„Клиниклен“: Вашиот секојдневен богат извор на Омега 3 масни киселни

  1. Што е „Клиниклен“ и како се произведува?

„Клиниклен“ претставува ладно цедено ленено масло без додадени хемиски компоненти, добиено по постапка на ладно пресување на семето. Сите нутритивни и здравствени придобивки кои ги има во самиот плод  се пренесуваат во маслото од лен, бидејќи  постапката на ладно пресување на температура не повисока од 40 степени е уникатен начин за задржување на сите хранливи материи во производот.

Овој производ се создава во рамките на клиничката болница „Жан Митрев“ во самиот ресторан „Мед Пулс“.

  1. Зошто „Клиниклен“ е важен за здравјето на луѓето а зошто посебно е потребен за децата?

Специфичниот состав на лененото масло изобилува со омега 3 незаситени масни киселини кои природно нашиот организам не може да ги создаде. Како таков извор, „Клиниклен“ помага во повеќе процеси во телото меѓу кои може да се споменат:

  • Одржување на нормално ниво на холестерол
  • Поткрепа за одржување на високиот крвен притисок
  • Нормален раст и развој на децата
  • Добро здравје на очи, мозок, зглобови и коски
  • Одржување добра перисталтика
  • Подобрен имун одговор кај децата

Кога сме веќе кај најмладите знаеме дека после раѓањето на децата, мајчиното млеко или адаптираната формула се главните извори на енергија за нивни правилен раст.

Доенчињата имаат потреба од масти во исхраната не само за правилен раст туку и за поткрепа на развој на мозокот. Маслото од ленено семе е здрав извор на масти и истото е познато по својата широка употреба за надоместување на омега 3 масните киселини во секојдневната исхрана.

Иако лененото масло не е важен извор на витамини и минерали, овој тип на масло изобилува со калории и незаситени масти. Само една лажица ленено масло содржи 120Kcal  и 7гр ALA  масни киселина.

Тука би можеле да напомниме дека мајчиното млеко содржи многу мали количини на АLA масната киселина. Млечните бебешки формули имаат додадена ALA  масна киселина, па затоа и лененото масло се вклучува како додаток во исхраната како најголем извор на овој вид незаситени масти.

  1. Дали во вашата клиника го употребувате, каде и кои се резултатите?

Во клиничката болница Жан Митрев при исхраната на доенчиња со адаптирана формула се користи Клиниклен (ладно цедено ленено масло) како нутритивен додаток со високо ниво енергија потребно за поддршка на растот. Ваквиот вид на енергетска поддршка има позитивно влијание во постоперативното лекување со што резултатите се олеснето опоравување, зголемена телесна маса и развој на бебињата.

  1. Од која возраст е дозволено да се дава на деца, како, кога и на што да се внимава?

Како ваков природен додаток во исхраната кај најмалите во домашни услови може да се користи кај бебиња со помала телесна маса во споредба со староста и како додаток кај бебиња со нормална тежина за стимулација и подобрен раст и развој.

Исто така внес на Клиниклен се препорачува и кај децата после една година, за подкрепа на здрав имун одговор,  прилив на енергија знаејќи дека децата не така ретко ги забораваат оброците и со  тоа стимулација за правилен раст на детето без да се покачи ниво на холестерол.

Дозирање кај деца до 1 година : од 2гр до 4гр Клиниклен на 1кг телесна маса во текот на 24 часа.

Кај деца над 1 година може да се дава 1гр Клиниклен на 1кг телесна маса.

Пред внес во исхраната консултирајте го вашиот педијатар.

  1. Има ли негативни ефекти и на што да се внимава?

Со правилно дозирање на маслото како во бебешката исхрана така и во исхраната на возрасна личност немаме пријавени негативни ефекти кои би можеле да го загрозат здравјето. Може да се напомене дека поголеми дози од препорачаните би предизвикале почести столици.

  1. Каде може да се најде да се купи ова масло?

Клиниклен може да се пронајде во „Фила аптека“ која се наоѓа во Zan Mitrev Clinic.

Исто така Клиниклен може да го набавите и во следниве аптекит во Скопје: „Алпи фарм“, „Ани фарм“ и „Сара фарм“ како и во „Жива фарм“ во Велес.

