Колку се всушност опасни убодите од комарци?

Иако најчесто здодевни, мали и речиси незабележителни, комарците се веројатно меѓу најопасните животни на планетата поради самиот факт дека тие се предизвикувачи на милиони смртни случаи секоја година. Повеќето видови комарци се најчесто безопасни, но еден дел од нив, оние опасните, се вистински летачки крвожедни паразити кои имаат способност да се прилагодат лесно пренесувајќи болести на луѓето.

Во најголем дел, каснувањата од комарци не се ништо повеќе од нервозна непријатност што ќе исчезне после 24 часа. Но, ова не е случај кај лицата со низок имунитет кои често се изложени на болести кои можат сериозно да ги загрозат нивните животи.

Некои од најопасните болести пренесени од комарци вклучуваат: Денга треска, Зика инфекција, Западнонилска треска, маларија итн. Во нашата држава овие болести ретко се забележуваат, но доколку одите на патување во ризични подрачја добро е да ги запознаете одблиску и да внимавате т.е да избегнувате каснувања од комарци.

Да ги разгледаме 3-те најопасни и веќе добро познати болести пренесени од комарци.

Денга треска
Денгата е една од најсмртоносните болести на планетата која погодува до 400 милиони луѓе секоја година! 100 милиони луѓе се разболуваат од инфекцијата, а 22 000 умираат од тешка денга треска. Овој вирус пренесуван од комарците е присутен во поголемите делови на Југоисточна Азија, од северна Австралија до Авганистан, но исто така и во Јужна Америка, субсахарска Африка и неколку јужни држави на САД.

Инфекција со Зика
Вирусот Зика се пренесува од неколку вида комарци: азискиот тигрест комарец, Aedes albopictus и комарецот на жолта треска. Првенствено се јавува во Јужна и Централна Америка, Флорида и Тексас. Погодени се и области во Југоисточна Азија. Тука спаѓаат Тајланд, Филипини и Виетнам.
Популации кои се изложени на најголем ризик за вирусот Зика се жени во првиот триместар од бременоста кои кога ќе се заразат вирусот истиот го пренесуваат на нивните бебиња. Ова е особено опасно затоа што преносот честопати останува незабележан.

Маларија
Маларијата е несомнено најпозната тропска болест на планетата. Таа е предизвикана од едноклеточен организам наречен плазмодиум, раширен првенствено од комарецот Анофелес.
Маларијата е толку смртоносна и лесно пренослива што околу 40 проценти од сите луѓе ширум светот се изложени на ризик од заразување со маларија. Болеста напредува во епизоди на треска и има мешавина на симптоми, вклучувајќи главоболки, болка, потење, па дури и дијареја.

Како да спречите каснување од комарец?

Сезоната на комарци вообичаено започнува во лето. Комарците гризат дење и ноќе, живеат во затворени простории и на отворено и бараат топли места кога температурите почнуваат да опаѓаат. Некои комарци хибернираат во затворени простори, како гаражи, шупи и под (или внатре) домови, за да ги преживеат ладните температури.

Поради фактот дека за повеќето вируси кои ги шират комарците, не се достапни вакцини или специфични лекови, најдобра е превентивата.

Ризикот од каснување од комарци можете да го намалите со употреба на средства против инсекти кои ќе ги нанесете на вашата кожа во часови кога комарците се најактивни т.е од самрак до зори. Ако планирате да одите на отворено, особено во пошумени или области со грмушета вегетација, погрижете се претходно да нанесете репелентни средства за одбивање на комарците.

Повеќето вакви средства за инсекти користат активни состојки како што се пикаридин и диетилтолуамид (DEET) за да обезбедат заштита и да траат подолго од другите алтернативи. Студиите исто така покажуваат дека маслото од еукалиптус и од лимон обезбедува заштита еднаква на онаа на DEET во ниски концентрации.

Од очигледни причини, ако знаете дека областа каде што ќе одите има големи роеви на комарци, погрижете се да го покриете телото од глава до пети.

Идеална средина за нив се застојаните води. Комарците се размножуваат во близина на влажна средина и драматично можат да го зголемат својот број. Затоа најдобар начин за да се задржи нивната популација под контрола е да се одржуваат олуците чисти, редовно да се менувата водата во фонтаните и да се празнат базените за деца.

Секако можете да поставите мрежи на прозорците, и редовно да ги поправате сите оштетувања (процепи, дупчиња) бидејќи низ нив можат да се протнат комарците и другите инсекти.

