3 Декември – Меѓународен ден на лицата со попреченост

Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одбележува секој 3 декември. Oдбележувањето на овој ден во светски рамки е јавно промовирано за прв пат во 1992 година од Обединетите нации и има за цел да промовира разбирање за прашањата поврзани со попреченост, како и да мобилизира поддршка за достоинственост, правата и благосостојбата на лицата со попреченост.
Далечната 1981 година беше прогласена за Меѓународна година на лицата со посебни потреби од страна на Генералното собрание на Обединетите нации. Темата на годината беше „целосно учество и еднаквост“. По ова, тие го прогласија периодот од 1983 до 1992 година како Декада на лица со попреченост на Обединетите нации.
Денес, Меѓународниот ден на лицата со попреченост се стреми да ја зголеми свеста за придобивките што треба да се извлечат од интеграцијата на лицата со попреченост во секој аспект на живеење: политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот.

Попреченоста може да биде не само физичка, туку и когнитивна, ментална, сетилна, емоционална, развојна или некоја комбинација од нив. Попреченоста може да биде присутна од раѓање или да се појави во текот на животот на една личност. „Попреченост“ е општ поим, кој опфаќа оштетувања, ограничувања во извршување на активности или непречено учество во истите. Поединецот, исто така, може да се квалификува како лице со попреченост доколку тој или таа имал оштетување во минатото или се смета за онеспособен/а врз основа на личен или групен стандард или норма.

Да ги поддржиме овие поединци и групи и да се стремиме кон инклузивност. Од сите нас зависи.

Денови на психологија во Жан Митрев Клиника

Како дел од националната платформа за унапредување на менталното здравје, Комората на психолози на Р С. Македонија и оваа година традиционално ја организира психолошката акција #Денови на психологија. Во неа активно ќе се вклучи и нашиот клинички тим психолози и психотерапевти. Овогодинешната тема: ,,ДА НЕ ГО ИГНОРИРАМЕ СЛОНОТ ВО СОБАТА – ДА ЗБОРУВАМЕ ТАБУ ТЕМИ,, се однесува на нештата за кои не се разговара и сме научиле да ги избегнуваме, како и сите теми кои се прикриени, непријатни, недоволно јасни или пак нѐ мачат, но не сме нашле соодветен простор да ги изразиме.

Со цел подобро разбирање и интеграција на овие аспекти од живеењето, а со помош на нашиот стручен тим психолози/психотерапевти, овозможуваме бесплатни индивидуални средби во траење од еден час.

Сите заинтересирани што ќе се пријават ќе можат да одберат некој од достапните термини во периодот од 5 до 9 декември 2022 година. За закажување јавете се на: 02/3091-484.

Доброволна крводарителска акција за подигање на здрвствената култура и јавната свест

Согласно потпишаниот меморандум за соработка за крводарителство со Blood Bank TENK, во текот на вчерашниот ден беше реализирана акција за доброволно дарување крв.
Во присуство на претставници од Институтот за Трансфузиона медицицина, доборволци од Црвениот Крст, медицинскиот и немедицинскиот персонал од Клиничката болница Жан Митрев заедно со членови на нивните потесни семејства се солидаризираа и доброволно даруваа крв.
Оваа акција е втора од овој вид и како таква полека прераснува во традиција.
Им благодариме на д-р Митрев и на сите наши колеги за несебичната поддршка. Со ова уште еднаш покажавме дека како колектив поседуваме високи етички, хумани и морални вредности.

ТЕВАР (Торакална ендоваскуларна аортна реконструкција) – современ и безбеден начин на лекување на аортни аневризми

Во нашата клиника во континуитет се изведуваат комплексни интервенции од областа на кардиохирургијата. Една од нив е ТЕВАР (торакална ендоваскуларна аортна реконструкција). Во светот, а и во нашата клиника за првпат во Македонија, како новитет, од пред десетина години се воведоа и се изведуваат ТЕВАР процедури. ТЕВАР процедура е еден од најсовремените и најбезбедни начини на лекување на аортните аневризми и дисекции. Интервенцијата всушност претставува вградување на аортна протеза (обложен аортен стент, од синтетски материјал), за третман односно премостување (исклучување) на хронична аневризма, трауматска псевдоаневризма или за реканализирање на вистинскиот лумен при аортни дисекции. Оваа постапка е значајно побрза и помалку трауматична за пациентот, проследена со значително помалку постинтервентни компликации во однос на отворената класична аортна хирургија.

