Хируршки третман на израстоци – бенигни тумори на кожата

Терминот тумор сам по себе звучи страшно, но не се сите тумори опасни по живот.
Кожата е најголем орган на човековото телото. Терминот тумор означува абнормален раст на клетките. Туморите на кожата се најчести тумори кај човекот. Дури 40 – 50 % од луѓето до својата 65 година развиваат барем еден тумор на кожата. Во зависност од тоа дали се животозагрозувачки или не, тие се делат во две големи групи:

  1. Бенигни
  2. Малигни тумори на кожата

Бенигни тумори на кожата

Оваа група на тумори се доброќудни тумори – не се опасни по живот. Тие се карактеризираат со јасно ограничен раст, имаат капсула, подвижни се, не се агресивни, не инфилтрираат и не метастазирааат, спорорастечки се и клетките се хомологни на нормалните клетки на ткивото. Бенигните тумори се многу чести и може да се развијат од сите слоеви или градбени елементи на кожата, сврзното ткиво, масното ткиво, мускулното ткиво, жлездите на кожата (потните и лојните жлезди), нервните влакна и од крвните садови на кожата.

Најчести бенигни тумори на кожата и нивен хируршки третман

Постојат 3 типа и тоа: атероми, липоми и невуси

-Атеромите се бенигни тумори кои настануваат од лојните жлезди. Станува збор за запушување, опструкција на одводниот канал на лојната жлезда и акумулација/насобирање на лојниот продукт при што се создава цистична формација. Многу често на површината на кожата над таа цистична формација може да се забележи еден мал отвор за кој пациентите знаат да дадат податок дека низ него излегува густа бела содржина со специфичен мирис односно лој. Најчесто тие се јавуваат локализирани на површината на главата, лицето, ушните школки, вратот и грбот. Многу често се случува атеромите секундарно да се инфламираат, односно да настане воспаление и гноен процес кој клинички се манифестира со сите знаци на едно воспаление (болка, црвенило, оток, топлина, флуктација). Доколку тоа се случи и се формира гнојна колекција, тогаш третманот започнува со решавање на инфекцијата. Најнапред локално се прави инцизија (засек) и дренажа на гнојната содржина и потоа пациентот е на антибиотска терапија.

Откако ќе се смири воспалителниот процес, може да се планира хируршко отстранување на атеромот со цел да нема повторувачки воспалувања кои знаат да бидат проблем за пациентот бидејки го нарушуваат квалитетот на животот, а воедно се и естетски проблем. Отстранувањето на овие бенигни промени најчесто се врши во локална анестезија, се работи за краткотрајна хируршка интервенција при која се врши целосно отстранување на цистичната промена. Доколку се работи за поголема промена и има видлив отвор на кожата, се врши и отстранување и на дел од кожата. Опоравувањето е краткотрајно, без поголеми ограничувања за пациентот.

-Липомите се бенигни тумори кои настануваат од масното ткиво. Тие најчесто се јавуваат во поткожното масно ткиво на вратот, грбот односно трупот и горните екстремитети. Се работи за една туморска маса која е најчесто јасно ограничена, на палпација е мека и подвижна во однос на подлогата, таа споро расте и е безболна. Липомите иако растат споро, сепак растат и стануваат естетски проблем. Доколку пораснат поголеми во текот на неколку години, тие можат да вршат и притисок врз околните структури и да бидат причина за одредена нелагодност кај пациентите. Липомите се одстрануваат исто како и атеромите во локална анестезија со краткотрајна хируршка интервенција при која се врши целосно одстранување на липомот.

-Невусите или бемките се пигментни бенигни тумори кои настануваат од меланоцитите (пигментни клетки). Невусите се најчесто стекнати тумори, а поретко можат да бидат вродени. Вродените бемки се јавуваат пред раѓањето, а растат со детето. Можат да бидат со многу големи димензии и да покриваат цели делови на телото. Стекнатите, обични бемки не се склони да се трансформираат во малигни тумори. Најчесто се во ниво на кожата, а можат да бидат и лесно издигнати. Бемките се еднакво пигментирани со остри – јасни ивици кон околната кожа. Некои не ги сметаат за вистински тумори, бидејќи секој човек има повеќе бемки по кожата на телото.

