Еднакво бубрежно здравје за сите

Светскиот ден на бубрегот претставува глобална кампања, која има за цел да ја подигне свеста за важноста и грижата за бубрежното здравје. Се одбележува од 2006 год секој втор четврток во месец март. Кампањата за 2024год се фокусира на подигање на свеста за унапредување на рамноправниот пристап на нега и оптимално медицинско лекување на бубрежно болните.

Важноста од еднакво бубрежно здравје за сите

Се проценува дека бубрежните болести погодуваат над 850 милиони луѓе ширум светот. Колку е сериозна бубрежната болест укажуваат и статистиките дека секој десетти возрасен во светот има со одреден степен на бубрежна слабост, тоа значи дека секој трети до петти жител има шанса да развие хронична бубрежна болест. Се предвидува дека во 2040 година Хроничната Бубрежна Болест ќе биде петта водечка причина за смртност на годишно ниво. Од заболените два милони луѓе ширум светот имаат потреба од дијализно лекување.

Во нашата држава, секоја година околу 400 нови пациенти започнуваат лекување со хронича дијализа, која што претставува доживотен третман, доколку не се направи трансплантација. Колку е ова страшно, зборува податокот дека последните дваестина години 67% од нефролошките пациенти се со потреба од редовна заместителна терапија. Во нашата држава над 85 % од тие пациенти користат хемодијализа како третман, а околу 12 % се трансплантирани.
Сето ова зборува многу за глобалното влијание на Хроничната Бубрежна Болест врз квалитетот на животот на заболените, но и врз целокупното чинење на третманот и економијата на државите.

Почесто мислете на Хроничната Бубрежна Болест

Хроничната бубрежна болест може да се развие на која било возраст, но е почеста со зголемувањето на возраста, така што еден од факторите кој што влијае на зголемувањето на бројот на хроничните бубрежни заболувања во одредени земји претставува и стареењето на населението и дебелината. Се проценува дека околу еден од пет мажи и една од четири жени на возраст меѓу 65 и 74 години, како и половина од луѓето на возраст од 75 и повеќе години имаат Хронична бубрежна болест. По 40-та година, филтрацијата на бубрезите почнува да опаѓа за приближно 1% годишно, така што покрај природното стареење на бубрезите, многу состојби кои ги оштетуваат бубрезите се почести кај повозрасните луѓе, меѓу кои дијабетесот, високиот крвен притисок и срцевите заболувања. Дијабетесот и високиот крвен притисок се најчести причинители на бубрежни заболувања. Високиот крвен притисок предизвикува една четвртина, а дијабетесот една третина од случаите на бубрежна слабост.

Во раните стадиуми на Хронична Бубрежна Болест нема никакви симптоми и знаци. Може да е загубена и повеќе од 90% на бубрежната функција без да се почувствуваат било какви симптоми. Но, постојат едноставни лабораториски иследувања кои може да ја потврдат болеста, како што е определувањето на нивото на креатининот во крвта, како и наод на протеини во урината.

Дали терапевтските можности се достапни за сите подеднакво?

Најновите откритија во терапевтскиот пристап нудат огромни можности за спречување и одложување на болеста, ублажување на компликациите, кои што се многу чести кај Хроничната Бубрежна Болест – кардиоваскуларните, мозочните и терминалната бубрежна болест, овозможувајќи продолжување и подобар квалитет на животот кај лицата со бубрежни заболувања.
Новите терапии и терапевтски пристапи би требале да бидат подеднакво достапни за сите пациенти, во сите земји ширум светот, но недоволната свест за Хроничната Бубрежна Болест, како и недоволното познавање и довербата во новите терапевтски можности и стратегии, недостигот на соодветен професионален кадар – нефролози, како и трошоците околу лекувањето, придонесуваат за појава на големи разлики во пристапот до лекување, особено во земјите со низок стандард, како и кај дел од популацијата во земјите со висок стандард. Сите овие нееднаквости ја нагласуваат потребата од развивање на поголема свест за Хроничната Бубрежна Болест и изградба на капацитети за соодветна здравствена бубрежна нега.

Постигнување на оптимална бубрежна нега во себе вклучува пред се надминување на: недостатоците во рана дијагноза на болеста, недостигот на универзална здравствена заштита и осигурување, ниската свест меѓу здравствените работници, предизвиците со трошоците и достапноста на лековите.

Што треба да се направи за да се намали ризикот од развој на бубрежна болест?

Она што треба да се направи за да се намали ризикот од развој на бубрежна болест е секако:

  • Да бидете активни и да вежбате;
  • Да јадете здрава храна, да ја контролирате телесната тежина;
  • Редовно да го проверувате и контролирате шеќерот во крвта;
  • Барем еднаш годишно да го проверувате нивото на протеини во урина;
  • Редовно да го проверувате и контролирате вашиот крвен притисок;
  • Да земате соодветен внес на течности;
  • Да прекинете со пушење;
  • Да не користите лекови без препорака на вашиот доктор;

Проверете ја вашата бубрежна функција ако имате еден или повеќе ризик фактори како што се дијабет, хипертензија, обезност или доколку имате семејна историја на бубрежна болест.
По повод Светскиот ден на бубрезите нефролошкиот преглед изнесува 2 000 ден. Цената важи заклучно 31 март.
Закажете го Вашиот термин на 02 3091 484

Интервју со доц. д-р Тања Анѓушева – Ергоспирометрија

Што претставува ергоспирометријата и која е предноста на ергоспирометрискиот тест во однос на стандардниот стрес тест?