Поради сложеноста и итноста на интервенцијата, а со цел да се спаси животот на пациентот, често е клучна и брзината со која ќе се пристапи кон решавање на овој проблем.
Самото постоење на аневризми (проширувања) на градната аорта или акутни и хронични аортни дисекции се медицински состојби кои се одликуваат со зголемен ризик за пациентот од ненадејна руптура (прскање) на аортата, која најчесто фатално завршува, поради искрварување, без можност за интервенција.

Оперативните лекувања на аневризмите или дисекциите на градната аорта се едни од најпредизвикувачките операции за секој модерен кардиоваскуларен центар, при што ризикот од компликации е голем, дури и во развиените центри каде што се изведуваат голем број вакви операции.

Нашиот интердисциплинарен тим кој работи ТЕВАР процедури го сочинуваат: д-р Ѕвонко Атанасов – интервентен радиолог, д-р Никола Христов – кардиоваскуалрен хирург, д-р Вилма Ампова Соколов – интервентен кардиолог, д-р драгица Вучкова – анестезиолог, како и инструментарки, сестри и радиолошки технолог.

Кај прикажаниов случај се работи за пациент со Марфан Синдром, состојба после замена на аортна валвула со механичка протеза (направена во 2009), состојба после операција – замена на аорта асценденс и хемилак со Албографт протеза заради акутна Станфорд А (ДеБејки тип 1) дисекција на аортата, реоперација – замена на комплетен аортен лак до торакална аорта како Елефант транк со протеза (10/2020), состојба после ТЕВАР х 2 (2021).

На контролниот МСКТ преглед се детектира хронична аневризма на лажниот лумен на десцендентната торако-абдоминална аорта заради ретроградно полнење од присутни големи ре-ентрија во висина на излезиштата на реналните артерии.

Затоа, кај пациентот во прв акт беше направен висцерален дибренчинг од страна на д-р Жан Митрев, односно оперативно бајпасирање од левата заедничка илијачна артерија до трункус целијакус, до артерија мезентерика супериор и до двете бубрежни артерии. Потоа, по неколку дена, а по претходно направени мерења и нарачана аортна графт протеза, во втор акт се имплантира аортната протеза, со што интервентно се ремоделира торакоабдоминалната аорта, односно се затворија ре-ентријата а со цел оневозможување на ретроградно полнење на лажниот лумен на аневризмата.
После оваа интервенција, пациентот се очекува да замине дома по 2 дена.

Бајпас операција како начин за премостување на стеснети крвни садови

Приказ на бајпас графтови кај пациенти оперирани во ZMC

Бајпас операција претставува хируршка интервенција при која се прави премостување (бајпас) на стеснетиот (запушениот) крвен сад со крвни садови (артерии, вени) земени од друг дел на телото за да се заобиколи болниот дел. Бајпасот овозможува поголемо количество на проток на кислород низ срцевиот мускул и спречува негово натамошно оштетување. Со оваа операција се продолжува преживувањето и се овозможува подобар квалитет на живот и можност за извршување на секојдневните активности кои претходно поради намалениот доток на кислород биле оневозможени. Во нашата болница коронарната бајпас операција можеме да кажеме дека е рутинска операција, земајжи го предвид бројот на изведени интервенции и умешноста на нашите кардиохирурзи.

Приказ на бајпас графтови кај пациенти оперирани во ZMC

Кои пациенти се подложуваат на бајпас операција?