Бемките не бараат хируршки третман освен ако се локализирани на делови од телото каде хронично односно континуирано се подложни на механичка дразба, иритација која може да биде причина тие понатаму да се менуваат, или се одстрануваат од естетски причини. Сепак треба да нагласиме дека треба редовно да се контролираат кај дерматолог со дермоскопски преглед. Според макроскопските и микроскопските карактеристики постојат повеќе типови на бемки кои се предмет на изучување на дерматологијата. Доколку се работи за атипичен односно диспластичниот невус кој е стекнат и обично има неправилна форма и посебни микроскопски морфолошки карактеристики, се поставува индикација за негово хируршко одстранување. Диспластичниот невус може малигно да се трансформира и затоа истиот треба да биде отстранет.

Доколку забележите било каква промена на кожата или имате дијагностицирано некој од горенаведените тумори, задолжително закажете преглед за прецизна дијагностика и решавање на проблемот на 02/3091-484.

Лифтинг, затегнување на лицето и вратот

Кога, кај кого и каков тип?

Потрагата и пронаоѓањето на младешки изглед е вечна тема која датира уште од античко време и е актуелна до ден денешен. Со напредокот на медицината и различните техники постојат бројни опции на располагање. Едена од нив е затегнувањето на лицето и вратот позната како лифтинг, со што се постигнува подмладен изглед.

Face lifting (Ритидектомија), или подигнување и затегнување на кожата на лицето и лифтинг на вратот може да се постигне со хируршка интервенција во општа анестезија или со поставување на специјално изработени назабени конци, во локална анестезија и без хируршки рез.

Кои пациенти се кандидати?

Со годините доаѓа до промени на лицето и вратот кои го отсликуваат нормалниот процес на стареење. Генетските фактори, сончањето и начинот на нега на кожата се дел од факторите кои влијаат на процесот на стареење. Кандидати за оваа интервенција се оние пациенти кои имаат опуштена и висечка кожа на лицето и вратот која им дава изглед на уморни и стари лица, длабоки назолабијални бори, бори на челото, губење на масното ткиво и промена на контурите, изразено опуштена кожа во предел на мандибулата односно долната вилица (јowls), губење на линијата на долната вилица (јowls lines), опуштеност на кожата и мускулите на вратот (turkey neck).

Детали за хируршките лифтинг техники

Хируршкиот лифтинг на лице (face lifting) e процедура со која се постигнува затегнување на кожата и поткожното масно ткиво, со или без манипулирање на СМАС (Superficial Musculo-Aponeurotic System) при што се отстранува вишок на кожа, со криење на лузните во природните набори на кожата и косата. Постојат 2 групи на лифтинг во зависност од тоа дали се манипулира со СМАС или не, разликуваме: СМАС лифтинг (Superficial Musculo-Aponeurotic System (SMAS) Facelift, Deep Plane Facelift ) или кожен лифтинг (Subcutaneous Facelift, Deep Subcutaneous Facelift ). Со оваа процедура може да биде опфатено целото лице (full face lifting), може да биде третиран само долниот дел од лицето (lower facelift, mini facelift, S-lift), може да биде третиран само средниот дел од лицето (mid-facelift, lip lift), и може да биде третиран само горниот дел од лицето (upper facelift, forehead lift, temporal brow lift).

Детали за нехируршка лифтинг техника

Лифтинг на лицето и вратот со нехируршка метода, односно со поставување на специјални назабени конци (Thread Lift) претставува интервениција при која со поставување на специјално изработени назабени конци, во локална анестезија се постигнува затегнување и подигнување на кожата на лицето и вратот. Конците се поставуваат со канила како што всушност се пакувани од производителот. Предност на оваа интервенција е тоа што се постигнува лифтинг без да се изврши хируршки зафат, односно со намалување на ризикот од компликации од општа анјестезија, отворена хирургија, нема лузна и не е потребена постоперативна болничка нега. Интервенцијата е погодна за мажи и жени од 30-50 год. Се постигнува 10 – 15 години помлад изглед, а ефектот трае до две години.

