Интервју со д-р Златко Чипуровски, специјалист офталмолог

Отворање на Центарот за офталмологија во Клиниката „Жан Митрев“

Д-р Чипуровски, во клиничката болница „Жан Митрев“ и официјално почна со работа Центарот за офталмологија во соработка со Промедика Офталмологија, уште една алка во сеопфатниот здравствен центар, кој отсега па натаму овозможува врвна и напредна грижа за очите. Што е она што го издвојува овој Центар од останатите во земјава?

Д-р Чипуровски: Центарот за офталмологија, кој е резултат на соработката помеѓу „Жан Митрев“ клиниката и Промедика Офталмологија, се издвојува како водечки центар во земјата бидејќи располага со најновата и најнапредната технологија за дијагностицирање и третман на очните проблеми во Македонија. Соработката меѓу две од најголемите и најискусните болници во земјата овозможува уникатен спој на долгогодишно искуство, знаење и експертиза, што резултира со пружање на напредна грижа за пациентите кои имаат потреба од офталмолошки услуги.

Каква технологија и апаратура се користи за дијагностика и третман на офталмолошките проблеми во „Жан Митрев“?

Д-р Чипуровски: Центарот користи најмодерна и најсофистицирана технологија за дијагностика и третман на офталмолошките проблеми, која вклучува апарати за високо прецизни дијагностички испитувања како ОЦТ, видно поле, ехо/АБ скен, тонометар за мерење очен притисок и рефракто-кератометар.

Кои видови прегледи и услуги се достапни во новиот офталмолошки центар?

Д-р Чипуровски: Во новиот офталмолошки центар во соработка со Промедика Офталмологија, пациентите може да направат офталмолошки преглед, субспецијалистички прегледи, ретинолошки преглед кој е идеален за пациентите со дијабет или ретинолошки заболувања, преглед за катаракта, преглед за глауком, преглед за окулопластика како и детски прегледи.

Кои се најчестите офталмолошки проблеми кај пациентите?

Д-р Чипуровски: Најчестите офталмолошки проблеми кај нашите пациенти вклучуваат рефрактивни грешки (како што се кратковидост, далекувидост и астигматизам), катаракта, глауком, макуларна дегенерација, заболувања на ретината и задниот сегмент на окото, како и различни видови на очни инфекции и алергии. Нашиот офталмолошки центар нуди дијагноза и третман за сите овие состојби со најсовремена технологија.

Посебно внимание посветувате на децата. Што опфаќа офталмолошкиот преглед кај деца и на што треба да внимаваат родителите кога станува збор за видот на децата?

Д-р Чипуровски: Во нашиот центар, посветуваме посебно внимание и грижа на здравјето на очите кај децата, бидејќи навремената дијагноза на било какви очни проблеми е од клучно значење за нивниот правилен развој и учење. Секое дете заслужува јасен вид, и затоа нашата цел е да се осигураме дека сите деца добиваат најдобра можна грижа и дека евентуалните проблеми со видот се откриваат и третираат што е можно порано.
Офталмолошкиот преглед кај децата во нашиот центар вклучува темелна проценка на видната острина, проверка на очниот притисок, преглед на очното дно и детекција на можни рефрактивни грешки или други абнормалности. Нашиот тим работи внимателно и нежно за да го направи прегледот пријатен и безболен за секое дете.
Симптоми на кои родителите треба да внимаваат се: често трепкање, триење на очите, тешкотии во читањето или фокусирањето, двојна слика или нагло губење на интерес за активности кои бараат визуелна концентрација. Секој од овие знаци може да укажува на можен проблем со видот и е причина за консултација со офталмолог. Препорачливо е секое дете првиот офталмолошки преглед да го направи до неговата 3-та година. Ние сме тука да им помогнеме на родителите да нивните дечиња гледаат чисто со помагала или без.

Кои услови треба да ги исполнуваат кандидатите за ласерска корекција на диоптрија?

Д-р Чипуровски: Со ласерската корекција на диоптрија, ја отстрануваме диоптријата кај пациентите за да им се овозможи јасен вид без очила или леќи. Кандидатите за ласерска корекција на диоптрија треба да имаат диоптрија од ‒10 до +6 и ±6 астигматизам (цилиндер), да се на возраст од 18-40 години и да имаат стабилна диоптрија најмалку една година. Дополнително за да се одреди дали пациент е кандидат за интервенцијата, извршуваме детален преглед на кој правиме повеќе детални испитувања и го анализираме секој дел од окото на пациентот.

