Интервју со д-р Горан Јовиќ: Краток престој во болница и брзо опоравување – ЛИТОТРИПСИЈА

ЛИТОТРИПСИЈА – минимално инвазивна метода за разбивање на камења во урогениталниот тракт

Литотрипсијата како зафат претставува неинвазивна метода на разбивање на камења. Конкретно овој тип на литотрипсијата кој се изведува ласерски претставува минимално инвазивна метода која за влез ги користи природните уринарни патишта. Истата се изведува ендоскопски и предноста за пациентот е што тој не се задржува во болница т.е самиот процес на опоравување е многу краток.

Предностите на литотрипсијата во споредба со класичната се многу. Покрај визуелниот момент на непостоење на лузна, наспроти лузна од рез при класичната метода на операција, секако многу важен е моментот на намалена можност за компликации поради минималната инвазивност и намален ризик од интраоперативни крвавења. Исто така огромна предност се краткиот престој во болница и брзото опоравување.

Доволно се неколку дена по што пациентите ќе можат да се вратат на секојдневните активности. Во однос на калкулите кои се на тешко достапни места, мораме да кажеме дека сите кои се наоѓаат во мочниот меур, каналите и бубрежно легенче можат да се решат со оваа метода. Доколку се позиционирани на некое друго место, тогаш постојат други методи за решавање на истите.

Литотрипсијата претставува неинвазивна метода на разбивање на камења, која има многу предности пред класичната интервенција. „Покрај визуелниот момент на непостоење на лузна, наспроти лузна од рез при класичната метода на операција, секако многу важен е моментот на намалена можност за компликации поради минималната инвазивност и намален ризик од интраоперативни крвавења. Исто така огромна предност се краткиот престој во болница и брзото опоравување“, објаснува д-р Горан Јовиќ, хирург-уролог.

Пред извесно време имавте исклучително интересна и едукативна посета на болницата „Медпол“ во Истанбул, Турција. Која беше конкретно причината поради која тим од клиничката болница „Жан Митрев“ мина извесен период во оваа болница?

Д-р Јовиќ: Посетата на нашиот уролошки тим на болницата „Медпол“ во Истанбул беше поврзана со набавката на ласер од типот Јена 35W. Истиот служи за литотрипсија на калкули во урогениталниот систем односно во мочен меур, уретер и бубрег. Се употребува и за евапоризација на ситни ТУ (туморски) формации во мочниот меур. Посетата траеше два дена и беше размена на искуства со проф. д-р Булент Еркурт околу користење на споменатиот апарат.

Што всушност претставува самата интервенција литотрипсија и како се изведува?

Д-р Јовиќ: Литотрипсијата како зафат претставува неинвазивна метода на разбивање на камења. Конкретно овој тип на литотрипсијата кој се изведува ласерски претставува минимално инвазивна метода која за влез ги користи природните уринарни патишта. Истата се изведува ендоскопски и предноста за пациентот е што тој не се задржува во болница т.е самиот процес на опоравување е многу краток.

Благодарение на стручниот едукативен престој, но и ласерскиот апарат Јена 35W, кој го поседува клиниката „Жан Митрев“, пациентите од земјава ќе може да ја добијат оваа интервенција и кај нас. Кои се предностите на литотрипсијата во споредба со класичната, традиционална операција?

Д-р Јовиќ: Предности има многу. Покрај визуелниот момент на непостоење на лузна, наспроти лузна од рез при класичната метода на операција, секако многу важен е моментот на намалена можност за компликации поради минималната инвазивност и намален ризик од интраоперативни крвавења. Исто така огромна предност се краткиот престој во болница и брзото опоравување.

Како се формираат, кои се симптомите на присуство на камења (калкули) во урогениталните зони и како се дијагностицираат?

Д-р Јовиќ: За создавање на калкулите во уринарниот тракт, постојат неколку теории. Едната вели дека тие се резултат на создавање на матрикс (јадро) по уринарна инфекција која не била соодветно или воопшто лекувана. Другата теорија за нивната појава ја поврзуваат со генетиката. Генетски предиспонираите пациенти се смета дека имаат отсуство на инхибитор за кристализација во организмот како резултат на што се создаваат калкулуси. Третата теорија тврди дека е поврзана со слабо истекување на урината од уринарниот систем, т.е. задржување што доведува до брзо таложење на кристалите. Секако тука се и конгениталните/вродени или оние стекнатите пореметувања во урогениталниот систем. Калкулите по својот состав можат да бидат неколку различни типови: оксалатни, урични, струвитни и цистински. Истите се дијагностицираат со преглед со помош на ехо.
Мора да споменеме дека и двата пола се засегнати од овој проблем.
Во различни делови од светот во зависност од составот на консумираната храна може да забележиме карактеристични типови камења. Така, на пример, во нашето поднебје, оние кои консумираат прекумерно лисест зеленчук салати (марула, зелка) или мешунки како боранија, грав, грашок, можат да развијат оксалатни камења. Особено можат да се засегнати, на пример, луѓето кои послабо се движат или лежат, на пример, по ортопедски зафат. Во тој период тие консумираат калциум богата храна, а слабо се движат/лежат. Во Јапонија каде консумираат многу ориз и риба камењата се од цистински тип (цистин).

Колку време е потребно за опоравување и враќање на секојдневните активности по направена литотрипсија со помош на ласерски уред и дали овој ласер може да „стигне“ и до камења кои се тешко достапни?

Д-р Јовиќ: Како што веќе споменавме доволно се неколку дена по што пациентите ќе можат да се вратат на секојдневните активности. Во однос на калкулите кои се на тешко достапни места, мораме да кажеме дека сите кои се наоѓаат во мочниот меур, каналите и бубрежно легенче можат да се решат со оваа метода. Доколку се позиционирани на некое друго место, тогаш постојат други методи за решавање на истите.

