Хируршка корекција на уши – Отопластика

Естетската корекција на ушните школки претстававува една од најчесто изведуваните естетски операции во детската возраст. Корекцијата на ушните школки најчесто се прави поради следните причини:

  • Проминентност на ушните школки (клемпави уши)
  • Големина на ушните школки
  • Несиметричност на ушните школки
  • Вродени деформитети на ушите

Најчеста индикација за отопластика е еднострана или обострана проминентност на ушните школки или во јавноста позната како клемпави уши.  

Клемпави уши – отапостаза

Клемпавите уши (отапостаза) се состојба при која ушната школка е многу оддалечена од површината на главата. Клемпавите уши ретко се едностран деформитет. Најчесто се сретнува неправилност на двете уши. Изразеноста на клемпавоста се одредува согласно аголот на ушната школка во однос на мастоидната коска на главата. Според тој агол, клемпавоста може да се категоризира како сосема блага клемпавост (едвај воочлива) или пак силно изразена. За клемпави уши се сметаат оние каде што аголот меѓу ушната школка и главата е поголем од 25 степени.

Цел на оперативниот третман

Оперативниот третман на клемпавите уши се прави исклучително од естетски побуди, бидејќи отапостазата не прави функционален проблем. Оваа операција е многу благотворна особено кога се во прашање деца. Бидејќи децата со клемпави уши најчесто се мета на потсмев од страна на своите врсници. Самата операција, покрај подобрување на естетскиот изглед, овозможува повисоко ниво на самодоверба кај детето и негов подобар психички развој, бидејќи по направената корекција детето добива подобро социјално прифаќање.

Кога е најдобро време да се изврши оперативниот третман?

Клиничките студии направени во голем број европски земји покажуваат дека идеалното време за оперативен третман на клемпави уши е пред детето да тргне на училиште. Иако ваква корекција може да се направи и било кога подоцна во животот.

Сепак, оперативниот третман не треба да биде направен прерано. Кај малите деца бидејќи рскавицата на самата ушна школка е многу мека, ушите се многу свитливи. Сето тоа го отежнува моделирањето на ушната школка и затоа не се препорачува вршење на оперативен третман кај деца на возраст под три години. Најдобрата возраст е претшколската и тоа во периодот околу шестата и седмата година. Тогаш завршува развојот на надворешниот ушен канал, рскавицата станува поцврста и овозможува подобро моделирање на истата. Од друга страна, периодот пред да тргне детето на училиште е погоден и бидејќи ќе се избегне детето да биде мета на потсмев од врсниците.

Оперативна техника

Оперативната интервенција може да се изведе во локална или општа анестезија. Кај мали деца оперативната интервенција се изведува под општа анестезија поради поголем комфор за изведување на оперативниот третман, додека кај поголеми деца и возрасни операцијата може да се изведува во локална анестезија.

При интервенцијата се обезболува местото околу ушите. Од задната страна на ушната школка се прави рез со цел да се пристапи на рскавицата од ушната школка. Потоа рскавицата се ослободува од околното ткиво и се преклопува. По преклопувањето истата се шие за сврзното ткиво кое се наоѓа позади ушната школка, и на тој начин се корегира клемпавоста. Оперативната рана се шие, потоа се прави преврска. Постојат повеќе модификации на оперативната техника, но генерално сите се базираат на горенаведените основни постулати. Која оперативна техника ќе се искористи зависи од состојбата на ушните школки на пациентот.

 Постоперативна нега

Во постоперативниот тек, едно од најважните нешта е преврската да се носи 6 дена по операцијата. Првата контрола по операцијата е шестиот ден кога се отстранува завојниот материјал и пациентот може да го види резултатот од изведената оперативна корекција на ушите.

Завојниот материјал ја опфаќа целата глава, односно дел од главата покриен со коса. Постојат универзални компресивни бандажери, или пак може да се користи завоен материјал во облик на руска капа. Важноста на завојниот материјал е од клучно значење. Бидејќи рскавицата нема крвни садови, односно исхраната на рскавицата е преку дифузија на нутритиентите во кожата на ушната школка. Доколку не се одржува постојана постоперативна компресија, може да дојде до појава на оток меѓу рскавицата и кожата, односно до таканаречено ,,боксерско уво,,.

