Во Клиника Жан Митрев беше изведена успешна корекција на комплексна вродена срцева аномалија кај предвремено родено женско новороденче во 36 гестациска недела. Бебето, прво од близначка бременост, е родено во Приштина со родилна тежина од 2 килограми. Кај новороденчето беше дијагностицирана вродена комплексна кардиопатија, која ги вклучува тотално аномално пулмонално венско дренирање (TAPVR) и атријален септален дефект (ASD). Оваа комбинација на срцеви маани е исклучително ретка, преваленцата на TAPVR се движи од 0,6 до 1,2 на 10 000 живородени новороденчиња, а меѓу сите вродени срцеви маани само 0,7 до 1,5% припаѓаат на овој тип.
Свесни за итноста на состојбата, родителите ја донесоа малата Озе Абази во Клиника Жан Митрев, на возраст од две недели. По спроведени дополнителни дијагностички процедури и консултација со тимот за кардиохирургија, беше донесена одлука за навремена хируршка корекција на комплексната срцева аномалија.
Хируршката интервенција, изведена од тимот предводен од д-р Жан Митрев, се состоеше од комплетна деривација на пулмоналните вени во левата предкомора, со што се постигна физиолошки нормален проток на крвта.
По успешниот оперативен зафат, грижата за бебето ја презеде неонатолошкиот тим од Центарот за мајка и бебе, со фокус на внимателен хемодинамски менаџмент и стабилизирање на кардиоваскуларната функција. Постоперативниот период претставуваше голем предизвик поради возраста на новороденчето. Благодарение на координираниот тимски пристап и континуираната интензивна грижа, бебето успешно закрепна.
Исходот без оперативен третман е неповолен и со висок процент на смртност, над 80% до крај на првата година од животот. Со современ хируршки и постоперативен менаџмент исходот се менува од состојба која често завршувала фатално до преживување приближно 85%. По успешно изведената интервенција малата Озе е подготвена да замине дома, со целосно стабилна состојба и реални изгледи за нормален раст и развој.
Клиничката болница Жан Митрев е добитник на признанието за „придонес кон иновации и професионален пристап на клиниката како водечка дестинација за медицински туризам“ на годинешниот 56 -ти Меѓународен саем за туризам во Нови Сад, што се одржа од 27 до 29 ноември.
Ова признание претставува силна потврда дека Жан Митрев Клиника се позиционира и е препознаена како реномирана дестинација за медицински туризам, со високи стандарди и иновативен пристап во државата, регионот, но и во светот.
Во последниве 25 години, во Клиниката Жан Митрев остварени се 1,1 милиони посети од повеќе од 400 000 пациенти од Македонија, Косово, Албанија, Хрватска, Швајцарија, Англија, Либија и многу други држави, а извршени се повеќе од 45 000 оперативни зафати. Ова е доволен показател за највисоките стандарди што ги применува Жан Митрев Клиника од аспект на квалитетот на здравствените услуги и грижата за безбедноста на пациентите, за што впрочем говори и последното признание за медицински туризам на саемот за туризам во Нови Сад.
На меѓународниот настан учествуваа околу 250 изложувачи од 10 држави, а Македонија беше држава партнер. Македонското Министерство за култура и туризам предводено од министерот Зоран Љутков достојно ја претстави нашата земја како привлечна турисичка дестинација пред бројните посетители.
Учеството на Саемот претставува значајна можност за меѓусекторско поврзување на приватниот и јавниот сектор, преку граѓански организации кои придонесуваат за развој, како и туристички агенции, угостители и хотелиери.
Жан Митрев Клиника изразува благодарност за признанието, кое претставува потврда дека континуираната посветеност, врвната експертиза и довербата што ја ужива меѓу пациентите од Балканот и пошироко, ја прават вистински амбасадор на македонското здравство на меѓународната сцена.
Во текот на животот, секоја жена, може да се соочи со болест на гениталните органи, која ќе треба да се евалуира, дијагностицира и да се одбере соодветно решение кое можеби ќе значи операција. Дел од состојбите за кои може да биде потребна хируршка интервенција се: цисти на јајници, фиброиди односно миоми како и полипи или прегради на матката, абнормално утерино крварење, карлична болка или проблеми во однос на спад на гениталните органи и несакано испуштање на урина.
За среќа денес, минимално инвазивната гинеколошка хирургија честопати е опција која ја заменува класичната операција. Пациентите ја напуштаат болницата на денот на операцијата или следното утро со помала постоперативна болка и со побрзо враќање во секојдневните обврски и нормалниот живот.
Што е минимално инвазивна гинеколошка хирургија?
