„ Хипократовата заклетва во оваа болница максимално се почитува ме гледаа како да сум им татко“

Бериша Шаќир 72 годишен професор по математика во пензија родум од Косовска Митровица во нашата болница е примен поради скратување на левата нога и неможност да се движи, да ја свиткува и исправа во целост, состојба која го довела до силно ограничување на општата животна активност. Не случајно помош побарал од тимот на д-р Жан Митрев.
„ Кога веќе беше неподносливо морав да го решам проблемот кој секојдневно ми го успоруваше и отежнуваше животот. Одлуката да дојдам во оваа болница ја донесов преку разговор со некој Ваши поранешни пациенти, слушајќи ги нивните искуства од деновите кои ги поминале овде. И да, тоа што тие го зборуваа околу третманот и грижата за пациентите во болницава, од сега ќе го раскажувам и јас.
За овие 8 дена професионално и максимално посветено се однесуваа кон мене како да сум им татко. Огромна благодарност до д-р Младеновски кој ме оперираше, на физеотерапевтите кои ми помагаа повторно да застанам на нозе преку континуираните вежби , на целиот персонал кој беше тука покрај мене. Во оваа болница Хипократовата заклетва се почитува во пракса секојдневно, максимално.“ раскажува професорот по математика.
Ортопедскиот хирург д-р Сашо Младеновски кој е раководител на ортопедскиот одделво „Филип Втори“ околу дијагнозата и оперативниот зафат на г-динот Шаќир ни посочи:
„ На пациентот му се вгради тотална ендопротеза на левиот колк со ацетабуло пластика, со што се постигна продолжување на ногата до нормална должина и воспоставување на физиолошкиот опсег на движење на колкот. Операцијата беше повеќе од успешна бидејќи по првата контрола поточно по неполни 15 дена од операцијата пациентот се движи без помош на ортопетски помагала“.
Професорот по математика повторно е на нозе ,иако навлезен во седмата деценија од животот, вели дека мора да биде здрав за да им се најде на 4 деца и 13 внуци.

„Филип Втори“ учесник на II Конгрес на Здружението на Физиотерапевти на Федерација на Босна и Херцеговина

Во периодот од 12.05.2016 до 15.05.2016 во Сараево се одржа Вториот Конгрес на Здружението на Физиотерапевти на Федерација на Босна и Херцеговина . На конгресот присуствуваа околу 180 гости од Германија, Турција, Хрватска, САД, Србија, Македонија и Црна Гора.
Претставник од тимот на д-р Жан Митрев беше физиотерапевтот Никодин Велјановски со усна презентација на тема
” Ефикасноста од раната физиотерапија кај пациент после операција на срце и абдомен на одделот на интензивно лекување во “Филип Втори” – приказ на случај .
Присутните учесници после неговата презентација пројавија голем интерес за нашата институција, начинот и техниките кои што се применуваат во полето на физиотерапијата. Од нивна страна имаше многу позитивни коментари за специфичноста на работата која ја извршуваат нашите физиотерапевти како едни од малкуте на Балканот кои работат на одделот за интензивно лекување.
На конгресот беа претставени 33 труда преку усни презентации, 4 постер презентации како и 8 реализирани работилници.

Напишете, македонски лекар спаси Русинка, сменив три авиони да дојдам до него, најголемо „Спасиба “ д-р Митрев

„ Галина работата е сериозна имаш тешка аортна стеноза мора да се оперираш, ако ме прашуваш каде, кај кој лекар , кога јас би ја имал истата дијагноза тогаш за операција би го одбрал најдобриот кардиоваскуларен хирург неговото име е Жан Митрев , но не живее во Русија туку во Македонија таму има своја болница“.
Овие зборови на рускиот кардиолог Артур Дормидор биле клучни за 68 годишната русинка Галина Пекарскаиа да замине за Македонија. По образование професорка по англиски јазик која својот работен век го поминала како советник на Министерот за надворешни работи , роодум од Ставропол кој иако е прилично далеку од Скопје не било причина да се двоуми дали да дојде овде или не. Довербата кон лекарот кој 4 месеци редовно ја следел нејзината болест патувајќи од Москва до Крим, се потврдила уште еднаш.

