Брадикардија: симптоми и превенција

Брадикардијата е претставува бавна работа на срцето, под 60 отчукувања во минута и во повеќето случаи нема патолошки карактер. Почеста е кај возрасни лица и доколку е симптоматска можна е потреба од вградување на електростимулатор на срце (пејсмејкер). Постојат физиолошки исклучоци на брадикардија кои не бараат посебно внимание, а тие се пад на срцевата работа под 60/мин во тек на длабок сон или спора работа на срцето во мир која е типична за физички активни луѓе и атлети. За дефинирање на дијагнозата на брадикардијата и проценка на изрзаеноста најчесто кај пациентите се изведува најмалку 24ч електрокардиограмско мониторирање (24ч ЕКГ Холтер).

Кои се причините за појава на брадикардија?

Кога станува збор за патолошка брадикардија, најчеста причина е стареењето на срцето. Повеќето патолошки брадикардии кои бараат имплантација на пејсмејкер имаат тенденција да се појават кај постари лица, кај кои стареењето на срцето доведува до стареење на клетките за генерирање или спроведување на електрични импулси, тие дегенерираат и престануваат да ја вршат функцијата. Затоа, најважниот фактор на ризик е напредната возраст, но има и други ризик фактори како:

  • Проблеми со природниот пејсмејкер на срцето т.е. Синоатријалниот јазол
  • Проблеми со спроведувањето на импулсите од преткоморите кон коморите
  • Хипотироидизам
  • Срцев удар или исхемична болест на срцето
  • Воспаление на срцето (миокардитис)
  • Претходна операција на срцето
  • Вродени срцеви мани (кај деца)
  • Електролитни нарушувања во крвта
  • Некои лекови и токсини
  • Некои системски инфламаторни и ревматски болести

Како се манифестира брадикардија?

Брадикардијата е најчесто асимптоматска, но кога ќе се појават симптоми тие може да се манифестираат како:

Вртоглавица или синкопа (губење на свеста) – Бавната работа на срцето предизвикува намалена циркулацијата на крвта во мозокот, предизвикувајќи вртоглавица или губење на свеста, односно синкопа.
Нетолеранција на напор – Бавното испумпување на крвта од срцето не успева да одговори на зголемената побарувачка за крв од ткивата. Како последица на тоа ткивата не добиваат доволно кислород и се јавува замор, чувство на гушење, па дури и чувство на притисок во градите.

При постоење на брадиаритмија со атриовентрикуларен блок од повисок степен може да предизвика срцето да престане да чука привремено за неколку секунди, во повторувачка форма, и може да предизвика ненадејна смрт. Во овие случаи, неопходно е да се дејствува што е можно поскоро, и да се обезбеди стабилна и одржлива електрична активност на срцето. Може да има и други манифестации, како што се конфузија или губење на меморијата или отежнато дишење.

Кои се компликациите од брадикардија?

Како резултат на бавна работа на срцето е неадекватна циркулација на крвта во организмот може да се јави срцева слабост, чести синкопи со потенцијални трауми од пад, а во екстремни случаеви и да дојде до срцев застој и смрт.

Третман на брадикардијата зависи од изразеноста, симптомите и причините. Често брадикардијата може и да е резултат на употреба на лекови за намалување на срцевата фрефекција како бета блокатори и во тие случаеви доволно е да се намали дозата или да се исклучат од терапијата од страна на ординирачкиот лекар. Во одредени случаеви потребно е вградување на уред за стимулација на работат на срцето наречен електростимулатор на срце или пејсмејкер.

Во Клиничката болница Жан Митрев, која е специјализирана за дијагностика и третман на сите срцеви заболувања, ви стои на располагање догогодишен искусен тим на кардиолози, електрофизиолози и кардиохирурзи кои ви нудат решение за сите ваши проблеми со срцето.

Закашете го вашиот преглед на 02 3091 484

Кегел вежби за зајакнување на карличната мускулатура кај жените

Кегеловите вежби се наменети за зајакнување на карличната мускулатура, кои даваат потпора на вашата уретра, мочниот меур,матка и ректум. Со зајакнување на карличната мускулатура се намалува ризик од не задржување на урина, т.е од уринарна инконтиненција. Уринарниот стрес е проблемот кој влијае на дури 70% од жените во текот или после бременоста. Со помош на овие вежби може да се подобри циркулацијата во ректалниот и вагиналниот дел и да се спречат настанувања на хемороидите и да го забрзаат зараснувањето на раната по епизиотомија или кинењето во текот на породувањето. Истотака овие вежби го подобруваат и мускулниот тонус на вагината кој што е предуслов за поквалитетно сексуално уживање.