Во постоперативниот тек, препорачано е пациентот да не лежи, односно да не спие на страна. Се препорачува профилактичка антибиотска терапија. Најчесто по операцијата нема болка, но доколку се јави таа е во интервали и истата се третира со таблетарна аналгетска терапија.

Постоперативната нега трае до 1 месец по операцијата, во кој период, од вадењето на завојниот материјал до првиот месец, се препорачува носење на лента на главата, со цел да се минимизира ризикот за враќање на ушните школки во предоперативната позиција.

Често поставувани прашања:

1.      Дали ушните школки по операција можат да се вратат во првобитната позиција?

–          Доколку не е направено ремоделирање на рскавицата од ушната школка, или при голема проминенција на ушните школки не е направено ослободување на ретроаурикуларниот лигамент (лигаментот кој ја држи ушната школка за површината на черепот), тогаш има ризик. Но, со изведување на претходно наведените процедури, не постои ризик.

2.      Дали постојат компликации од оперативниот третман на клемпави уши?

–          Како и кај секоја операција, компликации постојат, но со спроведување на горенаведените мерки кои се однесуваат на: стерилност при изведување на операцијата, добра хируршка техника, добра постоперативна компресија и постоперативна нега, ризикот за компликации е минимизиран.

3.      Зошто е потребно антибиотска терапија по операцијата?

–          Антибиотската терапија е од големо значење бидејќи по операцијата на ушните школки, по поставување на завојниот материјал, 6 дена истиот не се вади. Во тој период, антибиотикот е од големо значење за да се превенира инфекција од околната бактериска флора која нормално постои на површината на кожата, како и поради потењето додека се носи завојниот материјал.

4.      Дали може да се оштети слухот по изведување на операција на ушната школка?

–          Во процесот на слушањето, ушната школка нема функција на сетило на слух, истата е наменета само да го изолира звукот кој што сакаме да го слушнеме. Во текот на операцијата нема ризик за повреда на слушното тапанче и средното уво, така што не постои ризик за оштетување на слухот.

5.      Што треба да знае секој кој сакуа да направи операција на ушните школки?

–          Ушните школки претставуваат предилекционо место – место за зголемен ризик за развој на келоидни или хипертрофични лузни. Иако овие лузни се јавуваат кај помалку од 2% од пациентите кои подлегнуваат на оперативен третман, сепак пациентот треба да биде предупреден за можниот ризик по операцијата.    

Усвојувањето нови знаења е секогаш предизвик, но и возбудливо искуство

Нови научни знаења со цел напредок во грижата за пациентите, голем број интерактивни сесии со практични случаи за управување со васкуларен пристап како и предизвикувачки сценарија за ТАВИ, беа само дел од презентираното за веме на првиот регионален собир My Sofia Valves кој се одржа на почетокот на април во Универзитетската болница „Света Ана“ во Софија, Бугарија. Секако најголем интерс предизвика сесијата посветена на „Предизвикувачки случаи и компликации“.

На овој курс учествуваше и дел од нашиот ангио тим предводен од д-р Вилма Ампова-Соколов – кардиолог и сестрите Сузана Костовска и Соња Русевска.

Разменувањето на искуства и знаење е секогаш добредојдено

Од 04.04-07.04.2024 година во Охрид, се одржа 7-от Македонски Конгрес по Анестезиологија, Реанимација и Интензивно лекување каде учествуваа голем број анестезиолози, интензивисти и специјалисти од други области како од регионот така и од светот. Беа опфатени актуелни и најнови трендови во анестезиологијата за кои дискутираа експертите, распределени тематски во повеќе сесии.

Меѓу предавачите на овој конгрес беше д-р Тања Грамосли – специјалист по анестезиологија и интензивно лекување која презентираше на тема ,,Хемофилтрации” изнесувајќи ги искуствата од примена на оваа метода во клниката, започнувајќи од 2000 година, а поткрепени со актуелни примени од клиничката пракса.

Второто предавање беше на д-р Емил Стоицовски – специјалист по анестезиологија и интензивно лекување. Тој презентираше на тема ,,Цервикални блокови” во склоп на сесијата за Регионална анестезија и Менаџмент за болка, при што ја изнесе сестраната употреба на цервикалните блокови и нивните предности, со акцент на нивна примена во васкуларната хирургија.