По операцијата на двата колка малиот Лорис може слободно да се движи и да ужива во детството

Малиот Лорис во нашата клиника беше донесен со големи проблеми на нозете поточно на колковите. Веднаш беше примен и прегледан од нашите ортопеди по што беше дадена дијагноза и можност за лекување т.е. операривен зафат.

  • Малиот Лорис Адеми беше оперирано кај нас поради обострана дисплазија или така наречено исколчување на двата колка од раѓање. Се работи за конгенитална, вродена, малформација која некој пат е наследна а некој пат не е. Истата пробале да ја лекуваат во неговата матична држава Косово со конзервативен третман, но, неуспешно. Поради тоа, беше изнудена оперативна интервенција од типот на Иноминантна остеотомија по Солтер – појаснува доктор Сашо Младеновски, ортопедски хирург во нашата клиника.

Операцијата прво се изведе на едниот колк, а по успешното заздравување и на другиот.

  • Се работи за сложен, прецизен зафат кој се работи на возраст од околу 15 месеци најрано па се до возраст до 4 години. Кај детенцето се направи корективна остеотомија на пелвичната коска значи на илијачната коска каде што се промени односот со цел да се вметне главичката на фемурот (колкот) и на тој начин колковите се враќаат на место. Веднаш после првата операција кај детето беше поставен коксофеморален гипс којшто детето го носеше 6 недели и задоволни од позицијата на самите колкови и од брзата рехабилитација родителите веднаш се согласија и за операција на вториот колк. Исто така во општа анестезија се направи операција и на вториот колк по што поради епидемијата од коронавирус детето контролите ги правеше во своето родно Косово. Но два месеца по вториот оперативен зафат тој повторно дојде во нашата болница кога и ги отстранивме вградените Сомерови игли со прекрасен клинички и радилошки резултат – вели доктор Младеновски.
  • Пресреќни сме што целата процедура заврши во најдобар ред. Многу сме среќни што ја одбравме оваа клиника која покрај стучноста, врвната медицинска услуга ни овозможи пријатен пристап и многу лесна комуникација, цело време бевме информирани околу состојбата на Лорис и беа многу љубезни. Голема благодарност до целиот персонал за кој имам само пофалби за нивната професионалност и нивниот позитивен пристап кон пациентите – вели мајката на малиот Лорис од соседното Косово.

Родителите пресреќни а најмногу малиот Лорис кој го чекаат убави денови исполнети со детска игра. Zan Mitrev Clinic му посакува среќно и безгрижно детство.

 

Успешно направена многу ретка хибридна интервенција на срцето кај 5 месечно бебе

Денеска во нашата клиника се направи исклучително ретка интервенција на доенче старо 5,5 месеци. Овие процедури исклучително ретко се прават во светот, а ова е прва направена во нашата држава. Истата е привилегија на високо развиени центри во кои што се изведува напредната педијатриска кардиохирургија и перкутани интервенции на вродените срцеви мани.

Интервенцијата беше изведена од страна на кардиохирург Академик доктор Жан Митрев и интервентен кардиолог доктор Иван Милев , ехокардиографер доктор Тања Анѓушева и анестезиолог доктор Дијана Попески.

Оваа интервенција се надеваме ќе биде само почеток на се’ поголемиот број на хибридни процедури како резултат на тимска работа меѓу кардиохирурзите и интервентните кардиолози.

Ваквите интервенции носат минимален стрес на пациентите со максимален ефект.

Се работи за женско доенче кое е втор пат хоспитализирано во Zan Mitrev Clinic.

Кај неа уште во новороденечка возраст е дијагностициран поголем мускулен дефект на преградата меѓу двете комори.

Поради големината на дефектот на возраст од два месеца е направен бендиг- затегање на прстенот на белодробната артерија, за да се намали притисокот во белите дробови.

Со тек на времето, дефектот вршеше се’ поголемо оптоварување и требаше да биде затворен.

Хируршкото затворање на овие дефекти е сложено заради локализацијата и ризикот од екстракорпоралната циркулација кај доенче со висок пулмонален притисок. Од друга страна затворањето преку нога на вакви големи дефекти кај мали доенчиња е невозможно, поради употребата на големи катетри кои може да ги оштетат крвните садови на ногата.

Затоа во договор со тимот беше одлучено да се направи хибридна процедура.

Во операциона сала најпрво беше отворена десната комора а потоа под ехо контрола пласиран краток катетер во левата комора на срцето.