Како се изведуваат Кегелови вежби?

Вежбите се започнуваат со испразнетата бешика.Замислете дека сакате да сопрете гасови или проток на урината. При овие дејствија се активира карличната мускулатура за изведување на овие вежби. Во исто време треба да се затегнат карличните мускули и да се подигнаат нагоре. Потрудете се да вежбате само карличната мускулатура без да се придвижива или активира абдоминалната мускулатура, да не се затегаат мускулите на задникот и да не се задржува здивот. Со рака поставена на абдомен може да проверите дали стомачните мускули се движаат додека изведувате кегел вежби. Целта е тие да мируваат. На почеток ќе имате потешкотии за да ги изолирате само овие мускули од останатите и да ги контрахирате само нив, но со повеке пракса тоа се постигнува.
Започнете така што кај секое затегање на мускулите да задржите контракција за неколку секунди, по што треба да се релаксира мускулатура на неколку секунди. Како се зајакнуваат вашите карлични мускули, така ќе можете се подолго да ја задржувате мускулната контракцијата па дури и до 10 секунди со 10 секунди пауза.

Кегел вежбите може да бидат изведувани и со помош на специјално наменети помагала (тегчиња) со што може да се забрза процесот на зајакнување на мускулите од карличното дно .

Колку често се спроведуваат Кегеловите вежби?

Вежбите се спроведуваат неколку пати на ден. Со тек на време зголемувајте го бројот на контракциите во текот на денот, како и должината на нивното траење се до 10 секунди. Правете ги вежбите во серии од по 10 контракции и потрудете се во текот на денот да вежбате до три пати, со по 3 – 4 сета на вежби. Нема апсолутно никакви ограничувања за место и време за да применувате овие вежби- може да се спроведувват било каде и било кога – се додека се спроведуваат правилно. Бидете трпеливи, потребно е 3 – 6 недели за да приметите зголемување на тонусот, а тоа најпрвин ќе го почувствуваат жени кои имале проблем со слаба контрола на мочниот меур.

Овие вежби можат да бидат спроведувани и за време на бременоста и после

Најдобрите резултати во третманот на мускулатура на карличното дно во пост-породилниот период се добиваат во комбинација на третмани со функционална магнетна стимулација и кегеловите вежби со тегчиња.

Инциденталом на надбубрежна жлезда

Надбубрежната жлезда е парен ендокрин орган, сместена во ретроперитонеалниот простор, на горните полови на обата бубрега. Нејзината морфологија се состои од кора и срцевина и секој од овие компартмани лачи одреден тип на хормони (кортизол, алдостерон, адреналин итн).
Од промените кои може да настанат во надбубрежната жлезда се вбројува и инциденталомот. Тоа е адренална маса која е случајно откриена, најчесто при некоја од радиографските техники (ехо, КТ или МР на абдомен), примарно наменети за друга состојба.
Првиот чекор во дијагнозата и понатамошниот тек на водење е детален ендокринолошки преглед, каде би се барале евентуално присутни прикриени или евидентни клинички знаци на зголемено лачење на хормоните од надбубрежната жлезда. Надбубрежните инциденталоми се хормонски активни само во 20% од случаите. Кај нефункционалните, може да се појави губиток на телесна тежина и појава на тапа абдоминална болка.
Следниот чекор е лабораториско утврдување дали постои хормонска функционалност на промената. За тоа е потребно да се одредат хормоните од надбубрежната жлезда во крв и урина и да се направат соодветни тестови кои би укажале и на евентуалниот терапевтски пристап и водење во иднина. Сите пациенти со случајно откриени промени, треба да се испитаат за постоење на феохромоцитом.
Третиот чекор е утврдување на радиографските карактеристики на промената. Нејзината големина (< 4cm или > 4cm) и изгледот (хомогеност или хетерогеност, правилни или неправилни рабови, присутни калцификации) се најдобрите индикатори за можна малигност.
Откако ќе се дефинира природата на промената следно е терапевтскиот пристап. Доколку се утврди дека адреналниот инциденталом е функционално активен, тој треба хируршки да се отстрани. Неактивните инциденталоми воглавном се следат на 6 месеци.
Тимот од специјалисти во Клиниката Жан Митрев Ви стојат на располагање за сите подетални информации и услуги.