Кардио-пулмонален стрес тест (СРЕТ) т.н.р. ергоспирометрија е тест со кој се мери работата на срцето во корелација со белите дробови за време на физички напор. За разлика од стандардниот стрес тест, пациентот оди на трака или вози статичен велосипед, при што му е поставена дополнителна апаратура. Таа опфаќа: апарат за мерење на крвниот притисок, електроди за правење ЕКГ (електрокардиограм ЕКГ) со кои се регистрира срцевата акција, како и маска која е поставена на лицето и со помош на која се мери кислородната потрошувачка односно фреквенцијата и силината на дишење, колку често и колку длабоко пациентот вдишува и издишува.

Овој тест е составен дел на кардиолошките испитувања и е најдобар показател во каква состојба се наоѓа организмот, се проверува функционалната способност на срцето и неговата адаптација на физички напор. Каде се наоѓа примена и кои се индикациите кои упатуваат на ергоспирометриски тест?

Индикационото подрачје за овој тест е доста широко, а примената на тестот за проценка на здравствената состојба на пациентите е веќе влезена во голем број медицински водичи за лекување.

Најчести причини се:

  • Одредување на причината за функционалните проблеми на срцето и белите дробови
  • Проценка на физичка подготвеност, односно максималното оптоварување кое може една личност да го толерира со цел да се направи план за тренирање по мерка на личноста која се тестира
  • Проценка на ризик пред планирана хируршка процедура
  • Проценка на сериозноста / тежината на срцевата слабост
  • Евалуација на степенот на белодробните болести како ХОББ (хронична опструктивна белодробна болест), белодробна васкуларна болест или цистична фиброза
  • Евалуација на индивидуалните ограничувања како резултат на лимитираноста на белодробието или пак срцето во тек на физичката активност
  • Проценка на подготвеноста на пациент кој има одредено срцево заболување за рехабилитација и правење план за физички активности во тек на рехабилитацијата
  • Утврдување на ефикасноста на претходниот медикаментозен / оперативен третман
  • Проценка за потреба од друга форма на третман поврзан со срцева слабост во терминален стадум (механичка циркулаторна потпора, срцева трансплантација, за оние пациенти во терминален стадиум на болеста).

CPET е незаменлив во одредувањето на причината за отежнато дишење (диспнеја) за време на напор, како и во одредувањето на нормалниот одговор на пулмоналниот и кардиоваскуларниот систем на физички напор. Што може открие тестот?

Со овој тест јасно може да се одреди причината на заморот и отежнатото дишење, т.е. дали е последица на претходно латентно срцево заболување или пак промени во структурата и функцијата на белите дробови.

Како се изведува тестот, дали се потребни претходни подготовки и што вклучуваат?

Тестот се иведува во посебна просторија каде е сместена опремата и под будното око на стручниот медицински кадар кој ќе го води лицето кое се тестира. Може да се изведе со помош на трака или пак возење на статичен велосипед. Истовремено се следат срцевите и белодробните параметри преку електроди и сензори поставени на телото и во маската, а апаратот има специјален програм кој врши анализа на овие параметри. Потоа доктор ги обработува и одредува понатамошни чекори.

Подготовката за овој тест не е компликувана, но има неколку клучни правила:

  • Пациентот задолжително треба да ја земе редовната терапија која ја користи
  • Полесен оброк е дозволено да се конзумира до 4 часа пред тестот. Доколку чуствува глад дозволено е конзумирање единствено шејк пред тестот
  • Не смее да се конзумира кафе, кока кола, алкохол, црн чај
  • Еден ден пред тестот не е пожелно пациентот да вежба
  • Не е дозволено конзумирање на никотин (цигари и електронски цигари) пред тестот.

Дали процедурата е безбедна, колкав е ризикот од компликации?

Процедурата е високо безбедна. Многу е ниска појавата на несакани ефекти (1 на 100.000 пациенти). Најчести несакани ефекти се аритмии и миокарден инфаркт. Но, овде важно е да напоменеме дека мониторирањето на пациентот е многу пообемно. Параметрите на апаратот даваат можност однапред да се процени настанато исцрпување на физичките резерви или промени во нормалниот метаболизам од кислороден во безкислороден, така што тестот се прекинува и се спречува појавата на несакани ефекти.

При кои заболувања е контраиндициран?