Пациенти кои се кандидати за овој тип на операција, се оние кои имаат тешка коронарна болест и кај кои денешните модерни начини на стентирање на крвните садови се невозможни како опција. Тоа се всушност пациенти кај кои имаат зафаќање на повеќе од една коронарна артерија, пациенти со долги лезии и пациенти кои имаат комбинирана болест валвуларна и коронарна.

Во нашата болница во најголем број од случаите се користат артериски бајпас графтови, за кои е и научно потврдено дека имаат подолг животен век, а и потребата од реоперација кај помлади пациенти е сведена на минимум. Нашиот тим го води пациентот низ оперативниот процес со интензивна рана рехабилитација. Тоа значи дека пациентот се води кон рано будење- неколку часа после операцијата, а веќе на 5 ден по операција пациентот може самостојно да станува од кревет и да извршува дел од основните дневни активности.

Покрај ваквите рутинските случаи, во клиничката болница Жан Митрев се прифаќаат и оперираат пациенти кои се со терминална коронарна болест. Мораме да потенцираме дека ваквите пациенти со оглед на комплексноста, тежината и неизвесноста на исходот, најчесто претходно се одбивани од други институции. Кај овие пациенти, со веќе значајно намален срцев капацитет, шансата за преживување е многу мала.

За среќа, како резултат на мултидисциплинарниот пристап, предоперативната подготовка, употребата на механичка потпора (интрааортална балон пумпа), континуираната срцева заштита во тек на операција (кардиоплегија), соодветната реперфузија (рециркулација на крв низ крвните садови), умешноста на хирургот во тек на раната периоперативна интензивна нега и секако соодветната комбинацијата на лекови, овозможуваат нашиот центар да може да се пофали со голема успешност при третирање на оваа група на пациенти.

Д-р Симона Патчева
Специјализант по кардиохирургија

Вирусни респираторни инфекции кај децата во есенско-зимскиот период

Со самото намалување на надворешните температури во есенскиот и зимскиот период се соочуваме со се поинтензивни вирусни респираторни инфекции кај децата кој се одговорни за повеќе од 80% од сите респираторни инфекции.

Фактори на ризик

Респираторните инфекции најлесно се шират во затворени простории каде што престојуваат поголем број на деца како што се колективните установи, градинките и училиштата. Се карактеризираат со брза трансмисија односно се пренесуваат многу лесно по капков пат преку секретите од кашлање, кивање односно близок контакт на здраво со болно лице како и предмети кој се наоѓаат во непосредна околина. Децата се тие кои постојано имаат контакт со се што ги опкружува и лесно можат да дојдат во допир со самата инфекција. Како дополнителен фактор се вбројува и влажноста на воздухот и аерозагадувањето.

Исто така поради самите анатомско-функционални особености на респираторниот систем кај децата (помал дијаметар на дишните патишта, поголема мукусна секреција) зачестеноста кај нив е поголема.

За време на Ковид пандемијата децата беа повеќе дома со помалку социјални контакти а со самото тоа и со помала експозиција према други респираторни патогени. Сега кога се стабилизира состојбата со корона вирусот и се вративме кон еден нормален живот децата станаа посензитнивни кон бројните респираторни вируси и почесто се разболуваат.

Како најчести причинители на вирусни респираторни инфекции се вбројуваат: респираторен синцицијален вирус (RSV), риновирус, аденовирус, инфлуенца А и Б, параинфлуенца.
Колку еден од овие инфекти ќе го нападне детскиот организам зависи пред се од вирулентноста на истиот од една страна и зрелоста на имунолошкиот систем од друга страна, како и начинот на живот и исхраната кај децата. Колку се децата помали толку е понезрел нивниот имунолошки систем. Вообичаено е претшколско дете да боледува околу 9 пати од акутни горнореспираторни инфекции во текот на една календарска година. Нивната инциденца се намалува со растењето.

Симптоми

Респираторните вирусни инфекции најчесто ги зафаќаат горните дишни патишта и клинички се манифестираат како: ринит, тонзилит, ларингит, синусит, како и долните респираторни патишта кои одат со клиничка слика на бронхиолит, бронхит и пневмонија.
Во зависност од времетраењето се делат на акутни и хронични инфекции.