Kарциноми на тироидна жлезда

Тироидната жлезда е мал орган – дел од ендокриниот систем. Таа е сместена во предната долна третина на вратот и има облик на пеперутка. Составена е од два лобуса: лев и десен споени со мал ткивен мост наречен истмус.

Тиродната жлезда ја сочинуваат два типа на клетки и тоа:

  • Фоликуларни клетки-кои го користат јодот за создавање на тироидните хормони
  • Ц клетки-кои го создаваат калцитонинот (хормон кој учествува во регулација на нивото на калциумот во крвта).

Во тироидната жлезда се наоѓаат и лимфоцити и клетки на сврзното ткиво.
Разликувањето на овие клетки едни од други е многу важно бидејќи служат за диференцирање на типот на карциномот т.е неговото потекло и одлуката за неговиот понатамошен третман.
Најголем дел од туморите во тироидната жлезда се од бенигна природа, но помал дел од детектираните промени може да бидат и малигни (канцерогени).

Бенигни промени на тироидната жлезда

Зголемена тироидна жлезда често може да биде од бенигна природа како на пример струмата.
Тироидните јазли кои често ги среќаваме како единечни фокални дефекти (аденоми), во тироидната жлезда во најголем број од случаите се од бенигна природа. Кај луѓето може да се појават јазли во било која возраст, но се најчасти кај повозрасната популација. Некои од нив може да се детектираат при преглед од доктор визуелно или со палпација. Но, помалите јазли најчесто се детектираат со ултрасонографски преглед.

Типови на тироиден карцином

Во тироидната жлезда најчесто се среќаваат следните типови на карциноми:
Диференциран тироиден карцином. Тој може да биде: папиларен, фоликуларен и Hürthle cell карцинома. Тие се процентуално најбројни и потекнуваат од фоликуларните клетки;

  • Медуларен тироиден карцином
  • Анапластичен – недиференциран карцином
  • Папиларен карцином

Дури 8 од 10 тироидни карциноми припаѓаат на оваа група.
Овие карциноми се развиваат многу споро и вообичаено се локализирани само во еден тироиден лобус. Можат да дадат метастази во локалните лимфни жлезди на вратот, но во принцип се лекуваат со успех.

Постојат повеќе подвидови на папиларен карцином. Од нив мешаниот таканаречен папиларо-фоликуларен карцином е најчест и е со добра прогноза за излекување, ако се открие на време.
Фоликуларниот карцином е втор по честота карцином на тироидната жлезда.
Најчесто се јавува во земји каде нема доволно јод во исхраната. Овој карцином не дава метастази во локалните лимфни јазли туку во други делови од телото како што се белите дробови и коските. Прогнозата кај овој карцином не е толку добра како кај папиларниот карцином, но сепак има подобра погноза во однос на другите тироидни карциноми.

Hürthle cell карцинома Околу 3% од сите карциноми на тироидната жлезда припаѓаат на овој тип карцином. Истиот тешко се открива, а е и потежок за третман.
Медуларен тироиден карцином – На овој тип на карцином припаѓаат 4% од сите карциноми на тироидната жлезда.

Се развива од Ц клетките на тироидната жлезда кои ствараат калцитонин, хормон кој учествува во регулацијата на калциумот во крвта.
Овој карцином често дава метастази во локалните лимфни јазли, бели дробови, црн дроб уште пред да биде откриен и хистолошки верифициран.

Постојат два вида на медуларен тироиден карцином

  • Спорадичен кој е почест и нема фамилијарна предиспозиција.Се јавува еднострано во тироидната жлезда кај повозрасни единки.
  • Фамилијарен медуларен карцином кој се среќава во 20-25% во секоја генерација од семејството.Најчесто се јавува во детската возраст во обата лобуса.