Како постер презентации беа објавени: ,,Ефектот на анестезија со низок проток (low-flow anesthesia) на респираторниот метаболизам во кардиохирургијата” – од д-р Марко Ѓоргон – специјалист по анестезиологија и интензивно лекување и ,,Периоперативен менаџмент на пациенти со срцева слабост кои подлегнуваат на не-кардиохируршки операции’’ – од д-р Симона Деспотовска – специјализант по анестезиологија и интензивно лекување.

Нашите специјализанти д-р Јована Стојменовиќ и д-р Симона Деспотовска земаа учество и во дводневната работилница за примена на ултразвук во анестезиолошката пракса (Point-of-care ‘POCUS’ ultrasound) која беше одржана од д-р Ана Сјаус (Канада), д-р Иван Величковиќ (САД) и д-р Хавиер Кубилос (Канада).

Интервју со проф. д-р Васил Илиев: Апсолутно е неточно дека подмочувањето е нормална работа кај жените

Инконтиненцијата, или неволното испуштање на урина е проблем, поточно состојба која иако почесто се јавува кај жените, не ги одминува ниту мажите. Постојат повеќе типови на инконтиненција, нејзино дијагностицирање, и секако решенија. За тоа, кој метод на решавање е најуспешен, како се поставува дијагнозата и за се поврзано со оваа здравствена состојба, разговаравме со проф. д-р Васил Илиев, гинеколог-акушер, супспецијалист по урогинекологија

Што претставува инконтиненцијата-за каква состојба станува збор?

Проф. д-р Илиев: Континенцијата претставува физиолошко, нормално полнење и празнење на бешиката, која меѓу две празнења е комплетно сува, односно не доаѓа до истекување на урина. Инконтиненција е спротивното, односно состојба при која доаѓа до испуштање на урината кое е неволно, неконтролирано мокрење, без да се има желба, односно чувство на потреба за уринирање. Ова е сложен термин.

Бројките се запрепастувачки, имено постојат испитувања на млади девојки – гимназијалки, кои покажа дека дури кај над 25% е забележан момент на неволно истекување на урина.

Какви се типови на инконтиненција постојат?

Проф. д-р Илиев: Постојат повеќе типови, односно категории. Практичен проблем е неадекватна диастола на мочниот меур. Најчеста причина за неволно истекување на урината е зголемен интраабдоминален притисок кој што се пренесува лесно во широка, посебно во женска карлица. Ова важи генерално за жени, но се среќава и кај мажите. Женската карлица е волуменозна, поради репродуктивните капацитети и сите сили на притисок кои што се создаваат во карличната шуплина. Секоја сила по закон на физика прави еден фокус на делување, кој коинцидира со мочниот меур, бидејќи кога сме се исправиле од квадрипедална позиција во бипедална позиција сите органи доживеале антипонирање и мочниот меур дошол во фокусот.

Сите органи во нашето тело се на нешто легнати или се на нешто обесени и сите тие два модалитета на фиксација, таканаречена, не апсолутна, доживуваат физиолошка динамика.
Кога фокусот на сила делува, се зголемува интрауретралниот притисок и се обезбедува континенција. Кога тоа не е реализирано синхроно, со зголемување на интраабдоминалниот притисок, тоа значи кашлање, смеење, трчање, па дури и сексуални односи некогаш, доаѓа до неволно истекување на мокрача, познато како СТРЕС ИНКОНТИНЕНЦИЈА НА УРИНА. Тоа е најчеста причина за проблематиката кај жените во однос на инконтиненцијата.

Втора голема група е неволно истекување на урина поради несинхронизирана контракција, стегање на мускулатурата на мочниот меур. Значи, пациентката не може да ја контролира ненадејната контракција на мочниот меур и таа итно мора да реализира уринирање. Тие жени, поради тоа народски кажано подмочување, живеат постојано со влошки. Истото е и со првата категорија. Сакам да потенцирам дека квалитетот на живот на пациенти со инконтиненција е исклучително нарушен, редуциран.

