиум на Друштвото на кардиолошки сестри

Вториот годишен симпозиум на Друштвото на кардиолошки сестри се одржа со поддршката на Клиника Жан Митрев. Целта на поддршката од Клиника Жан Митрев е да се даде особен придонес кон зацврстувањето и развојот на сестринската професија во нашата земја. На симпозиумот учествуваа кардиолошки сестри од сите јавни и приватни здравствени установи со оддел кардиологија а беа вклучени и учениците од ССОУ ,,Димитрија Чуповски” – Велес.
Претседателката на Друштвото на кардиолошки сестри, Жанета Богоевска Митева од Клиника Жан Митрев, ја истакна важноста и значењето на овој собир, како и споделувањето на искуствата, новите практики и информации за унапредување на негата на пациентите.

Темата на годишниот симпозиум беше „Нови професионални перспективи во кардиологијата“, а предавачите од клиничките центри во Скопје, Штип и Велес ги насочија своите предавања кон современите методи за следење на виталните параметри, за улогата на медицинска сестра при интензивната нега, радиофреквентна аблација и изолација на пулмонални вени, припрема и асистенција при интравенска склерозација како и студија на случај за Рашкинд процедура. Медицинските сестри Сузана Костовска и Бети Игнатова од Жан Митрев Клиник излагаа на тема „Хибридни процедури на аорта и аортна валвула како алтернатива на хируршки третман“, а медицинска сестра Марина Лазевска на тема „Магнетна резонанца на срце со тест на перфузија на аденозин“.

Претседателката на Унијата Гордана Бешлиовска додели благодарница на Клиниката Жан Митрев за придонесот за организацијата на симпозиумот. Во име на Клиниката благодарницата ја прими главната сестра Светлана Ончева.

Настанот е во организација на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ од кои е дел и Друштвото на кардиолошки сестри, а организирањето на годишната средба е во насока на информирање на медицинските сестри за новите практиките во третманот на пациентите.

Се за Аспергер синдром

Сигурни сме дека терминот Аспергер синдром ви е познат. Но во овој текст д-р Катерина В. Димовска –специјалист педијатар, ги објаснува задравствените аспекти на истиот како дел од спектарот аутистични нарушувања, а зборува и за можните начини за справување во секојдневниот живот.

Што претставува овој синдром?

Аспергер синдром е невролошка состојба при која засегнатата личност доживува потешкотии на функционално ниво во социјалниот живот.
Согласно ДСМ 5-класификацијата, Аспергер синдромот припаѓа на пошироката група нарушувања на аутистичниот спектар Аutistic Spectrum Disorder group (ASD), каде што состојбите различно се дефинираат и опишуваат. Секое лице кое има Аспергер поседува свои специфични особености и минува низ комплетно различни искуства и е со различни симптоми, а кои се карактеристични само за таа дадена личност.

Сепак, одредени карактеристики може да бидат заеднички како на пример, моторните способности, фината моторика и проблеми со социјалната интелигенција.
Најчесто, лицата со Аспергер не се со низок коефициент на интелигенција. Напротив, тој може да биде нормален или висок, што ги прави овие лица успешни ученици и токму затоа само мал број од случаите на Аспергер биваат детектирани во детска возраст.
Поголемиот дел останауваат не дијагностицирани се до моментот на нивното вклучување во социјалната средина, општеството.

Значајно е да се спомене дека, нивниот пат за достигнување на животните цели не е воопшто лесен. Потешкотии имаат во секојдневната социјализација, во нивната работна средина, секојдневните рутински задачи и во непланираните, ненадејни социјални интракции.
Лицата со Аспергер користат посебен начин на фокусирање и извршување на зададената задача, опишан како начин на ,, тунел,,. Тие немаат способност за извршување на повеќе задачи одеднаш ,, мултитаскинг,, па поради тоа лесно запаѓаат во состојба на фрустрација, преполнетост со негативни емоции, изливи на бес и лутина.

