Папочна кила се јавува кога дел од цревата излегува низ отворот на стомачните мускули во близина на папокот. Оваа појава е честа но генерално безопасна.
Папочната хернија е почеста кај бебињата, но може да се појави и кај возрасните. Кај бебињата, таа може да биде поизразена кога плачат бидејќи при плачење тие се напрегаат предизвикувајќи папокот да се испакне кон надвор.
Папочната кила кај децата честопати сама се повлекува во првите две години од животот, иако во некои случаи останува до петтата година но можеби и повеќе. Папочната хернија што се појавува во подоцните години има поголема веројатност да побара хируршки третман.
Симптомите на папочната кила
Папочна кила предизвикува мал оток или испакнување во близина на папокот. Кај бебињата кои имаат папочна кила, грутката може да се види само кога плачат, кашлаат или се напрегаат. Папочната кила кај децата обично не предизвикува болка. Таа пак што се појавува во зрелоста може да предизвика непријатност во стомакот.
Кога треба да се посети лекар?
Ако се сомневате дека вашето бебе има папочна кила разговарајте со вашиот лекар. Побарајте итна помош доколку вашето бебе:
Има нелагодност
Повраќа
Има оток или промена на бојата на местото на хернијата
Симптомите се исти и кај возрасните.
Разговарајте со вашиот лекар ако имате грутка /испакнатина во близина на папокот. Побарајте итна помош ако грутката станува болна и чуствителна на допир. Навремена дијагноза и третман може да помогне да се спречат компликациите.
Мочниот меур е сместен во малата карлица и кај жените лежи на предниот дел на вагината. Оваа потпора со тек на времето може да ослаби и попушти, па мочниот меур да се спушти најпрво во вагината, а потоа и надвор од неа. Ваквото спуштање, може да предизвика бројни проблеми како што се чести уринарни инфекции, уринарни тешкотии, непријатност и стрес инконтиненција позната како подмочување. Истекувањето на урината предизвикано при кивање и кашлање, напнување и интимни односи, доведува до чести уринарни инфекции.
Постојат четири степени на спуштеност на мочниот меур:
Степен 1 (благо спуштен): Само мал дел од мочниот меур паѓа во вагина.
Степен 2 (умерено спуштен): Мочниот меур упаѓа доволно за да може да го достигне влезот на вагината.
Степен 3 (сериозно спуштен): Мочниот меур излегува преку вагиналниот отвор.
Степен 4 (комплетно спуштен): Целиот мочен меур е испакнат и комплетно надвор од вагината; обично овој степен е комбиниран заедно со други форми на пролапс на гениталните органи (пролапс на матката, дебелото црево, цревата и тн.).
Третманот на овие пореметувања е исклучително успешен со примена на вагинална хируршка интервенција со минимална траума и краток престој во болница. Со ваквиот пристап се постигнува реконструкција на позицијата на мочниот меур, но се решаваат и останатите делови кои се спуштиле-вагината и/или матката кои се исто така засегнати во вакви случаи. Многу е важно и тоа што при оваа интервенција успешно се решава и тешкиот проблем со инконтиненција на урината што значајно го подобрува личниот имиџ, самоувереноста, интимниот живот како и воопшто квалитетот на живот кај една жена.
Мениерова болест претставува нарушување на внатрешното уво што предизвикува епизоди на вртоглавица и губење на слухот. За прв пат е откриена и опишана од страна на Проспер Мениер уште во далечната 1861 година. Во повеќето случаи, болеста на Мениер влијае само на едното уво. Иако сериозно го нарушува животот на оние кои се болни од оваа болест, сепак таа не е животозагрозувачка.
Оваа болест може да се појави на која било возраст, но обично се појавува по 50 година. Се смета за хронична болест, но постојат неколку третмани кои помагаат во ублажување на симптомите и го намалуваат нивното долгорочно влијание врз вашиот живот.
За Мениеровата болест се карактеристични четири главни симптоми, кои се појавуваат со различен степен на интензитет:
Вертиго (вртоглавица)
Губење на слухот
Тинитус (зуење или шум во ушите)
Чувство на блокирани уши.
Причини за појава на Мениерова болест
За жал тие се сеуште непознати, но потврдено е дека симптомите се причинети од абнормалната количина на течност (ендолимфа) во внатрешното уво, иако не е разјаснето што го предизвикува тоа.