Контакт со луѓе, контакт со внуци (ако се повозрасни), постои мирис поради урината. Тие имаат постојано чувство на мокрост и иритација на кожата која се јавува релативно брзо. За жал кај нас, но според моето искуство од работата во странство, и во некои останати земји, многу често жените мислат дека инконтиненцијата, подмочувањето е нормална работа за жена која што родила, што апсолутно не е точно.
Ова група се нарекува УРГЕНТНА ИНКОНТИНЕНЦИЈА или дијагноза нестабилен детрусор и се јавува од непозната причина, значи не постои невролошки испад кој што го оправудва тоа хаотично функционирање на мускулот на бешиката. Кога постои невролошка причина, некое воспаление или повреден ‘рбетен мозок или друго, тоа се нарекува НЕУРОГЕНА бешика. Тоа се манифестира исто, ама етиологијата – причината е различна.

Покрај овие две големи групи, постои и МЕШАНА / КОМБИНИРАНА ИНКОНТИНЕНЦИЈА. Значи има пациенти кои што имаат и стрес инконтиненција и ургентна инконтиненција. Тоа е предизвик за решавање, оти се решава на два различни начини.

Стрес инконтиненцијата се решава оперативно, додека другото се решава фармаколошки. И често пати кога ќе се реши стрес инконтиненцијата, поради минимално поместување на спојот на мочниот канал со бешиката, доаѓање до големо корегирање и на нестабилниот детрусор. Затоа и треба да се прави тој редослед на решавање на проблемот.

И постои една поретка група кај жени на интконтиненција, т.н. ПРЕЛЕВНА. Значи доаѓа до истекување затоа што се преполнува бешиката и често пати таа може да биде, зависи од капацитетот, односно од континуитетот на сензибилитетот, дали биле со осет или без осет. Тоа доаѓа кај жени кои имаат паралелен генитален спад, па доаѓа до агол кој е пооштар на мочниот канал или каде што имаат спад на мочниот меур, надвор од влезот на вагината и тука стално останува урина и брзо се преполнува и прелева.

Сакам посебно да ја напоменам важноста на позицијата на мочниот меур, матката и вагината за зачувување на физиолошката односно нормална функција на овие органи. Скоро во 80% случаи на стрес инконтиненција на урина постои и некој спад (полапс) на мочниот меур и/или гениталните органи. Затоа и решението најчесто е комбинарано и се прави корекција на самиот пролапс и на инконтиненцијата на урината.

Кои се дијагностичките процедури кога станува збор на инконтиненцијата?

Проф. д-р Илиев: Не постои единствен начин за дијагностика на овие различни типови на инконтиненција. Најчесто тие и не се свесни дека постојат различни типови. Затоа најпрво треба да се направи урогинеколошки преглед. Зошто? За да се исклучи пореметување на статиката на гениталните органи, да се исклучи или потврди спад на мочниот меур, на утерусот и/или на дебелото црево. Потоа треба да се направи еден тест – рутински стрес тест, односно Маршалов тест, дополнително на кој се прави и еден друг тест – Бони-ев тест, а може да се надоврзе и Кју тип тест. Тоа е во делот на амбулантската дијагностика.
Постои и кабинетска дијагностика, која се нарекува уродинамика – мерење на притисоци и протоци во мочниот меур и во мочниот канал.

Кога може, односно кога пациентот може да сфати дека има проблем со инконтиненција?

Проф. д-р Илиев: Суштествено е, при поставувањето на дијагноза ИНКОНТИНЕНЦИЈА, да се исклучи постоење на инфект на урината. Кога тоа постои прво треба тој да биде саниран за да се пристапи кон понатамошно дијагностицирање и заклучоци.

Кои се терапевтски модалитети постојат за решавање на проблемот со инконтиненцијата?

Проф. д-р Илиев: Во глобала се поделени на конзервативни и оперативни. Конзервативните опфаќаат т.н. Кегелови вежби кои придонесуваат за јакнење на мускулатурата на карлицата и се применливи од рана младост како превентива на урогенитални проблеми од аспект на полапс и/или инкотиненција. Тие вежби за жал не го решааваат веќе појавениот пролапс или инкотиненција на урината.
Оперативниот модел на решавање – е минимално инвазивна хирургијата која јас ја практикувам. Овој зафат подразбира вагинален отвор од 7mm и поставување на полипропиленска трака на местото под уретровезикалниот спој, која што се инкорпорира и го имитира сфингтерниот механизам, засилувајќи го. Најважното е што овој тип на операција има успех над 96%, и пациентот уште веднаш или по само еден ден си оди дома. Уште една прдност е дека нема резови, не се отвора абдоменот што ја класификува во минимално инвазивни процедури со траен ефект. Тој е најадекватен пристап и денес во светот важи за златен стандард при решавање на стрес инконтиненција на урината. Овој минимално инвазивен вагинален пристап го применувам и за третирање на пролпас на мочниот меур, матката и/или вагината со траен резултат во корекцијата на нивната позиција одосно функција.