Затоа оваа интервенција е одличен избор за пациентите кои не сакаат да подлегнат на хируршки лифтинг и кои сакаат брзо враќање во социјалниот живот. Постои разновидна палета производи која е на располагање секако во зависност од ефектот кој што сакаме да го постигнеме. Има специјални конци за подигнување на веѓите, конци за подигнување на врвот на носот, конци за корекција на проминентни уши, конци за подигнување и затегнување на кожата на средна и долна третина на лицето, конци за затегнување на вратот, конци за пополнување на бори, конци за корекција на подочници итн.

За консултација и совети закажете термин кај нашите пластични хирурзи на 02/3091-484.

Магнетната резонанца на срце за откривање на коронарна артериска болест

Магнетната резонанца на срце со тест на перфузија претставува современа неинвазивна метода за дијагноза на коронарна артериска болест

Коронарната артериска болест претставува болест на стеснување на крвните садови кои го исхрануваат срцевиот мускул. Прогресивното стеснување на крвните садови води до инфаркт на миокардот, развој на срцева слабост, и/или аритмии. Раната дијагностика и превенцијата на компликации од коронарната артериска болест води до намален кардиоваскуларен морбидитет и морталитет.

Позитивен Аденозин тест: Исхемија на антериорен и инфериорен септум (регија на лева предна десцедентна артерија и десна коронарна артерија).

Што претставува магнетната резонанца на срце со тест на перфузија?

Магнетната резонанца на срце со тест на перфузија е метода со која се предизвикува вазодилатација (ширење на крвните садови) со примена на лекови. Промените во зидот на срцевиот мускул, т.н. дефекти во перфузијата, т.е. делови без вазодилатација, индиректно зборуваат за стеснување на крвните садови во срцето.

Која е предноста на овој тест во однос на другите функционални тестови за испитување на крвните садови?

Тестот ни кажува за веројатноста за постоење на значајни стеснувања на крвните садови во срцето, но освен тоа се добива и информација за анатомијата и функцијата на целото срце.
Тестот е неинвазивен, не го изложува пациентот на јонизирачко зрачење, има многу мал ризик од несакани случувања, а сепак има многу висока сензитивност и специфичност за коронарна болест.


Кај кои пациенти треба да се направи ова испитување?

Ова испитување треба да се направи кај пациенти со:

  • Висок ризик за постоење на коронарна артериска болест
  • Појава на градна болка кај пациент со веќе дијагностицирана коронарна артериска болест
  • Гранична стеноза на коронарните крвни садови според коронарографија
  • Сомнение за болест на малите крвни садови во срцевиот мускул
  • Градна болка од непознато потекло

Што треба да знае пациентот пред испитувањето?

24 часа пред тестот, пациентот не треба да конзумира кафе, чај, чоколадо, какао, кока-кола. Во тек на испитувањето се следи ЕКГ, се мери крвен притисок. Испитувањето трае само 4-6 минути. Во тек на испитувањето потребно е да се јават симптоми како градна болка, гушење. Тоа е знак дека тестот е технички добро направен. Симптомите комплетно се повлекуваат 30 секунди после прекин на тестот. Во текот на целото испитување пациентот контактира со радиолошкиот техничар и со тимот на доктори.

Кој го спроведува и интерпретира испитувањето?

Магнетната резонанца на срце претставува современа дијагностичка метода која се изведува од страна на стручен тим составен од кардиолози, радиолози, радиолошки технолози и медицински сестри.

Современа стоматологија: Со дигитални технологии до совршени заби

Дигиталната стоматологија претставува револуционерен пристап во областа на стоматолошките услуги. Внесувањето иновативни технологии во оваа област, помага да се унапреди прецизноста и ефикасноста во лекувањето, што значително придонесува во позитивното искуството на пациентите. Оваа нова ера во стоматологијата го заменува традиционалниот пристап со современи дигитални решенија, создавајќи нови можности за стоматолозите и пациентите кои бараат брзо, безболно и решение без трауми за своите проблеми.