Извор: panacea.mk

Бактериите и нивното влијание врз нашето здравје

Кои се опасностите кои нè демнат?

Бактериите се насекаде! Но, не сите треба да не плашат.
Сигурно во повеќе наврати сте слушнале дека бактериите се причина за многу болести кај луѓето. Токму во овој текст ќе ви претставиме некоку од нив.
Но, пред да навлеземе во темата, важно е да појасниме што се бактериите. Дел од нив се навистина штетни, но одредени бактерии се исто така неопходни/корисни за нас.

Бактериите се микроорганизми, составени се од една клетка, и се одликуваат со способност за брза репродукција/размножување и со адаптација во различни средини и во различни услови. Бактериите се распространети насекаде – можат да ја колонизираат речиси секоја средина, вклучително и внатрешноста на нашето тело, каде што живеат симбиотски, односно во однос на взаемна корист со домаќинот.

Пример за горенаведеното е огромниот број на бактерии кои живеат во нашите црева, исполнувајќи важни метаболички функции како што се синтезата на витамин К, биотин, фолна киселина, па дури и ферментација на несварливи влакна, меѓу другите функции.

Бактерии има и во устата, на кожата, во ноздрите, во косата, па дури и во ушите, има толку многу што не се знае точно колку бактерии има внатре во телото кои живеат рака под рака со нашите клетки!

Постојат дури и бактерии со кои можеме да подготвиме здрава храна, како што се ферментативните бактерии кои се вклучени во правењето сирење и јогурт.
Но и “корисните бактерии” во даден момент можат да бидат штетни. Секоја бактерија кога ќе се најде на место/во ткиво каде не е дел од нормалната флора, може да предизвика сериозни заболувања. Таков е примерот кога бактериите од цревниот тракт навлегуваат во крвотокот, создавајќи сепса или септикемија, состојба која може да доведе до смрт.
Има бактерии кои се секогаш патогени и нивното присуство во човековиот организам предизвикува болест.
Некои од патогените бактерии имаат способност да лачат токсини и на тој начин да предизвикаат интоксикација и сериозна болест.

Како се пренесуваат?

Овие бактерии кои се штетни за здравјето навлегуваат во телото по различни патишта, како што се контаминирана вода, лошо измиено овошје и зеленчук или сирово и недоволно сварено месо, кое веќе е заразено со штетни бактерии. Оттука клучна е важноста на личната хигиена и мерките за безбедност при ракување со храна.
Лошо измиеното овошје може да биде извор на бактериски инфекции. Кога тоа ќе се случи, бактериите од цревната флора се обидуваат да ги елиминираат напаѓачите за да го одбранат своето живеалиште, бидејќи тие ги одземаат хранливите материи со кои се хранат.

Како тие дејствуваат во нашето тело?

Со оглед на ова, една студија покажа дека патогените бактерии дејствуваат со поврзување со одредени гени на домаќинот каде што живеат, со цел да добијат привремена предност што им овозможува да останат внатре во домаќинот доволно долго за да се репродуцираат, да предизвикаат болест и потоа да се излачат (обично во форма на дијареа), подготвени да заразат друг домаќин во својата стратегија за колонизација.

Токму поради тоа се потенцира и важноста на добро миење на рацете пред и после јадење како и миење на храната пред да ја конзумирате!
Вообичаен третман за бактериските инфекции се антибиотиците. Но бактериите имаа совршени механизми за да се заштитат од дејството на антибиотиците и стануваат отпорни/резистентни на одередени антибиотици кои се употребуваат или на цели групи на антибиотици. На тој начин многу од антибиотиците стануваат неефикасни, а со тоа сме ограничени во изборот и можноста за соодветен третман на инфекциите.

Пет најопасни патогени бактерии за луѓето

Во согласност со се погоре наведено, Светската здравствена организација има објавено Светска листа со приоритетни патогени за кои се прават истражувања со цел развој на нови антимикробни средства. Ова е всушност резултат на тоа дека моментално постоечките за лекување на одредени бактериски болести ја изгубиле ефикасноста.

На листата се наоѓаат:

Streptococcus pneumoniae: Се смета за среден приоритет (бактериите кои покажуваат зголемена отпорност на лекови и предизвикуваат вообичаени болести спаѓаат во оваа категорија), оваа Грам-позитивна бактерија веќе направи резистенција кон пеницилинот.
Предизвикува мали инфекции како што се акутен отитис медиа и синузитис; но и посериозни и инвазивни состојби како што се пневмонија, менингитис и понекогаш перитонитис.

Haemophilus influenzae: Исто се смета за среден приоритет. Тоа е причина за неколку болести кај децата како што се конјунктивитис, синузитис и епиглотитис, бронхит, пневмонија и менингит. Само за појаснување оваа бактерија не треба да се поистоветува со предизвикувачот на инфлуенца односно грип, бидејќи таму станува збор за вирусна етиологија – вирусот Influenza.

Helicobacter pylori: Оваа бактерија, влегува во групата со висок приоритет бидејќи стана отпорна на кларитромицин, така што овој антибиотик повеќе не е ефикасен против болести предизвикани од H. pylori, односно гастроинтестинални нарушувања како што се гастритис, гастродуоденален улкус и одредени видови на рак на желудник.

Staphylococcus aureus: рангирана во високо приоритетната група на бактерии. Тој стана отпорен на метицилин и доведена е во прашање осетливоста кон ванкомицин.
Оваа бактерија предизвикува неколку кожни болести како фурункули, но доколку влезе во крвотокот нејзината опасност е зголемена и може да го зафати речиси секој дел од телото, особено срцевите залистоци и коските.

Pseudomonas aeruginosa: Оваа бактерија е на листата на критични приоритети, односно е мултиотпорна, особено опасна во болниците (интрахоспитална бактерија) и може да предизвика смртоносни инфекции, како што се пневмонија поврзана со механичка вентилација и бактериемија/сепса.