Време е за пролетна генералка

  • Ехо на мускулоскелетен систем 1 800 ден.
  • Ехо на тироидеа 2 000 ден.
  • Пулмолошки преглед 2 000 ден.
  • Нефролошки преглед 2 000 ден.
  • Дерматолошки преглед 2 000 ден.
  • Фотофајндер (скенирање на бенки) 6 000ден.
  • Колоноскопија со анестезија 18 000 ден.
  • Гастроскопија со анестезија 18 000 ден.
  • Доколку се направат двете во еден акт 28 000ден.
  • Ехо на дојка 1 800 ден.
  • 2Д Мамографија 2 500 ден.
  • 3Д Мамографија 4 500 ден.
  • Остеодензитометрија Дексаскен 1 900 ден.
  • МСКТ серија со контраст (глава со врат/абдомен/долни екстремитети) 14 000 ден.
  • МСКТ нативна серија бели дробови  со крвна слика 12 000 ден.
  • ЦТ виртуелна колоноскопија 12 000 ден.
  • МР нативна серија 13 000 ден.
  • Магнет на цел рбет 21 000 ден.
  • Магнет на матка со контраст 15 500 ден.
  • Магнет на дојки 15 500 ден.
  • Магнет на срце 20 000 ден.
  • Сексуално преносливи болести 3 истовремено (Chlamydia trachomatis, Trichomonas vaginalis и Neisseria gonorrhoeae) од прва утринска урина (со PCR метода) 1 800 ден.

Ангио тимот од клиниката повторно во акција

Денеска беше направена серија затворања на вродени срцеви маани од типот ПФО (перзитент форамен овале). Тимот во состав д-р Вилма Ампова-Соколов, д-р Илија Нешковски, д-р Петар Угуров и сестрите Сузана Костовска, Соња Русевска, Стефан Јанески и Бети Игнатова успешно извршија поставување на оклудер со цел решавање на оваа состојба. ПФО е, народски кажано, отвор во срцето кој кај 80% од популацијата се затвора неколку недели по раѓањето, но кај 20% од луѓето продолжува да постои. Иако се смета за вроден дефект, сепак тој не е дефект во вистинска смисла на зборот, бидејќи преградата помеѓу двете преткомори постои, но е нецелосна.

Вообичаено форамен овале може да даде клинички симпоми, како што се:

  • Мигрена (главоболка)
  • Транзиторна исхемична атака (ТИА) или
  • Мозочен удар.

Доколку отворот е поголем од 4mm тогаш препорачливо е да се направи негово затворање со цел да се спречат компликации.

Интервју со д-р Горан Јовиќ, хирург уролог во Клиника Жан Митрев: Мажите барем еднаш годишно треба да се јавуваат на уролошки преглед

Доктор Јовиќ е хирург уролог во Клиника Жан Митрев и еден од најголемите специјалисти во доменот на урологијата. Со доктор Јовиќ разговараме отворено за сите табу теми поврзани со машкото здравје кои што произлегуваат од уролошките заболувања, за ризик факторите за заболувањата, за симптомите и за прегледите, кога и како треба да се јавите на лекар. Покрај посветеноста на здравјето на пациентите и едукација за уролошка дисциплина, д-р Јовиќ низ својот пример, возење мотор, свирење усна хармоника и гитара упатува порака за важноста и потребата од хоби за секој човек.

Далии колку граѓаните се свесни за уролошките проблеми и дали тие се однесуваат само за одредена возраст? Колку се потребни превентивните прегледи?