Ваквиот проблем во секојдневниот живот кај лицето со Аспергер ќе ја измени неговата психосоцијална стабилност и ќе предизвика соочување со нова задача. Во одредени ситуации ќе бидат забележани од средината и ќе бидат стигматизирани.
Стигматизирачкото опкружување е силна препрека за таквите личности, и како послеица на тоа развиваат стрес, анксиозност и депресија. Најголем дел од нив во поголема возраст ќе побараат психолошко советување.

Психотерапевтите првенствено користат традиционален пристап низ психодинамика и когнитивен пристап. Овие методи ги истражуваат потсвеста и сржта на емоциите кај личноста, со кои овие луѓе со Аспергер многу тешко се справуваат. Заради неспособноста да ги изразат своите емоции и отежната комуникација преку нивниот сензориум, кај лицата со Аспергер е потребна примена на посебен пристап на советување. Најчесто, психолозите се обидуваат со примена на визуелни методи да ги научат да ги контролираат и управуваат сопствените емоции, со крајна цел справување со фрустрациите и изградба на самодоверба.

Студија која била спроведена кај деца и адолесценти покажала дека когнитивно-бихејвиоралната терапија(CBT) има позитивен импакт кога била работена во групи.
Освен со својата исклучителност и оригиналност, во адултно доба тие се судираат со невработеност, подплатеност, губиток на работно место, неприфаќање од околината. Последично на тоа, овие лица имаат константна потреба од советодавна поддршка, која ги насочува кон правилен избор на својата професија, и ги учи како да ги јакнат своите добри страни, а да ги минимизираат своите слабости.

Во идеални услови потребно е вклучување на тренер за работа кој ќе ги насочува лицата со Асперегр во нивно професионално формирање и ќе им помага во одржување и истрајност.

Невронаука и невропсихологија и останати методи на дијагостика

Развојот на психологијата како наука се заснова на функцијата на мозокот и невролошкиот развој уште од најрана возраст. Во модерната ера психологијата не се издвојува, ами цврсто се поврзува со невронауката. Нивниот спој создава трета наука, невропсихологија, која согласно Светската здравствена организација е силно заинтересирана за варијациите на невролошките нарушувања кои го афектираат човечкиот ум, мисловниот процес, чуствата, емоциите, когницијата и однесувањето. Овие невролошки нарушувања го афектираат периферниот и централниот нервен систем, а од тука прозлегува потребата од многу други испитувања на хемиско, структурно, клеточно ниво.

Кога психолошкото советување и психотерапијата не се доволни, тогаш се вклучуваат и други методи на испитувања за дијагностика.
Електроенцефалографијата или попозната како ЕЕГ снимање е неврофизиолошка метода која ни дава важни информации за хемиските реакции и траснферот на невроналните импулси во мозокот. Преку ЕЕГ снимањето терапевтот добива информации за природата на електричните бранови, од каде тие потекнуваат, дали индицираат други патолошки состојби или само ги дообјаснуваат постоечките психолошки симптоми. На веќе започнат психолошки третман, ЕЕГ снимањето ќе ни овозможи следење на промените и евалуација на постигнатите ефекти од третманот. ЕЕГ техниката веќе ја има докажано својата вредност во состојби како АСД, АДХД, Нарушување на сонот и спиењето, но и други психопатолошки и невролошки состојби.

Neuroimaging техники како компјутерска томографија (CT), магнетна резонанца (MRI), магнетна резонанца со флер (fMRI), PET скенирање, даваат детални податоци за развојот на мозокот и неговата структура. Преку нив откриваме структурни абнормалности, функционална инсуфициентност на мозокот, коморбидитети и/или дегенративни болести. Многу од состојбите како Аутизам, зависности, не-епилептични напади, психогени напади, депресија, деменција, па дури и шизофренијата се асоцирани со структурални промени на мозокот.

Спознавајќи го фактот дека човечкиот мозок поседува не само генетски туку и епигенетски потенцијал кој резултира во невропластицитет примената на модалитети во психотерапијата на долг рок, ќе овозможи на нефункционалниот мозок да се адаптира, да ја измени својата структура и да развие нови синапси и невронални врски кои консеквентно ќе создадат кај клиентот нови патеки на однесување, социјално прифатливи за средината.
Интеграцијата на неврофизиологијата и невропсихологијата е еден од предизвиците на невронауката која треба да развие нови модалитети за дијагностика и терапија.