Потоа преку истиот беше пласиран дивајс-протеза и затворен дефектот. Ехо контролата покажа уредна поставеност на протезата и затворен дефектот.

За тоа како течеше оваа интервенција повеќе на следниот линк снимен додека трае интервенцијата.

Полицистичен оваријален синдром и секојдневните дилеми

Што е полицистичен оваријален синдром?

Полицистичен оваријален синдром или ПЦОС претставува нарушување во рамнотежата на репродуктивните хормони кај жената, но може да создаде и метаболни нарушувања кои влијаат на целокупното здравје и квалитетот на животот. ПЦОС е исто така и најчестата причина за инфертилност кај жените, но за разлика од некои други состојби ПЦОС може да се третира.

Што точно прави нарушувањето на хормонската рамнотежа?

Нарушувањето на хормонската рамнотежа создава проблеми со овулацијата. Јајце клетката која при овулација треба да се ослободи од јајникот, кај ПЦОС останува несозреана и заробена во јајникот. Следствено на ова, девојките и жените со полицистични овариуми имаат нерегуларни менструални циклуси и развој на цисти во овариумите.

Кои се симптомите на полицистичен оваријален синдром и кога треба да се оди на преглед кај ендокринолог?

Полицистичниот оваријален синдром може да се појави во било која возраст после пубертетот и развивањето на секундарните сексуални карактеристики. Еден од најчестите симптоми е нерегуларниот менструален циклус или целосно отсуство на менструалниот циклус кај жени и девојки кои претходно имале менструален циклус. Дополнително, девојките и жените со ПЦОС многу често имаат зголемена влакнавост или хирзуитизам (околу 70% од пациентките со ПЦОС); акни на лицето, градите и грбот; проретчена коса со залистоци која е карактеристична за машкиот пол; и зголемена телесна тежина. Неретко кај некои од пациентките се јавуваат и промени во расположението, замор и намалено либидо.

Како изгледа прегледот кај ендокринолог за дијагноза на полицистичен оваријален синдром?

Ендокринологот низ разговор со пациентката, покрај редовност на менструалниот циклус, добива бројни информации и податоци кои даваат една поширока слика за здравствената состојба на пациентката. Покрај ова, ендокринологот ќе ви измери тежина и висина, ќе провери дали пациентката има зголемена влакановст и/или акни по лицето и телото и конечно ќе ви земе примерок од крв за анализа на хормоните.

Како се дијагностицира полицистичен оваријален синдром?

Постојат три главни критериуми за дијагноза на ПЦОС, а тоа се: нарушување односно инверзија на односот помеѓу фоликуло-стимулирачкиот хормон (FSH) и лутеинизирачкиот хормон (LH), покачени вредности на тестостерон и присутни повеќе од 10 цисти со големина под 10мм во јајникот при ехо преглед на гинеколог. Доколку пациентката исполнува два од овие три критериуми, тогаш се поставува дијагноза за полицистичен оваријален синдром. Покрај овие главни критериуми, кај пациентките секогаш се евалуира и статусот на гликемијата (шеќер) и инсулин во крвта, затоа што полицистичниот оваријален синдром најчесто е придружен и со инсулинска резистенција и последователна хиперинсулинемија (зголемено ниво на инсулин во крвта), а тоа само по себе претставува ризик за развој на дијабетес во иднина.

Која е терапијата за полицистичен оваријален синдром?

Постојат неколку опции за третман на ПЦОС и секоја од нив има одредени бенефити или недостатоци. Во зависност од возраста на пациентката, телесната тежина и дали во моментот е заинтересеирана да остане бремена или не, ендокринологот заедно со пациентката се договараат во однос на терапијата. Најкористени на секојдневна база се лековите со анти-андрогено дејство и оралните контрацептиви. Лековите со анти-андрогено дејство го блокираат ефектот на андрогените хормони (тестостерон) и до одреден степен водат до намалување на влакнавоста и/или акните, како и згуснување на проретчената коса, но кај дел од пациентките не го регулираат менструалниот циклус. Оралните контрацептиви во Македонија сеуште се сметаат за табу тема, меѓутоа се широко прифатени во западниот свет затоа што го регулираат менструалниот циклус, го намалуваат ризикот за ендометријален канцер и ги намалуваат влакнавоста и акните. Ризик кај оралните контрацептиви претставува длабоката венска тромбоза, поради што не се препорачува пациентките сами да ги земаат апчињата, туку да одат два пати годишно на ендокринолог кој покрај стандардните испитувања, ќе направи и тестови на коагулабилноста на крвта кај пациентката. Покрај една од овие опции за третман, кај пациентките кај кои е утврдена хиперинсулинемија се дава терапија со лекови од групата на инсулински сензитајзери кои ќе ја нормализираат инсулинската секреција.