Најчести симптоми на респираторни вирусни инфекции кај децата се:

  • течење на нос
  • црвени и солзни очи (плачна маска)
  • болка во грлото
  • кивање
  • кашлање
  • покачена телесна температура
  • малаксаност, болка во мускули и зглобови
  • главоболка, раздразливост
  • намален апетит
  • осип на кожата

Почетокот на вирусната инфекција се бележи со растечено носе, грепкање или болка во грлото, кивање, блага главоболка , покачена телесна температура. Овие симптоми најчесто траат 3 до 5 дена. На нив се надоврзува и кашлица која на почетокот е сува а потоа може да биде продуктивна.
Симптомите се развиваат со различен интензитет и зависат од индивидуалната подготвеност на имунолошкиот систем да се бори против инфекцијата. Респираторните инфекции кај поголемите деца најчесто се манифестира со благи симптоми отколку кај новороденчињата или доенчињата кој може да предизвика и компликации. Децата се раѓаат со антитела кој ги добиваат трансплацентарно од мајката.

Овие антитела опаѓаат околу четвртиот месец и тоа е период кога доенчето ги има изгубено антителата од мајката и сеуште нема создавање на сопствени антитела. Тоа е тој критичен период поради што доенчињата не треба да се изложуваат на големи собири каде што има голема концентрација на луѓе а со самото тоа и количината на вируси е поголема бидејќи голема е веројатноста да се разболат, но не и да се чуваат во стаклено ѕвоно.

Кај респираторните вирусни инфекции она што најмногу ги плаши родителите е зголемената телесна температура и како да се справат со неа. Нормална телесна температура е 37 степени измерена под пазувите односно аксиларно или до 37,5 степени измерена ректално.
Зголемената телесна температура преставува прв одбранбен механизам на организмот во борба против инфекцијата на начин што делува неповолно за развојот на многу вируси и е прв значаен сигнал во имунолошкиот систем. При покачување на температурата на 38-38,5 степени се активираат имунолошки механизми кој учествуваат во одбрана на организмот. Доколку дадеме антипиретик на температура до 38,5 степени доаѓа до послаб одговор на самата инфекција и инфекцијата може да трае подолго. Поради тоа се советуваат родителите да се даде антипиретик само доколку температурата е над 38,5 степени.

Но, сепак она што е битно кај нас педијатрите е самиот тек на инфекцијата, општата состојба на детето, дали се влошува и дали се појавуваат и дополнителни симптоми на болеста. Вообичаено вирусните инфекции траат 7 до 14 дена.
Доколку симптомите траат подолго и родителот забележи повторно пораст на телесната температура во краток временски интервал, отежнато дишење, интензивирање на кашлицата, осип, повраќање, детето е адинамично и малаксано како и присуство на други симптоми кои доведуваат до влошување на општата состојба на децата во тој случај сите овие параметри треба да му претставуваат АЛАРМ на родителот дека нешто се случува со нивното дете. Овие симптоми одат во прилог на инфекција на долните респираторни патишта поради што се потребни дополнителни иследувања и соодветен третман. Доколку е потребно треба да се направат лабораториски анализи за да ја олесниме диференцијацијата меѓу бактериска и вирусна инфекција.

Начинот на кој организмот ќе се справи со вирусната инфекција зависи од имунолошкиот статус на детето. Имунолошкиот систем е клуч за сите болести почнувајќи од обична настинка па се до тешки заболувања.

Третман и терапија

Лекувањето кај респираторните вирусни инфекции е симптоматски. Се советуваат родителите да бидат трпеливи и да дозволат прво природните одбранбени механизми да делуваат.