Факторите кои влијаат на течноста, која може да придонесе за појава на Мениерова болест, вклучуваат:
• Несоодветна дренажа на течноста, можеби поради опструкција или анатомска абнормалност. • Абнормален имунолошки одговор • Вирусна инфекција • Генетска предиспозиција
Бидејќи не е идентификувана поединечна причина, веројатно е дека Мениеровата болест е последица на комбинација на повеќе непознати фактори.
Кои се можните компликаци?
Непредвидливите епизоди на вртоглавица и можноста за трајно губење на слухот може да бидат најкомпликуваните проблеми кај Мениеровата болест. Болеста може да го наруши негативно вашиот живот, предизвикувајќи замор и стрес.
Вртоглавицата (Вертиго) може да предизвика губење на рамнотежата, што го зголемува ризикот од падови и несреќи.
Манифестации на Мениеровата болест
Повторливи епизоди на вртоглавица – Епизодите на вртоглавица се јавуваат без предупредување и обично траат од 20 минути до неколку часа, но не подолго од 24 часа. Тешка вртоглавица може да предизвика гадење и повраќање.
Губење на слух – Фазите во развојот на Мениеровата болест се движат од лесни почетни знаци и симптоми, преку тешки напади на вртоглавици до потполно губење на слухот, ако болеста не се лекува.
Ѕвонење во ушите (тинитус) – Тинитус е перцепција на ѕвонење, зуење, или свирење во увото. Чувство на затно уво. Луѓето со Мениерова болест често чувствуваат притисок во заболеното уво (аудитивна конгестија).
Кога е време да одите на лекар?
Посетете го вашиот лекар ако ги имате погоре опишаните симптоми. Овие проблеми можат да бидат предизвикани од други болести и важно е што побрзо да се добие точната дијагноза.
Хистероскопија донесе револуција во решавањето на гинеколошките проблеми кај голем број на жени. Таа е всушност едноскопска интервенција во која со директна визуелизација со камера (хистероскоп) се гледа шуплината на матката, а снимките се емитуваат на монитор. Ова овозможува да не се прават класични операции како некогаш, туку да се решат многу проблеми што ги засегнуваат жените, без сечење. За хистероскопијата важи правилото: гледаме патологија – промени на матката и во истиот момент ги третираме.
Кога се прави хистероскопија?
Опертивната хистероскопија денес е ,,златен стандард,, за: отстранување на полипи од шуплината на матката, миоми кои се видливи во внатрешноста на матката, горење на слузницата на матката – процедурата ја користиме кај жени кои завршиле со репродукција, а кои имаат обилни менструации кои доведуваат до анемија и општа слабост. Доклку порано беше потребна класична операција кај пациентките со конгенитални аномалии на утерус кои се соочуваат со стерилитет или повторувачки спонтани абортуси и предвремени породувања, денес, сето тоа благодарение на оваа метода е можно да се заврши како еднодневен хируршки зафат, со минимални компликации и многу кусо постоперативно закрепнување. Во нашата болница хистероскопијата е рутинска метода, со која ги решаваме брзо, едноставно и ефикасно проблемите на жените. Со овој начин на третирање и еднодневна хирургија, можноста за компликации е со низок ризик, рехабилитацијата е брза, а тоа секако во денешното модерно време е важно, бидејќи боледувањето е кратко и отсуство од секојдневните обврски е минимално.
Дали хистероскопијата е болна?
Болката значително се разликува помеѓу жените. Некои жени не чувствуваат никаква или само лесна болка за време на хистероскопија, но за други пак може да биде болно. Доколку пациентката смета дека е премногу непријатно, слободно треба да му каже на докторот или медицинската сестра. Тие можат да ја запрат постапката во кое било време. Ако постои загриженост за било што околу овој зафат, пред да започне постапката може да се разговара со докторот и да се разјаснат сите прашања. Ова се однесува и на прашања поврзани со опциите за ослободување од болка.
Закрепнување од хистероскопија
Повеќето жени се чувствуваат способни да се вратат на своите вообичаени активности следниот ден, а има и такви кои се враќаат на работа истиот ден. Можеби ќе сакате да одморите неколку дена во случај ако била користена општа анестезија.
