ПРП терапија и нејзина примена во ОРЛ

Што е ПРП (PRP) терапија?

Сигурни сме дека сте слушнале за ПРП терапија која генерално се користи за санирање на повреди или ткивни оштетувања. Но, да појасниме, ПРП терапијата вклучува земање венска крв од пациентот, а потоа нејзино центрифугирање во центрифуга со голема брзина што ги одделува тромбоцитите од црвените и белите крвни клетки.

Тромбоцитите, заедно со мала количина плазма (течниот дел од крвта), потоа служат за инјектирање во повредени или оштетени ткива.
Нормалната крв содржи околу 200.000 тромбоцити на милилитар, додека плазмата богата со тромбоцити содржи пет пати повеќе од тој број.

Тромбоцитите се компонента на крвта што содржи различни фактори на лекување. Факторите на раст присутни во овие клетки го поттикнуваат формирањето на нови крвни садови, што ја подобрува циркулацијата во повреденото или заболеното ткиво. ПРП концентратот, исто така, привлекува матични клетки на повреденото место.

Матичните клетки се специјализирани клетки кои можат да се развијат во кој било вид клетка потребна за лекување на повредено ткиво. Со овој третман, телото, исто така, го зголемува производството на колаген. Заедно, овие ефекти го забрзуваат заздравувањето со промовирање на клеточната делба, намалување на воспалението и подобрување на ремоделирањето на ткивото. Воспалението може да биде природен заштитен одговор на повреда, но кога ќе стане хронично, може да го забави заздравувањето.

ПРП помага во намалувањето на воспалението, помагајќи му на телото само да се поправи.
Не е случајно што (ПРП) се нарекува „метод на клеточно инженерство“ поради неговите специфични својства.
ПРП е докажано дека го модулира имунолошкиот одговор, создавајќи избалансирана и оптимална средина за заздравување.

ПРП терапија во нос?

Има состојби кои ја имаат нарушено или разрането лигавицата на носот и околните ткива, со тоа се нарушени и нејзините својстава (да го затоплува, овлажнува и прочистува) воздухот кој го дишиме.

Симоптоми кои се присутни кај пациентите се:

• сувост и печење во нос,
• периодични или чести спонтани крварења од нос,
• последици после остри и хронични воспаленија на синузит,
• перфорација (наличност на дупка) на носниот септум (преградата на носот),
• изгореници на носна лигавица по вдишување на чад од пожар или хемиски супстаниции (бои, лакови и слично)
• по оперативни интервненции на нос и параназални синуси, и уште многу други патолошки состојби.

Во Жан Митрев Дијагнистик во Битола, за прв пат во земјата започнува да се применува оваа метода во нос од д-р Димче Марковски – ОРЛ специјалист.

Клиника Жан Митрев повторно ја претставува Македонија на меѓународната сцена во Walking Football

Екипата на Клиника Жан Митрев продолжува активно и достојно да ја промовира Македонија и здравиот начин на живот преку учество на меѓународни турнири во Шутбал – Walking Football, спорт кој бележи сè поголема експанзија ширум светот.
По успешниот настап на меѓународниот турнир на островот Вис во Хрватска, каде тимот се натпреваруваше со екипи од Хрватска, Австрија и Унгарија, екипата на Клиника Жан Митрев ќе учествува на уште еден голем турнир. Овојпат, тимот ќе настапи на меѓународниот турнир во Walking Football што ќе се одржи во Будимпешта на 11, 12 и 13 јули 2025 година.
На турнирот во Будимпешта ќе учествуваат осум екипи од шест земји: Унгарија, Австрија, Англија, Израел, Италија и Македонија. Натпреварувањата ќе се одвиваат во две возрасни категории – екипи над 50 години и екипи над 60 години. Екипата на Клиника Жан Митрев ќе се натпреварува во категоријата над 50 години, каде ќе игра во група со екипите од Унгарија, Англија и Италија. Предвидени се три натпревари со секој противник во групата, како и дополнителни елиминациски дуели.
Walking Football е повеќе од спорт – тој претставува нова можност за луѓето од сите возрасти да останат физички активни, да се дружат и да се грижат за своето здравје. Според правилата на овој спорт, трчањето е забрането, се игра со одење, а акцентот е ставен на рекреација, тимска игра и социјализација. Ова го прави идеален избор за повозрасни лица, пациенти во рехабилитација, хронично болни, дијабетичари, хендикепирани лица, како и за сите кои сакаат да водат активен и здрав животен стил.
Клиника Жан Митрев како основоположник на Walking Football во Македонија ја продолжува својата мисија за ширење на овој спорт и најавува организација на голем меѓународен турнир во нашата земја во блиска иднина. Со ова, Клиниката има јасна визија да создаде движење кое ќе го негува спортот, здравјето и активниот животен стил, без разлика на возраста, со цел Walking Football да стане достапен за пошироката јавност и да се поттикне изградба на заедница која живее здраво и активно.