Во моментов, третманот за P. aeruginosa се состои од администрација на комбинирани антибиотици, иако овој метод има големи недостатоци, како што е ризикот од суперинфекција на суперотпорни микроорганизми и токсичноста на самиот третман.

Како заклучок, неопходно е да се истакне дека сите експерти на оваа тема се согласуваат дека најдобриот начин да се запрее брзото зголемување на отпорноста на бактериите на антимикробни средства или антибиотици е да се имплементираат политики за рационална употреба за да се спречи нивно несоодветно и прекумерното внесување.

Препораката, како и секогаш, е да се консултирате со лекар пред да земете било каков лек.

Песјмекер – чувар на нашето срце!

Срцето претставува мускулен орган каде што неговата функција е регулирана од страна на електрични импулси кои што се создаваат од страна на група специјализирани клетки. Местото каде што се создаваат електричните импулси претставува природен пејсмејкер на срцето.
Така создадените електрични импулси се шират низ целиот срцев мускул и на тој начин настанува срцева контракција т.е пумпање на крвта од срцето.

– Срцето има околу 100.000 отчукувања дневно и претставува единствениот орган што можеме да го чуеме и почувствуваме.
Ако природниот пејсмејкер на срцето не работи соодветно, доаѓа до намален пренос на срцевите импулси со што е намален и протокот на крв во виталните органи, особено во мозокот. Резултатот е серија на непријатни симптоми како што се вртоглавица, несвестица, чувство на слабост, гушење и губење на свеста.

Пејсмејкерот е една од најсовршените медицински протези што се вградува во човечкото тело. Благодарение на специјалните алгоритми, пејсмејкерот е дизајниран да го стимулира срцето што е можно поблиску до природната (физиолошка) стимулација.
Што претставува пејсмејкерот, која е неговата намена, како се поставува и на многу други прашања ни одговора д-р Петар Угуров – специјалист кардиолог кој што е дел од тимот кој заедно со д-р Никола Ѓоргов – кардиолог-електрофизиолог, успешно ги изведуваат процедурите поврзани со пејсмејкер во Жан Митрев Клиниката.

Што претставува пејсмејкер?

Д-р Угуров – Пејсмејкерот е мал електричен уред со големина на кутија од кибрит и тежина од 20-50 грама, кој за прв пат бил вграден во 1958 година во Шведска. Основната функција на пејсмејкерот е да обезбеди електрични импулси до срцевиот мускул и на тој начин да предизвика контракција на срцевиот мускул.
Во услови кога електричната активност на срцето е пореметена потребно е да се инсталира електростимулатор кој на некој начин ќе ја имитира работата на природниот електричен систем на срцето.
Пејсмејкерот се состои од два основни дела: генератор на електрични импулси (“Срцето” на пејсмејкерот ) и електроди кои ги носат импулсите од генераторот до срцето. Во основа генераторот е место каде што се произведуваат електричните импулси и при тоа се доведуваат до срцевиот мускул преку тенки флексибилни жици означени како – електроди.

Какви видови на пејсмејкери постојат?

Д-р Угуров – Најчесто пејсмејкерите се вградуваат кај пациенти кои имаат неправилно чукање на срцето во два случаи: бавно отчукување на срцето, познато како брадикардија, и тахикардија, што е забрзано чукање на срцето кое е невозможно да се контролира со лекови.
Покрај пејсмејкерите кои се занимаваат со лекување на бавна или брза срцева работа, постои и трет тип кој се вградува кај пациенти кои имаат срцева слабост. Кај овие пациенти најчесто се открива дека нивната десна и лева комора не работат синхронизирано. Во тој случај на пациентот му се поставуваат две електроди (по една на секоја комора) и преку посебно програмирање за стимулација на десната и лева комора се синхронизира срцевата работа.

Во зависност од вашата состојба и симптомите кои ги имате, може да ви биде поставен еден од следниве типови пејсмејкери:

Пејсмејкери за корекција на бавниот срцев ритам – Овие пејсмејкери се нарекуваат пејсмејкери против брадикардија. Главната функција на овие пејсмејкери е корекција на бавниот пулс. Причини за нивна појава можат да бидат различни, но најчести се атриовентрикуларните блокови од повисок степен (прекин во нормалниот пренос на срцевите импулси од предкоморите во коморите) и заболување на синусниот јазол (места каде се создаваат срцеви импулси).
За лекување на овие болести се користат еднокоморни (стимулација на една срцева празнина, комора), двокоморни пејсмејкери (стимулација на две срцеви шуплини, преткомори и комори) и бивентрикуларни пејсмејкери (трокоморна стимулација на срцето каде десна преткомора е во синхронизација со работа на обете комори кои се со подеднаква стимулација на десната и левата комора). Во најголем процент пејсмејкерот работи само кога е потребно. Тој ја обезбедува долната граница на срцевата фреквенција. Ако чукањето на срцето стане премногу бавно (брадикардија), пејсмејкерот испраќа електрични сигнали до срцето за да ги поправи/забрза отчукувањата.

Слика 1: Бивентрикуларен Пејсмејкер (справа за срцева ресинхронизација)
Слика 2: Тотален Атриовентрикуларен блок со тесен QRS комплекс

Пејсмејкери кои ги запираат „малигните аритмии“ на срцето

Имплантибилен Кардиовертер Дефибрилатори (ICDs) – се справи за лекување на малигни аритмии. Различните срцеви заболувања, често доведуваат до екстремно висок пулс (180-260/мин). Нарушувањето на срцевиот ритам е најчесто вентрикуларна тахикардија. Ова е состојба која пациентите можат да ја толерираат до одреден степен, но потребна е итна медицинска помош. Оваа состојба може да премине во вентрикуларна фибрилација, состојба кога срцето како пумпа практично не функционира и во основа оваа состојба е причина за ненадејна срцева смрт доколку таков пациент не се реанимира и не се лекува со електричен шок.

