Мозочниот удар се случува кога крвниот сад кој носи крв и кислород до мозокот ќе се блокира со згрутчување или истиот ќе прсне. Кога тоа ќе се случи, мозочните клетки (невроните) не се снабдуваат со крв и не го добиваат кислородот потребен за да преживеат, што резултира со престанок на нивната функција и нивна смрт за само неколку минути. Ефектите од мозочниот удар можат да бидат трајни, а нивниот обем и последици за останатиот дел од телото зависат од тоа колку клетки се изгубени и во кој дел од мозокот. Мозочните удари можат да предизвикаат парализа, да влијаат на говорот и видот и да предизвикаат други проблеми. Мозочниот удар е многу честа причина за смрт и сериозни долгорочни парализи.
Што е ТИА?
ТИА, или транзиторен исхемичен атак, е „предупредувачки“ мозочен удар кој се јавува кога згрутчување на крвта ја блокира артеријата во кратко времетраење. Симптомите на ТИА се исти како оние на мозочен удар, но тие обично траат само неколку минути. На околу 12% од сериозните мозочни удари им претходат минливи исхемични напади, затоа никогаш не ги игнорирајте симптомите на ТИА. Побарајте веднаш итна медицинска помош!
Кои се предупредувачките знаци за мозочен удар?
Секој треба да реагира веднаш доколку ги препознаете предупредувачките знаци на мозочен удар.
F.A.S.T. тоа е лесен начин да запомните како да препознаете мозочен удар и да знаете што да правите.
Брзо препознавање на мозочен удар: Face – слабост или искривување на една страна на лицето Arm – слабост или одземеност на десна или лева рака Speech – проблеми со говорот Time – време за брза медицинска помош
Може да се појават дел или сите горенаведени знаци. Запишете го времето кога започнале вашите први симптоми и веднаш барајте медицинска помош. Мозочниот удар е медицински итен случај! Не ги игнорирајте овие предупредувачки знаци, дури и ако исчезнат.
Може ли да се спречат мозочните удари?
Да, мозочниот удар во голема мера може да се спречи. Ризикот од мозочен удар може да се намали со водење на здрав начин на живот: контролирајте го високиот крвен притисок, не консумирајте тутун и алкохол (или само умерено), консумирајте здрава храна или храна богата со незаситени и транс масти, бидете физички активни, одржувајте нормална телесна тежина, држете го под контрола Вашиот дијабетес. Каротидна ендартеректомија е операција, хируршка техника, со која се отстрануваат плаките (масните наслаги) кои ги стеснуваат каротидни артерии и можат да превенираат настанување на мозочен удар.
Дали има третман за мозочен удар?
Ако имате мозочен удар, времето е од суштинско значење. Навремениот третман може дури да спречи смрт и да ги минимизира долгорочните последици од мозочниот удар. Третманот ќе се разликува во зависност од типот на мозочен удар што сте го имале. Постои лек за растворање на згрутчување наречен алтеплаза (IV r-tPA) кој се користи за лекување на исхемичен мозочен удар. Тоа може да го намали ризикот од инвалидитет од мозочен удар со разредување на згрутчувањето што може да го блокира протокот на крв во мозокот. За да може да примате алтеплаза, мора да ви биде дијагностициран исхемичен мозочен удар од страна на лекар специјалист и да се земе оваа терапија во рок од 3 до 4,5 часа по почетокот на симптомите на мозочен удар. Вашите шанси за подобар резултат зависат од брзината на лекувањето.
Другата опција за третман на мозочен удар е хируршки третман (тромбектомија). Во случај на акутен мозочен удар, тромбектомијата треба да се изврши што е можно поскоро во рок од 24 часа од првите симптоми. Пациентите кај кои е потребна алтеплаза треба да ја примат пред да се подложат на тромбектомија.
Мултидисциплинарниот тим во Клиничката болница Жан Митрев со долгогодишно искуство во третманот на пациенти со мозочен удар нуди индивидуален пристап преку превентивен, медикаментозен и хируршки третман.
Карциномот на дојка се вбројува во 10-те најголеми закани за глобалното здравје на човештвото и секоја година бројката на починати од оваа болест растат. Колку подигнување на колективната свест може да влијае на овие статистики?