Решение за хипертрофирани долни носни конхи

Отежнатото дишење на нос е честа состојба која може да биде привремена или хронична. Може да биде еднострана или билатерална односно да ја засегне едната носна празнина или двете и може значително да влијае на квалитетот на животот – особено при спиење и физичка активност.

🔍 Најчести причини за отежнато носно дишење
✅ Функционални и воспалителни причини:

  1. Хроничен или алергиски ринитис
    -Постојано отечена слузница
    -Често придружена со кивање, чешање, течење нос
  2. Хипертрофија на носни конхи (особено долната)
    -Зголемени носни школки кои го затвораат носниот канал
  3. Девијација на носна преграда (септум)
    -Кривина на септумот која физички го блокира воздухот
  4. Назални полипи
    -Безболни растечки ткива во носот, особено кај пациенти со астма или алергии
  5. Инфекции (вирусни, бактериски)
    -Настинки, синусити со оток и затнат нос.

Хипертрофија на долна носна конха претставува зголемување на волуменот на долната носна школка (concha inferior), што резултира со отежнато носно дишење, чувство на затнат нос и често – нарушен сон или квалитет на живот.

📌 Што се долни носни конхи (школки)?
Долните носни конхи (inferior turbinates) се структури во внатрешноста на носот, обложени со слузница, чие основно дејство е:
• Да го загреат, овлажнат и прочистат воздухот што го вдишуваме.
• Имаат еректилно ткиво, кое природно се зголемува/намалува за да го регулира протокот на воздух.
Кога тоа ткиво постојано е отечено – зголемено, настанува хипертрофија.

⚠️ Причини за хипертрофија:

  1. Хроничен ринитис – најчесто:
    – Алергиски (постојан алергиски одговор)
    – Неалергиски (професионален, вазомоторен ринитис)
  2. Реактивна хипертрофија – како компензација на:
    – Девијација на носната преграда (септум)
    – Зголемување само на едната страна
  3. Долготрајна употреба на деконгестиви (на пр. нафазолин) – создава зависност и дополнителна хипертрофија
  4. Чести инфекции или хроничен синузитис

Каутеризацијата и радиофреквентната коблација се минимално инвазивни процедури кои се користат за намалување на волуменот на долната носна конха за подобрување на носното дишење. Меѓутоа, се разликуваат по механизам, инвазивност, време на заздравување и несакани ефекти.

Предности на радиофреквентната коблација:
• Помалку болка
• Брзо закрепнување
• Минимално оштетување на површинското мукозно ткиво
• Помал ризик од компликации (красти, инфекции)

Предности на каутеризацијата:
• Поефтина
• Едноставна за изведување
• Брза постапка, достапна во повеќе установи

🩺 Заклучок

  • Доколку приоритет се удобност, побрзо заздравување и минимални несакани ефекти – радиофреквентната коблација е подобар избор.
  • Доколку постапката треба да биде поефтина, а пациентот толерира мала непријатност – каутеризацијата е прифатлива опција.

Секогаш е најдобро да се советувате со ОРЛ-специјалист кој може да предложи соодветна метода според анатомијата, симптомите и претходните третмани.

