Остеодензитометрија (DEXA scan )

Остеодензитометријата претставува метода со која ја мериме минералната коскена густина односно квантитетот на коските.

Снимањето трае кратко, неинвазивно е и безболно.

Стандардно се снима левиот колк и пределот на лумбалниот рбет (од првиот до четвртиот лумбален пршлен).

Кај некои состојби, каде што постои предходна операција на рбетниот столб или кога истиот е значително дегенеративно променет, се снимаат двата колка.

Доколку постои протеза на левиот колк, се снима десниот колк, а доколку постојат протези на двата колка, се снима само рбетниот столб.

Исто така, кај пациенти кои имаат зголемено ниво на паратироидни хормони во крвта, потребно е да се снима подлактицата, како и кај пациенти со поголема телесна тежина до 150кг, или кај пациенти каде поради други причини  неможе да се направат стандардни DXA скенови (протеза на двата колка и изразени дегенеративни промени на рбетот).

Нашиот современ апарат поседува уште две помошни апатки кои помагаат во одлуката дали треба да се започне со терапија. Тоа е FRAX score, кој преку калкулација на факторите на ризик, го калкулира 10-годишниот ризик од скршеници на колкот и големи остеопоротични фрактури.

Друга помошна алатка на овој апарат е TBS, кој врз основа на веке направениот DXA (dexa) скен не запознава и со квалитетот на коските.

Снимањето го правиме на апарат Hologic, последна генерација кој има инсталирано софтвер за FRAX score и TBS.

Посебна припрема за остеодензитометрија не е потребна.

Се препорачува да носите облека која во пределот што се снима (лумбален рбет и колк) нема метални делови.

Во текот на снимањето пациентот лежи на грб, прво со нозете свиткани во колена под прав агол, со правилно позиционирање од страна на технологот. Понатаму исто со лежење на грб со лесна ротација во зглобот на колкот кон внатре, со фиксација на двете стапала, се снима колкот.

Најчести индикации за остеодензитометрија:

-сите жени постари од 65 години и мажи постари од 70 годни, независно од факторите на ризик од скршеници

-жени во постменопауза и мажи  на возраст од 50-69 години со присутни фактори на ризик, без скршеници

-пациенти кои добиле скршеници (при пад од сопствена висина)

Контраиндикации за остеодензитометрија:

-бременост (поради самиот факт што DXA (dexa) апаратот е рентгенска апсорпциометрија)

-пациенти кои неодамна имале снимање со користење на контрастни супстанции или примале радиоактивна терапија, потребно е ова снимање да се одложи додека наведените супстанции се елиминираат од организмот;

Исто така треба да се наведе дека калциум суплементи не треба да се земаат на денот на снимањето, бидејки нересорбираните таблети во регијата која се снима може да влијаат на вредноста на коскената маса:

Во нашата клиника остеодензитрометријата ја прават едуцирани технолози а резултатите ги обработуваат тим на лекари едуцирани за остеодензитометрија, со што ке ја добиете најадекватната терапија и понатамошно лекување.

Др Елена Пижула
Спец. по радиодијагностика

Што значат високите вредности на Д-димер во вашата крв?

 

Што се Д-димери?

Во услови на глобална пандемија, кога се поголем е бројот на оние кои прележале COVID-19 или имаат активна инфекција, сигурни сме дека сте го сретнале терминот Д-димери.

Доколку не ви е сосем јасно, би сакале да понудиме информации: Кога се појавува? Кои се нормални, а кои покачени вредности? Како да се влијае на негово намалување?

Д-димерите всушност покажуваат вредности поврзани со разградување на тромб во организмот. Во таков случај, нивоата на Д-димер во крвта може да се зголемат.

Појавата на тромб, и со самото тоа покачување на вредностите на Д-димерите можат да бидат резултат на најразлични состојби.

Тромб или тромбови претставуваат чепови од згрутчување на крвта која може да да движи низ низ крвните садови и да блокира нормално функционирање на органте предизвикувајжи нивно откажување.

Во нормални услови кога ќе се исечеме на пример, телото реагира така што се активира коагулација т.е телото произведува тромбови-засирувања на крвта со цел да се запре крварењето.

Што значи висок Д-димер во контекст на COVID-19?

