Новороденечки период

Што ги интересира родителите?

Новороденчето е симбол на нов почеток – и физички, и емоционален. Тоа не е само „мало човече“, туку личност што веќе учи, чувствува и комуницира. Периодот на новороденчето е време на чудо, одговорност и љубов – време кое брзо минува, но засекогаш останува запаметено.

Првите 28 дена по раѓањето на бебето се познати како новороденечки период. Тоа е време на огромни и брзи промени, време кога секој здив, секое движење и секоја реакција на новороденото има свое значење.

Што претставува новороденечкиот период?

Овој период започнува со првиот плач – знак дека белите дробови започнале со работа. Во тие први мигови, организмот на бебето минува низ драматични промени: од мајчината поддршка, преминува на самостојно дишење, одржување на телесна температура, варење, излачување и адаптација на целокупниот метаболизам. Тоа е време на огромен физички и физиолошки напор, но и време кога се поставуваат темелите за понатамошниот раст и развој.

Новороденчето во првите денови

На прв поглед, новороденчето изгледа поспано и мирно, но неговиот организам не мирува. Еве што најчесто ги интересира родителите:

  • Телесна тежина: Во првите неколку дена се губат 5–10% од родилната тежина, се должи на губиток на течности, верникс, мекониум, адаптацијата на лактацијата, што е нормално. Потоа постепено се добива на тежина.
  • Кожа: Може да биде црвенкаста, да има бело-сивкаст слој (верникс) или ситни лупења – сето тоа е во рамки на нормалното.
  • Движења: Рефлексите се важен дел од прегледот – бебето има природни движења како цицање, Моро рефлекс, рефлекс на автоматски од, рефлекс на палмарно фаќање, плантарен рефлекс(Бабински)
  • Сон: Новороденчињата спијат околу 16–18 часа дневно, но во кратки интервали.
  • Плач: Тоа е единствениот начин на кој комуницира. Со тек на време, родителите учат да го препознаат – дали се работи за глад, непријатност или потреба за блискост.

Медицинска грижа и следење

Во текот на новороденечкиот период, бебето е под надзор на медицинскиот тим. Се прават:

  • Преглед веднаш по раѓањето, со кој се одредува виталноста на новороденото (Аpgar скор)
  • Скрининзи за наследни метаболички болести како хипотироидизам, цистична фиброза и фенилкетонурија
  • Скрининг на слух и срцеви аномалии
  • Редовна проверка на тежината, рефлексите, бојата на кожата и дишењето
  • Први вакцини што се примаат во родилиште се : Хепатит Б и БЦГ за туберкулоза (зависно од земјата)

Првиот преглед кај матичниот педијатар треба да се направи најдоцна 7 дена по напуштање на болницата.

Период на чувствителност – и за бебето и за родителите

Ова е најтешкиот период, период на адаптација на новороденото, но истовремено и на родителите кон него. Новороденчето не знае да зборува, но знае да чувствува. Го чувствува ритамот на срцето на мајката, мирисот на таткото, топлината на домот. Неговото тело, иако мало, има неверојатна способност за адаптација и преживување. Но истовремено, ова е и период кога е најранливо, најподложно на инфекции, затоа е важно:

  •  Да се одржува редовна и соодветна хигиена, температура на околината и соодветно облекување.
  •  Да се следи за било каква промена, жолтица, одбивање храна, летаргија или покачена температура.
  •  Да се овозможи безбедна средина – бебето да спие на грб, главчето свртено на страна која ќе се менува наизменично, на цврст душек, без перници и меки предмети.
  •  Да се почитува инстинктот – родителот е најдобар набљудувач и заштитник.

Заклучок:

Новороденчето е симбол на нов почеток – и физички, и емоционален. Тоа не е само „мало човече“, туку личност што веќе учи, чувствува и комуницира. Периодот на новороденчето е време на чудо, одговорност и љубов – време кое брзо минува, но засекогаш останува запаметено.