Кортизолот и менопаузата

Проценката и заклучокот за причините поврзани со неможноста да се намалат вишокот килограми, треба да ги направи лекар искусен професионалец. Ендокринологот е тој кој може точно да дефинира дека дебелината не е исклучиво заради зголемен калориски внес, туку има други причини за тоа.
Во таа смисла годините и полот играат голема услога. Женскиот пол, особено во периодот на перименопауза и менопауза е најподложен, односно најзасегнат, од појава на вишок килограми. Во тој период од животот, поради хормоналните промени кои дополнително влијаат како фактор врз целокупниот метаболизам, треба да се земе предвид и значењето на кортизолот во целиот тој процес.
Кортизолот е хормон кој се лачи од кората на надбубрежните жлезди и е одговорен за справување на организмот со стресни состојби, вклучувајќи и акутни животозагрозувачки состојби и инфекции.
Освен тоа кортизолот има важна улога и во регулирањето на глукозата во крвта, метаболизмот на масти, протеини и јаглехидрати, регулирање на крвниот притисок, сонот и будноста.
Менопаузата преставува природна фаза од животот на жената кога се губи менструалниот циклус, односно завршува репродуктивната способност. Тоа се случува како резултат на намалување на функцијата на јајниците, а со тоа и создавањето на естроген и прогестерон.

Овие промени ја дестабилизираат хормоналната рамнотежа, а телото полека влегува во состојба на хроничен стрес дури и без надворешни фактори и притисок. Во таа ситуација, надбубрежните жлезди почнуваат да лачат повеќе кортизол – хормон кој телото го користи за да се справи со заканата и опасноста, но кога е зголемен подолго време, тогаш има негативни последици. Па така подолготрајната изложеност на вишок на кортизол доведува до:

  • Зголемено складирање на масти особено абдоминално стимулирајќи ја акумулацијата на вицералните масти (оние кои се наоѓаат околу внатрешните органи) во стомакот. Тоа го прави преку активација на ензими кои го промовираат складирањето и формирањето на т.н. менопаузален стомак и покрај незголемениот калориски внес.
  • Нарушен апетит – се зголемува желбата за посебен тип храна (слатка или масна) која е дел од еволутивниот механизам на телото за создавање на брза енергија
  • Зголемување на инсулинската резистенција – кортизолот го зголемува нивото на глукоза во крвта и со текот на времето инсулинот станува помалку ефикасен, клетките помалку го препознаваат, па така вишокот на шеќер се складира како маст.

Сите овие фази може, но и не мора да се појават заедно кај една особа, но по нив настапува процес на метаболна стагнација. Во оваа состојба комбинацијата на хроничен стрес, нарушена хормонска рамнотежа и намалена физичка активност, доведуваат до: бавен метаболизам, намалена мускулна маса и складирање на повеќе масти дури и со ист внес на исхрана како и претходно.
Квалитетот на спиењето е исто така значаен фактор во целокупната состојба. Несоницата или лошиот сон доведува до лачење на вишок кортизол. И обратно, хроничниот стрес, зголемената анксиозност, доведуваат до нарушен дневно-ноќен ритам на кортизолот. Ноќе, за добар сон, треба да е во ниска концентрација, а тој е покачен, што доведува до зголемен апетит, желба за брзи калориски надополнувања и уште поголемо зголемување на телесната тежина.

Диететските режими најчесто се насочени кон калорискиот и временскиот внес. Но, дури и релативно малите грешки во времето или внесувањето на храна можат да го поништат напредокот. Бидејќи е тенка линијата меѓу активацијата и деактивацијата на количеството на кортизол, клучот е да се постигне вистински хормонален ритам, кој не е ист за сите. Всушност, повеќето обиди пропаѓаат затоа што не се прилагодени на индивидуалните потреби.
Секако како опција, постои и медицински препорачан фармаколошки третман кој е влезен во алгоритмите за лекување на покачена телесна тежина со и без компликации.
Бидејќи процесот е компликуван и вклучува многу варијабли на факторите кои се во игра, потребно е специјалистот ендокринолог да направи индивидуална проценка согласно навиките, потребите и стилот на живот.