Подигнувањето на колективната свест и пропагирање на скрининг и редовни прегледи има голема важност во раната детекција на ова заболување. Студиите покажуваат дека рутинскиот скрининг за рак на дојка може да ја намали смртноста за една третина, а според најновите испитувања овој процент се зголемува и до 40-50%. Раното откривање на рак на дојка може да спаси животи и да помогне да се избегнат високоинвазивни третмани. Ние како лекари континуирано потсетуваме за потребата од редовни прегледи, а тука се секако и сите граѓански здруженија кои со своите активности во текот на целата година ја третираат оваа тема. Посебен акцент и засилени активности секако се случуваат особено во месеците кои се посветени за тоа.
Не смееме да престанеме со потсетувањата за редовни превентивни прегледи, како и да даваме континуирана подршка на сите оние жени кои војуваат или ја извојувале битката со оваа болест и да ги охрабриме да ја споделат својата животна приказна со своие блиски семејство и пријатели со што исти ќе придонесат за подигнување на свеста за оваа болест.
Вие сте специјалист по радиодијагностика која како научна дисциплина игра огромна улога во борбата против ракот. Како современите дијагностички апарати и навремените прегледи, можат да придонесат во навремено откривање на карциномот?
За да се реализира квалитетен преглед кој потоа ќе значи точна дијагноза, неопходни се неколку сегменти:
Континуирано едуциран и искусен медицински персонал, радиолошки технолози кои спорведуваат правилно снимање согласно светски стандари, преораки и протоколи и лекари кои ќе го интерпретираат прегледот соодветно.
Современа медицинска опрема која е со редовно и навремено спроведена контрола на квалитет.
Клиничката болница Жан Митрев и нашиот Центар за женско здравје се издвојува токму по тоа што секогаш била во чекор со најновите технологии и набавувала најсовремена медицинска опрема.
Зошто е сето ова важно? Затоа што и од квалитетот на опремата зависи детекцијата. Јасниот приказ на промените особено на оние кои се суптилни и сеуште не толку видливи е од клучно значење. Следствено, едуциран и искусен персонал со квалитетна современа опрема која овозможува детекција на промени во рана фаза на болеста, е добитната комбинација за рано откривање на болеста и навремено правилно планирање на третманот понатаму.
И се разбира навремените/превентивни или скрининг прегледи кога жената редовно доаѓа на преглед според препораките од скрининг програмите.
Кои ризик фактори најмногу влијаат на појавата на рак? Дали докторите се раководат по нив кога прават скрининг план за определен пациент?
Скрининг програмите се адаптираат според ризик факторите за појавувањето на оваа болест и тоа:
возраст (се смета дека најчесто се јавува меѓу 50-70година),
позитивна семејна анамнеза (дали во семејството веќе има некоја жена која го имала ова заболување)
докажана БРАКА 1 и 2 генска мутација
почеток на менструален циклус во рана возраст
жени кои не раѓале или добиле дете на повозрасни години
долготрајно користење на хормони како естрогени и прогестерон
густина на ткиво во дојките
Најпрво треба да се одреди во која возрасна група е жената, потоа да се види кои и колку од ризик факторите се присутни и скако и густината на дојката. По овие параметри се водиме кои прегледи и колку често ќе ги препорачаме. На пример: доколку имаме млада жена под 40 годишна возраст која дава податок дека во семејството веќе има вакво заболување и која направила анализа за генетска предиспозиција и истата се докажала, можеме да препорачаме еднаш годишно следење со ултразвук и магнетна резонанца. Доколку е над 40-та година, ултразвук и мамографија еднаш годишно. Доколку станува збор за густи дојки мамографијата би била 3Д. Со ваков индивидуален пристап и редовни препорачани прегледи можеме рано да детектираме рак на дојка.
Информираност за ризик факторите, пристап до информации, навремена дијагностика и лекување се само неколку од условите што ги зголемуваат шансите за преживување канцер. Кои услуги вие како установа ги нудите на пациентите што се соочуваат со оваа болест?
Сите потребни дијагностички методи за детекција на заболувања на дојките како ехо прегледи, биопсија под ехо, мамографија 2Д и 3Д и магнетна резонанца ги имаме на располагање во нашата клиника со што можеме да ги покриеме светските и европските препораки за скрининг програми и прегледи кај пациентки кои имаат симптоми. Колегите од генетската лабораторија прават испитувања за наследни генетски мутации одговорни за рак на дојка (БРАКА), а секако достапни се и неопходните биохемиски анализи. Исто така се прават и оперативни зафати за отстранување и реконструкција на дојки.
Кои се задолжителните, редовни годишни прегледи кои треба да ги направи секој за навремена превенција од карциниом?