Додека закрепнувате:
Можете да јадете и пиете како и вообичаено веднаш. Може да почувствувате грчеви што е слично на болка при циклус и доколку забележите крварење неколку дена – ова е нормално и нема зошто да се грижите освен ако не е премногу обилно. Треба да избегнувате интимни односи една недела или додека не престане крварењето, за да го намалите ризикот од инфекција. Лекарот ќе разговара за наодите од постапката со вас пред да ја напуштите болницата.
Пишува Д-р. сци. Ирена Андонова Спец. гинеколог/перинатолог
Колоректалниот карцином како што и неговото име кажува е поврзан со цревата, поточно дебелото црево. Она што е основна карактеристика на овој вид на рак е тоа што, за разлика од останатите видови постојат широк спектар активности кои можат да бидат спроведени со цел превенција на оваа болест. Особено што развојот на карциномот на дебелото црево во скоро сите случаи претставува долготраен процес т.е не се појавува преку ноќ. Всушност, колоректалниот карцином се развива од премалигни лезии наречени полипи. Тие се израстоци на слузокожата на цревата, кои доколку не се третираат и продолжат да се развиваат, завршуваат со канцер. Овој процес трае повеќе години, што значи дека има многу можности да се отстранат овие полипи пред тие да станат малигни. Важно е да се напомене дека во 90% од случаите, ракот на дебелото црево се развива од полип, а во 75% има семејна историја.
Кои се симптомите?
Полипите немаат никакви симптоми. Присуството на крварење, анемија, промени во ритамот на столицата или губење на тежината, меѓу другите, може да бидат причина за веќе развиен тумор. Како може да се спречи? За да се избегне појава на карцином на дебелото црево, се препорачува да се консумира храна богата со растителни влакна, да се намали внесувањето на црвено месо и маснотии, да се ограничат висококалорична исхрана, да се одржува постојана телесната тежина, да се биде физички активен најмалку во траење од 30 минути секој ден, да се избегнува тутун и да се намали внесувањето на алкохол.
Која е ризична популација?
Сите возрасни лица од 50 – 75 годишна возраст, но не се исклучува можноста за појава на оваа болест и кај помлада возраст.
Оние со семејна историја на колоректален карцином или полипи
Оние кои претходно имале полип
Пациенти со воспалителни болести на цревата (улцеративен колитис или Кронова болест).
Која е нејзината инциденца?
Доколу споредуваме од географски аспект, Австралија и Нов Зеланд, па потоа Европа и Северна Америка ги имаат највисоките стапки на инциденца (зачестеност). Додека најниски стапки се забележуваат во Африка и Јужна, Централна Азија. Овие разлики поврзани со географската позиција се припишуваат на разликите во исхраната и животната средина, кои пак се комбинираат и со генетски утврдените предиспозиции.
Кога треба да се контролирате?
Секој треба да направи соодветна консултација барем еднаш годишно по 50 година од животот со специјалист гастроентеролог или абдоминален хирург за да се утврди најдобриот метод на испитување и следење. Со оглед на фреквенцијата на оваа болест, важно е сите луѓе да бидат заинтересирани и за оваа проблематика да разговараат со својот лекар.
Треска е температура повисока од 38 ° C. Обично тоа е знак на инфекција.
Треска и висока температура кај новороденчиња и доенчиња се знак за сериозна состојба. Затоа треба веднаш да се однесат на преглед кај лекар.
Повеќето случаи на треска кај децата не бара лекарска помош.
Децата со висока температура треба да бидат добро хидрирани и да им се даваат лекарства против температура или болка доколку имаат.
Нормален опсег на температура за деца е 36,5 ° C-38 ° C. Треска е кога телесната температура на детето е повисока од 38 ° C.
Треска не е болест само по себе, но е знак на болест.
Причини за треска и висока температура кај деца
Децата добиваат треска од повеќе причини.
Инфекциите се една од најчестите причини за треска кај децата. Општо, треската е знак дека телото на вашето дете се бори против инфекција.
Повеќето детски инфекции се предизвикани од вируси. Други инфекции може да бидат предизвикани од
бактерии. Инфекции кои можат да предизвикаат треска вклучуваат:
Гастроентеритис
Обични настинки, грип и други инфекции на горниот респираторен тракт
Болести како ситни сипаници, овчи сипаници и заушки
Инфекции на уво и грло како и инфекција на средното уво и тонзилитис
Инфекции на уринарниот тракт
Пневмонија
Менингитис.