Дали лековите ќе помогнат со зголемената влакнавост?

Зголемената влакнавост претставува голем проблем пред се за младите девојки. Иако, медикаментозната терапија ќе придонесе за мало намалување на влакнавоста, омекнување на влакната и поспоро растење по депилација, за жал нема да ги реши целосно. Поради ова, се препорачуваат дерматолошки процедури за ласерско отстранување на влакната.

Дали постојат нефармаколошки опции за третман на полицистичниот оваријален синдром?

Редовна физичка активност и правилна исхрана, неретко придонесуваат за подобрување на полицистичниот оваријален синдром и се препорачуваат кај сите пациентки – особено кај обезните.

Дали жените со полицистични овариуми можат да останат бремени?

Голем дел од жените кои имаат потешкотии да останат бремени (според светската статистика 70%) имаат полицистичен оваријален синдром. Иако во некои случаи, поради недостатокот на овуалција, зачнувањето може да биде отежнато – полицистичниот оваријален синдром не претставува конечен стерилитет, односно е инфертилност која може да се третира. Доколку има потреба гинекологот прави стимулација на овулација со фармаколошки препарати, кај некои пациенти е потребна помош во вид на ин-витро фертилизација, а во ретки случаи одредени гинеколози се решаваат на оперативен третман со кој се прави т.н. дрилинг на овариумите.

Кој совет би им го дале на пациентките со полицистични овариуми?

Многу од пациентките се срамат поради зголемената влакнавост или чувствуваат притисок од социјалната средина дококлку имаат потешкотии да забременат. Не дозволувајте негативно да ви делуваат нереалните и вештачки очекувања за убавина поставени од општеството, ниту пак да ви налагаат кога да забремените. Секоја жена е единствена и убава на свој начин. Доколку имате полицистични овариуми не ги игнорирајте, јавете се на преглед, бидете свесни доколку имате проблем и решете се да се борите против него. Ние како ендокринолози сме секогаш спремни за соработка и разговор и заедно ќе најдеме решение и ќе одиме чекор по чекор во битката со полицистичните овариуми.

Д-р Надица Божиновска, специјалист по ендокринологија

Успешно извршена прва трансплантација на срце во државава

Доктор Жан Митрев со тим од нашата клиника учествуваа во првата трансплантација на срце во државава. Операцијата се одвиваше изминатава ноќ и успешно заврши рано изутринава.
– Трансплатацијата е успешна! Ова е огромен успех на македонското здравство. Честитки до сите колеги – е последната информација од утрово која стигна од  Клиниката за кардиохирургија во државниот Клинички центар каде што се извршување трансплантацијата.
Донор на срцето е почината пациентка чие семејство се согласило срцето да го добие друг пациент кој веќе долго време чека донор, за што изразуваме огромна благодарност.
Освен доктор Жан Митрев, во тимот кардиохирурзи кои ја извршија трансплантацијата беа и доктор Сашко Јовев (Државна Кардиохирургија), и Александар Николиќ (Клиника Систина).

 

Третман на кардиоваскуларните заболувања во услови на Covid-19 пандемија

Zan Mitrev Clinic е болница која секогаш става акцент на едукацијата на својот персонал за правилно работење и спроведување на последните водичи за третман на пациенти од европско и светско ниво Во тој контекст во периодот од 13,14 и 15 мај се одржа едукативна работилница на тема –  Третман на кардиоваскуларните заболувања во услови на Covid-19 пандемија. Работлницата беше базирана на последните водичи за третман на кардиоваскуларни заболувања во услови на ковид 19 пандемија, кои од страна на европското здружение за кардиологија беа објавени  на 21.04.2020 година и последните водичи за кардиопулмонална реанимација подготвени од европскиот конзилиум за реанимација и објавени на 24.04.2020 година.

На работилницата посебно беше даден осврт како да се обезбеди правилна медицинска грижа на пациентите кои не се ризични за ковид 19 инфекција и оние кои се суспектни за ковид 19 пандемија.Беа разработени критериумите и условите под кои се изведуваат инвазивните дијагностички процедури како што екоронарографија стентирање, посебно кај ковид суспектен пациент.