Успешно направена третата срцева трансплантација


Кога се човечки животи во прашање не е важно дали е ден или ноќ, викенд или работен ден

Согласно претходно извршените подготовки, рано утрово околу 6:30 часот тимот кардиохирурзи го почна оперативниот зафат со цел трансплантација на срце од починат донор.

Во просториите на државната кардиохирургија Академик д-р Жан Митрев заедно со д-р Никола Христов и проф. д-р Сашко Јовев д-р Марјан Шокаровски и д-р Васил Папестиев од државната кардиохирургија придружени од анестезиолозите, како и тим на перфузонисти, инструментари, медицински сестри ја изведоа оваа операција која траеше околу 5 часа со што и официјално успешно беше извршена третата трансплантација направена во нашата земја.

Станува збор за 40 годишна жена чие семејство даде согласност, нејзиното срце да продолжи да чука во градите на 32 годишна жена.
Исто така се очекуваат уште две бурежни транспланатации во текот на денешниот ден.

Голема благодарност и на сите останати доктори од кардиохирургија кои зедоа учество, како и другите членови на тимот од Клиничката болница Жан Митрев: д-р Тања Анѓушева, Александра Темелковска и Катерина Ристовска-Јанев.

Секако голема благодарност на доц. д-р Маја Мојсова Мијовска – националната координаторка за трансплантација, Министерство за здравство / Ministria e Shëndetësisë и Венко Филипче

Одржана презентација на најновите производи од линијата Ортомол и Институт

Во средата на 26 мај во просториите на Клиничката болница Жан Митрев се одржа едукативна презентација на производи од брендовите Ортомол и Институт наменета за сите фармацевти од каналот големопродажба. Имено беа претставени ортомолекуларните витамински препрарати од широката палета производи на Ортомол: Имун – наменет за подобрување на имунитетот, Јуниор Плус Ц за деца, Остео, Кардио и Бјути кој е специјална формула за здрава кожа, коса и нокти. Исто така беше претставена линијата медицинска козметика од брендот Институт т.е бариерната маст Филагрин Протект која со својата иновативна формула овозможува ефикасна хидратација и заштита на сува и оштетена кожа, препорачана за атопичен дерматит.
Во рамките на оваа презентација беа претставени и неколкуте 100% ладно цедени масла од семиња. Маслото од лен, од семки од тиква, благ бадем, како и козметичките масла од чиа и шипка.
Благодарение на Николина Мишева, Бојана Филиповска и Марина Релушкоска сите присутни се запознаа со можните придобивки во по поглед на подобрување на здравјето со користење на овие производи.
Овие производи се достапни во сите подобро снабдени аптеки, како и во нашата болничка аптека Фила 02/31094926 или на https://aptekafila.mk/

Клиничката болница Жан Митрев и оваа година се приклучи кон Eвропската кампања за рано откривање на ракот на кожа

Месец мај е месецот во кој низ целиот свет се организираат активности поврзани со превенција и рана дијагностика на меланомот т.е ракот на кожа. Оваа година Европската кампања за рано откривање на ракот на кожа се одвива под мотото ,,Вашето минато ја одредува вашата иднина,,.  Секој човек може да биде засегнат од ова заболување, но добрата вест е дека доколку се открие навреме истиот е комплетно излечлив.

Со цел поддршка и подигање на свеста токму за раното детекирање на меланом, Жан Митрев Клиника заедно со својот оддел за дерматологија ќе земе активно учество во оваа кампања обезбедувајќи 50 бесплатни дермоскопски прегледи на бемки. Оваа еднодневна активност ќе се спроведе на ден 27.05. 2021 година во периодот од 9 до 17 часот во просториите на болницата. Прегледите ќе ги изведуваат д-р Александра Лазаревска и д-р Анџелка Илиева. Ги повикуваме сите заинтересирани да го закажат својот термин на 02/3091-484.

Ве очекуваме

Несоница – причини и третман

Што е несоница?

Луѓето кои страдаат од несоница често се жалат од следниве проблеми:

  • Тешкотии да заспиат
  • Проблем да спијат подолго (се будат неколку пати во текот на ноќта).
  • Рано будење наутро
  • Чувство дека не спиеле добро

Во текот на денот, луѓето со несоница обично чуствуваат:

  • Умор или поспаност
  • Анксиозност или депресија
  • Нарушувања на меморијата или намалено внимание / концентрација
  • Раздразливост, нервоза

Што може да ја предизвика несоницата?