Постојат и други поретки причини за треска. Овие вклучуваат алергиски реакции на лекови или вакцини, хронично воспаление на зглобовите, некои тумори и гастроинтестинални заболувања како што е Кронова болест.
Симптоми на треска
Треска или висока температура може да се појави полека и постепено да порасне за неколку дена, или може да порасне многу брзо. Исто така, може да се крева и да се намалува во тек на денот. Овие работи обично немаат никаква врска со болеста што предизвикува треска.
Високата температура може да направи детето да се чувствува непријатно. Детето може да има треска или да се тресе кога температурата се зголемува и може да се поти кога температурата се намалува. Понекогаш детето може да стане лесно дехидрирано ако изгуби многу течност од треската и потењето, а не пие доволно течности.
Децата на возраст помеѓу шест месеци и шест години може да имаат фебрилни конвулзии.
Повеќето трески и болестите што ги предизвикуваат, траат само неколку дена. Но, понекогаш треската може да трае многу подолго, особено ако тоа е знак на основна болест или хронично заболување.
Ако родителот мисли дека неговото дете има треска, треба да се измери температурата на детето со термометар, кој ќе покаже дали температурата на детето е повисока од нормалната.
Кога да се посети матичниот лекар за треска и висока температура
Бебињата на возраст под три месеци со треска треба веднаш да бидат однесени на болничко лекување. Ова е затоа што е потешко да се каже дали тие имаат сериозно основно заболување.
Кај деца на возраст од 3-12 месеци, треската може да биде знак на позначајна болест, затоа детето треба да се однесе кај матичен лекар во тек на истиот ден.
Деца на возраст над 12 месеци, треба веднаш да се однесат на болничко лекување ако имаат висока температура и следните знаци:
Изгледа поболно од порано – на пример, детето е пребледнето, летаргично и малаксано
Има проблеми со дишењето
Станува поспано или неодговара на дразби
Се чини дехидрирано, одбива да пие или поретко мокри
Се жали на вкочанет врат, има постојана главоболка или му смета светлина на очите
Постојано повраќа или има чести столици
Не се подобрува за 48 часа
Страда од болка или постојано плаче
Предизвикува загриженост кај родителот.
Родителот го познава своето дете најдобро, затоа треба да им верува на своите инстинкти ако детето не изгледа добро или покажува знаци на сериозна болест која бара итна медицинска помош.
Третман на треска
Треската само по себе е ретко штетна. Општо, децата добро се справуваат со треска. Треба да третира треска само ако тоа го прави детето да се чувствува лошо. Треската има својот тек без оглед на третманот.
Ако детето има треска, најважно е родителот да бидете сигурен дека детето пие доволно течности, за да избегне дехидрираност:
Ако доенчето е помало од 6 месеци и е на исхрана со доење, треба да се дадат дополнителни подои
Ако доенчето е помало од 6 месеци и е на адаптирана млечна фoрмула, се понудува вообичаената количина на формула.
Ако доенчето е постаро од шест месеци, се продолжува со доењето или млечната формула. Може исто така да му се понудат на детето бистри напитоци, како вода.
Ако детето е постаро, користете орална течност за рехидратација. Можат да се купат од аптека.
Детето треба да се нуди почесто со помала количина на течности, за да се спречи дехидрација.
Неколку совети за да детето се чувствува попријатно при висока температура:
Детето треба да биде облечено во лесна облека.
При висока температура на детето му се дава парацетамол во препорачана доза и честота. Исто така, може да се даде ибупрофен на деца на возраст над три месеци. Не се даваат лекови за намалување на температура премногу често или предолго, бидејќи може да предизвикаат несакани ефекти, како што е оштетување на црниот дроб.
Се избегнуваат ладни бањи, поминување на телото со сунѓер или мачкање со алкохол. Тоа, всушност, може повеќе да го вознемири детето.
Да не се врши притисок врз детето да јаде. Ако детето не е гладно за време на треска, тоа е во ред.
Ако треската кај детето е предизвикана од бактериска инфекција, тогаш можеби ќе треба третман со антибиотици за да се ослободи од инфекцијата.
Да не му се дава на детето аспирин од која било причина. Аспиринот може да го направи детето подложно на синдром на Реј, ретка, но потенцијално фатална болест. Може да предизвика сериозна болест или дури и смрт кај деца со сипаници или синдром на грип.