  • Се препорачува да се даде антипиретик од парацетамолски тип само доколку температурата е над 38,5 степени.
  • Туширање со млака вода,никако со ладна вода бидејќи може да доведе до нагло ладење на телото и до температурен шок.
  • Разладување на телото со примена на масажа со медицински алкохол.
  • Тоалета на носе со солен раствор, ќе му помогне на детето полесно да диши преку нос.
  • Зголемен внес на течности како чаеви, сокови, супи како и раствори за орална рехидратација. Децата најчесто имаат намален апетит, тоа е во ред но пред се треба да се погрижиме да пијат што повеќе течности.
  • Балансирана исхрана со витамини и минерали.
  • Мирување, одморот ќе помогне во закрепнувањето.

Вирусните инфекции никогаш не се третираат со антибиотици. Антибиотикот делува во случај само ако има бактериска инфекција, НЕ ДЕЛУВА НА ВИРУС.
Превентивно давање на антибиотици не се препорачува. Прекумерната употреба на антибиотиците доведува до развој на резистенција на бактериите, поради што се доведуваме до ситуација да тамо кај што треба да дадеме антибиотик да не делува на бактериската инфекција. Нерационална употреба на антибиотици доведува до уништување на оние добри бактерии кои ги имаме во нас, во носот, грлото, цревата и во тие случаеви многу е полесно патогена бактерија да предизвика болест. Исто така антибиотиците дополнително го ослабуваат имунолошкиот систем и не му помагаат на детето да се избори со инфекцијата. Поради сето ова антибиотик се дава само доколку има потреба од истиот.

Родителите често се прашуваат што да направат за да го зајакнат имунитетот кај своето дете
Најефикасни се природните начини на зајакнување на имунитетот. Тоа подразбира:

  • Здрава избалансирана исхрана богата со протеини, витамини и минерали. Внес на многу свежо овошје и зеленчук.
  • Доење кај новороденчињата и доенчињата.
  • Подолг престој на чист воздух на планина.
  • Редовна физичка активност како и секојдневни прошетки кој ќе влијаат позитивно на здравјето на детето.
  • Сон со добар квалитет.
  • Спроведување на основни хигиенски мерки (редовно миење на рацете, често проветрување на просториите…)

Во есенско-зимскиот период поради недоволно создавање на витамин Д преку нашата кожа под дејство на сонцето, во ладните периоди од годината од месец октомври до месец април се препорачува земање на витамин Д. Витаминот Д не само што е важен во правилниот раст и развој на детскиот организам има корисен ефект и врз имуниот систем. Исто така внес на витамин Ц како есенцијален антиоксиданс и ензимски кофактор поволно влијае на бројни физиолошки реакции во организмот, како и земање на пробиотик.

Комбинацијата на сите овие наведени мерки се основен темел кој ќе придонесе до зајакнување на имунитетот кај децата а со самото тоа и до подобро и полесно справување со респираторните вирусни инфекции во овие ладни денови.

Интервју со д-р Иван Милев – Превенција, дијагностика и третман на мозочен удар

Според податоците на Американското здружение за мозочен удар, на секои четири секунди по еден човек доживува мозочен удар, а секоја 40 минута едно лице починува од истата причина. Бројките се застрашувачки, што всушност претставува мозочниот удар и кои се причините кои доведуваат до негова појава?

Мозочниот удар е состојба на акутна исхемија на централниот нервен систем, која настанува поради прекин или редукција на интрацеребралната циркулација. Ова се должи на тромбоза, емболија или спазам или крварње на артерискиот крвен сад, кој во крајна мерка доведува до намалување на циркулацијата на одредена регија во зависност од подрачјето на васкуларизацијата и како резултат на тоа оштетување на мозочното ткиво.

Дефицитот на крвоснабдувањето доведува до намалување на кислородот или другите нутриенти во мозокот и води кон изумирање на мозочните клетки. Мозочната циркулација исто така може да биде засегната како резултат на руптурирана (пукната) артерија на мозокот.
Некои луѓе може да имаат само привремена исхемија на мозочната циркулација и состојба која се нарекува транзиторна исхемична атака (ТИА), која за среќа не доведува до трајни невролошки оштетувања.