Што претставува кератоконусот, кога најчесто се јавува и како се третира?

Д-р Чипуровски: Кератоконусот е дегенеративно заболување на рожницата кое доведува до нејзино истенчување и деформација, што резултира со замаглен вид и можност за прогресивна загуба на видната острина. Најчесто се јавува кај млади лица, а неговиот третман може да вклучува носење на специјални контактни леќи или пак интервенција која се нарекува крослинкинг.

Дијагностиката и третманот на катарактата, глаукомот и ретинолошките заболувања се само дел од услугите. Кои се останатите офталмолошки заболувања кои ги третирате во Центарот, а за кои пациентите може да побараат стручна помош?

Д-р Чипуровски: Покрај катарактата, глаукомот и ретинолошките заболувања, во нашиот центар дијагностицираме и третираме и други очни состојби, како што се: рефрактивни грешки, инфекции на очните капаци, трауматски повреди на очите итн. Нашите пациенти можат да добијат комплетна дијагноза и соодветен третман за сите овие состојби.

Секогаш отворени за споделување знаење

Учениците од 4 година од NOVA International School Skopje заедно со своите професорки по психологија Ивана Пемпер и Викторија Димитровска ги посетија нашите оддели за радиологија и неврологија. Тие имаа прилика да се запознаат одблиску со технологиите на снимање на мозокот како што се магнетната резонанса (МР), компјутерската томографија и ЕЕГ дијагностика кои се користат со цел да се утврди фунционирањето на овој орган.

Им благодариме на заинтересираноста и љубопитноста на учениците и секако на професорките, нашата главна Светлана Ончева, сестра Сузана Костовска и нашиот радиолошки техничар Михајло Маноилов кои ја спроведоа оваа посета.

Чувајте го вашето срце здраво

Срцевите заболувања се водечка причина за смрт кај мажите и жените. Преземете чекори уште денес за да го намалите ризикот од развој на срцеви заболувања.

За да спречите срцеви заболувања, треба да ги применувате секојдневно следниве чекори:

  • Јадете здраво
  • Бидете физички активни
  • Одржувајте нормална телесна тежина
  • Откажете се од пушењето и избегнувајте пасивно пушење.
  • Контролирајте го холестеролот и крвниот притисок
  • Доколку пиете алкохол, правете го тоа умерено
  • Избегнувајте стресни моменти

Дали /кога сме изложени на ризик од срцеви заболувања?

Секој од нас е изложен на ризик од развој на срцеви заболувања, но ризикот е поголем доколку:

  • Имате висок холестерол или висок крвен притисок
  • Сте пушач
  • Имате прекумерна тежина или сте обезни
  • Немате доволно физичка активност
  • Не се храните здраво

Вашата возраст и семејната историја исто така влијаат на ризикот од развој на срцеви заболувања. Вие сте повеќе изложени на ризик доколку:

  • Сте жена над 55 години
  • Сте маж над 45 години
  • Еден од вашите родители имал срцеви заболувања пред да наполни 55 години
    Добрата вест е што можете да направите многу работи за да ја спречите појавата на срцеви заболувања.

Што се срцеви заболувања?

Кога се зборува за срцеви заболувања, обично се мисли на коронарна артериска болест. Ова е најчестиот тип на срцеви заболувања.

При коронарна срцева болест, коронарните артерии (крвните садови кои носат крв до срцето) стануваат потесни или се затнуваат. Ова се случува бидејќи холестеролот и масните материи (наречен „плаки-наслаги“) се акумулираат во артериите.

Многу причини водат до таложење на наслаги внатре во вашите артерии, вклучувајќи:

  • Висок холестерол во крвта
  • Висок крвен притисок
  • Тутун
  • Висок шеќер во крвта поради дијабетес

Кога плаката ја блокира артеријата, тоа го отежнува протокот на крв во срцето. Блокирана артерија може да предизвика болка во градите или срцев удар.