Ако резултатите покажуваат повисоки вредности од нормалното ниво на Д-димери, тоа значи дека имате нарушување на коагулацијата на крвта, и можност за создавање на тромбови. Но тоа пак не прикажува каде е тромбот или каков вид на нарушување на коагулацијата имате.

Кои се нормалните вредности на Д-димерот?

Нормалниот опсег за Д-димер е помал од 0,5mg/ml. Негативен резултат на тест со Д-димери значи дека многу веројатно нема да се формира тромб. Позитивен означува можност за формирање тромбови кои потоа можат да се движат низ крвотокот и да блокираат органи.

Затоа важно е во ваков случај да се примени терапија, која ќе го намали овој ризик.

Што значи тромб во белите дробови?

Белодробната емболија се јавува кога тромбот се сместува во пулмонална артерија и го блокира протокот на крв во дел од белите дробови. Згрутчувањето на крвта обично потекнува од нозете и се движи по десната страна на срцето и потоа се сместува во белите дробови.

Како се диагностицира длабока венска тромбоза?

Доплер ултразвук е тест кој користи звучни бранови за генерирање на слики и да се испитување на протокот на крвта во вените. Доплерот може да открие блокади или згрутчување на крвта во длабоките вени. Тоа е стандарден начин на дијагностицирање на длабока венска тромбоза.

Како треба да се храните за да ја избегнете појавата на тромбоза?

Неколку природни разредувачи на крвта:

  • Лук. Оваа храна е корисна за спречување на згрутчување на крвта, бидејќи има својства што ги намалуваат коронарните ризици.
  • Кромид. Пожелно е да се јаде сиров.
  • Ѓумбир
  • Витамин Е
  • Куркума
  • Омега 3
  • Црвено вино
  • Вода

Академик доктор Жан Митрев за The Bridge: Секоја криза поминува и не треба да ја игнорираме, едноставно треба да ја употребиме како отскочна даска за понатамошни промени

Академик доктор Жан Митрев за The Bridge магазинот на Academia Balkanica Europeana

во натпис кој се објави месецов даде свое гледиште за целокупната состојба со пандемијата и улогата на лидер во целата оваа општествена а пред се здравствена криза која го потресе целиот свет.

Жан Митрев: ЛИДЕРСТВО ВО ВРЕМЕ НА КРИЗА

Најголема опасност во време на криза, не е самата кризата, туку тоа што реагираме со вчерашна логика – Питер Дракер

Пандемијата неповратно го измени нашето размислување за животот и нашите секојдневни приоритети. Дали некогаш повторно ќе се вратиме на некогашниот начин на живот и плановите за иднината? Нормално е да не измачуваат овие егзистенцијални прашања, бидејќи сите ние сме луѓе и како такви сме сведоци на реакции на пандемијата на повеќе нивоа истовремено: во глобални рамки, на национално ниво, на локално, но и на лично во склоп на нашиот колектив или семејство.

Ако се потсетиме на ,,Чума,, на Албер Ками напишана во 1947 во која тој зборува за животот во изолација за време на епидемијата на чума, сигурен сум дека егзистенцијализмот сега ќе добие сосема друга димензија. Ликот на докторот во неа постојано кажува дека ја игра својата улога, како изговор за своите постапки. Но, од денешен аспект, ова нуди друга можност, а тоа не е оправдување за своите постапки, туку е поставување основа за да се биде автентичен во играњето на својата улога.

Јас не сум само доктор, јас сум сопственик на болницата, јас сум лидер. Мојата улога е повеќекратна и бара неминовно обединување и користење на различни способности.

Од тој аспект мора да се согласиме дека улогата на лидер некако ги вклучува сите.

Кога зборуваме за лидерите на бизнисите, нивната улога драматично се измени во изминатите  неколку  месеци. Пред  корона, извршните директори и останатите менаџери беа фокусирани на усвојување иновации, зголемување на приходите и освојување поголеми удели од пазарот.

Денеска голем број од нив мора да донесуваат брзи одлуки со цел да се контролираат трошоците и да се задржи ликвидноста. Тие се принудени да совладуваат претходно непостоечки блокатори како промени во синџирите на испорака, десеткување на своите тимови и оперативни предизвици кои драстично го менуваат фокусот на приоритети. Истовремено самите тие и нивните вработени се соочуваат со здравствени и безбедносни грижи, работа од дома, но и подршка на фамилиите во време на пандемија. Ова не е едноставна транзиција, преминување од една во друга улога, но со целото свое работно искуство применуваме некои принципи кои функционираат во кардиохирургијата а тоа е донесување брзи одлуки.

