Синдром на смрзнато рамо

Смрзнато рамо (frozen shoulder) претставува клинички синдром со нејасна етиологија (не е познат причинителот). Се карактеризира со болки и ограничени движења во рамениот појас. Во голем дел од случаите пациентите се жалат на силна болка особено во текот на ноќта, па дури и дека користат аналгетици за да може да заспијат.

Зглобната чаура е задебелена и со фиброзни промени. На рендген снимка може да се забележи намалена густина на коската поради неактивност. Промените кои настануваат во рамениот зглоб се реверзибилни и во поголем број на случаи настапува закрепнување.

Ова заболување најчесто се јавува после петтата односно шестата декада на животот, но почетокот може да биде во која било доба. Постои примарен и секундарен синдром на смрзнато рамо. Примарниот се развива без позната причина и не може да се поврзе со ниедно друго познато заболување, додека секундарниот е често пропратен со други заболувања: дијабетес, мозочен удар со одземеност на екстремитетите, трауми, вратна спондилоза и сл.

Самата состојба поминува низ три фази и тоа:

  • Фаза на замрзнување (0 – 8 недела)
  • Замрзната фаза (8 – 16 недела)
  • Фаза на одмрзнување (над 4 месеци)

 

ФИЗИОТЕРАПИЈАТА е основна терапија за враќање на функциите на рамото кај ова заболување, таа има за цел да ја намали болката и да го зголеми обемот на движење. Примената на медикаментозна терапија, е само помошно средство, во процесот на закрепнување.

Во првата фаза на смрзнато рамо се применуваат вежби со умерено темпо со истегнување до граница на болка за да се зачуваат движењата, дополнително се применува криотерапија (терапија со мраз) пред и по изведување на вежбите. Третманот може да биде комбиниран и со електротерапија – ултразвук, TENS – транскутана електронервна стимулација, кинезиотејпинг и ласеротерапија за да се намали болката, а исто и отокот.

Во втората фаза на смрзнато рамо се задава акцент на вежби и истегнување на рамениот појас онаму каде што движењата се најмали. Во оваа фаза се инсистира да се одржи силата и колку што е можно повеќе да се врати мобилноста во рамото. И во оваа фаза се препорачува да се аплицираат кинезиотејпинг ленти. Терапевтот во оваа фаза работи активно – потпомогнати вежби кај оние движења кај кои пациентот се штеди најмногу.

Третата фаза е онаа фаза каде што веќе започнуваат да се враќаат движењата во рамото.

Во оваа фаза се изведуваат „по агресивни“ вежби но сепак до граница на болка за да се достигне целиот обем на движење.

Се изведуваат вежби за јакнење на мускулатурата на рамениот појас којашто е ослабната поради недоволната активност.

Препопрачливо во оваа фаза е да се изведуваат вежби со двете раце за да нема дисбаланс.

Многу е важно третманот да го спроведи квалификуван физиотерапевт, за да може пациентот да добие соодветна терапија.

Македонското физиотерапевтско здружение во соработка со компанијата ФИЛА-ФАРМ од Скопје организира Кинезио-семинар и работилница на 21. април 2019 година во 10 часот во Жан Митрев Клиник Скопје, гостин на семинарот ќе биде Д-р Кензо Касе, иноваторот на кинезиотејпингот техника.

Регистрација за учество може да се направи на следниот е-маил president@mfz.mk или на ‪070772122.

Котизација за членови на МФЗ е 1000 денари а за сите останати 1200 денари.

Котизацијата треба да биде уплатена на следната жиро сметка ‪210072165990137 во НЛБ ТУТУНСКА БАНКА АД СКОПЈЕ со назнака кинезио семинар, најдоцна до 15 април 2019.

Бројот на учесници е ограничен.

Кинезио-семинар и работилница со Д-р Кензо Касе, иноваторот на кинезиотејпингот техника

Македонското физиотерапевтско здружение во соработка со компанијата ФИЛА-ФАРМ од Скопје организира Кинезио-семинар и работилница на 21. април 2019 година во 10 часот во Жан Митрев Клиник Скопје, гостин на семинарот ќе биде Д-р Кензо Касе, иноваторот на кинезиотејпингот техника.

Регистрација за учество може да се направи на следниот е-маил president@mfz.mk или на ‪070772122.

Котизација за членови на МФЗ е 1000 денари а за сите останати 1200 денари.

Котизацијата треба да биде уплатена на следната жиро сметка ‪210072165990137 во НЛБ ТУТУНСКА БАНКА АД СКОПЈЕ со назнака кинезио семинар, најдоцна до 15 април 2019.

Бројот на учесници е ограничен.