Овој тип на карцином тешко се открива и нема толку добра прогноза.
Анапластичен (недиференциран) тироиден карцином – Овој вид на карцином е најредок. На него припаѓаат само 2% од сите видови карциноми на тироидната жлезда.
Некогаш постои голема веројатност дека се развил од папиларен или фоликуларен карцином. Овој карцином многу брзо се шири на вратот и другите делови на телото и има најлоша прогноза споредено со другите карциноми.
Останатите 4% од карциномите на тироидната жлезда се тироидни лимфоми, саркоми и други ретки тумори.

Знаци и симптоми на тироиден карцином

Карциномот на тироидната жлезда може да ги има следните знаци и симптоми:

  • Оток на вратот кој брзо се зголемува
  • Болка во вратот која често пати се шири кон ушите
  • Засипнат говор до афонија подолго време
  • Отежнато голтање
  • Отежнато дишење
  • Константна кашлица

Многу од овие симптоми се поврзани и со други заболувања. Затоа е потребна детална анализа и испитување за исклучување на постоење на тироиден карцином.
Рана дијагноза на тироиден карцином
Голем број од тироидните карциноми може да се откријат рано. Како резултат на раната детекција тие може успешно да се третираат.
Наголемени лимфни јазли на вратот може да се прв знак за постоење на тироиден карцином.
Рутински контроли кои вклучуваат и скрининг на тироидната жлезда може да помогнат при раното откривање на тироидниот карцином.
Ризик стратификација на групи пациенти кои биле изложени на радијациона терапија, позитивна анамнеза за постоење на карцином на тироидна жлезда во семејство или пациенти со мултипна ендокрина карциноза, Хашимото тироидит во одмината фаза, детектирани фокални дефекти во самото ткиво на тироидната жлезда кои се следат како суспектни подолго време.

Третман

Зависно од стадиумот во кој е откриен карциномот на тироидната жлезда, во негово третирање се вклучува тим од професионалци кои се занимаваат со таа патологија.
Првично се прави детална процека со ултразвук, цитолошка верификација преку тенкоиглена аспирациона биопсија, компјутерска томографија, крвни анализи со комплетен тироиден статус. Потоа во соработка со онколог се одредува стејџинг (стадиум) во кој се наоѓа самиот карцином.
Донесувањето на одлуката за третман е конзилијарна со цел да се избере најдобриот и најцелисходниот начин за пациентот.

Виртуелна колоноскопија наспроти класична колоноскопијa

Како да одлучите која е вистинскот избор за вас?

Колоноскопијата како метода служи за откривање на можни канцерогени промени на дебелото црево и ректумот.
Мажите и жените со просечен ризик за колоректален карцином треба да започнат со скрининг на 50 годишна возраст. Доколку се појават пак симптоми како: крварење во столицата, истото треба да се направи веднаш.

Многу луѓе избираат класична колоноскопија, која е златен стандард за скрининг и превенција на колоректален карцином. Но, постои уште една опција, а тоа е виртуелната колоноскопија.

Да ги споредиме двете со цел да ги откриеме добрите и лошите страни

Класична колоноскопија: се препорачува да биде направена на секои 10 години.
За време на класичната колоноскопија, лекарот користи флексибилна цевка преку која вметнува мала камера во дебелото црево преку ректумот. Со помош на камерата се проверува внатрешноста на целото дебело црево, се бараат полипи или други проблеми. Полипите се мали израстоци на ѕидот на дебелото црево. Ако не се лекуваат, тие можат да станат поголеми и да се развијат во рак со текот на времето.

Позитивни страни:

  • Отстранување на израстоците. Лекарот може да ги отстрани полипите за време на самата колоноскопија со цел дополнително испитување. Отстранувањето на полипите е најдобриот начин за спречување на колоректален карцином.
  • Минимална непријатност. Непријатноста е мала бидејќи лекарот може да даде лекови кои ќе помогнат да останете опуштени и да ви биде удобно за време на испитувањето.

Негативни страни:

  • Компликации – Не е вообичаено, но вметнувањето на камерата може да предизвика крварење и кинење на дебелото црево.