Прегледите почнуваат со почетокот на репродуктивниот период со ехо преглед кој треба да се прави еднаш годишно до 40-та година. По 40 година ехо прегледот се надополнува и со мамографија која би требала да се прави на секои една до две години во зависност од националната скрининг програма на земјата. Ова се генерални правила за најголем дел од популацијата. Секоја земја има своја скрининг програма, на пример во САД препораките се мамографија еднаш годишно за жени над 40 години која е во среден ризик. За жени кои се во групата со висок ризик може да почнат со магнетна резонанца на дојки која треба да се прави еднаш годишно и мамографија пред да наполнат 40 доколку има потреба. Но, за жените кои не се во ризичните групи, со мамографски прегледи треба да се започне штом наполнат 40 и да се повторува редовно на секои две години.
Европските водичи советуваат двегодишен интервал за општата популација на жени од 50-70 години. Сепак, мојот став е дека треба да се има индивидуален пристап согласно возраста и ризик факторите. Успехот од лекувањето зависи од достапноста на современата опрема, едуциран искусен персонал со индивидуален дијагностички менаџмент и мултидисциплиниран пристап во понатамошен третман.
Во моментов би споменала само дека сите прегледите за дојка ехо, 2Д и 3Д мамографија се на акција и изнесуваат 1500, 2000 и 3000 денари соодветно. Акцијата ќе трае до 31.03.2022.
Ги охрабрувам сите да закажат преглед во центарот за женско здравје при Клиника Жан Митрев на 02/3091-484
Пролапсот или спуштањето на гениталните органи претставува всушност нивно изместување од нормалната позиција и придвижување кон излезот на вагината. Оваа состојба не е животозагрозувачка, но може да предизвика огромна нелагодност и болки.
Причината за спуштањето на матката, вагината, мочниот меур се јавува кога мускулите и лигаментите на карлицата се опуштаат и ослабуваат. Поради нивната ослабеност, тие не даваат доволна поткрепа на матката и останатите органи, што резултира со нивно лизгање надолу кон излезот на вагината или пак излегување од вагината.
Пролапс на матката може да се случи кај жените во која било возраст. Но најчесто се јавува кај оние жени кои се во пери или пост-менопауза, кога и се случува намалено ниво на женските хормони. Факторите кои придонесуваат за оваа состојба се најпрво генетскиот фактор, но и фактот дека овие жени имале едно или повеќе природни породувања. Потоа како фактори кои влијаат се и оштетувањето на ткивото на матката во текот на бременоста и при породувањето, обезноста, хроничната кашлица и потешката физичка работа. Но пролапс може да настане и после одредени операции на малата карлица, меѓу кои е и хистеректомија, односно вадење на матката.
Симптоми
Жената чувствува непријатност во долниот дел, притисок и болки во грбот. Присутна е неможност за задржување на урина особено при кашлање, кивање, смеење (стрес инконтиненција на урината) или пак жената се соочува со неможност за уринирање и опстипација. Најчесто чуството го опишуваат како „топка“ што се појавува или излегува од вагината. При ваква состојба сексуалениот однос е болен и непријатен, а може да се појави и вагинално крвавење од раничка на спуштените органи.
Дијагноза
Дијагностицирањето на гениталниот пролапс е лесно и едноставно, без скапи и болни процедури. Дијагнозата се поставува со едноставен гинеколошки преглед. Многу често жените спуштањето на гениталните органи го прифаќаат како нормално и/или поради срам или неинформираност најчесто се јавуваат на преглед кога гениталниот пролапс е напреднат.
Третман
Третманот на пролапс на матката и/или околните органи опфаќа современа лепеза на реконструктивни, оперативни интервенции кои обезбедуваат не само нормална позиција на гениталните органи туку и нивна функционалност прилагодена на возраста на жената.
Проф. д-р Васил Илиев од Жан Митрев Клиник е специјалист гинеколог-акушер и субспецијалист урогинеколог со долгогодишно искуство во гинеколошката хирургија, а е особено посветен на развојот и апликацијата на најсовремените и најуспешни процедури во реконструктивната гинеколошка хирургија.