Деведесет проценти (90%) од ударите се случуваат поради згрутчување на крвта, исхемични мозочни удари, настанати поради постоење на тромб во одреден дел од мозокот кој предизвикува изумирање на мозочното ткиво кое не може да преживее без кислород.

Како навреме да препознаеме мозочен удар имајќи предвид дека секоја секунда е важна во обид за намалување на оштетувачките ефекти на ударот? Каква е симптоматологијата, знаците кои треба да не упатат на барање итна лекарска помош?

Знаци и симптоми се следниве:

  • Отежнат говор и отежната перцепција на околината, конфузност или сензорна афазија.
  • Парализа или слабост на лицето, рацете или нозете. Ова често се случува само на едната страна од телото, а може да предизвика и асиметрија на усните.
  • Проблеми со видот на едното или обете очи, редуциран вид или темни точки на едно или обете очи или двојно гледање.
  • Главоболка – нагла силна главоболка која често се надополнува со повраќање, вртоглавица или пореметена свест.
  • Отежнато одење – атаксија, губиток на координација или нагла слабост.

Кои се ризик факторите кои доведуваат до мозочен удар и кои се причините поради кои се повеќе млади луѓе страдаат од мозочен удар, истиот дури може да настане и во детската возраст?

Исхемичниот мозочен удар како најчест тип на мозочен удар, настанува поради внатрешни и надворешни фактори, модифицирачки и немодифицирачки коишто често се во комбинација.
Фамилијарната историја за мозочен удар, возраст од над 55 години, машкиот пол, предходната транзиторна исхемична атака (ТИА), некои хемоглобинопатии (српеста анемија), перзистентен форамен овале (ПФО), генетска мајорна тромбофилија – се немодифицирани фактори кои што индивидуата не може да ги смени, ниту суштински да им влијае. Затоа кај овие пациенти се потребни почести контроли како и избегнување на провокативни фактори или состојби или одредена терапија.

Модифицирачките фактори се: одржување на нормален крвен притисок под 130/80mm Hg, ниско ниво на холестерол во крвта, третман на кардиоваскуларните болести (перзистентен форамен овале, атријален септален дефект, митрална болест, aтријална фибрилација), контрола на периферната и каротидната болест или атеросклерозата, одржување на нормална телесна маса, прекин на пушењето, контрола на дијабетот, како и контрола на пациенти што имале подолга КОВИД инфекција.

Оваа се општи и специфични мерки кој треба да се спроведуваат кај пациенти што се во ризичната група. Тука не треба да се занемари и мигрената како предзнак за ТИА или мозочен удар и нејзината поврзаност со ПФО или интракранијална аневризма – најчеста причина за хеморагичен мозочен удар кај младите луѓе.

„Времето е мозок“ – зошто е битно да се интервенира во првите 2-3 часа по ударот и од што се состои третманот, терапијата на мозочен удар?

Должината на исхемијата, локализацијата на ударот како и присуството на колатерална циркулација се главни фактори за степенот и опсежноста на оштетувањето и понатамошниот инвалидитет. Доколу кај пациентот постои било кој од наведените симптоми потребно е да се побара лекарска помош. Во современата медицина постои синтагмата “time is brain”. Акутниот мозочен удар е акутна состојба која се третира во така наречените центри за мозочен удар при што од клучна важност е реперфузијата да се спроведе во првите 60-120 минути од почетокот на првите симптоми.

Во Англосаксонската литература постои акронимот кој значи брзо или ,,FAST,, (face, arms, speech, time). Пациентите се едуцирани и информирани за раните симптоми на мозочниот удар и со брз и содветен третман во центар за мозочен удар, можно е огромно намалување на степенот на инвалидитет. Центрите за мозочен удар всушност претставуваат специјализирани институции во кои што работат невролози, неврорадиолози, интервентни радиолози и кардиолози. Тие со медикаментозен третман – фибринолиза или механичка тромбектомија, тимски, и во зависност од степенот на невролошкиот дефицит (мерен согласно Глазгов кома скала) го третираат мозочниот удар, со што се намалува невролошкиот дефицит.

