Септември – месец на свесност за Алцхајмерова деменција

Нормално е со возраста и стареењето да настапи промена и намалување функцијата на органите, меѓу кои и на мозокот. Но, меѓу нормалната заборавеност и појавата на деменција има голема разлика, затоа е потребно стручно лице да постави точна дијагноза.

Најчеста форма на деменција е Алцхајмеровата болест. Таа претставува комплексно невродегенеративно заболување кое влијае врз процесите на запамтување, расудувањето, однесувањето, емоциите и способноста за секојдневно квалитетно функционирање.

Кога започнуваат промените на психички план кај лицата со Алцхајмерова деменција, семејствата често се првите кои забележуваат дека нешто не е како порано. Навременото препознавање и дијагноза се клучни за  на секој човек да му се овозможи подобрување на квалитетот на животот и планирање на грижата.

Симптоми кои семејствата најчесто ги забележуваат во секојдневниот живот:

– Често заборавање на неодамнешни случувања. На пример: заборавање каде се оставиле очилата или клучевите, или повторување на истото прашање неколку пати.
– Потешкотии во планирање и организирање. На пример: потешкотии при готвење според рецепти, плаќање сметки или следење на задолженија.
– Губење или оставање предмети на несоодветни места. На пример: ставање паричник во фрижидер или чевли во кујнскиот фиока.
– Нарушување во ориентација за време и простор.
– Пациентот може да не знае кој ден е, да се изгуби на познат пат или да не препознае добро познато место. Подоцна може да не ги препознава своите блиски или да не е во можност да ги именува.
– Промени во личноста и расположението: Анксиозност, раздразливост, повлекување од друштво, несигурност или тага без очигледна причина.
– Проблеми со говор и јазик: Тешкотии во наоѓање на вистински зборови, намалување на фонд на зборови, мешање зборови или повторување.
– Намалена способност за донесување одлуки и решавање проблеми: Тешкотии при избор на облека, управување со финансии или донесување секојдневни одлуки.

Зошто е важно раното препознавање?

  • Отпочнување на медицински третман на состојбата,
  • Планирање на грижа и безбедност во домот,
  • Прилагодување на дневните активности и рутини,
  • Поддршка за семејството и подобрување на квалитетот на животот на пациентот.

Доколку се соочувате вие или ваш член од семејството со повремена или постојана збрканост, заборавеност, потешкотија во секојдневното функционирање, може да закажете психијатриски преглед со м-р д-р Марија Костадиновска-психијатар, по што ќе се даде насока за натамошен, индивидуален третман на состојбата.

Дигестивна ендоскопија: клучна алатка за спречување на рак пред да предизвика симптоми

Дигестивната ендоскопија е еден од највредните тестови за рано откривање на болести на дигестивниот систем, особено рак. Во прилог ви објаснуваме што претставува тоа, кога се препорачува и како може да се откријат промените , дури и кога нема симптоми.

Што е дигестивна ендоскопија?

Дигестивната ендоскопија е минимално инвазивна техника што овозможува директна визуелизација на внатрешноста на дигестивниот тракт со помош на ендоскоп, флексибилна цевка опремена со камера. Може да се изврши орално (гастроскопија) за испитување на хранопроводот, желудникот и дуоденумот или ректално (колоноскопија) за испитување на дебелото црево и ректумот.
Благодарение на овој тест, специјалистите можат да детектираат промени како што се чиреви, полипи, воспаленија или тумори и да земат примероци (биопсии) за прецизна анализа.

Кога се препорачува?

Иако многу луѓе ја поврзуваат ендоскопијата со дигестивни симптоми како што се абдоминална болка, горушица или крварење, вистината е дека овој тест се користи и за превентивни цели, особено кај луѓе со висок ризик од рак на дигестивниот систем.

Се препорачува во следниве случаи:

  • Возраст од 50 години и постари (или помлади, доколку постои семејна историја) како дел од скринингот за колоректален карцином.
  • Семејна историја на рак на дигестивниот систем (дебело црево, желудник, хранопровод).
  • Лица со хронични воспалителни заболувања на цревата (улцерозен колитис, Кронова болест).
  • Во случај на претходно откриени полипи.
  • Кај пациенти со перзистентни симптоми, како што се необјаснета анемија, ненамерно губење на тежината или нарушувања на столицата.

Зошто е толку важно во превенцијата од рак?

Бидејќи овозможува преканцерозни лезии или тумори да се откријат во многу рани фази, кога третманот е многу поефикасен и помалку инвазивен.

