Повлекување од социјалната средина – кога е време за стручна поддршка?

Дневна доза здравје

февруари 27, 2026

Осамувањето и повлекувањето од социјалната средина се појави кои можат да бидат привремени, но и знак за подлабоки емоционални или психолошки состојби. Сѐ почесто сведочиме на лица кои постепено се повлекуваат од социјалниот живот, избегнуваат контакти и избираат изолација наместо дружење. Иако секој од нас има потреба од време за себе, долготрајната изолација може да биде знак дека нешто подлабоко се случува.

Кои се причините за осамување и повлекување:

  • Постојат повеќе можни причини поради кои едно лице се дистанцира од околината:
  • Лицата со симптоми на Депресија често чувствуваат безволност, тага, губење интерес за активности и избегнување на социјални контакти,
  • Анксиозни нарушувања –страв од осуда, срам или непријатност во друштво, страв од движење во надворешна средина,
  • Стрес и трауматски настани – Загуба на блиска личност, развод, финансиски проблеми или други животни кризи,
  • Ниска самодоверба – Чувство на намалена вредност или несигурност во себе,
  • Психотични нарушувања – Во некои случаи, повлекувањето може да биде ран знак на состојби како Шизофренија,
  • Зависности – Злоупотреба на алкохол или други супстанци кои доведуваат до изолација.

На кој начин да ја препознаеме состојбата:

  • Намалена комуникација со семејството и пријателите,
  • Одбивање на покани за дружење,
  • Прекумерно време поминато сами (во соба, пред компјутер, на телефон),
  • Промени во спиењето и апетитот,
  • Раздразливост или апатија,
  • Потешкотии во концентрацијата,
  • Отсуство од училиште или работа,
  • Намалена продуктивност.

Колку време треба да се присутни промените за да се размислува за психијатриска помош?

Доколку овие промени траат повеќе од две недели континуирано и се забележува влијание врз секојдневното функционирање (училиште, работа, семејни односи), препорачлива е стручна проценка. Доколку има нагла промена во однесувањето или значителен пад во функционирањето, консултацијата треба да се оствари во побрз рок.

Важно е да се нагласи дека овие знаци не секогаш значат сериозно психичко нарушување, но доколку траат подолго време и влијаат на секојдневното функционирање, потребна е стручна проценка.
Доколку препознавате кај себе или кај блиска личност знаци на повлекување, тага, анксиозност или губење интерес за животните активности, охрабруваме да побарате стручна помош.

Навремената консултација со психијатар овозможува:

  • Професионална проценка на состојбата,
  • Рано откривање на евентуално нарушување,
  • Соодветен третман и поддршка,
  • Подобрување на квалитетот на живот.

Психијатрискиот преглед претставува доверлив и безбеден разговор во кој можете слободно да ги споделите вашите чувства и тешкотии. Барањето помош не е знак на слабост, туку на храброст и одговорност кон сопственото здравје.
Во нашата клиника може да се закаже преглед кај д-р Марија Костадиновска, психијатар на следниот телефонски број 02/3091484.