Имплантибилниот Кардиовертер дефибрилатор е во состојба да ги препознае овие тахиаритмии, каде специјални алгоритми ги одвојуваат овие аритмии од другите тахикардии (забрзување на срцевиот ритам) при тоа аплицира електричен третман таму каде е потребно.

Ги прекинува на два начина:

  • Преку брза електрична стимулација или таканаречен антитахикарден пејсинг (АТП) многу често се нормализира срцевиот ритам.
  • Таму каде антитахикардниот пејсинг не успее да го регулира срцевиот ритам, справата аплицира струен удар кој пациентот го чувствува како удар во градниот кош
Слика 3: Мономорфна Коморна Тахикардија
Слика 4: Треперење на коморите (Вентрикуларна Фибрилација)

Пејсмејкери за корекција на срцевата слабост или пејсмејкери за ресинхронизација на срцето?

CRT – терапија за срцева ресихронизација е нов нефармаколошки метод за третман на симптоматски пациенти во одредени услови со напредна срцева слабост – NYHA III-IV, каде најчесто постои намалена ежекциона фракција на левата комора <35%, блок на левата гранка (LBBB) и проширен QRS комплекс> (>150 ms), во услови на докажана дискинезија или асинхрона работа на коморите.
Овие пејсмејкери се имплантираат кај одредена група на пациенти со срцева слабост, кои имаат ослабено срце и електрично асинхрона стимулација помеѓу левата и десната комора (електрично доцнење) што резултира со механичка асинхронија / доцнење, што доведува до срцева слабост (срцето како пумпа е значително ослабена). Имплантација на овој пејсмејкер речиси истовремено ги стимулира левата и десната комора, што кај околу 60% од пациентите доведува до обновување на срцевата слабост во поголема или помала мера, понекогаш и до целосно закрепнување на срцето како пумпа.

Хипертрофија на левата срцева комора

Навремената дијагноза и соодветниот третман на срцевите проблеми, водат до намалени ризици од ненадејна смрт

Хипертрофија на левата комора на срцето претставува задебелување на ѕидовите на оваа комора. Со задебелувањето на ѕидот, се губи еластичност на самата комора така што срцето не може да се растегне доволно за да ја прими крвта која доаѓа во него, односно се случува т.н. дијастолна дисфункција.
Развојот на хипертрофија на левата комора, може да доведе до срцева слабост и појава на повеќе или помалку живото – загрозувачки аритмии.

Кој се може да биде засегнат од оваа состојба?

Оваа состојба е почеста кај:

  • лицата со висок крвен притисок (артериска хипертензија),
  • пациентите со тешка аортна стеноза, коарктација на аорта,
  • генетски предиспонирани лица или може да се појави во склоп на други заболувања.

Клучни симптоми

Хипертрофијата на левата срцева комора обично се развива постепено. Болеста е без симптоми, особено во раните фази.
Како што напредува хипертрофијата на левата комора, се појавуваат следниве симптоми:

  • Тешкотии во дишењето
  • Замор
  • Градна болка, особено при физичка активност
  • Чувство на брзи, силни отчукувања на срцето (палпитации)
  • Вртоглавица или
  • Губиток на свеста

Причини:
Причина за хипертрофијата на левата комора е зголемување на големината на клетките на срцевиот мускул (хипертрофија), или создавање абнормално ткиво околу клетките на срцевиот мускул.

Клетките на срцевиот мускул може да се зголемат како одговор на нешто што ја тера левата комора да работи понапорно, како што е високиот крвен притисок. Како што се зголемува работата на левата комора, мускулното ткиво на ѕидот на комората се задебелува. Понекогаш и масата на самата комора се зголемува.
Хипертрофија на левата комора може да се појави и поради проблеми во структурата на клетките на срцевиот мускул. Овие промени може да бидат поврзани со генетски нарушувања. Всушност абнормалното ткиво кое се појавува околу клетките на срцевиот мускул е резултат на неколку ретки состојби.

Фактори кои влијаат срцето да работи понапорно се:

  1. Висок крвен притисок (артериска хипертензија): Хипертрофија на левата комора се открива/ визуелизира ехокардиографски. Присуство на хипертрофија е главен показател за можна моќен предиктор на зголемена смртност кај пациенти со хипертензија. Повеќе од една третина од пациентите со хипертензија, веќе имаат хипертрофија при дијагностицирање на хипертензијата. Со лекување на хипертензијата и намалување на хипертрофијата, се подобрува прогнозата на пациентот.
    Степенот на намалувањето на хипертрофијата на левата комора зависи од неколку фактори и тоа од: почетната маса на левата комора, од должината на терапијата, намалувањето на систолниот (горниот) крвен притисок, како и од изборот на антихипертензивни лекови.
  2. Стеноза на аортната валвула: Оваа болест означува стеснување на аортната валвула, која ја дели левата комора од најголемиот крвен сад – аортата. Стеснувањето на аортната валвула предизвикува отежнато испумпување на крвта од левата комора во аортата.
    За да се совлада притисокот низ аортната валвула, се зголемува притисокот во левата комора, што пак стимулира хипертрофија/задебелување на ѕидот на левата комора. Ова зголемување на ѕидот на левата комора, предизвикува фиброза во миокардот, која пак води до срцева декомпензација (срцева слабост) и опасност од вентрикуларни аритмии.
  3. Спортување: Постојаните вежби за издржливост ја зголемуваат побарувачката на срцевиот мускул за кислород, што предизвикува зголемена екстракција и транспорт на кислород низ телото. Периферниот отпор се намалува, но минутниот волумен на срцето се зголемува, со што се зголемува и систолниот крвен притисок. После 3 – 6 и повеќе часа интензивно вежбање се намалува срцевата функција за 4-6% во следните 48 часа од тренингот т.е. се јавува т.н. срцев замор. Ова волуменско оптоварување на левата и десната комора на срцето води до лесно задебелување на ѕидот на левата комора. Сепак, најчесто масата на срцето се зголемува како резултат на ексцентрична хипертрофија. Оваа адаптација, т.е. хипертрофија на срцевиот мускул се јавува со цел да се нормализира стресот од зголемениот притисок врз ѕидот на комората, кој нормално се јавува при зголемен волумен во самата комора. Пумпната сила на двете комори е нормална до лесно намалена.