„ Сменив три авиони од Крим до Москва, од Москва до Белград, и од Белград до Скопје, поминав 2000 километри , за да ме оперира д-р Жан Митрев . Препораката ја добив од мојот кардилог од Русија , го послушав неговиот совет. Од она што овде го видов, немам зборови, восхитена сум , пријатно изненадена, бидејќи ова е воедно мое прво доаѓање во Македонија, не знаев каде одам, но верував. По 8 дена поминати овде во болницата на д-р Митрев, гледајќи ја целокупната професионалност, организираност, грижа и третман кон пациентот дојдов до закучок дека Русија треба да учи од Вас од д-р Митрев и луѓето кои работат во оваа болница. Им благодарам на сите кои ги запознав овие денови а најголемо „спасиба“ на д-р Митрев, Ве поканувам сите да дојдете да видите колку е убаво Во Крим, ние имаме море а вие прекрасна приорода . Кога ќе го пишувате текстот од нашиот разговор напишете, Еден македонски доктор спаси една Русинка. Се чуствувам прекрасно и среќна сум дека се се заврши добро и се враќам во големата Русија, по мене ќе дојде мојот син кој исто така е лекар. За крај био им препорачала посебно на помладите да го ценат своето здравје со што ќе се почитуваат себе си, не се доволни само оние годишни контроли, мораме многу подетално да го испитуваме нашето здравје , без оглед дали чуствуваме некакви промени или не.
Галина не е првата пациентка од Русија оперирана од страна на д-р Митрев , досега таа бројка е преку триесет . Но, Галина е првата Русинка оперирана во новата болница. Во таа чест на посета и дојдоа претставници од Амбасадата на Русија во Македонија, г-динот Станислав Лупин Аташе и г-динот Алексеј Бабкин Шеф на конзуларното одделение во Амбасадата на Русија. На средбата со нив г-ѓа Галена им раскажа дека не може да верува дека патот и болеста ја донеле дури до Македонија, ако се плашела од нешто тоа бил јазикот како ќе се разбере со луѓето во болницата, но немало никаков проблем во комуникацијата.

Д-р Тања Анѓушева медицинскиот директор на болницата и одговорна на одделот за интензивна нега , околу здравствената состојба на Русинката Галина ни го изјави следното:
„ Пациентката беше со тешка аортна стеноза примена за оперативно лекување. Аортната стеноза е заболување при кое е настанато наталожување на калциум на природните залистоци од аортната валвула, поради што истата не се отвора колку што треба и затоа срцевиот мускул работи со поголема сила за да ја испумпа крвта во аортата, поради тоа настанува задебелување на истата..Единствено решение за овој проблем е хирушка замена на променетата аортна влавула со протеза. Протезата може да биде биолошка , механичка и протеза добиена преку реконструктивна хирургија на валвулата при што се прави отстранување на калциумските наталожувања од самите залистоци и валвулата се отвора нормално. Кај пациентката е направена замена на аортната валвула со биолошка протеза.“
Пациентката Галина во д-р Митрев сега гледа пријател кој ке го има за цел живот, а следната посета на Македонија ја планира како турист кој ќе ужива во убавините на Македонија.