– Уролошките проблеми и опасности од заболувања се уште се некако занемарени кај луѓето. Граѓаните сѐ уште не се свесни за она што потајно може да се случува во нивниот организам, веројатно не се ни добро информирани или доволно запознаени. Обично се јавуваат на прв преглед само кога имаат некои симптоми или веќе им почнале проблемите. И уролошките заболувања како и се во човечкиот организам, се појавуваат и развиваат некогаш без некои јасни и видливи симптоми. Затоа, секогаш прегледите треба да бидат превентивни, рутински и редовни, без појава на некаков симптом. Советуваме мажите барем еднаш годишно да се јавуваат на уролошки преглед.

Што е простата и каква улога има таа во човековото тело?

– Простатата е клучна жлезда кај мажите која се наоѓа во долниот дел од карлицата, под мочниот меур околу изводниот мочен канал. Простатната жлезда има задача да излачи течност-простатичен сок, кој е медиум во кој опстануваат сперматозоидите кои се создаваат во тестисите. Значи простатната жлезда го прави медиумот за одржување на живот на сперматозоидите.

Кои се првичните симптоми кои што можат да укажат дека постои проблем со простата?

– Првичните симптоми секогаш се неприметливи и доаѓаат ненајавено, особено за ова заболување. Имено поради фактот дека симтомите се појавуваат постепено, пациентите навидум се навикнуваат на нив. Но, како прв симптом на хиперплазија од којшто сѐ започнува е слабеење на млазот односно намалување на притисокот при мокрење, и кога ова се повторува тоа е веќе знак дека треба да се оди на преглед. Потоа се појавува вложување напор кај пациентот за да се измокри, недоволно празнење, зачестеност на мокрење, често ноќно мокрење и понатаму како проградираат овие симптоми, доаѓа до комплетно ослабување на млазот, дури мокрење на капки или неможност за празнење.

Дали зголемената простата води до карцином и кои се факторите за добивање на оваа болест?

– Не секогаш зголемената простата води до карцином. Возможно е простатната жлезда да премине во некое малигно заболување и да започне развој на карцином. Но, тоа нема никаква врска со зголемувањето на простатата (хиперплазијата) туку е поврзано со појава на малигни клетки во самата простатна жлезда. Симптомите кај карциномот на простата и кај бенигна хиперплазија се потполно исти, затоа е потребно секој човек, без оглед на возраста да се јави навреме на преглед, бидејќи карциномот на простата доколку е навремено откриен е 100% излечлив и тоа е многу битно да го знаат пациентите.

Колку исхраната и начинот на живот влијаат за добивање на карциномот на простата?

– Точно е дека имаат влијание, не е клучно, но сепак не треба да се занемарат статистиките кои дури и покажуваат дека исхраната влијае на болеста особено во земји каде се користат, односно се консумираат во голема количина пушени и полусирови пушени производи. Сепак, во последно време ова заболување повеќе се поврзува со зрачењето и загадувањето кои имаат многу поголемо влијание споредено со самата исхрана. А ние живееме токму во таква средина, со висок степен на загадување на воздухот во текот на целата година и затоа овие ризик фактори уште еднаш треба да не потсетат на неопходноста од редовни прегледи.

Како изгледа и од што се состои првиот преглед кај уролог?

– Секој преглед започнува со разговор меѓу докторот и пациентот, барем тоа е императив кај нас во Клиника Жан Митрев. Разговорот е можеби најпотребниот дел затоа што тука се воспоставува врската со пациентот, се развива меѓусебна доверба, при што докторот добива вистински увид во животот, здравствената состојба и можниот здравствен проблем на пациентот. Низ разговор се откриваат симптомите на пациентот, животните навики и рутини. Пред да се започне со физичкиот преглед, секако неминовно е да се направат одредени лабораториски анализи и да се провери простатично специфичниот антиген ПСА. Доколку се покаже како потребно следи ехо дијагностика во која се гледа целиот уринарен систем, прво на полна бешика, а потоа на празна, се мери рест урината, секако доколку ја има рестурината. Понатаму се постапува согласно потребното и неопходното за состојбата на пациентот. Но, редовните контролни прегледи се почеток на сѐ, бидејќи се во насока на спречување на развој на какво и да е заболување.

Каков пристап се користи во Клиника Жан Митрев при решавање на уролошката функционалност и дали кај нас постои естетска урологија?