Проверете го навреме вашето срце. Закажете го вашиот термин на 02 3091 484

Отворен центар за офталмологија во соработка со Промедика Офталмологија

Започна со работа новиот офталмолошки центар при нашата клиника кој овозможува напредна грижа за вашите очи.
Искусниот лекарски тим работи со врвна апаратура со цел да спроведе сеопфатна офталмолошка дијагностика.
Достапни се сите видови офталмолошки прегледи, субспецијалистички прегледи, детски офталмолошки прегледи, ретинолошки, преглед за катаракта, преглед за глауком, преглед за окулопластика и консултација со офталмолог.
Исто така се применува ласерска корекција на диоптрија, имплантција на мултифокални ИОЛ и страбизам. Следење и третман на пациенти со кератоконус, дијагностика и третман во катарактна хирургија со имплантација на монофокални, бифокални и мултифокални ИОЛ, дијагностика и третман на пациенти со глауком, следење и третман на заден сегмент, итравитреална (Anti VEGF) терапија и витреоретинална хирургија.

Во месец септември по повод отворањето на центарот за офталмологија субспецијалистичкиот преглед за вас и вашите најблиски има 10% намалување.
За да закажете термин јавете се на 02/3091-484

Причини и симптоми на акутен синузитис

Акутниот синузитис претставува воспаление и појава оток во внатрешните празнини на носот – назалните делови. Акутниот синузитис ја отежнува дренажата на синусите. Со акумулирање на слуз се отежнува дишењето низ носот. Областа околу очите и лицето може да се чувствуваат отечени. Се појавува главоболка и болка во лицето.

Настинката е вообичаена причина за акутен синузитис. Најчесто, состојбата се смирува во рок од една недела до 10 дена, освен ако не постои и дополнителна инфекција предизвикана од бактерии (бактериска инфекција).

Симптоми

Симптомите на акутен синузитис често вклучуваат:

  • Густ, жолт или зеленикав слуз од носот, кој може да тече низ носот, или се слева во задниот дел на грлото – позната како постназално слевање.
  • Затнат нос со што се отежнува дишењето низ носот.
  • Болка, осетливост, оток и притисок околу очите, образите, носот или челото што се влошуваат при наведнување.
  • Притисок во ушите.
  • Главоболка.
  • Болка во забите.
  • Променето сетило за мирис.
  • Кашлица.
  • Лош здив.
  • Замор.
  • Треска.

Кога е потребно да одите на лекар?

Контактирајте со вашиот лекар доколку имате:

  • Симптоми кои траат повеќе од една недела.
  • Симптоми кои се влошуваат и покрај тоа што во одреден период изгледало како да се подобриле.
  • Треска која трае.
  • Историја на повторен или хроничен синузитис.

Компликации

Акутниот синузитис често не предизвикува компликации. Но доколку се појаваат, тие вклучуваат:

  • Хроничен синузитис. Хроничниот синузитис трае подолго од 12 недели.
  • Менингитис. Оваа инфекција влијае на мембраните и течноста околу мозокот и ‘рбетниот мозок.
  • Други инфекции. Не е вообичаено, но, инфекцијата може да се прошири на коските, позната како остеомиелитис или на кожата, позната како целулитис.
  • Проблеми со видот. Ако инфекцијата се прошири кон очните отвори, може да го намали видот или да предизвика слепило.

Закажете го вашиот преглед на 02 3091 484

Клиника Жан Митрев со нови инвестиции до врвен здравствен систем со сите услуги на едно место

Со нови инвестиции во најсовремена опрема, отворање на нови оддели и дополнителна соработка со над 30 доктори, Клиниката Жан Митрев е пример за здравствен систем единствен од овој тип во регионот. Последнава година инвестирани се дополнителни 5 милиони евра во врвна опрема за постоечките и новите оддели во Клиниката, ангажирани се доктори специјалисти од јавниот, приватниот сектор и повратници од странство кои веќе се дел од тимот на Клиниката.

„Горд сум што денеска имаме Клиника којашто е реткост во регионот, со целосна дигитализација, нова технолошки најнапредна опрема и тим од доктори кои се посветени на својата работа и експерти во својот домен на работа. Во последните неколку месеци склучивме договори за соработка со над 30 лекари, врвни специјалисти во своите области и успеавме да Клиниката да ја ставиме на мапата во регионот како врвна болница каде сите услуги ги има на едно место“, објави доктор Жан Митрев претставувајќи ги денеска своите соработници и одделите кои се отворени во рамки на болницата.

