Голема благодарност до сите наши пациенти кои во континуитет ни го доверуваат своето здравје, а и до нашите вработени кои беспоштедно се вложуваат со цел да обезбедиме врвни медицински услуги.
Денеска ни е роденден. Денеска е денот кога се потсетуваме на изодениот пат.
Пред точно 21 година на овој ден – 1 март 2000 година, отпочна со работа тогашната стара болница за кардиохирургија основана од Академик д-р Жан Митрев.
Иако во изнајмени простории на само 600м2 и со тим од 12 луѓе на само 12 болнички кревети од кои половината за интензивно лекување, водени од визијата за висококвалитени здравствени услуги, успешно практициравме кардиохирургија. Токму на тој 1 март 2000 година почна да се пишува историјата во современото македонско здравство, а воедно тоа означи нова ера во македонската кардиоваскуларна хирургија со првата бајпас-операција направена во Република Македонија.
Иако со ограничен капацитет сепак во првите 2 години успеавме да изведеме вкупно 1000 операци и станавме пионери во пробивањето на патот на приватни медицински установи. Претходно сите пациенти беа испраќани во странство, а потоа ние успеавме потпишувајќи договор со државниот фонд за здравство да ги задржиме овде.
Две години подоцна во 2002 година беше направена и првата операција на отворено срце врз буден пациент.
Веќе следната година, 2003 година, стартуваа третманите на вродени срцеви заболувања. Успешно беше поставен првиот АСН occluder, и тоа на преткоморен дефект кај 4-годишно момче.
Во следните неколку години активно работевме на етаблирање на нашата институција и проширување на капацитетите секако согласно барањата и потребите на пациентите. Така во 2008 година се направи проширување со дополнителен капацитет, модерно опремен дијагностички центар на 3000 м2 под наем, но комплетно опремен за брзо и прецизно дијагностицирање без чекање и со вкупен број од стотина вработени. Работевме 24/7.
Десетгодишнината од основањето на болницата, 2010 година, беше одбележана со бројка од 10.000 операции.
А созреваше и идејата за отворање на сопствен објект. Таа почна да се реализира полека, но сигурно во 2012 година со купување на земја и подготовки за изградба на модерен наменски проектиран објект. Градбата стартуваше во 2014 и истиот беше изграден, опремен и отворен во рекордно време од само 2 години на 1.03.2016 година кога беше направено и свечено отворање. Станува збор за клиничка болница со запазени највисоки медицински стандарди и исполнети еколошки параметри која се простира на 17 000 м2 и брои околу 350 вработени. Застапени се голем број дејности и специјалности кои опфаќаат кардиохирургија, но и ортопедија, урологија, гинекологија, потоа радиологија, биохемиски и генетски лаборатории.
Работејќи фокусирано и посветено успеавме за помалку од една година во 2017 да добиеме акредитација од страна на Joint Commission International.
Годишно правиме над 80 000 дијагностички прегледи и 3500 комплексни хируршки операции од кои половината се кардиоваскуларни
2020 беше полна предизвици, а ние успеавме да се прилагодиме на пандемски услови на функционирање во релативно краток временски период претворајќи еден дел од капацитетите на Клиничката болница Жан Митрев во КОВИД центар, најголем од овој тип во регионот. Во даден момент кај нас беа хоспитализирани и третирани 80 пациенти дневно на кои им беше потребно интензивно лекување.
Во такви услови бевме една од ретките институции во светски рамки која во време на пандемија се осмели да се пријави и успешно да биде реакредитирана со златниот печат од JCI.
Денес Клиничка болница Жан Митрев е препознатлива како софистициран, современ медицински центар со комплетни најсовремени дијагностички процедури во повеќето медицински гранки, поддржани со услуги од модерната хирургија, анестезија и интензивна нега.
Денеска одбележуваме точно 21 година од основањето, но се` уште работиме со истиот жар и понатаму борејќи се за обезбедување на врвни медицински услуги.
Да сме живи и здрави сите.