Не се препорачува ероспирометрија доколку лицето има:

  • физичката состојба која не дозволува да оди на трака или пак да вози велосипед
  • прележано скорешна респиратопрна инфекција, грип, КОВИД
  • нетретирана тешка аортна стеноза или неконтролирана астма
  • преживеано скорешен срцев инфаркт (пред помалку од 30 дена)
  • имплантиран ICD/CRT пред помалку од 4 недели
  • ниска почетна кислородна оксигенација
  • висок крвен притисок
  • малигни аритмии

Покрај кардиоваскуларните пациенти, ергоспирометрискиот тест се препорачува кај спортистите. Кои се конкретно придобивките за нив и дали ергоспирометријата како дијагностичка процедура може да помогне во рана детекција и превенција од ненадејна срцева смрт кај спортистите?

Ергоспирометријата е многу важна во проценката на физичката кондиционираност на еден спортист, бидејќи со анализата на добиените параметри од белодробието и срцевата акција, лекарот може да ја процени точно точката кога спортистот влегува во анаеробен (лактичен метаболизам). Што всушност значи тоа? Познато е дека кај спортистите со редовниот тренинг не само што се кондицираат скелетните мускули туку се тонизира и срцевиот мускул и се адаптира да на одреден степен од физички напор за да донесе адекватна количина крв, а со тоа кислород и глукоза кои се неопходни за ослободување на енергија која ја одржува работата на мускулатурата.

Со овој тест ние можеме точно да кажеме до кое ниво е постигнато кондиционирање. Согласно тоа, потоа да му дадеме совети на спортистот како да продолжи со цел за да го избегне моментот на влез во анаеробен метаболизам со прекумерниот физички напор. На таков начин се спречува појавата на мускулна болка кај спортистите, но што е најважно се спречува непотребното оптоварување на срцевиот мускул и можноста за појава на проширување и слабост на истиот или пак појава на аритмии и ненадејна срцева смрт.

Покрај спортистите, овој тест има бројни можности за сите хронични пациенти, но и за пошироката популација – луѓе кои се физички активни и за кои е важна проценката на кондиционите способности и метаболичките процеси, со цел да се прилагоди интензитетот и времетраењето на вежбање. Покрај пациентите и професионалните спортисти, за кои други лица се препорачува тестот?

Бенефитите од овој тест се големи и неговата примена во секојдневието е прилично широка.
Така тестот е веќе влезен во сите водичи за проценка на пациентите со срцева слабост и класификацијата дали еден пациент со слабо срце треба да се постави на листата за трансаплантација или пак му е потребна механичка потпора на срцето. Секаде во светот, рехабилитацијата на срцевите болни ја изведуваат според измерените параметри од овој тест. Многу често овој тест се користи за проценка на ризик од кардиоваскуларни промени при тешки хируршки процедури.

Мора да се напомене дека тестот има можност да ја процени и метаболната состојба на еден организам. Митохондриите се составен дел на секоја клетка и се местотото каде се случуваат сите процеси на ослободување и вградување на енергијата. Често пати поради некои ензимски промени при одредени заболувања може да настане блок на овие процеси и лицето да чуствува замор, малаксаност, тешко дишење, краток здив, а при тоа да има здраво срце и бели дробови. Со овој тест може јасно да се дефинира оваа состојба и да се помогне.
И секако треба да споменеме една специфична примена, која е во честа употреба во развиените земји, а тоа е кај трудниците, со цел проценка на крвоснабдувањето на плодот во матката на бремената жена.

Идентификувањето на клучните симптоми и редовните превентивени прегледи клучни во спречување на појава на рак на дебелото црево

Секој 31 март се одбележува Светскиот ден на ракот на дебелото црево. А месец март е месецот во кој се преземаат засилени активности за подигање на свеста за постоење и превенција наоваа болест. Затоа го користиме и овој пост за да ве запознаеме со ризиците, но и начините за превенција и третман на ракот на дебелото црево. Ракот на дебелото црево и ректумот е меѓу водечките причини за смртност од рак кај населението.

Запознајте ги ризик факторите пресудни за оваа болест

Свесноста за клучните фактори за спречување на рак на дебелото црево, можеби ќе Ви го спаси животот

Ризикот за да заболите од оваа болест значително се намалува со практикување здрави навики, особено доколку конзумирате исхрана богата со растителни влакна, преку одржување на нормална телесна тежина, редовна физичка активност и избегнување конзумирање тутун. Понатаму, дијагностицирањето на болеста во раните фази, преку редовни превентивни прегледи, може да го олесни навременото лекување и излекувањето на болеста.

Ракот на дебелото црево е еден од најчестите тумори во западните земји и претставува глобален јавно здравствен проблем.

Тоа е втор по инциденца, и кај мажите и кај жените, по ракот на простата и дојката.

Повеќето колоректални карциноми се развиваат од прекурзорни лезии (полипи) и потребно им е помеѓу 10 и 15 години еволуција за да станат рак.

Симптоми на колоректален карцином

Симптомите на ракот на дебелото црево се различни кај секој пациент, но сепак постојат одредени симптоми кои се вообичаени кај многу пациенти.