– Естетската урологија е своевидно чудо во медицината и истото се применува и кај нас во Клиника Жан Митрев. Со следење на најновите трендови во естетската урологија и користењето на најновите помагала, во Клиника Жан Митрев веќе стана рутина поставувањето на тестикуларни и пенилните протези, кои одлично ја решаваат нефункционалноста. Исто така, често кај нас се работи и пенис пластика, односно продолжување онаму каде што е терапевтски потребно и каде постои извесен хендикеп. Мора да разбереме дека естетската урологија се применува со цел подобрување на здравствената функција. Кога станува збор за извесна дисфункција на кој било дел од уролошкиот систем, нема дилема дека треба да се преземат сите потребни мерки. Овде ја вклучувам и пластиката или протезите кои потоа како дел од организмот потребно е да се направи да функционираат беспрекорно.

Каква е статистиката, колку често мажите во Македонија се одлучуваат за ваков преглед?

– Во последните десеттина години во месец ноември мажите секаде во светот симболично во знак на поддршка и подигање на свеста за машкото здравје ги пуштат мустаќите и стануваат дел од светското движење МОВЕМБЕР со кое се солидаризирајќи се и апелирајќи за превентивни прегледи. Движењето МОВЕМБЕР успешно се рашири и во нашата земја, што е за пофалба и мислам дека доста влијае на свесноста за ова заболување, особено кај помладата популација, која веќе влегува во ризична возраст и исто така е едуцирана да ги следи овие текови. Во нашата клиника традиционално во тој период се промовираат превентивни уролошки прегледи по промотивни цени со цел зголемување на свесноста за машката популација да стане поодговорна кон уролошкото здравје. Доброто е што функционира и мажите се јавуваат на првите прегледи и следат календар на редовни контроли. Затоа поддршката на ваквите иницијативи навистина треба да премине во традиција со цел навреме да се третираат симптомите кај мажите и да се чува машкото здравје.

Освен што сте доктор и постојано посветен на пациентите, имате и несекојдневни хоби активности, свирење усна хармоника и возење мотор. Кое ви е поголема страст?

– Може да кажам сѐ што е врзано со адреналин ми причинува задоволство. Обично адреналинот го добивам при возење мотор, но адреналинот го имам и во операциона сала.

Скијањето ми е еден од омилените спортови. Едно време бев и инструктор по скијање. Сакам луѓе, сакам да се дружам, свирам гитара, усна хармоника, но и комбинирано гитара и усна хармоника истовремено. За мене годините се само бројка, духот и доброто расположение се клучни, затоа одбирам хоби активности кои ме релаксираат многу, давајќи ми позитивно чувство и енергија.

Дали дополнителните активности надвор од дневната работна рутина, како хобија, можат да влијаат и како влијаат врз здравјето?

– Секако и недвосмислено. Позитивното влијание врз здравјето доаѓа оттаму што сите активности, што не се поврзани со работните обврски, какви и да се, даваат момент на опуштање, на релаксација. Овие активности ни го хранат духот, ни го облагородуваат животот.

Во ниеден случај не е убаво луѓето да бидат пасивни. Едноставно да се оди дома и да се биде затворен. Секој треба да има некоја цел пред себе и да прави нешто ново, различно кое дополнително фактички го одржува и умствено и физички.

Извор: 4news.mk

ЕХО-ултразвучен преглед на мускулоскелетен систем

Ултразвучниот преглед на мускулите и тетивите е неинвазивна, безболна, брза и прецизна дијагностичка процедура базирана на употреба на високофреквентни ултразвучни бранови.
Со ултразвучен преглед на мускулоскелетниот систем јасно можеме да видиме: зглобен простор, тетиви, лигаменти, мускули, мускулна фасција и индивидуални нерви. Ние користиме ултразвук за:

  • Повреди и воспалителни процеси на тетивите и лигаментите
  • Мускулна повреда со мерење на евентуалните димензии на хематом и проценка на времето на опоравување
  • Исклучување или потврдување на сомневање за евентуален експанзивен туморски процес на поткожното масно ткиво и мускулните структури
  • Воспалителен процес во зглобот и присуство на течност во зглобот
  • Дегенеративни промени во зглобовите
  • Воспалителни процеси на бурзите
  • Испитување на поединечни нерви

Прегледот е многу краток, трае само 15-20 минути и не е потребна посебна подготовка за истиот.

Во нашата клиника работат радиолози и ортопеди со долгогодишно искуство. Закажете го Вашиот термин на 02 3091 484