Женска инконтиненција , проблем кој не смеете да го оставите нерешен

Инконтиненцијата е проблем кој влијае на животот на многу жени. Ако мислевте дека тоа им се случува на другите, или само на постарите дами , можеби е време  да размислите уште еднаш.  Ако мислевете дека ретко се случува,  дека малку особи се погодени со неа повторно не сте во право. Но имате право… многу малку жени зборуваат за тој проблем и мал број од нив бараат решение за истиот. Никој не е подготвен да се изложи пред  јавноста, пред другите да признае дека има инконтиненција.Но повторно е време да размислите уште еднаш!
Испуштате неколку капки урина додека миете садови или додека слушате жуборење на вода? Или можеби кога кашлате, се смеете, кивате, дигате товар, спортувате , или можеби додека водите љубов? Доколку се препозанавате во горе наведениот опис. Вие страдате од некоја од двата типа на женска инконтиненција.
Ургентна инконтиненција се карактеризира со итност , нагла и несовладлив нагон за мокрење, често мокрење, станување навечер неколку пати за мокрење. Вообичаено луѓето откако ќе добијат нагон  за мокрење, можат да го одложат мокрењето за некое време, што кај жените со ургентна инконтиненција тоа време е доста кратко, па често може да да дојде до испуштање на уирина пред да стигнат до тоалет. И со цел да го превенираат ова пациентките често мократ понекогаш и на секој час.
Стрес инконтиненцијае најчест облик на женската инконтиненција, со кој скоро секоја жена се среќава  во различни околности и со различен интензитет. Стрес инконтиненцијата;истекување на неколку капки урина при смеење, кашлање, подигање товар, физичка активност, па дури и при сексуален однос, односно во сите случаи на покачување на интрабдоминалниот притисок.
Во нашата средина жените живеат со инконтиненцијата без да побараат стручна помош, бидејки се плашат или им е непријатно за тој проблем да разговараат со својот доктор, или пак живеат со верувањето дека подмочувањето е нормална појава со стареењето. Скоро две третини од жените се чуствуваат непријатно, анксиозно, едн третина признаваат дека тоа им влијае на врската со партнерот и сксуалниот живот. Стравот дека незгодата ке се случи во било кое време и на било кое место е главна причина за социјална изолација, односно во голема мера е нарушен квалитетот на животот.
И она што сите жени требаат да го знаат – ИНКОНТИНЕНЦИЈАТА МОЖЕ ДА СЕ ИЗЛЕЧИ или контролира, посебно кога со лечење се почнува доволно рано со појава на првите симптоми. Само оние кои ке го направат првиот чекор и ќе побараат помош, ќе го најдат решението за нивниот проблем. И колку повеќе жени ќе побараат решение за овој свој проблем толку полесно ќе го промениме сопствениот став  и ќе придонесеме за квалитетот на животот.
И конечно да го скршиме последното табу за женската инконтиненција.
Пишува Проф. д-р Васил Илиев Спец. гинеколог акушер, супспецијалист урогинеколог

Едноставни совети кои значително ќе го подобрат здравјето на вашето срце.

Многу луѓе велат дека иако сакаат да внимаваат на здравјето на своето срце сепак не се доволно мотивирани да вежбаат редовно или да направат некакви промени во исхраната. За среќа, понекогаш и малите промени може да дадат големи резултати.

Еве неколку едноставни совети кои значително ќе го подобрат здравјето на вашето срце.

Со самиот факт што се заинтересиравте да го прочитате овој краток течст веќе правите мало чекорче напред за вашето срце. Ако се потрудите да ги исполните следниве едноставни совети, многу е веројатно дека вашето срце ќе ви возврати со подобро здравје.

Еден од најважните чекори за срцето е да вклучите еден час вежбање во текот на неделата. Да, само еден час активно вебање ќе направи значително подобрување. Секако, колку повеќе вежбате толку подобро ќе биде како за срцето така и за целиот организам. Затоа, размислете озбилно. Само еден час неделно – не е многу, нели, а придобивките се големи.