Ризик фактори

Освен погоре наведените, исто така многу е важно да се споменат и нарушувања во структурата на клетките на срцевиот мускул кои доведуваат до задебелување на ѕидот на срцето.

Такви се:
-Хипертрофична кардиомиопатија: Ова e честа генетска кардиомиопатија, која се јавува кај 1 од 500 лица во општата популација и е предизвикано од мутација на гени кои учествуваат во синтеза на протеини за срцевите мускулни влакна. Дијагноза се поставува ехокардиографски и со магнетна резонанца на срцето кога ѕидот на срцевиот мускул е задебелен (≥ 15 мм во пречник). Најголем број од пациентите имаат нормална должина на живот, но дел од пациентите имаат симптоми на напредната срцева слабост, атријални и вентрикуларни аритмии, тромбемболија и опасност од нагла смрт.
-Амилоидоза: Амилоидозата на срце се јавува како резултат на акумулација на протеинот амилоид меѓу мускулните влакна на срцето. Тоа води до хипертрофија на ѕидот на левата комора, дијастолна, а потоа и систолна дисфункција на срцето. Хипертрофијата може да биде симетрична, асиметрична, концентрична и ексцентрична. Хипертрофијата е најчесто диспропорционално поголема отколку кај пациентите со хипертензија.

Дополнителни ризик фактори:
Покрај хипертензијата и стенозата на аортната валвула, факторите кои го зголемуваат ризикот од хипертрофија на левата комора се:

  • Возраста на пациентот: Хипертрофијата на левата комора е почеста кај возрасните лица над 65 годишна возраст.
  • Телесната тежина: Прекумерната тежина го зголемува ризикот од висок крвен притисок и хипертрофија на левата комора.
  • Семејна анамнеза: Во семејството на пациент со дијагностицирана хипертрофична кардиомиопатија потребни се скрининг ехокардиографски прегледи со цел рана дијагностика на ризичните членови.
  • Дијабетес мелитус: Хипертрофијата на левата комора е почеста кај пациенти со дијабетес мелитус тип 2. Таа е силен предиктор на несакани кардиоваскуларни случувања, вклучувајќи и срцева слабост. Патофизиологијата на развојот на хипертрофијата на левата комора кај пациенти со дијабетес мелитус сеуште се испитува, но се смета дека во развојот на хипертрофијата улога има инфламацијата, оксидативниот стрес и инсулинската резистентност. Со третман на хипертензијата и регресијата на хипертрофијата се намалува ризикот од кардиоваскуларни случувања и смрт.
  • Пол: Жените со хипертензија се изложени на поголем ризик од хипертрофија на левата комора отколку мажите со слични вредности на крвниот притисок.

Дијагноза: За да се постави соодветна дијагноза важна е анамнезата на пациентот, присуството на коморбидитети, позитивната фамилијарната историја, како и физикалниот преглед.
Сепак, во денешно време, најсигурна дијагноза на хипертрофија се постигнува ехокардиографски (ехо на срце) и со магнетна резонанца на срце.

Дијагностички методи:

  1. Електрокардиографија (ЕКГ): Со електрокардиограм се регистрираат електричните сигнали на срцето. Според ЕКГ записот може да се претпостави дијагнозата на пациентот, т.е. дали евентуално пациентот има знаци за хипертрофија на левата, десната комора или преткоморите. Но, за точна дијагностика потребно е да се направат понатамошни испитувања: ехокардиографија и магнетна резонанца на срце.
  2. Ехокардиографија: Оваа метода има поголема сензитивност од електрокардиографијата во дијагностиката на хипертрофијата на срцето. Со ехо на срце се добива 2Д или 3Д визуелизација на срцевите комори, може да се измери дебелината на нивните ѕидови и евентуално да се најде можната причина за развој на хипертрофијата (на пример присуство на аортна стеноза).
  3. Магнетна резонанца на срце: Магнетна резонанца на срце претставува моќна метода, комплементарна на ехокардиографијата. Оваа метода овозможува точна проценка на хипертрофијата особено кога ехокардиографијата ја потценува дебелината на ѕидот во делови кои не се визуелизираат ехокардиографски јасно (антеролатерален ѕид, постериорен септум и врвот на срцето). Освен дебелината на сите ѕидови на левата комора, со магнетната резонанца може да се утврди дебелината на десната комора, како и присуството на дифузна или заместителна фиброза. Според количеството на фиброза, може да се процени ризикот од малигни вентрикуларни тахиаритмии и опасноста од ненадејна смрт.

Третман:

Третманот на хипертрофијата зависи од причината што довела до неа. Хипертрофијата може да се лекува медикаментозно или хируршки.
Доколку хипертрофијата на левата комора е предизвикана од хипертензија или од амилоидоза, тогаш лекувањето е медикаментозно.
Доколку причина за хипертрофијата е тешка аортна стеноза или доколку е присутна ексцентрична хипертрофија која го опструира излезниот тракт на левата комора, тогаш пристапуваме кон оперативен третман.
Кај пациенти со присуство на поголемо количество фиброза во миокардот потребна е превенција од ненадејна смрт што се постигнува со имплантација на кардиовертер дефибрилатор.

Заклучок:

Навремената дијагноза на хипертрофијата на срцето, како и пронаоѓањето на причината за развој на хипертрофијата води до соодветно лекување, а со тоа и до превенција на срцева слабост, намален ризик од малигни аритмии и нагла смрт.