ДЕНЕС Е СВЕТСКИОТ ДЕН ЗА ПОДИГАЊЕ НА СВЕСТА ЗА АУТИЗМОТ

Секоја година насекаде во светот 2 април се одбележува како светски ден за подигање на свеста за аутизмот. Аутизам е развојно нарушување на човечкиот мозок, при што првите знаци се видливи уште во најраното детство. Се карактеризира со слаба или никаква социјална интеракција и комуникација како и ограничени и повторливи форми на однесување

Загрижувачки е што инциденцата на ова нарушување драстично се зголемува од година во година.

Светскиот ден на аутизмот има за цел да стави акцент на проблемите со кои се соочуваат лицата со аутизам и нивните семејства и преку поголемата изложеност во јавноста да се придонесе за поголемо разбирање и запознавање на луѓето со ова нарушување.

Светскиот ден на аутизмот ги слави уникатните таленти и вештини на луѓето со аутизам ширум светот.

Аутизмот е невроразвојно нарушување кое значајно влијае врз способноста на комуникација и социјална интеракција.

За разлика од минатото, кога проценките биле дека од аутизам страда 1 на 10.000 илјади деца, денес се смета дека 1 од 100 деца развиваат аутизам. Одредени анализи покажуваат дека во наредните години во светот ќе има повеќе деца со дијагноза на аутизам отколку со рак, дијабетес и сида заедно, што е повеќе од загрижувачки.

Денешниот датум, 2-ри април, со резолуција на Обединетите нации од 2007-ма година се одбележува како Светски ден на аутизмот. Ширум светот се испраќаат пораки за поголема грижа од надлежните, повисока свест од општеството, подобри услови во градинките и училиштата за децата со аутизам.

Раното откривање на аутизмот и навремениот третман се многу битни за понатамошниот тек на животот, бидејќи на детето му се помага да стекне одредени социјални вештини и самостојност.

Малиот Кирил од Одделот за интензивна нега во одлична состојба замина дома

По еден месец престој на Одделот за интензивна нега и терапија, дома е пуштено првото предвреме родено бебе згрижено во Клиничка болница „Жан Митрев“.

Се работи за новороденче кое е префрлено од родилиште со тежина од 1.400 грама и сериозни кардио-респираторни компликации. По триесетдневниот соодветниот третман на Одделот за интензивна нега бебето денес беше пуштено дома. Тежи нешто повеќе од два килограми и е одлично адаптирано.

Родителите пресреќни исто како и нашите доктори коишто успешно ја завршија оваа среќна приказна.

– Едвај чекаме малиот Кирил да го однесеме дома. Сите со нетрпение го очекуваат. Јас како негова мајка секој ден бев тука со него и бескрајно сум благодарна на целиот тим од вашата клиника кој покажа неизмерна љубов, грижа и знаење да се помогне на најмалите, најнежните најкревките… на бебињата кои се родени предвремено и со здравствени проблеми. Нашето бебе беше во сигурни раце а сега се си дојде на свое место – изјави мајката на малиот Кирил напуштајќи ја нашата болница.

Кардиолошката секција на медицински сестри за подобро здравство преку свој активен придонес

На одржаниот „Симпозиум на кардиолошки сестри во Македонија“ сестрите од нашата клиника учествуваа како претставници од клиниката која се смета како првенец во дејноста на кардиологијата и кардиохирургијата во државава. Сестрите како едни од најблиските соработници во дејноста ќе бидат инволвирани во работата на Кардилошкото друштво кое започна да функционира токму со одржувањето на овој симпозиум.

– Треба да останеме здружени заради заштита и унапредување на стручноста, етичките права и должности и заради подобрување на квалитетот на здравствената заштита. Секојдневно се соочуваме со тешки предизвици на работното место, но исто така никако не смееме да ги игнорираме и позитивните промени што се случуваат на полето на здравството генерално. Предизвиците не треба да не обесхрабруваат, напротив, треба да ги прифаќаме како дополнителна мотивација за стекнувања на нови знаења и вештини – беше потенцирано на овој симпозиум.

Нашата клиничка болница и понатаму ќе дава свој придонес и со кадар и со знаење во сите форми и на сите начини на здружување се со цел унапредување на здравствената услуга, правата на пациентите и генерално подобрување на квалитетот на здравствената заштита во целокупниот здравствен систем.

 

ИНТЕРВЈУ: Д-р. Ирена Андонова – гинеколог

 

Развијте добри хигиенски навики и беспрекорно грижите за вашиот интимен регион

Со кои проблеми се среќавате најчесто во вашата гинеколошка пракса?

– Во светот, на годишно ниво, околу 300 милиони жени се дијагностицирани со некој вид на урогенитална инфекција. Најчесто станува збор за воспаление на вагината со симптоми кои по настанатата инфекција брзо се манифестираат и секоја жена ги препознава (како промена на нормалната вагинална секреција). Најчесто, се јавува бактериската вагиноза, вагинална кандидијаза или трихомонијазата. Но, покрај нив постојат и инфекции на гениталните органи кои се често без симптоми, како инфекцијата со кламидија, која понекогаш, се дијагностицира за прв пат откако проблемите се веќе присутна. Ако инфекцијата не се лекува, може да доведе до компликации како: инфертилитет, воспаление на карличните органи, проблеми во бременоста (како предвременото раѓање, спонтан абортус) и слично.