На пример:

  • Полип на дебелото црево може да се отстрани за време на колоноскопија, со што се спречува негово напредување во рак.
  • Сомнителен чир на желудник може да се биопсира пред да се развие во карцином на желудник.
  • Ендоскопијата може да открие и инфекции како што е Helicobacter pylori, и други инфекции кои се поврзани со рак на желудник.
    Сето ова се прави превентивно, пред да се појават симптомите, кога болеста сè уште е тивка.

Дали е безбеден тест?

Да. Ендоскопијата е безбедна, брза техника со минимални компликации. Во повеќето случаи, се изведува под седација, така што пациентот е удобен и опуштен за време на постапката.
Во Клиника Жан Митрев, располагаме со тим од стручни гастроентеролози и најсовремена технологија, што обезбедува точна дијагностичка, безбедност и соодветен индивидуален третман во секое време.

Заклучок: Вашето дигестивно здравје заслужува внимание, дури и ако се чувствувате добро
Ракот на дигестивниот систем често се развива тивко, без симптоми сè до неговите напредни фази. Затоа, ендоскопијата не е само дијагностички тест, туку и фундаментална превентивна алатка.
Запомнете: навремената дијагноза може да направи голема разлика. Консултирајте се со вашиот лекар за да видите кога е вистинското врема за оваа испитување.

Како помина контролата на трите сестрички?

Деновиве ги пречекавме нашите три сестрички родени во 31. гестациска недела. Поминаа околу два и пол месеци од нивното раѓање. Сите три бебиња се во добра општа состојба, активни, а нивниот раст и развој одговара на нивната возраст. Добро напредуваат и растат. Нивниот здрав раст и развој, заедно со насмевката на родителите, се нашата најголема награда.

Советуваме будно следење на растот и напредокот, редовни лекарски контроли и почитување на препораките од докторите – како правилно да се хранат, како да се стимулира правилниот развој и како да се заштитат од евентуални инфекции. Посебно нагласуваме колку е важно редовното вакцинирање и следењето на психомоторниот развој.

Во нашиот Центар за мајка и бебе секое новороденче добива бесплатно четири контроли, за време на првиот месец од раѓањето,  од страна на педијатар/неонатолог. По потреба, постои координација и со други доктори за дополнителни прегледи и консултации, со цел да се обезбеди целосна грижа за здравјето и развојот на детето.

Најубавиот роденденски подарок – Добредојде Хана!

Нашата пациентка Викторија Колева Михајлова го доби најскапоцениот подарок токму на својот роденден – нејзината преубава ќеркичка Хана.
На 01.09.2025 година, Викторија ја донесе на овој свет малата принцеза Хана, и тоа на денот кога и таа самата го слави својот роденден.

Целата екипа од Центарот за мајка и бебе на Викторија и Хана им посакува безброј среќни и весели заеднички родендени. Радосни сме што овој неповторлив и величествен момент во животот на семејството го прославивме заедно.

Одржани обуки за заштита и спасување во Клиничката болница Жан Митрев

Во текот на овој месец во нашата клиника се реализираат обуки за заштита и спасување, организирани од страна на Дирекција за заштита и спасување. Обуките ќе ги проследат сите вработени во клиниката согласно JCI стандардите и политиките. Со оваа активност, Клиничката болница Жан Митрев уште еднаш ја потврди својата посветеност кон безбедноста на пациентите, посетителите и вработените, како и кон усогласеност со највисоките меѓународни стандарди за квалитет и безбедност.

Интервентна кардиологија – клучна алка во современата медицина за спасување на животи

Интервентната кардиологија претставува гранка од кардиологијата која се занимава со минимално инвазивни процедури за дијагностика и лекување на кардиоваскуларни заболувања, најчесто преку катетерски пристап низ крвните садови. За разлика од класичната хирургија, овие методи овозможуваат брза интервенција, помал ризик, пократко време за рехабилитација и значително поголеми шанси за преживување, особено при акутни состојби како миокарден инфаркт.

Интервентната кардиологија има витално значење за пациентите бидејќи меѓу другото, овозможува брзо и итно отворање на затворени крвни садови и враќање на протокот на крв во срцето во краток рок, што е битно за спречување на неповратни оштетувања на органите.
Додека пак, од дијагностички аспект, интервентната кардиологија овозможува рано откривање и третман на стеснувањата во коронарните артерии пред да предизвикаат сериозни компликации.
Спроведувањето на интервентни процедури исто така овозможува решавање на дел од состојбите без операции, а тоа значи помал лизик и побрзо опоравување на пациентот.

Како водечки центар во регионот, Клиника Жан Митрев располага со тим од искусни интервентни кардиолози и врвно опремена ангио сала каде 24/7 се изведуваат итни и плански процедури, обезбедувајќи врвна кардиолошка грижа за пациентите од Македонија и регионот.