Забите изработени со помош на дигиталните методи можат да бидат далеку подобри од забите изработени со традиционалните методи, бидејќи може да биде креиран заб кој ќе биде идентичен со заменетиот заедно со сите негови специфичности, а со тоа и попрецизно ќе одговара во вилицата на пациентот.

Дигиталната стоматологија опфаќа употреба на напредни технологии како што се:

  • 3D скенери и принтери за создавање на протези, коронки и мостови.
  • CAD/CAM системи за прецизно дизајнирање и изработка на стоматолошки реставрации.
  • Дигитални рендген снимки (Cone Beam CT) за детална дијагностика на структурата на забите и коските.
  • Ласерска технологија за минимално инвазивни третмани.
  • Тимско планирање за ортодонтски апарати, импланти и хируршки процедури.

Предностите при практикување на дигиталната стоматологија се огромни. Пред се прецизноста и персонализацијата при креирање на одредено решение се на највисоко можно ниво. Благодарение на дигиталното скенирање и CAD/CAM технологијата, стоматолошките реставрации се изработуваат со неверојатна прецизност и прилагодливост за секој пациент.

Процесот на третманот е значително забрзан во однос на досега познатите методи на работа. Наместо да се чекаат со денови или недели за изработка на протези, дигиталните решенија овозможуваат изработка во рок од неколку часа.

Дигиталното скенирање го заменува традиционалното земање отпечатоци, што често е непријатно за пациентите. Со дигиталниот метод на работа сега тоа е со поголема удобност за пациентите и со минимална инвазивност. Технологијата овозможува стоматолозите да изведуваат постапки со поголема точност и со помалку оштетување на природните ткива.

Дигиталната стоматологија не е само тренд, туку станува суштински дел од иднината на современата стоматологијата кој како сеопфатен стоматолошки центар веќе функцинира во склоп на клиника Жан Митрев, а нашиот персонал ви стои на располагање секој работен ден, викенди или празници со претходно закажување на 02/3091-484.

Пречекајте го студот подготвени

Центарот за офталмологија при клиника Жан Митрев во соработка со Промедика офталмологија во месец декември ви овозможува -50% на специјалистички офталмолошки преглед кој опфаќа мерење на рефракција, одредување на видна острина, мерење очен притисок и преглед на преден/заден сегмент на око.
Превенцијата за вашите очи е добредојдена, особено во зима

Закажете го вашиот преглед на ☎️ 023091484

УРГЕНТЕН ЦЕНТАР

Секоја секунда е важна!
Во нашиот УРГЕНТЕН ЦЕНТАР отворен 24/7 секој ден од неделата, на располагање е мултидисциплинарен дежурен тим лекари кои ќе се погрижат за брза и прецизна дијагностика како и медицинско возило за бесплатен транспорт од било кој град од Македонија и Косово (за пациенти кои ќе се хоспитализираат во клиниката). ☎️ 15789 и 02/3091-484.

Остеопороза – совети за превенција, дијагноза и третман

Остеопорозата е прогресивна болест на коските која се карактеризира со намалување на коскената маса и густина и со тоа доведува до зголемен ризик од скршеници.

Најдобар метод за мерење на коскената минерална густина е остеодензитометријата со DXA скен. Мерењето се врши на лумбалниот ‘рбет, колкот и подлактицата, а можно е и мерење на коскената густина на целото тело.

Мерењето на коскената минерална густина е неопходно кај:

  • Сите жени постари од 65 години и мажи постари од 70 годни, независно од факторите на ризик од фрактури
  • Кај жени со менопауза настаната пред 45 годишна возраст
  • Кај лица со ревматоиден артритис
  • Кај лица со други воспалителни заболувања на локомоторниот систем
  • Кај лица кои долго време користат терапија со кортикостероиди
  • Кај лица со намалување на висината на телото

Контраиндикации за мерење на коскената минерална густина со остеодензитометрија има:

-Кај бремени жени (поради самиот факт што DXA скен апаратот е рентгенска апсорпциометрија).
-Кај пациенти кои неодамна имале снимање со користење на контрастни супстанции или примале радиоактивна терапија, потребно е ова снимање да се одложи додека наведените супстанции се елиминираат од организмот.