Тој потенцираше дека ги отвора вратите за сите доктори кои сакаат да бидат дел од Клиниката и дека „целиот процес е во интерес на пациентите, кои ќе имаат подобри услуги, се подигнуваат стандардите за тоа како треба да изгледа една Клиника во Македонија, а во исто време го искористуваме целосниот капацитет на болницата. Имаме се помалку врвни доктори, едниствено може да се здружиме и заеднички да понудиме врвна медицинска услуга“, истакна Митрев.
Клиниката вложи во комплетно нов технолошки понапреден мониторинг систем, нов коронарограф како и врвен микроскоп за изведување на операции во делот на неврохирургијата. Се отвора нов STROKE центар за мозочни удари и други состојби, центар за офтамологија во соработка со Промедика Офталмологија, обезбеден е и нов апарат за 3Д видео торакоскопија за канцер на бели дробови.

Новоотворениот Центар за стоматологија е со современ, со нетипичен амбиент и со 24часовна достапност каде се работи без болка односно со целосна анестезија за деца и возрасни. Во Центарот за естетска дерматологија има проширување и надградување со нова апаратура (Фотофајндер – скенирање на кожата на цело тело со мапирање на бенки со вештачка интелигенција), Хипербарна комора, Нордлис ласерска платформа 5 во 1. Во абдоминалната хирургија набавен е нов апарат за 4К ендоскопска технологија за најпрецизна видливост, а кај васкуларната хирургија се воведува радиофреквентната аблација, најсовремена метода за третман на вени. Во клиниката е набавена апаратура за спроведување минимално инвазивни зафати за решавање на дискусхернии без операција под ангиограф.

За медицинскиот директор на Клиниката, д-р Емил Стоицовски важно е што тимот се збогатува и се прошируваат услугите. „Имаме соработка со над 30 доктори од јавното здравство, а и дел од тимот стануваат медицински лица – доктори и сестри кои се враќаат од странство за да останат во Македонија.“

Интервју со д-р Џулиана Михајловска: Јазли на тироидната жлезда – долгорочен товар или стил на живеење

Најчесто јазлите се асимптоматски и не даваат ниту знаци, ниту симптоми кај пациентот, освен доколку не станува збор за јазол со големи димензии кој е видлив и со голо око во пределот на предната страна на вратот, или доколку врши притисок врз големите крвни садови или врз душникот што резултира со отежнато дишење, зуење во ушите или вртоглавици. Понекогаш, во ретки случаи се јавува и промена на бојата на гласот

Тироидната жлезда е мала, но исклучително важна ендокрина жлезда сместена на предниот дел од вратот, која игра клучна улога во одржувањето на целокупната рамнотежа во организмот. „Јазлите, уште познати како нодуси на тироидната жлезда, претставуваат фокални, ограничени, физички промени во тироидното ткиво, со различна димензија кои може да се дијагностицираат со ултрасонографски преглед на жлездата и при тоа да се опишат нивните ехографски карактеристики“, објаснува д-р Џулиана Михајловска, специјалист по ендокринологија од клиничката болница „Жан Митрев“. Со д-р Михајловска зборуваме детално за јазлите на тироидната жлезда, причините за нивната појава, дијагностиката, симптоматологијата, какви се по природа и како се третираат.

Што претставуваат јазлите на тироидната жлезда, кои се причините за нивната појава и како се дијагностицираат?

Д-р Михајловска: Тироидната жлезда претставува ендокрин орган, сместена во предниот дел на вратот, со форма на пеперутка. Се состои од лев лобус, десен лобус и истмус. Има многу значајна улога во одржувањето на нормалната функционална рамнотежа на организмот. Физичките абнормалности на жлездата може да бидат изолирани или во склоп на некое од функционалните нарушувања на тироидната жлезда. Па така кај хипотиреозата најчесто имаме намалени димензии на жлездата, кај хипертиреозата, зголемени димензии. A, тука е и Хашимото тироидитисот. Јазлите, уште познати како нодуси на тироидната жлезда, претставуваат фокални, ограничени, физички промени во тироидното ткиво, со различна димензија кои може да се дијагностицираат со ултрасонографски преглед на жлездата и при тоа да се опишат нивните ехографски карактеристики. Постојат повеќе поделби на јазлите. Според бројноста, може да бидат единечни и многубројни, а според функцијата – функционални или афункционални. Според структурата на јазолот и која компонента повеќе доминира се делат на солидни и цистични јазли. Според нивната природа се делат на бенигни и малигни. Причината за појавата на јазлите не е конкретизирана, но се смета дека улога имаат генетиката, автоимунитетот како и надворешните влијанија врз нивната патогенеза.