Нема потреба од екстремни чекори, само паметен и персонализиран режим, бидејќи откако кортизолот и инсулинот ќе се поправат, телото се враќа во својата природна рамнотежа, тежината се намалува, иако уште долго ќе остане тежнеењето на организмот да се врати во првобитната положба. Но, затоа со активно учество на сите засегнати страни (и пациентот и докоторот и семејството) ќе се надмине и тој предизвик.

За да закажете консултација со ендокринолог обратете се во нашиот контакт центар 02/3091-484

Магнезиум – незаменлив минерал за здраво тело и ум

Што е магнезиумот и зошто е важен?

Магнезиумот е еден од најзначајните минерали во човечкото тело, вклучен во над 300 биохемиски реакции. Тој учествува во регулацијата на мускулната и нервната функција, одржување на стабилен срцев ритам, контрола на крвниот притисок, како и во создавање на коскено ткиво и енергија.
Магнезиумот како суштински минерал често недостасува во секојдневната исхрана. Со редовна, балансирана исхрана која вклучува намирници богати со магнезиум, можеме да ги задоволиме дневните потреби од магнезиум. Во некои случаи, може да се користи и суплементација, секако по консултација/препорака со лекар. Препорачаниот дневен внес за оваа есенцијална хранлива материја кој за возрасни жени изнесува 310-350mg, додека за мажи препорачаниот дневен внес е: 400-420mg.

Среќна околност е што постојат многу вкусни и хранливи намирници кои можат да ни го обезбедат потребниот внес. А, на таа листа како најголеми извори на магнезиум се наоѓаат:

Зелени лиснати зеленчуци
Магнезиумот како елемент е директно вклучен во составот на хлорофилот (зелениот пигмент по кој растенијата ја добиваат бојата), па од тука лиснатите зеленчуци претставуваат храна со висока содржина на магнезиум вклучувајќи ги: спанаќ, кељ, блитва, листови од репка и марула, рукола итн. Како информација 180gr варен спанаќ содржи 158mg магнезиум, [to e 37% од дневната препорачана доза.

Легуминозни растенија (мешунки)
Покрај тоа што се извор на растителни протеини, калиум и железо, легуминозите (мешунките) се група на хранливо богати растенија, кои нам ни се познати како леќа, грав, наут, грашок и соја. Количината на магнезиум која ја содржат не е воопшто занемарлива и овој податок претставува уште една причина повеќе за да бидат вклучени во нашата исхраната. Една чаша (170gr) варен грав содржи 120mg магнезиум, што претставува околу 29% од препорачаната дневна вредност.

Јаткасти плодови
Покрај тоа што нам ни се познати како извор на диететски влакна, здрави масти и антиоксиданти, јаткастите плодови се одличен извор на магнезиум, особено: бадемите, индиските ореви и бразилските ореви. Приближно 28 грама индиски ореви содржат 83mg магнезиум, или 20% од дневната препорачана доза на магнезиум.

Семиња
На изглед мали, но со огромна нутритивна моќ! Кога набројуваме храна богата со магнезиум не смееме да ги заборавиме: лененто семе, семките од тиква и чиа семето. Тие претставуваат одлични извори на магнезиум. Особено се истакнуваат семките од тиква, со 168 mg магнезиум во 28gr, што претставува импресивни 40% од препорачаната дневна доза. А нивниот внес во секојдневната исхрана на нашето тело му обезбедува и други елементи како железо, Омега 3 масни киселини, витамин Е, цинк итн.

Банани
Бананите се познати по високата содржина на калиум, кој помага во регулација на крвниот притисок и го намалува ризикот од срцеви болести, но исто така бананите се и извор на магнезиум. Една голема банана содржи 37mg магнезиум, што би ни задоволило 9% од дневните потреби од магнезиум.

Темно чоколадо
Темното чоколадо е многу богат извор на магнезиум — еден ред чоколадо од 30 грама содржи околу 65mg магнезиум, што претставува приближно 15% од дневно препорачаната доза.

Авокадо
Авокадото е исклучително хранлив плод и извор на магнезиум. Едно средно големо авокадо содржи 58mg магнезиум, што е околу 14% од препорачаната дневна вредност.