Во нашата клиника остеодензитрометријата ја прават едуцирани радиотехнолози, а резултатите ги обработуваат тим на лекари едуцирани за остеодензитометрија, со што ке ја добиете најадекватната препорака за терапија и понатамошно лекување.

Информирајте се и закажете на 02/3091-484

Проблеми со видот – рефрактивни аномалии

Овие аномалии на видот се карактеризираат со матно гледање, без оглед дали се работи за читање или гледање во далечина. Истите се корегираат со помош на оптички помагала очила, леќи или оперативен зафат.
Проблемот за појава на овие аномалии може да биде поврзан со очното јаболко, леќата во окото или рожницата.

Кратковидност (миопија), далекувидост (хиперметропија) и старечка далекувидост (пресбиопија)

Луѓето со кратковидност не се во состојба да ги видат одалечените предмети. При оваа состојба аксијалната должина на окото кај миопија е подолга од нормалната. Фокусот на јасен вид паѓа во предниот дел на мрежницата (пред центарот за вид) со што далечните предмети се гледаат замаглено.

Далекувидните луѓе пак имаат проблем со гледањето предмети кои што се блиску или најчесто со читањето. Окото кај далекувидите има покуса аксијална должина и фокусот на јасен вид паѓа позади мрежницата, т.е. позади центарот за вид. Како резултат на тоа предметите што се блиску не се гледаат јасно. Корекција се врши со сферични стакла, контактни леќи или оперативно (со рефрактивна хирургија).

Старечката далекувидост, односно неможноста да се фокусираат блиски предмети или да се чита, се појавува кај луѓето над 40 години, поради губењето на еластичноста на окото односно можнота брзо да се прилагодува и фокусира. Затоа и се потребни очила за читање.

Астигматизам

Астигматизам е рефрактивна аномалија, при што зраците по прекршувањето во оптичкиот дел од окото, не се собираат во една точка од мрежницата и не се формира јасна слика на гледаните предмети. Најчесто причина за овој оптички недостаток на окото е неправилната закривеност на површината на рожницата. Како сликовит пример може да послужи споредбата дека нормалното око има форма на пинг-понг топче, а при кератоконус, формата на окото личи на лажица.

5% од луѓето имаат астигматизам, најчесто е наследен, но може да се добие и во текот на животот од некоја болест или од повреда на предниот дел на окото. Карактеристично за луѓето со оваа рефрактивна аномалија е што предметите од околината ги гледаат нејасно и од близу и од далеку. Работењето од близу – читањето, пишувањето и слично многу брзо доведува до неодредени главоболки, зголемено солзење, слевање на буквите и редовите и брзо заморување. Далечните предмети се нејасни, искривени, коси и деформирани. Овие пречки го прават човекот што страда од астигматизам делумно или целосно неспособен за извршување многу работи и за занимавање со некои професии.

Симптоми

Најчест симптом на астигматизмот е замаглениот вид. Некои од дополнителните симптоми на астигматизмот се: замаглен вид при обид за читање на ситни букви, отежнато читање, дупли слики и појава на непостоечки слики.
Останатии можни симптоми на астигматизмот се: главоболки, вртоглавица, раздразливост и замор.

Дијагноза

Астигматизмот лесно се дијагностицира со офталмолошки преглед и рефракциски тестови (авторефрактокератометрија) многу често е потребно да се направи и корнеална топографија да се разликува од кератоконус.

Третман

Корекција на астигматизмот е со цилиндрични стакла. Исто така можат да се користат контактни леќи (торични) или да се изврши оперативна корекција (рефрактивна хирургија).
За правилна и навремена дијагностика и понатамошни чекори закажете во нашиот Центар за офталмологија во соработка со Промедика Офталмологија на: 02/3091-484