Постојат многу причини кои можат да доведат до несоница.

  • Психички нарушувања како што се депресија и анксиозност.
  • Несоодветен ред на спиењето (дремење, консумирање кофеин и / или алкохол, силна физичка активност пред спиење, нередовно легнување / будење, многу часови во кревет, вклучување во интелектуални активности пред спиење, користење мобилни уреди пред спиење итн.).
  • Хронични заболувања кои се манифестираат со болка или отежнато дишење (ревматски заболувања, фибромијалгија, ХОББ, астма, срцева слабост, гастроезофагеален рефлукс, гастричен / дуоденален улкус).
  • Болести што се јавуваат за време на спиењето (синдром на апнеја при спиење, синдром на немирни нозе, периодични движења на нозете, итн.).
  • Лекови (стимуланси, антидепресиви, супресивни седативи или хипнотици).
  • Неправилна шема на спиење, промена на временскиот распоред на работа.
  • Идиопатија (болест која нема патогенеза / непозната).
  • Псевдоинсомнија (пациентот се жали дека не спие добро иако студиите за спиење не покажуваат абнормалности).

Дали е тоа чест проблем?

  • 95% од возрасната популација имала некоја епизода на минлива несоница во нивниот живот.
  • Само 8 до 18% од луѓето страдаат од хроничните форми на несоница (онаа што трае најмалку 6 месеци).
  • И покрај тоа што е чест проблем, само 5% го посетуваат лекар за решавање на овој проблем.

Која популација е најмногу изложена на несоница?

  • Разведените лица, вдовиците, невработените.
  • Оние со дигестивни, ревматски, респираторни и кардиоваскуларни заболувања.
  • Анксиозните и депресивните.
  • Оние кои имаат седентарен живот.
  • Оние кои имаат стресен начин на живот.
  • Оние со неправилно време на спиење и време на будење.
  • Оние кои консумираат алкохол пред да спијат.
  • Пушачите.
  • Оние кои консумираат напитоци кои содржат кофеин.
  • Оние кои се често изложени на амбиентална бучава.

Какви последици може да има несоницата врз здравјето?

  • Замор или недостаток на енергија.
  • Вознемиреност, депресија и стрес.
  • Намален квалитет на живот.
  • Поголема веројатност од сообраќајни несреќи и / или работни несреќи.
  • Невро-когнитивно оштетување (губење на меморијата, нарушувања на концентрацијата и учењето).

Како се испитуваат пациентите со несоница?

Првиот чекор е медицинска историја и квалитативно-квантитативна проценка на нарушувањата на спиењето со помош на прашалници специјално подготвени за оваа намена. Друга студија што се користи е полисомнографија и актиграфија.

Како се третира несоницата?

Првото нешто е да се идентификуваат причините што го предизвикуваат. Постојат општи мерки што можат да се применат кај сите пациенти со несоница. Тие се таканаречени правила за добар сон кои вклучуваат генерални препораки како:

  • Намалете го времето поминато во кревет (ако сте се разбудиле и не можете да заспиете, станете, не останувајте во кревет).
  • Избегнувајте дремки, тутун, алкохол и кафе.
  • Избегнувајте напорно вежбање пред спиење.
  • Избегнувајте интелектуална активност два часа пред спиење.
  • Ако не можете да заспиете, станете и сменете место. Вратете се во кревет само кога ви се спие.
  • Избегнувајте обилни оброци навечер.

Други мерки пак вклучуваат: терапии за релаксација, терапии со ограничување т.е мерки на спиење и психотерапија.

Секако тука се и фармаколошките мерки кои вклучуваат широк спектар медикаменти за лекување на различни видови на несоница (седативи, хипнотици, антидепресиви). Секако најнапред, мора да се идентификуваат причините што предизвикуваат несоница и да се изберат најсоодветните лекови. Треба да избегнувате да земате „апчиња за спиење“ без претходно да поставите правилна дијагноза на факторите што ја поттикнуваат несоницата.

– Други мерки

Бидејќи многу болести можат да предизвикаат несоница (респираторни проблеми, кардиологија, ревматски заболувања, дигестивни нарушувања, апнеи при спиење, хормонални пореметувања итн.), третманот во овие случаи е насочен кон подобрување на овие заболувања, а со тоа и поплаките врзани со несоницата.