Аритмијата претставува состојба каде што доаѓа до пореметување на срцевиот ритам и може да предизвика сериозни нарушувања на срцевата активност или функцијата на други органи. Според статистичките податоци, нарушувања на спроводливоста и срцевиот ритам во 10-15% од случаите е причина за смрт. Постојат разни форми на пореметување на срцевиот ритам: тахикардија (над 90 ритам/минута) брадикардија под 60 удари/ минута) или аритмии со нерегуларен ритам. Речиси секој човек, порано или подоцна, ќе почувствува некој облик на срцева аритмија, а најчесто слаба палпитација или “прескокнување“ на отчукувањата.
Доктор Петар Угуров – специјалист кардиолог, одговара на неколку прашања поврзани со пореметување на срцевиот ритам и најновите методи на лекување и третман на аритмијата во Жан Митрев Клиниката.
1.Што е причината за пореметување на срцевиот ритам и појавата на аритмија?
Д-р Угуров – Срцето е „центарот“ на нашиот организам и се што се случува во нас и околу нас се рефлектира во неговата работа. Најчестата причина за пореметување на срцевиот ритам е поради стекнати срцеви заболувања: кардиоваскуларни заболувања – (ангина пекторис (градна болка) или миокарден инфаркт), болести на срцевиот мускул – кардиомиопатија, воспаление на мускулот на срцето-миокардитис, болести на срцевите залистоци и итн. Исто така пореметување на срцевата работа може да се јави и како последица на болести на други органи: тироидната жлезда, надбубрежната жлезда, бубрезите, белите дробови, крвните заболувања, при труење со алкохол, наркотици, никотин, но и како манифестација на несакани ефекти на некои лекови.
Лошите животни навики како: интензивни емоции, силна физичка болка, прекумерен психички и физички стрес и исцрпеност, прегревање на телото, прејадување, конзумирање премногу кафе, алкохол и енергетски пијалоци, цигари итн. се исто така причина за појава на аритмија. Овде би сакал да истакнам дека голем е бројот на пациенти кои после прележување на КОВИД-19, се жалат на палпитации на срцето и на некаков тип на пореметување на срцевиот ритам со зачестени прескокнувања и појава на аритмија.
Кои се симптомите на нарушување на срцевиот ритам?
Д-р Угуров – Еден од главните проблеми на аритмијата е нивното раното препознавање, пред се порад честата асимптоматска природа. Една третина на пациентите со аритмија, имаат таканаречена асимптоматска атријална фибрилација. Тие обично се опишуваат како чувство на брза работа, силни отчукувања, пулсирање, предвремено отчукување, прескокнување со чувство на „кнедла“ во грлото по ударот, понекогаш придружено со вртоглавица, колапс или губење на свеста. Аритмиите се манифестираат со бројни и разновидни симптоми, од благи до тешки и онеспособувачки.
Какви видови на аритмии постојат?
Д-р Угуров – Човечкото срце се состои од 4 шуплини, две преткомори и две комори. Во зависност во кој дел од срцето дошло до нерегуларност т.е пореметување во спроведувањето на импулсот, аритмиите може да бидат преткоморни и коморни.
-Екстрасистоли – се предвремените отчукувања на срцето. Тие се најчестите нарушувања на срцевиот ритам и речиси секој од нас ги има почуствувано. Екстрасистолите може исто така да се поделат на преткоморни и коморни и иако се многу честа појава, генерално не се опасни. Пациентите најчесто се жалат на непријатност што ги принудува на кашлање. Само кај мал процент од срцеви пациенти, екстрасистолите може да бидат иницијатори на посложени аритмии.
Преткоморна екстрасистолаКоморна екстрасистола
-Атријална (преткоморна) фибрилација – претставува најчест облик на пореметување на работата на срцето при што доаѓа до неправилна брза работа на преткоморите. Овој вид на аритмија се јавува кај над 2% од општата популација. Преку 6-7 милиони луѓе од Европа страдаат од оваа аритмија и при тоа е тесно поврзана со зачестен смртен исход, мозочен удар, срцева слабост. Преткоморната фибрилација го зголемува за 5 пати ризикот од мозочен удар. Токму овој тип аритмија е причина за еден од петте мозочни удари.
-Суправентрикуларна тахикардија – е група на срцеви аритмии кои предизвикуваат несоодветно брз пулс. Овој вид на тахикардија може да се појави кај деца, адолесценти и возрасни. Се појавува во комбинација со наизменични периоди на нормален ритам. Најчести симптоми на оваа аритмија се палпитации, вртоглавица, главоболка, тремор на екстремитетите, отежнато дишење.