Здравствени проблеми кои се решаваат со интервентни кардио зафати:

– Коронарна болест на срцето
• Стенози на коронарните артерии (атеросклероза) – стеснување на садовите што го хранат срцето, предизвикува болка во градите (ангина).
• Акутен миокарден инфаркт (срцев удар) – итно отворање на затнат крвен сад со перкутана коронарна интервенција (PCI) и поставување стент.
• Тромбози во коронарни садови – отстранување на згрутчоци.

Срцеви структурни аномалии и валвуларни болести
• Аортна стеноза – се лекува со TAVI (транскатетерска замена на аортна валвула).
• Митрална регургација – минимално инвазивни процедури.
• Трикуспидална регургација – нови TTVR системи за замена или поправка.
• Вродени срцеви мани – затворање на дефекти (ASD, PFO, VSD) со катетер уреди.

Болести на периферните артерии и вени
• Периферна артериска болест – стеснување на артериите на нозете или рацете, решавано со ангиопластика и стентирање.
• Каротидна артериска болест – стеснување на каротидите во вратот (превенција на мозочен удар).
• Венски тромбози и белодробна емболија – отстранување на тромбите со механичка тромбектомија.

– Срцеви аритмии и електрични нарушувања
• Катетерска аблација за атријална фибрилација, тахикардија или вентрикуларни аритмии.
• Имплантација на пејсмејкер или дефибрилатор (ICD) – за контрола на срцевиот ритам.

– Комплексни интервенции за спасување на живот
• Кардиоген шок – итно поставување на уреди за механичка поддршка
• Разни емболии и акутни блокади на големи садови.

Интервентната кардиологија денес не е само гранка во медицината – таа е симбол на брза реакција комбинирана со современа технологија со цел спасување животи. Напредокот во оваа област ветува уште поголеми можности за превенција и третман на кардиоваскуларните заболувања во иднина.

Доколку чувствувате болка во градите, отежнато дишење, неправилен ритам на срцето или имате поставена дијагноза за коронарна, валвуларна или друга срцева болест, тимот на Клиника Жан Митрев е тука да Ви помогне.

Нашите специјалисти по интервентна кардиологија обезбедуваат најсовремени, минимално инвазивни процедури. Нашата цел е да Ви обезбедиме брз, безбеден и ефикасен третман со примена на најновите светски стандарди и технологии.

Нашиот контакт центар е отворен за прашања и закажување термини 02/30 91 484.

Отворена риносептопластика – ,,Златен стандард,, за решавање на функционални и естетски деформитети на носот

Ринопластиката претставува хируршка процедура од областа на Пластична, реконструктивна и естетската хирургија со која се извршува ремоделирање на коскените и рскавични структури на носот со цел да се постигне подобар естетски резултат.
Доколку покрај естетска корекција, во истиот оперативен акт, се направи и функционална корекција на носот, корекција на септумот (девијација на септумот) со цел да се решат функционални проблеми, потешкотии при дишењето преку носот станува збор за Риносептопластика.

Во светот златен стандард за извршување на овие две процедури (ринопластика и риносептопластика) е отворениот пристап.
Во нашата Клиника Жан Митрев следејќи ги светските препораки за прв пат беше извршена риносептопластика со отворен пристап како хируршка техника.

Оваа техника се изведува во општа анестезија, при која со мал засек низ колумелата-ткивната лента што ги дели ноздрите се пристапува на сите коскени и рскавични структури на носот. Ова му дава на хирургот јасен и директен пристап до сите градбени компоненти на носот и можност за прецизно менување и ремоделирање на структурите. Отворената риносептопластика е прифатена како најдобра хируршка техника кога станува збор за корекција на носот бидејќи обезбедува поголема контрола и прецизност во текот на постапката. Постоперативно се прави фиксирање на носот со силиконски тампони и термопластичен имобилизатор за нос, што дополнително му го олеснува на пациентите постоперативниот период.

Две недели постоперативно пациентката се чувствува оддлично. Среќна што може за прв пат да диши преку својот нос непречено и пресреќна со естетскиот резултат.

За да закажете консултација јавете се во нашиот контакт центар 02/3091-484

Влијанието на летниот период врз невролошките болести

Превентивни совети за пациентите

Летниот период се одликува со високи температури, зголемена влажност и чести промени во дневната рутина – фактори кои кај повеќето луѓе можат да предизвикаат непријатност, но кај лицата со хронични невролошки болести тие претставуваат значителен ризик за влошување на здравствената состојба.

Пациентите со дијагностицирани невролошките заболувања, како што се: мултипла склероза, епилепсија, паркинсонова болест, мозочен удар, мигрена, и други, се особено чувствителни на влијанието од надворешните фактори. Високите температури можат да ја нарушат терморегулацијата, да предизвикаат дехидратација, замор, пад на крвниот притисок или дестабилизација на веќе воспоставена терапија. Тоа може да резултира со влошување на симптомите, појава на нови невролошки тегоби или зголемен ризик од акутни настани како мозочен удар или епилептичен напад.

