
Тимот на Клиника Жан Митрев, предводен од д-р Данчо Шурков, специјалист по оториноларингологија, успешно изведе минимално инвазивна операција за отстранување на забен имплант кој бил навлезен и заглавен во максиларниот синус.
Кога имплантот се наоѓа во синусот, тој претставува страно тело. Организмот природно се обидува да го исфрли, но бидејќи тоа не е возможно, се создава секрет кој со текот на времето загнојува, го блокира синусот и предизвикува акутна гнојна воспалителна реакција.
Со прецизно и минимално инвазивно отстранување на страното тело, преку носната шуплина, воспалението се смирува, синусот повторно ја воспоставува својата нормална функција, а пациентот закрепнува значително побрзо, со минимална траума и пократок период на опоравување.
Благодарение на експертизата на д-р Данчо Шурков и мултидисциплинарниот медицински тим на Клиника Жан Митрев, уште еден пациент доби безбедно, современо и ефикасно решение.