Тимот на д-р Жан Митрев активно работи на прегледите на децата од кампот на Кирил Лазаров

Тимот на д-р Жан Митрев стартуваше со прегледите на децата кои ќе бидат дел од вториот „ Ракометен камп Кирил Лазаров 7“.Контролите на децата се прават во новата болница во Скопје како и во поликлиниките на „ Филип Втори “ во Струмица и Битола.   „ Горди сме што соработуваме со најдобриот спортист кој некогаш го имала Македонија , среќни затоа што децата кои ќе заминат на кампот во Охрид преку прегледите, ќе имаат реален приказ за нивната здравствена и кондициона состојба, за да можат да одговорат на тренинзите кои ќе ги очекуваат и истите да ги направат без никакви последици. За жал сликата која се почесто ја гледаме на спортските терени , колабирањето на спортистите најчесто се должи на недоволни медицински анализи , а спортистите се изложени на преголем напор особено  помладите. Кога на време не е детектирана некоја вродена срцева маана тогаш доаѓа до овие ситуации. Токму затоа ги правиме овие систематски прегледи, како превенција од несакани последици. Благодарение не истите минатата година кај две дечиња беа констатирани недостатоци кои им го спречија учеството во кампот, но истовремено спречија и  последици со лош исход. Соработката помеѓу нашата болница и капитенот  Лазаров започна лани , кога беа прегледани 150 деца . Оваа година таа бројка е дуплирана, според најавите на организаторот очекуваме  околу 300 дечиња за преглед. Испитувањата се состојат во земање на анамнеза, ЕКГ и ЕХО кардиографски прегледи, стрес-тест и биохемиска контрола на крвната слика. Иницијативата на Академик д-р Жан Митрев секое дете кое не е од Скопје да биде земено од матичниот град однесено на преглед и вратено повторно дома се спроведува и оваа година. Досега се прегледани деца од Штип, Радовиш, Делчево, Берово, Прилеп, Тетово, Охрид, Струга, Ресен, Свети Николе, Битола и дел од Скопје. Прегледите ги започнавме минатата недела а истите продолжуваат и во периодот кој следи.“  Ова го изјави д-р Тања Анѓушева медицински директор на болницата и раководител на одделот за интензивна нега, која дава несебична поддршка на кампот на Лазаров , докторка која минатата година ги организираше темите кои беа во рамките на едукативниот дел на Специјалната болница „ Филип Втори “ како медицински партнер на „Ракометниот камп Кирил Лазаров 7 “. Едукативни работилници ќе се организираат и годинава а една од темите ќе биде генетиката .Имено резултатите од генетските испитувања можат силно да влијаат врз подобрување на здравјето кај пациентите како и кон остварување на подобри резултати кај спортистите. Овие анализи наскоро ќе почне да ги прави тимот на д-р Жан Митрев.

Известување за посети на болните

Во рамки на добра организација и функционалност на новата болница „Филип Втори“ Ве информираме дека посетaта на болните ќе се одвиваат во еден термин во текот на денот, а тоа е од 16:00-17:00 часот

Ви благодариме на разбирањето

Со почит Тимот на д-р Жан Митрев

Известување за гласот за вработување

Почитувани,

Ве информираме дека огласот за вработување кој беше објавен на 28.04.2016 година е завршен.

Ви благодариме на сите кои аплициравте за посочените работни места.

Со почит

Тимот на д-р Жан Митрев

Меѓународен ден на медицинските сестри

Врвно едуцирани, максимално посветени и предадени во лекувањето и давањето помош на пациентите, исклучително човечни, тимски играчи, вака накусо би бил генералниот опис на медицинските сестри кои работат во Специјалната болница „Филип Втори“. Пораките и зборовите на благодарност на пациентите се најголемото признание за нивната работа , некои од нив усно пренесени некои запишани во големата книга на впечатоци. Половина од вкупниот персонал на болницата го сочинуваат токму тие, жените кои треба да бидат силни во секојдневното извршување на работата, жените кои се соборци на сите пациенти во борбата за закрепнување и лекување, во борбата за живот , особено кога околу себе имаат пациетни- деца. Жените кои и кога неможат можат, жените кои им се најблиски на болните заради нивната непосредност и постојана присутност. И да , најчесто изговараниот збор од пациентите е зборот „сестро“. Имаме ние во „Филип Втори“ и по некој „медицински брат“ , со истите квалитети и професионална посветеноста како и сестрите. А денешниот датум 12 мај е нивни ден , меѓународниот ден на сестрите. Запознајте ги главните 7 сестри кои раскажуваат за нивниот избор да бидат тоа што се, да бидат дел од тимот на д-р Жан Митрев.