Токму затоа, свеста за овие ризици и навременото преземање на соодветни превентивни мерки е од суштинско значење – како за самите пациенти, така и за нивните семејства.
Повеќе детали на оваа тема прочитајте од текстот на д-р Елеонора Лазарова – специјализант по неврологија

Невролошки болести кои се влошуваат во лето и превентивни совети за справување

Во летните месеци, високите температури, зголемената влажност и дехидратацијата можат да доведат до влошување на симптомите кај повеќе невролошки болести. Подолу е опишано како истите делуваат кај различните состојби поединечно заедно со совети за полесно справување.

Мултипла склероза (МС)

Летните горештини предизвикуваат пораст на телесната температура, што го нарушува преносот на нервните импулси. Пациентите можат да почувствуваат замор, слабост, заматен вид и нарушена рамнотежа. Овој ефект е познат како феномен на Утоф.
🔹 СОВЕТ
– Избегнувајте топли бањи, туширајте се со млака вода.
– Останете во климатизирани простории.
– Намалете физичка активност при високи температури.

Мигрена

Високите температури, изложеноста на силна светлина, нередовниот сон и дехидратацијата се чести тригери за мигренозни напади. Во лето, овие фактори се поизразени, па нападите може да станат поинтензивни и почести.
🔹 СОВЕТ
– Јадете редовно, спијте доволно и избегнувајте трепкачка светлина.
– Носете очила за сонце и шапка.
– Избегнувајте храна и пијалаци што предизвикуваат напади.

Епилепсија

Топлината и недостатокот на течности може да ја нарушат електричната активност во мозокот. Дополнително, нередовно земање лекови (поради патувања или заборавеност) може да доведе до зголемен ризик од напади.
🔹 СОВЕТ
– Не заборавајте лекови.
– Одморајте доволно и пијте многу течности.
– Избегнувајте стрес и прегревање.

Мозочен удар (исхемичен и хеморагичен)

Во лето, дехидратацијата ја згуснува крвта, а топлината го дестабилизира крвниот притисок. Овие состојби го зголемуваат ризикот од тромбоза или крварење во мозокот. Лицата со хипертензија, срцеви заболувања или претходен удар се особено ранливи и треба да внимаваат.
🔹 СОВЕТ (преживеани или со ризик):
– Контролирајте го притисокот и шеќерот.
– Внесувајте доволно течности.
– Не престанувајте со терапија.

Паркинсонова болест

Пациентите често имаат нарушена регулација на телесната температура. Во лето, можат да доживеат вртоглавици, падови, замор, па дури и нарушено дејство на лековите поради дехидратација.
🔹 СОВЕТ
– Контролирајте го редовно крвниот притисок (особено наутро).
– Консултирајте се со лекар доколку почувствувате слабост или несвестица.
– Внимавајте на дехидратација – влијае на лековите.

Алцхајмерова болест и други деменции

Топлината и промените во околината можат да ја зголемат збунетоста, раздразливоста и агитацијата. Пациентите често не чувствуваат жед, па ризикот од дехидратација и топлотен удар е висок.
🔹 СОВЕТ
– Потсетувајте ги пациентите да пијат вода.
– Овозможете им рутина и мирна околина.
– Избегнувајте изложеност на топлина без надзор.

Миастенија гравис

Оваа автоимуна болест се карактеризира со мускулна слабост, која се влошува при топлина и физички напор. Во лето, симптомите можат да станат поизразени, особено во мускулите за голтање, движење на очите и дишење.
🔹 СОВЕТ
– Одморајте често.
– Избегнувајте сонце и напор.
– Контактирајте лекар ако се влошат симптомите на голтање или дишење.

Периферни невропатии (дијабетична)

Топлината може да ја засили болката, пецкањето или горењето во рацете и нозете, особено кај лица со дијабетес или други метаболни нарушувања.
🔹СОВЕТ
– Избегнувајте топлина на нозете (на пр. топол под).
– Одмор и лесна облека помагаат при непријатности.

Автономна неуропатија

Кај пациенти со нарушена функција на автономниот нервен систем, телото потешко се адаптира на високите температури. Ова води до пад на крвниот притисок, вртоглавици, па дури и несвестица.
🔹 СОВЕТ
– Станувајте полека од седечка или лежечка положба.
– Одржувајте сол и вода во организмот според препорака на лекар.
Грижата за овие пациенти во топлите периоди не е луксуз, туку неопходност – и таа треба да биде приоритет за секој здравствен работник, негувател, но и самите пациенти и нивните семејства.