Во нашата болница располагаме со сите горе наведени дијагностички методи и секако со квалификувани лекари од областа кои можат да помогнат зa олеснување и подршка во секодневно функционирање на лицата со Аспергер синдром.

Клиника Жан Митрев организира работилница за борба против срцево-садови заболувања

Започна Неделата на борба против срцево-садови заболувања! Жан Митрев Клиника и оваа година традиционално соработува со Црвен Крст на град Скопје. За нивните волонтери кои денес ни беа на посета, нашите психолози и психотерапевти доц.д-р Кристина Егуменовска и Александра Петроски реализираа психолошка работилница на многу актуелна тема. Младите размислуваа за тоа како да ја препознаат својата комфор зона и за начините како да ја надминат со цел личен раст и развој!

Со вагинално подмладување до „Новата Јас“

Нова граница во сексуалното здравје на жените

“Благосостојбата на жените никогаш не била поважна отколку денес, и затоа естетската гинекологија стана клучен аспект на модерната здравствена заштита на современата жена. Гинеколошката нега на жените започнува токму од времето кога ќе стигне до пубертетот. Нејзината интимна грижа и разбирање на нејзиното тело се најдобро започнати на оваа возраст бидејќи тоа е составен дел од нејзината самодоверба, сексуално здравје и целокупната благосостојба.”
Во клиниката Жан Митрев, разбираме дека дискусијата за интимните области може да биде чувствителна и застрашувачка за повеќето жени. Јас, д-р Виолета Николов (и другиот дел од тимот за убавина) сме умешни во водењето на овие разговори и со моја консултација ќе го направиме првиот чекор за вас. Обезбедуваме доверливост и сочувство додека разговараме за вашите грижи и нудиме решенија кои ќе ве остават не само излечени, туку и самоуверени.

Околу 20% од жените се жалат на вагинална слабост и слаб тонус на карличниот под на 3 месеци по породувањето. Кај 12 % од жените, овие симптоми траат и до 6 месеци. Она што ја прави оваа состојба вознемирувачка за жените е постојаната болка, сувост, непријатност и чувство на слабост во вагината и перинеумот. Некои жени може да страдаат од стрес инконтиненција на урина. Исто така,може да постојат и намалени пријатни сензации за време на сексуалниот однос, што доведува до губење на сексуалната желба.

Што е вагинално подмладување?

Вагиналното подмладување може да ја зајакне самодовербата и да ја зајакне интимноста со партнерот со обезбедување на довербата што им е потребна на жените. Вагиналното подмладување може да направи чуда за жените кои поминале стресна бременост, повеќекратна бременост, па дури и повеќекратни породувања. Дури и во случај на хронични нарушувања на репродуктивното здравје, посебно и самите промени што ги носат годините, како и периодот на менопауза, вагиналното подмладување може да биде корисно.

  • Моќта на изборот: Разбирање на различните третмани во естетската гинекологија
    Како доктор за здравјето на жените, од суштинско значење е да се реши загриженоста што се јавува за време на репродуктивните години кај жената и пост-менопаузата. Една од најчестите грижи што жените ги имаат е изгледот и функционалните прашања на нивните интимни области. Ако погледнеме кои се проблемите кај жената, кои во текот животот треба да се решат професионално, но и да се биде жена со полна самодоверба, тука естетската гинекологија може многу да помогне.
  • Вагинална слабост е честа состојба која влијае на многу жени, особено на оние кои доживеале породување. Се однесува на слабоста во вагиналната област предизвикана од ослабени или истегнати мускули. Ова може да доведе до намалено триење за време на односот, што го отежнува постигнувањето оргазам.
  • Стрес уринарнa инконтиненција е уште една честа состојба која може да влијае на жените на било која возраст. Се случува кога карличните мускули одговорни за поддршка на мочниот меур и уретрата стануваат слаби, што доведува до истекување на урина за време на активности како кашлање, смеење или вежбање.
  • Диспареунија се однесува на болката искусена за време на сексуалниот однос. Може да биде предизвикана од различни фактори како што се вагинална сувост, воспаление и инфекции.
    Естетските гинеколошки третмани вклучуваат вагинални процедури за подмладување кои произлегуваат од сеопфатните протоколи на гинекологијата. Овие третмани го зголемуваат протокот на крв во вагиналната област, го промовираат растот на ткивото, го стимулираат производството на колаген и ги затегнуваат вагиналните ѕидови, што резултира со подобрен вагинален тонус и еластичност, и ја враќаат природната лубрикација, намалувајќи ја болката и непријатноста за време на сексуалниот однос.