Пасивното пушење – причина за сериозни болести

Речиси пред половина век е утврдено со сигурност дека пушењето е штетно за здравјето на оние кои пушат. Но само пред 25 години почнаа да предупредуваат за ризикот од пасивно пушење т.е ризикот на кој се изложени непушачите кои се во иста просторија со пушачите.

Чадот од цигарите содржи повеќе од 4.000 познати хемикалии (кадмиум, плутониум, ДДТ, арсен и многу други), од кои најмалку 250 се штетни, а околу 50 се канцерогени.
Во затворен простор, сите сме изложени на пасивно пушење и неговите штетни ефекти врз здравјето. Ова особено се однесува на децата.

Кога се пуши во затворена просторија, супстанциите од чадот на тутунот се задржуваат со часови, па дури и денови или недели. Вентилацијата со отворање врати и прозорци не е доволна. Потребна е моќ на ураган да ги отстрани, така што не работат ниту апаратите за воздух. При проветрување чадот и мирисот исчезнуваат, но супстанциите остануваат залепени на завесите, мебелот, теписите, облеката и косата.

Многу луѓе го користат моментот додека нивните деца не се дома, мислејќи дека на овој начин ги заштитиле, но важно е да знаат дека ризикот е присутен. Единствената алтернатива е да пушите надвор на отворено, а не во затворени простори. Штом веќе сте решиле да пушите излезете во односно двор, на тераса или балкон, бидејќи е познато дека на пример пушењето во кујната со пуштен аспиратор или во тоалет не ги штити децата и останатите од штетните влијанија.

Пасивното пушење е причина за сериозни кардиоваскуларни и респираторни заболувања, вклучувајќи коронарна срцева болест, рак на белите дробови и синдром на ненадејна смрт кај новороденчиња. Непосредните ефекти вклучуваат иритација на очите, носот, грлото и белите дробови. Исто така, главоболка, гадење и вртоглавица.

Затоа размислете добро дали и понатаму сакате да се изложувате на ризик себе си и вашите блиски.

Бемки – кога е потребна консултација со дерматолог?

Појавата на ракот на кожата се зголемува од година во година. Веројатно за кратко време тоа ќе биде најчестиот карцином кај луѓето, најмногу заради прекумерното изложување на сонце.
Раната детекција на ракот на кожата во најголем процент значи излекување во целост, некои кожни карциноми може да метастазираат и да го компромитираат животот на пациентот, па затоа не треба да се игнорираат.

Колку често треба да ги проверувам моите бемки?

Контролата на бемките треба да биде еднаш годишно од страна на специјалист дерматолог.

Постојат одредени случаи во кои контролата треба да биде почеста:

∙Лична или семејна историја на рак на кожа
∙ Лична или семејна историја на рак воопшто, особено на панкреасот или градите.
∙ Присуство на атипични бемки. Како да се открие атипична бемка или невус? Тие обично се асиметрични и поголеми од 6 мм. Тие можат да имаат парталави рабови и повеќе од една боја.
∙ Многу бела кожа и / или црвеникава боја на коса
∙ Доколку имате повеќе од 100 бемки (кај возрасно лице).
∙ Вродени бемки (од раѓање).
∙ Имуносупресија (трансплантации, третман со хемотерапија, итн.)
∙ Страдање од генетски болести кои предизвикуваат рак на кожа (ксеродерми пигментозум, албинизам и сл.)

Постојат бемки кои е потешко да се контролираат и затоа бараат построг мониторинг. Тоа се оние кои се сместени во скалпот, дланките, стапалата, гениталиите и папочната област.

Веднаш треба да се консултирате со дерматолог ако забележите:

∙ Појава на бемка или флека во ново место на кожата на возрасен
∙ Континуиран раст на големината или дебелината на бемката или флеката.
∙ Промени во бојата (одеднаш затемнува или осветлува, или покажува повеќе бои).
∙ Чешање, крварење или кора над бемката.
∙ Рани на кожата кои не заздравуваат по долго време или зацрвенети области на кожата со лушпи кои не поминуваат.

Кога треба да се отстрани бемка?