Проф. д-р Милка Клинчева
Специјалист по интерна медицина
Супспецијалист по кардиологија











Што треба да направите кога некој доживува срцев удар?

Во светски рамки од кардиоваскуларни заболувања умираат вкупно 17,9 милиони луѓе, а кај 85% од нив причината за смрт е срцев или мозочен удар.
Согласно информациите објавени од страна на Светската Здравствена Организација за Македонија за 2018 година, бројот на смртни случаи како резултат на срцев удар изнесува 3697 лица што претставува 19,89% од вкупната бројка на умрени во таа година.
Од нив над 60% се со првпат доживеан срцев удар. 1 од 5 срцеви удари се без симптоми, што значи дека личноста не е ни свесна дека се случува. Затоа е важно да знаете што може да направите доколку некој има срцев удар.

Симптоми на срцев удар

Симптомите на срцев удар може да се движат од отежнато дишење, до чувство на комплетна немоќ, односно дека ,,дошол крајот,,.

Останатите вообичаени симптоми на срцев удар вклучуваат:

  • Анксиозност
  • Болка или притисок во градите (ангина)
  • Непријатност во рацете, вратот, грбот или вилицата
  • Палпитации на срцето
  • Чувство на малаксаност, вртоглавица или онесвестување
  • Гадење или непријатност во стомакот
  • Недостаток на здив или проблеми со дишењето
  • Потење.

Додека жените имаат болка/притисок во градите како и мажите, тие имаат поголема веројатност да доживеат отежнато дишење, гадење/повраќање и болки во грбот или вилицата.

Чекори што треба да се преземат за време на срцев удар

При итен случај, лесно е да се паничи. Но, доколку останете смирени помага да се осигурате дека вашиот член на семејството или пријател (или дури и вие) добивате помош – брзо.

Чекор 1: Јавете се на 194
Срцевиот удар е сериозен итен медицински случај и јавувањето на 194 е најбрзиот начин да се добие спасоносен третман. Ова е затоа што лекарите од итната медицинска помош можат да започнат со интервенции веднаш кога ќе пристигнат и додека сте на пат кон болницата.

Чекор 2: Земете лек за болка во градите
Ако вам или на лицето кое има срцев удар, ви се препишани лекови за болка во градите, како што е нитроглицерин, користете го. За оние кои немаат лекови за болка во градите, некои даватели на здравствени услуги препорачуваат бавно џвакање 325mg аспирин кој ќе помогне да се минимизира оштетувањето на срцето или ќе се спречи развојот на опасно згрутчување на крвта. Но, направете го ова само ако нема претходна историја на алергија на аспирин или медицинска состојба што може да ја влоши земањето на овој лек.

Чекор 3: Останете смирени
Додека чекате итна помош, обидете се да останете смирени, олабавете ја облеката и одморете се. Ако се сомневате дека имате срцев удар, не јадете и не пијте ништо освен лекови. Истото важи и ако некој друг има срцев удар. Лицето не треба да консумира храна и течности.
Ако е потребно, започнете со давање прва помош
Во случај лицето што го набљудувате да онесвести и да не реагира, јавете се на 194 и проверете дали има пулс. Ако нема пулс, започнете со прва помош (реанимација со давање вештачко дишење и масажа на срцето).

Ако се работи за дете или доенче, секогаш најпрво пристапете кон прва помош во траење од една минута пред да се јавите на 194.

Зошто е од клучна важност да добиете помош веднаш

Повторно, ако имате и најмало сомневање дека некој (или дури и вие) има срцев удар, првото и најважно нешто што треба да направите е да се јавите на 194. Не се јавувајте кај вашиот матичен лекар, не возете во болница. Овие активности може да изгубат драгоцено време за лекување. И секако не чекајте надевајќи се дека симптомите сами ќе исчезнат. Нема никакви последици ако се покаже дека е лажна тревога, а во сите други случаи може да се спаси живот.

Интервју со д-р Ирена Андонова – Што е миомот, дали се работи за тумор?

Што е миомот, дали се работи за тумор?

Миомите се бенигни, неканцерогени тумори на матката кои се развиваат од нејзиниот фибромускулен слој, па така освен како миоми може да ги сретнете и под името фиброми на матката. Овие најчести бенигни тумори на репродуктивните органи кај жената се јавуваат кај секоја четврта жена во репродуктивниот период. Самата класификација-бенигни тумори, значи дека се локализирани, без ширење во околните и далечни органи. Тие најчесто споро растат, и самите по себе не доведуваат до летален исход.

Дали миомите се јавуваат поединечно или пак може да бидат повеќе на број? Колкава е нивната големина? Каде се може тие да бидат локализирани?

Овие тумори можат да се појават како мекоткивна (солитарна) лезија, но почесто се повеке на број. Тоа означува дека причините за нивното појавување и склоноста, генетското наследство на жената, влијае на сите клетки на матката. Доколку се тие присутни, логично е да се претпостави дека би делувале на целата матка предизвикувајќи појава и развој на различни по големина, различно лоцирани миоми.

Во однос на големината миомите можат да бидат од 1cm до над 20cm големна и може да ја зафатат целата матка, па дури и да го исполнат целиот абдомен. Големината не е пресудна. Не секогаш поголемите миоми се попроблематични и даваат повеке симптоми. Проблемите со овој тип на тумор зависат од неговата поставеност во матката. Доклку станува збор за мал миом од 1cm или 2cm, но се наоѓа во внатрешниот слој на утерусот кој ја обложува неговата шуплина, пациентката може да има изразена симптоматологија во вид на обилни профузни крварења, болки при циклус, развој на анемија, и сето ова да бара хируршка интервенција. Може да станува збор за голем миом, но лоциран на надворешната страна на утерусот и истиот да не дава никаква симптоматологија.
Потенцијалните проблеми од миомот освен од локализацијата, зависат и од други карактеристики како структура и големина. Во некои случаи миомот може да биде асимптоматски, но да пречи за бременост, со својата поставеност или да направи компликации во тек на бременост, кога истотака се препорачува отстранување.