Јасно е дека вистинското лидерство не доаѓа до израз кога ,,бродот плови во мирни води,, напротив. Вистинските jунаци, на мака се познаваат.  Не постои упатство за употреба при криза бидејќи секоја има свои единствени карактеристики и бара различен пристап од било која претходно. Нема време за претходни подготовки.

Но она што не се менува е дека луѓето од тимот очекуваат од лидерот присебност и доверба. Лесно се пренесува паника, затоа мора да владеете со ситуацијата. Не смеете да реагирате емоционално, туку промислено.

Во време на криза ништо не е поваќно од грижата за своите вработени. Треба да се ставите во нивна ситуација. Луѓето сакаат некој на кој ќе се потпрат, а не некој кого ќе треба да го тешат. Мора исто така да бидете позитивни и реални. Тенка е линијата на баланс, хаосот треба да биде ставен под контрола. Ова вклучува брзо делегирање на задачи, бидејќи сите треба да бидат инволвирани.

Исто така мора да се направи брза проценка на ризиците и да се донесе одлука во која насока би биле следните чекори.

Јасната и детална комуникација е од клучно значење. Треба сите да се информирани за новите цели и следни чекори.

Звучи невозможно? Не е.

Кинескот збор за криза соджи два знака едниот означува опасност, а другиот можност.

Човек треба да остане позитивен, а тоа е реално една од работите кои е полесно да се кажат отколку да се направат. Овде не зборувам за слеп оптимизам туку едноставно да запомниме дека секоја криза поминува. Не треба да ја избегнуваме или игнорираме, едноставно треба да ја употребиме како отскочна даска за понатамошни промени. Кризата е секогаш шанса за да преземете одговорност и да направите подобро.

 

На следниов линк можете да го прочитате целиот текст: 
https://bridge-magazine.net/?p=914

 

Поврзаноста на исхраната со крвниот притисок

 


Каква е поврзаноста помеѓу храната и вашиот крвен притисок? Кои видови храна влијаат на намалувње а кои на покачување на притисокот? Како да се храниме здраво и да не предизвикаме проблеми на нашите системи во организмот?

Нормален крвен притисок кај човекот изнесува 120 со 80.  Сепак, бидејќи луѓето се разликуваат малите варијации во однос на идеалените параметри, можат да се толерираат.

Како резултат на метеоролошките промени, во зависност од тоа што јадеме и што пиеме, па и од старосната доба во која сме, исто така може да се појават разлики.  Исто така во текот на денот се случуваат варијации. Сето тоа е нормално, додека е во граници на толеранција.

Сепак, крвниот притисок треба редовно да се контролира, особено кога станува збор за повозрасни лица и личности во средни години. Ова е особено важно доколку се појават некои симптоми како главоболка, вртоглавица, срецебиење.

Препорачливо е секој во својот дом да има апарат за мерење на притисок.


Висок крвен притисок 

Високиот крвен притисок или хипертензија е болест на современото живеење, а настанува пред се поради консумирање на неквалитетна и нездрава исхрана, стресни животни ситуации, но и генетска предиспозиција. Игнорирањето и не лекувањето може да доведе и до најлоши последици, како што се срцевиот или мозочниот удар. Во нашето поднебје тоа се најчести причини за смрт.

 

Кои се симптомите на високиот крвен притисок?

За жал некои луѓе не се ни свесни дека имаат висок крвен притисок, се додека не го почнат да го мерат, затоа што понекогаш не чувствуваат симптоми или бидејќи се навикнати на состојбата во која се наоѓаат.

Кога ќе се појават симптомите на високиот крвен притисок, тоа се обично главоболки, вртоглавици, мачнини, повраќање, заматен вид, болки во градите, неможност да се дојде до здив.

Исхраната и високиот крвен притисок

Доколку притисокот е константно 140 со 90, тоа е доволна причина да смените нешто во Вашата исхрана. Прво што треба да направите е да ја намалите употребата на солта во исхраната.

Некои луѓе премногу ја солат храната, иако не се свесни за тоа, а тоа во долг временски период никако не е добро. Солта треба да се користи, но во мали количини.