Бемките се отстрануваат кога постои сомневање за малигни заболувања. Отстранувањето на бемките не вклучува ризик, тоа е мит.
Постојат места на телото кои можат да развијат абнормални лузни по отстранувањето на бемките. Најчестите области каде што може се јавува таква промена се рамената, градите и горниот дел од грбот. Ако бемката има медицинска индикација за отстранување, постојат начини на лекување на таа лузна. Ако лицето сака да го отстрани од чисто козметички причини, подобро е да не го стори тоа или да разговара со специјалист дерматолог.

Малигнен меланом


Меланомот е малигнен тумор со потекло од меланоцитите, клетки одговорни за создавање на пигмент –меланин кој има улога да ја штити кожата апсорбирајќи ги УВ зраците од сонцето. Во последните децении ширум светот малигниот меланом бележи зголемена инциденца и претставува еден од најчестите карциноми. Најчесто се должи на неконтролирано односно небезбедно изложување на сочево УВ зрачење кое навлегува и предизвикува промени во кожата со текот на времето.

Постојат повеќе типови на малигнен меланом, меѓу кои површинско ширечкиот е еден од најчестите за кој што се знае дека има еволуција од 1-2 години. Ова секако не смее да го игнорираме бидејќи ни дава време за рана детекција односно откривање на меланомот во почетните стадиуми на болеста за кои се смета дека преживувањето е до 98%, односно пациентот се смета за излекуван.

Кои се ризик фактори за развој на меланом

Меланомот настаува како збир на внатрешни односно генетски и фактори на надворешната средина. Најзначајни ризик фактори се фамилијарната анамнеза за постоење на меланом на член од поблиското семејство, бројни меланоцитни невуси односно бемки (повеќе од 50), гигантски вроден (конгенитален) невус, типот на кожа (светлата што лесно гори на сонце и никогаш не потемнува), светли очи, црвена коса како и УВ зраците како надворешен фактор. Докажано е всушност дека најголемиот ризик фактор за настанување на меланомот се изгорениците од сонце настанати на кожата во детството и во текот на раната адолесценција.
На генетските фактори кои се својство на секое лице никако не може да влијаеме, освен да ги воочиме како индикатор за одредување на лица со повисок ризик за развој на меланом. За разлика од нив, на најважниот ризик фактор од надворешната средина во голема мерка може да се влијае!

Што може да направиме за превенција

Препораките се да се користат препарати до висок заштитен фактор од УВА и УВБ зраци, а за почувствителна кожа потребна е дополнителна заштита со носење соодветна облека со долги ракави, капи, шешири и очила. Заштитата треба да се спроведува при секое изложување на сонце од рана пролет па се до есен, а не само за време на годишните одмори.

Исто така е важен начинот на применување на препаратите со заштитен фактор кои се нанесуваат 20-30 минути пред изложување на сонце и оваа постапка се повторува на секои 2-3 часа. Најважно е избегнување на директно изложување на сонце во перидот помеѓу 11-16часот.
Освен заштитата од сонце како и избегнување на солариумите, важно е да се делува на здравствената едукација за самопрегледување и детекција на одредени знаци кога треба да се побара преглед кај дерматолог.

Како да го препознаеме меланомот

Меланомот е идеален тумор за превенција бидејќи кожата е лесно достапен орган за преглед. Месец мај е месец за подигање на свесноста кај секој човек за важноста на самопрегледитеи и за детекција на било какви промени на веќе постоечки бемки или новонастанати пигментни промени во смисла на промена на боја, големина, форма, промена во околината на бемките како и било какви субјективни сензации како јадеж, болка , крварењеи и др.

Секој треба да е запознаен со системот на евалуација за промени на кожата АБЦДЕ :

Самопрегледот треба да се изведува еднаш месечно, може да го изведувате сами или со помош на член од вашето семејство. Застанете пред огледало и внимателно погледајте ја секоја промена и мека на кожата по целото тели, вклучувајќи ја кожата на стапалата и ноктите.Со помош на помало огледало кое ќе го поставите под нозете ќе ги прегледате стапалата на задната страна како и грбот почнувајќи од вратот па надолу. За задната страна на телото најдобро е да ви помогне член од семејството, секогаш имајќи го на ум АБЦДЕ правилото.
Доколку се забележи било кој од овие знаци задолжително треба да се побара преглед кај вашиот дерматолог кој ќе направи детален скрининг со помош на инструмент дермоскоп кој е алатка со чија помош без никаков дискомфорт кон пациентот се доаѓа до брза дијагноза.

Д-р Александра Лазаревска
Специјалист по дерматовенерологија