Естетската гинекологија може да ви помогне да се пронајдете повторно

Во клиниката Жан Митрев нудиме програма на Вагинално подмладување каде се опфаќаат сите естетски и функционални компоненти на вагиналната рејувенација. Програмата е поделена на три фази кои имаат уникатни компоненти кои ве пренесуваат преку внимателно оценување до самоуверен, нов вас.

  • Прва компонента: Првична консултација која вклучува темелна проценка на вагината т.е. повредите здобиени за време на бременоста, проценка на состојбата на мускулите на карличниот под и вагиналната слабост. Исто така се оценува изгледот во поглед на формата на големите и малите усни, пигментацијата нја вулвата и перинеумот и целокупната естетика која ја посакувате. Со овој пристап, ќе разговараме за опциите на третман кои ни се на располагање и да ги приближиме резултатите што ги барате.
  • Втора компонента: Рецепт на прилагоден третман за да ве водиме низ процесот како да се грижите за себе.
  • Трета компонента: Вистински процедури кои имаат за цел да предизвикаат вагинално затегнување, да го вратат и зголемат вагиналното чувство, истовремено и корекција на малите и големите срамни усни.

Овие процедури ја докажале нивната ефикасност не само во лекувањето на вагиналната слабост, туку и во раниот пролапс на карличните органи.

Кога да започнеме со третманот – штом жената осети било каков проблем, било да е функционален или изгледот на нејзините срамни усни влијае на нејзината самодоверба и на нејзиниот квалитетен сексуален живот, сега има решение за тоа.

Најдобро е да планирате вагинално подмладување како дел од вашата бременост и постпородна нега. Планирањето пред време може да ве ослободи од непотребен стрес за време на бременоста, за да можете да се вратите во сексуалниот живот нормално како и порано. Во постродилни случаи, програмата е најдобро иницирана во третиот месец по породувањето, бидејќи многу од физиолошките ефекти на бременоста се веќе решени.
Времетраење на третманот – ќе ја споредиме со паузата за појадок – брзо, краткотрајно, безболно…

Постапката се изведува во удобна средина во клиниката и не бара анестезија или хоспитализација.

После третман освен малата иритација на кожата по самиот третман, не постојат странични ефекти на процедурата. Исто така, нема потреба од системски лекови и процедурата е минимално инвазивна. Можете веднаш да ги продолжите своите секојдневни активности по третманот.

Тука сме за разговор и консултации преку мојот е-маил, лично во Клиничка болница Жан Митрев како и преку on line – консултацијата која ја обезбедивме лично за Вас.

д-р Николов Виолета
Спец. по гинекологија и акушерство

Причини, компликации и решенија за синдром на полицистични јајници

Синдром на полицистични јајници (PCOS –polycystic ovarial syndrome) е гинеколошко хормонално заболување кое се јавува кај жените во репродуктивна возраст. Жените со PCOS често имаат ретки или продолжени менструации, имаат високи нивоа на машки хормони (андрогени) и често на јајниците имаат многубројни мали цисти (фоликули) со големина до 10mm кои не успеваат да ги ослободаат јајце клетките во средината на менструалниот циклус.
Точната причина за појава на PCOS е непозната. Раната дијагноза и терапија заедно со регулирање на телесната тежината може да го намалат ризикот од појава на долгорочни компликации како што се дијабетес тип 2 и срцеви заболувања.
Симптомите на PCOS често се појавуваат во адолесценцијата, но понекогаш се развиваат подоцна, на пример како резултат на значително зголемување на телесната тежина.