 Весна Наумовска  дипл.медицинска сестра

Одговорна сестра во одделот анестезија

„Терминот „Бело срце“ е симбол на сестринството, меѓународен симбол кој означува знаење, грижа, хуманост. Избрана е белата боја како основа на сите бои а нејзината симболика е прифаќање на сите луѓе. Формата срце укажува на хуманоста и средишното место кое го имаат сестрите во системот на здравствената заштита. Ова како мала историја за денот 12 Мај. Што се однесува до моето работно место како сестра во операциона сала поточно во делот анестезија, значи прифаќање на пациентите кои се подготвени за операција. Секој од нив бара посебно внимание и индивидуален пристап. Детален мониторинг во анестезијата кој е неопходен да се обезбеди фармаколошка и механичка контрола на сите витални функции на болниот, да се препознаат состојбите кои бараат брза и ефикасна терапија.Повеќето луѓе за анестетичарот мислат дека е сестрата зад маската која им помага на пациентите да спијат во тек на операцијата и која им помага да се будат кога операцијата ќе заврши. Анестетичарот влегува во сала прв, а излегува последен. Тој е најважниот дел од тимот на анестезиологот, а за пациентот најблискиот дел од тимот. Овде се среќаваме со различни луѓе, некои од нив познати, некои непознати но кога се овде, сите се исти. Адреналинот кој е секогаш на максимум во оваа работа е тоа што ме исполнува мене лично. Од дете не сум размислувала за ништо друго да работам кога ќе пораснам, туку баш оваа професија, ако не сум ова што знам можеби би продавала цвеќе“.

Гордана Бошеска, дипл.медицинска сестра

Одговорна на одделот за полуинтензивна нега

„Во болницата „Филип Втори“ сум од ноември 2000 година. Тоа е период кога бевме во склоп на тогашната Воена болница. Ова е моја 15 година од како сум дел од тимот на д-р Митрев и се надевам тука ќе останам до пензија. Помнам кога прв пат разговарав со д-р Митрев за вработување, тој ми кажа дека за вредните луѓе кои сакаат да учат, секогаш има место во „Филип Втори“. На почетокот бев одговорна сестра на интензивна нега цели 10 години, пред 4 години по препорака на д-р Митрев се преместив на полуинтензивна или одделение како што ние го викаме овде во болницата. И тука сум одговорна сестра и се надевам дека добро се снаоѓам и овде во секојдневната комуникација со моите колеги, но и со пациентите. Што се однесува до мојот избор за медицинска сестра тоа сум го замислувала како малечка отсекогаш сум сакала да го работам ова, да помагам на луѓето тогаш кога им е најпотребно. Го сакам адреналинот, динамиката а тоа овде го има премногу,благодарение на нашиот директор постојано се надградуваме и едуцираме. И преку присуства на конгреси, работилници дома и надвор од Македонија. Прекрасно е чувството да видите насмеани лица кои во одреден период загубиле секаква надеж дека некој од нивните најблиски ќе оздрави и ќе живее. Таа нивна насмевка е наш најголем поттик за секој нов ден, за оваа работа првенствено треба да сте психички подготвени, стабилни зошто тажни се судбините на луѓето кои доаѓаат овде. Сите тие се индивидуи кои треба да ги прифатите такви какви што се и да го најдете вистинскиот начин да искомуницирате со нив за да им објасните што им се случува и дека од борбата за своето здравје никогаш не треба да се откажат.

