Измешани емоции, прегратки и желби за уште многу години заеднички живот ја карактеризираа средбата на Верка Балоска, пациентката со успешна автотрансплантација на срце, со нејзиното семејство. На 16 октомври, во попладневните часови тие беа дојдени од Струга и нетрпеливо чекаа да ја видат, да се осигурат во нејзината здравствена состојба и да ја вратат дома. Во меѓувреме, во соба 124 во одделението за полуинтензивна нега медицинскиот тим ги правеше последните прегледи кај Верка, пациентката кај која пред две недели, д-р Жан Митрев ја направи 4-та автотрансплантација на срце во болницата ЖАН МИТРЕВ. Откако, уште еднаш се утврди дека таа е во стабилна состојба и по дадените насоки за домашно лекување и план за контролни прегледи, Верка се подготвуваше за дома. Насмевката на нејзиното лице по појавата на внуката Лиле нѝ ја потврди љубовта и поврзаноста на Верка кон неа, за што нѝ раскажуваше претходните денови.
„Емоциите ме совладаа и имам недостаток на зборови за да ја искажам благодарноста кон д-р Жан Митрев и целиот тим кој ја врати мојата тетка во живот. Неизмерно сме благодарни што д-р Митрев успешно ја изврши оваа ретка, специфична интервенција. Како медицинско лице знам каква беше состојбата на тетка ми, а како е сега. Ова што го прави д-р Митрев е реткост за наши простори и тоа особено го почитуваме“, со трепет во гласот се заблагодаруваше внуката Лиле. Среќата дека е повторно со своето семејство беше поголема кога Верка ги виде и останатите од нејзиното семејство кои ја чекаа во фоајето на првиот кат од болницата.“ Да си ни жива и здрава. Уште многу години да си живееме“, низ солзи се поздравија со Верка и останатите од пошироката фамилија. „Ќе се грижиме за неа и ќе го негуваме продолжениот живот на нашата Верка. Вие го направивте најголемиот и најтежок дел, останатото е наша одговорност“, ни рекоа на заминување од болницата. Посакуваме Верка да ја продолжи традицијата на одржување на врската со целата фамилија. Таа пак, до д-р Митрев и неговиот тим остави аманет да продолжат со мисијата за спасување и продолжување на животи како највредното богатство за еден човек, фамилија…