За да закажете консултација со нашиот нутриционист м-р Татјана Павлова, јавете се во нашиот контакт центар 02/3091-484

    М-р Татјана Павлова
    Нутриционист

    Краткотрајно губење на свест – Вагален синдром

    Краткотрајното губење на свест познато како вазовагална или рефлексна синкопа е состојба која се случува заради невролошки индуциран пад на артерискиот крвен притисок или екстремно успорување на срцевата акција. Непосредно пред загубата на свест се јавува потење, промени во видот и зуење во ушите. Многу ретко, во тек на синкопата може да се јават неволни движења на скелетните мускули.

    Постојат неколку вида рефлексна синкопа и тоа:
    -Вазовагална,
    -Ситуациона и
    -Синкопа на каротидниот синус.

    *Вазовагалната синкопа е типично тригерирана од интензивен емоционален стрес, интензивна болка или пролонгирано стоење.
    *Ситуационата синкопа настанува за време на микција, кашлање или голтање.
    *Синкопа на каротиден синус настанува заради притисок на каротидниот синус во пределот на вратот.

    За време на синкопа доаѓа до неврогено успорување на срцевата работа, дилатирање на крвните садови и консекутивно снижување на артерискиот крвен притисок.
    Дијагнозата на синкопата е клиничка, базирана на симптомите, а се поставува откако ќе се исклучат сите други познати причини за загуба на свест.

    Знаци и симптоми

    Епизодите на синкопа типично имаат тенденција да се повторуваат, најчесто во случаи кога предиспонираната личност е изложена на специфични тригери. Раните симптоми и знаци, кои се случуваат непосредно пред загубата на свест се гадење, чувство на екстремна топлина или студенило, придружени со интензивно потење, зуење во ушите, дискомфорт во пределот на срцето, конфузни мисли, промени во видот, отежнат говор и генерализиран слабост. Симптомите се интензивираат непосредно пред загубата на свест. Синкопата најчесто настанува во стоечка положба.

    Причини

    Рефлексната синкопа настанува како последица на дисфункицја на регулаторните механизми одоговрни за контрола на срцевата работа и артерискиот крвен притисок. Успорувањето на срцевата работа и падот на крвниот притисок, резултира со намалено крвоснабдување на мозокот, што доведува до загуба на свест. Причините за појава на вазовагална синкопа се долготрајно стоење, емоционален стрес и болка. Рефлексната синкопа настанува завреме или непосредно после уринирање (микциона сикопа), во тек на кашлање, џвакање или при кревање тежок товар. Притисок на каротидниот синус во пределот на вратот, исто така доведува до синкопа.

    Патофизиологија на синкопата

    Без разлика на тригерот, механизмите кои доведуваат до појава на синкопа се слични речиси кај сите синкопални синдроми. Под дејство на различните тригери се активираат специфични делови од мозочното стебло кои доведуваат до активација на парасимпатичкиот, а инхибиција на симпатичкиот нервен систем. Резултат на ова се спектар на хемодинамски одговори: кардио-инхибиторен одговор, кој се одликува со пад на срцевата акција и контактилност, што води кон пад на срцевиот аутпут што е доволна причина за онесвестување. Овој одговор резултира примарно од активација на парасимпатичкиот нервен систем. Од другата страна на спектарот е вазодепресорниот одговор, предизвикан од пад на крвниот притисок, под 80/20, феномен кој се случува како последица на дилатација на крвните садови.

    Дијагноза

    Тилт-тест: Се заснова на промена на постурата на телото од лежечка во стоечка;
    Холтер- мониторинг;
    Електрофизиолошки и неврофизиолошки испитувања (енцефалографија, евоцирани потенцијали).

    Третман

    Промена на животните навики, адекватна физичка активност, балансиран внес на течности и сол во организмот, избегнување на специфични тригери кои доведуваат до појава на синкопа.
    Индивидуите со историја на синкопа, треба да се научат како да ги препознаваат продромалните симптоми и на тој начин да избегнат повредување од падот, заземајќи безбедна позиција на седење или лежење.
    Адекватно дозирање на антихипертензивните лекови исто така може да помогне.
    Кај одредени пациенти со кардиоинхибиторна вазовагална синкопа, во предвид може да дојде и имплантација на перманентен пејсмејкер.