Предупредување за мозочен удар понекогаш доаѓа во форма на транзиторна исхемична атака (ТИА) која трае помалку од 24 часа и не остава последици. Зошто не смееме да го занемариме овој т.н. скриен мозочен удар, кој рецидивира во огромен број на случаи?

Транзиторната исхемична атака (ТИА) е привремен период на симптоми слични на оние на мозочниот удар која трае само неколку минути и не предизвикува трајно оштетување. Често се нарекува и мини строук (мини удар), ТИА е предупредувачки знак бидејки 30% од луѓето со ТИА ќе развијат мозочен удар во првата година од првиот настан. Таа е секогаш причина за понатамошно испитување со цел превенција од нов мозочен удар.

Свеста за превентивни прегледи кај нас е се уште на ниско ниво, а токму тие спасуваат животи. Кои се Вашите препораки за превенција на мозочен удар?

Основни услови за примарна превенција за настанок на мозочен удар се: скрининг на ризичната популација, одржување на хигиено-диететски режим, ран третман на атеросклерозата, превенција на атријалната фибрилација и нејзината терапија, воведување на протокол за третирање на транзиторната исхемична атака според возраста, влијание на модифицирачките фактори на живеење.

Терминот ,,cryptogenic stroke,, треба да се напушти бидејки доколку секој пациент се подвргне на протокол за дијагностика на мозочниот удар ќе добие соодветна дијагноза за етиологијата и истовремено ќе се превенира можноста за нов настан.

Генерално во детската и раната адолесцента возраст треба да се бараат причините за тромбофилијата, перзистентниот форамен овале како и интракранијалните аневризми.
Истото важи и за младите луѓе на возраст од 20 до 50 години. Кај оваа старосна група битно е да се зголеми нивото на здравствената култура со влијание на модифичирачките фактори како и скрининг кон атријалната фибрилација и слип апнеата.

По петтата деценија од животот, за да се намали ризикот за мозочен удар, треба да се зголемат напорите за превенција на атеросклерозата, каротидната болест, дијабетот и хипертензијата, валвуларните болести на срцето.
Матичните лекари, кардиолозите и невролозите од друга страна, не треба да застанат кај фактот дека пациентот по транзиторна исхемична атака или мозочен удар има речиси нормална нативна компјутерска томографија на мозокот бидејќи тоа не значи многу за прогнозата на тој пациент. Напротив кај истиот треба интензивно да се бараат причините и тие да се превенираат. Се разбира дека магнетната резонанца дава многу попрецизни податоци за типот и опсежноста на повредата на мозокот. Пациентот треба топично- целно да се подвргне под протокол за дијагностицирање, пред да се постави било каква претпоставка или дијагноза.

Магнетна резонанца – ZMC

Во суштина, превентивната медицина е најекономична, бидејќи таа спречува појава или рецидив на мозочниот удар или транзиторната исхемична атака.

Доцна е кога ќе настапат последиците т.е инвалидитетот, тоа е катастрофална состојба како за фамилијата на пациентот, така и за целото општество.

Извор: Panacea.mk

Официјален и единствен сопственик е д-р Жан Митрев

Клиничката болница Жан Митрев целосно ги демантира информациите пласирани во медиумите за продажба на клиниката на извесен бизнисмен од Република Албанија.

Шпекулативните, нарачани и тенденциозни објави за продажба на Клиниката Жан Митрев, имаат јасна интенција, но укажуваме дека под никаков притисок Клиниката нема да биде ставена на продажба.

Официјален и единствен сопственик е д-р Жан Митрев, кој и покрај обидите за дискредитација и црна кампања со цел да се наштети на клиничката болница Жан Митрев и стручниот тим од доктори и медицински лица во изминатиот период, ја води оваа болница и ќе продолжи да раководи со истата транспарентно и одговорно како што и било пракса во изминатите 22 години постоење на Клиничката болница Жан Митрев.