Важно е луѓето кои имаат крварење (ректално), се соочуваат со промени во начинот на одење во тоалет (дијареа или запек) или имаат абдоминална болка/надуеност, како и какви било абдоминални или карлични симптоми кои ги немале претходно, како на пример, поголема потреба од одење во тоалет, итност, анална болка… ВЕДНАШ и БЕЗ ОДЛАГАЊЕ да се обратат кај матичниот лекар или кај специјалист за абдоминални болести, за да се утврди точна дијагноза што е можно поскоро.

Во текот на месец март, здравствените работници, поконкретно оние од доменот на ракот на дебелото црево, придонесуваат преку кампањи за подигање на свеста за овој тип на рак, бидејќи навремената дијагноза може да направи многу за животот и здравјето на пациентот.

Тестот на фекална окултна крв е неинвазивен тест кој се состои од брзо и лесно проверување на присуството на невидлива крв во столицата со цел да се открие постоење на колоректална лезија.

Добивањето негативен резултат од тестот покажува дека лицето веројатно нема да има рак на дебелото црево, иако чувствителноста се движи од 40 до 60%. Затоа, се препорачува да се повторува тестот на секои 1-2 години и да се консултирате со вашиот лекар доколку чувствувате непријатност.

Сакаме да дадеме неколку совети за спречување на овој тип на рак, меѓу кои вреди да се споменат:

  • Откажете се од пушењето.
  • Водете здрав начин на живот
  • Често правете физички вежби
  • Правете редовни прегледи со цел смртноста да се намали благодарение на навременото/раното откривање.

Дали ракот на дебелото црево е наследен?

Колоректалниот карцином е претежно стекнат, односно поврзан со стареењето на телото, во 90-95% од случаите.

Затоа, се смета за наследен само во 5% од случаите. Овие случаи обично се појавуваат порано, на возраст под 50 години, додека максималната инциденца на стекнат рак е обично 65-70 години.

Ефикасна дијагноза на рак на дебелото црево

Овие тестови можат да се поделат во две главни групи:

–          Фекални тестови

Овие тестови и скрининг за колоректален карцином се прават како дел од процесот на утврдување на присуството на рак кај луѓе кои немаат никакви симптоми.

–          Тест на фекална окултна крв

Се испитува примерок од столицата за да се идентификуваат траги од крв невидливи со голо око.

Ако резултатот од тестот е позитивен, испитувањето се комплетира со колоноскопија за да се визуелизира изворот на крварењето.

Овие тестови се помалку инвазивни и лесни за изведување, не бараат интестинална подготовка и се достапни за широката популација, но треба да се прават почесто (на секои 1-2 години) бидејќи не се многу чувствителни и доколку се позитивни следува испитување со колоноскопија.

–          Визуелни (структурни) прегледи/тестови

Овие тестови ја третираат структурата на дебелото црево и ректумот за да откријат какви било промени во абдоменот.

Тоа може да се направи со ендоскоп, инструмент сличен на цевка со мала камера и извор на светлина на крајот, кој се вметнува во ректумот, или со специјални тестови за снимање (рентген).

Тие имаат предност да ја испитуваат слузницата на целото дебело црево, па нивната чувствителност е многу поголема од претходните испитувања, но бараат интестинална подготовка и се поинвазивни.

–          Колоноскопија: Се состои од проверка на слузницата на дебелото црево со помош на колоноскоп. Процесот вклучува претходна подготовка врз основа на чистење на измет од цревниот тракт што треба да се испитува. Времетраењето на колоноскопијата се движи помеѓу 20 и 30 минути, а за време на тоа може да се направи биопсија или ресекција на полипи.

–          КТ колонографија (виртуелна колоноскопија): Ова е напреден тип на КТ скен на дебелото црево и ректумот. Во КТ колонографијата, специјалните компјутерски програми создаваат дводимензионални слики со рендген и тридимензионален приказ на внатрешноста на дебелото црево и ректумот, овозможувајќи му на лекарот да открие полипи или рак. Тоа може да се направи доста брзо и не бара седација, иако бара подготовка на дебелото црево. За овој скрининг, мала, флексибилна цевка исто така се вметната во ректумот за да се пополнат дебелото црево и ректумот со воздух. Дополнително, ако во овој тест се забележат полипи или други сомнителни области, сепак ќе биде потребна колоноскопија за да се отстранат или целосно да се испитаат.

Важно е доколку се појави некој од горенаведените симптоми, потребно е да одите на преглед кај вашиот лекар и да проверите дали се е во ред. Запомнете дека превенцијата во овие случаи може да ви помогне да го одржите вашето здравје.

Закажете преглед/консултација со нашите специјалисти на 02 3091 484

Интервју Илија Нешковски, специјалист по интерна медицина и супспецијалист по кардиологија – “Имав шанса да играм против Новак Ѓоковиќ и успеав да го победам”

Д-р Нешковски, се занимавате со можеби најпотребната медицинска дисциплина, кардиологијата, што претставуваат кардио-васкуларните заболувања?