Виртуелна колоноскопија: се препорачува да биде направена на секои 5 години
Виртуелната колоноскопија е специјален рендгенски преглед на дебелото црево со помош на компјутеризирана томографија (КТ) со мала доза зрачење.
Тоа е помалку инвазивна процедура од конвенционалната колоноскопија.
Радиолог ги прегледува сликите од виртуелната колоноскопија за да бара полипи на внатрешната страна на дебелото црево кои понекогаш може да се претворат во рак на дебелото црево.
Постапката за виртуелна колоноскопија може да биде корисна за пациенти кои земаат лекови за разредување на крвта или кои можеби не се кандидати за конвенционална колоноскопија.
Виртуелната колоноскопија трае само 10 до 15 минути и не бара употреба на анестезија.

За време на виртуелна колоноскопија, вашиот лекар прави КТ скен на абдоменот и карлицата со цел да добие 3Д слики. Овие слики покажуваат полипи и други абнормалности во дебелото црево и ректумот.

Позитивни страни:

  • Помала инвазивност. Лекарот ќе вметне цевка во вашиот ректум и дебелото црево. Но, таа ќе биде пократка од онаа што се користи за класична колоноскопија.
  • Помалку компликации. Нема да треба да се грижите за крварење или кинење на дебелото црево.
  • Посеопфатно испитување. Лекарот има можност да ја види областа и надвор од дебелото црево. Ова овозможува да се забележат други проблеми во пределот на карлицата.

Негативни страни:

  • Можно повторување. Покрај направената виртуелна колоноскопија, можеби ќе биде потребно да се направи и класична. Доколку лекарот види полип или нешто друго невообичаено за време на вашата виртуелна колоноскопија, ќе треба да направите класична колоноскопија при која би се отстранил полипот или би се извршила биопсија.
  • Изложеност на зрачење. Виртуелната колоноскопија ве изложува на мала доза на зрачење. Дозата на зраќење е поголема од обичен рендген на граден кош, но многу помалку од обичен КТ скен.

Ниту еден тест не е совршен

Ако сте повеќе наклонети кон виртуелна колоноскопија поради избегнување на подготовката за чистење на дебелото црево, размислете повторно. И двата теста бараат чисто дебело црево. Тоа значи дека ќе треба да конзумирате бистри течности еден ден пред тестот и ќе мора да земате задолжително лаксатив.

Ниту едно скрининг испитување не е 100% точно. Вашиот доктор можеби нема да го најде секој полип за време на вашиот преглед. Ова особено се однесува за полипи кои потешко се забележуваат, како мали или рамни полипи. Но, сепак статистиката покажува дека двата прегледи се добри како опции за проверка и спречување на колоректален карцином. Трошоците и покриеноста од приватно осигурување за скрининг методите варираат. Пред да закажете било кое од нив, прашајте ја вашата осигурителна компанија дали трошокот е покриен.
Ако сте изложени на зголемен ризик за колоректален карцином, разговарајте со вашиот лекар за да видите кога треба да бидете прегледани. Без разлика што ќе одберете, не го одложувајте овој тест поради страв од непријатност. Виртуелната или класичната колоноскопија може да спаси живот доколку ги следите препораките од лекарот.

Закажете го вашиот преглед на 02 3091 484

Хируршки третман на митралната валвула – како се изведува во нашата клиника?

Во човечкото срце има 4 валвули кои обезбедуваат нормален проток на крвта низ него. Всушност биењето на срцето е звукот кој доаѓа од нивното отворање/затворање.

Која е функцијата на валвулите?

Валвулите сe сместени меѓу срцевите преткомори и комори, и меѓу срцевите комори и големите крвни садови. Тие овозможуваат навремен и непречен проток на крв низ срцето и кон големите крвни садови. Доколку постои заболување на некоја од овие валвули, тоа доведува до нарушување на нивната функција, односно нивно неправилно отворање/затворање кое може да предизвика враќање на крвта назад или отежнат проток на крвта како резултат на стеснување.
Заболувањата на валувулите може да бидат вродени или стекнати подоцна во животот како резултат на најразлични причинители.

Што претставува валвуларна хирургија и кога се применува?

Валвуларната хирургија претставува хируршка интервенција при која се прави замена или реконструкција на срцевите валвули. Се применува при тешки заболувања на срцевите валвули кои предизвикуваат стеснување на отворот на валвулата, пореметено затварање на кусписите-народски познати како срцеви клапи, или комбинирано.

Добро е да се знае дека освен хируршкиот третман постојат и други можности за решавање на валвуларни проблеми како на пример транскететерска митрална реконструкција или замена на валвулата со имплантација на нова. Но, она што треба да се истакне е дека хируршкиот третман сеуште претставува златен стандард во однос на третманот на проблемите со валвулите.