-Вентрикуларни аритмии – се најтешките нарушувања на срцевиот ритам. Постојат: вентрикуларна тахикардија (вентрикуларно забрзување) и вентрикуларна фибрилација. Околу 80% од ненадејната срцева смрт е резултат на овие вентрикуларни аритмии. Аритмиите може да се појават на која било возраст, но се почести кај постарите луѓе. Доколку не се реагира во најкратко време тие претставуваат животно загрозувачка состојба. Најчеста причина е акутниот инфаркт на срцето. При фибрилација на коморите не доаѓа до исфрлање на крвта од срцето, срцето не испумпува крв.
-Други типови на промени во електроспроводливоста во срцето се и појавата на АВ блокови од прв, втор, трет степен. Поделбата на аритмиите и нивната класификација е сложена, така што овде ги наведов само најчестите т.е најзастапените аритмии кај човекот.
4.Како да ја воочиме и препознаеме срцевата аритмија?
Др.Угуров – Дијагнозата на срцевите аритмии се поставува врз основа на клинички преглед на пациентот, електрокардиограм – ЕКГ, ехокардиографија, 24-часовна опсервација на ЕКГ (Холтер ЕКГ), стрес тестови, магнет на срце и електрофизиолошко испитување на срцето или позната како електрофизиолошка студија.
5.Како се третираат аритмиите ?
– Др.Угуров – третманот ќе зависи од тоа кој тип аритмија го имате и колку е сериозна. Најчесто во терапијата на срцеви аритмии, прво се користат лекови кои го поттиснуваат нарушувањето или ја намалуваат фреквенцијата и интензитетот на нејзиното појавување – антиаритмици и бета блокатори. Во случај на аритмии на брадикардија, т.е. срцево чукање кое е премногу бавно, можеби е потребно да се користи пејсмејкер. Во акутни случаи на вентрикуларна фибрилација, неопходен е брз, итен третман со употреба на дефибрилатор. Поради тоа, лекувањето треба да се почне на време за да се намали можноста за појава на компликации.
Во услови каде што аритмијата неможе да се смири со лекови, тогаш се применува електрична кардиоверзија, односно постапка каде што ритамот се смирува со електричен удар или исто така се препорачува електрофизиолошка студија со радиофрекфентна аблација.
6.Што значи електрофизиолошка студија со радиофрекфентна аблација и зошто се прави електрофизиолошка студија?
– Др.Угуров – Електрофизиолошка студија претставува дијагностичко испитување кое се применува за потврдување на аритмијата и нејзиниот механизам. Преку оваа техника се одредува видот на абнормалниот срцев ритам и потреба за ова испитување имаат сите пациенти со документирана аритмија, пациенти за проценка на ефикасноста на ординирани лекови во лекување на неправилниот срцев ритам, пациенти со симптоми како несвестица, губиток на свест од непозната причина, како и пациенти со ризик од ненадејна срцева смрт.
Постојат неколку начини со кои студијата на електрофизиолошката студија може да помогне и да донесе одлука за понатамошен третман. Врз основа на резултатите од студијата на ЕП се вклучуваат:
Имплантација на пејсмејкер: Ако студијата ЕП го потврди присуството на значајна брадикардија, постојаниот пејсмејкер често може да се вметне за време на истата постапка.
Имплантибилни дефибрилатори: Ако во текот на студијата за ЕП се идентификувани брзи форми на VT и / или вентрикуларна фибрилација (VF), најчесто имплантабилен дефибрилатор е третман на избор. Овој уред сега често може да се вметне во лабораторијата на ЕП, веднаш по студијата на ЕП.
Радиофрекфентната аблација – претставува горење, односно состојба каде што преку пренесување на некоја форма на енергија преку катетерот (топлинска енергија, енергија за замрзнување или радиофреквентна енергија). На тој начин се создава блок на електричниот пат кој што предизвикал аритмија.