Посебно беше ставен акцентот на симптомите од страна на кардиоваскуларниот систем кај ковид позитивен пациент, и начинот на нивно лекување.

Беа опфатени и сите постапки на кардиопулмонална реанимација кај ковид суспектен или заболен пациент според препораките на европскиот конзилиум за реанимација

Работилницата беше подготвена од страна на др Тања Анѓушева  во соработка со др Катерина Игневска која даде приказ на опремата и начинот на персонална заштита на медицинскиот персонал, др Никола Поп-Костов и сестра Марина Лазеска.

Работилницата беше посетена од од целиот медицински персонал

БЕЗБЕДНА МЕДИЦИНА ЗА ПЦИЕНТИТЕ, БЕЗБЕДНОСТ ЗА ПЕРСОНАЛОТ е мотото под кое работи Zan Mitrev Clinic во услови на пандемија од Covid-19. 

Hand Hygiene Day, 2020 “Медицински сестри и акушерки, безбедната грижа е во вашите раце!”

Секоја година на 5ти Мај се одбележува светскиот ден на хигиена на раце. Целта на оваа кампања е да се подобри хигиената на раце во рамките на здравствените организации, со што ќе се заштитат од инфекции и пациентите и здравствените работници.

Оваа година темата “SAVE LIVES: Clean your hands”, е посветена на медицинските сестри и акушерки, кои се препознаени како херои од прва линија кои имаат многу важна улога во превенција на инфекции за што заслужуваат посебно признание и почит.

Кампањата за хигиена на раце 2020, потенцира дека миењето раце е една од најефикасните мерки која придонесува во спречување на појава и ширење на инфекции, вклучувајќи го и вирусот кој ја предизвикува болеста COVID 19.

Соодветната хигиена на раце е подеднакво важна како за здравствените работници така и за секој поединец во општеството.

Светската Здравствена Организација за 2020 цели кон следново: хигиена на раце како глобален приоритет, промена во однесувањето на поединецот и особено ангажирање на здравствените работници во улогата на безбедна грижа кон пациентите и превенција на инфекции.

Хигиена на раце во здравствени установи значи миење на раце или/и дезинфекција со алкохолен дезинфициенс. Има конкретни препораки кога се мијат раце – кога се видливо контаминирани или кога се работи со пациент со спорогени бактерии (Clostridium difficilae), во останатите ситуации оправдана е употреба на дезинфициенс – според ефикасност, потребно време и достапност.

Обраќање на доктор Жан Митрев

Почитувани,

Сакам да се обратам до јавноста во однос на контролираната состојба од корона вирусот и стабилизирањето на бројот на пациенти коишто се инфицирани.

Ја информирам јавноста дека од понеделник ние како институција почнуваме со редовна работа, нормално со сите мерки и услови за заштита, како и до сега, од заразување.

Ги повикуваме пациентите, кои имаат разни хронични болести, посебно од крадиоваскуларна природа, благовремено да си закажат термини, со цел да се избегне можна гужва или евентуално подолго чекање.

Затоа овие денови може да ги искористите да испланирате кога ќе дојдете а и ние како болница полесно да ги овозможиме сите услуги коишто се потребни за пациентите а се со цел да не настане непотребна нервоза или додатни гужви.

Покрај сето ова, сакам да потенцирам и да ја известам јавноста, дека ние сме, и останавме, една од можеби ретките болници воопшто во кои ниту еден од персоналот не се зарази од коронавирус и покрај тоа што ние први почнавме да ги тестираме пациентите.

Со сите мерки што ги презедовме и ги превземаме во однос на изолација и третман на пациентите, хигиената и вкупно сите услови во болницата, успеавме до сега да останеме, така да кажам, чиста болница а со тоа пациентите треба да знаат дека имаат уште поголема безбедност и да знаат дека тука нема да добијат додатно опасност од заразување од веќе заразен персонал како што е обично во другите болници.

Видовме дека во пошироки рамки, во Европа, и во САД, дека еден голем процент од персоналот се зарази од пациентите со Ковид – 19, а потоа тие станаа опасност за другите пациенти. Тоа кај нас не постои!

Ви посакува убави празници и постепено нормализирање на целокупниот живот.