Постојат ли одредени симптоми и знаци кои упатуваат на постоење на јазли на тироидната жлезда и како навреме да се дијагностицираат?

Д-р Михајловска: Најчесто јазлите се асимптоматски и не даваат ниту знаци, ниту симптоми кај пациентот, освен доколку не станува збор за јазол со големи димензии кој е видлив и со голо око во пределот на предната страна на вратот, или доколку врши притисок врз големите крвни садови или врз душникот што резултира со отежнато дишење, зуење во ушите или вртоглавици. Понекогаш, во ретки случаи се јавува и промена на бојата на гласот.
Третманот на јазлите најчесто е со хируршко отстранување на дел од лобусот, целиот лобус или целата тироидна жлезда, во зависност од бројноста, големината како и резултатите од цитопатолошкиот наод при тенкоиглената пункција.

Јазлите се спорорастечки – колку долго се следат, на колкави периоди треба да се прави контрола и кога се преземаат конкретни мерки?

Д-р Михајловска: Јазловидните промени на тироидната жлезда, најчесто се спорорастечки и потребно е редовно, долгорочно следење на промените односно нивната димензија, изглед, ехографски карактеристики како и индиректни фактори кои влијаат на планот за третман на овие промени. Тука не спаѓаат брзорастечките промени кои најчесто се со лоша природа. Тоа значи дека за нив треба брза и навремена дијагностика и третман. Во принцип секоја промена која бргу ги менува димензиите или карактеристиките, треба да се додијагностицира. Тоа подразбира правење на тенкоиглена аспирациона пункција, која ќе ни даде генерален клеточен приказ за природата на јазолот. Димензија на која сите јазли во принцип треба да подлежат на пункција е 10 mm. Но, понекогаш останува ексклузивно правото на докторот, во зависност од карактеристиките на јазолот, да одлучи дали ќе препорача пункција на јазол со димензија од 5 mm или ќе почека пораст до 15 mm.

Иако јазлите на тироидната жлезда се главно бенигни по природа, приближно 5 % од јазлите се всушност малигни, т.е. рак на тироидната жлезда. Какви се разликите помеѓу бенигните и малигните јазли?

Д-р Михајловска: Важно е да напоменам дека нарушувањето во физичката градба на жлездата, најчесто не е поврзана со функцијата, па така најголемиот дел од пациентите со јазли на тироидната жлезда имаат уреден тироиден статус и се во еутироидна состојба. Исто е важно да се потенцира дека уредниот тироиден статус не значи по автоматизам и бенигна природа на јазлите. А тиреоглобулинот не претставува предоперативен туморски маркер. Како туморски маркер единствено се смета калцитонинот кој е покачен само кај одреден тип на малигнитет на тироидната жлезда, а тоа е медуларниот карцином. Тиреоглобулинот е постоперативен туморски маркер за следење на пациентите кои се претходно оперирани од папиларен или фоликуларен тироиден карцином.

Како се третираат јазлите на тироидната жлезда?

Д-р Михајловска: Третманот на јазлите најчесто е со хируршко отстранување на дел од лобусот, целиот лобус или целата тироидна жлезда, во зависност од бројноста, големината како и резултатите од цитопатолошкиот наод при тенкоиглената пункција. Во нашата болница од година во година се зголемува бројот на ваквите хируршки интервенции првенствено затоа што активно работиме на скринингот кај пациентите, но и на детална и прецизна анализа на промените на тироидната жлезда од страна на ендокринолог, кој дава насоки за понатамошен третман, согласно протоколите и алгоритмите за лекување на ваков тип на заболување.

Извор: Panacea.mk

Дали сте слушнале за калцифицирачки тендинитис?

Тендинитисот претставува воспаление кое може да заврши со создавање на калцификати во воспалената зона. Токму калцификатите се честа причина за појава на силна болка во рамото. Почесто се појавуваат кај жените меѓу 40 и 50 години и обично на доминантната рака, иако тоа не е секогаш случај.

Што се калцификации на рамената и како да се излечат?