Овој вид на терапија е често третман на избор доколку се открие суправентрикуларна тахикардија (SVT) – и некои форми на вентрикуларна тахикардија (VT) и за голем дел од нив претстатува единствен и дефинитивен третман. Во последниве години, процедурите за аблација станаа доста напредни и обично користат компјутеризирани системи за мапирање кои ги користат и 3D-снимањето и електричното мапирање за да го посочат соодветното место за аблација. Овие процедури обично траат неколку часа и потребни се ден или два за време на закрепнување во болницата. Радиофрекфентна аблација на преткоморна (атријална) фибрилација со помош на 3D мапинг систем, претставува револуционерна метода за долгорочен и ефикасен третман со многу мал процент на компликации. Денес, многу електрофизиолошки студии се комбинираат со постапка на аблација. Во Жан Митрев Клиниката се изведуваат електрофизиолошки студии, аблација кај срцеви аритмии, вградување пејсмејкери, срцева ресинхронизација, вградување имплантибилни кардиовертери и дефибрилатори. Посебно би сакал да истакнам дека во Жан Митрев Клиниката во тек е постапка на инсталација на 3D мапинг систем, што значи дека конечно на пациентите со атријална (преткоморна) фибрилација со помош на 3D мапинг систем, ќе им се пружи ефективен и долготраен третман. Уште еднаш сакам да напоменам, атријалната фибрилација е најчестата аритмија во популацијата и кај пациенти со овој тип на аритмија ризикот за мозочен удар е зголемен за 5 пати. Решавањето на овој тип аритмија на ваков модерен начин особено за млади пациенти значи подобар квалитет на живот за пациентите. Кај пациенти кај кои се интервенирало навремено се очекува успешност од 95-99% во период на следење до 12 месеци, односно отсуство на епизоди на аритмија кај повеќе од 80% од пациентите. Со помош на овој 3D мапинг системот се отвара можност за третман на голем број на преткоморни и коморни тахикардии.
За крај би сакал уште еднаш да апелирам “ НАВРЕМЕ ОТКРИЕНА АРИТМИЈА МОЖЕ ДА ВИ ГО СПАСИ ЖИВОТОТ”
Колоноскопијата е процедура која се користи за проверка на состојбата на дебелото црево и ректумот со цел пронаоѓање на полипи или знаци на рак. Колоноскопијата се користи и за дијагностицирање на други можни болести, и лекување на одредени патологии кои можат да се видат преку истото набљудување како што се: хемороиди, полипи и слично.
Како се изведува?
Колоноскопијата се изведува преку користење на уред наречен колоноскоп, кој се состои од флексибилна цевка со дебелина на прст. Таа се вметнува во ректумот преку аналниот сфинктер. Во случај целта на процедурата да е дијагностичка, на крајот на истата има камера и светло што ќе го олесни прикажувањето на сликите на мониторот. Од друга страна, доколку биде потребно да се решава каква било патологија (отстранување на мал полип или земање примерок од ткиво), преку колоноскопот ќе се додадат инструменти за да се изврши интервенцијата.
Кога треба да се направи колоноскопија?
Ова испитување се прави првенствено со цел да се исклучи можноста за рак на дебелото црево кај пациенти кои покажуваат дигестивни симптоми или имаат семејна историја на рак на дебелото црево. Од друга страна, превентивно, како преглед се препорачува да се прави по 50 годишна возраст, доколку немаат ризични фактори, повторувајќи го на секои пет или десет години. За оние со ризик, ваков преглед може да биде препорачан и порано.
Овде спаѓаат луѓето со следните ризик фактори:
Хронична дијареа
Хронична абдоминална болка
Ректално крварење при одење во тоалет или во самата столица.
Кронова болест
Улцеративен колитис
Хронична железна анемија, која може да биде предизвикана од крварење од дебелото црево
Присуство на полипи или семејна историја на полипоза
Ако пациентот изгубил многу килограми за кратко време без очигледна причина.
Кога не може да се изведе колоноскопијата?
Главните причини зошто пациентот не може да се подложи на колоноскопија може да вклушуваат: тешка декомпензирана респираторна или срцева слабост, неодамнешен миокарден инфаркт, интестинална перфорација и тешки нарушувања на коагулацијата на крвта.
Подготовка на пациентот пред процедурата
За да се олесни самата процедура, пациентот мора да следи низа инструкции за елиминирање на остатоците што може да се наоѓаат во зоната на дигестивниот систем. Најнапред, 2-3 дена пред вашата колоноскопија, ќе треба да одржувате лесна диета препорачана од лекарот, консумирајќи лесна храна базирана на течности. Исто така пациентот мора да ја надополни оваа диета со лаксативни производи за прочистување на цревата.
Дали постојат ризици?
Иако колоноскопијата е безбедна процедура, како и секоја инвазивна медицинска техника, таа може да носи одреден ризик. Сериозни компликации најчесто се јавуваат во 0,5% од случаите, а најчесто се решаваат во тек на истиот преглед.