Д-р Маја Ангелеска – специјалист педијатар

Нова димензија во интервентната кардиологија

За прв пат во државата изведена сложена процедура за поставување на залисток на белодробната артерија, без отворање на градниот кош.

Тимот интервентни кардиолози во состав д-р Оливер Бушлетиќ, д-р Вилма Ампова-Соколов, д-р Даниел Униќ – кардиохирург, проктор за ТАВИ заедно со сестрите Сузана Костовска, Соња Русевска, Жанета Богоевска –Митева, Сања Давидов и Стефан Јанески, успешно изведоа транскатетерско вметнување на биолошка валвула кај многупати претходно оперирана и третирана 43 годишна пациентка со цел конечно решавање на нејзината вродена пулмонална стеноза.

Домашна нега по породување со Царски рез

Доколку се имате породено со Царски рез, треба однапред да бидете подготвени дека ќе ви биде потребна помош да се грижите за себе и за вашето новороденче. Разговарајте за ова со вашиот партнер, родителите или пријателите.

Што да очекувате по напуштањето на родилиштето?

• Крварење од вагината до 6 недели. Потоа полека бојата ќе бледее од црвена, па розова, а потоа ќе стане жолта или бела боја.
• Болката треба да се намали по 2 или 3 дена, но местото на резот ќе биде осетливо и болно најмалку 3 недели.
• Оток и болки во градите: првите 3-4 дена по породувањето, вашите гради создаваат нешто што се нарекува колострум, супстанца богата со хранливи материи што помагаат во зајакнувањето на имунолошкиот систем на вашето бебе. Потоа, вашите гради ќе набрекнат бидејќи се полнат со млеко. Можете да си ја ублажите осетливоста со доење или измолзување и ставање ладни облоги/крпи на вашите гради меѓу доењата. Ако не доите, носете цврст градник за поддршка.
• Првиот преглед кај вашиот гинеколог е за 4 до 6 недели, доколку нема компликации.
• Внес на течности најмалку 8 чаши (2 литри) вода дневно за да не добиете запек.

Нега на раната

• Секојдневно измијте ја раната со сапун и вода и исушете со чиста крпа. Не треба да ја чистите со дезинфициенси. Честопати, доволно е само да дозволите водата да тече преку вашата рана под туш. Чувајте го местото на раната чисто и суво.
• Не пливајте и не лежете во када полна со вода, додека вашиот гинеколог не ви каже дека е во ред. Во повеќето случаи, ова е дури 3 недели по операцијата.
• Ако си заминете дома со лепенка на раната, менувајте ја еднаш дневно, или порано доколку се извалка или влажни.

Физичка активност

Станувањето и шетањето во домашни услови ќе ви помогнат да заздравите побрзо и може да помогне да се спречи згрутчување на крвта. По 4 до 8 недели, би требало да можете да се вратите во нормала и да можете да ги правите повеќето од вашите редовни активности.

Внимавајте:

• Не кревајте ништо потешко од вашето бебе во првите 6 до 8 недели.
• Кратките прошетки се одличен начин за зголемување на силата и издржливоста. Лесните домашни работи се во ред. Полека зголемувајте го обемот на работа.
• Очекувајте бргу да се заморувате. Слушајте го вашето тело и не се форсирајте до точка на исцрпеност.
• Избегнувајте интензивно чистење на домот, џогирање, тешки вежби и сите активности кои ве тераат да дишете тешко или да ги напрегате вашите мускули. Не правете стомачни.

Исхрана

• Хранете се нормално. Ако вашиот стомак е вознемирен, пробајте лесна храна со малку маснотии како обичен ориз, варено пилешко, двопек и јогурт.
• Пијте многу течности (освен ако вашиот лекар не ви каже да не го правите тоа).
• Може да забележите дека функцијата на дебелото црево не е редовна веднаш по операцијата. Ова е вообичаено. Обидете се да избегнете запек и напрегање на дебелото црево. Обидете се со секојдневно внесување на растители влакна. Ако после неколку дена немате празнење, прашајте го вашиот лекар за земање благ лаксатив.