На која возраст најчесто се појавуваат овие тумори? Дали се појавуваат во по менопаузата ? Доколку се јават во постпенопаузата, дали се малигни?

Миомите се јавуваат во репродуктивниот период , од причина што овие тумори се најчесто естроген зависни. Најчесто се срекаваат околу кај жените на 30 годишна возраст со прогресија во појава и раст некаде до 45 годишна возраст, со опаѓање на нивна појава по менопауза. Во постменопаузата на ултразвук може да се верифицираа постоење на миоми, но најчесто се тоа тумори кои се појавиле во репродуктивниот период и сега со појава на менопаузата и пад на естрогенот доаѓа до нивно намалување, таложење на калциум, но тоа незначи дека овие тумори сега станале малигни. Според последните истражувања овие тумори не малигнизираат. Доколку кај пациентката се открие малиген тумор на матката тој од својот почеток е малиген, без претходно да бил миом.

Како овие тумори се дијагностицираат ?

Доклку пациентката нема симтоми, не значи дека миомот не е присутен. Некаде во 40% од случаите тој може да биде асимптоматски. Неговото присуство се утврдува со гинеколошки преглед и ултразвук кој е клучна метода за дијагностицирање на овие тумори. Во одреден број на случаи, кога тие туморите се многу на број и со различна големина, а е потребно да се направи соодветно планирање на опертивна интервенција, тогаш Магнетната резонанца е дополнителна метода за дијагностика.

Какви проблеми најчесто создаваат миомите?

Симптомите кои ги даваат миомите се: обилни, продолжени ирегуларни крварења, болки во малата карлица, симптоми кои се маинфестираат на околните органи како резултат на притисокот кој миомот со своето растење го прави како на прилмер проблеми со уринирање, опстипација или појава на венски тромбози на нозете. Миомот со својата позиција, големина и притисок во матката може да биде причина поради која жената не може да забремени. Исто така може да биде причина за појава на спонтани абортуси, предвремени породувања, крварења во бременост. Исто така миомите поради зголемување на хормоните во бременоста можат да растат и да доведат до завржување на бременост со царски рез, или пак да направат поголеми компликации како предвремено одлепување на постелката носејќи ризик и за мајката и за плодот.

Која е терапијата на миомите ? Дали е потребно и асимптоматските да се третираат? Какви се терапевтски опции имаме?

Дали и која интервенција ќе ја примениме во лекување на миомите зависи од неколку фактори. Возраста и желбата за репродукција, симптоматологијата, ултразвучните карактеристики на миомот, нивниот број и местопложба и секако желбата, начинот на живот на жената. Не сите миоми е потребно да се третираат. Некои само се следат ултразвучно во период од 3 и 6 месеци. Доклку не постојат назнаки за нивен раст, а се асимптоматски, најчесто не се третираат. Секако доколку се постави предлог за терапија, секогаш во договор со пациентката се истражуваат сите можности, односно се прави избор на најдобриот пристап за таа жена. Можностите кои ги имаме на располагање вклучууваат:

  • хормонална таблетарна или инекциона терапија,
  • спирала со хормон која се поставува во утерус и доведува до намалување на миомот или одржување во одредена големина на истиот,
  • хистероскопија – за миоми кои се наоѓаат во шуплината на матката и со еднодневна хирургија можат да се отстранат,
  • соодветни радиолошки процедури за затварање на крвните садови кои го хранат миомот.

Денес покрај класичниот пристап со рез на абдоменот, се применуваат нови современи, минимално инвазивни методи како хистероскопијата и лапароскопијата – под визуелизација со камера, со минимален болнички престој и кратко опоравување.
Понекогаш покрај отстранување на миомот, може да биде потеебно да се отстрани и целиот утерус. Тоа е случај кај оние пациентки кои завршиле со репродукција, а имаат симптоматологија предизвикана од миомите.

Често можеме да прочитаме за разни природни препарати кои го решаваат проблемот со миомите. Што говори вашето искуство, даваат ли резултат?

Денес на социјалните мрежи се нудат различни препарати кои лекуваат од миоми до цисти на јајници, инфекции односно еден лек кој делува на се. Мој совет до жените е: не нарачувајте и не користете нешто што не е истражено, за чија употреба официјалната медицина нема докази, нема студии за негова ефективност. Секогаш помислете на негативните ефекти кои може да ги има. Не верувајте на лек кој ја лекува секоја болест!, Не верувајте во лажните сведоштва на интернет страниците за делотворност на продуктот! Верувајте му на вашиот гинеколог!

И за крај дали миомите можат да се појават повторно по оперативниот зафат?

Да, ние со опертивниот зафат ја лекуваме последицата, додека причините и понатаму делуваат и може да предизвикаат повторно појавување. За жал суште немаме достапна генска терапија да делуваме на една од причините. Секако можеме да предложиме жената да го смени својот начина на живот со имплементација на здрави навики, но со ништо не можеме во 100% да спречиме или да бидеме сигурни дека миомите нема да се појават повторно на друго место на матката.
Затоа најважно е да се земат во предвид сите фактори од страна на пациентката и локлаизацијата, симптоматологијата на миомот, индикацијата за отсранување на миомот (дали пречи на забрменување, дали пациентката крвари) и да се избере соодветна интерванција за секоја пациентка посебно. Не постои униформно решавање на проблемот, односно не значи дека третманот на миомот на вашата пријателка е соодветен и за вас. Донесете информирана одлука заедно со вашиот гинеколог.

Бајпас операција – зошто и кога е потребна?