Во природата постојат многу билки кои можат да Ви помогнат. Како народен лек за висок притисок е лукот. И научно е докажано дека лукот го намалува крвниот притисок, но многу луѓе избегнуваат да го консумираат поради непријатниот мирис.

Помалку познат, а исто така ефикасен е целерот. Се смета дека целерот е посебно делотворен кај намалувањето на високиот крвен притисок, кој е резултат на стресот. Целерот е исто така добар за регулирање на холестеролот. Треба да се користи повеќе во салати, чорби или како сок од целер.

Во некои случаеви се препорачува контролирано намалување на тежината. Зголемената телесна тежина може да биде една од причините за висок притисок. Некој вид на диета ќе придонесе за намалување на високиот крвен притисок.

Утврдено е дека луѓето кои не јадат месо имаат понизок притисок. Вегетаријанците се хранат претежно со овошје, зеленчук и житарки, па тука треба да го барате спасот. Не мора сите да станат вегетаријанци, но ете ја причината да размислиме, за намалувањето на количеството на месото во исхраната.
Не заборавајте дека црното вино и кафето го зголемуваат крвниот притисок.

Според некои истражувања за намалувањето на притисокот корисни се витаминот Ц, калциум и калиум.

Квалитетно ладноцедено маслиново масло и морската риба се препорачуваат во исхраната. Од лековитите билки глогот е добар за срцето и за регулирање на крвниот притисок.


Низок крвен притисок  

Нискиот крвен притисок или хипотензија е здравствен проблем кои не е занемарлив, но секако дека не е толку опасен како високиот крвен притисок. Проблемот се јавува поради намалениот доток на крвта, па така потребните количества на кислород не доаѓаат таму каде што е неопходно. Луѓето се проѕеваат кога организмот го почувствува недостигот на кислород.
Причините зошто некој има низок крвен притисок се различни и не потполно разјаснети. Некои стручњаци тврдат дека тоа е наследно и дека почесто се јавува кај слабите луѓе. Жените почесто се соочени со хипотензија, отколку мажите. Се смета дека дехидратација на организмот, прекумерно држење на диета, како и одредени заболувања можат да бидат причини.

Слично како и кај високиот притисок симптомот може да биде вртоглавица. Освен тоа симптоми се умор, поспаност, проѕевање, малаксалост, безволност, тешкото будење, недостиг на енергија, лоша концентрација итн. Во таквите ситуации човекот навистина тешко функционира.

 

Како да го зголемите притисокот?

Доколку притисокот Ви е во моментот многу низок обидете се да разматете малку сол во чаша со вода и испијте. Тоа би требало да Ви помогне, но тоа е краткотрајно решение на Вашите маки. Не се препорачува да претерувате со солената храна бидејќи тоа не е добро од повеќе причини.

На некој му помага да испие шолја кафе или зелен чај, што е сосема добро решение. Сепак претерување со овие напивки може да му штетат на организмот.
Од лековитите билки треба да се консумира рузмаринот. Во народната медицина тоа е лек за циркулација и низок притисок.

Водете сметка за тоа колку вода внесувате во организмот. Тоа може да биде една од причините за низок притисок. Секој човек во текот на денот би требало да испие 2 литри течности, а доколку се занимава со спорт или со физичка работа и повеќе од тоа. Најпрво  треба да консумира соодветна количина вода, а потоа и зелен чај, чај од рузмарин.

Како да се справите со стресот

 


Темпото на современиот живот и секојдневните предизвици го прават управувањето со стресот неопходно.

За да го контролирате вашиот стрес, прво идентификувајте ги причинителите. Што ве прави да се чувствувате лути, напнати или загрижени? Дали имате чести главоболки или стомачна болка без утврдена медицинска причина?

Одредени стрес фактори можат да се идентификуваат лесно, како што се притисоците на работата, проблемите во врските или финансиските проблеми. Но, секојдневните непријатности, како чекање во долг ред или доцнење на состанок, исто така придонесуваат за нивото на стрес.

Дури и позитивни настани, како што се брак (свадба) или купување куќа, можат да бидат стресни. Секоја промена во вашиот живот може да предизвика стрес.

Откако ќе ги идентификувате вашите стрес предизвикувачи, мислете на стратегии за справување со нив.