Стручњаците разработиле едноставен план со кој потврдиле дека значително се подобрува здравјето на кардиоваскуларниот систем, а со тоа и на целиот организам. Еве што препорачуваат тие:

Јадете 5 – Јадете пет порции овошје и зеленчук дневно за да го енергизирате срцето. Започнете со појадок и вклучете една порција овошје или зеленчук. Помеѓу оброците повторно каснете некое овошје или зеленчук. Стекнете навика во оброците да имате и по некое овошје или зеленчук. Не бидете преокупирани со храната која не треба да ја јадете. Потрудете се во текот на денот да имате најмалку пет порции овошје или зеленчук.
Движете се 10 – Додадете 10 минути дополнителна умерена физичка активност на она што го правите во текот на денот. Иако препоралите се тоа да бидат 30 минути, сепак и 10 минути веќе прават разлика. На пример, неделно вежбање од 60 до 90 минути го намалува ризикот од срцева болест за половина. Овој влог во вашето здравје ќе ви се исплати, не се двоумете. Затоа, шетајте, користете ги скалите и вежбајте било каква физичка активност – ДВИЖЕТЕ СЕ. Многу од луѓето откако ќе започнат со редовно вежбање, со текот на времето го интензивираат вежбањето што е знак дека нивната кондиција почнала да се подобрува.

Спијте 8 – Квалитетниот сон е добар за здравјето на срцето. Многу луќе (особено младите) посветуваат малку внимание на спиењето иако тоа е мошне важно. Пробајте во наредните две недели да спиете добро и квалитетно по осум часа. Вистина е дека потребите за сон кај луѓето се различни, но осум часа е добра бројка за ориентирање.

Лекарите предлагаат овие три правила да пробате да ги практикувате барем две недели – сите заедно, секако – пред да почнете со некој подетален план за подобрување на срцевото здравје. Се разбира дека може да останете и на овие три препораки. Суштината е да почнете да правите промени во интерес на вашето здравје и да се придржувате до нив – тие да станат дел од вашиот начин на живот.

Регионална интравенска анестезија(RIVA) како метод на избор кај еднодневна хирургија(fast track surgery)

Во склоп со најновите тенденции за намалување на болнишкиот престој на пацинетите се прибегнува кон користење на регионални техники за анестезија.

Што претставува RIVA? Регионалната интравенска анестезија претставува аплицирање на локален анестетик со пониска концетрација во венскиот систем. Овој тип на анестезија е индициран за секоја процедура на раката под лактот или на ногата под коленото која ќе биде завршена во рок од 40-60 минути. Почетокот на анестезија е брз и може да се добие задоволителна мускулна релаксација. Единствена опрема потребна за да се изврши оваа постапка е манжетна(tourniquet)и интравенска канила поставена во дисталната вена од екстремитетот на кој што треба да се изврши процедурата. Лек на избор за RIVA е prilocaine или lignocain.