Жанета Богоевска- Митева, дипл.стручна мед. сестра, специјализирана за интензивна нега

Одговорна сестра на интензивна нега

„Неделата од 06-12 мај е недела во која на сите медицински сестри во светот им се оддава почит за нивните неверојатни клинички способности, за несебичната нега што ја спроведуваат врз пациентите,соработката со нивните семејства и севкупниот придонес во опшеството. 12 Мај е меѓународниот ден на медицинските сестри .Тој датум е земен заради роденденот на Флоренс Најтингел- основоположничката на професионалното сестринсво, позната и како” Дамата со светилка”.  Сестрите кои работат на одделите за интензивна нега и лекување се специјализирани за секојдневно справување со реакциите на пациентите на животно- загрозувачки ситуации во кои се наоѓаат. Лиценцирани се за одговорно следење на акутните, критични болни, нивниот одговор кон медицинскиот третман, следење на виталните параметри и навремена реакција при нивна промена како и нега на болните која претставува основен параметар за квалитетот на негата во една здравствена институција. Ние сестрите на одделот за интензивна нега и лекување во „Филип Втори“ со гордост можеме да кажеме дека работиме со најсовремена апаратура, соодветна за третманот на нашите пациенти. Негата која што ја даваме е заснована на стандарди кои се основна, појдовна точка во приодот кон пациентите. Овие стандарди се базирани на светски препораки кои произлегуваат од медицина базирана на докази.Тимската работа на одделот за интензивна нега е наш приоритет како и мултидисциплинарниот пристап кон негата на пациентите. Континуираната едукација е предуслов за најсовремениот третман кој што нашите пациенти го добиваат. Нашите сестри често присуствуваат на едукативни собири, конгреси ширум светот каде што ја споредуваат својата пракса, со праксата на колегите од други земји и со задоволство можеме да кажеме дека нашето присуство е секогаш забележано и често наградено. Нашите нови соработници знаат дека медицинска сестра е професија која треба да се работи со многу љубов и разбирање за потребите на пациентите и нивните фамилии и непосредна соработка со сите други профили вклучени во третманот на пациентите. Чест и задоволство е да се работи со ваков тим“.

Снежана Блажевска , виша мед.сестра

Одговорна сестра инструментарка

„ Да се биде дел од првиот тим на кардиохирургија и да се работи секојдневно со првиот кардиохирург не е лесно, но е голема привилегија. Да се биде дел од тој тим е макотрпен и долготраен процес. Но, среќата што се доживува кога некое срце продолжува да живее е најголемата награда и најголем успех за сите нас. Нашата работа започнува во раните утрински часови, ние сме тука заедно со д-р Митрев. Се е мирно и тивко, сите вредни како мравки ги знаат своите работни задачи. Се е подготвено и шефот кажува „Може рез“, со што се означува почетокот на операциите. Се оди по редослед во кој што нашата единствена задача е максимална концентрација, совршенство во условите за работа, затоа што наша крајна цел е продолжен живот со срце кое и понатаму ќе продолжи да чука, да работи. Завршуваме уште една операција и започнуваме друга. Но не е секогаш така тивко и мирно. Екипата која дежура 24 часа добива итен повик за животно загрозен пациент. Тој е нечие дете, мајка, татко, пријател. Екипата се собира и започнува акција во која некој живот треба да биде спасен. Тој ја очекува нашата помош. И додека сите спијат, сонуваат, ние сме во операциона сала и работиме. Успехот во работата ни го овозможува и најсовремената стерилизација, современите операцини сали, услови за работа какви што само може да се посакаат. Макотрпна работа, несебично вложување, бурно секојдневие, многу работни часови.Тоа е успехот. Кој се должи и на комплетната едукација, најсовремена опрема за дезинфекција и стерилизација. Контрола на стерилизација и начин на пакување сетови за операција, за комплетно и успешно работење на целата болница. “