Калцификациите во рамото познати и како калцифицирачки тендинитис се јавуваат кога наслагите на калциум се појавуваат на тетивите на рамото. Калциумот предизвикува иритација на тетивите на ротаторната манжетна, што може да доведе до акутна болка. Тие вообичаено се јавуваат во супраспинатус, иако може да се појават и во инфраспинатус или субскапуларна тетива.

Како се јавува калцифицирачки тендинитис?

Точните причини за појава на калцификациите на рамената сè уште не се потврдени. Постојат хипотези кои се земаат предвид како промени во метаболизмот, клеточна дегенерација, генетика, репетитивна микротраума или ендокрини нарушувања.
Како појава потврдено е дека е почеста кај дијабетичарите со симптоми кои обично се појавуваат во рамото на доминантната рака, иако не е невообичаено калцификацијата да се појави и кај двете.
Еден од факторите на ризик за калцифицирачки тендинитис е возраста, бидејќи како што старееме, рамениот зглоб слабее. Почеста е кај жени постари од 40 години.

Симптоми на калцификации во рамото

Најчестиот симптом, поради кој се обраќате кај специјалист е акутната болка во рамото без очигледна причина. Односно, не се случила траума или прекумерен напор. Оваа болка може да предизвика и неподвижност и проблеми со спиењето.
Можен е и асимптоматски калцифицирачки тендинитис, кој се открива случајно при изведување на рентген при која било друга патологија.

Фази на калцифицирачки тендинитис

Калцифицирачкиот тендинитис е состојба која се јавува во различни фази:

  • Фаза на формирање, која може да трае неколку години. Тоа е местото каде што се формираат депозити на калциум. Тоа е асимптоматско или болката е умерена.
  • Фаза на мирување, калциумот останува стабилен. Продолжува да постои, но не се ослободува. Обично не покажува симптоми, иако понекогаш болката не исчезнува целосно.
  • Ресорптивна фаза: тука се појавува акутна болка во рамото, бидејќи се ослободува калциум, кој ги воспалува ткивата. Може да трае од еден до шест месеци.

Како се третираат калцификациите во рамото?

Основниот третман е конзервативен: третманот се состои од антиинфламаторни лекови, физиотерапија за вежбање подвижност и примена на ладно за калцификација во рамото околу десет минути, два или три пати на ден.
Доколку болката е многу силна или продолжува, постојат инекции врз основа на кортикостероиди и локална анестезија. Ова, заедно со физиотерапевтскиот третман, може да помогне значително да се намали болката.

Други третмани за калцифицирачки тендинитис што специјалистот може да ги земе предвид се ударни бранови (ShockWave Therapy) или техники на аспирација.

Дали се оперираат калцификати на рамената?

Во повеќето случаи, операцијата не е неопходна. Операцијата се изведува само ако останатите терапевтски опции не функционираат.
Идеалното во овој случај е артроскопија на рамо, минимално инвазивна операција која се изведува со воведување на уред наречен артроскоп поврзан со екран со висока резолуција.

Артроскопија за калцифицирачки тендинитис

Артроскопијата е последната опција за лекување на калцификации на рамото. Наслагите на калциум се празнат, со што максимално се минимизира оштетувањето на ткивото. Артроскопија на рамото е процедура која ја вршат специјалисти трауматолози во која рамениот зглоб може да се набљудува преку екран со висока резолуција.

Закрепнување по артроскопија на рамото

Бидејќи се работи за минимално инвазивна операција, закрепнувањето е обично кратко и без компликации. Антиинфламаторните лекови често се користат за ублажување на болката, а погодената рака може да биде имобилизирана неколку дена. Исто така, специјализиран физиотерапевт ќе го надгледува процесот на закрепнување.

Дали може да се спречи појавата на калцификациите на рамената?

Причините за појава на калцификациите не се сеуште прецизно потврдени.
Секогаш е важно да се храните здраво за оптимално функционирање на организмот и да се обратите кај специјалист при првиот симптом, доколку е можно пред болката да стане акутна.

Калцифицирачкиот тендинитис е чест и може да предизвика пречки во секојдневното функционирање поради појавата на болка. Важно е да не се чека и да се обратите навреме кај специјалист трауматолог за рана дијагноза и третман.

Закажете го вашиот термин на 02 3091 484