– Кaрдиоваскуларните болести, за жал и покрај континуираниот развој на медицината во целост, остануваат една од водечките причини за смртност во Европа. Од кардиоваскуларните заболувања секоја година во Европа умираат околу 3,9 милиони жители. И покрај сите превентивни мерки кои се преземаат во европските држави за намалување на смртноста од кардиоваскуларни заболувања (кампањи за здрав животен стил, ограничување на продажбата на цигари и алкохол), статистичките податоци се уште не покажуваат значаен пад на бројот на жители кои страдаат од кардиоваскуларни заболувања, ниту пак се бележи значаен пад на морталитетот.

Постои ли посебна причина поради која се одлучивте за оваа специјалност? Што ви нуди вас лично а што како лекар?

– Постои посебна причина што се занимавам со медицина воопшто, затоа што цел живот го поминав опкружен со медицина и лекари. Мојот покоен татко беше еден од основоположниците на интервентната гастроентерологија во Македонија и човекот кој ја воведе модерната ултразвучна дијагностика во државава. Мојата тетка, исто така е етаблиран гастроентеролог а мојата сестра е успешен педијатар, така што изборот и не беше и така тежок кога е во прашање медицината. Пораснат сум покрај ехо апарати, жици и катетри и таквите околности некако природно ме насочија во изборот на професијата. Кога е во прашање кардиологијата, шансата што ми ја укажа д-р Жан Митрев да бидам дел од неговиот тим и ми овозможи да се стекнам со знаења, најнапред од областа на интензивна нега и ургентна медицина од еминентни кардиолози како д-р Тања Анѓушева и д-р Енвер Идоски а потоа и во областа на интервентната кардиологија и ехокардиографија каде учев од врвни интервентни кардиолози како д-р Иван Милев, д-р Жан Зимбаков, д-р Вилма Ампова Соколов и д-р Шпенд Идризи, некако природно ме насочи кон кардиологијата примарно а потоа и кон интервентната кардиологија. Можноста која ми се укажа да професионално „растам“ и работам во еден европски организиран систем како Жан Митрев клиника во турбулентни времиња во кои јавното здравство континуирано е во состојба на нокдаун, е нешто непроценливо.

Дали после ковид 19 или воопшто во промената на животните навики и трендовите постои тенденција на пораст на овие заболувања?

– Ковид пандемијата и тоа како се одрази на квалитетот на животот и здравјето на севкупното население. Бројот на загубените човечките животи, социјалната изолација и целокупната агонија низ која што поминавме за време на пандемијата остави сериозни последици по здравјето на населението. Се почесто денес, во секојдневната пракса се среќаваме со пациенти кои се жалат на психосоматски нарушувања кои ги асоцираат со прележувањето на КОВИД 19 или со примањето на вакцина против КОВИД 19.

Каде се наоѓа македонското население според бројот и возрасниот опсег на заболени од кардио-васкуларни болести?

– За жал статистиката во нашата држава не се разликува од светските трендови кога се во прашање морталитетот и морбидитетот кај кардиоваскуларните заболувања. Како што напоменав, и покрај напредокот кој што го бележиме во третманот на кардиоваскуларните заболувања, воведувањето на нови помалку инвазивни методи и иновативноста во медикаментозниот третман, сепак кардиоваскуларните заболувања остануваат водечка причина за смртност како во светот така и во нашата држава. За да стекнете впечаток за какво „зло“ станува збор, би сакал да ви посочам еден статистички податок од Заводот за статистика на Република Македонија во кој се истакнува дека во 2021 година во пикот на КОВИД 19 пандемијата за која се стекна впечаток дека е главен причинител на смртност, најголемо учество имаат умрените лица од болести на циркулаторниот систем и тоа 41,3% случаи од вкупно умрените, потоа се случаите кај кои како причина за смртта се јавуваат неоплазмите со 17%, со 6,8 % се застапени случаите кај кои причина за смртта е вирусот КОВИД-19 а потоа сите останати заболувања.

Кои современи методи во третманот на кардиолошките болести се применуваат во Клиника Жан Митрев?

– Со гордост можам да истакнам дека во Жан Митрев клиника се применуваат најсовремените дијагностички, интервентни и хируршки процедури во третманот на кардиоваскуларните заболувања. Во делот на дијагностиката сме пионери во воведувањето на срцевата магнетна резонанца која станува се попопуларна во светот при дијагностиката на специфични кардиоваскуларни заболувања, понатаму во делот на интервентната кардиологија освен коронарните интервенции, кај нас се изведуваат комплексни интервенции на перкутана замена на аортната валвула (ТАВИ) и перкутана репарација на десцедентна аорта (ТЕВАР) како и комплексни интервенции при третманот на вродените срцеви маани. Во делот на хирургијата сме пионери во имплантацијата на уреди за левовентрикуларна и бивентрикуларна срцева поддршка (ЛВАД и БИВАД), а исто така нашите хирурзи го предводеа тимот во првата трансплантација на срце во државава.

Што е важно и потребно да се поседува при работа со пациенти, посебно вашите?