    За соодветна дијагноза и третман закажете термин на 02/3091-484

    Тотална артропластика на колк преку директен преден пристап

    Директниот преден пристап не е само хируршка техника – тоа е филозофија на живот и движење без болка и ограничувања. Овој пристап датира уште од почетокот на XX век.
    Денес, директниот преден пристап е синоним за минимално инвазивна хирургија со посебна грижа кон мускулите на колкот. За разлика од традиционалните пристапи латерален (страничен) и заден, предниот пристап го користи природниот интервал меѓу мускулите, без да ги сече и оштетува. Што е огромна предност за пациентот.

    Кога се применува овој пристап?

    Коксартрозата претставува дегенеративно-регенеративна болест на колкот и спаѓа во најчестите болести на локомоторниот апарат. Станува збор за остеоартртис, односно изразено хронична и прогесивна болест која најчесто се јавува во подоцнежните години но, не ги одминува ниту помладите. Коксартритисот означува оштетување на рскавицата на зглобот на колкот. Појавата на болка е главен и најчест симптом, а проследена е со ограничување на подвижноста на зглобот, негова нестабилност и хипотрофија на околната мускулатура.

    Што овозможува директниот преден пристап?

    Овој пристап кон колкот резултира со многу предности за пациентот. Дел од нив се: ран мобилитет и вертикализација (исправување, станување) уште првиот ден по операцијата. Со самото зачувување на мускулниот интегритет се овозможува подобра стабилност, намален ризик од дислокации и краток престој во болница (минимална хоспитализација) како и многу помала постоперативна болка.

    За кого е наменет директниот преден пристап?

    Директниот преден пристап е совршен за активни пациенти кои сакаат брзо враќање во функција, млади пациенти со добра мускулна структура и пациенти со нормален или умерен БМИ (Body mass index) телесен тежински индекс.

    Кога е контраиндициран ваквиот пристап?

    Кај одреден број пациенти, директниот преден пристап може да биде технички отежнат и понекогаш непогоден. Такви се оние со висок БМИ, изразено масно ткиво во предниот дел на колкот или комплексни анатомски деформации.

    Заклучок

    Директниот преден пристап е олицетворение на современите хируршки концепти при што се минимизира штетата, а се отимизира резултатот, притоа почитувајќи ја анатомијата на телото.
    Директниот преден пристап преку зачувување на интегритетот на мускулите овозможува низа придобивки како што се: значително помала постоперативна болка, помала крвозагуба, покусо болничко лекување и зголемен опсег на движења во колкот.
    Поради својата анатомска локација, овој пристап овозможува прикравање на оперативниот рез, што е значајно од естетска гледна точка. Сепак, најважната придобика е брзото целосно ослободување од потпазувни патерици (на 14 постоперативен ден) и враќањето на работоспособноста и секојдневните активности.

    Доколку сакате да закажете термин, обратете се во нашиот контакт центар: 02/3091-484

    Клиника Жан Митрев повторно со поддршка за младите, спортот и здравата иднина

    Со гордост го споделуваме нашето учество како медицински партнер на овогодинешниот кошаркарски турнир SLAMJAM Skopje. Овој настан кој се одржа минатиот викенд на 14-ти и 15-ти јуни, го претвори Скопје во арена на спортски дух, енергија и младешки ентузијазам.

    Како клиника посветена на здравјето и добросостојбата, веруваме дека вложувањето во спортот е вложување во здрава иднина. Преку нашата поддршка, испраќаме јасна порака: младите се двигатели на иднината, а спортот е патот кон дисциплина, тимска работа и фер игра.

    Нека SLAMJAM биде место каде што се раѓаат нови шампиони, се градат пријателства и се слави спортската страст.

    Клиника Жан Митрев – секогаш со вас, за здравје, за иднината, за спортот.