Сузана Димишковска,  медицинска сестра

Одговорна сестра во интернистички амбуланти

„Чест е да се биде дел од тимот на врвниот кардиоваскуларен хирург, најдобриот не само кај нас во регионот туку и многу пошироко. Станав дел од тимот на д-р Жан Митрев во 2004 година како медицинска сестра вработена во одделот за дијагностика , каде што сум и денес. Ги помнам почетоците на работата на овој оддел, тогаш имамвме само 2 амбуланти и кабинет за функционална дијагностика. Многу љубов, безрезервна пожртвуваност, континуирана едукација, и поддршка од нашиот ментор и пример за сите нас д-р Митрев. Сите овие услови во објект како што е оваа болница ни овозможува да работиме во медицински центар кој според медицинската опрема, функционалната организираност , дизајн и технологијае е еден од најмодерните во Европа.Областа на дејствувањето на медицинските сестри е голема, тргнувајчи од грижа за здравјето на секој еден кој доѓа во оваа институција, спречување на болеста, лекување и рехабилитација кои од нас како професионалци бараат континуирано усовршување и едукација, креативна комуникација, и унапредување на праксата.Се работи за голем спектар на работни обврски од административен дел околу прием на пациенти, работа во дијагностичкиот центар до единиците за полуинтензивна и интензивна нега, ангиографската сала ,За сите овие задолзенија треба да сте одличен индиовидуалец кој придонесува за доброто на тимот. За да се постигнат и реализираат сите овие работни задачи неопходна е добра интерперсонална комуникација , совесност, посветеност на работата, иницијатива и постојано давање на последиот атом од сопствените сили и знаења за доброто на пациентите.Само така и никако поинаку , може да се постигнат сакани резултати при извршување на оваа хумана професија. “

Сузана Костовска  општа медицинска сестра

Одговорна сестра во ангиографска лабораорија

„Иако понекогаш ги забораваме и не го вреднуваме нивниот труд, денеска е денот кога треба да кажеме „Благодарам“ за сите вакцини, инекции, совети, и сета безрезервна помош. 12 Мај интернационален ден на медицинските сестри и техничари. Овој ден се слави во чест на раѓањето на најпознатата медицинска сестра Флоренс Најтингел. За овој настан секоја година во Лондон, светилката од капелата на медицинските сестри се пренесува од сестра на сестра. Со тоа се симболизира пренесувањето на знаењето од една на друга сестра. Како медицинска сестра работам веќе 27 години, и без двоумење повторно би ја одбрала истата професија, бидејќи е една од најхуманите. Да се биде медицинска сестра, значи да се вложи многу љубов во работата, да се истрае да се влее надеж, да се сподели насмевка за добро утро. Во нашата болница постојано учиме и се надградуваме, вложуваме тимски во подигањето на квалитетот и промовирање на етичките стандарди на медицинските сестри. Сите ние медицински сестри имаме една и единствена цел, а тоа е зачувување на здравјето и животот, работејќи чесно и пожртвувано и во границите на одредени етички и професионални норми“

Ана Милчова спец.општа медицинска сестра

Одговорна сестра на хируршки отсек –дијагностички центар

„Да се биде медицинска сестра значи хуманост, храброст, пожртвуваност во битката да се одржи, сочува здравјето на поединецот кое всушност претставува состојба на целосна физичка, психичка и социјална благосостојба, а не само отсуство на болест. Сето ова укажува дека медицинската сестра како повик има голема и независна улога од другите дисциплини во составот на здравствената заштита. Поради потребата од давање на здавствена нега на пациентите, медицината бележи постојан прогрес и реформи за подобрување на условите за работата на медицинските сестри, како и за нивната едукација. Повикот медицинска сестра денес всушност бара да се превземе одговорност да се работи самостојно, а истовремено и тимски во соработка со другите професии во здравството. Полека се надминува мислењето дека медицинската сестра е само асистент-помошник на лекарот, бидејќи самиот развој и потребите на медицинската сестра сега се одвојуваат и како самостојна дисциплина независно од другите професии во склоп на здравствената заштита. За таа цел денес имаме високо образовани медицински сестри, магистри, а се надеваме дека во скоро време ќе ги имаме и првите сестри-доктори на науки. Тајната и успехот на работата на медицинските сестри е истата да ја работат со многу хуманост, љубов, грижа и континуирана едукација во тек на целиот работен процес. На голема среќа јас денес сум дел од тимот на Специјалната Болница по хируршки болести „Филип Втори“ која постојано се грижи за потребите на медицинските сестри во давањето на здравствена нега на пациентите по стандарди, протоколи и упатства како и за постојана едукација на целиот персонал преку посета на меѓународни конгреси, симпозиуми во земјава и странство. Чест ми е и големо задоволство што сум медицинска сестра која постојано тежнее да се усовршува и да ги совладува новите предизвици што ги носи секојдневието“.