– Според мене една од најважните особини кои треба да ги поседува еден доктор во односот со пациентите е емпатијата. Единствено емпатијата може да ви овозможи истовремено да бидете сочувствителен со состојбата во која што се наоѓа пациентот и истовремено да бидете доволно фокусиран и професионален за да бидете дел од решението на неговиот проблем.

Покрај интерната медицина и кардиологијата, денес се занимавате рекреативно и со тенис и велосипедизам. Двете преокупации бараат голема посветеност, како успевате да ги хармонизирате, односно да ги исполните и своите професионални обврски и личните амбиции?

– Со тенис се занимавам од својата седма година. Во периодот до осумнаесеттата година се занимавав професионално со тенис а потоа работев и како тренер во тек на студиите во неколку тениски школи во Скопје. Особена сатисфакција во тек на тренерската активност ми беше можноста да бидам тренер на двајца американски амбасадори во земјава, господинот Лоренс Батлер и господинот Филип Рикер, а потоа преку тениската игра да станеме и пријатели со господинот Џес Бејли, кој е особено добар тенисер и вљубеник во тенисот. Кон крајот на студиите кога требаше да ја дефинирам професијата престанав активно да се занимавам со тенис и оттогаш наваму тенис играм рекреативно но редовно (најмалку два до три пати во неделата) со група пријатели кои, исто така се вљубеници во овој спорт. Во последните три години рекреативно се бавам и со велосипедизам а изборот на овој спорт некако се наметна, баш затоа што ми овозможува да поминувам квалитетно време со семејството и лесно да ги усогласам професионалните обврски со рекреацијата.

Има интересен факт за вас што малкумина го знаат, пред да се решите да студирате за доктор, сте биле добар тенисер. Дали навистина сте тренирале на самите почетоци со тениската ѕвезда Новак Џоковиќ и на некој турнир сте успеале да го победите?

– Како што напоменав претходно со тенис се занимавам од 7 годишна возраст и на 12 годишна возраст ми се укажа можност да бидам дел од тенискиот камп во Копаоник, организиран од тенискиот клуб Партизан од Белград кој во тоа време го водеше познатата тениска легенда, Јелена Генчиќ. Сега веќе еден од најдобрите тенисери на сите времиња Новак Џоковиќ беше дел од кампот а истиот го посетуваше три години по ред. Во завршницата на кампот се одржуваше Генекс куп, турнир на кој се натпреваруваа сите учесници во кампот и во таа прилика во финалето на Генекс куп играв со Новак Џоковиќ и успеав да го победам. Сепак треба да се има предвид разликата во годините (тој тогаш имаше 7 години а јас 12) и мислам дека самиот факт што тој успеа да се пласира во финалето покрај толку повозрасни играчи покажува за каков талент станува збор уште во тоа време.

На што повеќе му давате значење, на докторската професија или на спортот?

– Секако дека денес во фокусот на мојот интерес е кардиологијата, тоа е мојата професија. Спортот денес го гледам како ефикасен начин за ослободување од стресот кој што го носи секојдневието и можност за дружење со семејството и пријателите.

Што би бил вашиот совет, пред се како доктор?

– Редовна и умерена физичка активност секогаш препорачувам и од сопствено искуство, но и како еден вид превенција од кардиоваскуларни заболувања. Триесетминутна активност можат многу да променат како се чувствувате а и го редуцираат кардиоваскуларниот ризик. Внимавање на телесната тежина со одржување на здрава телесна тежина и заедно со здрава исхрана, исто така ја подобрува состојбата на кардиоваскуларниот систем. Секогаш и секого советувам да го намали стресот, затоа што многу студии покажале дека стресот наведува посегнување по нездрави навики како пушење и прекумерен внес на алкохол, а тоа влијае во нарушување на состојбата на кардиоваскуларниот систем.

Извор: Опсервер

8 март – Меѓународен ден на жената

Грижете се за себе. Редовните превентивни прегледи се клучни. За закажување ☎️ 02/3091-484

  • Ехо на дојка 1 800 ден.
  • 2Д Мамографија 2 500 ден.
  • 3Д Мамографија 4 500 ден.
  • Ехо на дојка и 2Д мамографија 3 900 ден.
  • Гинеколошки преглед со ПАП 3 500 ден.
  • Гинеколошки преглед 2 500 ден.
  • Детекција на ХПВ со брис 2 500 ден.
  • Сексуално преносливи болести 3 истовремено (Chlamydia trachomatis, Trichomonas vaginalis и Neisseria gonorrhoeae) од прва утринска урина (со PCR метода) 1 800 ден.
  • Магнет на матка со контраст 15 500 ден.
  • Магнет на дојки 15 500 ден.
  • Остеодензитометрија Дексаскен 1 900 ден.
  • Ехо на тироидеа 2 000 ден.
  • Пулмолошки преглед 2 000 ден.
  • Нефролошки преглед 2 000 ден.
  • Дерматолошки преглед 2 000 ден.
  • Фотофајндер (скенирање на бенки) 6 000 ден.
  • Колоноскопија со анестезија 18 000 ден.
  • Гастроскопија со анестезија 18 000 ден. Диколку се направат двете во еден акт 28 000 ден.
  • МСКТ серија со контраст (глава со врат/абдомен/долни екстремитети) 14 000 ден.
  • МСКТ нативна серија бели дробови со крвна слика 12 000 ден.
  • ЦТ Виртуелна колоноскопија 12 000 ден.
  • МР нативна серија 13 000 ден.
  • Магнет на цел рбет 21 000 ден.
  • Секвенционирање на егзом – кардиоваскуларни болести, канцер или специфични болести 60 000 ден.