Дента на самата процедура
На денот на колоноскопијата, пациентот добива седација/анестезија, на тој начин не чувствува никаков тип на непријатност и може да биде смирен за време на самата процедура. Времетраењето на колоноскопијата може да се движи од 30 минути до еден час во зависност од видот на областа што треба да се испита. Откако ќе заврши процедурата, пациентот мора да почека неколку минути лежејќи додека ефектот на анестезијата изчезне. Се препорачува пациентот да има придружба бидејќи дури и неколку часа по процедурата може да се задржат благи ефекти на седацијата. Иако процедурата може да изгледа малку непријатна, колоноскопијата не им пречи на повеќето пациенти, кои се враќаат во нормален живот во рок од 24 часа. Она што може да се забележи е одреден притисок во пределот на стомакот предизвикан од самиот уред и од гасот кој се користи за проширување на ѕидовите на дигестивниот тракт.
Сега кога знаете малку повеќе за колоноскопијата, доколку почувствувате некој од симптомите споменати погоре, ви препорачуваме да не ја одложувате посетата на специјалистот кој ќе го одреди и препорача спроведување на колоноскопија. Да потсетиме дека превенцијата е најдобриот лек.
Во Клиничката болница Жан Митрев како најсовремена установа ги имаме најдобрите медицински тимови кои со својот професионален пристап ќе ја спроведат оваа процедура.
На овогодинешниот избор Beauty Awards во организација на магазинот Убавина и здравје, учествуваа голем број козметички производи и апарати кои се во функција на убавината. Поделени во неколку категории: парфеми и шминка; нега на лицето; коса и тело и професионалци, беа одбрани ѕвездите, секоја во својата категорија. Во категоријата професионалци, токму апаратот Ултера беше избран за ѕвезда. Само како потсетување, станува збор за апарат кој од неодамна е во понудата на центарот за естетска дерматологија при Жан Митрев клиниката. Со него се изведуваат светски познатите третмани за нехируршки лифтинг на лице-Ultherapy. Настанот се одржа во пријатна атмосфера во ресторан барот Венеција. Статуетката ја подигна д-р Александра Лазаревска како претставник на тимот дерматолози од нашата клиника.
Кардиомиопатија е болест на срцевиот мускул која ја отежнува работата на срцето односно пумпањето крв низ телото. Кардиомиопатијата може да доведе до срцева слабост. Има неколку основни типови на кардиомиопатија: дилатантна, хипертрофична и рестриктивна. Типот на третман што ќе го добиете зависи од тоа каков тип на кардиомиопатија имате и колку е тешка и може да вклучува: лекови, хируршки вградени уреди, операција на срцето или, во тешки случаи, трансплантација на срце.
Симптоми
Во раните фази на кардиомиопатија може да нема знаци или симптоми. Меѓутоа, како што напредува состојбата, обично се појавуваат следните симптоми:
Губење здив при физичка активност или дури и при одмoрање
Оток на нозете, глуждовите и стапалата
Отекување на абдоменот поради акумулација на течност
Кашлица при лежење
Тешкотии при спиење во хоризонтална положба
Замор
Отчукување на срцето кое се чувствува како брзо чукање или треперење
Непријатност или притисок во градите
Вртоглавица, зашеметеност и несвестица
Знаците и симптомите имаат тенденција да се влошат доколку не бидат соодветно третирани. Кај некои луѓе, состојбата брзо се влошува; кај други, може да помине долго време пред состојбата да се влоши.
Фактори на ризик
Постојат голем број фактори кои можат да го зголемат ризикот од кардиомиопатија, вклучувајќи:
Семејна историја на кардиомиопатија, срцева слабост или ненадеен срцев удар
Долгорочен висок крвен притисок
Болести кои влијаат на срцето, како што се претходни срцеви удари, коронарна артериска болест или инфекција на срцето (исхемична кардиомиопатија)
Дебелината, која го тера срцето да работи понапорно
Долготрајна прекумерна консумација на алкохол
Незаконски дроги, како што се кокаин, амфетамини и анаболни стероиди
Третмани со одредени лекови за хемотерапија и зрачење за рак
Одредени болести, исто така, го зголемуваат ризикот од кардиомиопатија, како што се:
Дијабетес
Болести на тироидната жлезда
Прекумерно складирање на железо во телото (хемохроматоза)
Амилоидоза
Саркоидоза
Нарушувања на сврзното ткиво
Компликации
Кардиомиопатијата може да доведе до сериозни компликации, како што се:
Срцева слабост – кога срцето не може да пумпа доволно крв за да ги задоволи потребите на телото. Ако не се третира, срцевата слабост може да биде опасна по живот.
