Интервју: Д-р Енвер Идоски – Ризик фактори за појава на кардиоваскуларни заболувања

Кардиоваскуларните болести (КВБ) се водечка причина за смрт на глобално ниво, одземајќи околу 17,9 милиони животи секоја година. Најважните ризик фактори кога станува збор за срцевите заболувања и мозочни удари се нездравата исхрана, физичката неактивност, употребата на тутун.

Кои се другите ризик фактори за појава на кардиоваскуларните заболувања?

Д-р Идоски: Кардиоваскуларните заболувања се најчестата причина за смрт како во светот така и во нашата држава. Од сите кардиоваскуларни заболувањa, како причина за смрт во најголем процент се последиците на атеросклерозата (миокардниот инфаркт и мозочниот удар). Основните ризик фактори за појавата на кардиоваскуларните заболувања се: висок крвен притисок – хипертензија, високо ниво на холестерол, шеќерна болест, пушење, генетски предиспозиции, стрес, инфекции, ревматизaм.

Високиот крвен притисок е еден од главните виновници кои водат до КВБ, па оттука е многу битно да се одржува во нормала. Во кои случаи е неопходно да се започне со медикаментозна терапија?

Д-р Идоски: Хипертензијата е болест која често не дава никакви симптоми, а подмолно води до оштетување на крвните садови. Оптималниот крвен притисок е: систолeн < 120 mmHg, а дијастолeн < 80 ммHg. При крвен притисок повисок од 140/90 mmHg, неопходно е да се започне со терапија. Доколку немедикаментозните препораки како намалена употреба на сол во исхраната (максимум 5 г) и зголемената физичка активност, не доведат до намалување на притисокот, задолжително е покрај нив, вклучување и на медикаментозна терапија. Изборот на лекот зависи од придружните заболувања. Кај некои пациенти доволен е само еден лек за нормализирање на притисокот, а кај други потребни се повеќе лекови. За адекватна контрола на крвниот притисок, потребно е негово редовно следење. Постои и 24 – часовен мониторинг на крвниот притисок.

Колку промените во начинот на исхрана може да помогнат во намалување на нивото на холестеролот во крвта и што доколку истите не даваат резултат, односно нивото на холестерол и понатаму останува високо?

Д-р Идоски: Холестеролот и триглицеридите се неопходни за човекот. Ако нивнотo ниво е во референтни граници тогаш се е во ред. Доколку се покачени, тогаш станува збор за болест наречена дислипидемија. Промените во начинот на исхраната (избегнување на свинско и јагнешко месо, јајца, заситени масти) се првите чекори кои треба да се преземат. Кога општиот холестерол и покрај преземените мерки останува висок, а особено е високо нивото на LDL холестеролот, потребно е отпочнување со медикаментозна терапија. Се користат лекови од групата на статини. Целта на овие лекови не е само намалената бројка на холестеролот во лабораториските анализи, туку тие доведуваат и до стабилизирање на атеросклеротичните плаки-наслаги, и на тој начин се намалува ризикот од акутен миокарден инфаркт или мозочен удар.

Пушењето е еден од главните ризик фактори за појава на кардиоваскуларните заболувања. Дали и колку со откажувањето на цигарите се намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања?

Д-р Идоски: Не само што се намалува ризикот од појава на кардиоваскуларни заболувања, туку според некои студии три години по престанување со пушење, ризикот од коронарна болест скоро се изедначува со ризикот кај непушачите.

Познато е дека срцевите заболувања се во корелација со годишните времиња. На кој начин временските прилики влијаат врз срцево болните пациенти?