Дали постои природна бариера која ја зголемува отпорноста кон гениталните инфекции?

– Развојот на медицината и новите техники за мапирање на гените на човечкиот организам дошле до сознание дека од 100 трилиони клетки кои се присутни во и на човечкото тело, само околу 1/10 од нив се всушност човечки. Останатите 90% од нив припаѓаат на микроорганизми – бактерии, вируси и други микроби. За нашето целокупно здравје да се одржува неопходно е деликатна рамнотежа на микробите што живеат во и на нашите тела. Ова важи и за рамнотежата помеѓу микроорганизмите и одржување на добро здравје на гениталните органи. Главната причина за појавата на одредени вагинални инфекции е нерамнотежа на микроорганизмите во вагината. Нарушување на рамнотежата настанува со намалување на бројот на добри бактериски видови или пак поради прекумерен раст и размножување на „лоши“ бактерии или габи. Тоа се два процеса кои се случуваат паралелно.

Што е нормална вагинална флора и како делува?

– Здравата вагина е населена со голема количина на „добри“, корисни бактерии, лактобацили. Овие бактерии се сметаат за еден вид на чувари на вагиналното здравје – тие можат да го инхибираат растот на потенцијално штетните бактерии / габи преку производство на млечна киселина и хидроген пероксид, спречувајќи ја колонизацијата на вагината со“ лошите бактерии“. Млечна киселина помага во одржувањето на киселата средина, pH вредноста на вагината, која пак овозможува раст и развој на добри бактерии за вагиналното здравје, додека хидроген пероксид помага да се елиминираат „лошите“ бактерии. Исто така, лактобацилите формираат заштитен биофилм на вагиналната слузница, кој не дозволува штетните микроорганизми да се залепат на неа.

Кога доаѓа до нарушување на нормалната вагинална флора?

– Помеѓу „добрите и лошите“ бактерии постои постојан натпревар во одржување на една деликатна рамнотежа. Постојат многу фактори кои можат да ја нарушат, а некои од нив се: лоши хигиенски навики, носење синтетичка и тесна долна облека, пливање во базен, антибиотска терапија, обилни менструални крвавења, шеќерна болест, намален имунитет, стрес, несоодветна хигиена, надразнувачи присутни во козметички производи, хормонални промени, бременост итн. Ако вагиналната флора е компромитирана, заштитната улога на лактобацилите е намалена. Поради намалениот број на лактобацили, се произведува помалку млечна киселина и се менува протективната вагинална pH-вредност, што им овозможува на „лошите бактерии“ да се размножуваат и да доведат до бактериски дисбаланс. Кога, штетните микроорганизми ќе се размножат над одредена концентрација, започнуваат да се јавуваат тегоби карактеристични за вагинални инфекции. Во случај на појава на следниве симптоми, карактеристични за вагинални инфекции, како што се: зголемена вагинална секреција, променета боја или непријатна миризба, чувство на печење, црвенило и чешање на надворешни гениталии, често мокрење, болни и непријатни сексуални односи, потребна е консултација со гинеколог.

Со кои најчесто вагинални инфекции се среќавате во вашата пракса?

– Секоја жена барем еднаш во животот се соочила со вагинална инфекција од различен тип. Најчеста инфекција е бактериската вагиноза со која се соочиле 50% од жените во светот, и претставува нарушување на вагиналната флора со предоминација на анаеробни бактерии, првенствено Gardnerella vaginalis. Присуството на оваа инфекција, го зголемува ризикот од пелвична инфламаторна болест особено по киретажа, хистероскопија, а за време на бременоста го зголемува ризикот од предвремено раѓање. Како симптоми може да се појави сивкаст исцедок со специфичен мирис на расипана риба, додека, други симптоми како чешање и печење најчесто нема. Освен во случаите кога станува збор за мешана инфекција па со Гарднерела се размножуваат и габички, главно Candida albicans, кои лесно се размножуваат во услови на намалување на киселоста и pH на вагината, повисока од 4,5. Втора по честота е габичната инфекција, која се јавува при намален имунитет, по употреба на антибиотици или орални контрацептиви, поради зголемен внес на шеќери, шеќерна болест, бременост. Со зголемување на бројот на габичките се јавуваат и првите симптоми: урдесто-бел секрет чиј мирис потсетува на мирис на квасец, чешање и црвенило.

Како делуваат инфекциите во бременоста?