Грижете се за себе. Превентивните редовни прегледи се клучни

Таа, тој, било кој, секој може да се соочи со проблеми врзани за дојките. Сепак, добрата вест е што благодарение на зголемената свест, многу жени сега редовно прават превентивни прегледи и добиваат рана дијагноза. Проверете се!
Препораките велат: ехо преглед еднаш годишно и мамографија на секои две години за жените над 40 и сите кои имаат семејна историја. Сите останати, без оглед на возраста доколку имаат било каков симптом – ехо преглед веднаш!

Најсовремента апаратура за безболен преглед и нашите искусни лекари д-р Лидија Вељановска Кириџиевска, д-р Мимоза Толевска и д-р Магделена Поповска-Цветкова ви стојат на раполагање. За да закажете термин кој ви одговара јавете се на 02/3091-484.

8 најчести симптоми

– Забележувате асиметричност на градите или градниот кош или постои разлика меѓу едната и другата страна

– Постојат невообичаени промени во обликот или големината на една од вашите гради

– Има видливи промени во бојата на кожата или осип околу брадавицата

– Брадавицата станала вовлечена или ја променила својата положба или форма (Вовлечени брадавици се нормални кај некои жени).

– Постојат нерамнини, испакнатини или вдлабнатини на кожата?

– Постои грутка или задебелување во градите или пазувите.

– Исцедок од едната брадавица или од двете.

– Постојана болка во еден дел од градите.

Колку порано се открие ракот на дојката, толку се поголеми шансите за успешно лекување и излекување. Запомнете, 9 од 10 грутки на градите не се канцерогени! Сепак потребна е потврда од лекар.

  • Ехо на дојки 1 800 ден.
  • 2Д мамографија 2 500 ден.
  • 3Д мамографија 4 500 ден.
  • Ехо и 2Д мамографија 3 900 ден.

Лабиопластика

Изгледот на интимните делови од телото е особено сензитивна тема за жените и затоа на истата треба да и се пристапи внимателно. Ова се однесува на сите аспекти, без оглед дали се работи за визуелен или функционален проблем. Во оваа категорија спаѓаат и хипертрофичните (зголемени) мали срамни усни. Тие можат да бидат вродени и стекнати (по бременост, породување или да бидат резултат на нормалниот процес на стареење). Како такви, тие се јавуваат релативно често, но со различен степен на изразеност (поголем или помал). Тие се причина за непријатност, инфекции и избегнување на сексуалните активности кај жените и токму поради ова пациентките потребно е да се консултират со лекар.

Што е лабиопластика?

Лабиопластика е операција за корекција на зголемени мали полови усни. Таа преставува спој на гинеколошка и естетска пластична хирургија со цел реконструкција (намалување и обликување) на хипертрофични мали полови усни, како би го добиле својот природен анатомски изглед и функција. Лабиопластиката опфаќа и корекција на асиметрија, осносно кога зголемувањето е само од една страна.

Колку честo се применува лабиопластиката?

Последниве години, лабиопластиката станува често изведувана операција, како во светот, така и кај нас. Како дел од овој тренд на корекции се и останатите методи наменети за оваа регија, како што се избелување на интимна зона, вагинопластика, корекција на епизиотомија, стеснување на влез на вагина, аугментација на големите полови усни и нехируршки третман кој ветува зголемување на сексуалната возбуда и подмладување на вагината.

Зошто токму лабиопластика?

Хипертрофичните мали срамни усни не преставуваат само естетски проблем, туку можат да предизвикаат и функционални тегоби и нарушувања. Иако многу жени се раѓаат со големи, неправилни-асиметрични или хипертрофични мали усни, а кај некои проблемот може да биде предизвикан како резултат на породилна траума, гинеколошка операција, друга трауматска причина или природен процес на стареење, сепак доведуваат до истото незадовлоство.

Причините поради која се прави лабиопластиката можат да бидат:

  • незадоволство од своето тело и несигурност во интимните односи
  • проблем при одржување на лична хигиена
  • функционално нарушување на сексуалните односи
  • болка за време на сексуален однос
  • чувство на непријатност при носење одредени видови гардероба
  • пречка при спортски активности, а некогаш и при вообичаени, секојдневни активности кои предизвикуваат инфекција, чешање и сувост на интимната регија
  • оток на срамните усни, нивно вовлекување во вагината и последователни повреди

Без разлика на годините и причината која доминира, жените не треба да се срамат од овој проблем и не треба да го доживуваат како тривијален, бидејќи не е. Зголемените полови усни реално може да влијаат на квалитетот на животот, да ја намалат самодовербата, да оневозможат носење на посакувана облека (тесни хеланки). Исто така може да предизвикаат ограничување во однос на избирање на костим за капење и слободно однесување на плажа, базен и спортски терен, посебно кога се работи за интимните односи.