Друга грижа

• Обидете се да јадете количински помали оброци од вообичаените и земајте здрави ужинки меѓу нив. Јадете многу овошје и зеленчук. Сите хемороиди што ќе ги развиете треба полека да се намалуваат во големина. Некои може да исчезнат.

Методи кои може да помогнат во ублажување на симптомите вклучуваат:

  1. Топли бањи во када, при што нивото на водата не треба да го надминува резот од операцијата, односно раната треба да остане над нивото на водата.
  2. Ладни облоги над областа.
  3. Масти или супозитории на билна база.
  4. Лаксативи за спречување на запек.
    Доколку е потребно, прашајте го вашиот гинеколог за препораки.
    • Сексуални односи можат да започнат по 6 недели. Исто така, не заборавајте да разговарате со вашиот гинеколог за контрацепција по бременоста.

Вашето ментално здравје е важно

Некои родилки може да се чувствуваат раздрането, плачливо, изолирано, безвредно, исцрпено и да не можат да се справат со новонастаната ситуација. Може да имаат тешкотии со спиењето и да изгубат апетит.
Доколку овие чувства и симптоми траат повеќе од 2 недели, тие би можеле да бидат знаци на постпородилна депресија.
Доколку забележите некој од симптомите опишани погоре, разговарајте со вашиот лекар или патронажната сестра за вашата состојба.

Кога да се јавите на лекар

Контактирајте со вашиот гинеколог доколку имате:
*Вагинално крварење – многу обемно, трае повеќе од 4 недели и вклучува големи згрутчувања на крв (коагулуми)
*Оток или болки во подколениците
*Оперативната рана има црвенило, топлина, оток или истекување на гнојна содржина
*Телесна температура 37,8°C
*Силни болки во стомак
*Болни и црвени гради
*Непријатен мирис и исцедок од вагина
*Главоболка
*Чуствувате тага, анксиозност, не сакате да гледате луѓе, имате чувство дека си наштетувате себеси или на вашето бебе или имате проблеми со грижата за себе или за вашето бебе.

Одржана првата конференција на медицински сестри од Југоисточна Европа

Во организација на унијата на ЗМСТАС, предводена од здружението ,,За нас,, а под покровителство на нашата клиника, беше одржана првата интернационална конференција на медицински сестри која обедини над 200 учесници од Југоисточна Европа. Темата на оваа историска конференција беше – Патот на автономија на сестринството. Пред големиот број делегати и гости од регионот, се обратија организаторката и претседателот на Европската асоцијација на здруженија на медицинските сестри, а беа оджани и неколку панел дискусии. Доделени беа и почесни плакети на здравствени установи, тимови и поединци.

Учество на д-р Анџелка Илиева на Светскиот конгрес за меланом и Европска Академија по дермато-онкологија

Д-р Анџелка Илиева – дерматолог во нашата клиника, зема активно учество на овогодишниот единаестти Светски конгрес за меланом и истовремено и 21 Конгрес на Европската Акдемија по Дермато-онкологија кој се одржа во Атина. На овој настан таа преку постер презентација ги претстави резултатите од своето истражување на тема рана детекција на кожен карцином. Истото беше спроведено заедно со одделот за генетика и персонализирана медицина при Клиниката Жан Митрев, а поддржано од Европската Академија за Дермато-онкологија.
Покрај презентацијата, таа присуствуваше на предавањата од областа на дермоскопија и се зпозна со најновите протоколи за лекување и превенција на кожните карциноми меѓу кои меланомот.
Д-р Илиева како национален координатор и претставник на Меѓународното Здружение за Дерматоскопија секоја година е дел од интернационалната кампања за превенција на рак на кожа.

Ублажување на болка со ,,пациент контролирана аналгезија,,

Болката е сигнал дека нешто не е во ред со телото. По операција, нормално е да чувствувате болка, но со современите лекови, таа може ефикасно да се контролира со цел побрзо заздравување и закрепнување.