Д-р Идоски: Кај пациенти кои веќе имаат срцева болест или некој од споменатите ризик фактори, посебно нeнадејните временски промени може да доведат до неочекувано влошување на нивната здравствена состојба. Кога има вакви и временски осцилации, организмот не може веднаш да се адаптира. Лачењето на ACTH или хормонот на стресот од хипофизата се зголемува, a се намалува лачењето на ендорфините кои се хормони на среќата – кои ја намалуваат болката. Студеното време е поголем непријател за срцево болните пациенти. Студот доведува до вазоконстрикција (стегање на крвните садoви) кое води до зголемување на крвниот притисок и до оптоварување на срцето поради што може да настане моментално влошување на состојбата на пациентот. Поради таа причина и дозирањето на лековите за регулирање на артерискиот притисок се со различни дози во ладните и топлите периоди од годината. Но имајте предвид корекцијата на дозите треба да ја направи исклучиво кардиолог. Во зимскиот период со оглед на нашите традиции повеќе се консумираат зимници, кои како што знаеме содржат огромно количество на сол како конзерванс, а таа е еден од најголемите непријатели на срцето. Натриумот кој го има во солта го зголемува многу крвниот притисок, a тоа е причина за оптоварување на срцето и влошување на состојбата. Во поладните периоди од годината почести се и гриповите кои претставуваат голем стрес за организмот особeно за веќе разболен организам. Зголемената телесна температура доведува до забрзана срцева работа и неретко пад на крвниот притисок поради што можни се нагли влошувања на постоечките кардиоваскуларни заболувања, или појавa на нови.

Се наоѓаме на прагот на летото – како летните температури се одразуваат врз работата на срцето?

Д-р Идоски: Во летниот период се случува обратното, од топлината настанува вазодилатација (ширење на крвните садови), поинтензивна е загубата на течности и минерали и како резултат на тоа се намалува крвниот притисок, па чести се колапсните состојби. Влагата и нискиот атмосферски притисок го намалуваат потењето, што го оптоварува срцето и тогаш тоа работи како да е под физички напор. Поради овие причини потребна е повторна корекција на кардиолошката терапија, но пак ќе напоменам корекцијата се прави од кардиолог по направен комплетен кардиолошки преглед (ЕКГ, ехокардиографија, по потреба 24 часовен холтер за следење на крвниот притисок и 24 часовен холтер ЕКГ мониторинг). Сите овие иследувања се достапни во клиничката болница „Жан Митрев“, секој ден и без чекање. Секако и терапија и совет за понатамошен третман врз основа на добиените резултати и метеоролошките услови.

Кои се симптомите кои упатуваат на специјалистички преглед кај кардиолог? Кога е време да се посомневаме и да реагираме неодложно, сериозно да ја сфатиме состојбата во која се наоѓаме?

Д-р Идоски: Пациентите кои веќе знаат дека имаат кардиоваскуларно заболување и забележат дека срцето не им работи рамномерно како порано, дека чука забрзaно, прескокнува или пак притисокот им се зголемува/намалува и покрај редовно земaње на терапија препишана од кардиолог, ако почувствуваат отежнато дишење или болка, стегање во градите или недостиг на воздух веднаш да се јават на кардиолог. Додека пак, луѓето кај кои не е дијагностицирано срцево заболување, a имаат некој од веќе споменатите ризик фактори или немаат, а почувствуваат болка во градите во вид на стегање, гушење, недостиг на воздух, болка во левата рака или долната вилица посебно при физичко оптоварување, погрешно е мислeњето дека е од времето, дека не е страшно, и да не преземат ништо. Напротив, треба сериозно да се сфати таа состојба. Наглата временска промена е таа што предизвикува стрес на кардиоваскуларниот систем и веќе довела и клинички да се манифестира болеста. Затоа веднаш треба да се направи преглед и да се преземат соодветни мерки.

Како што веќе споменавте, болката во градите треба да се сфати сериозно и да се побара лекарска помош. Како се третираат овие пациенти, какви иследувања треба да се направат при појава на градна болка?