Минимално инвазивната хирургија е хируршки пристап при кој се применуваат мали резови на кожата. Но, тука спаѓаат и процедури без никаков рез на кожата, кога целата интервенција се изведува по вагинален пат со помош на специјализирани алатки (инструменти и камера) за извршување на самата операција. Во овој вид на гинеколошка хирургија спаѓаат следниве минимално инвазивни гинеколошки процедури: хистероскопска, лапараскопска и вагинална хирургија.
1. Хистероскопска хирургија
Хистероскопијата користи мал телескоп (хистероскоп) за визуелизација на шуплината на матката преку вагината без потреба од рез со минимално време на опоравување. Се изведува во случаи на абнормално, ирегуларно, обилно крварење од утерус, како отстранување на миоми кои проминираат во шуплината на матката, полипи, присутни интраутерини атхезии од предходни процедури, во решавање на конгенитални аномалии на утерусот и вагината во вид на прегради.
Може ли да се примени минимално инвазивна хистероскопска процедура наместо хистеректомија?
Апсолутно. Постојат одредени состојби кои денес може да се третираат со минимално инвазивна хирургија без потреба од хистеректомија. Секоја пациентка, секој проблем е индивидуален, па така и консултацијата, решението треба да биде прилагодено на нејзините потреби, планови, со изготвување на индивидуален план за терапија.
Хистероскопската техника наречена уште ендометријална аблација, е третман за обилни менструални крварења кои доведуваат до хронична анемија кај пациентката. Со оваа минимално инвазивна процедура кај одредени пациентки може да се заобиколи потребата од поголема операција како хистеректомијата.
2. Лапароскопска хирургија
Ефикасен третман кој резултира со пократок престој во болница, помала болка, пократок период на опоравување и побрзо враќање на секојдневните активности.
Лапароскопијата користи мал телескоп и специјално дизајнирани инструменти кои преку мали резови на абдоминалниот ѕид, или понекогаш преку вагината без рез на кожата на абдоменот, се пласираат во абдоминалната шуплина, при што се визуелизират внатрешните органи. Лапароскопот (камерата) е поврзана со видео монитор, што му овозможува на хирургот да ја визуелизира анатомијата и да изврши сложени операции со минимална траума на пациентот.
Кои гинеколошки проблеми можат да се решат со лапароскопија?
Со напредокот на технологијата опсегот на можности на лапароскопската хирургија се зголемува. Лапароскопската хирургија може да биде соодветна за евалуација и третман на карлична болка, ендометриоза, цисти на јајниците, миоми на матката, ектопична бременост. Лапароскопијата е исто така безбеден начин за отстранување на матката или јајниците.
3.Вагинална хирургија
Минимално инвазивен пристап без присутни резови на кожа. Ги има сите предности за закрепнување поврзани со лапароскопската и хистероскопската хирургија. Најчесто се користи при проблеми со статика и спад на женските генитални органи, интервенции на грлото на матката, како и во решавање на проблемите со стрес инконтиненција на урината. Во поново време вагиналниот пристап се користи и при лапароскопски гинеколошки процедури, место преку кожата на стомакот.
Закажете го вашиот преглед или консултација кај Доц. д-р Ирена Андонова, специјалист гинеколог – перинатолог, на телефон 02/3091-484, 070 383 270 или е-маил irena.andonova@zmc.mk.
Посветени сме на обезбедување целосна грижа за нашите пациентки, заедно да дојдеме до третман кој најдобро одговара на вашата состојба, ниво на удобност и начин на живот.
Новороденчето е симбол на нов почеток – и физички, и емоционален. Тоа не е само „мало човече“, туку личност што веќе учи, чувствува и комуницира. Периодот на новороденчето е време на чудо, одговорност и љубов – време кое брзо минува, но засекогаш останува запаметено.
Првите 28 дена по раѓањето на бебето се познати како новороденечки период. Тоа е време на огромни и брзи промени, време кога секој здив, секое движење и секоја реакција на новороденото има свое значење.
Што претставува новороденечкиот период?
Овој период започнува со првиот плач – знак дека белите дробови започнале со работа. Во тие први мигови, организмот на бебето минува низ драматични промени: од мајчината поддршка, преминува на самостојно дишење, одржување на телесна температура, варење, излачување и адаптација на целокупниот метаболизам. Тоа е време на огромен физички и физиолошки напор, но и време кога се поставуваат темелите за понатамошниот раст и развој.
Новороденчето во првите денови
На прв поглед, новороденчето изгледа поспано и мирно, но неговиот организам не мирува. Еве што најчесто ги интересира родителите:
Телесна тежина: Во првите неколку дена се губат 5–10% од родилната тежина, се должи на губиток на течности, верникс, мекониум, адаптацијата на лактацијата, што е нормално. Потоа постепено се добива на тежина.
Кожа: Може да биде црвенкаста, да има бело-сивкаст слој (верникс) или ситни лупења – сето тоа е во рамки на нормалното.