Начини на давање на лекови за болка:

  • По барање: Можете да побарате лек од медицинската сестра.
  • Во одредени интервали: Лекот се дава редовно за континуирана контрола на болката.
  • Пациент-контролирана аналгезија ПКА (PCA): Самостојно дозирање на лек преку интравенска пумпа.
  • Епидурална PCA (PCEA): Лекот се администрира во ‘рбетниот простор за континуирано олеснување на болката.

Како функционира ПКА (PCA)?

Лекар анестезиолог одредува дозирање, интервали и максимална количина на лекот за да се спречи предозирање. Лекот, најчесто опиоид, се администрира преку пумпа. Медицинскиот тим, го обучува пациентот како да ја користи пумпата и потоа ги следи ефектите.

Kaj кого да се примени?

Со правилна примена, ПКА (пациент контролираната аналгезија) може да се користи кај пациенти во болница за да им се олесни болката по операција, но и дома кај пациенти со континуирани, силни болки кои нема да престанат. Може да се користи за болни состојби како панкреатитис. Добро делува и кај луѓе кои не можат да земаат лекови преку уста. ПКА може да се користи и во домашни услови кај луѓе кои имаат умерена до силна болка предизвикана од карцином. Децата на возраст од 7 години можат да имаат корист ако ја разберат идејата и начинот на примена. Не се препорачува за луѓе кои се збунети, дезориентирани или не реагираат.

Предности на PCA:

  • Брзо и ефикасно ублажување на болката.
  • Намалена потреба за чекање медицински персонал.
  • Подобра контрола со помали дози.

Безбедносни мерки и ризици:

  • Често следење од медицинскиот персонал.
  • Можни несакани ефекти од опоидниот лек: алергиски реакции, гадење, низок крвен притисок, поспаност, запек, проблеми со мокрење и дишење.
  • Единствено пациентот треба да го притиска копчето за дозирање и само во случај кога е потребно обезболување.

За да се информирате подетално закажете консултација со анестезиолог. Нашиот тим ви стои на располагање.

Курс за најновата генерација ТАВИ валвули

Трдиционално и оваа година на крајот на март во Софија се одржа еднодневен курс за транскататерска замена на аортна валвула – ТАВИ процедура. Беа презентирани најновите достигнувања и искуства од оваа област преку неколку сесии предавања и презентации на два случаи во живо.
Од нашата клиника, на покана на Meril, учество на овој курс зедоа д-р Вилма Ампова Соколов, интервентен кардиолог како панелист, сестра Соња Русевска – лиценцирана сестра за кремпирање на аортна валвула – Meril која учествуваше во случај во живо од сала како и сестра Сузана Костовска – интервентна ангиографска сестра, главна сестра на дијагностичкиот центар и ангиографската сала при Клиниката Жан Митрев.
На овој курс беа споделени искуствата на предавачи од Европската стручна фела и беше презентирана најновата генерација на ТАВИ валвулата OctaPRO од Meril , а секако не изостана и дружбата.

Посета на млади фармацевти од ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ – Битола

На 03.04.2025г. е изведена еднодневна стручно-едукативна екскурзија со посета на Фармацевтскиот оддел при Клиника Жан Митрев – Скопје
Со оваа еднодневна екскурзија, учениците имаа можност за првпат да ја посетат и да се запознаат со една од најдобро функционалните болнички аптеки во нашата држава. Тие имаа уникатна можност да се запознаат со начинот на работа на болничката аптека, системот на нејзиното функционирање, кадарот кој управува со активностите во неа, како и со тоа што ја прави различна од другите болнички аптеки.
Учениците беа пречекани и едуцирани од страна на соодветен медицински кадар од болницата – медицинска сестра и фармацевтски техничар – кои одлично ја водеа дискусијата и го привлекоа нивното внимание.
Исто така, учениците беа запознаени и со козметичкиот оддел на болницата, кој располага со сопствена палета на производи, достапни во сите подобро снабдени аптеки низ државата.