Д-р Идоски: Вашиот кардиолог внимателно ќе ги ислуша вашите тегоби, ќе ви направи ЕКГ, и ехокардиографија, тоа е базичниот преглед. Доколку се установи дека се работи за најчестото кардиоваскуларно заболување – коронарна болест т.е. затнување на крвните садови што го хранат срцето, вашиот кардиолог ќе ви предложи понатамошни иследувања како што е коронарографија – златен стандард за дијагноза на коронарната болест. Во клиничката болница „Жан Митрев“ има два начини за изведување на коронарографијата: едниот е со помош на минимално инвазивната метода – компјутерско снимање со 256 слојни пресечи при што се гледаат крвните садови што го хранат срцето, или со класична коронарографија со катетер. И за двете иследувања престојот во болница е амбулантски 3-4 часа. Доколку при снимањето се установи затнување на крвните жили на срцето, постојат три начини на решавање на болеста:

  • Со лекови, но само доколку пациентот е дојден во првите неколку часа од градната болка;
  • Со поставување на стент за отвoрање на затната/запушената артерија;
  • Во случај на повеќе затнувања/запушувања кои не се погодни за стентирање и/или пак пациентот има и придружна болест на залистоците на срцето, во консултација со академик д-р Жан Митрев се препорачува хируршки третман. Во последниов случај коронарографијата и операцијата за пациентите од нашата земја се покриени од фондот за здравствено осигурување и се бесплатни во клиничката болница „Жан Митрев“.

Како што веќе спомнав кардиоваскуларните заболувања се чести, но не неизлечливи. За краток временски период, пациентите ќе можат да се вратат дома и да продолжат непречено да си ги извршуваат своите обврски водејќи квалитетен живот.

Што се случува доколку при снимање се установи затнување на крвните садови на мозокот и на нозете?

Д-р Идоски: Најновите студии покажуваат дека мозочните удари и гангрените на нозете се најчести во пролетниот период. Доколку симптомите и ехографскиот преглед укажуваат на опасност од мозочен удар поради затнување на крвните садови што го хранат мозокот или од појава на гангрена поради затнување на артериите на нозете тогаш се препорачува 256 слоен МСКТ на тие крвни садови и доколку болеста е напредната повторно во консултација со aкадемик д-р Жан Митрев ќе биде извршен хируршки третман при што ќе се спаси мозокот или нозете. A пациентот за два-три дена ќе може да се врати дома и полека да започне со извршување на секојдневните работни обврски. На овој начин значително се намалува инвалидетот и отсуството од работа.

Кои се Вашите препораки кога станува збор за превенција на кардиоваскуларните заболувања? На што треба да се внимава и што можеме како поединици да преземеме и да направиме за себе и за сопственото здравје?

Д-р Идоски: Редовно контролирање и третирање на ризик факторите на кои може да влијаеме, а тоа е регулирање на крвниот притисок, немедикаментозно со значително намалување на солта во храната, редовно пешачење, редовно земање на препишаните лекови од вашиот кардиолог. Регулирање на холестеролот и триглицеридите со тоа што ќе избегнувате консумирање на свинско и јагнешко месо, јајца, преработени продукти од месо, мајонез и секако ќе се откажете од пушењето, а наместо сето ова ќе консумирате повеќе риба, овошје и зеленчук, по можност органски т.е. одгледувани без пестициди и далеку од загадувањето. Редовна контрола на дијабетот од страна на ендокринолог е многу важна во контролирањето на кардиоваскуларните заболувања. Да не заборавам да напоменам дека треба да се избегнува излегување надвор во студениот период или во многу топлиот период од денот. Препорачувам внесување на повеќе течности во летниот период и консултација со вашиот кардиолог при секоја промена на вашата здравствена состојба.

Извор: Panacea.mk

Дали може да се спречи меланомот? Насоки за превенција

Генетски детерминираните фактори на ризик за меланом, како што се светлиот тен, бројните бенки и семејната историја на меланом, не можат да се изменат или искоренат. Сепак, можеме значително да го намалиме ризикот од развој на меланом следејќи ги овие упатства за превенција.

Изложеност на сонце (инсолација)

Дефинитивно треба да се избегнува нагло, интензивно и директно изложување на сонце. Главната цел е да се спречат изгорениците од сонце, односно црвенило на кожата кое настанува како резултат на изложување на сонце. Најштетни изгореници се оние кои креираат плускавци или болка во траење од најмалку 48 часа. Затоа, мудро е да избегнувате продолжено директно изложување на сончева светлина, особено помеѓу 11 и 15 часот.