Движења: Рефлексите се важен дел од прегледот – бебето има природни движења како цицање, Моро рефлекс, рефлекс на автоматски од, рефлекс на палмарно фаќање, плантарен рефлекс(Бабински)
Сон: Новороденчињата спијат околу 16–18 часа дневно, но во кратки интервали.
Плач: Тоа е единствениот начин на кој комуницира. Со тек на време, родителите учат да го препознаат – дали се работи за глад, непријатност или потреба за блискост.
Медицинска грижа и следење
Во текот на новороденечкиот период, бебето е под надзор на медицинскиот тим. Се прават:
Преглед веднаш по раѓањето, со кој се одредува виталноста на новороденото (Аpgar скор)
Скрининзи за наследни метаболички болести како хипотироидизам, цистична фиброза и фенилкетонурија
Скрининг на слух и срцеви аномалии
Редовна проверка на тежината, рефлексите, бојата на кожата и дишењето
Први вакцини што се примаат во родилиште се : Хепатит Б и БЦГ за туберкулоза (зависно од земјата)
Првиот преглед кај матичниот педијатар треба да се направи најдоцна 7 дена по напуштање на болницата.
Период на чувствителност – и за бебето и за родителите
Ова е најтешкиот период, период на адаптација на новороденото, но истовремено и на родителите кон него. Новороденчето не знае да зборува, но знае да чувствува. Го чувствува ритамот на срцето на мајката, мирисот на таткото, топлината на домот. Неговото тело, иако мало, има неверојатна способност за адаптација и преживување. Но истовремено, ова е и период кога е најранливо, најподложно на инфекции, затоа е важно:
Да се одржува редовна и соодветна хигиена, температура на околината и соодветно облекување.
Да се следи за било каква промена, жолтица, одбивање храна, летаргија или покачена температура.
Да се овозможи безбедна средина – бебето да спие на грб, главчето свртено на страна која ќе се менува наизменично, на цврст душек, без перници и меки предмети.
Да се почитува инстинктот – родителот е најдобар набљудувач и заштитник.
Заклучок:
Новороденчето е симбол на нов почеток – и физички, и емоционален. Тоа не е само „мало човече“, туку личност што веќе учи, чувствува и комуницира. Периодот на новороденчето е време на чудо, одговорност и љубов – време кое брзо минува, но засекогаш останува запаметено.
Повредите на рамото можат да бидат од различна природа и степен. Добрата вест е дека за дел од нив постојат решенија кои не захтеваат класична операција, туку се работат артроскопски под камера. Овој пат д-р Ненад Петков – специјалист ортопед трауматолог, им помогна на двајца наши пациенти. Кај пациент спортист, по настанатата повреда дислокација на десното рамо, беше успешно направена стабилизација на рамениот зглоб со помош на анкери вметнати артроскопски. Додека пак, кај пациентката со смрзнато беше постигнато ослободување на истото со помош на ваков еднодневен зафат под камера.
Г-дин Миомир Тасиќ поранешен оперски пејач, наш пациент, не престанува со пеење. Тој кон крајот на годината беше успешно опериран од нашиот тим кардиохирурзи предводен од д-р Митрев. По санирањето на срцевиот проблем, веќе неколку месеци е дома каде целосно се опоравува. За неговите впечатоци погледнете повеќе од видеото.
Тестикуларна протеза или т.н. тестикуларен имплант е силиконски имплант кој се става во празен скротум. Недостатокот на тестис кој треба да се реши со поставување на ваква протеза може да биде предизвикан од неколку причини и тоа:
малформиран или исчезнат тестис при раѓање
неуспешно спуштен тестис во скротумот
хируршки отстранет поради повреда, инфекција или потешка болест
дел од процесот за промена на полот.
Целта на имплантот е да го подобри изгледот и да ги смири психолошките стравови.
Овој зафат во нашата клиника се спроведува како рутинска процедура од стручниот тим хирурзи уролози и бара еден ден болничко лекување.
Тестикуларните импланти им помагаат на пациентите да ја повратат својата самодоверба и чувство на целосност – велат нашите уролози.
Доколку одлучите да ја направите оваа процедура, важно е да биде изведена од хирург кој е специјализиран за имплантација на протеза на тестисите. Постапката за имплантација се изведува под општа или локална анестезија со правење засек во долниот дел на препоните или горниот скротум. При постапката се оформува „торбичка“ за протезата по што имплантот се фиксира во правилна положба и се затвора засекот.
Тестикуларната протеза ќе има тежина, форма и чувство многу слично на нормалниот тестис, сепак функционалноста како вистински тестис е исклучена.
Со цел да се информирате и закажете термин кој ви одговара јавете се на 02/3091-484.