Пред почетокот на процедурата крвниот притисок на пациентот треба да се измери. Интравенската канила потоа се пласира во дисталната вена од ногата или раката(на пример, во дорзалниот дел на раката или ногата). Потоа се поставува манжетната на надлактицата или бутот. Подобар ефективен блок се постигнува ако екстремитетите се обезкрват пред манжетната да се надува. Ова се изведува така што екстремитетот се обвиткува со Esmarch гумени завои, за да се обезкрви и потоа се надувува манжетната. Меѓутоа, ако оваа постапка е премногу болна за пациентот, прифатливо е едноставно да се подигне раката или ногата за 20-30 секунди, и истовремено да се врши благ притисок на брахијалната или феморалната артерија. Ова ќе овозможи венската крв да се исцеди од екстремитетите, додека притисокот на феморалната или брахијалната артерија спречува понатамошно полнење со артериска крв. Манжетната се напумпува до 50mm/Hg или повеќе над систолниот притисок од пациентот. Локалниот анестетик потоа полека инјектира во канилата и на пациентот му се кажува дека на ногата или раката може чувствува топлина. Аналгезијата настапува во рок од 3-4 минути и тогаш може да се почне со интервенцијата. Ако операцијата е долготрајна, пациентот може да се пожали на болка поради притисокот од манжетната. Оваа болка може да се намали со инфилтрација поткожно од неколку милилитри на локален анестетик над манжетната или со употреба на “двојна tourniquet техника.” Ако се користи методот на двојна манжетна, прво се дува проксималната манжетна(горната) и се аплицира локалниот анестетик. Ако пациентот почнува да чувствува нелагодност или болка, се дува дисталната манжетна(долната) додека проксималната се отпушта. На крајот од постапката, манжетната се отпушта и нормално чувство се враќа во рок од 2-3 минути. Се смета дека ако манжетната бавно се отпушта стапката на одмивање на локалниот анестетик од екстремитетот е намалено, а оттука и појавата на несакани ефекти е намалена. Интравенската регионална анестезија е исклучително безбедна и многу ретко се јавуваат проблеми. Најважните компликации се должат на токсичноста на локалните анестетици и се случуваат ако манжетната одеднаш се издува веднаш по апликацијата на локалниот анестетик. Забележани се вртоглавица и тинитус, грчење на мускулите. RIVA е едноставна техника која лесно се учи и изведува. Многу е безбедна ако се даваат соодветни дози на локалниот анестетик, ако притисокот во манжетната е внимателно следен. ен.

Крипторхизам

Што е крипторхизам?
Тестис кој што не се спуштил во својата ложа во скроталната кеса се вика неспуштен тестис. Најчесто е едностран, а може да бидат зафатени и двата тестиса билатерално.
Причини
Точната причина за оваа појава не е доволно разјаснети. Комбинација на генетските фактори, мајчиното здравје за време на бременост како и факторите на околината се главни причини кои доведуваат до промена на хормоналните нивоа, физичките промени како и проемни на нервните структури. Сите овие фактори заедно се одговорни за спуштање на тестисот.
Симптоми
Скроталната кеса е празна. На палпација, на допир, не се палпира тестисот.
Лечење
Цел на лечењето е тестисот да се постави во неговата ложа во скроталната кеса.
-Оперативно – орхипексија
-Хормонски со хорионски гонадотропин.
Како се поставува дијагноза
-Клинички, објективен наод на празна скротална кеса
-Кариотип и хормонски статус ско кој ќе се исклучи можноста од анорхија ( комплетно отсуство на тестис)
-Ултразвучен преглед
Пишува д-р Горан Јовиќ -уролог

Алергија , вирусен или бактериски напад ?

Течење на нос, односно секреција на содржина од носната лигавица, како и затнатост ни се случува по неколку пати во годината, кај некои поретко, а кај некои почесто.
Не е “којзнае што” но знае да ни го поремети животниот тек и да не прави потешко функционални и не многу ретко да се искомплицира: да се спушти секретот во белите дробови, да отиде во средно уво, или да ги нападне синусите.
Бистар или густ секрет, не е важно, но треба да се знае што го предизвикува. Докторот треба да ја утврди точната дијагноза и мора да донесе одлука за преземање на мерки. Дали во позадината на оваа состојба стои вирус, бактерија, алергија (алергија и на вирус како туѓо тело)?
Мора да се почне од наједноставното и најблагодарното. Треба да се земе брис од назофаринкс (длабоко во носен канал), а некогаш и од вестибулум на нос (надворешен отвор на нос). Доколку се изолира бактерија, сепак треба да се направи проценка, според податоци од пациентот, дали е накалемена на вирусна подлога или алергија (на бактериите им погодува влажна и оштетена површина). Дали има клиничка индикација за инфекција, или се работи за контаминација, а многу често и колонизација? Дали да се чека и колку време? Тоа се неколку клучни прашања на кои треба да се одговори, а од тие одговори ќе произлезе третманот. Ќе биде потребно да се следи и контролира состојбата. Ако се јави некоја сериозна дијагноза, да се почне со терапија, па по издавање на наодот од микробиологија да се корегира. Секогаш е дозволено тоа, а многу е поисправно и почесно кон пациентот и кон лекарската етика.
Децата во предучилишни установи многу често се колонизирани со 2 бактерии: Streptococcus pneumoniae и Moraxella catarrhalis.Првата претставува една од најмутираните и најотпорни бактерии кон антибиотици, а втората нешто помалку. Нивното активирање е директно поврзано со респираторни вирози кои кај деца на оваа возраст и во затворени колективи се јавуваат и по 10 пати во годината. Со добра поставеност кон овој проблем и растењето на свеста ќе се пребродат овие кризни периоди во растот на децата. Општеството треба да ги подржи сите акции за унапредување на свеста, едукацијата и развојот.
Пишува д-р Снежана Туфекчиевска-Ѓуроска микробиолог