Згрутчување на крвта. Ако срцето не може ефикасно да пумпа, поголема е веројатноста да се формираат згрутчувања во срцето. Ако згрутчувањето влезе во крвотокот, тие може да го блокираат протокот на крв во други органи, вклучувајќи го срцето и мозокот.
Проблеми со срцевите залистоци. Бидејќи кардиомиопатијата предизвикува зголемување на срцето, валвулите може да не се затворат правилно. Ова може да предизвика ретрограден проток на крв во валвулата.
Срцев удар и ненадејна смрт. Кардиомиопатијата може да предизвика абнормален срцев ритам што предизвикува губење на свеста или понекогаш ненадејна смрт ако срцето престане да чука ефикасно.
Превенција
Во многу случаи, кардиомиопатијата не може да се спречи. Информирајте го вашиот лекар ако имате семејна историја на состојбата. За да го намалите ризикот од кардиомиопатија или други срцеви заболувања, добро е да одржувате здрав начин на живот и да усвоите навики како што се:
Избегнување на консумирање алкохол или кокаин
Контролирање на високиот крвен притисок, високиот холестерол и дијабетесот
Консумирање здрава исхрана
Редовно вежбање
Спиење добро
Намалување на стресот.
Мултидисциплинарниот тим кои се грижи и соодветно ги третира сите срцеви заболувања во Клиничката болница Жан Митрев е составен од кардиолози, педијатриски кардиолози, интервентни кардиолози, кардиохирурзи, како и анестезиолози и интензивисти високо специјализирани за пациенти со срцеви заболувања кои периодично се состануваат за да разговараат и заеднички да одлучат за најдоброто решение за секој пациент.
Хистероскопија е гинеколошка интервенција со која под директна визуелизација со камера во шуплината на матката дијагностицираме и решаваме многу проблеми што ги засегаат жените, а кои претходно можевме да ги решиме само со класична операција.
Хистероскопот е тенок инструмент, сличен на телескоп, кој преку вагината го пласираме во утерусот, кој покрај камера за визуелизација има и тенки инструменти, специјално дизајнирани за извршување на одредени интервенции. Хистероскопијата денес е златен стандард за отстранување на полипи од шуплината на матката, миоми кои се видливи во внатрешноста на матката, горење на слузницата на матката – процедурата ја користиме кај жени кои завршиле со репродукција, а кои имаат обилни менструални крварења кои доведуваат до анемија, и општа слабост.
Овие обилни, ирегуларни крварења од матката се симптоми на кој се жалат 40% од жените кои доаѓаат во гинеколошките ординации. Некои од нив се третираат со хормонска терапија, но кај голем дел од нив постои промена во матката, која денес ја решаваме микроинвазивно со хистероскопијата, како еднодневна хирургија, скоро безболно со минимален период на опоравување. Денес, многу жени чии професионални обврски наложуваат брзо да се вратат на работа, бараат нови, алтернативни модалитети на класичната хирургија.
И тука не завршува опсегот на употребата на хистероскопската хирургија. Доколку порано беше потребна класична операција кај пациентките со аномалии на утерус, прегради на матката, кои често лекуваат стерилитет или имаат повторувачки спонтани абортуси и предвремени породувања, денес сето тоа благодарејќи на оваа метода е можно како еднодневна хирургија, со брзо постоперативно закрепнување.
Во светски рамки, со самиот пораст на бројот на Царските резови, се соочивме со нов проблем, појава на еден вид на кила на предниод ѕид на матката, во која како во резервоар се задржува менструалната крв, па овие пациентки крварат по 12-14 дена по отпочнување на циклусот при што крвта се цеди секој ден по малку. И за оваа состојба терапијата е хистероскопска каде по визуелизацијата со камера, се прави решавање на килната кеса, и со тоа се решава проблемот кој го нарушува секојдневието и нормалниот живот на пациентката.
Денес хистероскопската хирургија има значајно место во секојдневната гинеколошка пракса. Таа стана рутинска и неопходна метода која замени многу интервенции и операции во гинекологијата, давајќи нов микроинвазивен правец во третманот на гинеколошките состојби. Предности од хистероскопијата, кои секако во денешното модерно време се клучни:
Брзо, едноставно и ефикасно решение,
Еднодневна хирургија,
Низок ризик од компликации,
Брза рехабилитација,
Кратко боледување и минимално отсуство од секојдневните обврски.