Срцевата бајпас операција е операција која третира блокирани коронарни артерии. Операцијата е позната и како „бајпас хирургија“ или бајпас графтирање на коронарна артерија (CABG).

Што решава бајпас операцијата?

Срцевата бајпас операција ги третира блокираните коронарни артерии т.е главните крвни садови кои го снабдуваат вашето срце со крв. Срцевата бајпас операција всушност не ги отстранува блокадите во артериите – наместо тоа, таа создава алтернативен пат (исто така познат како заобиколен или „бајпас пат“) дозволувајќи на крвта да тече околу блокадата и во вашето срце.

Зошто ми е потребна бајпас операција?

Вашите коронарни артерии може да се стеснат или да се блокираат со таложење на масна супстанција, наречена „плака“. Ова е познато како атеросклероза. Вашиот лекар може да препорача операција со срцев бајпас ако имате повеќе области на атеросклероза.
Може да ви се препорача срцева бајпас операција доколку имате:

• Болка во градите која не се подобрува со лекови
• Нестабилна ангина
• Претходно преживеан срцев удар
• Коронарна артериска болест не е погодна за коронарна ангиопластика или стентирање

Кои се ризиците од срцева бајпас операција?

Како и со секоја операција, постојат одредени ризици поврзани со хирургиршкиот бајпас на срцето. Дел од ризиците може да вклучуваат:

• Крварење
• Инфекција
• Абнормален срцев ритам (аритмии)
• Проблеми со белите дробови и бубрезите
• Проблеми со краткорочната меморија – главно привремени

Некои пациенти може да доживеат делириум кратко време по нивната операција, па затоа е важно да се подготвите.

Како да се подготвам за бајпас операцијата?

Околу две недели пред операцијата, ќе треба да:

• Проверите кај вашиот лекар во поглед на за земање на вашите лекови – некои можеби ќе треба да се прекинат пред операцијата. Ако земате SGLT2 лек за дијабетес, ќе треба да престанете да го земате најмалку 3 дена пред операцијата.
• Подгответе го вашиот дом за кога ќе се вратите од болница – најдете некој што ќе ве земе од болницата и ќе ви помогне да се вратите дома по операцијата, но и да ви помогне со набавки, оброци, чистење и возење.
• Направете ги важните тестови – вклучувајќи ЕКГ, рендген на граден кош, тестови на крвта, брисеви од нос и препони и доплер на каротидите – ултразвук на крвните садови на вратот што го снабдуваат мозокот.
• Туширајте се со антибактериски сапун согласно препораките од вашиот лекар.

На ден пред операцијата:

• Осигурете се дека вашите црева се испразнети – побарајте лаксатив, доколку е потребно
• Спакувајте мала торба со основни работи, како предмети за лична хигиена и очила – тие ќе бидат однесени на Интензивна нега по вашата операција
• Престанете да јадете и пиете – од полноќ пред операцијата

На денот на операцијата:

• Не заборавајте дека не треба да јадете или пиете ништо – од полноќ пред операцијата
• Член на болничкиот персонал треба да ви ги отстрани сите влакна од градите, рацете, нозете, препоните – за да ја намали можноста на инфекција
• Истуширајте се со антибактериски сапун во болницата
• Облечете болничка наметка – и отстранете ја шминката, лакот за нокти и накитот (протезите може да се остават)

Што се случува за време на бајпас операцијата на срце?

Операцијата на срцев бајпас се изведува под општа анестезија, што значи дека ќе ви бидат дадени лекови пред операцијата за да се опуштите и да ве натера да заспиете.

Штом ќе заспиете:

• Во грлото се поставува цевка за дишење до белите дробови
• Уринарниот катетер се внесува во вашиот мочен меур – за да не треба да одите до тоалетот, но и да се процени количината на урина

Вашиот лекар ќе:

Пристапи до вашето срце – преку засек низ градната коска (стернумот).
Користи вени исечени од ногата, ѕидот на градниот кош или раката – за да послужат како бајпас на срцето.
Запре со работа вашето срце на кратко додека графтите се прикачени на вашето срце – вашето тело може да биде поврзано со машина за срце-бели дробови за да ја одржува циркулацијата на крвта низ вашето тело за време на операцијата.
Рестартира срцето и ќе ве симне од машината срце-бели дробови – дозволувајќи крвта да циркулира назад во срцето.
Вообичаено операцијата трае 3-4 часа.

Што се случува по операцијата на срцев бајпас?

По операцијата за срцев бајпас, ќе поминете еден или два дена во Одделот за интензивна нега, каде што ќе бидете поврзани со машини за да го проценат вашето срце, крвен притисок, телесна температура и дишење.

Денеска е Светскиот ден на здравјето

Наша планета, Наше здравје

Се слави секоја година на 7 април, под покровителство на Светската здравствена организација (СЗО). А овогодинешното мото е наша планета, наше здравје.
Во 1948 година, Светската здравствена организација го одржа Првото Светско Здравствено Собрание на кое одлучи секоја година да го слави 7 април како Светски ден на здравјето.

Светскиот ден на здравјето се одржува со цел да го одбележи основањето на СЗО и организацијата го гледа како можност да го привлече светското внимание на темата здравје која е од големо глобално значење. СЗО организира меѓународни, регионални и локални настани на овој ден поврзани со одредена тема.

Светскиот ден на здравјето е признаен и се одбележува во голем број земји во светот, но и од невладини организации кои третираат прашања од јавното здравје. Тие исто така организираат активности и ја истакнуваат својата поддршка.

Во услови на тековната пандемија и растечкото загадување на планетата, болестите како рак, астма и срцеви заболувања брзо се зголемуваат. Светската здравствена организација има за цел да го насочи глобалното внимание на итните активности потребни за „да се одржат луѓето и планетата здрави“.

Затоа додека се грижиме за себе и нашите блиски, да не забораваме да се грижиме и за нашата планета.