Крем за сончање

Кремите за сончање треба да имаат највисок заштитен фактор – фактор 30-50 – и да обезбедуваат заштита од UVA и UVB зраци. Адекватниот ефект на кремите за сончање кои имаат хемиски филтри започнува околу половина час по нанесувањето и не трае цел ден, туку само два часа. Според тоа, кремот за сончање треба да се нанесува половина час пред излегување на сонце и повторно да се нанесе на секои два до три часа.

Сенка/температура

Треба да се нагласи дека престојот под чадор во отворено, како на плажа или на снег, сепак може да доведе до изгореници од рефлектираните (одбиените) ултравиолетови зраци, освен ако не се применат дополнителни мерки за заштита од сонце. Исто така, сончевите зраци продираат низ облаците во значителни количини, па оттука сè уште постои можност кожата да изгори дури и во облачни пролетни/летни денови. Освен тоа, УВ зраците не предизвикуваат жешко чувство на кожата и морското ветерче може да предизвика лажно чувство на безбедно изложување на сонце.

Облека

Облеката обезбедува најдобра заштита од интензивна сончева светлина. Кошулите се подобри од облеката без ракави. Облеката со потемна боја обезбедува подобра заштита од облеката со светла боја. Пожелно е материјалот да биде цврсто ткаен и со сертифицирана УВ заштита. Добро е да носите капа со широк обод и очила за сонце со заштита, бидејќи УВ зраците се штетни и за очите. Денес, на пазарот е достапна облека за деца, вклучително и костими за капење, со вградена заштита од сонце со фактор до 50.

Тип на кожа

Општо земено, правило е дека кожата мора постепено да се навикнува на сончевите зраци. Факт е дека не сите луѓе имаат иста кожа. Секој треба да го знае и специфичното време за лична заштита што се однесува на неговиот или нејзиниот тип кожа. Со други зборови, колку долго незаштитеното изложување на сонце може да се смета за безбедно за конкретниот тип на кожа. Типот на кожа се одредува согласно тоа колку лесно добивате изгореници и потемнувате по околу половина час изложување на сонце напладне во летен ден. Може да се препознае по различни карактеристики, како што се бојата на косата или бледилото на кожата.

Постојат шест фототипови на кожа , но во Европа најчесто се застапени овие четири:

Тип 1:
• Кожата е исклучително чувствителна на сонце, не потемнува туку поцрвенува
• Луѓето обично имаат светла кожа, често со пеги, руса или црвена коса и сини или зелени очи

Тип 2:
• Кожата е чувствителна на сонце, потемнува полека и е склона кон изгореници
• Светла кожа, но малку потемна од типот 1 со обично руса до темно руса коса и сини очи

Тип 3:
• Кожата е делумно чувствителна на сонце, лесно и брзо потемнува, бојата трае долго
• Малку потемен тен, генерално со темно руса до кафена коса и различни бои на очите

Тип на кожа 4
• Кожата е отпорна, брзо и комплетно потемнува, бојата трае долго
• Светло-кафеава кожа
• Косата и очите се темно кафеави или црни

Деца и млади

Главниот ризик за развој на рак на кожата започнува уште во детството и помладите години. Затоа децата и младите треба да бидат особено внимателни и да користат ефективни водоотпорни креми и физички бариери при сончање. Истите теба да бидат со највисок заштитен фактор и да штитат и како од УВА, така и од УВБ зраци. Носењето темна маица и капа за сонце треба да биде задолжително. Квалитетните очила за сонце се идеални за заштита на очите и токму возрасните во овој случај можат да бидат пример кој ќе го следат децата.

Козметика и лекови

Одредени лекови ја зголемуваат чувствителноста на светлина. Ова е нешто што треба да се разговара со лекар или фармацевт пред да се изложите на сонце. Дезодоранси, козметика и парфеми може да предизвикаат непријатна реакција на сонце или трајна пигментација. Затоа, треба да се избегнува примена на такви производи при сончање.

И во случај на најмала промена на Вашата кожа, веднаш консултирајте се со Вашиот доктор. Ракот на кожа може да се излекува доколку се открие навреме. Во Клиничката болница Жан Митрев со помош на софистицираниот апарат FotoFinder, може да се откријат и најмалите промени на кожата. Стручниот тим на дерматолози во нашата клиника Ви стои на располагање со професионален и персонализиран пристап, насоки за превенција на рак на кожа и совети како правилно да се грижите за здравјето на Вашата кожа.