– За време на бременоста, количината и разновидноста на вагиналните лактобацили често се намалува, под дејство на хормоните, ставајќи ги бремени жени во поголем ризик од инфекција.

Инфекциите во бременоста можат да поминат незабележано, а при тоа да направат оштетувања како на плодот, така и на здравјето на мајката. Доколку не се препознаат и лекуваат некои од инфекциите во бременоста, може да доведат до спонтан абортус, предвремено прскање на околу плодовите обвивки, истекување на плодовата вода и предвремено породување, инфекции и сепса кај плодот. Некои од нив можат да наштетат на органогенезата, делувајќи на развојот на органите на плодот, доведувајќи до конгенитални аномалии. Бројот на инфекциите во текот на бременоста што можат да му наштетат и на плодот и на мајката е навистина голем, и затоа редовните гинеколошки прегледи пред и во текот на бременоста, се неопходни за да ја намалат нивната појава и за навреме да се превенираат проблемите по здравјето на мајката и плодот.

Кој е начинот на лекување на овие инфекции?

– Лекувањето на овие состојби вклучува администрација на антибиотици и / или антифунгални лекови, кои се многу ефикасни. Но, токму поради нарушувањето на микрофлората на вагината, повторување на болеста е многу честа појава. Во првите три месеци по третманот, бактериска вагиноза се повторува во 15-30% од случаите, а по подолг период, речиси 50% од жените ќе имаат истите симптоми како и пред третманот. Додека при вагинална кандидијаза, доаѓа до обновување на воспалението кај 20% од пациентите, четири до шест недели по завршувањето на терапијата. Поради оваа причина, по третманот на акутната инфекција, важно е да се нормализира и вагинална флора. Денес, за таа намена имаме производи кои содржат млечна киселина или пак пробиотици (бактерии полезни за нашиот организам). Враќање на рамнотежата на вагиналната флора може да се постигне со користење на производот Вагисан, вагинални таблети со млечна киселина, неопходна за одржување на нормалната вагинална флора и брзо воспоставување на киселоста на вагината. Вагиналните таблети со млечна киселина можат да се применат по антибиотска терапија, или превентивно со цел спречување на појава на вагинална инфекција.

Кој е вашиот совет за одржување добро вагинално здравје?

– Урамнотежената вагинална флора помага да се спречат бактериски и габични инфекции и е од клучно значење за доброто вагинално здравје. Со цел да се намали ризикот од нерамнотежа во вагиналната флора, развијте добри хигиенски навики и следете ги општите препораки за тоа како да се грижите за вашиот интимен регион. Можете исто така да користите производ кој содржи состојки кои го поддржуваат растот на добри бактерии за да се спречат можните инфекции и да се промовира закрепнување доколку симптомите веќе се развиени.

Одржан Научен клуб во ZMC

На Научниот клуб што се одржа во аудиториумот на нашата клиника на 20.03.2019 се презентираа неколку теми од нашите доктори. Доктор Планинка Зафировска одржа предавање на тема „Срцева слабост – поделба и фармаколошки третман“ додека доктор Тања Анѓушева презентираше податоци на тема „Механичка циркулаторна потпора при срцева слабост“ со приказ на конкретен пример. Научниот клуб заврши со општа дискусија за темите меѓу кои како последна беше и „XARELTO-во пресрет и на потребите на AF пациентите со бубрежно оштетување“

Еден поинаков месец на вљубените – месец посветен на здравјето на срцето

Традиционално секој година во изминатата деценија тимот на болницата го посвети своето внимание на одбележување на месец февруари како месец посветен на здравјето на срцето. И оваа година одбележувањето опфати бројни активности. Група родители на деца со церебрална парализа имаа можност да учествуваат на искуствена работилница предводена од Фросина Ристовска – психолог и психотерапевт насловена „Грижи се за своето срце – Take care of your heart, don’t let it fall apart“ низ која родителите имаа можност да одвојат малку време за себе и саморефлексија. За најмладите кои имаат поминато низ интервенција или операција на срце беше организирана креативна работилница и тура низ Музејот на илузии под наслов „Во играта сме сите исти #for good health’s sake, run, jump, and shake“. Беше импресивно да се види смеата и радоста на сите присутни и да се види како пријателствата креирани во едни поинакви услови траат долго. Во овој месец имавме и обраќање на Facebook live и гостување на телевизиските екрани, активности преку кои се обидовме да ја пренесеме пораката за битноста на активниот здрав начин на живот кои ни помагаат во зачувување на нашето здравје. До следната активност која веруваме ќе биде наскоро не заборавајте да бидете активни, да избирате здрава храна, да го контролирате нивото на маснотии во крвта, да го контролирате крвниот притисок, редуцирајте го внесот на шеќери, откажете ги цигарите и најбитно не заборавајте да се смеете и да уживате во природа о луѓето кои вам ви значат.