За почеток треба да идентификувате што е она што можете да контролирате. На пример, ако стресот ве спречува да спиете, решението може да биде лесно, на пример можете да ги извадите ТВ и компјутерот од спалната соба и да му дозволите на умот да се смири пред спиење.

Понекогаш, кога стресот се заснова на барање работа или болест на некој близок, можеби ќе можете само да ја промените вашата реакција.

Не треба сами да решите сè. Побарајте помош и поддршка од вашето семејство и пријатели, без разлика дали ви треба некој да ве сослуша, да го однесе вашето дете некаде, или да ве однесе на работа доколку вашиот автомобил е во сервис за поправка.

Многу луѓе имаат бенефит од применување практики како длабоко дишење, јога, медитација или поминување време во природа.

Одвојте време за себе. Уживајте во масажа, капете се во када со многу пена, танцувајте, слушајте музика, гледајте комедија – направете се што ќе ви помогне да се опуштите.

Здравиот живот ќе ви помогне да управувате со стресот. Јадете здрава исхрана, редовно вежбајте и спијте доволно. Потрудете се да потрошите помалку време пред телевизија, таблет, компјутер и телефон – и одвојте повеќе време за релаксација.

Стресот нема да исчезне од вашиот живот, затоа управувањето со стресот треба да биде континуирано.

Обрнувајќи внимание на причините за вашиот стрес и вежбајќи начини за релаксација, можете да им се спротивставите на некои од негативните ефекти на стресот и да ја зголемите способноста да се справите со предизвиците.

Белодробна емболија

Белодробна емболија е обструкција (блокада) на една од артериите во белите дробови. Во повеќето случаи, белодробната емболија е предизвикана од згрутчување на крвта која патува/ пристигнува од длабоките вени на нозете до белите дробови, исто така, но многу поретко, се предизвикува и од вени на други делови од телото (длабока венска тромбоза).

Бидејќи тромбите го блокираат протокот на крв во белите дробови, белодробната емболија може да биде фатална. Сепак, навременото лекување во голема мера го намалува ризикот од смрт. Преземање чекори за да се спречи згрутчувањето на крвта во нозете, ќе помогне да се заштитите од белодробна емболија.

Симптоми

Симптомите на белодробната емболија може да варираат во голема мера, во зависност од зафатеноста на белите дробови, големината на тромбите и дали имате основно заболување на белите дробови или срцето.

Најчести знаци и симптоми:

Отежнато дишење. Овој симптом обично се појавува ненадејно и секогаш е полош при напор.

Болка во градите. Може да се чувствувате како да имате срцев удар. Болката е обично остра и се чувствува кога ќе земете длабок здив, што обично ве спречува да го сторите тоа. Може да се почувствува  кога кашлате и наведнувате (превиткувате).

Кашлица Кашлањето може да е придружено со крвав или набразден спутум (крвава плунка или секреција).

Други знаци и симптоми кои можат да се појават при белодробна емболија вклучуваат:

  • Брзо или неправилно чукање на срцето
  • Зашеметеност или вртоглавица
  • Потење
  • Треска
  • Болка или оток на ногата, обично во листот (задниот дел на подколеницата), како причина на појава на длабока венска тромбоза
  • Влажна или избледена кожа (цијаноза)

Кога треба да одите на лекар

Белодробната емболија може да биде фатална. Побарајте итна медицинска помош ако почувствувате отежнато дишење, болка во градите или кашлица што произведува крвав спутум (плунка).

Причини

Белодробна емболија се јавува кога група на материјали (најчесто станува збор за згрутчувања на крвта), влегуваат во една од артериите на белите дробови. Овие тромбови најчесто доаѓаат од длабоките вени на нозете, состојба позната како длабока венска тромбоза.

Во многу случаи, белодробната емболија е сочинето од повеќе тромби истовремено. Тромбите ги блокираат белодробните артерии и го оневозможуваат протокот на крвта која најчесто резултира со смрт. Ова е познато како белодробен инфаркт.

Повремено, блокадите на крвните садови се предизвикани од други супстанции освен згрутчување на крвта, како што се:

  • Маст од срцевина на долга скршена коска
  • Дел од тумор
  • Меурчиња од воздух

Фактори на ризик

Иако секој може да развие згрутчување на крвта и последователна белодробна емболија, одредени фактори можат да го зголемат ризикот. Вие сте изложени на поголем ризик ако вие или некој од вашето семејство во минатото имал венски тромби или белодробна емболија.