Хируршки третман на митралната валвула и како се изведува во нашата клиника?

Митралната валвула се наоѓа помеѓу левата преткомора и левата комора на срцето. Нејзината улога е да ја пропушта крвта во левата комора и да се затвара при испумпување на крвта во циркулација со цел крвта да не се враќа назад кон преткомората и белите дробови.
Причините за оперативен третман на митралната валвула се: тешка валвуларна стеноза, инсуфициенција или двете заедно. Етиологијата е различна. Најчести причини за болест на митралната валвула се:

  • ревматска болест – предизвикана од ревматска треска;
  • ендокардит – инфекција на кусписите на валвулата;
  • инфаркт на миокардот;
  • малигни или бенигни тумори, и
  • кардиомиопатии од различна етиологија.

Во нашата клиника овој тип на операција се изведува во општа анестезија. Во зависност од причината, односно патологијата на валвулата, операцијата може да биде изведена со замена на валвулата со биолошка или механичка протеза или реконструкција на самата валвула. Всушност она по што сме препознатливи како институција е фактот дека секогаш кога постои можност, се одбира да биде направена реконстукција на самата валвула. Иако овој метод е многу позахтевен и потежок за изведување, сепак предностите и придобивките за самиот пацинет се многу поголеми. Најголема придобивка е фактот дека кај пациентот нема страно тело, односно пациентот ја задржува својата валвула, со што се избегнува потребата од долготрајно или доживотно примање на дополнителна терапија со која се зголемува ризикот од мозочно крварење или мозочен удар.

Уште една предност е тоа што за време на целата операција миокардната протекција е на највисоко ниво. Тоа значи дека за цело времетраење на операцијата постои крвоток низ срцевиот мускул, што е клучно при нормализирање на срцевата работа по исклучување на срцето од циркулација за време на операцијата и при будењето од општа анестезија. Така пациентот се буди од општата анестезија само неколку часа по самата операција со компплетна аналгезија и без болки. Уште првиот или вториот постоперативен ден се започнува со мобилизација, а пациентот ја напушта болницата најчесто на 5 дена по направената операција, во добра општа состојба со можност за самостојно функционирање.

Комбинацијата од сите горенаведените елементи, односно мултидисциплинарниот пристап, професиналноста и сериозниот пристап во текот на целиот процес од почеток до крај ја ставаат нашата клиника на рамниште со сите светски познати центри кои ја третираат оваа патологија.
За тоа секако најзаслужни се тимот кардиохирурзи предводени од д-р Жан Митрев, но и сите лекари и медицински персонал кои учествуваат во активностите пред и постоперативно.


Уште еден спасен живот

Посветеноста, умешноста и искуството на тимот од ангиографија уште еднаш резултираше со успешно изведена имплантација на аортна валвула во срцето, позната уште како ТАВИ процедура. Тимот во состав: д-р Вилма Ампова-Соколов интервентен кардиолог, д-р Никола Христов кардиохирург, д-р Илија Нешковски интервентен кардиолог, д-р Даниел Униќ, д-р Драгица Везенкова-Вучкова анестезиолог, сестра Соња Русевска единствена сертифицирана сестра во државата за подготовка на аортни валвули, сестрите Сузана Костовска, Бети Игнатова и Весна Наумовска, инструментарките Сања Давидов и Тина Божиновска, медицинскиот техничар Стефан Јанески и РТГ технологот Михајло Маноилов повторно покажаа дека се на висина на задачата спасувајќи живот.

Есенска депресија – како да се справите со неа?

Есенска депресија и како да се справите со неа?

Доаѓањето на есента, тмурното време, раното стемнување и опаѓањето на температурите кај многу луѓе придонесува за појава на промени во расположението. Тие најчесто се поврзани со чувството на тага позната како есенска депресија.

