Естетската корекција на ушните школки претстававува една од најчесто изведуваните естетски операции во детската возраст. Корекцијата на ушните школки најчесто се прави поради следните причини:
- Проминентност на ушните школки (клемпави уши)
- Големина на ушните школки
- Несиметричност на ушните школки
- Вродени деформитети на ушите
Најчеста индикација за отопластика е еднострана или обострана проминентност на ушните школки или во јавноста позната како клемпави уши.
Клемпави уши – отапостаза
Клемпавите уши (отапостаза) се состојба при која ушната школка е многу оддалечена од површината на главата. Клемпавите уши ретко се едностран деформитет. Најчесто се сретнува неправилност на двете уши. Изразеноста на клемпавоста се одредува согласно аголот на ушната школка во однос на мастоидната коска на главата. Според тој агол, клемпавоста може да се категоризира како сосема блага клемпавост (едвај воочлива) или пак силно изразена. За клемпави уши се сметаат оние каде што аголот меѓу ушната школка и главата е поголем од 25 степени.
Цел на оперативниот третман
Оперативниот третман на клемпавите уши се прави исклучително од естетски побуди, бидејќи отапостазата не прави функционален проблем. Оваа операција е многу благотворна особено кога се во прашање деца. Бидејќи децата со клемпави уши најчесто се мета на потсмев од страна на своите врсници. Самата операција, покрај подобрување на естетскиот изглед, овозможува повисоко ниво на самодоверба кај детето и негов подобар психички развој, бидејќи по направената корекција детето добива подобро социјално прифаќање.
Кога е најдобро време да се изврши оперативниот третман?
Клиничките студии направени во голем број европски земји покажуваат дека идеалното време за оперативен третман на клемпави уши е пред детето да тргне на училиште. Иако ваква корекција може да се направи и било кога подоцна во животот.
Сепак, оперативниот третман не треба да биде направен прерано. Кај малите деца бидејќи рскавицата на самата ушна школка е многу мека, ушите се многу свитливи. Сето тоа го отежнува моделирањето на ушната школка и затоа не се препорачува вршење на оперативен третман кај деца на возраст под три години. Најдобрата возраст е претшколската и тоа во периодот околу шестата и седмата година. Тогаш завршува развојот на надворешниот ушен канал, рскавицата станува поцврста и овозможува подобро моделирање на истата. Од друга страна, периодот пред да тргне детето на училиште е погоден и бидејќи ќе се избегне детето да биде мета на потсмев од врсниците.
Оперативна техника
Оперативната интервенција може да се изведе во локална или општа анестезија. Кај мали деца оперативната интервенција се изведува под општа анестезија поради поголем комфор за изведување на оперативниот третман, додека кај поголеми деца и возрасни операцијата може да се изведува во локална анестезија.
При интервенцијата се обезболува местото околу ушите. Од задната страна на ушната школка се прави рез со цел да се пристапи на рскавицата од ушната школка. Потоа рскавицата се ослободува од околното ткиво и се преклопува. По преклопувањето истата се шие за сврзното ткиво кое се наоѓа позади ушната школка, и на тој начин се корегира клемпавоста. Оперативната рана се шие, потоа се прави преврска. Постојат повеќе модификации на оперативната техника, но генерално сите се базираат на горенаведените основни постулати. Која оперативна техника ќе се искористи зависи од состојбата на ушните школки на пациентот.
Постоперативна нега
Во постоперативниот тек, едно од најважните нешта е преврската да се носи 6 дена по операцијата. Првата контрола по операцијата е шестиот ден кога се отстранува завојниот материјал и пациентот може да го види резултатот од изведената оперативна корекција на ушите.
Завојниот материјал ја опфаќа целата глава, односно дел од главата покриен со коса. Постојат универзални компресивни бандажери, или пак може да се користи завоен материјал во облик на руска капа. Важноста на завојниот материјал е од клучно значење. Бидејќи рскавицата нема крвни садови, односно исхраната на рскавицата е преку дифузија на нутритиентите во кожата на ушната школка. Доколку не се одржува постојана постоперативна компресија, може да дојде до појава на оток меѓу рскавицата и кожата, односно до таканаречено ,,боксерско уво,,.
Во постоперативниот тек, препорачано е пациентот да не лежи, односно да не спие на страна. Се препорачува профилактичка антибиотска терапија. Најчесто по операцијата нема болка, но доколку се јави таа е во интервали и истата се третира со таблетарна аналгетска терапија.
Постоперативната нега трае до 1 месец по операцијата, во кој период, од вадењето на завојниот материјал до првиот месец, се препорачува носење на лента на главата, со цел да се минимизира ризикот за враќање на ушните школки во предоперативната позиција.
Често поставувани прашања:
1. Дали ушните школки по операција можат да се вратат во првобитната позиција?
– Доколку не е направено ремоделирање на рскавицата од ушната школка, или при голема проминенција на ушните школки не е направено ослободување на ретроаурикуларниот лигамент (лигаментот кој ја држи ушната школка за површината на черепот), тогаш има ризик. Но, со изведување на претходно наведените процедури, не постои ризик.
2. Дали постојат компликации од оперативниот третман на клемпави уши?
– Како и кај секоја операција, компликации постојат, но со спроведување на горенаведените мерки кои се однесуваат на: стерилност при изведување на операцијата, добра хируршка техника, добра постоперативна компресија и постоперативна нега, ризикот за компликации е минимизиран.
3. Зошто е потребно антибиотска терапија по операцијата?
– Антибиотската терапија е од големо значење бидејќи по операцијата на ушните школки, по поставување на завојниот материјал, 6 дена истиот не се вади. Во тој период, антибиотикот е од големо значење за да се превенира инфекција од околната бактериска флора која нормално постои на површината на кожата, како и поради потењето додека се носи завојниот материјал.
4. Дали може да се оштети слухот по изведување на операција на ушната школка?
– Во процесот на слушањето, ушната школка нема функција на сетило на слух, истата е наменета само да го изолира звукот кој што сакаме да го слушнеме. Во текот на операцијата нема ризик за повреда на слушното тапанче и средното уво, така што не постои ризик за оштетување на слухот.
5. Што треба да знае секој кој сакуа да направи операција на ушните школки?
– Ушните школки претставуваат предилекционо место – место за зголемен ризик за развој на келоидни или хипертрофични лузни. Иако овие лузни се јавуваат кај помалку од 2% од пациентите кои подлегнуваат на оперативен третман, сепак пациентот треба да биде предупреден за можниот ризик по операцијата.