Исто така, некои медицински состојби и третмани ве изложуваат на ризик, на пример:

Срцева болест. Кардиоваскуларните болести, поточно срцевата слабост, влијаат најмногу во појава на згрутчувањето на крвта.

Рак. Одредени видови на рак (особено оние на мозокот, јајниците, панкреасот, дебелото црево, желудникот, белите дробови и бубрезите) може да го зголемат ризикот од згрутчување на крвта, а хемотерапијата дополнително влијае на тоа. Жените со лична или семејна историја на карцином на дојка кои земаат тамоксифен или ралоксифен, исто така, се изложени на зголемен ризик за згрутчување на крвта.

Хирургија. Хируршката интервенција е една од главните причини за појава на проблеми со згрутчување на крвта. Поради оваа, често се даваат лекови за превенција на тромби пред и по голема операција, како што е замена на зглобовите.

Нарушувања кои влијаат на коагулација. Некои наследни нарушувања влијаат на крвта, што ја прави повеќе склона кон згрутчување. Други нарушувања, како што се бубрежните болести, исто така, можат да го зголемат ризикот од згрутчување на крвта.

Луѓето кои имаат сериозни симптоми на COVID-19 се изложени на зголемен ризик од белодробна емболија.

Употреба на витаминот Д

Д витаминот е неопходен за формирање и одржување на здрави коски од проста причина што апсорпцијата на калциумот (главната компонента на коските) се случува само доколку во организмот е присутен витаминот Д. Самиот организам го создава витаминот Д преку абсорпција на сочевите зраци преку кожата, истите се претвораат во активна форма на витамин Д – калциферол.

Количината на витамин Д што го произведува вашето тело зависи од многу фактори, вклучително и од периодот на денот, сезоната, површината и пигментацијата на вашата кожа. Во зависност од земјата каде живеете и од вашиот животен стил.

Производството на витамин Д може да се намали или исчезне целосно во текот на зимските месеци. Кремите за сончање со заштитен фактор, иако се важни и се препорачува нивната употреба, може исто така да го намалат производството на витамин Д.

Само околу 10 до 20 проценти од витамин Д се внесува со исхрана. Витаминот Д е присутен во млеко, житарици и масна риба како лосос, скуша и сардини.

Кај оние лица кои недоволно или пак воопшто не се изложуваат на сочевите зраци (најчесто постарите лица) производство на витаминот Д во нивниот организам е намалено. Кај тие лица се препорачува консумирање на суплементи кои содржат витамин Д со цел подобрување на здравјето на нивните коски. Препорачливта дневна доза на витаминот Д е 400 IU (интернационални единици) кај децата до 12 месечна возраст, 600 IU за децата над една година и возрасни до 70 годишна возраст, а 800 IU за лицата над 70 години.

Во услови на пандемија, кога имунитетот зависи од многу фактори, употребата на витамини, минерали и други имуно суплементи е зголемена. Имено, освен витаминот Ц, Цинкот и витаминот Д се додатоците кои се препорачуваат. Конкретни научни докази сеуште нема, иако бројни се истражувањата во кои се поврзува употребата на витаминот Д како регулатор на гени важни за имунитетот т.е одбраната на човечкиот организам.

Полезно влијание на витамин Д
Освен кај здрави луѓе, направени се бројни истражувања кои ја докажуваат улогата на витаминот Д при лекување на специфични состојби:

  • Рак. Истражувањата покажуваат дека витаминот Д може да помогне во спречување на одредени видови на рак, особено кога се зема со додаток на калциум.
  • Когнитивно здравје. Раните истражувања кажуваат дека витаминот Д може да влијае на когнитивното здравје. Во мала студија на возрасни над 60 години кои се лекувале од деменција, истражувачите откриле дека земањето додатоци/суплементи на витамин Д им помага да ја подобрат нивната когнитивна функција.
  •  Наследни нарушувања. Додатоците на витамин Д може да се користат за лекување на наследни нарушувања поврзани со неможноста да се апсорбира или процесира витамин Д, како што е фамилијарна хипофосфатемија.
  • Мултиплекс склероза. Истражувањата покажуваат дека долгорочното додавање на витамин Д го намалува ризикот од мултиплекс склероза.
  • Остеомалација. Додатоците на витамин Д се користат за лекување на возрасни лица со сериозен недостаток на витамин Д, што предизвикува губење на содржина на минерали во коските, болки во коските, мускулна слабост и омекнување на коските (остеомалација).
  • Остеопороза. Се смета дека луѓето кои добиваат доволно витамин Д и калциум од нивната исхрана можат да го забават губењето на минералите во коските, да спречат остеопороза и да го намалат ризикот од фрактури на коските.
  • Псоријаза. Кај некои луѓе, примената на витамин Д, може да ја третира псоријазата
  • Рахитис (метаболно заболување на коските). Тоа е ретка состојба што се јавува кај деца со недостаток на витамин Д. Земањето додатоци на витамин Д може да го спречи и лечи проблемот.

Безбедност и несаканите ефекти

Употребата на витаминот Д, доколку се прима во соодветни дози како што напоменавме погоре, се смета за безбедна и не предизвикува несакани ефекти.

Секако, пркумерните дози можат да бидат штетни. Кај децата над 9 години, возрасните, бремените жени и доилките кои земаат повеќе од 4.000 IU витамин Д дневно може да се појави следново:

  • Гадење
  • Повраќање
  • Недостаток на апетит
  • Запек
  • Чуство на слабост
  • Губење на тежина
  • Конфузија
  • Дезориентација
  • Проблеми со срцевиот ритам
  • Оштетување на бубрезите


Препорака

Без витамин Д, коските можат да станат слаби, тенки и кршливи. Недостатокот на витамин Д е исто така поврзан со појава на остеопороза и некои видови на рак. Доколку не добивате доволно витамин Д од сончеви зраци или извори на храна, се препорачува користење на додатоци на витамин Д. Кај лицата кои страдат од одредени хронични болести дозата на Витаминот Д ја одредува лекарот кој ја третираа болеста кај пациентот.

Клиничката болница Жан Митрев повторно носител на златниот печат од JCI


Уште еднаш потврдени високите стандарди според кои функционира нашата болница

Иако во време на пандемија, тимот на Клиничка болница Жан Митрев успешно по втор пат последователно го верификуваше својот начин на работа и со тоа болницата доби реакредитација од страна на меѓународната комисија на Joint Commission International (JCI).

Со добивањето на ,,златниот печат,, уште еднаш се потврди нашата стратешка определба за современа висококвалитетна здравствена услуга и грижа за безбедност на пациентите.

Првата акредитација се случи во 2017 година, при што, секојдневната употреба и следење на стандардизираниот начин на работа помогна за зголемување на задоволството на пациентите.

Со сега добиената реакредитација, болницата ги потврди уште еднаш своите заложби и посветеност во пружање на квалитетни и безбедни здравствени услуги. Оваа потврда ја постави Жан Митрев Клиник на еднакво рамниште со останатите акредитирани институции во светски ранг.

,,Да се биде дел од JCI акредитираните болници е престиж во светски рамки. Мисијата на JCI  за континуирано подобрување на безбедноста и квалитетот на нега која ја добиваат пациентите, е основното мото кое ја води и ја мотивира нашата болница во секојдневната работа. Усогласеноста со строгите стандарди кои ги носи оваа акредитација, се уште еден доказ за континуираната, квалитетна и безбедна услуга која ја дава нашата болница – рече Академик д-р Жан Митрев.

,,Ние сме доказ дека истрајноста, организираноста и принципиелноста се препознаваат и наградуваат без оглед во кој дел од светот се наоѓате.  Секако, работата на нашиот тим не застанува тука, ние продолжуваме понатаму максимално посветено да се грижиме за доброто на нашите пациенти,,.

Како куриозитет е информацијата дека Клиничка болница Жан Митрев е меѓу ретките, вкупно 4 болници во Европа, кои се осмелиле да поминат низ процесот на ресертификација во година на глобална пандемија.

JCI е формирана во Америка во 1997 година како независна, непрофитна организација која акредитира и потврдува медицински установи ширум светот. Акредитацијата добиена од ЈCI се смета за Златен Стандард во глобалната здравствена нега во поглед на квалитет на услугите и безбедност на пациентите.