Мозочниот удар е состојба што се јавува кога снабдувањето со крв во мозокот е намалено како резултат на блокада (исхемичен мозочен удар) или прскање на крвен сад (хеморагичен мозочен удар). Без крв, мозокот нема да добие кислород и хранливи материи, па затоа клетките во мозочната област погодени наскоро може да изумрат.
Мозочниот удар е сериозна акутно настаната животно загрозувачка состојба, која бара итна медицинска помош затоа што мозочните клетки можат да умрат за само неколку минути. Смртта на мозочните клетки предизвикува делови од телото контролирани од оштетената област на мозокот да не функционираат правилно. Навременото лекување може да го минимизира нивото на оштетување на мозокот и можноста од компликации.
По процентот на смртност мозочниот удар се наоѓа на трето место веднаш после болести на срецето и карцином. На почетакот на 21-от век, речиси 1.1 милиони луѓе од Европа доживуваат мозочен удар секоја година и од нив 80% се исхемични мозочни удари.
Мозочниот удар може да се јави кај сите возрасни групи, но почест е кај пациенти над 65 годишна возраст, иако во последно време стапката кај млади лица расте, што укажува на фактот дека е потребна стратегија за подобра превенција.
Последиците од мозочен удар водат до голем и тежок инвалидитет
И покрај тоа што мозочниот удар започнува ненадејно и неочекувано и се развива многу брзо, тој е последица на дисфункција што траела со децении. Исхемичниот мозочен удар ( т.е мозочен удар предизвикан од блокирање на крвен сад во мозокот) е поврзан со повеќе ризични фактори, особено хипертензија, покачен холестерол, дијабетес, дебелина, аритмија и пушење. Колку повеќе фактори на ризик се присутни, толку се поголеми шансите за мозочен удар.
Симптомите на мозочен удар можат да бидат различни за секој заболен, меѓу кои најчестите симптоми се:
Слабост или парализа на лицето, раката или ногата
Лоша координација или рамнотежа
Тешкотии со зборување или разбирање на говорот
Тешкотии со голтање
Проблеми со видот ( заматен вид, дупло гледање или губење на видот)
Здрвеност или губење на чувството на една страна на телото
Сликовен приказ на некои од најчестите симптоми при мозочен удар
Дијагнозата се поставува врз основа на клиничката слика, невролошкиот статус, невро-имоџинг методите од типот на компјутеризирана томографија, со каротидографија и магнетна резонанца, доплер- сонографија на каротидните и вертебро-базиларни артерии.
Третманот може да биде конзервативен или хирушки, надополнет со физикална терапија за побрза рехабилитација.
Негата после мозочниот удар може да вклучи следново:
Испитување за да се открие типот на мозочниот удар, местото на оштетување, и колку бил сериозен ударот ( поставување на дијагноза ).
Скенирање на мозокот што е можно побрзо што треба да помогне во одредувањето на дијагнозата.
Примање на лекови за да се раздреди грутката од крв (тромболиза). Тромболиза не се нуди секогаш, само мал број од луѓето мо` да ја прими во рок од многу кус временски период после мозочниот удар за да може да десјтвува.
Тест на крвта за да се провери нивото на шеќерот и холестеролот
Препишување на лекови за да се намали крвниот притисок и холестеролот, како и таблети за намалување на ризикот од формирање на грутки на зачепена крв од типот на Аспирин и Клопидогрел и оралните и парентерални антикоагуланси од типот на варфарин.
После мозочен удар може да има следниве проблеми:
Движење и одење
Голтање и јадење
Зборување, пишување и разбирање
Контрола врз мочниот меур или дбелото црево
Губиток на чувство ( целосно или само на една страна на телото)
Слух, вкус или мирис,
Емоционални и психолошки ефекти
Рехабилитацијата може да трае подолг период зависно од степенот на мозочниот удар.
Во склоп на крводарителската акција организирана од страна на Blood Bank – TENK и клиничката болница Жан Митрев, триесеттина вработени вклучително и самиот д-р Жан Митрев, направија место во своите полни работни распореди и даруваа крв која ќе спаси животи.
Оваа акција е прва од ваков тип, но истата благодарение на потпишаниот меморандум за соработка ќе прерасне во традиционална и ќе се одржува 2 пати годишно.