Проширени ( варикозни) вени

За варикозна проширена вена зборуваме кога вената е зголемена и има јазлести проширувања. Секоја вена моше да биде варикозна, но најчесто се зафатени површинските вени на нозете во кои притисокот е висок кога човекот стои. Варикозните вени се поголеми од т.н пајаковидни вени (телеангиектазии) и вообичаено имаат дијаметар поголем од 3 мм.
Проширените вени почесто се јавуваат кај жените и се поврзани со наследност во фамилијата. Други поврзувачки фактори се : бременост, прекумерна телесна тежина, пролонгирано стоење, стареење, менопауза, повреда на ногата или некој процес на кој ја отежнува циркулацијата во абдоминалната празнина. Поретко вените се прошируваат како резултат на тромб во длабоката вена и венски или артериовенски дефекти. Вообичаено проширените вени не предизвикуваат болка. По боја се темновиолетови или сини, испакнати и се протегаат по ногата како јаже. Кога ке се појават симптоми тие вклучуваат: болка и чувство на тежина во ногата , топлина, пулсирање, мускулни грчеви и отоци на нозете. Болката и отоците се појавуваат после подолго седење или стоење. Можно е да се јави и црвенило, сушење и јадеж на кожата околу вените не нозете, потоа појава на кафено пребојување на вените , како и појава на пајаковидни вени. Мали повреди во близина на проширената вена крварат повеќе од вообичаеното и тешко заздравуваат особено кај повозрасни луѓе.
Посериозни компликации на варикозните вени се појава на кожни рани ( венски улцери) вообичаено блиску до зглобот кои миногу течко заздравуваат, како и појава на згрутчување на крвта и воспаление на зафатената вена (суперфицијален тромбофлебит)

Тромбофлебитот вообичаено се локализира на површинската вена но можно е да се прошири и на длабоката вена и да стане сериозен клинички проблем. Дијагнозата на проширените вени се поставува со физикален преглед, кој е потполно безболен со цел да се види функционалната способност на венските клапи како и евентуално постоење на тромботична маса во зафатената вена.
Терапијата вклучува , хигиенско-дијететски режим, што значи редовно вежбање, избегнување на тесна облека, подигнување на нозете, избегнување на долго стоење или седење. Друг битен елемент во кој пациентот моше сам да си помогне се компресивните чорапи. Тие се носат цел ден и стегајќи ги нозете им помагаат на вените и на мускулите поефикасно да ја испумпаат крвта. Против воспалителните лекови како што е аспиринот може да се земат во случај на површен тромбофлебит во комбинација со компресивни чорапи и локален третман. Кај потежок облик на површен тромбофлебит треба да се земе во предвид и употребата на орална антикоагулантна терапија (acenokumarol, warfarin)
Ако пацинетот не реагира добро на хигиено-диететскиот режим или ако состојбата се влошува . потребна е консултација со лекар за евентуална примена на една од следните терапевтски методи:склеротерапија, ласер терапија, едно венска аблација или vein stripping ( хируршка процедура која опфаќа отстранување на долга вена преку мали засеци на ногата.