Закажете го Вашиот термин на 02 3091 484

12 мај – Меѓународен ден на медицинските сестри

Меѓународниот ден на медицинските сестри се одбележува на 12 мај секоја година. Се слави низ целиот свет за да се одбележи придонесот на медицинските сестри во општеството. За прв пат во далечната 1974 година, 12 мај беше избран како датум кој ќе се прославува, бидејќи овој ден е годишнина од раѓањето на Флоренс Најтингел, која се смета како прва модерна медицинска сестра. Секоја година, ICN (International Council of Nurses ) подготвува и дистрибуира материјали за Меѓународниот ден на медицинските сестри. Материјалите содржaт едукативни и јавни информации наменети за употреба од медицински сестри ширум светот.

Професијата Медицинска сестра во здравствениот сектор e фокусирана на грижата за поединци, семејства и заедници за сите тие да можат да постигнат, одржуваат оптимално здравје и квалитет на живот. Медицинските сестри се разликуваат од другите даватели на здравствената грижа според нивниот пристап кон пациентите, обуката и опсегот на пракса. Тие обезбедуваат нега во рамките на опсегот на препораките на лекарите, и оваа традиционална улога ја обликува историски сликата за медицинските сестри како даватели на нега.

Американското здружение на медицински сестри наведува дека медицинската сестра работи за заштита, оптимизација и подобрување на здравјето а учествува и во спречување на болестите и повредите и ги oлеснува страдањaта преку соодветно третирање и грижа за поединци, семејства i заедници.

Нека им е честит овој ден на сите медицински сестри!


Ракот на кожа е најчестиот тип на рак во светот

Ракот на кожа е најчестиот тип на рак во светот. Вообичаено е резултат на прекумерното, неправилно и незаштитено изложување на кожата на сончеви ултравиолетови зраци. UV зраците продираат длабоко во кожата и со тек на време ја оштетуваат. Канцерогените лезии е поверојатно да се појават на места изложени на сончеви (UVA,UVB) зраци и тоа на лицето, вратот, грбот и екстремитетите. Најчесто се засегнати луѓето над 50 годишна возраст, но ракот може да се појави и на било која друга возраст.

Ракот на кожата е канцер кој доколку е третиран соодветно има најголеми шанси за излекување, споредено со сите останати типови на рак. Но, за жал свесноста на популацијата за можните симптоми е прилично ниска, што пак значи дека шансите за негово рано откривање и третирање се мали.

Ракот на кожа како заболување се однесува на неколку различни состојби на кожата со различни симптоми, начини на третирање и сериозност. Најчестиот тип е карцином на кожата, додека пак најагресивната – најопасната форма на рак на кожа е меланомот. Во секој случај раното откривање е од витално значење затоа првентивните прегледи се нешто кое треба да се прави редовно.

FotoFinder е најсовремениот апрат кој обезбедува врвна технологија која вклучува вештачка интелигенција со помош на која веднаш се детектираат нови, изменети и сомнителни бенки или промени во кожата. Самиот преглед е безбеден бидејќи се случува на оддалеченост од пациентот на повеќе од 1,6м што е особено важно во време на Covid-19.

Апаратот е достапен само во Клиничката болница Жан Митрев која континуирано вложува/инвестира во најновата технологија со цел да овозможи прецизна дијагноза и соодветен третман за своите пациенти.

Нашите дерматолози ве очекуваат да закажете превентивен преглед во термин кој најмногу Ви одговара на 02/3104-910

5 мај – Светски ден на хигиена на раце

Светскиот ден на хигиената на раце се одржува секоја година на 05 мај. Денот е прогласен од Светската здравствена организација (СЗО) и ги охрабрува пациентите и членовите на нивните семејства да им се придружат на здравствените работници во нивните напори да практикуваат добра хигиена на рацете. Според СЗО, секоја година, стотици милиони пациенти ширум светот се погодени од инфекции поврзани со здравствената нега. Повеќе од половина од овие инфекции би можеле да се спречат со тоа што здравствените работници правилно ќе ја одржуваат хигиената на рацете и болничката околина постојано при грижата за пациентите.

