Д-р Жан Митрев: Органодарителството е чин на највисока солидарност, а ние сме подготвени

Настани

февруари 23, 2026

Д-р Жан Митрев даде целосна поддршка на иницијативата за заживување на трансплантацијата во Македонија, нагласувајќи дека станува збор за заложба што ја поддржува уште од самиот почеток на својата професионална работа, веќе повеќе од 26 години.

На јавната панел-дискусија „Органодарителство во Македонија“, одржана во Битола, д-р Митрев истакна дека целта треба да биде трансплантацијата да стане рутинска и секојдневна медицинска пракса во земјава, со јасно дефиниран систем, координација и континуирана институционална поддршка.

Според него, темата за органодарителството не е само медицинска, туку пред сè длабоко човечка. Зад секој пациент што чека орган стои семејство кое живее во неизвесност, денови исполнети со надеж и страв, како и едно суштинско прашање — дали шансата ќе пристигне навреме.

„Токму затоа органодарителството претставува чин на највисока солидарност и одлука што не спасува само еден живот, туку може да врати иднина на повеќе луѓе истовремено. Потенцијалот за помош на пациентите е значителен, при што кардиоваскуларната патологија претставува една од водечките области, како од аспект на можностите за донорство, така и од аспект на потребата за организиран и мултидисциплинарен пристап.

Тимот на Клиника Жан Митрев е целосно подготвен за вакви интервенции, но успехот зависи од тесна соработка, системска координација и заедничко делување на институциите и медицинската заедница. Станува збор за комплексни пациенти кои бараат интегриран пристап и вклучување на повеќе медицински дисциплини, поради што оваа иницијатива претставува значаен чекор напред и има наша целосна поддршка“, истакна д-р Митрев.