Лабиопластиката може да се направи кај сите жени, кои имаат проблем, освен кај малолетни девојчиња за што е потребна е согласност од родител.
Лекар специјалист од естетска гинекологија, пластична, реконструктивна и естетска хирургија, кој се судира со оваа проблематика треба да има разбирање за оваа состојба, како и за психолошките проблеми кои можат да ја придружуваат оваа состојба.

Како изгледа операцијата на малите полови усни?

Процедурата не е комплицирана, се изведува во локална анестезија и трае од околу 30 минути до 1 час. Се користи современа микрохируршка техника која подразбира многу мал и тенок рез, позади кој останува лузна како влакно од коса. Срамните усни се преобликуваат, а вишокот кожа и други ткива се отстрануваат по потреба.

Кога да се направи лабиопластика?

Оваа операција спаѓа во еднодневна хирургија и не бара посебни подготовки, како ни долг опоравок. Така што не е потребно многу планирање однапред, туку операцијата се прави кога на пациентката најмногу и одговара, се разбира во договор со хирургот.
Она што е важно да се напомене е дека како и при другите неургентни операции, така и оваа не треба да се изведува за време на бременост.

Локална или општа анестезија?

Лабиопластиката се изведува во локална анестезија и како таква е доста комфорна и безболна. Се е желба на пациентката, но конечната одлука доаѓа од хирургот и анестезиологот.

Дали лабиопластиката е опасна?

Оваа операција не припаѓа во операции кои носат ризик.

Како изгледа подготовката за операција?

Самата операција не бара сериозна подготовка. Претходат рутински предоперативни прегледи, истовремено потребно е да се направи комплетна крвна слика, како и биохемиски анализи и коагулационен статус. Се советува пред лабиопластиката е да се престане со терапија која предизвикува продолжено крварење.

Ризици и компликации

Компликациите од лабиопластиката се многу ретки, се случуваат за помалку од 1% од случаевите.
Компликациите со педантна оперативна техника може да се превенираат и намалат на минимум, а покрај тоа важно е пациентката да се придржува на советите од лекарот за постоперативната нега.

Резултати од лабиопластика и опоравок

илустрација на изглед на мали полови усни пред и по лабиопластика

Со лабиопластиката се постигнуваат одлични естетски и функционални резултати кои се видливи веднаш после операцијата.
Имајте предвид дека веднаш по операцијата не е дозволено спортување и физичко оптеретување. Со спортски и останати активности пациентката може да почне по вадење на конците и контролата. Конците се вадат меѓу седмиот и десеттиот ден, кога се прави и првата контрола.

Како да се оддржува хигиената после лабиопластиката?

Хигиената се одржува вообичаено, туширање со топла вода.

Дали лабиопластиката ја намалува осетливоста во интимната регија?

Напротив, пациентките кажуваат дека квалитетот на сексуалниот однос во значителна мера е подобрен после оваа операција.

Дали резултатите од лабиопластиката се трајни?

Резултатите од оваа операција се трајни.

Доколку ви е потребна консултација или преглед на располагање е д-р Виолета Николов – специјалист гинеколог акушер. За да закажете термин кој ви одговара јавете се на 02/3091-484

Светски ден за борба против дебелината

Одбележувањето на овој ден е со цел да се промовираат практични решенија со кои ќе им се помогне на луѓето да постигнат и да одржуваат здрава тежина. Обезноста е глобален проблем кој ги засега сите. Во светски рамки во моментов околу 800 милиони луѓе живеат со оваа болест, а прогнозите велат дека до 2035 година обезноста ќе заземе пандемски размери, односно секој 4 човек ќе биде обезен. Со цел тоа да не се случи и да се запре овој глобален тренд, на овој ден се става посебен акцент на промовирање на здрав животен стил и начин на исхрана.

Ние во клиниката Жан Мирев се приклучуваме на одбележување на 4 март и сакаме да истакнеме дека доколку било кој има потреба за совети или специјален план за третирање на оваа болест, стоиме на располагање.

„Само тој што работи со оваа дисциплина знае какви позитивни промени за прв пат по многу години се случуваат кај пациентите, промени за кои повеќето луѓе од надвор не ни помислуваат дека се проблем во секојдневниот живот (неможност за непречено движење, набавка на облека во соодветен број итн.). Но за овие пациенти тоа е како повторно да се враќаат во времето кога воопшто немале проблеми со телесната тежина и им дава мотив, елан и позитивна енергија дека се на вистинскиот пат и дека прават нешто корисно за себе, на најприродниот можен начин!” – Вели д-р Џулиана Михајловска, специјалист ендокринолог.