Хигиена на рацете значи миење на рацете со вода и сапун или нивна дезинфекција со алкохолен дезинфициенс. Медицинската хигиена на рацете се однесува на хигиенските практики поврзани со давање лекови и останата медицинска нега, со цел да се спречи појава на болест или нејзино пренесување.

Хигиената на рацете е особено важна за луѓето кои се занимаваат со храна или работат во медицинската област, но исто така е важна практика за пошироката јавност во секојдневното живеење. Луѓето можат да се заразат и со респираторни заболувања како што се грип или обична настинка, на пример, ако не ги мијат рацете- преку контакт пред да ги допрат очите, носот или устата.

Миењето раце е секојдневна рутина, континуирана пракса и треба да се прави на соодветен начин, доволно долго и во вистинско време.

Грижете се за Вашето здравје!

3 мај – Светски ден на астма

Светскиот ден на астмата секоја година се одбележува на првиот вторник во месец мај. Taka ovaa година е на 3 мај. Тоа е годишен настан организиран од Глобалната иницијатива за астма (GINA) за подобрување на свеста и грижата за оваа болест низ целиот свет. Астмата е честа хронична болест на дишните патишта, воспаление коe се карактеризира со променливи и повторливи симптоми, опструкција на протокот на воздух и бронхоспазам.

Симптомите вклучуваат отежнато дишење, кратко и забрзано дишење, кашлање, стегање во градите. Астмата најчесто е предизвикана од животната средина и генетски фактори. Во зависност од влијанието на oвие фактори астмата може да биде со различна форма. Некогаш e poтешка некогаш полесна, а и од нив зависи колку добро ќе реагира на лекови. Многу често и нетретираната хронична алергија доведува до појава на астма.

Дијагнозата обично се поставува врз основа на појава на симптомите и/или одговорот на терапијата со текот на времето. Преваленцата на астма значително се зголемува од година до година. Во 2009 година, астмата предизвика 250.000 смртни случаи на глобално ниво. Во 2010 година, 300 милиони луѓе беа погодени ширум светот. И покрај ова, со правилна контрола на астмата со терапија за намалување и контролирање на симптомите, прогнозата е генерално добра.

Во клиничката болница Жан Митрев, тимот на пулмолози со долгогодишно искуство Ви стои на располагање и Ви нуди персонализиран птистап во дијагностиката и третманот на сите полмолошки заболувања.
Закажете го Вашиот преглед на 02 3091 484

Остеопороза – што претсавува и кога се појавува?

Остеопорозата претставува заболување кое се карактеризира со намалена коскена густина и нивна лесна кршливост. Под лесна кршливост се подразбира фрактура настаната од кивање, кашлање, прегрнување, но и пад со сила пропорционална на падот од стоечка положба на телото.
Половина од мажите и жените над 55 годишна возраст имаат мала коскена маса (остеопенија) или остеопороза, подложувајќи ги на зголемен ризик од фрактура.

Менопаузата е една од главните виновници за појавата на остеопороза кај жените, заради намалени количини на естроген кој делува врз ремоделирањето на коската.
Постои примарна (постменопаузална) остеопороза и секундарна која настанува како резултат на фактори како што се ендокринопатиите, ревматолошките заболувања, употреба на кортикостероидна терапија, алкохолизам, хронична опструктивна белодробна болест.
Фактори на ризик за фрактури се напредната возраст, пушење, мала телесна тежина, недоволен внес на калциум, недостаток на витамин Д, физичка неактивност, рана загуба на естроген (во рана возраст отстранети репродуктивни органи).

Смртноста од фрактура на колк е висока, дури 20% во првата година. Две третини од фрактурите на колк се јавуваат кај жени, а стапката на смртност е поголема кај мажи. Затоа е потребен навремен скрининг на сите жени над 65 годишна возраст (под 65 години само за жените со висок ризик за фрактури и секундарна остеопороза) и мажите над 70 години (под 70 доколку постои ризик фактор за фрактура) со мерење на коскената густина.