Катерина Ристовска Јанев, виша медицинска сестра-инструментарка

Одговорна сестра инструментарка

“Ако ова е недела на сестринството,ако ова се денови на признанија, денови за благодарност,….еве ја мојата приказна,…. Мојот прв работен ден во болницата за кардиохирургија „Филип Втори“ беше 09.01.2004 година. Првата недела мојата едукација започна на одделот за интензивно лекување.Првите неколку месеци продолжив со учење на основите и правилата за стерилизација.До крајот на првата година започнав да ги совладувам вештините на инструментитањето.Од тогаш помина една декада,време кога кардиохирургија порасна во општа болница по хирургија,бројот на хируршките процедури и техники се зголемува секојдневно,јас секој ден учам нешто ново.Среќна сум што сум сведок на откритието за реконструкција на аортна валвула,првото поставување на ТЕП на колено од керамика,прва хируршка корекција на вродена срцева мана кај деца,…..Денес сакам да се заблагодарам на сите мои учители.Денес сум одговорна инструментарка за некардиохируршки гранки и среќна што сум дел од тимот на успешните.”

Според светските статистики медицинските сестри ја сочинуваат половината од вкупниот број на вработени во системот на здравствената заштита, а според податоците на СЗО тие пружаат 69% од услугите. Освен подготовката на пациентите за медицинскиот третман, тие им ја даваат препишаната терапија, ја следат нивната здравствена состојба. Секојдневно им помагаат на пациентите во одржување на нивната лична хигиена, ги хранат, пресоблекуваат, бодрат , разговараат со нив, тие се нивна постојана поткрепа и поддршка. Во нашиот здравствен систем 1 од 10 сестри имаат виша или висока стручна спрема, додека законскиот минимум во Европската Унијата изнесува 30 %. Меѓународниот ден на медицинските сестри се одбележува секоја година на 12 мај во знак на сеќавање на денот на раѓањето на болничарката Флоренс Најтингел (1820-1910). Таа ја предводела првата група на жени кои заминале на фронт во Турција, да се грижат за ранетите војници. Името на оваа англичанка се поврзува и со иницијативата за соодветно, професионално образование на медицинските сестри. Нејзината дамнешна идеја денеска е реалност.

„Филип Втори“ дел од Интернационалниот Конгрес за Тромбоза

Од 4 – 7 мај 2016 година во Истанбул Турција, се одржа 24-от Биенален Интернационален Конгрес за Тромбоза во организација на Европската и Медитеранската Лига за Борба против Тромбозата, на кој зема учество д-р Елена Амбаркова Виларова трансфузиолог и флеболог од Специјалната болница по хируршки болести “Филип Втори”.

Научниот дел од конгресот опфати различни полиња од клинички и лабораториски аспекти на венската и артериска тромбоза и проблеми поврзани со овие заболувања. На конгресот се одржаа “evidence based” хематолошки сесии и сателитски симпозиуми кои ги опфатија последните достигнувања во дијагностиката и терапијата на тромботичните заболувања. Едукативниот дел од конгресот беше насочен и балансиран помеѓу базичните и клиничките проблеми асоцирани со овие заболувања, кои во светски рамки, во однос на морбидитетот и морталитетот, се меѓу најчестите болести.