Пишува: Д-р Елена Амбаркова-Виларова -трансфузиолог

Туморски маркери

Туморските маркери претставуваат супстанции кои ги произведуваат клетките на карциномот односно организмот ги создава како одговор на присуство на малиген процес. Мерењето на туморските маркери е помошна дијагноза во дијагностицирањето на карциномот како и неговото лекување.
Истите не се препорачуваат како примарен дијагностички параметар на малигната болест (истата мора да се дефинира со хистолошка анализа на клетките на туморската маса),а зголемени туморски маркери при позитивен патолошки наод само ја потврдуваат истата дијагноза.
Мерењето на нивото на туморските маркери како единствена дијагностичка анализа не е доволен доказ за дијагноза на карциномот поради следните причини:
-Туморските маркери може да бидат зголемени и кај лица со одредени бенигни состојби;
-Истите не се зголемени кај секое лице кое боледува од карцином, посебно во раните стадиуми;
-Многу туморски маркери не се специфични за еден посебен облик на карцином.
Затоа нивото на концентрацијата на туморскиот маркер помага во процена на големината на туморот, стадиумот на болеста, нејзиниот тек пред и после хирушки зафат како и успешноста и мониторирањето на хемотерапијата. Затоа е пожелно истите да се одредуваат пред почетокот, за време и после третманот со хемотерапија.
Намалување на нивото на туморските маркери на нормална граница обично е показател на добар одговор на терапијата а негово зголемување најчесто укажува на пораст на туморот.
ПОЕДИНЕЧНИ ВИДОВИ НА ТУМОРСКИ МАРКЕРИ
1.CEA (Карциноембрионален антиген)
Тоа е еден од првите туморски маркери кои се користеле во клиничката пракса.Спаѓа во групата на онкофетални антигени кои нормално се излачуваат во ембрионалниот и феталниот развој и истите туморската маса може да ги излачува во огромни концентрации.
Зголемени вредности на CEA може да се забележат кај разни типови карцином како меланом, лимфом, панкреа, желудник, хепар, дебело црево…посебно кога се работи за метастатски процес. Многу е корисен за контрола на текот на болеста. Имено обично 1-2 месеца после хирушкиот зафат неговите вредности се нормализираат.Затоа е пожелно да се проверува секој месец после оперативниот зафат зашто негово повторно покачување укажува на враќање на болеста.
2.AFP (Алфа-фето протеин)
Тоа е протеин кој нормално се наоѓа во феталната крв за да веднаш после раѓањето неговата вредност се нормализира и скоро е во немерливи граници.
Важен параметар е за дијагноза на хепатоцелуларниот карцином и еден од најсигурните показатели за овој вид карцином. Исто така AFP е зголемен и кај тумори на тестиси и јајници и при овие состојби истиот се зголемува рапидно и над 500 ng/ml.
3.CA 125
Тоа е антиген кој најчесто е специфичен и се користи за следење на лекувањето на карцином на јајници односно се следи терапискиот успех после завршување на лекувањето. Неговото зголемување кај жените со карцином на јајници често го следи клиничкиот тек на болеста.
4.CA 19-9
Тоа се моноклонални антитела кои во зголемена концентрација се забележуваат најчесто кај карцином на дебело црево, панкреас, желудник, односно негово зголемување се поврзува со карцином на некој внатрешен орган.
5.CA 15-3
Мерењето на овој маркер е најкорисно за следење на текот на лекувањето кај жени со карцином на дојка. Ретко е покачен во раните стадиуми на болеста, но ако станува збор за напредната фаза на болеста неговите вредности рапидно се зголемуваат.
6.PSA (простатично специфичен антиген)
Тоа е гликопротеин кој во нормална концентрација е присутен во крвта на сите возрасни мажи.Го произведуваат единствено нормалните и абнормалните клетки на простатата и ниту еден друг орган, што значи има ткивна специфичност.
Зголемени вредности на PSA може да се забележат во крвта на мажи со малигни заболувања на простата како и кај воспалителни процеси на истата (простатитис) и бенигна хиперплазија на простата. Мерењето на концентрацијата на PSA е корисно за следење на успехот на терапијата во лекувањето на карцином на простата како и контрола на враќањето на болеста после примената терапија.
Пишува: Дипл.инж.по биохемија Александра Црвенпанова