Во Клиничката болница Жан Митрев, имаме апарат за мерење на коскената густина (DEXA скен), кој според сите тековни препораки во светот е алатка број еден за соодветен скрининг на остепорозата. Нуди најпрецизни мерења на повеќе скелетни места со најмала изложеност на зрачење. Нашиот тим од професионалци комплетно ќе Ве поддржи за секој следен безбеден и слободен чекор.

Д-р Џулиана Михајловска
Специјалист ендокринолог

Дијабетес – видови и симптоми

Дијабетес (дијабетес мелитус) е хронично метаболичко нарушување кое се карактеризира со покачена концентрација на гликоза во крвта. Тоа се случува кога телото не е во состојба да го регулира нивото на шеќер поради проблеми со хормонот инсулин, произведен од панкреасот.

Зголеменото ниво на гликоза во крвта може да доведе до хронични проблеми во очите, бубрезите, малите и големите крвни садови, познати како микроваскуларни и макроваскуларни компликации. Овие хронични промени во голема мера го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни болести.
Ризикот од дијабетес се зголемува со возраста, особено кај луѓето кои голем дел од својот живот го поминуваат седечки и лицата со прекумерна тежина.

Видови на дијабетес

  • Дијабетес тип 1: oва е автоимуна болест која се јавува кога имунолошкиот систем ги напаѓа и уништува клетките во панкреасот одговорни за производство на инсулин, предизвикувајќи телото да произведува помалку или воопшто да не произведува инсулин. Обично се дијагностицира во детството и младоста, иако може да се појави на која било возраст. Клиничката слика може да се развие многу брзо, дури и со денови, а точната причина е непозната, иако најверојатно се работи за присуство на генетски фактори.
  • Дијабетес тип 2: oва е најчестиот тип на дијабетес во светот. Тоа се случува главно кога инсулинот произведен во панкреасот не може лесно да дејствува, станува збор за отпорност на инсулин, што ќе предизвика прогресивно зголемување на нивото на гликоза. Обично се појавува кај лицата над 40 години, со малку почетни или незабележителни симптоми, па може да потрае со години за да се дијагностицира. Овој тип на дијабетес е главно поврзан со прекумерна тежина (дебелина) и е поврзан со други хронични болести како хипертензија или покачен холестерол и триглицериди.
  • Гестациски дијабетес: oвој тип на дијабетес е оној кој се јавува кај жени од вториот триместар од бременоста. Причините се хормоналните промени, кои можат да ја променат функцијата на инсулинот, а со тоа и да ја зголемат количината на гликоза во крвта. По породувањето, промената може да се намали, иако понекогаш опстојува, развивајќи дијабетес тип 2.

Симптоми

Иако симптомите обично варираат во зависност од типот на дијабетес и од самиот пациент, овие се најчестите симтоми:

  • Зголемена жед
  • Зголемен апетит и зголемена желба за слатка/блага храна
  • Често мокрење
  • Губење на тежина
  • Замор и слабост
  • Проблеми со видот
  • Инфекции
  • Бавно заздравување на рана
  • Дигестивни нарушувања
  • Раздразливост и промени во расположението

Дијагноза и третман

Дијагнозата на дијабетесот се поставува со различни типови на тестови на крвта кои го мерат количеството на гликоза во крвта (гликемија), а третманот се заснова на исхрана, лекови и физички вежби, со цел одржување на нивото на гликоза во крвта до нормални нивоа и на тој начин да можат да се контролираат симптомите. Сепак, понекогаш е потребен инсулински третман.

Бидејќи дијабетесот може да предизвика оштетување на различни органи и системи и да го зголеми ризикот од сериозни здравствени проблеми, неопходно е да се открие што е можно порано за да се започне со негово лекување.

Во случај да имате или да се појави некој од горенаведените симптоми, во ендокринолошката област на Клиниката болница Жан Митрев имаме мултидисциплинарен тим од професионалци со кои пациентите може да се советуваат и да добијат персонализирано внимание од дијагноза до третман и следење.