Симптомите на PCOS варираат, но најчесто се следниве:

  • Нередовни менструации. Ретки, неправилни или продолжени менструални циклуси се најчестиот знак на PCOS.
  • Вишок андроген. Влакна на лицето и телото (хирзутизам), а понекогаш акни и ќелавост од машки тип.
  • Полицистични јајници. Јајниците може да бидат зголемени, со голем број на неруптурирани фоликули, односно јајниците не функционираат нормално.
    Знаците и симптомите на PCOS обично се потешки доколку имате прекумерна телесна тежина.

Причини

Точната причина за PCOS е непозната. Фактори кои можат да играат улога се:

  • Вишок на инсулин. Инсулинот е хормон произведен во панкреасот кој им овозможува на клетките да користат шеќер. Ако вашите клетки станат отпорни на дејството на инсулинот, тогаш нивото на шеќер во крвта се зголемува и вашето тело произведува повеќе инсулин. Вишокот на инсулин може да го зголеми производството на андрогени, предизвикувајќи тешкотии со овулацијата.
  • Хронично ниско ниво на инфламација. Овој термин се користи за да се опише производството на инфламаторни маркери што ги стимулира полицистичните јајници да произведуваат андрогени, што може да доведе до проблеми со срцето и крвните садови.
  • Наследност. Истражувањата сугерираат дека одредени гени може да се поврзани со PCOS.
  • Вишок андроген. Јајниците произведуваат високи нивоа на андрогени, што резултира со хирзутизам и акни.

Компликации

  • Неплодност
  • Гестациски дијабетес или висок крвен притисок
  • Спонтан абортус или предвремено породување
  • Метаболен синдром – група на состојби вклучувајќи висок крвен притисок, висок шеќер во крвта и абнормални нивоа на холестерол или триглицериди кои значително го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни болести
  • Дијабетес тип 2 или преддијабетес
  • Депресија, анксиозност и нарушувања во исхраната
  • Абнормално крварење од матката
  • Рак на слузницата на матката (рак на ендометриумот).

Терапија

Терапијата на PCOS се фокусира на индивидуалните проблеми и потреби, како што се неплодност, хирзутизам (влакнетост), акни или дебелина.

Промени на животниот стил

Намалување на телесна тежината преку нискокалорична диета во комбинација со умерени активности за вежбање. Губењето тежина, исто така, може да ја зголеми ефикасноста на лековите за PCOS и може да помогне при неплодност.

Лекови

Регулација на менструален циклус

  • Комбинирани апчиња за контрацепција. Таблетите кои содржат естроген и прогестин го намалуваат производството на андрогени и го регулираат естрогенот.
  • Прогестинска терапија. Земањето прогестин 10 до 14 дена на секои еден до два месеци може да го регулира менструалниот циклус и да штити од рак на ендометриумот.

Лечење на неплодност со:

  • Стимулатори на овулација како Кломифен, Летрозол (Фемара), Гонадотропини.
  • Метформин, тој е лек за дијабетес тип 2 ја подобрува инсулинската резистенција и го намалува нивото на инсулин.
  • Анти андрогени како Спиронолактон (Алдактон). Овој лек ги блокира ефектите на андрогените на кожата. Спиронолактонот може да предизвика вродени дефекти, затоа е потребна ефикасна контрацепција додека го земате овој лек.

За да ги намалите ефектите од PCOS, обидете се да:

  • Ја регулирате својата тежина. Губењето на тежината може да го намали нивото на инсулин и андрогени и може да ја врати овулацијата.
  • Го ограничите внесот на јаглехидратите.
  • Бидете активни. Вежбањето помага да се намали нивото на шеќер во крвта. Ако имате PCOS, зголемувањето на вашата дневна активност може да ја третира, па дури и да спречи резистенција на инсулин.