Со пристигањето на есента долгите сончеви денови го отстапуваат местото на пократките, посиви денови. Со промената на годишните времиња, многу луѓе доживуваат промени во нивното расположение. Се чувствуваат поуморно од вообичаено, потажно, сакаат да поминуваат повеќе време сами и имаат поголем апетит. Дали оваа промена е нормалнаа и кога е потребна стручна, психијатриска помош? Д-р Марија Костадиновска, психијатар дава подетално појаснување,

Промените што ги создава есента во нашето тело

Покрај тоа што ова годишно време носи пејзажи со жолти и бакарни нијанси, посвежи температури и врнежливи денови, есента носи и промена во нашиот био ритам. Ова е резултат на намалување на часовите на природна светлина низ денот. Оваа промена, заедно со студот, предизвикува чувство на тага во нашето тело, познато како есенска депресија или сезонско афективно нарушување.
Со намалување на часовите на изложеност на сончева светлина, нашиот мозок произведува помалку серотонин, кој е невротрансмитер одговорен за регулирање на нашето расположение, однесувањето, навиките на исхраната или спиењето, меѓу другото. Доаѓањето на есента не влијае на сите нас со ист интензитет.

Најчестите симптоми се манифестираат:

  • Со недостаток на енергија и мотивација за извршување на секојдневните рутини
  • Чувство на непријатност
  • Чувство на безволност, тага или нерасположение во поголемиот дел од денот, речиси секој ден
  • Губење интерес за активности во кои некогаш сте уживале
  • Прекумерно спиење
  • Зголемена потреба за внес на јаглени хидрати, прејадување и зголемување на телесната тежина
  • Потешкотии со концентрирање
  • Чувство на безнадежност, безвредност или вина.

Нормално, есенската депресија започнува во есента и продолжува низ зимскиот период а симптомите постепено се повлекуваат со почеток на пролетта и појава на сончеви денови.
Меѓутоа, доколку оваа непријатност опстојува а симптомите се засилуваат (очајното расположение опстојува со денови и не можете да отпочнете со активности кои вообичаено ги уживате, режимот на спиење и апетит значително се променети, барате утеха и релаксација во алкохол или се чувствувате безнадежно или размислувате за самоубиство) неопходно е да се побара стручна помош од областа на менталното здравје, со доктор психијатар.

Активности кои помагаат да се справите со есенската депресија

Општо земено, есенската депресија е привремено нарушување со кое можеме да се бориме доколку спроведеме низа активности кои ќе ни помогнат да се справиме со оваа сезонска промена на попозитивен начин.

Направете ја вашата околина посончева и посветла
Отворете ги ролетните, исечете ги гранките на дрвјата што ја блокираат сончевата светлина или додавајте покривни прозорци во вашиот дом. Седнете поблиску до светлите прозорци додека сте дома или во канцеларија.

– Не останувајте дома, во затворено
Изложувајте се дополнително на природна светлина. Обидете се да одите на прошетки или да извршувате работи во часовите од денот со повеќе сончева светлина. Вежбајте и на отворено, ќе видите дека тоа го подобрува вашето расположение и енергија.

– Спијте доволно
Обидете се да отспиете доволно часови, онолку колку што ви се потребни за добро да одморите. Спијте редовно во текот на неделата. Нарушениот сон во оваа фаза на есенска депресија може да биде негативен за нашето расположение.

– Внимавајте на исхраната
Храната станува основен елемент за успешно соочување со оваа промена на годишните времиња. Обидете се да јадете здрави и избалансирани оброци. Вклучете во исхраната мешунки, житарки, месо и зеленчук кои обезбедуваат железо и го зајакнуваат организмот.
Јаткастите плодови се уште еден добар сојузник кој ќе помогне да ги зголемиме резервите на енергија. Наместо тоа, држете се настрана од производи од рафиниран шеќер и едноставни јаглени хидрати.
Исто така важно е да внесувате и соодветни витамини и минерали за надополнување на резервите. Ние ги препорачуваме микронутриентите од Ортомол Витал.

Интензивирајте го вашиот социјален живот, дружете се и опуштете се

Обидете се да испланирате собири со семејството и пријателите. Ова ќе ве спречи да се исклучите од општествениот живот и ќе ја намали вашата тенденција за самоизолирање. Практикувајте ги оние активности кои најмногу ви се допаѓаат, било тоа да е читање книга, слушање музика или сликање.

Доколку ги следите овие совети, ќе можете да им пркосите на овие симптоми на нерасположение и депресија кои се поврзани со есента. Соочете се на поинаков начин со оваа сезона, уживајте во неа и успешно надминете го овој период од годината.